3 минути и 53 секунди (2015)

Page 1


Издавачка куќа Готен Пролет 25, Скопје contact@gotenpublishing.com www.gotenpublishing.com За издавачот: Билјана Ставрова Алаѓозовска Уредник: Роберт Алаѓозовски Дизајн и колажи: КАПКА дизајн Печати: Алма графика Тираж: 100 примероци

На страницата: http://gotenpublishing.com/bert.html можете да најдете целосна листа и линкови за песните кои се споменуваат во книгава, како и да ги симнете колажите во висока резолуција.


Берт Стајн

3 минути и 53 секунди Интимна историја на музиката од 1984 до 2004 година

Готен 2015


Сите личности кои што се појавуваат во ова дело се измислени. Секоја сличност со вистинските луѓе е случајна. Или не?...


Содржина 1980-ти ► 1984 ► 1985 ► 1986 ► 1987 ► 1988 ► 1989

Thriller - Michael Jackson We Are the World - USA for Africa The Final Countdown - Europe Where the Streets Have No Namе - U2 Seventh Son... - Iron Maiden Epic - Faith No Morе

7 13 19 25 31 41

1990-ти ► 1990 ► 1991 ► 1992 ► 1993 ► 1994 ► 1995 ► 1996 ► 1997 ► 1998 ► 1999

Ice Ice Baby - Vanilla Ice Losing My Religion - R.E.M. Killing In the Name - RATM Insane In the Brain - Cypress Hill Smells Like Teen Spirit - Nirvana Hell Is Round The Corner - Tricky Ratamahatta - Sepultura The Box- Orbital The Dope Show - Marilyn Manson Walk This Land - E-Z Rollers

47 56 63 73 79 87 93 98 107 114

2000-ти ► 2000 ► 2001 ► 2002 ► 2003 ► 2004

The Time Is Now - Moloko 123 Clint Eastwood - Gorillaz 131 By the Way - Red Hot Chili Peppers 139 Seven Nation Army - The White Stripes 144 What You Waiting For? - Gwen Stefani 153

Белешка за делото 159


6


THRILLER - MICHAEL JACKSON ◄◄ 1984 ►►

Темен ходник со скали направени од големи парчиња камен извиткан од годините во кои врз нив забрзано газеа илјадниците ситни чекори на деца со тешки мисли во умот и уште потешки ранци речиси поголеми од нив. Тогаш училиштето се викаше „Силвије Страхимир Крањчевиќ“ или популарно скратено како ССХ. Дворот на училиштето беше избразден од корењата на огромните дрвја кои му пркосеа на асфалтот и не го признаваа урбаниот затвор во кој луѓето сакаа да ги оковаат. Училиштето подоцна стана познато по големиот ѕид кој што го обиколуваше дворот и кој што хумористичната група „Надреалисти“ го искористија за снимањето

7


на нивниот легендарен скеч за борбата помеѓу две различни групи ѓубреџии од Западно и Источно Сараево кои си префрлуваа ѓубре едни на други. И навистина Сараево наскоро потоа стана поделен град, на еден поинаков, посериозен и потрагичен начин. Тоа училиште чуваше многу тајни, како тајната за паѓањето на дедо ми по скалите додека брзал да стигне на мојата родителска, операциите потоа, тромбот, моето заминување за Скопје, неговиот телефонски повик од болницата, неговата смрт и немањето можност за простување... но сето тоа беше подоцна. Во 1984-та беше популарен хитот Thriller на Мајкл Џексон. Бевме сами со баба ми дома. Таа пеглаше, а јас гледав телевизија, додека соседите се повикуваа на кафе со чукање по радијаторите. Спотот почна невино, а продолжи ужасно. Лицето на Мајкл Џексон, како наговестување на она што ќе стане со него во годините кои доаѓаа, се претвори во лице на чудовиште и јас се замрзнав. Се пикнав во скутот на баба ми. Таа беше силна жена која преживеала војни и глад, студ и реуми,

8


дијабетес и години во чекање додека нејзиниот сопруг бил во затвор на озлогласениот Голи Оток и со нејзината појава оддаваше стравопочит и чувство на сигурност. „Што ти стана?“ ме праша загрижено, но не го дочека одговорот зашто мора да го видела она што беше на телевизорот. „Де, де, не плаши се. Тоа е само филм,“ рече и ме погали по главата. Ги затворив очите и ја свртев главата настрана. Светлината од лустерот стана силно жолта. Јасно го видов сонцето над мене, големо и топло, го слушнав звукот на брановите од морето и тивкиот, нежен ветер кој ме галеше по косата... Кога ги отворив очите таа веќе не беше тука. Замина и остави двајца мажи и едно дете со нерешени меѓусебни проблеми, растргнати од разводи, недоразбирања, судови и киднапирање деца. Живеев во страв, и тоа не поради Thriller или поради филмот Стравот во улицата на брестовите, којшто беше популарен тогаш. Секако дека се плашев од нив, но многу повеќе стравував од претставата за мајка ми наметната од луѓето со кои што живеев и кои неизмерно 9


ги сакав. Во таа претстава и во моите соништа таа беше лошата вештерка која ме бркаше, а јас безумно и очајно се обидував да избегам за на крај да паднам во бунар без дно - секоја ноќ. Се будев со врескање, а до мене беше дедо ми кој толку цврсто спиеше што ништо не го будеше. И тогаш почнав да гледам привиденија, работи кои не постоеја, а сепак беа пред мене. Секое будење од сон ми носеше нова загадочна форма која речиси можев да ја допрам со рацете пред да исчезне. Знаев дека тие форми сакаат нешто да ми кажат, но никогаш не одгатнав што, зашто не ни размислував многу во врска со тоа. Да, децата сакаат да живеат, а не да размислуваат, особено кога надвор се случува нешто волшебно и неповторливо Зимските Олимписки Игри во Сараево во 1984. Една од ретките фотографии од моето детство кои сè уште ги имам и кои не биле изгубени во виорот на војната е сликата со Вучко, маскотата на Олимписките игри, кој бил многу повеќе од само тоа. Волкот од шумите на Југославија, гордо и храбро животно кое живее во глутница и своето постоење го засновува на

10


неа. Без глутницата тој е само волк самотник, осуден да ги живее деновите во исчекување на крајот, а такви што наскоро ќе станеме и ние. „Дете, стани,“ ми рече фотографот. „Ајде, пушти го Вучко, треба и друг да се слика,“ а јас цврсто го држев и не сакав да го пуштам. Сакав да биде мој зашто тој ми даваше сигурност и сидро во животот, нешто позитивно и весело, нешто на што можев да му се радувам. И не само тоа, тој го развеселуваше забавиштето и поради него сите готови пиреа со мирис на прашок за перење, макароните со сирење препечени до непрепознатливост или оризот кој пливаше во масло, стравот од физичка пресметка со посилните или болката од ударот на линијарот на воспитувачката врз мојата детска рака, ми се чинеа речиси подносливи. Баба ми почина, го видов татко ми прв пат во животот како плаче, вториот пат ќе биде за шест години, откако ќе се прости од мене, Зимските олимписки игри завршија, станав првооделенец, но ништо од тоа не беше битно, зашто во мислите ми беше само таа - првата симпатија.

11


12


WE ARE THE WORLD - USA FOR AFRICA ◄◄ 1985 ►►

Имав осум години и Африка беше во неволја. Светот се мобилизираше на чело со најголемата ѕвезда, Мајкл Џексон, која го предводеше хорот од други ѕвезди со песната We are the world. Беше незаборавно и секој што е роден кон крајот на седумдесетите го памети ова како магичен момент во кој светот се обединил за да стори нешто за оние кои имаат помалку. Подоцна дојде и Live Aid. Западот колективно си ја переше валканата совест преку музиката. Сликите на прегладнети црнчиња на кои им се гледаат ребрата под подуениот стомак од паразити оставија длабок впечаток врз нашето детство. Чувствувавме срам, речиси и чувство на вина, затоа што ние имавме доволно храна и вода, уживавме во бесплатно здравство и школство, а 13


да не зборуваме за сите поголеми удобности во животот. Но, дали и ние бевме светот? Олимпијадата заврши и Југославија конечно го доби заслуженото место во светот како остварување на сонот на нашиот Маршал на бел коњ кој нè поведе во посветла иднина. Но, тој замина, а иднината почнуваше да изгледа сè помалку светла. По Олимпијадата како да се скршија сите илузии и се зачна никулецот на она што ја донесе инфлацијата, националната омраза, територијалните апетити и војните. Патеката за боб санкање по која некогаш фрчеа светски шампиони веќе беше покриена со мов. Но, децата не го почувствуваа тоа. Ние продолживме, во традицијата на Олимпијадата, да го градиме позитивниот дух на спортот и на заедништвото. Секој од нас имаше палка за хокеј, а наместо пак користевме топка за тенис и беше страшно забавно. Првите снегови се напластија на улицата и ние вредно и предадено поминавме цело попладне за да го натапкаме снегот кој достигнуваше висина над нашите глави, а ние наутро излегувавме од дома и се фрлавме главечки во снегот.

14


Тимот од другата улица играше против нашата улица. Непотребно грубите гости физички доминираа над нас на нашиот домашен терен. Еден од спротивните играчи беше особено агресивен. Ме сопна неколку пати, но премолчив, беше поголем, посилен и поагресивен. Повторно ме сопна. Во тој миг се присетив на приказната која што еднаш ми ја имаше раскажано татко ми. „Ме запишаа во ново училиште,“ раскажуваше тој. „На големиот одмор сите деца излегоа надвор. Иако се срамев, се натерав да излезам и да се обидам да стекнам некој пријател. Но, тоа не беше лесно и така седев сам глумејќи незаинтересираност. Тогаш ми пријде еден тип. Разговорот почна наивно, но тој набрзо ме праша зошто сум го тепал брат му. Се правдав дека не го познавам брат му и дека тоа не е вистина. „Еј Грами, баткава ми вика дека сум лажго,“ викна тој и еден грамада тип откорнат од којзнае која околна планина зачекори заканувачки кон мене. Нозете ми се пресекоа, но во истиот момент сфатив дека постои само еден начин да се извлечам од ситуацијава. Кога грамадата се доближи знаев

15


дека имам шанса само за еден удар. Го плеснав по забите без предупредување и толку силно што се струполи како круша. Неговиот другар пребледе, набрзина го крена и двајцата избегаа како муви без глава. Од тој ден никој никогаш повеќе не ме чепна во тоа училиште.“ Лежев на асфалтот и во таа секунда целата приказна на татко ми се премота во главата. Не сакав, но знаев дека морам да го сторам тоа. Рипнав како да ме удри струја и му зададов силен удар со нога по телото. Тој се стаписа и тогаш силното момче од кое сите се плашеа почна да ми се извинува. Никому не му се веруваше. Од тој момент дури и другите членови на тимот беа многу повнимателни кон нас, а секој пат кога ќе ме удреа ми се извинуваа. Тој ден бев херојот на друштвото. Но, не за долго, зашто друштвото имаше многу поважни херои. На крајот од улицата се наоѓаше месната заедница, а во неа имаше флипери и кино. Секоја сабота се даваа филмови со Брус Ли, Сталоне, Шварценегер, Чак Норис, Џеки Чен и други идоли од нашето детство. Една сабота го даваа Роки IV и возбудата од новите авантури со кои нè пречекуваше добро познатиот лик растеше. 16


Студената војна беше во кулминација. Русите беа претставени како фанатици, жедни за американска крв, но на крајот сепак хумани во нивното препознавање на демократските вредности и човечноста. Но, нас не нè засегаше политиката, туку победата на Роки кој секогаш примаше многу удари и се враќаше од речиси мртвите за да ги зададе неговите победнички крошеа и директи. Архетипскиот филмски лик кој што се крева во името на сите мали и поразени, херојски ги надмина сите очекувања. Eye Of The Tiger на Survivor започна. Роки се врати и зададе еден удар, па друг, па трет... големиот, непобедлив силеџија почна да се клати, бран на возбуда ја облеа салата и јас почнав да удирам со рацете во седиштето пред мене. Рацете ме болеа, но не престанував, зашто сакав Роки да победи, сакав големиот лош Русин да падне во името на гладните, слабите и онеправдените. Сред трансот ја кренав главата и погледнав во полутемницата на кино-салата. Сите го правеа истото, сите удираа во седиштата пред нив, бевме сплотени, единствени, нè носеше една желба, една идеја, еден заеднички сон. И тогаш Америка победи. 17


18


THE FINAL COUNTDOWN - EUROPE ◄◄ 1986 ►►

Ги гледав на телевизија и од тогаш песната постојано ми се вртеше во главата. Решив да си купам касета, но децата тогаш немаа сопствени пари, бев слушал муабети за џепарлак, но верувајте ми во социјалистичките земји тоа беше само мит, зашто беше незамисливо дете да поседува пари. Освен неколку денари за мастики или сокче не нù даваа повеќе. А да барам пари од татко ми, се чинеше невозможно. Така решив да штедам на мастиките и за неколку недели можеби би собрал пари. Стоев пред продавницата со касети со парите во рака и кога ми ја подаваа касетата ми се чинеше дека ми го даваат светиот грал. Членовите

19


од бендот на опаковката беа насликани како излетуваат од планетата Земја, а мене ми се чинеше дека влетуваат директно во мојот ум. Касетофонот се огласи со дотогаш невидена сила и во мене поттикна соништа за нешто големо и грандиозно. Повторно се вратив на првата песна и повторно и... тоа попладне, додека седев во собата на татко ми која што беше неговиот приватен свет, толку далечен и туѓ, ми се виде како освојување на нови територии на умот, мојот личен Final Countdown, сон за заедништво, обединетост и разбирање од кое што и државата и ние двајца бевме далеку. Но, светот не сопираше, часовникот одброју­ ваше: 10, 9, 8... се подготвувавме. „Зошто ти е ова?“ ме праша мајка ми пронаоѓајќи нож скакулец во мојот ранец. „За самоодбрана. Сите во друштвото имаат,“ одговорив збунето, како да ме праша за што ми е топка или велосипед. „Ова е опасно,“ рече таа и до ден денес не знам како успеа да го скрие тој скакулец без да забележам и никогаш повеќе да не успеам да го најдам.

20


... 7, 6, 5, 4... влеговме во кола. Со сестра ми седевме на задното седиште, а под нас стандардниот југословенски чаршав за пату­ вања на море. ... 3, 2, 1... тргнавме на море! Мајка ми не можеше да ги одвои очите од мене. Се срамев, но знаев колку ù значи првото лето кое го поминувавме заедно од мојата трета година, првиот одмор кога татко ми дозволи да одиме заедно. Ја „запознав“ не толку одамна, можеби година дена пред тој одмор. Претходно ја знаев како „жената која ми праќаше пакети по пошта“ и кои ги исчекував со радост и чувство на вина дека не возвраќам. Сите интересни боички и пенкалца, вкусни колачи, играчки и писма кои за мене беа воедно и радост и тага, сепак не можев да ги поврзам со ниту еден лик. И затоа го пронаоѓав во тетка ми или во мајката на мојот најдобар другар Харе и кога одев кај него мечтеев дека неговите родители се мои, дека сум дел од една целина, наместо преполовен... И мајка ми беше преполовена, сега, кога сум родител, знам. Но, тоа што не го знаевме е дека и државата беше преполовена

21


на тие кои веруваа во неа и на тие кои сакаа да се одделат. Помислата на одделување на првите им изгледаше како да се осудиш да бидеш сирак, дури и полошо од тоа, им беше незамислива. Ние во Босна бевме дел од таа половина која веруваше во Југославија. Во ниту една друга република не се колнеа со „Тито, драги!“ и во ниту една друга република не беше така плански граден духот на заедништвото. „Дај ми мене,“ му кажав на Махер и се фатив за работа. Вртев јагне во неговиот двор за прослава на Бајрам. Двајцата се менувавме наизменично и кога ќе влезеше некој постар ни даваше по некоја паричка, а ние пресреќни вртевме посилно и побрзо. По успешно завршената работа нè нагостија со сомун и парче јагнешко месо кое со сласт го излапавме. Бевме со полни стомаци и срца, среќни и задоволни, исто како за Велигден кога се кршевме со јајца. Споделувавме сè и славевме сè, и Божиќ и Бајрам, постојано заедно, дур не нè разделија.

