РИСТО ЛАЗАРОВ ПРЕПКИ
Поезија, книга 8 Ристо Лазаров ПРЕПКИ
РИСТО ЛАЗАРОВ
ПРЕПКИ Скопје, 2014
ШТО ГИ НЕМА
ТИШИНА На Ацо Шопов Во твојата соба сум, баш во таа ме ставија докторите, во собата кога последен пат во слава на тишината си упативме по една насмевка, вистински тажна насмевка. Над глава шишиња од кои, капка по капка, течат лечебни материи, апарати за крвен притисок, за мерење на шеќерот во крвта, за мерење на мастите од кои се добива дамла. Сè и сешто мерат докторите по болниците освен тишината на болните. Таа е немерлива. Јас пак сиот нурнат во твојата тишина, како во надвременска капсула, ги галам твоите негувани стихови – сал одвреме навреме ќе ѕирнам кон прозорецот и ќе се стаписам од глетката: измислиле некакви справи од жица 7
кои им оневозможуваат на ластовиците, замисли, на ластовиците! да прават гнезда на аглите на прозорците ‐ тоа било нездраво и нехигиенски, а божем е здраво да станеме земја на бездомни ластовици. Како што расте бројот на бездомните ластовици така расте и бројот на домашните кавги, расте и бројот на гладните а жедните, како што се рекло, одамна се преведени преку вода, а не е да речеш дека нема и нови кавги и дека зборовите повеќе се употребуваат како куршуми, и дење и ноќе, иако веќе се измеша сè и човек тешко може да распознае кога е ден, а кога ноќ. Сеќавањата не се препорачливи, ни мигум, кога вртоглаво се урнисуваме кон дното на бунарот полн со стара, убава тишина. Тешко се наоѓа некој кој ќе ја објасни вревата која во толпи нагрнува кон тишината, а не пак, да знае, колку ли 8
исркани филџани кафе се испревртени наопаку врз страниците на македонската историја. Јас уште си ги галам твоите фино негувани стихови, напињам да ја довардам старата, убава тишина (напињањето ѓоа го зголемувало крвниот притисок ‐ ако барем нешто да се зголемува во овој бунар) а ти ќе ме разбереш зошто не те прашувам дали се уште ги сакаш партизанските песни, оти тоа е како да те праша некој дали ја сакаш слободата и тишината во слободата. 9
ПОРТОКАЛОВ МРАК На гробот на Славко Јаневски на 29 јуни 2013‐та Знам дека не се обѕираш на гракањата на гарваните и наминав да помуабетиме во идно време. Ти донесов, се разбира, и некоја китка чиешто латинско име ти сигурно го знаеш оти сите знаат дека ги знаеш имињата на сите билки и на болките што се ицедуваат од секоја од нив. Ако не заврне, а во татковината во последно време се истураат разни дождови, порои, поплави, ако не заврне, де, можеби ќе имаме време и за по една лута а во себе ќе ја викнеме и најубавата песна за Јана онаа Јано мори, севдалино ‐ ти за ќерка ти, јас за внука ми, 10
та песните се да зреат од колено на колено.
Гледам, сношти биле тука некои неканети со црни ризи и лажни фенери (од кори од скапани лубеници) со суви глуждови и со празни черепи ‐ да ти ги гребат мртвите коски да ти ја растревожат постелата да ти ја оцрнат покривката. Не знаат црнодушите какви и колкави убоди од комарци си истрпел на живо и пак не ти молкнале и извиците и лелекањата оти никој поарно од тебе во животецот не ја знаеше убавината на болот. Гледам, црнодушите одоколу правеле заслони на јасна месечина, да не им се видат клуновите, канџите и бесниот павтеж на црните крилја. Не знаат кутрите, ја засолнати, ја на ачик истопорени биле, дека со клун камен не се крши 11
и со најбесен павтеж планина не се урива, ниту над планината се досегаат облаците со собрани соништа.
Гледам, од себе кон себе си врвиш и презриво им одмавнуваш на душеболните, празноглавите поганџии на Кукулино и ѓоа заштитницина Свети Адонис. Ќори заштитници кои не можат или не сакаат да видат дека крадците се сè уште побрзи од огнот и дека облакот спасител никогаш не доаѓа според возниот ред ама кога‐тогаш ќе дојде и ќе им дојде на црвјосаните до акот ќе им ги дупне мешунките во кои се туткаат тие, лажните проповедници, ќе ги запре плениците на разни коњи, волови и шмизли и понатаму да ги гмечат зборовите. Облакот спасител не живее само во песните иако знае и за Кундера, и за Гинтер Грас, тадури и за Борхес кои баш сега на врв облак 12
фатени онака машки, преку рамо, се мачат да ги фатат првите тактови на Тешкото.
Знам, многу време пред наездата на душоболните самиот прорече: Ќе се покриеме со портокалов мрак. Друга боја има ли мракот? Друга боја има ли крвта? Друга боја имаат ли мртвите коски? На кои бојаџии да им објаснува човек дека Бог првин секому ќе му даде според потребите и секому според заслугите па потем на сите ќе им ги преврти џеповите.
Не знам, Бог ли беше тој што постави тешко прашање ‐ би се родил ли повторно во оваа татковина и би живеел ли и би умирал ли повторно тука? Навистина не знам, кој праша дал Авел, дал Каин денес е прероден во наш брат и дали ќе се најде некој со нов опит да му одговори: ќе биде ли ова вечна Каинавелија и ќе има ли самракот боја на мртов јужен плод? 13
ПРЕД СЕКОЕ СЛЕТУВАЊЕ ВО СКОПЈЕ На Гане Тодоровски Кога да се враќам со авион во нашето Скопје задолжително резервирам место до прозорецот од десната страна оти оттаму и да сакаш не можеш да не го видиш Кожле и тие минутка‐две брзам да ти изнакажам што има ново во татковината од последното надледтување на Кожле до денеска. А има, има во филмот за македонското совремие еден куп снеубавени денови и уште којзна колку купишта одродени гадинки, кои се нрттрчуваат како во забрзаните кадри на филмовите на Чарли Чаплин, вклучувајќи го и оној за големиот диктатор. Никој не си спомнува дека Чарли Чаплин има и филм за малиот народ, тој филм катаден го гледаме, синемаскоп, во синекплексите на новите трговски центри, со окалки за трета димензија. Окалките, се разбира, следуваат откако ќе ги вапцаме сите бои, сосе аловата (можеби затоа нашиот народ навреме беше бил рекол: нашиот ал ни кучињата не го јадат). Општо земено, како да учествуваме сите во некаква регата без ветар, како да летаме сите во место што би рекол нашиот Горан Стефановски 14
‐ а кога ќе се разбрануват далгите на дележот никој не знае кој тоа го разбуричкува езерото на живеачката, знаел не знаел, тој што никој не го знае, го поткренува високо, највисоко, повисоко и од онаа стената кај Свети Јован Канео во Охрид, бранот на пизмата што да нема веслач кој ќе го допре брегот, што да нема пливец што ќе исплива на суво. Толку силна пизма ги снајде Македонците, што песните за чумата од Демир Капија сега да ми ти личат како за детскиот фестивал ,,Златно славејче”. Сега и да има јунаци, пизмата да ја истераат, тие треба да се бараат на тендер. Секој тендер трае по неколку месеци, велат дека провизиите се знаат однапред, ама Македонија пак нема време за чекање, како при влезот низ големата порта на Транзицијата. Не умри магаре до зелена трева, некако може да се објасни мисијата на сеништата во нашата татковина, а галиба така некако може и да се објасни зошто во Охрид, Охрид убав мил, рибите не знаат кој им ги јаде икрите, а градските чалгии ја заборавиле од почеток до крај онаа Прличевата Каде се нашите писатели, каде се нашите списанија? а знаат дека се е прав и пепел сторено, знаат и каде се нашите писатели, ене ги онаму кајшто чекаат ред за комисиско просветление на некакви стари гревови, кајшто се обидуваат да им го убијат нивното јас, како да биле не биле, како да напишале ненапишале, сега дошол 15
редот да им се ситат разни шутраци од кои утре татковината ќе се срами, под услов утре да не биде доцна, и под услов тука да знае некој што се подразбира под зборот утре. Кога почнаа просветлувачките луњи, си помислив, блазе си ви на сите вас, нашите учители, што си заминавте (некој пред време, некој на време) на оној свет, ама и таму немало раат, просветлувачите никого не оставаат на раат, и мртвите биле грешни и требало да одговараат – така решиле, така прават, се борат за ударнички значки кутрите, и до нив не допира ни молба, ни клетва, ни предупреда, ништо, ела па да се најде некој да ги убеди дека се штеточинки, дека произведуваат загроза на јазикот, а одамна се беше рекло дека писателите не пишуваат само со јазикот, ами со целото битие, со сето сеќавање и традиција – е изгледа на посветлувачите им пречи баш тоа единство на писмото и традицијата, така полесно ќе да се откоренувал идентитетот. Гледам, запинам да те видам професоре, под ладовината на дабот во Кожле да ти шепнам дека дојде и такво време, ние атеисти по вера и убедување, да му се молиме на Бога луњиве на новите македонски дележи и пизми да го заобиколат Кожле, да те остават на раат да не мораш да ги размавтуваш со Фуснота со повод, ама некако бргу, како и секогаш, пролета таа минутка‐две на надлетувањето на авионот на Кожле, како и секогаш ќе остане нешто и за дорекување, 16
додека од прозорското стакло на авионот чистам едно влакно, мислам дека е од брадата на Ален Гинзберг, за да може побистро да се видиме очи в очи. 17
ЗОШТО ТРЕПКААТ SВЕЗДИТЕ? На Анте Поповски Тукушто си реков дека цвеќето уште еднаш ни ги зајазли мислите се привратив да те допрашам: ќе ја узнаеме ли веќе еднаш одгатката на твоето старо прашање ‐ зошто трепкаат ѕвездите? Мијачките ѕвезди, македонските ѕвезди сите ѕвезди на дуњава. И тогаш не беше забренето тоа што всушност некому му е бесцелно: севезден да зјапаш во небото над татковината, ама, ете, долги години остана без одговор твоето прашање. Како да се скри во миризбата на твојот раноутрински сон. Ако е така, тогаш барем тие утра набабрени од сништа раѓаа денови. Густи денови, живи денови со шеталишта полни згодни женски нозе, со растрчани дечиња на кои сенка им држеа змејовите од хартија, со распалени скари низ чиј чад не може да се пробие ни еден а не пак два гласа од едно грло. Кога сме кај миризбата на соништата, 18
нели ти се чини дека баш тие, најмиризливите соништа на нашите стари како потајум да се пеплосуваат, потајум, еден по еден, во крематориумите во кои се сака да се принесе и парче опстојба? Ако не сум ти кажал, да ти кажам ‐ сега да ми ти имаме едночудо овчари, главни овчари, споредни овчари, ноќни овчари, специјални овчари, ама малцина од нив внимаваат стадото да не го однесат на псишта со неексплодирани бомби. Какво стадо такви овчари, или ќе да е – какви овчари, такво стадо. Ѓоа не е сеедно. И ѓоа тоа го запира црниот лет на црните птици. Да, на времето имаше и црни птици кои секогаш не летаа црно. Имаше и напор, понекогаш и во слободен лет, да се обединат доброто и злото. Сега, гледаш, се обединува само омразата. Затоа не се привратив туку така ‐ зошто трепкаат ѕвездите и дали тие воопшто разбираат што е тоа сплотеност? Згора на тоа, маглата ‐ попусто ли го чека сонцето над сртот, како што она заљубено моме попусто чекало среде лето жолта дуња, среде зима лубеница. 19