22


Секоја вечер, тоа лето Титово, 1986-та година, на островот Хвар седевме во дворот од куќата на тетка ù на мајка ми и игравме карти. На само десетина метри под нас бранувањето на морето ги нагризуваше карпите и создаваше милиони породилишта и јасли за комарците. Звукот на штурците беше надгласен само со песната Orion на Metallica од нашето касетофонче, која започнуваше тивко и мистично, но потоа гласно го параше воздухот тежок и заситен со мирис на Аутан. „Ти убаво свирела,“ му велеа моите најдобри другари од Хвар, двајца браќа Унгарци од Војводина, на мојот братучед, тапанар од Белград, додека ги преслушувавме демо снимките од неговиот бенд Rovolt. Летото заврши и откако со последни напори ги напикавме сите работи во Заставата Стокец, се свртевме уште еднаш кон куќата која нè поздрави со графитот „Куќа на педери.“ Едноставно бевме грешни луѓе на грешно место.

23


24


WHERE THE STREETS HAVE NO NAMЕ - U2 ◄◄ 1987 ►►

Температурата таа зима се спушти под -20°C, но тоа не го спречи татко ми да одиме на скијање на планината Јахорина. Песната Where The Streets Have No Name од касетата во стариот касетофон во зелената Лада Рива од 82-ра допираше како од далечина. Ритмичкиот звук на гитарата се мешаше со 'ржењето на автомобилот по планинскиот пат, додека зимзелените дрва покриени со снег минуваа покрај нас. Татко ми намерно нагло го вртеше воланот лево-десно, а колата забегуваше кон банкините прекриени со огромни наслаги снег и шлајфуваше, додека ние се киневме од смеење. Бев среќен.

25


Следеше Don't You Forget About Me од Simple Minds, но заборавот неминовно дојде и животот продолжи. Годината беше 2001 и повторно, прв пат по десет години, бев во мојата родна држава. Тетка ми ме чекаше на автобуската. Сè уште беше крупна и не престануваше да зборува, освен кога земаше длабок здив од цигарата „Филтер 57“ која постојано ù висеше на ќошот од устата. Зелената позадина и црвеното змејче на кутијата цигари, за кое како дете мислев дека е жапче, неодоливо ме потсетуваа на мочуриште, а околу него магла од чад во која постојано беше завиткана тетка ми. Да знаев дека таа посета ќе биде последен пат кога ќе ја видам, можеби ќе ù кажев колку ми значеше, дури и кога ми ги зашиваше намерно скинатите дупки во фармерките со внатрешни шарени платненца по што никогаш повеќе не ги носев. Да, можеби ќе и кажев дека ја сакав дури и кога ме тераше да се дружам со „одликаши“ кои ми беа неверојатно здодевни и од кои бегав како од чума. Во 1987 година во мојата улица имаше повеќе верни другари, отколку одликаши. „Сакаш да си играме беља?“ ме праша еден од тие луѓе кои

26


денес веќе не постојат, а загина од подмолна српска граната исфрлена поради балкански инает на првиот ден од ослободувањето на Сараево. Го викавме, сосема соодветно, Бељо. Тој беше олицетворение на духот на улицата која беше сурова, но праведна, а во неа владееја непишани закони и правила кои ги почитуваше секое дете. „Сега,“ викна Харе и двајцата со цела сила ги фрливме грутките кал измешани со бобинки кои пуштаат црвена боја на терасата на Белокосецот. Тоа беше наша одмазда за скршената санка само затоа што му правевме врева пред станот. Никој не го напиша природниот закон на улицата, но сите деца го почитуваа за да се зачува природната рамнотежа помеѓу жителите на улицата. Во 2001 година моите улици немаа име. Имаа други имиња, за мене непознати. Непознати беа луѓето околу мене, освен мојата девојка која цврсто ме држеше за рака. „Зошто ти се толку ладни рацете?“ ме праша, но секако знаеше, штом дошла со мене на тоа неизвесно патување, знаеше дека моето срце беше толку стегнато што повеќе не пумпаше топлина во моето тело.

27


„Ги сонував тие улици секоја вечер со години, но во моите соништа тие беа повистинити, отколку во реалноста“ ù кажав подоцна кога веќе бевме заминати и мојот град кој не беше мој и моите улици кои немаа име беа далеку зад нас. Можеби е подобро да ги оставиме таму. Порано искрено верувавме дека одиме напред. Но, знаевме и да се насмееме на своја сметка. Во 80-тите го споредувавме некогашниот успех на проектот „Братство и единство“ со тогашната реалност и во таа споредба совршено се вклопи домашната серија „Подобар живот“. Дедо ми не сакаше да ја гледа, бидејки таа ја навредуваше Југославија за која тој примил куршуми, изгубил роднини и лежел на Голи Оток и можеби од истиот инает сакаше да ја гледа американската серија „Династија“ која колку и да им беше далечна на Југословените сепак ги привлекуваше со нешто - веројатно го наговестуваше она што во децениите кои доаѓаа ќе стане и нашиот сон, пан-американскиот сон. Но, ние децата, освен вртоглавица од шпицата на „Династија“ не добивавме ништо од тие серии. Нас нè интересираше играта, дива, 28


нескротлива и неограничена, бевме бесни, енергични и ни требаше вентил. Кога Guns N' Roses влегоа во нашиот живот нешто резонираше во нас. Времето беше подготвено за бура. Луѓето не знаеја што носи иднината, но сè уште веруваа во зачувувањето на стариот поредок. Братучед ми беше дел од генерацијата помеѓу. „Изгаси го тоа дерење!“ ми влета во неговата соба еднаш кога им бев на гости и ми ја исклучи касетата на најдобриот дел од Welcome to the Jungle токму кога џунглата од песната влегува во твојот свет и го исполнува просторот со летечки гитари, чад и оган, пиштоли и рози... „Слушај малку добра музика,“ ми рече и стави друга касета. И додека звукот на Идоли, за мене тогаш несфатливо здодевен и помодарски, ја пополнуваше собата, заминав во друга просторија и таму продолжив да сонувам за моите идоли. Извадив пенкало од ранецот кој го носев во викендите кога престојував кај тетка ми и почнав да го цртам крстот со черепите на членовите на бендот на својата кожа. Апетитот за уништување ме обземаше. 29


30


SEVENTH SON OF A SEVENTH SON - IRON MAIDEN ◄◄ 1988 ►►

1988 беше година на тешкиот метал. Не зборувам за квалитетот на водата која што веројатно никој не ја контролирал во Југославија во тоа време - верувавме во сè што пиевме и сè што примавме со нашите пет сетила, немаше дилема дека е добро - ако е наше. Но, во ред, признавам дека имаше и такви кои не веруваа баш толку слепо во Југославија. И со право времињата беа тешки и стануваа сè потешки, токму како музиката. Кога хеви-металот влезе во мојот живот тогаш беа популарни т.н. „пришивачи“. Половина од бендовите не ги ни знаев, но нивните костури, черепи, уништување и гитари ми се чинеа како сосема доволна причина да се најдат на мојата 31


тексас јакна. Сепак, Iron Maiden ги знаев и ги сакав. Епските тематики, ритамот кој обзема, гласот кој те воздигнува, сето тоа совршено му одговара на младиот и несигурен дух кој си го бара местото во светот. Неретко тие пришивачи ми носеа проблеми. „Вади парите!“ со Харе нè пречекаа членовите на бандата Кореја кои оперираа во реонот околу „Вечниот оган“ и Спортскиот Центар „Скендерија“. Оддавав впечаток на јако момче, што всушност не бев, и тоа веројатно ги предизвикало. А можеби ме нападнаа и затоа што не им се допаѓаа сатанистичките симболи на хеви-металот во близина на вечниот оган што ја навредуваше нивната азијатска филозофија, но за жал, додека ми ги пеглаа забите не ми кажаа дали се прокомунистички или проамерикански ориентирани. Шегата на страна, ме натепаа за пари, а кога се тие на тапет, филозофијата и религијата се второстепени. Многупати сакав да верувам дека сум дете од улицата, зашто во одредена смисла и навистина бев тоа. По смртта на баба ми, дедо ми се повлече и го изгубив најверниот другар. Сè повеќе време поминуваше во Клубот на 32


борците, свето место на ветераните од Втората светска војна каде што играа бочање и карти, а дедо ми често губеше. Подоцна дознав дека му ги гледале картите во фотогреј очилата за вид чии стакла се затемнуваа под голите сијалици во зачадените простории на клубот. Кој знае, можеби тоа беше само љубоморна лага на татко ми, зашто дедо ми сите го познаваа како човек-калкулатор - можеше да множи големи броеви без да трепне и наоѓаше грешки во редици статистички податоци без употреба на сметач, но најмногу од сè - како некој магионичар, секогаш пронаоѓаше детелинки со четири листа и ми ги даваше. Требаше само да погледне во полјанка со детелини и ете! Сепак, откако остана сам, беше само сенка на мојот поранешен дедо. Новиот дедо знаеше да ми се налути без причина, па да фрли пепелник на мене, но знаеше и да ме заштити пред бесот на татко ми, кој беше разочаран од два разводи и деца расеани кој знае веќе каде. Пушеше по три кутии цигари дневно, а јас барем една кутија месечно ако го сметаме секундарниот чад. Но, знаев и јас да запалам 33


понекогаш, колку да го видам ефектот којшто толку го пленеше. Бев сам, пред мене цигарата и запалката, а до мене празна чаша. Запалив и вовлеков. Вкусот кој не можев да го дефинирам, а би го споредил со метал и гума кои горат ми ја исполни устата заедно со плунката која почна да се лачи како луда. За тоа беше чашата. Плукав и пувкав и ми беше одвратно, но морав да истрпам. Тоа беше нужно зло на растењето сам. Ме одгледа улицата и нејзините правила. Не бев сурово момче, никогаш не сум бил, мојата нежна надворешност ме спречуваше во тоа, но бев смртно верен на другарите и друштвото. Никогаш не би ги предал, за ништо на светот. А сè би им дал - и им давав. Секоја кожена топка која што ми ја носеше татко ми од ОРЛ семинарите по Европа несебично ја делев со друштвото, секој рекет, секое тениско топче - и секогаш останував без ниедно, сите потонуваа во грмушките и шумите на падините под нашата улица на ридестото Сараево, а некогаш сјајните и шарени кожни фудбалски топки брзо стануваа платнени крпеници. Но, така живеевме сите - не признавајќи ја приватната 34


сопственост и градејќи заеднички добра. И ако некој го прекршеше тоа непишано правило тешко нему. Друштвото замолчи и играта наеднаш престана. Славевме роденден кај Ведо и сè одеше одлично. Социјалистичките соленки совршено се мешаа со капиталистичката Кокакола и правеа возбудлива пенлива хемиска реакција во чашите. Слушавме музика и тогаш како контрапункт на сериозноста и епската големина на мојот омилен Seventh Son... од касетофонот допре Push It на Salt-nPepa, едноставна, проста, заразна, шеговита, сексуална... сè она што не беше хеви-металски како да беше олицетворено во таа песна, а мене опасно ми се допаѓаше, и затоа се срамев од себеси. Но, тоа не беше причината за шокот. Молкот настана кога еден од другарите се пикна под креветот за да ја најде падната соленка и од таму извлече совршено нов рекет за тенис, недопрени топчиња, ненадувани фудбалски топки и што уште не! Духот на споделувањето беше изневерен. Никогаш повеќе не гледав на Ведо како порано и од тој момент имав воздржан однос кон него. 35


Но, друштвото како целина не се смени, секогаш наоѓаше начини да оди напред, да заборави, да си ја обнови енергијата преку игра, преку измислување нови правила и нови начини на играње. Ведо се реши да сподели некои од неговите тениски топчиња со нас, а ние таа иницијатива ја пречекавме со тоа што собравме неколку вреќи од компири и ги поврзавме во тениска мрежа. Играта продолжи. Се чинеше дека друштвото како целина секогаш живееше во духот на уште една популарна песна од времето, Don't Worry, Be Happy, додека истовремено светот полека се подготвуваше за падот на CCCP и на социјализмот. Југославија се обидуваше да го одржи сопствениот самоуправен социјализам и мизерно не успеваше. Be Worry, Don't Happy како што многу години подоцна ќе рече Рамбо Амадеус, стана сè поактуелно. Економските реформи од 1988 година како последна мерка за оправање на веќе кутнатата економија на Југославија не успеаја. Уште тогаш почнаа да се појавуваат јавни опоменувања дека националистичките и социо-економските несигурности во Југославија ќе доведат до 36


вонредна состојба, а ние бевме сосема несвесни на тоа. За нас децата, Југославија немаше смрт и беше посилна од кога и да е, а економијата.... ние знаевме како да се справиме и со тоа. Јаско славеше роденден и во духот на ново­времскиот социо-капитализам, нè покани да учествуваме во циркусот со наши точки. Харе како највеселиот и најинвентивен член на друштвото веднаш се пријави. Изведуваше кловновски точки во кои што се сопнуваше, правеше пантомима, возеше два велосипеди и истовремено паѓаше, а ние се виткавме од смеа. „А сега,“ викна театрално Јаско, со лице кое искажуваше очигледно задоволство од успехот на самоуправувачкиот циркус (каква што впрочем беше и Југославија во тоа време), „ве поканувам да учествувате во наградната игра!“ Сите бевме воодушевени и зборот „награда“ одекнуваше во нашите глави како ветување вообличено во прекрасни слатки, шарени лижавчиња, светкави играчки и топки од соништата. Наместо тоа Јаско ни објасни дека треба да платиме за да добиеме ливче. Се побунивме. 37


„На секое ливче,“ продолжи Јаско без двоумење во гласот „има број, а секој број одговара на некоја играчка.“ Надежта ни се врати и несигурно, но предизвикани од можноста да добиеме нешто убаво, му дадовме пари. Првите неколку ливчиња беа без добиток, но бевме подучени дека такви се сите игри на среќа некогаш добиваш, некогаш губиш. И навистина Харе доби количка толку излижана што молеше за префарбување, Деба се израдува на полуискористено тефтерче со Штрумфови на корицата, а јас добив Индијанец без една рака. И некои други добија слични подароци, но подобро е и тоа отколку ништо - а многумина го добија токму тоа. Друштвото не беше задоволно. Започнаа силна расправија околу тоа кој што добил и дека Јаско нè измамил. Тој се бранеше со неговиот претприемачки дух и ни велеше дека таква ни била среќата. Тогаш се појави мајка му, праведна и строга жена од која Јаско се плашеше како од оган. Кога дозна што направил, ни ги собра старите и излитени играчки и извади кутија со нови и многу поубави играчки, ги обележа со бројчиња

38


и направи ливчиња на кои немаше повеќе губитници, освен еден - нејзиниот син, кој што за целото тоа време седеше со скрстени раце и намуртено лице, додека друштвото ликуваше од среќа. Јаско беше пред времето. Тој беше олице­тво­ рение на она што многу години подоцна ќе стане вообичаена појава за сите поранешни републики на Југославија, суровиот капи­ тализам, транзиција без крај во која што секој е оставен да се бори за себе и да преживее како што знае и умее, со лага, измама, што и да е нужно е. Државата не нè заштитуваше повеќе и не ги опоменуваше тие кои што сакаа да направат зло, не им ја расипуваше валканата игра и на губитниците не им даваше втора шанса. Јас поминав подобро од моите другари - се спасив од уништувањето на мојот дом и со смртта на Југославија добив мајка, но народот преку ноќ стана сираче оставено само на ветриштата на времето.

39


40


EPIC - FAITH NO MORЕ ◄◄ 1989 ►►

Југославија конечно победи на Евровизија! Но, зошто? Ако верувате во теориите на заговор, тоа што Југославија победи на Евровизија, настан со политичка позадина и идеолошка основа, токму пред нејзиното распаѓање, во време кога земјата стоеше најтешко економски, социјално, политички и меѓунационално, има некое скриено значење... Како и да е, победничката песна Rock Me Baby не беше толку популарна колку што беше следногодишната Hajde da ludujemo... од Тајчи, но беше доволна да ни ја обезбеди победата и да предизвика општонародна радост среде тешки времиња.

41


Мене не ме интересираше Евровизија. Секако дека ја гледав како и сите, но отсекогаш имаше нешто во таа презаситеност од бои и светла, во лесната певливост на песните кои ти ги опседнуваа мислите како чудна мантра, нешто што ме одбиваше. Epic на Faith No More, како спротивност на сето тоа, ме привлече уште од првиот пат кога ја слушнав. Кој може да ја заборави сцената со раката од која експлодира боја и открива едно око сред неа? Зошто, никој не знае, но окото е таму и тоа гледа и знае повеќе од нас. Подоцна Faith No More ќе ги признаат како пионери на жанрот Рап-метал кој што ќе придонесе за привремено помирување помеѓу овие два жанрови, а во мене ќе ја намали непријатноста заради тоа што рапот понекогаш навистина ми се допаѓаше. Додека ушите ми ги параше незаборавниот риф, а ширум отворените очи зачудено гледаа во сцени на риба која умира и клавир кој експлодира, во мене одѕвонуваа зборовите „What is it? It's it. What is it?...“ Прашањето остана неодговорено, додека други спотови се менуваа на екранот со легендарното лого во аголот.

42


MTV сè уште беше канал кој емитуваше музика, а најшокантната емисија беше Headbangers Ball. Сè што беше контроверзно, гласно и неприфатливо за постарите се емитуваше таму. Но, кога во 90-тите ексцентричноста стана општо прифатена мода, емисијата изгуби од својата острина, а алтернативноста навлезе во секојдневието. Ние, сепак, сè уште не бевме зрели за тоа. Почнавме да одиме по дискотеки и јас не знаев што да правам таму, освен да седам на страна и да набљудувам. Музиката не ми се допаѓаше, пуштаа некој фанк-рап. Тогашната визија за иднината беа роботи кои се движат во ритам на брејкденсот, а друштвото го зафати треска за играње по некои веќе претходно извежбани чекори и сето тоа ми изгледаше лажно. Седев со скрстени раце до Јасмина, мојата прва симпатија откако знам за себе, пиејќи Кока-кола и тогаш ме удри помислата дека морам нешто да направам. Се протегнав и божем случајно ја ставив раката на нејзиното рамо и тогаш ме дочека изненадување. Мојата рака допре нечија туѓа рака. Се свртев и видов дека Глава во истиот

43


момент се обидуваше да го направи истото. Се погледнавме и набрзина ги повлековме рацете. Јасмина остана без додворувач, а дискотеката шизеше на роботскиот рап на Grandmaster Flash. Сознанието дека мојата симпатија е воедно симпатија на другар кој го сметав за водач на друштвото, глава во донесување одлуки и секогаш најправедниот, ме поколеба. Се оддалечив од неа, се трудев повеќе да не се загледувам во нејзините црни очи, а тоа беше тешко зашто постојано бев на улица, прв надвор, последен внатре. Имаше некоја лиричност во тоа што таа беше последна личност од друштвото која што ја видов додека влегував во автомобилот на татко ми и го ставав ски-ролот внатре. „Ќе одиш да живееш со мајка ти некое време,“ рече татко ми, откако физички се пресметаа со дедо ми и тој замина во Клубот на борците. „Барем додека не најдам стан да се преселиме. Јас ќе ти ја спремам облеката, ти земи нешто што ти е мило, некоја играчка, што знам...“ Делуваше збунето. Го сакав дедо ми, но морав да го слушам татко ми. Го земав првото што го 44


здогледав во мојата соба, ски-ролот. „И така ќе се вратам брзо,“ помислив, не знаејќи дека во раката држам билет во еден правец, зашто по моето заминување ќе почне војната, татко ми ќе пребега во друга држава и ќе основа ново семејство пред повторно воопшто да се видиме. Јасмина беше надвор и играше тенис, се сврте и ми мавна, а потоа нејзиниот лик заедно со ликот на мојот град го снема засекогаш на задното стакло од автомобилот. Затемнување. Крај. 90-тите беа на повидок, нова декада беше пред нас, сепак без надежи за подобра иднина, црни облаци свиснаа над нашите глави со најава за дожд од олово, експлозивни грмотевици и вресоци на децата длабоко во ноќта. Јас се спасив од дождот, но некои од моите другари не успеаја да се спасат. Таа деценија беше највозбудлива во мојот живот, но воедно и најосамена, а чувството на вина дека сум ги оставил другарите не ме напушташе. Сета музика на светот не можеше да го смени тоа.

45



ICE ICE BABY - VANILLA ICE ◄◄ 1990 ►►

Тото Котуњо победи на Евровизија со песната Insieme, а ние бевме сè подалеку од тоа да бидеме заедно. Живеев во Скопје. Летниот распуст заврши и јас се подготвував да се вратам за Сараево. Иако ми беше чудно тоа што татко ми не ми се јави цело лето, па ни за роденденот, решив да не мислам на тоа. Имав работа, требаше да си ја спакувам облеката и да, ски-ролот, не смеев да го заборавам тоа. Немав многу други работи. Седев така, подготвен за пат, и ја чекав мајка ми. Таа дојде од работа и се стаписа кога ме виде. Не ù беше јасно што се случува. И кажав дека ќе одам малку во Сараево да си ги видам 47


другарите, но дека при првата прилика ќе дојдам повторно. „Кај кого ќе одиш?“ ме праша речиси во шок. „Па, дома,“ одговорив збунето. „Но, ти сега живееш тука...“ Повеќето зборови кои што ги слушаме во животот се безначајни и површни, но некои толку ти го менуваат животот што остануваат засекогаш со тебе. „Јас сега живеам тука,“ стана мојата мантра во следните години и направив сè што можев тоа да биде навистина така. Се откажав од мојот јазик, од моите обичаи, од себеси каков што бев, друштвеноста се претвори во желба за осамување, омразата кон книгите во љубов кон книгите, неучењето во опсесивно учење, а јас од еден човек во друг. Дали тоа беше добро не знам, но знам дека беше нужно. По неколку месеци поминати во самонаметната „изолација“ почнав да излегувам. Во Дебар Маало имаше еден клуб со име Doors, даркерско место, мистично и магично, внатре гореа свеќи и мирисаше на миризливи стапчиња. Таму за прв 48


пат се запознав со македонската алтернативна музичка сцена, која не беше доволно позната во Југославија. Освен Влатко Стефановски, не познававме никој друг. Македонија генерално беше маргинализирана во Југославија и како што поминуваа годините во мене сè повеќе се будеше бесот заради тоа. Мојот живот се претвори во борба за правата на онеправдените, жртвите, тивките и нена­ метливите, осудуваните, оставените, забора­ вените, потценетите. Сакав Македонија да биде признаена и почитувана, но тоа честопати не беше така. Јас и мојата нова земја бевме отфрлени и сè што можевме да направиме е да работиме на себеси, опсесивно, со многу жртва и предаденост. Па, ако другите го препознаат тоа, добро за нив. За да ме оттргнат од самотијата и лошите мисли, сестра ми и Боби, нејзиниот дечко, решија да ме носат во кино. Филмот се викаше Green Card и играше во малата сала на првиот кат во МКЦ. Светлата се затемнија и филмот почна. Удобно сместени, со пуканки и сокче во рацете, наеднаш се препнавме од силен звук на тапан. На екранот едно момче во метро 49


тропаше на пластична канта со неверојатна тапанарска вештина. Филмот продолжи и иако беше љубовна приказна, ни одгатна многу социјални вистини за Америка. Можеби само сакаше да ја испере белечката грижа на совеста за расните и социјалните проблеми во Америка, но сепак беше совршен претставник на филмовите од 90-тите, во времето кога индустријата за забава сè уште се грижеше за луѓето, наместо само за парите. Во седмо одделение ме сместија во т.н. „српска паралелка“ затоа што не го познавав доволно добро македонскиот јазик. Бидејќи доаѓав од град во кој се негуваше духот на заедништвото и не ни знаев кој од моите другари е Србин, Хрват, муслиман или Австро-Унгарец, ми беше особено чудно името на таа паралелка во која имаше секакви народи и народности, баш како Југославија во мало, а сепак се викаше само според едниот од тие народи. Бевме девет души и тоа беше пеколно! Во моето ново училиште во Скопје сите часови беа страв и трепет. Можеше да бидеш испрашан во секој миг, секој ден, и за мое чудо, сите знаеја сè. На првиот час по Есха, С-Х или Српско50


хрватски (и сите обратно поставени варијанти) наставничката се запозна со мене и веднаш премина на работа за да ми го баждари знаењето. Постара жена, со розов кармин на усните, и малку под и над нив, права руска школа, само стап во раката ù фалеше, почна да ме ренда „уздуж и попреко“, а јас ни туц-ни муц, само молк. Кутрата жена почна да се поти и да брефта, да пушта оган и чад од устата. Грлото ми се стегна и гледав надолу, во клупата. Лицето си го покрив со косата која уште тогаш ми беше долга, а од очите ми капеа солзи. Кап, кап, тивко и полека... Народот вели „тивка река брег рони“, а тие солзи изронија бразди во мојот мозок кој наеднаш се разбуди и се разбесни, сакаше да крши и урива, да фрла и да пали и тоа не наставничката, не училиштето - туку себеси. Тоа што татко ми си го олеснил животот и ми бркал врски за да не мора да учи со мене и да се грижи за моите оценки, нека му остане него на чест, но што е со мојата чест? Од тој миг решив дека работите мора да се сменат. И така во седмо одделение почнав да учам: „А, б, в, г...“ 51


Деноноќно, без излегување, без спиење, без играње - учи, учи, глава бучи. И наеднаш сфатив дека можам, дека знам, дека вредам... а тоа е најбитното сознание кое може еден млад мозок да го стекне. Другите не мора да веруваат, ако верувам јас, доволно е. Во училиште имав другар којшто по малку наликуваше на Ванила Ајс, висок и русокос, со косата нагоре. Физички бевме сосема спротивни, но, набрзо станавме најблиски другари. Седевме заедно во клупа, а ни по дома не се делевме, или тој кај мене или јас кај него. Понекогаш знаеја да го задеваат зашто беше висок и несмасен, а мене тоа страшно ме лутеше. Се викаше Тимур и ми беше најдобар другар, но веројатно и повеќе од тоа, тој ми беше замена за сите другари од Сараево кои што ги изгубив и кои никогаш повеќе нема да ги видам, тој беше супер-херој на другарите за мене. Ice Ice Baby во тоа време беше хит кој ги тераше луѓето на полудување - некои од радост, а некои од очај. Со неколку другари од маалото се собравме кај мене дома, и додека Ice Ice Baby свиреше, ние шизевме. Тимур играше со неговото познато лилјачко играње, т.е. си 52


ја отвораше и затвораше тексас-јакната со рацете, додека главата си ја клатеше напредназад, како некоја птица. Тимур сонуваше за тоа да направи ласер, авион, вселенски брод и пишуваше научнофантастични приказни. Купуваше Галаксија, списание за наука и технологија, па и јас почнав да ги собирам новите и старите изданија. Можам слободно да речам дека сите основи на науката ги научив од тие списанија, зашто беа стручни и објективни. Па дури и ден-денес, кога ќе се појави шпекулација или сензација за некоја природна појава и сите ќе полудат од страв, ми текнува на некој стар текст од Галаксија и само ќе се насмевнам во себеси. Зборувавме за астрономијата и за вселената, знаевме која планета од Сончевиот систем колку сателити или прстени има, колку ù е максимална и минимална температура и дали на неа врнат сулфурни дождови или има наоди за постоење на вода. Знаевме сè за вселената, но не знаевме ништо за девојките. Но, кому му требаат девојки кога е посветен на науката... со добра музика во позадина, 53


се разбира. Но, и музиката се менуваше. Се роди MTV unplugged, а јас си ја купив првата плоча, The Razors Edge од AC/DC. Песната Thunderstruck и звукот на плочите навистина ме погоди како гром. Станав зависен. Немав пари за плочи, а очајно ги сакав. Мајка ми ми даваше пари да купувам сендвичи од Седмица за да не се делам од другарите и полесно да се вклопам, а јас штедев. Гладувањето секој ден беше мала жртва за плоча секоја недела. „Од каде ти се волку нови плочи?“ ме праша мајка ми и тоа беше крајот на моето „купување“ сендвичи. Така почна мојата историја на пити за ужина по кои станав познат и во основно и во средно училиште. Некои од нас живееја за музиката и напредните идеи, а Смики беше еден од нив. Овој подоцнежен основач на САФ носеше Мартинс чизми и слушаше некој тежок нојз-метал во седмо одделение. За него владееше мит дека кога лежел во болница, заради некоја скршеница, за неколку дена од здодевност ја прочитал Библијата, а понекогаш пред сите 54


знаеше да изрецитира многу стихови од некоја од Шекспировите драми на англиски. Но, Смики беше еден во милион, а нашата држава не се интересираше за напредни деца, туку за назадни идеи. Отворено почна да се зборува за етнички конфликти. Нам, децата, ни беше незамислива помислата еден народ (бидејќи Југославија за нас беше еден народ) да се раздели. Ние бевме целина и сплотено единство. Но, постарите кои се сеќаваа на едно поинакво минато на Југославија знаеја дека работите стојат поинаку. И беа во право. Се шлепавме на камионот на младоста и безгрижноста дури можевме. Но, не за долго.

55



LOSING MY RELIGION - R.E.M. ◄◄ 1991 ►►

Тинејџерскиот дух владееше со нашите животи, а јас живеев од сабота до сабота - кога имавме свирки со другарите од основно. Кечер ме воведе во харкор-панк звукот и бендовите со чудни имиња на граница на самоисмевање со неопходна доза неприфаќање на нормите што на мојот бунтовен дух совршено му одговараше. Една изџвакана касета го мелеше рефренот My God Rides A Skateboard на Германскиот бенд Spermbirds, а потоа рикаше Americans Are Cool - Fuck You! како бунт против ширењето демократија „на американски начин“ низ целиот свет. На Американците ич не им беше гајле за сето тоа.

57


Заливската војна беше во ек и додека постарите ја следеа на телевизија како некој возбудлив вечерен филм, сосема одделен од реалноста на ирачкиот народ кој што умираше од американските бомби а не од рацете на диктаторот од кој што сакаа да го ослободат, во реалноста се случуваше нешто поинаку - и глобално и локално. Немирите во Југославија започнаа и сегашноста од несигурна прерасна во неизвесна, а да не зборуваме за иднината. „Зошто да не ја носам маицава?“ се бунтував. „Затоа што не е во ред,“ рече мајка ми. „Пред кого!?“ „А да не зборувам за тоа дека е опасно.“ Расправијата продолжи, но на крај не ја позајмив маицата Bad Religion од Кечер, на која што имаше пречкртан крст, за „славењето“ Велигден пред Соборниот Храм. Не од страв, туку за да не се грижи мајка ми. Но, што знаев јас за религијата воопшто? За мене таа беше знак на конформизмот и неразмислувањето со своја глава и никако не можеше да се помири со науката која што толку ја сакав. 58


Во позадина свиреше песната Big Bang на Bad Religion и јас размислував за настанокот на светот, вселената, нашето место во неа и сè ми се чинеше сосема во ред, но воедно и бесмислено. Науката колку-толку ме тешеше зашто таа даваше принципи и закони, ред и суштина во нередот во којшто се најдовме. Религијата го најде своето место во мојот живот, но многу години подоцна, кога сфатив дека атеизмот е само форма на фанатизам, а мене „изми“ не ме интересираа, ни религиозниот, ни националниот. За разлика од мене нашата земја беше опиена од шовинизмот, доволен беше еден збор, лош поглед или грешно презиме па да те натепаат. I Think We're Alone Now на Snuff обработка на истоимената песна на Tiffany од посреќните и помалку сериозни 80-ти ја пуштаа на Maximum Rock'n'Roll, домашна емисија за алтернативна музика на 103-ка, а јас подготвено притиснав „record“ на касетофонот. Наскоро и нашата државичка беше сама, но самостојна и независна. Нашата борба оттогаш беше само наша. Отсвирив неколку рифови и на Дебелиот тоа му се допадна. Кечер удри во чинелата која што 59


беше закачена на лустерот и секако, во панк-рок направи-сам стил, немаше постамент, а потоа на единствениот добош и добро познатиот хардкор „ту-па-ту-ту-па“ ритам ја исполни мојата соба. Дебелиот нè снимаше на едно старо касетофонче и дрнкаше нешто на акустична-демек бас-гитара, а ние свиревме жестоко. Немавме концепт, ниту идеја, а песните се смислуваа на лице место. Во духот на пародијата и општествениот ангажман на панк движењето се викавме Social Imbecility и како прави панкери врска немавме од свирење, но го сакавме тоа - најмногу од сè. Како дете ги мразев часовите по гитара во државното музичко училиште во Сараево, но како тинејџер бев горд на нив, но класичната гитара наскоро беше единственото нешто што ми остана. Позајмената електрична гитара морав да ја вратам, токму во моментот кога Кечер си купи асални тапани, а на нашите проби почна да доаѓа еден басист. Тие двајца продолжија да свират и ги оформија Суперхикс, денес веројатно единствениот значаен бенд во Македонија кој има храброст за интелигентна општествена критика, додека оние кои што се предмет на таа критика џускаат на нивните песни. 60


Она што не го сакаше Кечер беше мојата металска жичка, но што да правам кога Metallica таа година го издадоа нивниот последен добар албум, а звукот беше тежок, претежок и бавен, премногу бавен за хардкор-панкерите. Од мојот панкерски период наследив само една демо снимка со нашите песни, касетите со направисам омоти и SK-HC (Скопје-хардкор) графитот во мојата гаража. Сепак, многу години подоцна, кога почнав активно да пишувам, идеалот на една совршена панк-хардкор песна повторно оживеа во моето пишување - брзо, бесно, кратко, што е можно пократко, а да кажеш сè и ништо да не остане недокажано. Сè уште го бркам тој идеал. Бевме во првите редици на концерт пред сегашната Влада, некогашно Це-Ка. Боби ме крена на раменици и таму бев - на два метри пред Горан Таневски од Мизар. Звуците на Svjat Dreams го брануваа морето луѓе околу мене и бевме сплотени со тешкиот сериозен глас и тешките тапани кои одекнуваа во нашите души и резонираа во нашето тело гордо на „Македонија, наш'та мајка“.