ЦРЕШИТЕ ВО ПАСКВЕЛИЈА На гробот на Живко Чинго Како што гледаш а оттука најарно се гледа и без дулбија сè уште не се узреани црешните во Пасквелија. А кога ќе узреат ќе бидат скапи и ќе ги нема на охридскиот пазар, таму де, кај вашата охридска куќа, сите пасквелиски черешни, до една, се извезуваат и така го подобруваат платниот биланс на татковината. Ако беше како во литературата ти сигурно ќе му испратеше едно пакетче црни пасквелиски цреши црни, шербет благи, на Исак Бабел да му се најдат на долгите маршеви со негoвата црвена коњица. Тој секако ќе ти возвратеше со пакетка цигари, и сè така во круг ‐ таков е уметничкиот живот. 20
Ај што пресушиле цвеќињата, ама не чини што пресушуваат и сеќавањата. Сме биле или не сме биле ич не е сеедно. А сме биле. Штоако сега сме напикани во откачен вагон ‐ пак сме на главниот колосек. Таму не се доаѓа со плукања, со прескоци и протекции. И во откачен вагон се стасува до целта, само треба целта да ја знаеш. Патувањето до целта го крепат делата, друго е лук и вода. И жити се, остајте не настрана ‐ плукајте се ако вие е до плукање, до последната плунка исплукајте се, ама остајте нè на раат да го видиме узревањето на првата цреша во Пасквелија. Во неа е збрана душичка, за цел свет. Кој каснал сал една цреша од Пасквелија вечно ќе ги чести војничињата тадури и во времињата кога нема регрути избањати и испеглани за излез в град сека божја сабота. Уште и ќе раздава соништа на лотарија, се разбира дека ќе пуши и севезден ќе носи џемпер на копчиња. 21
Добро бре луѓе, разбирате ли нашински?! Остајте ме, кога ви велам, на раат да го пречекам узревањето на првата цреша во мојата Пасквелија а вие, ако толку ви дошло, за вашите плуканици најдете си ваш свет. 22
КОШТРЕВА На Петре М. Андреевски Ајде ние да си ги сакаме птиците пред зајдисонце оти веќе одамна зајдисонцата во татковината ич не се романтични. На такво дереџе сме: наутро да кинисаме од Велика кон Дениција и да стасаме до половина пат. Квечерум да кинисаме од Дениција кон Велика и пак да стасаме на половина пат. Двете половинки никако да се спојат во цело оти во татковината од векутума века никому ништо не му се погодува: те едни ја љубат свежината на утрата, те други зајдуваат во занес квечерум, те трети сонуваат дални буни... Гледам подметнуваш плеќи да го запреш труполењето 23
ама тешко врви таа работа кај нас – малку отшто немаме талпи, малку отшто имаме терсене табиети. Откако задоцнивме со Илинденското востание почнавме редовно да доцниме на сите состаноци со историјата на утрешниот ден, а доцниме и в театар, доцнењето ни влезе во крвта. А тие што доцнат редовно чекаат стоечкум чекаат, чекаат, ‐ чекан во глава! ‐ ќе се изначекаат. Ем ќе се изначекаат, ем ќе испозаборават и што треба и што не треба, а потем ќе лажат дека ништо од детството не се заборава, освен балоните од свински меури, на пример, оти на што личи сега да си спомнуваш на некакви свински меури кога сите одат на фитнес, јога и такви модерни ѓоа потрепштини. 24
Туку ајде ние да си ги сакаме птиците пред зајдисонце и да гледаме, да се изнагледаме во реката оти тука најубаво се слуша песната на птиците а само малцина имаат дарба да ја разберат песната на птиците, ај на птиците, ама и нашите, дедови песни ги баталивме – никој ниедна не знае наизуст од почеток до крај. Просто само ти доаѓа да се прашаш: за тоа ли се боревме, стопанката, ‐ песните да си ги заборавиме? Уште и да заборавиме дека слободата е, всушност тоа ‐ катаден треба да се корне коштревата од нашите табиети, сосе коштревата и пизмите, сосе пизмите пороите на неизвесноста што се произведува во нас, само во нас, белки не проколнати за навек да доцниме. 25
СВЕТЛОЗБОР За Свтлана Христова Јоциќ Секој збор за да биде асли збор си има свој корен. И секој збор за да биде асли збор си има свој откорнувач. Зборот не е само да се откорне: коренот му прилега на долга црна коса и сака убаво да се спастри нежно да се исчешла влакно по влакно. Дури тогаш зборот со збор зборува и станува созбор станува и надзбор станува љубозбор станува плачизбор секако и смејзбор. Ако се откорне без дикат зборот може да биде и подзбор 26
може да биде и клатизбор и тогаш се поставува прашањето дали оној смејзбор некогаш воопшто бил среќен. На зборот, нели, му личи да е среќен, тадури и кога е подостарен. Кога е спастрен и среќен на зборот му бие срцето како камбана Тогаш има глас како утринска птица а нема кој да не знае дека само вистинскиот збор има душа, нежна душа, спокојна како зајдисонце. Има зајдисонца кога камбаните престануваат да бијат и последниот ѕун им е божји шепот: само зборот е бесмртен. Зборот од коренот извишен во дело катаутро, пред да се појават утринските изданија на весниците, тој збор – завештание, светлозбор, светлоказ. 27
ЕНЦИКЛОПЕДИЈА НА МРТВИТЕ
ЕНЦИКЛОПЕДИЈА НА МРТВИТЕ Среде лето истураат дождови, порои. Ги мократ сеќавањата, ги бањаат како 'рѓата што се симнува со сапун од кожата на судбината. На живите им се ускратува сеќавањето на мртвите: има да биде молк додека се подготвува најновата Енциклопедија на мртвите. Неа ја составуваат при живот мртви.
Ова ќе биде Енциклопедија во која нема да има прочка ‐ особено не за оние кои носеле црвени рози во реверите и ги сакале сликите на Пикасо (а и него, кој ѓавол го терал да биде член на Партијата?!) И нема да има свирачи на гитара отшто им крвјосале прстите со кои наместо жиците ги допирале соништата на утрешниот ден.
Сал мртви луѓе, мртви лисја, 31
мртва книга, мртва прочка.
Во оваа Енциклопедија навредите ќе се смеаат за почест, а алчни црви ќе им пренесуваат честитки на мртвите. Некои нови енциклопедисти ќе се фалат дека имаат срце и дека тоа им бие за друг. Проширено срце сo далечински управувач.
Оваа Енциклопедија на мртвите е преполна со испосечени дрвја и испокасана вистина. Новите енциклопедисти отпосле, откако ќе ја завршат задачата од класниот раководител ќе побараат награда за одличен успех и примерно поведение а ќе им треба и оправдание за она што го прават мислејќи си дека се уште се живи и дека се уште нешто прават.
Не се жалат новите енциклопедисти што се мачат 32
отшто се недоволно енциклопедисти иако очите им окапуваат од зјапање во минатото Ним воопшто не им текнува дека старите енциклопедисти немале срца што бијат за други а како прво и прво ‐ имале мозоци. 33
ПРИВИД Се случува, не баш ретко, човек претоварен со грижи и не сакајќи да ја прекине врската со просторот. Како кога не сакајќи оди на свечен прием без вратоврска. Се случува, не баш ретко, по дневната гунгула ноќум човек да игра домино со месечари. Па рано наутро да си мери температура иако со години знае дека нема да оди на доктор. Се случува, не баш често, човек кога си мери температура да почне, првин свечено, а потем навистина рутински, топењето на кристалите на вечноста. Тогаш се 34
откриваат вдвоените празнини. Се истенчува вечноста, како цигарова хартија. Се случува, баш најчесто, човек да се занесува дека цел свет е во него. Не чувствува тогаш дека прибира остатоци од привидот, како суварки. Од суварките, на очиглед на цел свет, знае да пламне силен оган кој трае повеќе и од нас и од вечноста. Само човекот гасне и пред зградата на Осигурителната компанија и си го користи
загарантираното право на привид. 35
ДАМАСК, БЕЗ ЗБОРОВИ Ќе се прашавме да не ни дошло на сон, ама со свои очи видовме дека тоа, натрапничкото ,,ми се може” на големите сили на почетокот на дваесет и првиот век, ми ти се викало ‐ милосрдно бомбардирање, а бомбите да им се викале хуманитарни бомби. Ќе да е по секој товар бомби милосрдни сестри ги обиколуваат воените цели и ги пребројуваат колатералните жртви и случајно ранетите. На самото место сè се запишува во алваџиски тефтери, а потем се внесува во компјутери. Зад милосрдните сестри и хуманитарните бомби остануваат видливи дупки во асфалтот. Дупките во совеста не се бројат. Та не ли беше речено, уште од Фауст, дека не е важно што злостор си сторил, важно е никако да не го признаваш тоа. Стивнати кутриња во паркот на преживеаните. Под ведро небо: кучешки живот, кучешка радост. На луѓето веќе одамна им е јасно: што гледаш, тоа сонуваш. Ако заспиеш. И да преживееш, кому и за што ќе му раскажуваш? Секој кој почнал батардисал од раскажување. Некои милосрдни сестри сетики знаат 36
дека во Дамаск на времето се промовирале крстоносците. Кој не чул за дамаското стакло, уште и за дамаските стомни? Додека трае милосрдното бомбардирање, татковците им кажуваат на децата – добро да запаметат дека Дамаск бил првиот главен град во историјата на светот. И дека многу силници преживеал градот – и египетските мамелуци, и монглоските грабачи, и ордите на султан Селим, оној за кој во македонските песни се пее дека во Едрене изградил џамија со четири минариња. Доаѓаат и си заминуваат силниците. Зад нив остануваат мирисите на многу тајни стуткани зад студените ѕидови на катедралата Св. Јован Крстител и црквата Св. Петар. И во секој череп во пустинскиот песок најмалку по една тајна. Цвеќињата овенати, житото по полињата овенато. Некаде брмчат трактори, колку да има нешто друго да брмчи, освен носачите на милосрдни бомби. Прашањето не е заради прашање: колку волци на една црвенкапа? Какво фајде од видео снимките, ако на нив очајуваат само оние кои се веќе два метри под земја? А можеби милосрдните воени снимки го најавуваат враќањето во средниот век? Во ерата на општиот напредок и на електронските вошки, никогаш не се исклучува можноста од враќање во средниот век. Него никој не го видел, а сите го гледаат. И се опишува 37
само без зборови. Или со гракањето на чавките над палатата на Нобеловиот комитет за мир во Осло. Штоако се чавки: знаат врз кој покрив треба да испуштат толку измет колку што ќе стаса да засмрди целиот свет и век. Милосрден измет. 38
KOJА ЧИЈА Е Една приквечерина туку така под облака што се вели од никаде се зададе силен ветар и почна да го одвева сиот дрангулариум нагизден на главната улица. Удолу по улицата се разлетаа едно чудо баретки оние, де, од француската револуција подоцна во цел свет знајни по Че Гевара. Во универзитетот при дното на улицата угледниот професор евоцираше спомени за подемот на левицата и општествената сопственост која се одликувала по тоа што не се знае кое чие е. Сал по неколку минути под споменикот на незнаениот јунак на дното на улицата 39
се направи мал рид од разлетани баретки. До пред некојa минута тие беа разнобојни знаци за исклучителноста на нивните сопственици. Сега се жива слика за тоа кога не се знае која чија е и по малку мајтапчиски со цуцињата му мавтаат на угледниот професор а имаше и такви кои на брзина формираа хор на баретките и на увце му ја запеаја на професорот Марсељезата надевајќи се дека ветрот наскоро ќе престане. 40