61



KILLING IN THE NAME - RATM ◄◄ 1992 ►►

Уште еден свет на звукот полека, но сигурно навлегуваше во мојот живот. Додека хардкор панкот засекогаш остана на маргините на музиката и популарноста, гаражниот панк рок изби од гаражите директно во умот на милиони млади во светот и ја смени музиката засекогаш. Поради Nirvana носевме карирани кошули и кратки маици преку долги ракави, а Pearl Jam со помелодичниот звук ни ја раскажа американската реалност од 90-те. „Знаеш дека личиш на пејачот на Red Hot Chili Peppers?“ ме задеваа соучениците, а јас лудував по Blood Sugar Sex Magik. Фанк алтернативниот рок со примеси на рап за мене беше ново откритие. 63


Еклектичките 90-ти започнаа. Give It Away рокаше од мојот касетофон, а јас го запишував текстот, иако не го разбирав, ниту се задлабочував во зборовите кои проповедаа алтруизам и несебичност, а за мене значеа бунт и „гајле ми е“ став. Времињата беа себични и ужасни. Војната и опсадата на мојот роден град започнаа. 9 мај 1992. Ден на победата над фашизмот. Во средно училиште за писмена работа имавме истоимена тема и јас не можев да се воздржам. Ризикувајќи добра оценка пишував за фашизмот и чувството на пораз, за смртта на Југославија изградена на скелетите на тие кои се бореа против фашизмот, кој во поранешна Југославија беше посилен отколку што бил 1942-та, за моите другари и стравот дека никогаш повеќе нема да ги видам. Добив петка, иако за малку ја утнав темата, но што да правам кога времињата беа утнати. Тимур го нападнаа. Веќе некое време го прогонуваа деца на новопечени богаташи, вистински транзициско-националистички копилиња, кои палеа дневници и пишуваа графити по училиштето и притоа беа одлични 64


ученици. Часовите завршија и излеговме надвор, а на излезот од училишниот двор - сурија. Го следеа Тимур и го задеваа. Тој стоички поднесуваше, но почнаа да го туркаат и да го удираат. Тој се бранеше, но не можеше да се додржи на нозе. Падна и другите скокнаа врз него. Во тој миг заборавив на тоа дека сите беа за две глави повисоки од мене и два пати потешки од моите 40-тина кила со тексас јакна со металски „пришивачи“ и влетав во шутката, буткајќи и удирајќи сè околу себеси. Тимур стана и несвесен дека јас сум до него почна да бега, а неколку души тргнаа по него, но тој беше побрз оставајќи ги далеку зад себе. Некој викна „Мајку ти е..м српску!“, а не можеше да биде подалеку од вистината. Некои се вратија и го пренасочија вниманието врз мене. „Он го бранеше!“ викнаа и во тој момент времето застана. Кон мене се движеше сила на природата вообличена во толпа жедна за крв. „Немој да сте го пипнале!“ рече некој до мене. Тие се закопаа во место, си ги свиткаа опашките и заминаа. Се свртев и до мене видов еден металец којшто изгледаше опасно и злобно. Ми намигна. До ден денес не знам 65


кој беше тој, можеби мојот металски ангел чувар, но благодарен сум му зашто ме спаси од линчување. Знаев отсекогаш, но тој ден добив неоспорна потврда - музиката поврзува и не гледа национални, религиозни или регионални бариери. Тимур никогаш не прежали зошто ме оставил сам, иако сред брканицата не беше ни свесен дека сум до него, и од тогаш постојано ми се оддолжуваше и секогаш беше со мене кога ми требаше - до ден денешен. Но, не - јас верувам дека е заради тоа што му помогнав кога сите го оставија, а двајцата бевме поразлични од другите, осудувани и неразбрани. Можеби затоа бевме неразделни и во добро и во лошо. А лошото допрва следуваше. Утредента Боби дојде со мене во училиште и остана некое време во дворот од училиштето со брат му за да нè заштитат ако треба. Двајцата крупни, неизбричени и со долга коса. Директорката нè викна на разговор. „Кои се оние криминалци во мојот двор?“ викна на нас. Се стаписавме. „Д-дечкото на сестра ми,“ пропелтечив. 66


„Да им кажеш веднаш да заминат!“ загрме таа. „Но, вчера го нападнаа и го истепаа Тимур и ние...“ „Не ме интересира, ништо не знам за тоа, а вие двајца ќе бидете казнети...“ Секако дека знаеше. Секако дека ја инте­ ресираше, но не правдината, ја интересираа татковците на тие деца кои нè тепаа, нивниот грб, нивните пари и моќ. Ние бевме безначајни бубачки кои и да бидат смачкани ништо нема да се смени. Бевме казнети, а силеџиите оправдани. Тоа беше почеток на новото време. Ги разгледував касетите во Баги Шоп во Мавровка кога од звучниците наеднаш загрме звук кој добро ме протресе. Се стаписав. Го прашав газдата што пуштил и пред да сфатам што се случува Rage Against The Machine навлезе во мојот живот како торнадо и ме крена високо за да ме тресне долу, се чувствував како да јавам на бесен коњ којшто не можам да го контролирам. Времето нè правеше сите да се чувствуваме така. Беше крај на училишната година и се подготвувавме за распустот. Наставникот по 67


физика сè уште не беше дојден. Заѕвони. Со Тимур се туркавме на рака и иако го водев 13-3, никако не попуштав. „Ако го навалиш телото, ќе го користиш и делтоидеусот,“ зборувавме во безбројни прилики порано, а ги знаевме латинските имиња на сите поголеми мускули, зашто кревавме тегови секој ден после училиште. Тимур забрзано се ширеше, а не планираше да престане да расте. Во годините кои доаѓаа тој стана опасно момче кое им пркосеше на силеџиите, на извадените пиштоли и на вратарите по дискотеките. Тие кои некогаш го тепаа тогаш бегаа од него како од оган. Додека се буткавме, неприродно ја извиткав раката, па откако Тимур притисна со цела сила, раката веќе немаше каде да оди и пукна - како на филм. Се освестив, а раката ми висеше на другата страна. Ја фатив и истрчав надвор. Мојата сага на скршениот Humerus започна. Чекање неколку часа со скршена рака во Градска болница и потоа грешно поставен гипс. Вадење на гипсот на скршената рака со старински клешти, зашто машинката не

68


им работеше во Државна болница. Грешно зараснување на коските. Залуден обид да се одвојат. Операција и шипка во раката. Оштетен нерв, бавно опоравување и атрофирани мускули и по вадењето на гипсот. Цел распуст поминат во Центарот за физикална терапија во Козле. Секој ден. Масажа на мускулите. Парафинска терапија со врел восок за лактот кој се запекнал од недвижење. Електростимулација на нервот, вежби на физикална терапија. Инфрацрвена ламба. Сè беше залудно. Најголемите домашни неврохирурзи ме праќаа на операција во Словенија. „Слушај момче, ако сакаш да се опоравиш, ќе работиш,“ ми рече еден средовечен човек кој доаѓаше на терапија со мене. „Но, нервот не реагира. Мртов е.“ „Види ја мојата,“ рече тој и ја крена раката. „Гледаш? Мрда.“ „Но...“ „Слушај ме што ти велам, знам. Мојот случај е

69


ист како твојот - повреда на нервот Radialis,“ се насмевна. „Само вежбај и не откажувај се. Можеш да се потпреш на струјата да ти ја крева раката или да се потпреш на себеси и сам да ја кренеш.“ „Но, не се крева, ни милиметар!“ „Кревај ја со мозокот! Кревај ја во мислите. И нека ти направи некој рака од шперплоча, ќе ја врзуваш секоја вечер пред спиење под твојата и така ќе спиеш.“ Killing In The Name Of на Rage Against The Machine рикаше од системот. Ѕидовите се тресеа. „Во име на кого се убиваат!? Страдање, смрт, беда, глад и болести... дали се добро моите другари?... дали се живи?... а татко ми? дали навистина ми е гајле за него?... дали тој се спасил?... “ помислував, но од мене излегуваше само едно лудачко и примордијално: „Аааа!“ додека со целата сила на своето тело и ум се обидував да ја кренам раката. Пот ми се слеваше по челото, но само си повторував „Силата на умот! Силата на умот!“ и ми требаше целиот насобран бес и лутина, 70


бучавата и врескањето на сите бунтови против машината, гранџови, гангста рапови и тешки метали за да го победам металот којшто ми беше во раката - 14 штрафови не'рѓосувачко железо кои поминуваа низ мојата коска и ги гмечеа нервите претходно извадени надвор од мускулното ткиво и држени во гумените ракавици на асистентот при операцијата за да се спојат коските. И тогаш конечно се случи раката се помрдна - за милиметар. Патот помеѓу нула и еден милиметар е многу потежок отколку патот помеѓу еден милиметар и еден метар. Потоа сè одеше побрзо. И подготовките за приемниот испит за средно училиште одеа полесно. Но, сепак фините движења на прстите кои овозможуваат држење молив и пишување беа далеку од моите способности. „Сè е во умот,“ се потсетив. Научив да пишувам со лева рака и така бев примен во гимназијата „Јосип Броз - Тито“. Да знаеше истоимениот другар-господин што се случува со земјата која ја изградил би бил благодарен што не е жив. Или можеби не?

71



INSANE IN THE BRAIN - CYPRESS HILL ◄◄ 1993 ►►

„Ќе одиме во Багдад кафе“, ми рече Кечер. „Не ми се оди,“ одговорив. „Ајде, ќе скокнеме до Џаџо после,“ додаде. Тоа ми се чинеше ок. Тргнавме. Багдад Кафе не ми се допаѓаше, за разлика од неговиот наследник Њу Ејџ кое што ми стана омилено место подоцна, но Џаџо и Дваескец во Домот на занаетчии беа совршени места за мене - сирови, искрени и алтернативни, без чајчиња и интелектуализам, без филозофија и ориентализам, сè што му беше омразено на мојот металски и панкерски ум од тоа време. Но, човек се менува и созрева дури може, дури машината на секојдневието не го сомеле и исплука нешто што 73


повеќе не наликува на него, туку на сите други во едно големо тенџере ајвар. Поранешна Југославија на големо вриеше, за разлика од Чешка и Словачка кои се поделија мирно, а светот ни најмалку не се грижеше за војната сред Европа, зашто за нив ние не бевме Европа, туку провинција, балканијада, валканица која што треба да се истрие од ѓонот на нивната свест. Но, зошто би се грижеле, кога во светот се водеа уште минимум десеттина граѓански војни за кои што исто така не им беше гајле. Гватемала, Ангола, Авганистан, Судан, Шриланка, Либија, Руанда, Сиера Леоне, Алжир, Таџикистан, Бурунди... да споменеме само неколку. Recipe For Hate на Bad Religion звучеше како совршено име на албум за тоа време, но мене не ми се допаѓаше. Ми се чинеше дека хардкор панкот е мртов, а тој повторно воскресна на поинаков начин со песните на пост-панк бендовите како Fugazi или со гранџ призвукот на Mudhoney кои ги слушав до полудување на домашните и на соседите. I Will Always Love You од Whitney Houston завиваше на телевизорот и јас го изгаснав со 74


гадење. Сакав врескање од поинаков вид, гласно панкерско дерење и шуштење на касетите кое некогаш беше погласно од самата музика. Следниот албум на Nirvana по Nevermind не беше таков, а нивниот настап на MTV Unplugged ме разочара. Се чинеше дека гранџот беше во криза. Сепак, алтернативната музика не застана по падот на Nirvana. My Name Is Mud на Primus воведе еден нов звук и нова свесност во мојот живот, како и Дисциплина Кичме и други необични бендови кои ги пронаоѓав на мојот неделен аџилак - одењето пешки од Дебар Маало до новата железничка станица каде што се наоѓаше продавницата за касети, Поп Топ. И покрај негодувањата на мојот музички „совозач”, Вла, музиката можеше да биде силна и забавна воедно, што ми се допаѓаше како концепт. „Бука у моди,“ трештеше од моето стерео. Бев втора година средно и ми се чинеше дека можностите пред мене се неограничени. Домашното списание за алтернативна култура Тротоар, се појави во вистинскиот момент, токму кога All That She Wants на Ace of Base или Informer од Snow секојдневно вршеа атак на нашите уши. Конечно можевме повеќе да 75


научиме за нашите идоли во време кога немавме интернет и не можевме со еден клик да дознаеме сè што сакавме. Нарачувавме книги од странство и одевме во Универзитетската библиотека, копиравме и препишувавме тексто­ви, но не ни беше тешко, зашто бевме жедни за знаење. Металот еволуираше. По смртта на Metallica не останаа многу бендови кои би не протресле, со искучок на Sepultura кои го продолжија нивниот општествен ангажман со Territory, што не беше вообичаено за металските бендови, а во нашата поранешна држава се водеа жестоки битки за територии. Порано нè прашуваа „Кој си, од каде си?“ со интерес и желба за споделување, но сега одговорот беше само „За никаде сум.“ Гитарата од Numb на U2 за'ржа и го фати светот неподготвен. Музиката стана отчуку­ вање на срцето, ротор од машина, мотор од автомобил... Ја слушав и размислував на „моите“ Einsturzende Neubauten кои тоа го правеа со години претходно... Се чинеше дека поп-рок музиката еволуира и фаќа чекор со рапот кој што секогаш експериментираше. Insane in the Brain на вечните Cypress Hill или Bacdafucup на краткотрајните Onyx внесуваа 76


свежина во сцената, а Body Count го мешаа металот со рапот на сосема нов начин и тоа ми се допаѓаше. Да тресеш глава на рапување беше предизвикувачки концепт. Моите металски пријатели ме задеваа заради ваквите интереси, но тоа е една сосема поинаква приказна. Ова е приказна во која Моника Селеш беше нападната и нејзината кариера од тогаш никогаш повеќе нема да биде иста, а нејзиниот напаѓач ќе биде минимално казнет. Но, тоа беше само уште една неправда во 1993-та на која светот замижа, само уште една причина за спуштена глава на обичниот човек и потонатост во себеси. На MTV ја даваа Sober на Tool. Се запрашав „Дали сме сите само заробени кукли во кутиите на сопственото постоење?“ Целата земја чиниш беше затворена во сопствениот свет - непризнаени од никого, се боревме, но борбата нè измори, а транзицијата уште повеќе, луѓето лево-десно губеа работа и музиката како Human Behaviour на Björk или албумот Into the Labyrinth на Dead Can Dance ми се чинеше совршен саундтрак за ваквата атмосфера. Влеговме во лавиринтот на транзицијата од кој што сè уште го бараме излезот. 77


78


SMELLS LIKE TEEN SPIRIT - NIRVANA* ◄◄ 1994 ►►

6 април 1994. Две години од почетокот на крвавата војна во Босна. Како и секоја пролет во следните 20 години го пречекувавме сонцето и будењето на природата не со радост, туку со страв. Дали сме ние следни, ќе го избегнеме ли куршумот и оваа година? И тогаш се случи. Пушката пукна, но не беше насочена кон нашата глава, туку кон главата на пејачот на најпопуларниот рок бенд во 90-тите, Нирвана. Мојата младост повторно, веќе по не знам кој пат, беше распарчена и соништата за подобар свет во кој се мисли на музиката и уметноста, * Песната Smells Like Teen Spirit е од 1991 година, но во контекст на смртта на Курт Кобејн е наведена тука. 79


наместо на убивањето и предрасудите повторно спласнаа. Беше време на бурни настани кои ме сменија како личност и ме направија бунтовен и бесен, но воедно летаргичен и со постојано чувство дека не можев да сторам ништо, дека сум дел од поголеми сили и брзаци кои ме носеа како откорнати трупци по нивниот тек. А јас се предадов, кренав раце и оставив да ме носат каде што сакаат. По ѓаволите, ете каде! Бевме тинејџери со долги заплеткани коси, скинати фармерки и шарени маици во време кога тоа не беше општо прифатено. Да му задоцниш на професор во гимназија на час облечен во маица која сам си ја цртал, автоматски значеше да бидеш осуден и ниту еден изговор не можеше да те спаси. Но, тоа што тогаш те осудуваа заради облеката или фризурата и мораше навистина да учиш за да ја стекнеш почитта на професорите, а денес можеш да си ја обоиш косата во зелено, да се истетовираш и воедно да бидеш турбофолкер, а згора на сè професорот не ти може апсолутно ништо е само врвот на сантата мраз на проблемите со кои се соочуваме. Тоа што скинатите фармерки денес се продаваат по бутиците наместо децата да 80


ги кинат со ножици и шмиргла, исто така не е главен проблем. Тоа е само дел од него. Курт Кобејн умре. Всушност, се самоуби. Некои клинци организираа помен пред Соборниот храм во Скопје не поради својата наивност дека на некој кој што ја расипувал младината, промовирал дроги, секс и панк-рок и извршил самоубиство треба да му се оддаде почит пред Соборниот храм, туку поради тоа што алтернативната младина во тоа време навечер се собираше таму и консумираше големи количества течности кои христијанските монаси во вековите пред нив ги произведувале во манастирите. Со најдобриот другар Вла седевме на едната од клупите. Млади, телесно и ментално недо­ оформени, збунети и полни со фрустрации, сепак верувавме дека знаеме „сè на свет“ и дека имаме право на мислење за сè. Вла беше „металец во душа“ и за него алтернативците беа позери. Честопати знаеше да ме задева со песната Лажен алтернативец од една демо лента на тогаш младиот хип-хоп бенд САФ. Општо познато беше дека во 80-тите металците и раперите не се поднесуваа и самото тоа што за 81


аргумент против мене користеше раперска песна која ги исмева алтернативците, за него беше како да убива две муви со еден удар. Песната Кељав Дабар на Чиста Околина и Last Expedition која што двајцата ја сакавме внесуваше дополнителна забуна во нашата расправија. Да, јас бев алтернативец и да, металците не ги поднесуваа раперите, но подеднакво ги мразеа и панкерите, а за шминкерите да не зборуваме. Нив сите ги мразеа. Но, не ретко некој металец ќе се сплеткаше со некоја шминкерка. И тогаш сите го исмеваа. Но, шминкерката набрзо стануваше металка, никако обратно. Многу млади поминуваат низ фази, но никој не бил металец „едно лето.“ Metal for life не е случаен израз. Моето омилено место за после училиште не беше Аеро како на моите соученици, каде што се собираа за муабет и пијачка. Самотијата беше мојот пријател и судбинското „книгата е мојот најверен другар“ на една другарка од моето маало во 1986 година на кое што се насмеав на цел глас, сега ми се чинеше како дефиниција на мојот живот.

82


Преку мостот во Култура го пронајдов мојот мир. Веќе со години одев таму и поминував цело попладне после училиште, но кога го отворија Табернакул во МНТ, класичното премина во модерно, литературата која што ја пронаоѓав таму, ќе го парафразирам Вилијам Гибсон за неговото прво искуство со читањето на Вилијам Бароуз, „ми го разнесе мозокот по ѕидовите“. Таму ги открив и Гибсон и Бароуз, таму го пронајдов и најзначајниот извор за алтернативната култура и уметност во мојот живот - Маргина. Домашно списание со текстови за виртуелна интелигенција, кибер-панк, експериментална литература и многу други езотерични идеи кои ме тераа на фантазирање и посакување поинаква реалност од нашата заостаната турбофолк жабокречина. Со треперливи раце ја подавав Маргина бр.2 на човекот зад касата, а во мене гореше возбуда. Трчав дома стискајќи ја силно и цврсто Маргината во кесата, и гледав наоколу како да носам порно касета. Следните половина час колку што пешачев до дома ми се чинеа најдолгите во мојот живот.

83


Конечно стигнав, го фрлив ранецот и се фатив за читање. Мојот живот во тој момент се смени засекогаш. „Iron Maiden се лузери, братче. Велеа дека синтисајзерите нема што да бараат во металот, а после самите ги користеа,“ го задевав Вла, едноставно не можејќи да останам покус. Она што беа синтисајзерите во 80-тите, тоа стана електрониката во 90-тите и таа веќе беше длабоко навлезена во сите сфери на музиката, па и во металот. Мешањето на жанровите не беше случајно, но Вла беше правоверен, а јас атеист, двајцата музички фанатици на свој начин. „I'm a loser baby, so why don't you kill me?“ го рецитирав Beck, а тој превртуваше со очите. Така кругот на адолесцентното задевање и меѓусебното исмевање се затвораше. Сепак, само до следниот пат. „Баш би запалил цигара,“ му кажав на Вла. Пушевме ретко - „само на забави“ како што изјави Вла на еден систематски преглед во училиште на прашање на докторката за неговото црвено грло. Легендарно. 84


„И јас, ама дење е,“ ме погледна тој како да сакаше да каже дека не сака да ризикува да биде фатен. А немавме ни цигари. Разговорот беше без поента, како и нашиот мал собир. Многу луѓе воопшто не ги ни слушаа Нирвана. Суровиот и нерафиниран звук на Bleach не им го сменил животот, ниту главите им биле „разнесени“ од Blew, не ги задевале заради „Love Buzz“, ниту Nevermind ги оставил со подотворена уста. Беа дојдени заради помод­ ност. Имаше и такви кои беа таму само за да ги задеваат „лажните алтернативци.“ Се појави Кечер и ме поздрави со едно гласно: „Еден ропак помалку!“ Се насмеав и му кренав рака во знак на поздрав. Да, панкерите ги мразеа и алтернативците, но и едните и другите со нивното присуство призна­ваа дека во музиката се случуваше нешто монументално, нешто што сите нè про­ др­­муваше и не тераше да се тргнеме од пред системите и да излеземе од дома. Беше 9 април 1994, сабота, сончев ден без најава за грмотевици. Но, на Балканот никогаш не се знае. 85



HELL IS ROUND THE CORNER - TRICKY ◄◄ 1995 ►►

Prodigy беше една од групите за кои Вла ме задеваше. Ужасно ми се допаѓаше синглот Out of Space, токму како некое електро-магнетно зрачење од вселената да влезе во мојот мозок и ја смени неговата молекуларна структура. Почнав да гледам поинаку на музиката. Мојот интерес за електронската музика ме научи дека пристапот кон уметноста може да биде емотивен и енергичен и истовремено интелигентен и обмислен. Тука се родија и никулците на уште една моја идна голема музичка љубов – драм енд бејс. Но, времето сè уште не беше созреано за тоа, Македонија беше заглавена во Тешкото - бавно се развивавме, премногу се самосожалувавме, 87


не бевме во тек со модерните текови и развојот на светот, кога наеднаш, демант каков што не можев да замислам - The Prodigy во Скопје! Рокнаа со Their Law и народот здиве. Влетав во шутката навикнат на слободата на играње, тресење со главата, диво рипање и повремено удирање, но толпата ме однесе. Попатно примив три клоци и неколку боксови и додека се освестував сфатив дека заврши времето на шуткањето заради забава, а започна удирањето заради забава. И тогаш заврши војната во Босна. Се подготвував за писмена по математика. Беше зима и нешто во топлината на домот во комбинација со Protection на Massive Attack во соработка со Everything But The Girl го правеше купот листови со решени задачи до мене помалку страшен. Освен тоа, верував во работата и трудот. Западот конечно реши да помогне и Дејтонскиот договор беше склучен, а мојата поранешна земја поделена, народот осакатен, преполовен, раштркан насекаде по светот, малку останаа од старите „Сарајлии“. Дојдоа некои нови, за 88


мене непознати, и го наметнаа нивниот закон. И она малку што остана од стариот дух веќе го немаше. Но, реално, што можеше да се очекува од таквата ситуација? Народот со кој судбината си поигра беше среќен што пеколот заврши и сега требаше да се расчисти нередот и да се гледа напред. А јас бев заљубен во грешна девојка, ги читав грешните книги, ги сакав грешните филмови и слушав грешна музика. Трип-хоп звукот влезе на голема врата во мојот живот како саундтрак на отуѓеноста на човекот во брзите времиња, во кои сè се менуваше со такво темпо што ни се чинеше недостижно. „Hell Is Round the Corner“ значеше нешто сосема друго, но за мене „пеколот“ беше во очајот зашто ја немав неа. Сосема соодветно тинејџерски. Сестра ми работеше на графичкиот дизајн на Маргина бр. 13-14, онаа прочуена со дупка во корицата, а под неа сребреното VR, Virtual Reality, како огледалната стварност во која што се најде Алиса загубена во Земјата на чудата. Интернетот насилно влезе во нашите животи кои не беа навикнати на леснотијата на поседувањето. 89


Сè што сме заработиле, сè што сме оствариле во земјава било макотрпно и тешко. И сега наеднаш - електронските патишта се отворија. Вилијам Флусер зборуваше за информацискиот автопат, а патиштата се градеа со невидена брзина, ние штотуку почнувавме да учиме како се сурфа по неговите забрзани сообраќајници, без сопирање, без двоумење и полни со желба за знаење. Звуците на Mysterons на Portishead доаѓаа од моето стерео. „Дали е хип-хоп, дали е даб, електроника или амбиентална музика...“ се прашував и не го знаев одговорот, но знаев дека ми се допаѓа. Домашна атмосфера. Интровертен призвук. Охрид, хотел Силекс. Екстравертен извик. „Кои се овие?“ ме праша Вла. „Ги знаеш Beastie Boys, оние дечки со песната Fight For your Right to Party од осумдесеттите?“ одговорив возбудено, на што тој се насмеа. Сепак Sabotage беше нешто поинаку и му се допаѓаше на Вла, не знам дали заради истоимениот албум на Black Sabbath или можеби поради гитарскиот звук. 90


Sabotage трештеше од касетофонот и се шуткавме со Вла, додека друштвото од класот се тргаше подалеку од нас. Не ми беше гајле уживав во моментот и во совршениот спој на моите два омилени музички правци. Beastie Boys беа хардкор-панкери пред да станат рапери и ете ти помирување на два навидум сосема различни света. „Има шанси за мир во светот,“ ми се чинеше. Светот околу мене се вртеше и треснав силно на под. Ме однесоа на туширање за да се отрезнам, а јас во првото пијанско лудило во мојот млад живот, излегов гол и мокар за да си облечам чисти алишта во соба полна луѓе. Ах, младост. Нашите тинејџерски години полека се движеа кон крајот и се подготвувавме за посериозни задачи. Уште една година и....

91



RATAMAHATTA - SEPULTURA ◄◄ 1996 ►►

Заѕвонив на вратата на петтиот кат од една социјалистичка зграда во Карпош и се појави Владо. Му мавтав со касетата пред очите. „А-ха,“ беше неговиот вообичаен одговор на сè, а ние го задевавме дека кучето е најдобриот пријател на човекот, а неговиот е креветот. „Слушај го ова,“ влетав во неговата соба, трпезарија и кујна во едно, ја извадив касетата со Led Zeppelin и ја пикнав мојата касета во неговото мало касетофонче. По смирувачкиот звук на индијанските извици и тапани кои наговестуваа етно албум, пејачот Макс Кавалера се раздра, а гитарата рикна така 93


што убаво му ги протресе коските на Владо и ù стави крај на неговата попладневна дремка. „Што е ова?,“ праша збунето. „Новиот албум на Sepultura, слушај каков звук!“ Тоа беше ново искуство за мене и еклектичките 90-ти повторно се покажаа како инвентивни и храбри. Во Мјузик Гарден можевме да се шуткаме на Ratamahatta на Sepultura без да ни ги искршат ребрата или да ни ја скинат главата. Место на отворено помеѓу некогашниот клуб со живи свирки, Маракана, и некогашниот мини-голф во луна-паркот, веднаш до војската. Во Мјузик Гарден пуштаа рок и алтернативна музика, а мојот другар Владо го викаше Soundgarden, исто како што сакаше да му стават буњаковец наместо буковец на сендвичот во Флорида, сендвичарата на пазарчето Буњаковец. Леген­ дар­ниот сендвич со пет смрдливи ќебапи, отровна доза кромид и препржени компирчиња чинеше 35 денари и беше идеален за нашиот речиси непостоечки буџет. Последна година во средно училиште. Повторно се „заљубив“ во грешна девојка, а таа го сакаше хитот Children на Роберт Мајлс и секој пат кога 94


ќе ја слушнев песната мислев на неа. Моите сетила и критериуми за музиката отапеа, но ако имаше нешто добро во таа песна тогаш е тоа што ми го врати интересот за електронската музика. Мјузик Гарден беше една вистинска музичка рајска градина, а ние бевме невини и млади. Секоја вечер влетуваше полиција и ја гаснеше музиката токму кога беше највозбудливо. Причината беше дека е предоцна, а дека музиката е прегласна, изгледа премногу им пречела на бездомниците на клупите во паркот. А на педесеттина метри подолу ечеа турбофолк „нумери“ од диско­теките во луна-паркот и батките во тесни црни маици и шпицести кондури не ги засегаше законот зашто тие беа над него (и сè уште се) - поради тоа што кога хармониката свири на увце, а гласот завива со одредена народска фреквенција тоа предизвикува закривување во законите на физичката реалност. Скопје немаше видено слично место како Мјузик Гарден по неговото затворање - место каде што алтернативната младина редовно се собираше на толкав простор и во толкав број. Тоа што се 95


случи беше сосема во согласност со времето. Веќе подолг период силите на темнината работеа на уништување на алтернативната сцена во културата и уметноста и тоа никој не можеше да го смени, особено не апатичните млади од 90-тите разочарани од транзицијата, војните, отсуството на избор и немањето иднина. Goldie со Timeless и драм енд бејс жанрот доживува мејнстрим успех. Сигурно дека не знаевме што е „Amen Break“, но знаевме дека тој звук очајно ни се допаѓаше како наследство на призвукот брејк-бит и биг-бит на The Prodigy. И тогаш се отвори Менада и почнаа ДНБ журките. Играњето на овој тип музика беше особено тешко ако се обидуваш да го следиш секој ритам, зашто некој би можел да помисли дека имаш напад на епилепсија. Финтата беше во прекршувањето на ритамот и движењето на секој втор или четврти удар, како да играш на реге, да речеме. Но, она што беше битно е дека Рони Сајз пристигна во Скопје преку тие журки. Подоцна, после многу години кога и физички ќе пристигне, не дека веќе бев престар за да го доживеам на истиот начин, туку не 96


бев доволно млад. Новиот милениум тогаш веќе беше започнат, а музиката и филмот беа пред смртта симболизирана во бесмислени брканици со коли, експлозии, недостиг на фабула и хуманост. Бевме во Зот, карши Ким, - едно од последните бастиони на андергаунд сцената, со тоалет како од филмот Trainspotting. Јаки свирки на Benzona и Underdog, коишто Вла ги викаше Подкуче, жестоки шутки, пијанчења, замаглена перцепција во контекст на чадот, алкохолот и „подрумската атмосфера“ во која идот го надвладува егото... ја свиреа Roxanne од The Police и рајата шизеше, бевме натуткани како сардини, а во позадина неколку типци растураа мал фудбал. Пред само една-две години се случи психо­ активна револуција во музиката, гранџ беше на врвот на популарноста, а трип-хоп легендите Massive Attack, Portishead и Tricky издадоа пресудни албуми. Во септември заминав да студирам во Италија и тие албуми станаа совршен саундтрак на мојата осаменост и отуѓеност, откорнатост од средината во која штотуку сум се прилагодил и сум пуштил корења. Ciao Bella Macedonia! 97



THE BOX- ORBITAL ◄◄ 1997 ►►

Напуштена фабрика во предградието на Болоња. На еден камион беше поставен саунд систем и диџејот пушташе реге. Не го препознав бендот, но атмосферата на мир и љубов ми се допаѓаше и почнав да играм заедно со толпата околу мене. Бевме сплотени како една целина, еден организам. Некој ме повлече за рака. Ги отворив очите и се обидов да се вратам во реалноста. Старец со долга валкана брада и испокинати алишта ми се смешкаше. „Му се свиѓаш,“ викна другар ми Алек и лудачки се насмеа, очигледно одлепен од некоја сомнителна супстанца. 99


Насила ја тргнав раката и ја напуштив реге заедницата. Ми требаше љубов и допир во тие година ипол колку што студирав во Италија, но не ми требаше такво внимание. Мистичните звуци на Nierika на Dead Can Dance ми избиваа од слушалките, ширејќи атмосфера на безвременост околу мене и не ми беше битно каде сум. Бев опиен од музиката и од алкохолот. Возев точак по непознатите улици на Емилија Ромања. Решив само да возам и да возам, ни сам не знаејќи каде. Излегов од Чезена, гратчето во коешто студирав, и светлата се намалуваа. Покрај мене почнаа да се редат полиња и насади на пченка, а патот стануваше сè понерамен. Заборавив на времето, на самотијата, на носталгијата по мојата земја која што ме прими и ме заштити, и таман кога се вкоренив, бев откорнат од неа. Моето тело возеше, но умот ми беше далеку и тогаш - удар! Летнав од точакот и треснав на бетонот со целата сила на опиеното тело. Музиката застана. Сè ме болеше, но единственото нешто што ме засегаше беше вокменот кој што го купив со првите пари добиени од задоцнетата 100