ЗАЛЕЗ Пак дошол јули, кога попрво. Нам јули ни ги разбуричкува сеќавањата на урнатините од скопскиот земјотрес и сека година ни удира печати на свиделествата за неинвентивност при сеќавањата. Уште феникс птица да има на свидетелствата по сеќавање. А кога се сеќаваме, се сеќаваме длабоко. Не само на урнатините и другите природни катастрофи. Се сеќаваме на сите наши порази. Ем се сеќаваме, ем ги разубавуваме – како ликови од стари икони или како мртовци пред закоп, скраја да е. Со годините, така, научивме дека има убави, миризливи порази. Просто, да се гордее човек со поразите и со историјата на поразите. Историјата на болеста кажува нешто сосема спротивно. Сите си мислиме дека имаме вградено чувство за сите истории, правдини и неправдини. Сите знаеме дека Итар Пејо не се служел со бесчестие, ама отпосле дознавме дека итроштината претежнува, не честа. Честа е за да исчадува, како чад од цигара на место определено за пушачи. Уште малку, ќе започнат големите распродажби. Се печатат и летоци за секакви ликвидации, па и за ликвидација на иднината. Каква иднина, малку ли е скитањето низ вековите, битката за секоја педа минато?! Надвор уште повеќе се вжештува. На главниот плоштад луѓе со исплазени јазици, калдрма со исплазени јазици. Цел град со испотени веѓи. Сенка ни за лек, ако не се смета сенката на мртвиот поет седнат на клупата во малиот парк. 41
Никој не може да се обложи дека папсаноста на луѓето е од јулската жега. Тежат и сеќавањата. Тежи и заморот на материјалот. Тежи и залезот што кинисал над градот. Чуден некаков залез, ама не е како во песните на Матеја Матевски. 42
ПРЕДЗОРЈЕ Под старите мостови осамнуваат нови бездомници. Народните библиотеки сè попразни Народните кујни сè пополни. Луѓе зјапаат во чавките и под развеаните барјаци на сиромасите се прашуваат колку трае староста? А лага било: стара коска, добра супа. Ни коска, ни супа, ни бутур, ништо. Само по некоја млитава гасеница. Каде исчезнаа буба марите? А и да не исчезнале, како ќе им пееме лет лет буба маро донеси ни гости? Со што ќе ги пречекаме гостите? И без нас тие знаат што се слободни и гладни и се џимкаатво сонот исполегнати во лулашките за здрави луѓе. Мамат на секое ќоше продавачите на внатрешен мир. Лесно е да речеш: ако штрчи шајката, заковај ја. А лесно ли е да се разбере зошто и како некои криви шајки остануваат во историјата? 43
КАДЕ ПОЧНУВА ИДННАТА? Лунѕајќи низ маглите на историјата баш на гробот на дедо ми ме плесна прашањето: каде, всушност, започнува иднината? Лесно е да кажеш дека секој си ја носи иднината со себе (дури и има латинска поговорка omnia meam mecum porto) Вистинските маки испливуваат како гериз после порој откако логично ќе се постави прашањето: што е иднината и воопшто, има ли иднина? 44
КАПКА ПО КАПКА
ПРЕПКИ Среде демократија, кога ерата на претсказанијата и на заблудените Касандри се сметаше за одамна минато време, и кога прикаските за Врховниот Бог Зевс служеа за дополнително исчудување на малите деца, едно машко староверно од земјата на смачканото племе сепак киниса да му се пожали на Врховниот Бог дека веќе не остана што да се смачкува од смачканото и дека обично залажување биле журките и врескањата на Kасандрите. Уште третиот чекор не го исчекори машкото староверно невидливите му ја ставија првата препка. Tрипати се обиде машкото староверно до три ми препки му ставија, од пред нос му ја дрпнаа светлината од ѕвездите му го исмукаа сјајот на полноќниот патоказен трпет. Kаде и да се свртеше машкото староверно само на препки набасуваше додека не му стана јасна 47
фомулата на демократијата во земјата на смачканото племе: колку повеќе препки толку повеќе празни ѕвезди на патот до Врховниот Бог (а ако Врховниот е раат, народот е трижпати пораат) и толку многу милина во очите потечени од непрестајно зјапање во темнината на она што остана непрепнато во земјата на смачканото племе. 48
КАПКА ПО КАПКА Капка по капка топла крв во студеното болно тело по операцијата Капка по капка студена вода во жешкиот песок на Израелските пустини Капка по капка од клунот на палавото сокле во клунот на мајка му прикована во гнездото на залезите на сува рида без вода Компјутерот како жив сведок нестрпливо ја очекува првата капка вино од која синовите на Истокот понекогаш полнат големи бочви песни. 49
КОПАЊЕ ДУПКА Дупка се копа со копач и со лопата а ако треба да е подлабока се копа и со механизација. Најдлабоката дупка секогаш се копа со зла мисла. Дупка се копа за да никне цвеќе за да никне чемпрес да никне и љубов да бликне гејзер а и да се најде троа бунарска вода за миење на гревовите. Грешка е ако во душата си тетовираш водопад и почнеш да копаш дупка. Нема дупки со водопади, а и одамна веќе секој водопад не е Игуасу. Ама не запирај со копањето. Цел век да копаш, саде нови дупки ќе копаш: дупка во образованието дупка во карактерот 50
црна дупка со црно мјаукање сува дупка и влажна дупка глушечка дупка и дрндупка под тајните одаи на владетелите. Не дека некој ги сака ама и копаат и дупки два на два потем тие се затрупуваат се затрупуваат и други дупки ама не секоја, никако. Затоа и има привремени и вечни дупки, особено во дупнатите глави. Некоја дупка може да ти промрмори додека копаш може и да те ангелоса со некој тврд крик и да ти плесне в лице: ако не ти чини сврдлето ич не почнувај да копаш дупка багерот не ти врши работа ќе ти ископа дупка во која самиот ќе се струполиш и ќе излезе дека попусто си ја токмел дупката другему. Уште и за утеха ќе ти го дупне ушното тапанче со пароли за иднината, 51
божем не знаеш дека иднината нема обичај да чека кога се копа макар и света дупка. 52
ЛОВНА СЕЗОНА Уште трубата не дала знак едни итаат да станат академици други ловат национални награди и национални пензии а сите заедно сакаат синекури и топли кабинети сите се како на возраст кога децата прават бротчиња од весник ‐ што е што е ловџии, а пловат во книжни лотки и имаат книжнен живот, книжени изгореници од летното сонце. Тргнуваат во лов на сè и сешто, се рекло од дамнини ‐ дај што ќе дадеш, па скокаат да го дофатат таванот а под небото за нив нема друг таван. Кога скокнуваат, плеснуваат со газовите во матните бари и тогаш сè би дале за рибарска трска оти во матно најлесно се лови, арно ама од секој ловец не бидува риболовец како што и од секоја врба не бидува свирче. Кога ќе згусти, среде сезоната на ловот, ловците на титули и синекури се засолнуваат во облаците, страв им е од аладиновото килимче ептен на ачик ќе ги видат и презрат сите и така, како фетуси на облаците, 53
си мислат дека еден ден кога ќе пораснат ќе пораснат и синекурите, уште и си мислат дека отворените рани на иднината ги чекаат токму нив, личните на мајка, ловци на титули, награди и синекури. По грешка некогаш ќе застанат пред огледало и без да помислат дека реалноста може да земе збор и сешто да им плесне в лице. Па и тоа дека во секој лов луѓето и загарите се едно исто. 54
МРАЗ Кога бевме деца калапи мраз се ставаа во сандаци со клакери и сода за шприцери. Напредокот на цивилизацијата донесе мраз во коцки ‐ на оние кои пијат виски, оној со вкус на чад, како што го рекламираа. Мразулци има откога знаеме за зима а зима има сека година, што се чувствува и по тоа што баш зиме парното греење најчесто откажува. Сегашните деца повеќе се загреваат на лизгалиштата отколку дома, крај радијаторите. Мраз и мразулци има и во празните фрижидери. Кога фрижидерите се празни дечињата фаќаат neuritis acustucus и пуштаат замрзнати солзи. 55
Не е ништо ново што има мраз по тротоарите на коишто некои си ги кршат карактерите. Секоја кршеница си има цена. Попуст нема. Има само мраз во погледите на докторите. Се случува на замрзнатата пруга вагонот да се лизне баш од главниот колосек. Така им било пишано на патниците: судбината да им замрзне. Како што им е пишано на пролетерите: достоинството да им замрзне. На телевизија рекламираат корсети од мраз, за да се сопрело топењето на индивидуалната свест. Во устата топењето не е забрането ‐ животот негде сепак треба да се стопи, а топењето со пцовка е поподносливо. Топењето го зголемува водостојот на кошмарот. Онаму каде што бил брегот на замрзнатата река ‐ ластовица со смрзнати крила која не стасала или не можела да ја научи лекцијата дека секогаш треба да се биде во јатото. Што не важи само за ластовиците. Кога има јата има и побогат лов и повеќе свежа риба во сандаците покриени со мраз. Кога е многу жешко 56
ластовиците надвор гракаат а дома некои се мачат да најдат калапи мраз за во мртовечкиот сандак. Да не скапува од горештина оној кого животот го избркал од јатото, а немал пари да пие виски со мраз и да се понадева дека во една од коцките е волшебниот лек. 57
ПОЈАДОК Со години веќе катаутро штом ќе фати обденица гулабот и гулабицата ќе слетаат на нашиот симс. Пред тоа парадно, со распавтани крилја во почесен лет ќе и направат салут на трошките. Потем, лека полека ќе ја исколваат утринскара понуда од симсот ‐ до последна трошка. На заминување гулабот и гулабицата ќе ни гугнат: се гледаме утре и весело ќе одлетаат како да биле на свечен појадок со венчалните кумови пред многу години при нивниот прв заеднички лет. 58
ПОЧЕТОКОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА Почетокот на учебната година никогаш не доцни. И кога е расипано училишнот ѕвоно ‐ ученичкиот џагор ја заменува негрижата на одговорните, свечените церемонии и онака испаруваат некаде во загадениот воздух ‐ ја од немање пари во школските каси, ја од немање чувство и волја кај школските власти. Годинава, на почетокот на учебната година во велешкото село Каратманово отсуствуваа пет ученика. Сите од семејството на Стојанови, наредени дома еден до друг по височина, како аптекарски шишиња, што се вели. Не дека немаа ‐ имаа слатки мечтаења за учењето и за тоа што ќе станат кога ќе изучат. Немаа само што да облечат за да појдат на школо. Таткото без работа, мајката без работа ‐ се нема како да се преживее гладта, а не пак да се мисли и за облека. Како дечиња научија дека татковото чукање од врата на врата не носи работа. На крајот тие талкања се претвораат во празни одови, а празните одови не носат ни корка леб, не пак печалба. 59
Да имаа дома телевизор, баш на денот на почетокот на учебната година дечињата на Стојанови ќе видеа еден документарен филм за лондонското Сохо каде што Карл Маркс сонувал за крајот на капитализмот. Новоздебелените газиња на транзицијата денес велат: Пусти сништа. Новоздебелените газиња си се есапат рамни на боговите, барем на оние од понизок ранг. Децата на Стојанови знаат дека има нешто црно во името на нивното село. Знаат дека и од црното има поцрно. Гледајќи ги другите деца како итаат на првиот час, тие знаат и дека никогаш не се на број оние кои ги сакаат, а освен милиот поглед и по некој збор на љубов, им недостасува и нешто да наметнат за на школо. Пред домашниот праг најголемото братче на денот на почетокот на учебната година им вели на помалите добро да запаметат дека не е исто кога слушаш внимание, внимание! или achtung, achtung!" 60
МИРИЗЛИВА МУЗИКА
СОНОРОЈ Сните да ти се ројат радостите да ти ги бројат ела нека ги изборојат!
Желби да се кројат воздишки да се стројат ела нека ги избројат!
Зумбули поле да ти бојат кокичиња в поглед да ти стојат ела нека ги избројат!
Зломисли катаден да штројат добрите да се множат да се гојат ела нека ги избројат!
Спомени од млади усни да појат да се тркалаат, тркалаат на зелена чоја ела нека ги избројат!