стипендија, заради што со месеци претходно гладував, се хранев по кујните за бездомници, го јадев најевтиното јадење во Италија макарони, секој ден за ручек и секоја вечер една чаша млеко. Музиката беше поважна од болката, поважна од ситоста, поважна од сè... а во тој момент ја снема. Вокменот беше скршен. Клекнав на асфалтот во очај и заплакав. „Ајде побрзај,“ ми викна Алек кој беше до мене и како споулавен се врткаше лево-десно, на паркингот пред железничката станица. „Не попушта ланецов,“ за'ржав низ забите. Се слушна едно „кланк“ и синџирот пукна. „Ајде да бегаме!“ Се качив на точакот и со звукот на Block Rockin' Beats на The Chemical Brothers од слушалките ги вртев педалите колку што побрзо можев. Адреналинот пукаше во нас, бевме млади и неодговорни. Сите крадеа точаци. Мене ми украдоа три и немав ни еден другар со сопствен точак. Тоа беше дел од студентскиот живот во Италија, како боновите за храна или марихуаната, секој ја имаше пробано - раста типот со суканици од соседната куќа, панкерот 101


од кујната за бездомници со една плетенка на главата која што му досегаше до половината, а на крајот - ѕвонче од точак, убавката девојка со очила и просек 10.00 од факултет која што ми се допаѓаше, па и мојот религиозен цимер кој што имаше залепено молитви од Библијата по ѕидовите на собата. Постери од Џими Хендрикс, Нирвана, џиновски микроскопски слики од бубачки, постери на галаксии и електрични гитари, а помеѓу нив цртички од шарени изолир-ленти правеа сцена која што на мојот цимер веројатно му пречеше, но беше премногу добар и љубезен за да ми го каже тоа, како и за бучавата на A.D.I.D.A.S. од Korn. Сред тој неред стоеја четири големи празни гајби за леб, по две од секоја страна, а врз нив штица - тоа беше мојата работна маса. До креветот пепелник преполн со остатоци од завиткани цигари без филтер и тутун, зашто цигарите беа прескапи. До пепелникот касетофон и емисијата B Side на Radio Deejay од Милано со водителот Alessio Bertallot која што ми овозможуваше да останам во тек со модерните случувања во алтернативната музика. 102


Лежев на тревата пред тврдината Малатестиана изградена во 15-ти век од Малатеста Новело, генерал од Чезена. Слушнав дека аристократската династија Малатеста го добила името затоа што биле малку „чукнати во мозокот“, бидејќи „мала“ значи лошо, а „теста“, глава, а мене воопшто не ми беше добро во главата. Случајно скинав една тревка, ја стегав на градите и плачев, зашто ја чувствував нејзината болка. Но, таа ме смири и ми рече дека сите ние сме само привремено на планетава, сите сме битија од енергија која се трансформира од еден во друг вид и живее вечно, без крај и без одмор. Беа поминати повеќе од дванаесет часа откако дувавме со Блек и дејството сè уште не ми поминуваше. „Нешто не е во ред со мене,“ помислував исплашен до смрт од идејата дека никогаш нема да излезам од таа состојба. Мислите ми навираа без контрола и постојано се негираа една со друга, ја разбирав суштината на тој мисловен процес и воедно сè ми се чинеше бесмислено. Тоа траеше уште неколку дена, додека реалноста полека не се врати.

103


Canabis Sensitiva, медицински термин за преосетливост на канабис. Или во прашање беше неискуство и немање толеранција... нема да дознаам, зашто нема да ја пробам повторно. Во напуштената фабрика имаше просторија со хаус музика, ја одминав. Во еден друг хангар пуштаа џангл драм енд бејс. Ain't Talkin' 'bout Dub на Apollo 440 добро ме фураше. Го побарав Алек и го најдов пред продавницата за стрипови со еден другар кој се кинеше од смеење и падна на земја. Се стрчав да му помогнам. „Остави го, на LSD е,“ ме советуваше Алек, а очите на другарот погледнаа низ мене и исплашено се потргнав. Цела вечер од некаде се слушаа тапани. Го пратев звукот. Околу огнот се протегаше спирала од луѓе како огромна змија, неколку големи цевки се подаваа од човек до човек и од нив излегуваше чад. Можев да се заколнам дека слушам звук на диџериду. Алек ми се изнасмеа и ми кажа дека тоа се бонгови за пушење ганџа. Заминав. Ги одминав луѓето испоседнати сред огромниот плоштад Пјаца Маџоре пред црквата Св. Петронио, која според плановите од 16-тиот 104


век требала да биде поголема од црквата на св. Петар во Рим, но папата не го дозволил тоа. „Marihuana - si, Heroina - no!“ Голем транспарент на една напуштена зграда во периферијата на Болоња која ја запоседнаа студенти. Во дворот готвеа и делеа храна, а внатре живееја, учеа и споделуваа. Се слушаше музика. Во секоја просторија, повторно како во фабриката, имаше различни концепти, различна музика или уметност, во големата сала дречеше Killing in the Name Of на RATM и се впуштив во шутка сам со себе! Надвор една Италијанка ми понуди превоз до дома. Беше два часот по полноќ. Го оставив точакот - нека го земе кој сака. Ме видела како играм и сум ù се допаднал. Не можев да се изначудам на нејзината храброст. Ја изгубив стипендијата за студиите во Италија, бев разочаран и осамен. Звукот на авантурата кој го наговести Around the World на Daft Punk се претвори во The Box од Orbital. Бесконечна осаменост среде неограничени можности. И ветив на Италијанката дека ќе се вратам. Не знаев дека ја лажам. 105



THE DOPE SHOW - MARILYN MANSON ◄◄ 1998 ►►

Враќајки се од Италија, по пат застанавме во Будимпешта на гости кај пријателка на Алек. Го слушавме албумот Arabian Waltz на Раби Абу-Калил и водевме тешки разговори за универзумот, за политиката и за иднината на Балканот. Вечерта шетавме во градот и додека луѓето надвор се лизгаа на замрзнатите езера, ние седевме на топло и пријатно место. Јадевме лепчиња пржени на свинска маст со пржен кромид врз нив кои одлично одеа со пиво. Над нас имаше журка со модерна музика, но ние останавме да ги слушаме традиционалните свирачи на виолина. Седнаа на нашата маса и звукот на унгарската виолина нè опкружи со меланхолија и чувство на епска трагедија. 107


„Sör... sör!“ викна еден од свирачите додека ја бришеше потта од челото, и иако не разбиравме, со гестикулации сфативме дека сакаат пиво. Нарачавме четири работнички пива Arany Ászok и пиевме додека унгарската виолина ни ја кинеше душата. Повторно бев дома во Скопје. Ми се чинеше дека сум пропуштил шанса да си го подобрам животот, но воедно ми беше драго што бев дома, и ако воопшто припаѓав некаде - тоа беше таму. Почнавме да излегуваме во СФ, мало место, но сепак доволно андерграунд за да пополни малку од огромните дупки во алтернативната клупска сцена во Скопје. Ја пуштија Freak on a Leash на Korn и веднаш рипнав да се шуткам на простор од три метри квадратни, вешто избегнувајќи ги огледалата околу мене и шпицестите масички кои просто молеа за незгода. Нема да кажам дека и тука ме забележа една девојка и дека поради неа почнав да ги слушам The Gathering, Tiamat, Moonspell, Anathema и други готик-метал бендови зашто тоа не се случи, како што не се удрив на едно од стаклата и не си ја расцепив главата мислејќи дека зад огледалото има просторија. 108


Не, зад секое огледало има паралелен свет и затоа јас не се удрив во огледалото, туку поминав низ него и се најдов во една поинаква реалност. Се запишав на медицина. Тогаш размислував за тоа дека можеби секој студент пред да се запише на кој било факултет би требало прво да се прати пробно еден месец на медицина. Ако преживее, потоа секој факултет ќе му се чини лесен. Да речеме дека 50 страници кои ја опишуваат коската Radius или Ulna преполни со термини на латински и име за секоја вдлабнатинка, испакнатина или дупче за крвен сад или нерв кои треба да се научат за една недела не одат баш во пар со We Care a Lot на Faith No More. Faith No More пееја за непогодите, пожарите, поплавите, гладта и другите валкани работи за кои некој сепак мора да се грижи, но кој се грижеше за почетокот на војната на Косово додека во Јапонија се одржуваа Зимските Олимписки Игри? Кој ќе се грижи за 4-те милиони жртви во следните пет години од војната во Конго додека светот гледаше во 109


венчалниот прстен на Пош од Spice Girls и фудбалерот со најдобра фризура во историјата на фудбалот, Дејвид Бекам? Кој се грижеше за кризата во разоружувањето на Ирак која ќе доведе до војна заснована на лага преку која ќе преминат милиони кога светот со внимание без преседан ги следеше изјавите на Моника Левински? Беше 1998 година и шареното прозорче од Windows 98 светеше на нашите домашни компјутери, барем кај оние кои имаа компјутер наместо долгови, кои имаа работа наместо заробени девизи или оние кои имаа зачувани вредности во животот наместо безвредни акции од пропаднатите бивши претпријатија на кои пред само една деценија како сосема природна им се чинеше помислата дека ќе дочекаат пензија во нив. А за тоа време во вселената лебдеше сателитот Галилео и забележа вода на Европа, една од месечините на Јупитер, како нова надеж за некоја идна човечка раса која ќе бара подобра иднина далеку од својата родна планета. Секако дека Европа нам ни беше далечна како Месечината, и сè уште е - верувале или не! Но, 110


мене не ме засегаше ништо од ова, а тоа дека Франција победи на светското првенство не можеше да ме интересира помалку. Јас водев лични борби со факултетот кој не го избрав, заради подобра иднина која не ја сакав. Очајно сакав да пишувам и поминував цели ноќи во барање соодветни зборови, сакав да цртам маици, сакав да читам, да гледам филмови и да слушам музика, а тука никако не се вклопуваше сецирањето трупови во седум часот наутро на минус додека надвор маглата сè уште го прекриваше градот. Не ме привлекуваше таквиот The Dope Show како излезен од спот на Marilyn Manson. Да се разбереме - ретко кој студира медицина зашто ја сака науката, повеќето го прават тоа заради престиж и положба, а тоа им овозможува да не чекаат на шалтер и подоцна да можат да го протнат сопственото дете преку ред на потребна анализа или терапија - не ги оправдувам, но не ги ни осудувам, зашто и јас сум имал таква потреба во минатото. „Пушти ги луѓево, наши се,“ ме протнаа преку ред и, додека поминував покрај луѓето кои 111


чекаа снимање на рендген, имав чувство дека газам по черепи. Со спуштена глава и со крајот од окото забележав жена во години на која од нешта кои веќе не личеа на нозе, туку на парчиња изгмечено месо ù стрчеа железни шипки. Се срамев од себеси, но сепак влегов. Deeper Underground на Jamiroquai беше хит таа година, а јас одев сè подлабоко во себеси, сè повеќе - до самоуништување, како да сакав да му потврдам на татко ми, докторот во моето семејство, дека не сум достоен, дека бил во право кога ме отфрлил, дека сум го заслужил сето тоа што сум го добил во животот или ми било одземено - секако дека само барав изговор за несериозноста и незрелоста. Фантастичниот спот за Everything Is Everything на Lauryn Hill се вртеше на телевизија, а јас навистина верував дека сè е можно и сè е вистина, дека не постојат лаги, зашто постојат бескрајно многу можности одредена реалност да биде вистинита - и таа во која секој од нас е тиранин и жртва, победник и победен. Ги препознавав тие делчиња во себеси, но сè уште не знаев што да правам со нив.

112


Трип-хоп музиката повторно најавуваше враќање со албумите на Massive Attack и Tricky. Но, краткотрајно - премногу беа бавни и несоодветни за брзото време во кое беше основан Google и терминот Google it владееше со виртуелниот свет на информациите кои знаење и моќ значат. Хуго Чавез беше избран за претседател на Венецуела и тој храбро ќе ù пркоси на една светска велесила, додека нашата земја сè уште се обидуваше да им удоволи на оние посилните од неа, без иницијатива, решителност и вистинска слобода се претелкавме во сопствената кал и не знаевме каде одиме и дали има каде да одиме. На крајот на годината добивме една престапна секунда, но можеби и изгубивме една секунда од животот уште пред да стапнеме во следната година, што не беше добар предзнак.

113



WALK THIS LAND - E-Z ROLLERS ◄◄ 1999 ►►

Војната на Косово се разгоре, НАТО интервенираше, а јас повторно се откажав од студиите, заминав во помирен дел од светот и се обидов да најдам смисла во сето тоа. „Ти се допаѓа драм енд бејс?“ го прашав главниот готвач, млад тип од Велс со „wicked“ готвачка вештина, како од филм - високо превртување зеленчук во вок тава, палење на јадењето и прелевање со бујонот кој што се крчкаше околу тавите и огнот, и сето тоа со звуците на Micky Finn & Aphrodite од едно касетофонче до него. 115


"Се разбира, другар, го сакам! И тебе ти се допаѓа? Кои бендови ти се омилени?" "Да, да... Alex Reece, Roni Size & Raprezent, Goldie..." ги изрецитирав најпознатите имиња како од енциклопедија, а тој додаде „Alex Reece, одлично другар, Candles, одличен сингл!" и потоа ме праша за Македонија и за конфликтот на Косово. "Албанците навистина не ги сакаат Србите, но не и Македонците," се уфрли една девојка која пребегала од граѓанска војна во една од африканските држави. Потврдив и им кажав дека кај нас е поинаку, не бевме толку блиски како што се живееше во поранешна Југославија, но не се ни мразиме. Главниот готвач ја лижна ризлата, го запали џоинтот и вдиша длабоко. Се закашла и како наеднаш да му текна нешто ги крена рацете високо. „Вака ли игра вашиот народ?“ ме праша и вешто го изимитира Тешкото. Се насмеав и потврдив. Потоа на брзинка ни приготви превкусно јадење од ориз и пилешки копанчиња со зеленчук кои ги јадевме со кинески стапчиња. 116


Газдата Индиец не ме трпеше и секогаш ме гледаше како да сум дошол од некоја убиј-боже земја да му го земам лебот или да му украдам нешто од неговиот ресторан со азијатска концепција. А се трудев, дури и џангл ДНБ типот го потврди тоа со зборовите дека сум „good worker“, но на газдата на памет не му паѓаше, дури ни кога работев во две смени четиринаесет часа миење валкани садови и остатоци од прескапи јадења кои чинеа колку мојата тридневна заработка, дека вредам за тие пари. „Прво ги фрлаш остатоците во кантата за отпадоци, потоа ги плакнеш чиниите со туш и ги ставаш во машината за садови,“ ја отвори машината која изгледаше како контејнер со капак, а од внатре изби врела пареа, „но, пред тоа ги вадиш измиените садови, пази да не се попариш, и ги редиш секое на свое место во кујната. Едноставно е и немој да доцниш зашто целиот ланец во кујната ќе се поремети.“ Навистина едноставно. Првата вечер ми се натрупаа толку садови што сите ми негодуваа, и иако ДНБ типот ми помагаше, не можев

117


да запаметам каде стојат многуте садови за јадење и готвење во пренатрупаната кујна. Во брзање скршив една чинија и бидејќи ми беше кажано дека секој сад ќе ми биде одземен од платата, скришно го фрлив во кантата за ѓубре. Сè на сè, со звукот на Walk this Land од E-Z Rollers и не беше толку тешко. Подоцна, вечерта додека ја чистев кујната и на крај тоалетот, пред да го изнесам ѓубрето, кога ја влечев кесата по скалите нагоре, скршената чинија ја скина кесата и целата храна се истури врз скалите. Да биде поголема траги-комедијата, врз бетонските скали имаше метални решетки кои морав да ги чистам една по една за да ги соберам остатоците од храна заради кои инаку би бил казнет од платата. Пред излезот од затворениот ресторан се собра некаква банда како од американски гето филм и немав храброст да поминам покрај нив. Чекав додека да заминат за да извадам жива глава од Portobello Road, крајот кој што стануваше сè повеќе популарен, особено поради живата лигавештија од филм, Notting Hill, иако сè уште вриеше од сомнителни типови и беше

118


вистинска слика на космополитскиот Лондон каде што можеше да сретнеш од Јамајканец до Балканец. Но, работа си е работа и сам ја барав, без никој да ме тера - парите кои ги заработував таму за една недела како мијач на садови беа поголеми од тие кои ги заработував хонорарно дома со преводи и пишување текстови за цела година и заради тоа вредеше. Да можеше да ме види братучед ми кој ми ги гасеше GNR во 1985-та ќе беше горд на мене, зашто почнав да ги слушам Идоли и Хаустор, Шарло Акробата и Азра, веројатно доцна сум созреал за интелектуална музика од славните југословенски 80-ти. Но, повторно ме влечеше мојата земја која патеше заради проблемите на нејзините соседи. Со Владо се упативме на одмор во Охрид во кампот Лагадин. Имавме дваесет и една година и двајцата штотуку раскинавме со девојките. Носевме само неколку касети со нас и старо раздрндано радивце кое им додаваше дополнителен „шмек“ на касетите со веќе лош квалитет. Бидејќи ја надминав фазата на љубов кон крцкањето на грамофонските плочи, тогаш

119


бев во фазон на придушениот, на граница на распознавање, панк хард-кор или металски призвук на касетите. Ги чистевме излижаните и замрсените касетофонски глави со алкохол, ги лепевме и спојувавме касетофонските ленти кои постојано се кинеа од неуморното вртење, сосема соодветно на DIY или панкерската етика „направи сам“. Бевме сместени блиску до влезот во кампот и луѓето постојано се вртеа кон нашиот шатор и звукот кој допираше од нашето ѓубре од касетофон за да ги видат тие „валкани и бучни металци“. Ме провоцираа нивните погледи исто толку колку што нив ги провоцираше нашата музика или стил на облекување. Но, на некој чуден начин, тоа ми се допаѓаше, бидејќи отсекогаш сум сакал да бидам осудуван и одделуван од околината, можеби бидејќи така го потврдував сопственото значење и постоење. Тогаш мислев дека „да бидеш поразличен, е да постоиш,“ а не сфаќав дека всушност барав потврда за сопствената различност токму од конвенциите на толпата од која сакав да се 120


разликувам. Тоа беше парадоксот на моето живеење. Деноноќно ги слушавме The Gathering, особено албумот Mandylion, каде мрачните тонови и тешките гитарски рифови се мешаа со нежниот и чист глас на вокалистката, кој како да осветлуваше некој дотогаш невиден дел од мојата душа и од небото над нас, откривајќи ни илјадници, за нашето замаглено од смог скопско око, претходно невидени небесни тела. Тогаш посакав да напишам детска книга за астрономијата, бидејќи во обичниот живот ни недостасуваше науката, особено познавањето на вселената, премногу лесно се осудувавме и премногу тешко се разбиравме - ни требаше нешто да ни даде поголема и поинаква перспектива. Мојата лична перспектива во музиката назадуваше, се чинеше дека се навраќам назад, наместо да гледам напред, но војната во Косово заврши и тоа беше добро. Доаѓаа помирни времиња... можеби.

121



THE TIME IS NOW - MOLOKO ◄◄ 2000 ►►

3, 2, 1... Среќна Нова Година! И молк... ништо не се случи, Милениумската бубачка не нè изеде и цивилизацијата длабоко издивна со олеснување, а потоа забрзано продолжи да ја гради, труе и загадува планетата, да ги сече шумите и да ја копа земјата во потрага по минерали кои збогатуваа едни, а убиваа други. Сè беше во ред тоа лето Господово двеилјадито. Но, за мене беше побитен еден друг празник, 100-годишнината од објавувањето на Толкува­ њето на соништата на Сигмунд Фројд, книга која се смета за зачетник на психоанализата - одлично време за самоиспитување. Редовно 123


си ги запишував соништата и почнав да одам на психоанализа кај невропсихијатарот д-р Марина, единствениот стручњак за јунговска аналитичка психологија кај нас. „Сонував графит на кој што го пишуваше името на татко ми. Извадив пиштол и пукав во него“ ù раскажував на докторката. Патот во несвесното сосема ме обзема и ако постои начин тоа да се постигне без дрогите - психоанализата му е мајката. Се запишав на психологија. Ги положив сите испити на време, преведував и пишував хонорарно, интензивно цртав и веќе имав неколку готови книгички за објавување. Дали конечно се пронајдов?... Ја пронајдов и вистинската. Не можевме да се разделиме, а кога се разделувавме со часови разговаравме по телефон. Толку бевме различни што се вклопувавме совршено, како јин и јанг. Седев на ѕитчето со жардињерите пред Зизи Топ еден од последните бастиони на стариот рокенрол звук во Скопје. Таа беше со моја

124


другарка од средно, и веднаш ја забележав нејзината насмевка. Прв пат излеговме во Њу Ејџ. „Едната книга ќе има физичка дупка во средина, а приказната ќе се одвива околу дупката и во интеракција со неа,“ ù кажував за моите идеи за книги и таа ме впиваше со нејзините очи со боја на лешник, а јас, прв пат во животот, просто не можев да престанам да зборувам. Њу Ејџ веќе не постои, барем не таков каков што беше, како ни мистичната атмосфера, како ни придушените светла и егзотичните чаеви, грееното вино и салепот, кафето со локум, но остануваат тивките муабети и звукот на Dead Can Dance. Зизи Топ исто така веќе не постои, но ѕидчето на кое што ја поминавме првата вечер во бескрајни муабети и случајни насмевки, сè уште е таму како потсетник на едни поинакви времиња. Мјузик Гарден неславно заврши под притисок на здружените сили на полицијата и турбофолкерите, но живите свирки во Маракана и Лејди Блу, со задолжителните Day Off, колку-толку ни го одржуваа нивото на музичка свесност за рокенролот.

125


Двајцата повеќе сакавме мали свирки, отколку големи концерти. Во минатото навистина уживавме во МКЦ и неговото легендарно бифе, или езотеричниот Куршумли Ан со веќе митските концерти на Архангел, Кисмет, Кирил или Њу Ејџ фестивалите, но подоцна дишевме полесно во зачадените мали и интимни места каде што музиката ги исполнуваше просториите со толкава густина што ти го обземаше срцето - и нема бегање. Толку го засакавме албумот Californication на Red Hot Chili Peppers што на последната песна од него, Road Trippin, го одигравме првиот танц на нашата венчавка неколку години подоцна. Тој албум навистина одлично „нè возеше“. „Не можев да заспијам. Постојано станував и запишував нешто - идеи, планови, концепти за раскази... Сонот полека ме обземаше, но тогаш почнав да се гушам и рипнав од креветот. Пред мене се наоѓаше грст топчиња, како огромен грозд, и тие ме повикуваа да ги допрам. Беа цврсти и безбојни. По неколку секунди исчезнаа,“ ù раскажував на д-р Марина во нејзината ординација во близина на Њу Ејџ.

126


„Тоа се само хипнагошки халуцинации, се јавуваат пред заспивање“ ми рече таа, но јас верував дека се работи за нешто повеќе, некоја порака од несвесното или надсвесното која што требаше да ја дешифрирам. The Time Is Now на Moloko свиреше од слушалките, а јас пишував како луд на тогаш веќе стариот Pentium 1 со оперативен систем Windows 95 кој што сестра ми го остави во наследство откако замина за Англија, и редев страници и страници соништа, куси раскази, песни, сеќавања. Сето тоа, како и моите пет необјавени книги, ќе бидат изгубени во ходниците на минатото откако ќе ја објавам првата книга. Ѕидовите на мојот подрум беа исполнети со исечоци од списанија за музика и филм, а омилените и страшните слики од Hieronymus Bosch, Edvard Munch и Salvador Dalí ја надопол­ нуваа атмосферата на сурфање по несвесното. Во тој андерграунд свет се чувствував комотно и таму се собиравме со друштвото. Мојот подрум на некој начин стана место за излегување.

127


Тогаш не бев свесен на тоа, но на девојка ми сигурно не ù било пријатно во моето „подземно“ друштво составено од луѓе без идеја и цел во животот, деца од разведени бракови и трауми од детството. Иако го сакаше рокен­ролот и одеше по свирки, нејзиниот живот беше подреден, ги имаше двајцата родители, го ценеше факултетот и трудот, од дваесеттата година веќе работеше, сè уште студирајќи. Таа ми беше очајно потребна зашто ми даваше доза нормалност и се восхитував на нејзината решителност и истрајност. Таа ме центрираше и беше моето сидро во хаотичниот океан на постоењето кое го барав целиот мој живот. Симнувавме и разменувавме музика и филмови, иако уметноста таа година беше во криза, старите 90-ти секогаш нудеа нешто добро. Тоа што векот заврши со култните филмови како The Matrix, Fight Club, Dogma, Magnolia, Office Space, Lock, Stock and Two Smoking Barrels, Ghost Dog, Eyes Wide Shut, The Blair Witch Project и American Beauty, можеби укажуваше на тоа дека луѓето исплашени од магичната бројка посакуваа да го направат најдоброто пред да дојде крајот. 128


Милениумската бубачка го исплаши целиот свет и никој не знаеше дали ќе се вратиме во преддигитално доба. Но, сега откако сè помина, како да се опуштија, па со исклучок на филмот Snatch, популарната филмска уметност се откажа од добрата приказна за сметка на експлозиите, брканиците со коли и евтините возбуди. „Секоја приказна е пишувана на мал лист хартија со размер 4x9 см. Физичкото ограничување те тера да ги најдеш и употребиш само вистинските зборови...“ зборував додека павкав од West цигарата и ги држев ливчињата пред мене. Таа ме гледаше со насмевка на работ од нејзините полни усни. Бев опиен од виното и од неа, од желбата да пишувам и да создадам нешто невидено. Книгата со дупката или ливчињата никогаш не се остварија во печатен формат, како и многу други мои идеи, но тоа не беше битно. Важното беше дека бевме таму и живеевме во моментот. Се забавувавме на Новоградска на прославата на Нова Година во МКЦ. Новиот век беше започнат, бевме млади и полни со живот и планови, горевме од желби и соништа и имавме големи исчекувања. И тогаш иднината уште еднаш си поигра со нас. 129


130


CLINT EASTWOOD - GORILLAZ ◄◄ 2001 ►►

Нè разбудија меѓунационални конфликти кои прераснаа во тешки вооружени судири. Несигурноста лебдеше околу сите нас и нè обвиваше како густа магла. Ги полагав испитите од втора година психологија додека на 15 километри од нас се слушаа експлозии и удираа бомби. И додека природата се будеше од зимскиот сон, нас секое утро од кревет нè штрекаа авиони, а нервите полека нù попуштаа. Седев со тетка ми во нејзиниот стан во Сараево и додека гледав некој филм, таа зборуваше и гасеше цигара за цигара во една тегла полна со вода. Кога прв пат влегов во тој стан по 10 години не можев да верувам колку сè беше 131


исто, како да било замрзнато во времето. Подметнувачите за чаши од плута, чиниите од жолто стакло и шолјите од порцелан со боја на бело кафе. Во собата на братучед ми сè уште стоеше огромниот тапет со есенски пејзаж и црвената ламба под која што тој решаваше задачи по виша математика, а мене кривите синусоиди и знаци за бесконечност тогаш ми се чинеа како некое таинствено писмо од вонземска раса дојдена право од книгата „Мистерии“ на Артур Кларк која што стоеше на полицата до системот од кој што допираа задолжителните звуци на Нико као ја на Идоли. На фасадата од зградата се гледаа остатоци од гранати и шрапнели, како и на околните згради, но во тој затворен свет немаше никакви видливи остатоци од бурните времиња. Во станот за времето на војната во Босна останал тетин ми, повлечен човек со крупни раце и прозрачен поглед, физичар кој кога бев дете постојано играше табланет со мене и ми лупеше јаболка сечејќи ја на мали кришки кои јас со сласт ги јадев, додека ме учеше за основните закони

132


на физиката, како се дефинира гравитацијата и „Колку нозе има коњот, кога ќе крене една?“ Секогаш си замислував каубојска сцена од стриповите кои во плакарот ги чуваше братучед ми, во која Таличен Том му ја крева ногата на неговиот шекнат коњ и сите гледаме дека коњот сè уште има четири нозе. Во 2001 Clint Eastwood на Gorillaz нè потсети дека живеевме во време на Клинт Иствуди, и ме воведе во светот на еден поинаков звук кој многу ми се допадна. Тетин ми повеќе не беше жив, а за тоа како преживеал за време на војната спиејќи во ходникот од станот подалеку од прозорците и помагајќи им на соседите и за тоа како сите го почитувале, иако бил единствен човек од грешна религија и нација кој останал во зградата и веројатно во маалото, ми раскажуваше тетка ми. Наеднаш програмата на телевизорот беше прекината со Вонредни вести. Се наоѓав сред Сараево, град кој до пред пет-шест години беше во војна и тоа што го видов на телевизорот ме сепна. Но, тоа што следеше беше надвор 133


од сите очекувања и јас, тетка ми, Сараево, Европа и светот занемевме. Беше 11 септември 2001 година и судирите во мојата земја стивнаа. Пред неполн месец беше потпишан договор кој ќе им обезбеди права на малцинствата. Се чинеше дека доаѓаат подобри времиња. Веќе некое време престојував во Белград и се обидував да ги продолжам студиите по психологија таму. Во меѓувреме братучед ми ме водеше по концерти и свирки на неговиот бенд Vrooom и ја истражував алтернативната српска музичка сцена. Ноќе акав по книжарници кои работеа 24 часа и се враќав доцна опиен од зборовите и приказните кои сè уште живееја во мене. Го открив Данил Хармс и ми се чинеше дека сум го открил најголемото богатство на светот. Ми дадоа стара машина за пишување и на неа, повеќе од фетиш отколку од потреба, почнав да пишувам куси раскази под влијание на Хармс. Chop Suey! на System of a Down во Америка беше ставена на листа на песни кои се непожелни за

134


емитување, заедно со 165 други песни, од кои многу го содржеа зборот "fall", вклучувајќи ги сите песни на Rage Against the Machine. Големиот хит Fallin' на Alicia Keys не се наоѓаше на таа листа како сведожба на лицемерието на машината за која парите се сепак на врвот на Светскиот Трговски Центар на животот. Беше време на помпезни изјави и мобилизирање на масите. Pyramid Song на Radiohead настапи како конктрапункт на новото време кое како чудовиште направено од флуоресцентни и маслинесто-зелени рекламни паноа блуеше оган, шиштеше и рикаше. Песната упатуваше на интровертност и интроспекција, додека клавирот настапуваше како историска вистина, а гласот доаѓаше од длабочините на тешката депресијата, каква што ја зафати нашата држава. Тој глас повикуваше на откажување, на завршување на маките, а виолината мамеше како митска сирена романтизирајќи ја смртта. Но, соочен со можноста за завршување на егзистенцијата никој романтично не го очекува крајот, туку очајно бара начин како да го избегне.

135


Сонот продолжи и реалноста печеше со Dream On на Depeche Mode во позадина, а албумот Tribute to Mizar излезе за да нè потсети на едни поинакви времиња. Иако порано ги сакав, заради готиката, мрачнотијата, панкрок и етно призвукот, во таа 2001 година ми се чинеа сосема соодветни за времето - националистички, удирање во гради и повикување на бој, заради што едноставно не можев повеќе да ги слушам. Нешто во мене органски се бунтуваше против тие идеи. Готиката почна да ми делува премногу нацистичка, како војничка чизма што удира по грбот на обичниот човек и албумот A Fine Day to Exit на Anathema за мене значеше конечно напуштање на готик-метал звукот од мојата музичка кутија. Paradise Lost, My Dying Bride, Theatre of Tragedy, Moonspell, Tiamat и многу други бендови ненадејно излегоа од мојот живот, исто така како што и влегле. Harder, Better, Faster, Stronger на Daft Punk беа тука да орасположат, да дадат надеж во една подобра модерна Европа која што не се врти кон своето тешко минато, туку учи од

136


сегашноста и гледа кон иднината - на сите нејзини народи... но, што може музиката кога многу поголеми мрачни сили владееја со нас, грижејќи се само за цивилизацијата од која што ние не бевме дел. Останавме само кукли на конци кои што се движеа како што сакаше семоќната рака. Повторно дома, повторно во Њу Ејџ. И додека светлината од свеќата пред нас трепереше, а Pagan Poetry на Björk совршено се вклопуваше во концептот на мулти­религиозноста, и повеќенационалноста, како една вкусна турлитава од мириси и звуци. Повторно муабети за книги и музика, и како позадина на сето тоа радоста што издржавме и бевме заедно, а таа не се откажа од мене кога ја оставив без одредена идеја и план. Но, тоа беше нашата балканска реалност - да се живее без план и перспектива, со постојано стискање на забите и грч во телото, од ден за ден. Бевме подготвени за таков заеднички живот.