Мечти да бабрат, малце и да залојат мечки да спијат, кучиња зорум да залајат ела нека ги избројат
Годините ако со ѕвезди да се спојат небесните песни на колку се двојат ела нека ги избројат! 63
КОГА ЦУТАТ ЈОРГОВАНИТЕ ВО МАЛЕСИЈА Во публиката во салата на Домот на културата во Струга има гости од земјата на лалињата, ама младиот маестро реши оваа вечер да свири на клавир за јоргованите. Ако баш мора да се биде ептен прецизен, на програмата беше Рахмањинов: Маргаритки, па Прелудиум број 2 опус 3 и најнакрај Јоргован. Миризлива музика. Му пролетаа пеперутки по клавијатурите на младиот маестро, како во ливадите на Малесија, баш кога цутат јоргованите меѓу столетните дабови и костени. Ќе да е баш тука, на дедовата ливада во Малесија, да се запознале малото овчарче и големиот Дебиси. Младиот маестро се огледува во лачениот капак на клавирот, како во најбистрото изворче во Малесија. Сака, а и му личи на младиот маестро да се огледува. Никогаш во животот не се дознава сè, ама се знае дека е тешко да се живее без детство. Веќе отсвирената музика не е за фрлање. И износените алишта не се за фрлање. Некој сиромав ќе им се израдува откако ќе се исперат со детергент со мирис на јоргован. 64
ШУПЕЛКАТА НА КОНСТАНТИН МИЛАДИНОВ Море , вреди, како не вредело да се проба да се натсвири тишината пред да дојде ерата на новите панаѓури. А тишината сака првин нежно да ја допреш, па потоа натсвирувај ја ако немаш друга работа. Таква е сета наша тишина, сака нежности. Та, ние и онака одамна сме нежни ама и немоќни. Мајстор низ шупелката пушта троа сончеви зраци за кога ќе се враќа оддалеч полесно да го најде патот до дома. Не е мала работа да го бараш изгубениот рај. Тоа значи да не се согласуваш со разбеснетите делачи на судбини и на шила за дупчење на судбините. На малите народи им следува голема тишина, велат делачите. Ајде, нека мине од нас, па нека им следуваат на малите народи и големи поети. Ама не може ем поети, ем читачи. Малите народи да се сторат прваци во нечитање. Да имаат повеќе време да собираат смола од неовенатите борови, а и да не се штукнат во умот па да бараат нови и нови преродби. Од прастари времиња се знае дека револуционерите, по правило, се начитани луѓе. Тие знаат како треба со тишината – дење пикај ја во мали шишенца, ноќум пуштај ја да се шири. 65
Е, баш на работ меѓу ноќта и денот сака да се натсвири тишината. Тоа е како натсвирување на смртта пред пак да се дофати парче татковинско сонце. Попречи и го патот ако треба, никако не допуштај да се разминеш со неа. Како со некоја непозната девојка која нема абер колку тага собира сал во еден звук на шупелката кога се бара патот за дома. Во тој миг сигурно ќе наиде некој кого врело би го бакнал. 66
ШТО КУЧИЊА ЛАЈАТ Што кучиња лајат, лоши луѓе идат... Македонска народна Останало од баби и дедовци, од мајки и татковци, кучињата да бидат црните гласници на лошите луѓе. Сега врие од црни гласници, да ти е страв да вклучиш радио или телевизор, ама кучешкиот лавеж сепак си остана на место – ем да сведочи за баби и дедовци, ем да сведочи колку поразлично лајат кучињата денес. А за лошите луѓе збор да не трошиме – нив отсекогаш тука ги имало за извоз. Барем оттогаш откога лајат кучињата едните севезден ги толчат 67
другите севезден молчат, а сите си се тешат дека не се виновни што времињата се за никаде и што толку неранимајковци ни ја поклопија живеачката. Лајат, демек, кучињата. Сурии лоши луѓе. Некои го паметат Достоевски: никогаш нема да стасаш кајшто си наумил ако се обѕираш на секој кучешки лавеж и ако го гаѓаш со камен секое куче што лае. Мнозинството меѓу нив и оние кои го читале Достоевски, не се сеќаваат и не знаат за ова. Мнозинството денес веќе и не верува дека куче што лае не каса, напротив. Мнозинството ги гледа оние кои доаѓаат по хистеричните кучешки лавежи: костумосани, пушат томпуси, сè некој отмен свет. 68
Кучињата лајат, карванот си врви. во карванот и такви кои си мислат дека баш нивното село е родно место на Абрахам Линколн. Како да немале баби и дедовци, мајки и татковци. Отстрана, на правливите банкини ‐ сплескани луѓе, демонстранти во изградба. Си го чекаат редот за протести, а во меѓувреме бараат вработување. Какво и да е. Барем тие знаат за што говори песната и зошто лајат кучињата. Се пулат наоколу надевајќи се дека ќе им ги видат на јасна месечина голите газиња на господата со томпуси. Само месечината е јасна, сè друго е престорено во матеж. Веќе се објавени првите томови на историјата на новите матежи. Полни се со превртени коски, ама кучињата не лајат по томови. Ехееј, колку пати се изналајале по господата со томпуси и сега, само кучињата знаат дека лошите луѓе 69
не се само во старите песни и колку многу мравја киселина има во нивните потечени нозе. 70
МАРЦИПАН ОД БАДЕМИ Цели три дена на плоштадот Таксим во Истанбул ја барав продавницата за марципан. Ми беше пред очи, ама се криеше како да е зачленета во некакво тајно здружение за обнова на слаткоречивоста која, како што е познато, одамна не е во мода и никој не ја поднесува. А и којзнае дали на марципанот баш и му прилега слаткоречивоста, ако се знае дека потекнува од некои сицилијански манастири. Сè што е слатко не мора да е и слаткоречиво. И на благо се навлекуваат кумови со зарипнати гласови. Штоако грст бадеми не е исто што и грст долари. Бадемите барем се мелат , а доларите ти ја мелат душата, особено кога ги немаш. Марципанот ги разблажува соништата, а доларите не ти даваат око да склопиш, особено кога ги немаш. Мокри крпи на чело пред спиење ставаат и оние кои имат многу долари, со товари. Секој може да има бадеми и шеќер, ама не знае да прави марципан. Затоа во некои стари манастири и ден денес кога примаат нови монашки првин ги проверуваат знаат ли да кршат и да мелат бадеми, како прв услов за правење марципан. Пред да се замонашат и така и така, ама отпосле на монашките со марципанот што самите го прават не им личи ни рум, ни распален камин... Монашките сега се 71
бакнуваат само в чело или во образ. И мирисаат на свеж марципан од бадеми сомелени во мелниците на животот. И СМС пораките што ги испраќаат монахињите мирисаат на марципан бадемлија, баш како овој на плоштадот Таксим во Истанбул. Брливо ли е да се запраша човек, застанат пред касата во продавницата за марципан од бадеми на плоштадот Таксим во Истанбул – колку Марципан собира во Босфорот и колку векови ќе му требаат на едно човечко суштество да го искрка сиот тој марципан, до песочното дно на Босфорот? Како да се гледа некаква празнина онаму, во морето. Насмевката на касиерката мириса на марципан од бадеми, а надвор ако сака нека се истурат ниските облаци. 72
МЕЗЕТО НА БАБА Не Георги Константинов Седевме во хотелската кафетерија во центарот на Софија. Одгатнувавме како неразумот се прогласува за мудрост. Еден на друг си кажувавме како се молзи опсесијата, а не знаевме дали докрај се измолзува. Ги ишкавме кучињата кои ни вртеа опаши во муабетот. Неколку пати наздравивме со чаши полни топлина. Веќе не се сеќавам кои стихови на Сандберг ги спомнавме. Беше нешто во врска со мезето на баба, жива метража на долги сеќавања. Да, сеќавањето ни е татковина, рече. Не, татковината ни е сеќавање, реков. Можеби сè беше обратно. Многу работи се терсене кога возрасни луѓе си ги лижат прстите. Можеби требаше, ама не ја споменавме Мерилин Монро. Кому му дошло денес до поткренати фустани, ви се молам! А и дадовме збор да се вардиме од невкусот. Седевме што седевме, па весело ја прелетавме уличната бучава и се скрасивме на плоштадот Славејков. Ги гледав луѓето како се радуваат што те гледаат. И срдечно те прашуваат ти ли си ти. Големиот поет. Еден постар од нас почна да расправа нешто за Кукуш, Смирнески и за Делчев. Ми се чини дека го разбравме. Ми се чини дека разбрав што ти шепотат книгите наредени на плоштадот 73
и колку се среќни што можат да ти се обратат на ти. Пред да се качиш во трамвајот број 10 не стасавме да се допрашаме дали се расцутени црешите во Јапонија. А и мезето на јапонските баби, преку мобилки ли се служи? На враќање во хотелот, отсустно му одмавнав на чистачот на чевли. Доцна видов дека сум ја заборавил четкичката за заби. Седнав свечено да прочитам барем една песна од твојата нова книга. Баш ми е гајле како им звучи тоа на другите. Важно, секој стих го почувствував како нова прегратка на трамвајската станица. Пред да си легнам, како да те видов низ прозорецот, сосе новата здравица. Во мислите ми кркореше мезето на баба. 74
ГОСПОДАРИ Тешко е и неразумно кога во една земја има двајца господари и кога од една молскавица екнуваат два грмежа. Во таква земја громот треснува од јаснина и прати матеж во мислата а ќе да е и во погледот штом сите мижат ли, мижат.
Тешко е кога човек нема време за градина а во земјата со два господари има голема грабина кон нигде никаде. Таму се наоѓа по некоја грабовица и секој што си има секирица ќе си скастри од габерот ‐ па девет удри, едно број.
Друго чаре нема.
75
Во таа земја сите до бесконечност чекааат, само чекаат да дотечат суви долови, да зароси пролетна росица да никне тувиданче, купиданче и грмотрнче, да полета грагор како вселенска чинија, да лета, лета и најпосле да влезе во денот. Во земјата со двајца господари има многу порти за влегување во денот.
Може и да се прелета денот ‐ колку повисоки врвови се фатат, во толку подлабоки амбиси се паѓа, а во амбисите само пресушени реки, изгорени желби и гемии никнати на бетон. Над амбисот никаде ни птица, ни сончев зрак. Сал тмурно небо пред грмеж се препелка среде тежината на историскиот миг.
Кога ќе се загледаш поубаво небото горе да ми ти било празен простор кајшто громови не ни поткашлуваат а не пак да трештат ‐ делба ми ти делеле двајцата господари. 76
ТРОЈНО ТРОЈСТВО
ТРОЈНО ТРОЈСТВО Јас Аурелиј туку што добив за роденден во едно тегличе што одвај се гледа со голо око ‐ тројно тројство: три шумски јаготки, три катран капинки и три мелем малинки. Признавам, се возбудив повеќе отшто ми личи. Мајката, си реков: и човекот и каменот ги удира по глава само она што е во нивната природа и што за нив е ептен вообичаено. Потоа крснозе распослан врз доцните сончеви зраци стрвно го исркав 79
тројното тројство засладено со среќата од мојот ближен. 80
ВЖАРЕН ЛОНЕЦ Лонецот е огромен и зовриен по сите прописи на глобалната зовриеност. До врв е преполн само со капи: војводски со ушки и без ушки, црвени фесови, бели кечиња, црни шубари, титовки со и без петокраки, капи за голф со разнобојни козирки, секакви капи учествуваат во оваа зовриена модна ревија. Публиката не е бројна ама е одбрана и околу лонецот се собра на готово, откако се крена жешкиот капак. Од секоја капа што беше фрлена во лонецот се расклокотуваше барем по една приказна, а имаше и капи како вреќи без дно. Клокотот како зовриен радиопредавател емитувше приказни од разни чудотворци, бајачки и други лечебници, маѓепсници, бркачи на ѓаволи и разни други ветрогони, 81
подбуцнувачи и лажговци. Искрен збор тешко се пробиваше низ клокотот. Поетите од страна првин се чудеа, чудеа, а потем се фатија за компјутерите и таблетите под кои во новите времиња не се подразбираа апчиња ами мали компјутерчиња или големи мобилни телефони. Како и секоја зовриена вода и водата во големиот лонец со време почна да испарува. Капите, сите до една, се смалија, се смежурија. Почнаа да испаруваат, буква по буква, многу зборови од различни азбуки ‐ најмногу од кириличната. Сè почна да се качува кон врвот на клокотот. Згорннчавоста ги поништи длабините, го ничкоса дното на мислата. А мисла без дно е како тиква без корен. Така велат сите даскали. 82
Колку што испаруваше зовриената вода и се празнеше огромниот лонец, толку појасно стануваше дека испарувањето може да настане од разни попуштања и отстапки пред агресивци и лошотилаци. Физичарите дури сега ги отвораат очите. А што ако е доцна и овој лонец е последен? Некој се сети и го стави капакот ‐ да го запре испарувањето. Капакот пак, инаетлија, почна да потскокнува во ритамот на испарувањето и исчезнувањето. Јасно и порачуваше на преостанатите сеирџии: ништо на веков не е случајно и без причина. Залажувачки за мали деца се модерните слогани ‐ две во едно. Кафе можеби бива така, ама пробал ли некој како врви со енергичноста и попусливоста? Две во едно, ама едното стане едничко? Некои седокоси предупредуваат дека имало случаи за божемни услуги да се жртвува бел образ, независност. Имало разни случаи во разни лонци. 83
Клокотот е е мост за рамнодушни и романтични прошетки. Нарочно кога се гледа дека големиот лонец, веќе испразнет, забрзано, речиси незапирливо се вжарува. 84
ГЕМИИ Гемиџиите ги опеавме и овековечивме во песни, на филмско платно и во бронза. Гемиите исчезнаа, се скрија во минатото. Можеби иструлеа, никој не знае од какво дрво беа направени. Неочекувано дојде време на неподвижни гемии, во сува река приковани за тони бетони. Гемии со мозочен удар. Кога ги гледаш низ некој збрлавен калеидоскоп сакаш да запловат, ама не бива. Со сила убавина не бива. Околу металните трупови на новите гемии јата риби: подготвуваат масовен протест, се закануваат со колективно самоубиство. Новите стопани ги товараат металните гемии 85
со бали туѓа мака. Нашле ‐ их, тие немало да најдат!‐ нов Бајрам Бедрија. Бараат и нови поети за новите гемии. Што да им кажам на претците? Дека денес не мора да одат на црква за да се крстат? И старите гемиџии се чудат без престан: како од старо дрво се прави новата метална гемија? Башка, за да заплови во иднината на новата гемија веќе и е неопходна инвалидска количка, по можност на моторен или електричен погон. 86
ИСПУШТАЊЕ НА БРАНАТА Браната е устав. И го чува устројството на животот во просторот што го заградува: водата да биде бистра, рибите да бидат спастрени и да не си ги вадат очите трските да не изгнијат да не се собира многу тиње да има доволно кислород за сите. Арно ама, колку да се варди не може да се доварди ниту едно устројство. Има непредвидливи гнилежи и несопирливи потквасувачи на тињето. Зад секоја бара. Кога ќе се претера мерката, браната мора да се испушти па да се наполни со нова вода, да се изначека нови дождови. Со намалувањето на водената утроба на браната се намалува и татковината на рибите и растенијата во неа. Не дај боже понекогаш и се ничкосува. 87
Кога ќе почне да се испушта водта, сè живо и диво зад браната се прашува: што сега? Прашањето е просто како грав, ама одговор нема. Сложеноста на прашањето, значи, се мери според вредноста на одговорот. Лелекот на рибите, трските и растенијата не е никаков одговор. На светот му е преку глава од размножувањето на паниката. Кога ќе почне да се испушта водата поголемите риби навалуваат на помалите. Меѓу рибите има секакви. Сомовите се познаваат по тоа што заслон бараат во тињето а кленовите веднаш скокаат на суво. Кленови. Некои трски се утешуваат оти кога ќе се исушат можеби ќе станат шупелки ичи некакви други свирчиња. Не помислуваат дека може и да им го свирнат. Сешто бидува на суво. На суво се собираат веселници ‐ првин распалуваат скари, а потем заградуваат со бодликави жици. Зад бодликавите жици засадуваат страв. Додека 88
тлото сè уште не е исушено. Додека пркнува стравот, црвите им наплаќаат на рибите што се препелкаат на суво за тоа што стрвно ги голтале од рибарските јадици. Кога тогаш доаѓа сметката велат црвите. Распиштолени црви што биле и ќе бидат мамки. Кога се испушти сета вода барем старото црквиче што беше потопено кога се наполни браната ‐ исплива на бела виделина. 89
ЛИЛЈАК Виси со верната му дружина како гроздовите што висат на лозницата во дворот. А дворот му е простран, колку една држава, може и фазла. Колку еден негов долготраен прелет. Без лаење може и повеќе да прелета, ама каде се видело куче ‐ макар и летечко ‐ да не лае? Нјапосле, поарно да лае отколку безмилосно да каса. Овој лилјак личи на големец. Можеби затоа има големи уши поголеми од сите ѕидови што имаат уши.Тако некако и лета: цик‐цак, лево‐десно, горе‐долу. Никогаш не се знае кого ќе го бапне средчело. Кој ќе му биде по волја. Едно бапнување, еден век. Каква и да е казна е исклучена. Лилјакот големец е аболиран довека. Тоест, додека го држат крилјата и опните да ни ги разнишува како играчки оџаците на надежта. 90
Лилјакот си мисли дека е ударник прв во производство на темница. И не е да речеш дека многу претерува.А да произведуваш темница значи да произведуваш молк. Ај да ве видам мажлиња ‐ кој не молчи во темницата? Та тоа не е дали сакаш или нејќеш да молчиш. Не туку така во процедура е предлогот на лилјакот тишината сосе темницата да се прогласи за државен празник. Што знаеш, празникот може ќе биде историски: можеби лилјакот ќе се насмее од задоволство и тогаш ќе се види има ли уста, има ли заби. Се шепоти дека е штрбав, а ваму голта сè живо и диво. Особено ужива во голтањето насмевки. Тогаш гордо се провикнува, како некогашните сечачи на дрва: насмевки голтааам! А ќе се стемни, а ќе почне да кружи, кружи баш како смрт. Сè се движело па и смртта морала да се движи. 91
Меѓу два круга на смртта лилјакот одржува предавање по бдеење. Неоти слушателите не знаат и не сетиле што е бдеење, ама пожелно е да знаат дека лилјакот има академска титула. Ќе стане и доктор, само уште не е решено по што. Има многу лилјачки научни предизвици. Еве, на пример, обезначувањето на зборовите е како измислено за дисертација. Или емпириското докажување дека секој лилјак, како и секој тиранин, има во себе најмногу клетки и ткива на сплетки и завидливост. Плус злоба и кусок на човекољубие. Таквите кога тогаш ќе ги впие, како евтина правосмукалка, некоја разгневена темна ѕвезда. 92
ПОДЗЕМНИ ГРАДИТЕЛИ Такви времиња највјасале и такви сорти градители: сите да градат иднина тие да градат минато. Оние надземи нека си градат што сакаат ако немаат друга работа, а овие подземи ем ќе градат минато, ем ќе си живеат во минатото, ем ќе наплатуваат со златни пари од минатото. Така ли морало да биде судено? Едните на една, другите на друга страна да се свртат? Едните да прават подземи замоци за новите богови, другите да прават надземи кули од јадови и чемер? Кој кого ќе надживее? Подземните градители си имаат подземни покровители градат на свеќи (та нели го градат минатото?) 93
и се прават недоветни а можеби и навистина си мислат дека секоја свеќа и сè што е од восок не догорува. И при свеќи во нивните души нема место за распламтување на радоста. И ако им налета в глава некоја добра мисла им ја фрлаат за наслада на ѕверовите. Куќите на градителите на минатото им се полни со огледала, во секоја соба и нужник, тадури и во подрумите блескаат огледала, да се уверат градителите колку се лични на мајка. Во слободното време градителите на минатого си се возат на рингишпили, играат прескакулица, крива магарица, а позадуманите сурфаат на интернет барајќи докази дека и Икар летал подземи, удолу кон минатото. Кога ќе се изморат од Икар, си џогираат низ круговите на Данте. Откога ќе отпочинат 94
градителите на минатото ги убедуваат мртвите да излезат на подземниот плоштад на митинг или на концерт на новокомпонирана музика а на мртвите им е добро во нивното подземи и со песните од нивното време. Кога ќе си легнат градителите на минатото сонуваат испревртени сонови не можат да си ја исчистат пепелта од соништата и да ги лицнат како за пред огледало. Градителите лицкај, соништата немаат друга работа и севезден им повторуваат дека забите на судот на иднината навистина не се млечни. 95
СРЕЌНО УТРО Никој не знае да објасни ама сите велат дека таков век дошол – век на револуции. Што вели еден, тадури и Бугарите имале своја револуција! Ги нема веќе оние среќни утра со насмевките на млекарките. Ги нема ни серенадите на трубадурите. Старите мајстори се вработени како портири и ноќум имаат повеќе време од фикцијата да прават историски документи, плукнати оригинали. Никој не чита поезија, никој не чести чај, а сите даваат совети. Животот е престорен во берза на бесполезни совети. Џабе ти советите ако си глуп, 96
а не умните не им ни требаат. Сепак, се наоѓа и по некој добар совет: да одбиеш да умреш, на пример. Баш така, да одбиеш. Нема поетски читања. На плоштадите поетите ги убедуваат минувачите дека се нормални, штоако пишуваат поезија. Баш им е гајле на минувачите. Божем тие не знаат дека нормалноста е во фаза на дефинитивно исчезнување. Луѓето се помалку се луѓе, а се повеќе колатерални штети. Ене, едни маршираат на свечената парада пред бината на која е истопорен буда со офицерска шапка. Ене, една жена ли е мома ли е ‐ среде зима се занесува дека е Гола Маја. Додека да настине, потем ќе кашла, кашла. И срцето ќе и прави туп‐туп. А надвор ќе врне ситен дождец и тоа ќе биде моето среќно утро. 97