137


138


BY THE WAY - RED HOT CHILI PEPPERS ◄◄ 2002 ►►

„Извади ги очилата да те видам,“ ми рече човекот кој што пред повеќе од десет години го викав „тато“ и кој што тогаш ме пикна во кола како куфер полн со валкани алишта и ме остави на железничка станица, 650 километри од дома, да ме соберат од службата „изгубено-најдено.“ Но, телефонскиот повик кон сопственикот на куферот не пристигна, затоа што на куферот немаше адреса на враќање. Го најдов во Црна Гора, откако пребегал заради војната во Босна. Имаше нова жена и три нови деца. Ги видов како спијат на детски кревети, со прекривачите паднати на под, две момчиња 139


на кревет на кат и едно девојче посебно. Тоа беа моите браќа и сестри кои не ги познавав. Не го познавав ни нивниот татко. Со девојка ми тргнавме за Белград, со идеја, но без план за изведба. Пронајдов некои луѓе од минатото кои ме упатуваа на други луѓе и некако му ја открив трагата која што завршуваше во Подгорица. Потоа отидовме на одмор во Херцег Нови и таму се сретнавме. Она што не ми го направи војната, тој успеа - ме натера да се откажам повторно од факултетот во очаен мазохистички обид да ги потврдам неговите зборови кои ме поразија: „Сè што расте на дрвото на мајка ти, не може да расцвета.“ Се опивав со електро-рокерските звуци на албумот Zivot pocinje u 30-oj на Darkwood Dub, и се тешев со насловот - можеби сè уште има надеж за мене. Ги затворив вратите на мојата соба, ги затворив прозорците, си ја затворив душата и единствениот прозорец кој што сè уште беше отворен беше Microsoft Office Word на компјутерот. Ги исполнував белите листови со букви како животот да ми зависеше од тоа, секоја ноќ од 12 до 6 часот наутро. Ја пречекував мајка ми 140


која што стануваше да оди на работа и заспивав. Понекогаш рипав една ноќ спиење. Живеев во свет кој што сè помалку наликуваше на реалност. Но, нешто добро излезе од тоа - мојата прва книга. „Леле, колку е задушливо!“ Владо влезе во мојата соба и ги отвори сите прозорци и ролетни. Се замислив како се пикам во еден ќош од собата и шиштам како лилјак. На масата имаше преполн пепелник со отпушоци, сите дваесет, кои ги испушив таа ноќ. Од компјутерот допираа звуците на Hurt од NIN во обработка на Johnny Cash, која што ми беше ставена на „repeat“ и свиреше цела ноќ. Владо ја смени песната, но не го прашав зошто. И самиот знаев колку е депресивна. „Морав да пречукам еден расказ, го затворив по грешка, а не ми беше снимен. Го пишував цела ноќ... едноставно морав повторно да го напишам, но вторава верзија не е тоа што беше,“ му се пожалив, а Владо одговори со вообичаеното „аха“. Звукот на By the Way на Red Hot Chili Peppers доаѓаше од звучниците и јас го рокнав гласот до даска. Пред мене беше нов ден и решив да не спијам. 141


До крајот на годината ја завршив книгата, но немав јасна идеја што да правам со неа. Едно утро се разбудив со дотогаш невидена решителност. „Сонував како седам сред улица и пишувам. Ги закачував моите приказни како алишта на жица, а минувачите можеа да читаат и да ги купуваат расказите. Се разбудив и знаев дека треба да барам издавач за книгата,“ ù раскажав на д-р Марина. Се сретнав со Кољач, уредникот на списанието кое што пред речиси десет години ми го смени целосниот светоглед. Секој можеше да рече што сака за моето дело и не ми беше многу гајле, зашто верував дека знам што правам, но Кољач, овој пат во лице, повторно ми го протресе битието. „Ова треба да се смени целосно, и што е оваа глупост, зошто завршува вака приказнава, нема логика, оваа да ја исфрлиш сосема...“ остро и безмилосно се редеа неговите зборови, а текстот кој што претходно ја испечатив и поврзав со корица, како вистинска книга брзо се исполни со коментари и чкртаници. Глумев разбирање и рамнодушност, а срцето ми тропаше како лудо.

142


„Но, добро е, ми се допаѓа, ќе ја објавиме,“ заврши на крај во неговиот добро познат стил. Излегов од таму со помешани чувства и без јасна визија што да правам понатаму. It's Too Late на англискиот бел рапер Mike Skinner од The Streets како да го пресликуваше мојот живот. Премногу пати ù доцнев на девојка ми и премногу пати се извинував дека пишував и дека се заборавив, но таа знаеше дека не ја лажам и брзо се смируваше, а потоа се упатувавме кон Лејди Блу, карши домот на АРМ, до некогашното кино Култура, на жива свирка, каде што тезгашкиот рокенрол го заситуваше воздухот заедно со чадот од цигарите и така притеснети во малиот простор се опивавме од љубовта и музиката. Беше 2002 година и Britney Spears имаше 20 години. Таа беше најмоќната славна личност, а јас имав 25 години и, додека Dreaming од Kismet свиреше во позадина, размислував да се откажам од сè. Не можев повеќе да пишувам, особено не можев да правам нова верзија на книгата која за мене беше готова и совршена, а сигурно не можев повеќе ниту да студирам, немав работа, ниту перспектива. И... каде сега? 143


144


SEVEN NATION ARMY - THE WHITE STRIPES ◄◄ 2003 ►►

Сепак не се откажав од книгата. Мислев, јадев и живеев за таа книга. Многу текстови испаднаа, а нови дојдоа на нивно место. Во соработка со Кољач се доближивме до финален минималистички производ кој му даваше на читателот една авантура во која што самиот требаше да ги пронајде можностите и световите чиј никулец беше посаден во книгата. За прв пат во животот се почувствував задоволен. Едно утро првиот испечатен примерок од книгата ме пречека на маса. Неколку примероци. Сè уште не знаев како се чувствува човек кога ќе му се роди првото дете, но бев убеден 145


дека моето чувство е токму такво. Ја пуштив Evolution Revolution Love која што ми пружаше радост бидејќи Tricky конечно навлезе во мејнстримот и ја прелистував книгата. „Ако воопшто постои чувство на среќа, ова е тоа,“ помислив. „Ништо не правиш ти со факултетот,“ ми рече службеникот за регрутација. Не одговорив ништо. Само одмавнав со главата зашто знаев што следи. Повеќе од година дена немав положено испит. Книгата беше објавена и сите приказни и идеи сега беа надвор од мене. Сосема изгубив интерес за пишувањето. Како сè да бев истурил во неа и сега немав ништо повеќе во себеси. Немав амбиции, ниту желби. „Знаеш ли да готвиш?“ ме праша службеникот, а мене тоа прашање ми се причини толку апсурдно што се насмеав гласно. „Е па, ќе работиш во кујна,“ ми рече тој и јас без збор се потпишав, ги собрав документите и како во некој сон на Франц Кафка, воден од сили кои беа посилни од мене и немав никаква контрола врз нив, излегов од таму и се препуштив на судбината.

146


Секое утро станувавме во 4 часот и безуспешно се обидувавме да се стоплиме во комбето на чие што парно му требаше половина час да се загрее, а потоа безмилосно дуваше врел воздух со задушувачки мирис на дизел и жешка гума. Возачот беше кул тип и сакаше рок. Понекогаш на радиото ја фаќавме The Hardest Button to Button од The White Stripes, или Seven Nation Army, што беше сосема згодно име на песна во нашата ситуација, и зборувавме за новиот бран на гаражниот рок и колку тоа ù требаше на безличната музика на новиот милениум. Да, живоста и креативноста на 90-тите му беа повеќе од потребни на новиот век кој што се задоволуваше со просто копирање на претходните децении. Другиот тип беше граничен случај на ментална ретардација со заби како разнесени од петарда, уши како од цртан филм и неспретно високо тело. Не разбираше ништо што зборуваме и постојано се смееше без никаква причина. „Мајка ми вчера те видела како зјапаш во нашата кола,“ се насмеав и не одговорив ништо. Тоа беше Тепачот, кој што доаѓаше понекогаш на место на граничниот. На сите им се закануваше 147


и измислуваше приказни за тоа како си му украл нешто за да се закачи со тебе. „Добра песна,“ рече постариот крупен Ром за Hey Ya! на OutKast која трештеше од радивцето во кујната. Јас рибав тави од лепливи остатоци од пилешки копанчиња, а тој ја извади кутијата со скриени чоколади Еуроблок и сокчиња Вива. Знаев дека ги продава на тезга, но не му замерував. Ромите никогаш не ми направиле проблем. Можев само да научам од нив како кога си паметен најдобро е да се правиш глупав и неспособен, па ќе те остават на раат, а сите Роми беа паметни, особено другиот, поситен и буцкаст тип кој што знаеше од чиста мира да заигра брејкденс и постојано со намерно тапа фаца на старешините им велеше „не разбирам господине.“ Одевме на капење во Градскиот парк, во близина на Луна паркот, веднаш до некогашното Мјузик гарден што во мене будеше носталгија. Но, во војска нема време за размислување, буцкастиот Ром веднаш нè засмејуваше со неговото играње. „Види го ова,“ ни рече и се преврте главечки врз едното рамо и сето тоа гол пиштол! Надреално. 148


Товаревме големи контејнери со храна кои тежеа повеќе од педесет килограми и ги влечевме во комбето. Потоа следеше отворањето на кујната, расправиите со војниците кои секогаш бараа повеќе и мислеа дека им крадеме од храната, рибањето на садовите и кујната. Еден час одмор и процесот започнуваше одново. И така цел ден, до вечерта кога се струполувавме во кревет за денот да отпочне одново. Во собата се крадеше сè, чевли, панталони, врвки, колани... Еден од пајташите ми покажа како лесно се отклучува кој било катанец, а еднаш дури ми украдоа и четкичка со паста за заби, но секогаш можев да оставам книга врз перницата и да ја најдам на истото место. Еден десетар влезе со купишта чаршави и ги фрли врз едниот од креветите. Брзо ги разграбавме. „Еј, па овие се жива вода!?“ се побуни еден од војничињата. „Па?“ му одговори цинично десетарот. Во војска легнуваш врз мокар чаршав и тоа е едноставно така - еден од животните факти кои 149


треба да ги прифатиш со достоинство, додека на слушалките ти свири St. Anger од Metallica и се прашуваш што останало од овој твој омилен бенд од детството. Кога ме преместија во „кафе-куварскиот“ оддел, во паузите од варење кафе и местење на креветите на старешините, имав повеќе време да прочитам по нешто. Секое утро ги собиравме старите весници и им носевме нови на старешините. Весниците ми станаа примарен извор на пополнување време и ги читав од првата до последната буква. Набрзо почнав да забележувам сличности и шема во вестите, си замислував дека го гледам инсектовидното суштество со новинарски склоности кое плетеше мрежа според точно одредено кодирано упатство скриено во програмата на неговите гени. Times Like These на Foo Fighters ми свиреа на вокменот. Лежев во воена болница и не знаев што да правам со себеси. Нашите времиња беа за никаде, сè уште не бевме опоравени од немирите кои и понатаму повремено се случуваа. И тогаш ме удри. 150


„Јас ќе бидам пајакот,“ вресна нешто во мене и почнав да пишувам мои лични весници - за светот како го гледам, изолиран од надворешниот свет, во дистопијата на болницата и касарната творев сопствена утопија. Се забавував како никогаш во животот, а Мизар се обединија повторно и се надевав на нешто ново и возбудливо на домашната музичка сцена.

151


152


WHAT YOU WAITING FOR? - GWEN STEFANI ◄◄ 2004 ►►

Секојдневниот живот наместо со радост ме пречека со сурово освестување. Без работа и без перспектива се обидував да ги склопам коцкичките од скршеното минато. Наместо да размислам за проблемите решив да бегам. Престанав да одам и наместо тоа трчав, туркајќи го секој оној кој што ми застануваше на патот. Спотот на Take Me Out на Franz Ferdinand со неговите соц-реалистички алузии трештеше од телевизорот и јас се карав со девојка ми. Таа замина и Let's Get It Started на The Black Eyed Peas засвире јако и бесрамно, како совршена 153


подлога за безгрижен живот исполнет со површни вредности. Музиката дефинитивно беше во криза, како и ние двајца. Donkey Hot на Foltin нè потсетуваше на саундтракот на Le Fabuleux Destin d'Amélie Poulain и на едно друго време во кое опкружени со несигурност и страв се туткавме едни во други и си дававме утеха. Оваа година се појавија најголем број Greatest Hits албуми во историјата. Се чинеше дека и музиката е исцрпена и нема идеи. Студиите ми се чинеа како идеја која што се наѕира на хоризонтот, но е толку далеку што се чини нереална, а од работа немаше абер. What You Waiting For? на Gwen Stefani свиреше на портабл радивцето во моето црвено Југо Корал 1.1, како совршена дефиниција за мојот тогашен живот. „Што чекаш, бе!“ дрекна возачот зад мене додека лежеше на свирката, ни сам не знам колку време. Бев замислен над тоа што нè чека и дали сме подготвени за тоа. Нашиот претседател загина во авионска несреќа и повторно нè совлада страв од несигурни 154


времиња, а Америка го избра Џорџ Буш за нивен претседател. На Марс се најдени докази за некогашно присуство на вода, додека НАТО сè поагресивно продираше во Источна Европа. Стиснав на гаста и тргнав понатаму, во непознатото. „Бремена сум.“ Некои зборови може да ти го сменат животот. Наеднаш сите дилеми се решени и знаеш што треба да правиш. Конечно имав мисија. Ја однесов подготвената книга со измислени вести, дизајнирана како весник, да ја понудам на издавање, но таа книга, наместо ново издание, ми донесе постојано вработување. Чудни се патиштата културни. Од канцеларијата на некогашниот Културен Центар Точка, на Илинденска број 38, вистински центар на алтернативниот културен живот во Скопје, од каде што многу млади уметници го започнаа својот пат, се слушаше Vertigo од U2. Работев на дизајнот на списанието Маргина кое веќе неколку пати во животот се покажа како пресудно за мене. Еден колега со книжевничко 155


педигре и обичај да поставува незгодни и неочекувани прашања ме испрашуваше за моите писателски искуства. „Јас не сум писател. Јас сум само експеримен­ татор со пишаниот збор,“ му одговорив, а тој не беше задоволен од одговорот. Но, иако во следните месеци знаев да дојдам дома тресејќи се заради неговите непријатни коментари, сепак го сакав и бескрајно го почитував, како и сите други луѓе кои работеа таму и несебично се даваа за градењето на нешто поважно од самите нив. Јас станав дел од тоа, но тогаш не бев свесен дека всушност тоа засекогаш стана битен дел од мене. Ја држев раката врз стомакот на Би и зборував тивко. „Биди добро, Цмико?“ така го нарекував моето идно дете, иако тогаш беше само неколку клетки кои се развиваа со брзина на вселенско чудо. И тогаш почувствував нешто што не можев да го објаснам со зборови. „Што ти е?“ ме праша Би.

156


„Ништо,“ одговорив и се насмевнав зашто моето дете ми кажа дека животот наскоро ќе ми се смени и дека не треба да се грижам, зашто отсега тоа ќе биде главно. Веќе нема да се работи за мене или за Би, туку за неа, малото ситно девојченце кое од мигот кога за прв пат нè погледна од инкубаторот стана суштината на нашиот живот, а по неа и нејзиното братче. Но, тоа допрва ќе дојде и тоа е една сосема поинаква приказна исполнета со нови песни, сцени и соништа. Звуците од Road Trippin' се слушаа тивко во дале­чината. Каков само пат нè чекаше!

157



БЕЛЕШКА ЗА ДЕЛОТО

Според пребарувачот Google, 3 минути и 53 секунди е просечното траење на една модерна песна, а толку време би му требало просечно на еден читател да прочита еден расказ од книгава. Се работи за една историска анализа не само на музиката како рефлексија на општествените и политичките збиднувања во светот и кај нас, туку за една поширока општествено-културолошка анализа која оперира на три нивоа. Првото ниво е локалното, преку кое се истражува историјата на овие простори во конкретниот период и нејзината корелација со глобалните збиднувања, но и личните приказни на протагонистите во оваа книга. Второто ниво е глобалното, преку кое авторот се обидува да го анализира нашето место среде светските збиднувања и како тие се одразиле на нашата реалност. Третото ниво е индивидуалното, т.е. интимното гледиште на авторот за сите тие локални и глобални збиднувања, испреплетени со неговата лична историја. 159



Turn static files into dynamic content formats.

Create a flipbook
Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.