ИСЛАНДИКА
ИСЛАНДИКА Во два станав, во два си легнав. Македонско‐исландска симетрија на времето. Можеби и негирање на времето ‐ и така сме заглавени во живиот песок на епохата на општо негирање. А стасавме, а заврна. Капки иронија. Дождот ги полни празните чаши заборавени на хотелската тераса. Претекува осаменост и молчење. Молчењето не може да си најде патека на хотелската маса. Кршнува ту лево, ту десно. Некои капки од молчење се претвораат во кристални обетки. Веќе нема телефонски кабини. Молчењето и онака никому не му телефонира. Молчењето постојано е свртено кон минатото ‐ знае дека минатото најбезболно се одмолчува. Тука навистина е студено и нема небо. Секогаш постои опасност да си направите џумка на челото кога ќе се судрите со првиот облак при излегувањето од хотелот. Таксистот ја кажува позитивната формула: колку убав дожд, колку убав ветар! 101
Се сетил на време дека само апокалипсата донесува ново небо и нова земја. Пропушта низ рацете да му тече ситна вулканска жгура. Клепсидра. Сепак, сè се врти околу времето. Галилеј се успал, а никој овде не знае да ни каже на кои гробишта почива Роберт Боби Фишер. 102
БЕЛИОТ КИТ Од спротивната страна на океанот на островот заробен од Голфската струја доаѓаат разни нешта ‐ најмногу проповеди за демократијата и новиот светски поредок, ама и приказни за големиот Бел кит, во секоја капка од Старбакc кафето. Не е ни чудо што мнозина сркајќи го ова кафе си ги горат јазиците. Не од стрв и од брзање, ами од сеќавања на првиот помошник на капетанот Ахав во битката кај океанскот Ватерло со Белиот кит. Три дена траела битката ‐ за показ дека деновите лесно се престоруваат во векови. Уште и за показ дека не е доволно харпунот да ја погоди целта, играта треба да се одигра до крај, до врвот на оргазмот. Кога има дождови, ветришта и бури секое лале си ја затвора чашката на цветот. Ако мислата ти остане заробена во цветот, ќе се свариш како компот од неостварени желби. Во библијата има морски чудовишта, ама ниту едно не е крстено Бел кит. Библиски народи на Балканот се откриваат секој ден, на тони, ама никој сè уште не открил библиски кит. А можеби ни избегало пред очи такво откритие, човек никогаш не е начисто со имињата на морските чудовишта. Капетанот Ахав и неговиот прв помошник, од оваа страна на океанот, стенкаат во јавните клозети 103
и се двоумат дали е поуносно Старбакс кафулињата да ги претворат во клубови по носталгија чијшто заштитен знак ќе биде потонатиот Пекод и во кои севезден ќе се пушта музиката на Лед Цепелин. Не е да речеш една потоната гемија, ама само за Пекод се знае дека го голтнала морската ламја. Во клубовите по носталгија женскиот свет ќе се лепи на сликите на Грегори Пек, а сосема извесно е дека еден ден, кога и да е, во еден од клубовите ќе намине лично и Карл Маркс, да го побара во книгите на родените Моби Дик и лично од него да чуе дека заминувањето е многу слатка мака, исто како и неостварените желби. 104
ЦРН КАМЕН Црн камен, црна жгура. Црна магма, црно оросени мечти. Црни меурчиња од шишињата со газирана иднина. Црно пиле под пазувите на црна птица. Црни црцори, црни гракања на бели галеби. Црно сонце, црн зрак среде пладнина. Црни коњчиња што проодуваат, Црни развиорени гриви, Црни трепети што галопираат. Темно зелени дни под црни облаци. Црно тресење на небеските кочии. Се струполуваат црни денови, Се одбиваат од црните чела на брановите. Црни фигури на шаховската маса. Црни врвки на бели чевли, Црни ортоми за бели мисли. Среде црнаица полна бела месечина, инаетлика. Истопорена меѓу паметниците од црн мермер Ги убедува минувачите дека не е црно сè што е црно. А и дека црнилото има душа, штоако не се гледа. 105
ВУЛКАН Напати од подземи, напати од нашите очи му излегува на мегдан на универзумот. Кога ќе го скротат си наоѓа нови длабочини. Не ја сопира изработката на црни ѕидови и нова жгура во историските читанки. Возилата за брза помош тогаш брзаат кон породилиштата. И мажите запинаат да изнедрат троа надеж. Светците се скриле во глушечки дупки. Молитвите сами треперат, трепери и историјата. Пак пламнуваат стари огнови во очите. И пак вжештена глетка: огнени камења се истураат врз стварноста. Отворен е и конкурс за менување на стварноста. А од стварноста нема каде да се бега ‐ ни во шумите, ни по друмовите, ни по морињата. Сè се покрива со скрама од пепел. Кога ќе заклокоти, се разбудуваат 106
движењата на отпорот и за одбрана на природата. Сетики да ни кажат дека неизвесноста клокоти подолго од животот. 107
СРЕДЕ МОРЕ Сепак, темница е среде море. Штоако има полна месечина ‐ очите ќе ни истечат да видиме парче надеж. Како бродоломници учествуваме во ноќното слушање на брановите. Силниот ветар ни го крши сонот. Зад нас судбина, пред нас судбина. Ако не може двапати да се стапне во една река, може ли двапати да се сонува една љубов ‐ под полна месечина. Не гракаат веќе ни птици околу јарболот ‐ одлетаа кон југ. Ти остана сама а не ти е јасно зошто. Дури кога ќе ја почувствува осаменоста птицата не сака да е сама. Секогаш е доцна за каење. Оддалечувањето нема ред на возење. Овците се за стрижење, а не за полнење на трлото на несоницата. Соништата понекогаш истекуваат низ водопади. Како ќе се сплотиме одново ако не нè нападнат пиратите? Морето да ти било една недогледна бездна. Потонувајќи во неа, никој не верува дека се умира и од тага. 108
РИБА Зјапнуваш во небото. Отпосле ќе ти се каже зошто зјапаш, зјапаш. А што ако на небото го гледаш морето? И свечениот танц на рибите? Ене, една многу палава риба. Светска рекордерка во скок во височина. Врвна уживателка во спокојна пловидба. Остава зад себе сребрена трага во просторот меѓу небото и земјата, како вистински џамбо џет. Им ги чита мислите на старците на островите среде сите океани. Сè си мисли дека, всушност, има само еден океан.Па тоа не е малку за оние кои нè сакаат, нели? На небото ветришта, во океанот бури. Фрчи вековното прашање: од каде и како дошле луѓето на островите? Како, де? Океаните не 109
би биле толку длабоки ако во нив не пливаат речиси сите светски загатки. Рибата се варди од загатките, тие да ми ти биле најпривлечни мамки. Лета ли рибата? Лета! Меѓу океанот и небото нема магариња. Има само легенди и секому по едно тесно патче до себе. Секое од нив направено од крлушки, да блеска мислата на секој занесеник кој ќе стаса до дното мислејќи си дека рибата ќе го однесе до некој нов остров. 110
ГЕЈЗЕРИ ВО ДУШАТА На Боро Драшковиќ Кинисавме за Селфос со гејзери во душата. Однапред се знаеше дека твојот ќе бликне многу, многу повисоко. И ќе ги надвиши планините на империјалната граматика. По пат им мавтавме на коњите и коњаниците. Повеќе на коњите одошто на коњаниците. Знаевме дека во шаховските завршници коњите понекогаш вредат повеќе од кралиците. Наеднаш нè пресретна ѕуница. Низ една од боите на спектарот, онаа небесно сината, како да ни намигна Капабланка. Отпосле сфативме дека ни праќа поздрав до големиот наследник. Наследниците треба да се негуваат, како што сонцето ги негува цвеќињата. И цвеќињата на тагата се цвеќиња. Кога ќе наиде на такви цвеќиња сонцето го фаќа с'клет од горештина. И над сончевата горештина имало нова горештина. А светлина? Светлината се мери квечерум, кога ќе останеш сам во ресторанот што се празни пред да почне ерата на кркорења на цревата и неконтролирани прдежи од многу кркање. Стасавме на гробиштата во Селфос. Колку гробови, толку тишини. Колку тревки, толку 111
наведнати погледи. Колку молчење, толку вистинољубство. Ни отпоздрави црвена роза. Некој прошепоти: колку човек е понемоќен во телото, толку е послободен во духот. Духот на гробиштата во Селфос беше во Боби Фишер. Се претчувствуваше дека мајсторот готви уште еден неизбежен мат. Само уште потег‐два, за судијата да се соземе и точно да утврди кој кого матирал. Црвената роза на гробот на заминување нè потсети: кому му здодеал шахот, му здодеал животот. Шаховската табла не ја личи без фигури. 112
ВИЕТНАМИКА
РЕКАТА САЈГОН Матна е оваа вода ‐ од толку крвој и солзи што протекле низ неа, од толку историја и спомени што уште ја брануваат, од толку замислени потскокнувања на пастрмките кои, се разбира, не поднесуваат живот во матно. Од изворот до делтата се распослале полињата на животот покриени со сламени шешири збиени како сончогледи ‐ шешири гледаш, луѓе не гледаш и сал си се тешиш дека ниту една тајновитост не е видлива со голо око, иако многу добро знаеш дека дури и тајните болести се лекуваат со тотална отвореност. Матна е оваа вода и гледајќи ги бротчињата во неа вам веднаш ви станува јасно дека вие, всушност, севезден зјапате во минатото 115
а од многу минато се заматува погледот кон иднината, макар што за тоа на Исток никој не води сметка. Башка што, ќе ви речат, препорачливо е и на таа иднина да се погледне со очите на минатотo, барем трипати на ден пред или по јадење, како што милувате. Овде сите знаат дека реката има смисла само ако на крајот, во утоката завршува со враќање на украдената татковина, оти воопшто не е спорно верувањето дека без Виетконг Виетнамците воопшто не би биле Виетнамци, не само Виетнамци ами и луѓе. Навистина е матна оваа вода и текот и натежнува од многу минато кое севезден потсетува дека минатото нема дно 116
а оттаму кајшто нема дно се доставуваат пожелни количини нова стварност. Кога ќе кинисате со мало бротче да сечите остатоци од сеќавањата на матната вода е, тогаш престанете да читате весници или да чкрапате со фото‐апаратот загледајте се, тогаш, цврсто сконцентрирано во матната вода и тогаш, само тогаш ќе видите како капката пот што ви паѓа од челото се претвора во бистро огледало а во огледалото сè е розово, огледалото исполнува и нереални желби и подлажува старовремски царици во водениот матеж може да ве врати само ставата на оној подгрбавен и соборен човек на брегот. Сака многу да ги начучулите ушите да ја чуете неговата песна која извира од историјата 117
и ја следи историјата. Само оние кои ќе ја одгатнат песната, со мирна совест ќе можат да ја одмерат вистинската тежест на подгрбавениот човек со соборена става. 118
НЕПЛАНИРАНА СРЕДБА СО АЛЕН ГИНЗБЕРГ НА ХОТЕЛСКАТА ТЕРАСА Низ испарувањето на маглата од реката ‐ Сајгон ли беше, Хадсон ли беше ‐ набасав на Ален Гинзберг ‐ правеше срценца од сапуница и ги подучуваше новите поколенија како се води љубов а не војна. Ни се сретнаа погледите во заедничкиот опир на овенувањето на цвеќињата на младоста, за кои мнозина денес велат дека се прецутени. Рибарите на брегот на реката се професори по молчење: нема никакво фајде ако уловат купишта зборови ‐ мрежите ќе им останат празни. Молчењето го научиле од рибите кои еднаш, во добро расположение, им шепнале дека и луѓето се како цвеќињата: тукушто распупиле а наеднаш прецветале и потонале во маглите на светската запурничавост. Очај им се лизга на рибарите 119
низ празните мрежи. Дечињата што ги претовариле ноќните лаѓи, не сакаат сапуница, не поднесуваат ни шеќерни лаги. Кога ноќум крстарат со лаѓите не ги љубат многу и дождовите: кога врне се радуваат само цвеќињата. Хипиците тогаш им наздравуваат на староседелците, а тие, неуки да сурфаат на нтернет, сал туку прашуваат ‐ заврши ли, бре луѓе, светскиот маратон во злосторство, заврши ли полевањето на пластични цвеќиња и распродажбата на древни заблуди? На хотелската тераса наеднаш млади луѓе засвиреа на прастари инструменти. И на терасата, и во реката, се измешаа духовите на времињата ‐ како виски со кока кола. Дечињата од лаѓите радосно им мавтаа на ѕвездите кои таа вечер беа нешто мрзеливи. Гинзберг си ја избриша брадата со салветка и свечено објави: Не го поднесувам сопствениот дух. Америко, кога ќе ја скончаме војната меѓу луѓето? Ѕвездите веднаш си ја дувнаа на заслужена починка, а веќе се истрошија и радосните мавтежи на децата. 120
НГУЕН ТИ ТАМ: НАПАЛМ СЕЌАВАЊА Се сретнавме пред четириесетина години во Скопје. Таа дојде во зелена герилска униформа, со сламено шеширче на глава. Толку млада и мала, толку кревка, а херој од Виетнам. Оној Виетнам чијашто мака ние ја споделувавме по школските дворови и на градските плоштади. Тукушто застана пред нас, ни заличе како да излегла од нашата песна за младата партизанка, онаа од Пелистерска планина. Ете, се сетив на Нгуен Ти Там во Сајгон. Му благодарам на Бога, ми рекоа дека е некаков функционер на некаков остров. Па си спомнав како уште тогаш, при крајот на војната, ни евоцирше сеќавања. Запаметив, запаметив Нгуен Ти Там рече дека најморничави од сите сеќавања се напалм сеќавањата: тие бучат во главата цел живот, бучат како оние авиони што фрлаа напалм бомби врз виетнамските цветни и оризови полиња. Штом падна првата напалм бомба, дечињата во Виетнам престанаа да викаат како сите дечиња што викаат: чичо, фрли летки и тага, детска тага им се насели во пејсажот. Кога потпораснаа на помалите од нив им раскажуваа дека тие времиња и ѕвездите биле тажни, како што и денес 121
е тажникаво морето што и ги полни очите на Нгуен Ти Там, првата виетнамска партизанка што ја видов одамна, во живо. Еднаш ако си помирисал напалм, цел живот ќе ти се задушуваат сеќавањата од таа миризба. А што е животот, вели Нгуен Ти Там, една клепсидра што истекува дури да трепнеш три пати. Штом тече клепсидрара, тогаш обично нема време ни за расеаност, ни за романтични залези. Ти благодарам, Господи, што ја вардиш Нгуен Ти Там од напалм сеќавањата. Та, таа знае дека прогонителите не се забораваат, ама сака да верува дека минатото минало и дека е време за чинија тропски овошја и студена ломонада на нејзиниот остров од каде што се протега погледот директно до бескрајот. 122
ВО ТУНЕЛИТЕ СИ ШИ Влеговме во тунелот, горди љубопитници, без да помислиме дека тешките пластови темнина ќе мора да ги сечеме ползејќи. На крајот од тунелот, се разбира, има и светла точка ‐ за поарно сами да видите на што личите и колку сте цркнати од излишни напори. Диши, диши длабоко, диши си го мракот во здивот. Зборовите во мракот губат значење: се струполуваат од горчината на спомените која сè уште 'рти подземи. А и може ли еден збор, и највнимателно откорнат, да му ја врати подлактицата на она момче што го видовме пред тунелот со подвиткан ракав на износената кошула и со сув поглед, посув од сламата на неговиот шешир. Што воопшто можете да напишете за оние кои подземи голтале пластови темнина 123
и се варделе од отровни гасови ползеле како мравки, се хранеле како мравки, се сакале како мравки? Кој да одгатне сега како се сакаат мравките пред некое туѓинско стaпало да ги смачка среде сакање? Кој да одгатне сега колку темнина можат да изнесат мравките и да ја стокмат како новогодишен пакет под ѕуницата на небото, да го сетат развигорот откај реката, да ја сетат и зеницата на студениот извор? А мравките како мравки ‐ вредни оризарки, уште повредни сонувачки, сонуваат љубов, љубов а на јаве запалени села и ниви, сонуваат во прегратките дечиња а на јаве коски, коски, коски купишта скршени соништа изнесуваат мравките и нестрпливо нè чекаат на излезот од тунелот. 124
Доаѓаме, засрамени бадијалџии, сторени жива вода, нежно се ракуваме со мравките и жедно сркнуваме ‐ ред столчена светлина, ред мрачни насмевки, сркаме до засркнување, па потем кашламе, кашламе да го искашламе сиот поган век. 125
ХОШИМИНКИ Непрегледни се полињата на апсурдот. И различно обоени, со сите бои на ѕуницата. По секоја боја, нова боја. По секој апсурд, нов апсурд. Недоглед од дречливи апсурди. Среде поле, еден бивш воин си ја бара изгубената боја од ѕуницата на животот. На нозе уште ги влечка ветвите хошиминки ‐ не е баш сигурен дали се тие воен трофеј или извор на новите џимкања во сонот. Кога ќе влезе човек со хошиминки во животот се прашува ли ‐ им ли излез, каде е излезот? Се прашува ли потем од каде наеднаш толку светлина на новинските страници? Зошто некои луѓе онемуваат од товарот на слободата? Всушност, колку тежи слободата? 126
Многу надежи таинствено се изгубени во напалм пејсажите. Во оризовите полиња до бескрај ќе трае борбата каколот да се истреби од празните шаки ‐ вистински победник немало и ќе нема. А не е дека не се наоѓаат ветвите хошиминки: загарите кога те бркаат десно, ти лево да му ја спраштиш. 127
БЕЗДОМНИК ВО НИШАЛКА Мислиш, некој безделник и безгрижник го тепа времето во нишалката од мрежа, баш како во филмовите посветени на африканските сафари авантури. Човеков нема шлем како за сафари, а како што се гледа од приложеното, нема ни многу заби. А да ми ти бил бездомник, штрбав бездомник кому, онака, во нишалка, не му е јасно мина ли минатото. За иднината знаеше дека сè уште не е дојдена. Има време, само треба да се верува и трпеливо да се ниша сопствената мака. Во нишањето на секоја мака има мудрост, а мудрувањето е излишно. Среде дремка, некоја мува или оса, ќе почнат да му ги облазуваат детските соништа. Тогаш тој зазема став на решителен бранител, до последната капка крв: сè, сè ама соништата не ги давам, 128
оние детските, најубавите, соништа со достоинство. Потем, како навигатор низ бурите на животот, зјапа во пловењето на облаците. Малце зјапа, малце плови и самиот. Облак во нишалка. Надежта му ја поткрева дувкањето на ветрето. Нема часовник, времето му е застоено, како јадењето од вчера што нема на што да го подгрее. Мувата пак го задева, сака да го извади од кожа. Минувачите го заобиколуваат лефтерно, како камен од кој може да се сопнат. На бездомникот во нишалка на кејот на реката Сајгон воопшто не му е до песна ‐ само се напнува да се сети на саканиот индиски филм од детството Само еден ден живот... Господи, со векови не бил в кино бездомникот во нишалка. 129
МОТОРИ, МОТОРИ На полноќ ил в рани зори Кога е молк и песна кога се ори Во Сајгон мотори, мотори
Откај зелени двори Наместо птичји црцори Само мотори, мотори
Рокерски пламен ко да гори Татко сина кога кори А тој сори, се стори, мотори
Кога некој офка, мајко мори Кога при очи други се прават ќори Нови фори на стари мотори, мотори
Ако ти се затнати сите пори Душата со оган кога се бори Додај малку гас, мотори, мотори
Спопалавен кога си по Лори и Нори Љубовни јадови први или втори Летај бесно на мотори, мотори
Веселници здрави ил отров намќори Кога на ѕвездите лаат Оскари и Астори Во Сајгон сите возат мотори, мотори. 130
РАЗДЕЛБА
РАЗДЕЛБА Ова, последно собирање на внуците околу бабата мирисаше на шумски јаготки а го распалуваше и пламенот на сеќавањата, како што бабата, кога пролетуваа пилците, трпеливо им печеше плескавици на скара. И имаше вкус разделбата: на слатко од незаборав во кое имаше по малку од сè што се памети ‐ од шумолењето на мавровските борови, тадури до бранувањето на Влтава. Заедничкиот стисок на рацете (како кога спортистите се поздравуваат пред нова победа), вибрациите на разделбата, одвај видливиот трепет на пламенот што гасне, беше заверка и завет дека сè што било речено сиве овие заеднички години на взаемна нежност не било речено излишно и сè се искачило до врвот на јасноста од каде лесно се доскокнува до незаборавот. 133
Лудориите од детството сега стануваат стари приказни. Времето со време се менувало ама секогаш останало недовршено и секогаш потајум ѝ се противело на рамнодушноста. Рана есен е. Ластовичките си заминаа, некои од нив ја одлетаа својата последна пролет. Четирите внуци, како пилиња што ќе се вивнат кон бескрајот, го крепат сонцето да издржи јуначки и да не зајде. Со нив е и најмалото, тукушто проодено правнуче, затетеревено ‐ ништо не му е јасно. Ако има таков, ова е нагледен час по тешко дишење. И наук: во животот секогаш да знаеш каде одиш. И на разделба да знаеш каде одиш. И да не забораваш кој ти го покажал правиот пат, кој ти го крепел достоинството и ведриот дух. Кој те учел што мислиш, тоа да го кажуваш. Да си постојан и разборит, напред загледан. Најнакрај, пак наук: разделбата вистина била тешка и спора како 134
желка. И личи на уште едно раздавање на убави и корисни соништа. Вредноста на минливоста се разбира отпосле, кога простум се поднесува шибањето на силниот провев на осаменоста. 135
РИСТО ЛАЗАРОВ (био‐библиографска белешка) Роден на 3 октомври 1949 година во Штип. Поет, преведувач, критичар, есеист. Завршил југословенска книжевност со маке‐ донски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје. Работи како новинар. Бил генерален директор на Новинската агенција Танјуг. Бил и главен уредник на меѓународното списание Балкан форум во кое свои прилози објавуваа Гинтер Грас, Чеслав Милош, Јосиф Бродски, Ханс Магнус Енцесбергер, Лешек Колаковски, Адам Михник и други врвни интелектуалци од целиот свет. Од 1997 година е директор и главен уредник на националната телевизија Телма. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1972 година. Претседател е на Македонскиот ПЕН центар. Член е на Чешкиот ПЕН центар. Поезија: Ноќна птица во паркот (1972) Јана (1980) Грозен кикот (1983) Капки кисела вистина (1985) Лет(о) преку океанот (1988) Горјан во Дорјан (1988) Одрони, избор (1988) Точка на вриење (1990) 137
Од Битола појдов (1993) Одвајнадежна (1993) Силјан штркот уште еднаш ја облетува Македонија (1995) Јаве, избор (1998) Херакле (1998) Колумбо (2000) Тројца за преферанс (2001) Одмолчена (2003) Ненадејна (2005) Чехопек (2006,2007) Среде (2008) Жива рана, избор (2008) Сонот на коалата (2009) Избрани дела во четири тома (2009) Поезија, избор (2010) Кревалка (2011) Ситночекорка (2012) Светилничар (2013) На странски јазици: Siljan the Stork Flies Over Macedonia Once Again (1996) История болезни (Москва, 1996) Јавне песме (Просвета, Београд,2003) Силян Щьрка още ведньж лети над Македония (Софија, 2006) Е Beftë (на албански,2006) Herakleј (Љубљана, 2006) Cechovabeni (Брно, 2007) 138
Shoes for My Father, Перт, Австралија (2010); Отплесана историја (Архипелаг, Београд, 2012) A Seashell Anchored In The Centuries (Poetry Pacific, Vancuver, Canada,2013) Циклуси од поезијата на Ристо Лазаров се објавени на германски, француски, шведски, турски, романски, унгарски и други јазици. Застапуван е во сите релевантни антологии на современата македонска поезија. Огледи и публицистика: Прво лице еднина (Скопје, 1982); Лист по лист (Скопје, 2000) Книга за животните и други огледи (Скопје, 2012) Преводи и препеви: Горан Бабиќ: Столб во реката (Скопје, 1982) Дејан Новачиќ: СФРЈ за повторувачи (Скопје, 2003) Георги Константинов: Човекот е прашање (Скопје, 2006) Александар Новачиќ: Досието Чехов (2006) Абдулах Сидран: Партизански гробишта (Скопје, 2012) Чарлс Симиќ: Несоница (Скопје, 2012) Александар Новачиќ: Венедикт Ерофеев и хорот на пијаните ангели (Скoпје, 2012) Душко Новаковиќ: Капитулација (Скопје, 2013) 139
Миљенко Јерговиќ: Промена на времето (Скопје, 2013) Оскар Давичо: Покрив на луњата (Скопје, 2014) Автор е и на повеќе новински и телевизиски патописи. Добитник е на повеќе книжевни награди и признанија: “Млад борец” (1972), “13 ноември” на градот Скопје (1980), наградата на МРТВ за најдобра книга за деца меѓу две Струшки вечери на поезијата (1987), наградата “Ацо Шопов” на ДПМ за најдобра поетска книга (2006) наградата “Браќа Миладиновци” на СВП (2008). Во 2000‐та година беше лауреат на Празникот на липите во Скопје, а во 2010 година е награден со Книжевното жезло и со наградата Велја кутија на Македонските духовни конаци. Вo 2012 година ја доби наградата Дијалог за најдобра книга поезија (Ситночекорка). www.ristolazarov.com 140
Елизабета Шелева
Поезија во òд со Времето (Ристо Лазаров: Препки, Везилка, Скопје, 2014) Ристо Лазаров е еден од оние поети, кои не му одмолчуваат на своето совремие и „неподносливата близина на“ стварноста, без оглед колку грда, тревожна или отуѓена таа била! Напротив! Од 2005 година наваму, неговите поетски збирки излегуваат со поинтензивен ритам ( од 2009 година, дури и по една книга годишно), небаре на поетот му секнува време за чекање, или пак на песната ѝ се брише правото на привремен и заслужен „одмор“ ‐ од зборовите, од реалноста, конечно, од себеси самата... „Препки“ е 22 по ред авторска објава на Ристо Лазаров, поет од ткн. Четврта генерација во рамките на современата македонска литература. Најнапред, за кратко, да се задржиме на насловот на оваа книга, натопен со библиски обоена иронија, која е впрочем, една од најомилените и за Лазаров препознатлива реторичко‐дискурзивна стратегија! „ Само на препки набасуваше Додека не му стана јасна Формулата на демократијата Во земјата на смачканото племе Колку повеќе препки, толку повеќе празни ѕвезди На патот до Врховниот Бог“ 141
Како што може да се види од овој, интенционално одбран и индикативно обликуван, фрагмент Лазаров ѝ останува доследен на својата пословична определба за ересот, наречен „анти‐поезија“, или, принципот на „нечиста поезија“ (чиешто именување му го должиме на англискиот ново‐критичар Роберт Пен Ворен) – каде жаргонот на, метафорички кажано, Улицата пенетрира во дискурзивниот код на лириката. Тоа подразбира внимателно следење и (прецизна) кар‐ диографија на „пулсот“ на совремието и улицата, толку податливи со своите бројни парадокси, токму за ваква, горчливо изострена (анти)поетска перцепција, каква што ја читаме меѓу кориците на овој ракопис. Станува збор за hic et nunc поезија, урбана лирика, набиена со препознатливи (дневно)политички алузии, отровни, сатирични боцки, луцидна афористичност и циничен револт, заради темелната из‐местеност на светот денес и вредностите во него („Колку волци на една Црвенкапа?“. Песните на Лазаров се, по својата мотивска основа и непомирливиот дух, суштински„ангажирани“: на пати духо‐ вито, на пати резигнирано, овие песни прегнантно ја доловуваат „ерата на напредокот и електронските вошки која не го исклучува враќањето во средниот век“, длабоко оксиморонската епоха, во која сите живееме, додека поетот согледува, оти „на малите народи им следува голема тишина“, а на сите луѓе во светот ‐ општо лицемерие и „препки“ од најразличен вид. Со вешто вметнати алузии, кои се протегаат од актуелната граѓанска војна во Сирија, подзаборавената (иако сèуште 142
болно‐разорна) агресија на Виетнам, па сèдо домашниот, контроверзен проект Скопје 2014 и тековниот процес на лустрација, Лазаров пее за епохата на инверзно градителство, за „градителите на минатото“, „подземните градители“ и нивните, исто такви, покровители, за „неподвижните“ или шлогирани гемии, за луѓето „при живот мртви“ или луѓе ‐ „колатерални штети.“ Лазаров пее за дволичната епоха на „милосрдно бомбардирање“, „напалм сеќавањата“ и „полињата на апсурдот“. Инаку, книгата „Препки“ е поделена во 8 одделни целини или циклуси: Што ги нема, Енциклопедија на мртвите, Капка по капка, Миризлива музика, Тројно тројство, Исландика, Виетна‐ мика и Разделба. Првиот циклус „Што ги нема“ претставува концепциски доследно обмислен (неретко, трогателен) поетски дијалог со „друштвото на мртвите поети“ ‐ совре‐ меници (меѓу кои фигурираат имињата на еден Ацо Шопов, Славко Јаневски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Петре Андреевски, Живко Чинго, Светлана Јоциќ). Оваа апелативна, непосредно обраќачка Ти‐ поезија, и отпорано својствена и забележлива во опусот на Лазаров, во оваа најнова книга, е збогатена со уште тројца автори, како К. Миладинов, А. Гинзберг и Г. Константинов. Авторот им се обраќа на своите поетски со‐беседници, со нив да ги сподели сопствените авто‐ поетички јанѕи, животни и „епохални“ неприлики, низ беспоштедна критика особено за тековните состојби во македонскиот книжевен живот ‐ „книжените изгореници“, трката по награди, национални пензии, влез во Академијата – 143
кои писателите ги изедначуваат со „ловџии во книжевни лотки“ и „загари“. Лазаров со својот притаен крик искажува горчлива опомена пред глутниците на Злото, низ Песната – забивајќи го своето подбивно Осило во пивтиестото ткиво на општото „без‐ честие“... Така е и во „Копање дупка“, каде лексемата „дупка“ степенесто се развива во ефектни, полисемантички досетки: „дупка во образованието“, „два на два дупка“, „света дупка“, „зломислена дупка“ и тсл. Токму заради својата пластична реторичка изведба и реските тонови и потези, дел од овие песни заличуваат на пословици во (форма на) песна, свежа придобивка на новиот урбан фолклор, непокорниот урбан дух, кој пословично се хранел и јакнел токму од бунтовниот иљач на досетката, пародијата, црниот хумор, фарсата – во желбата да му парира на непријателскиот „делничен“ ритам на градот. Песната „Марципан од бадеми“, во тој поглед, би можеле да ја сметаме за своевидна ars poetica на Лазаров. „Секој може да има бадеми и шеќер, ама не знае да прави марципан“ Омилениот десерт ‐ марципанот, овде најпрво функцио‐ нира како метафора на животната есенција и сласт, бидејќи бадемите не се „само“ или обични, туку се бадеми „сомелени во мелниците на животот“. Потем, истиот (марципан во наводници) „семантички“ се усложнува, поради не секому достапниот „рецепт“ за негова подготовка, конечно, се разоткрива, со сосема необичното, реторичко предупредување „сè што е слатко, не мора да е и слаткоречиво“. Така, поезијата 144
на Лазаров го наоѓа своето марципанско творечко алиби и легитимно се изборува за своето реторичко право на слатка горчина или горко‐слатка исказност. За тоа, впрочем, сведочат двата циклуси со геопоетички интонирани наслови и содржини ‐ „Виетнамика“ и „Исландика“ – во кои доаѓаат до израз и некои поинакви, длабоко осаменички и метафизички обоени состојби на лирскиот субјект: „и црнилото има душа, штоако не се гледа“, или „колку гробови – толку тишини“, или „зад нас судбина‐ пред нас судбина“. Песните/книгите на Лазаров како да се создаваат речиси во „од“, во една движечка/подвижна машина – некогаш, дури, и при самата (навидум невина и наивна, ама затоа креативна) прошетка низ Градот (или, како што понекогаш знае да биде, низ различните градови). Некогаш, тие песни се плод на „медиумската“ прошетка и редовна „екскурзија“ низ (поли‐ тичките) вести, разновидни настани, историски собитија, реклами и слични спектакли на виртуелната реалност. Ова е поезија за времето, заситено од медиумите и, уште пострашно, медиумски проиведената (хипер) реалност (на „компјутерот како жив сведок“) – реалност, во која, впрочем, самиот автор делумно со‐учествува(л) – од професионални побуди – најнапред, како долгогодишен новинар, дописник, а сега, и главен уредник/директор на реномираната ТВ куќа „Телма“. Да заклучиме, Лазаров е поет, кој е „на ТИ со поезијата“, ама и со современоста! Неговата најнова книга е оксиморонска поезија во времето на „неподвижните гемии“. Песните, кои 145
Лазаров ги потпишува можат да се читаат и како горчливи поетски наравоученија, за животот, кој и самиот е претворен во „час по тешко дишење“ или, уште поцинично, во „берза на бесполезни совети“. За поет како Лазаров, меѓутоа, нема и не постојат „туѓи“ или невозможни поетски „материјали“!На прв поглед (и, парадоксално), Лазаров учи/зема Ука, дури и од рибарите, кои ги нарекува „професори по молчење“! Таа Ука е индиректна, ама ефективна! Како поет – Лазаров одново „научува“ нешто неизбежно: ниту треба, ниту не смее да ‐ молчи, премолчи, замолчи, одмолчи, домолчи! Туку, исто толку, стамено и речито, да опстои до следниот Зборолов! А неговиот поетски збор (како што во оваа книга самиот посакува) да биде и остане делотворен „Светлозбор! Светлоказ“ . 146
СОДРЖИНА ШТО ГИ НЕМА Тишина Портокалов мрак Пред секое слетување во Скопје Зошто трепкаат ѕвездите Црешите во Пасквелија Коштрева Светлозбор ЕНЦИКЛОПЕДИЈА НА МРТВИТЕ Енциклопедија на мртвите Привид Дамаск, без зборови Која чија е Залез Предзорје Каде почнува иднината КАПКА ПО КАПКА Препки Капка по капка Копање дупка Ловна сезона Мраз Појадок Почетокот на учебната година 147
7 10 14 18 20 23 26 31 34 36 39 41 43 44 47 49 50 50 53 55 58 59
МИРИЗЛИВА МУЗИКА Сонорој Кога цутат јоргованите во Малесија Шупелката на Константин Миладинов Што кучиња лајат Марципан од бадеми Мезето на баба Господари ТРОЈНО ТРОЈСТВО Тројно тројство Вжарен лонец Гемии Испуштање на браната Лилјак Подземни градители Среќно утро ИСЛАНДИКА Исландика Белиот кит Црн камен Вулкан Среде море Риба Гејзери во душата 148
63 64 65 67 71 73 75 79 81 85 87 90 93 96 101 103 105 106 108 109 111
ВИЕТНАМИКА Реката Сајгон Непланирана средба со Ален Гинзберг на хотелската тераса Нгуен Ти Там: напалм сеќавања Во тунелите Си Ши Хошиминки Бездомник во нишалка Мотори РАЗДЕЛБА Разделба Ристо Лазаров (био‐библиографска белешка) Елизабета Шелева ПОЕЗИЈА ВО ÒД СО ВРЕМЕТО
149
115 119 121 123 126 128 130 133 137 141
Ристо Лазаров ПРЕПКИ Издавач ВЕЗИЛКА 2011 Скопје, Коле Неделковски 50/27 e‐mail: vezilka2011@gmail.com Печати САК‐СТИЛ, Скопје
CIP ‐ Каталогизација во публикација Национална и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски", Скопје 821.163.3‐1 821.163.3‐1.09Лазаров,Р. ЛАЗАРОВ, Ристо Препки / Ристо Лазаров. ‐ Скопје : Везилка, 2014. ‐ 152 стр. ; 18 см. ‐ (Библиотека Поезија ; кн. 8) Ристо Лазаров : (био‐библиографска белешка): стр. 137‐140. ‐ Поезија во òд со Времето / Елизабета Шелева: стр. 141‐146 ISBN 978‐608‐4738‐01‐5 а) Лазаров, Ристо (1949‐) ‐ Поезија ‐ Критики и толкувања COBISS.MK‐ID 95802634