Virtuosi 2014 - brochure

Page 1




ОХРИДСКО ЛЕТО Педесет и третото издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе остане запаметено по неверојатните концерти на врвни музичари и изведувачи - Дмитри Хворостовски, хорот „Вива вокс“, Роби Лакатош, Ришар Галијано и авторскиот концерт на најголемиот жив композитор на денешнината - Кшиштоф Пендерецки. Авторскиот концерт на славниот полски авагарден композитор беше вистинско уживање за поклониците на неговата револуционерна музичка мисла. Настапот на врвниот руски баритон Дмитри Хворостовски на отворањето беше оценет како блескав и неповторлив. Незаборавен беше и настапот на хорот “Вива Вокс” кој молскавично го освои светот, и ги помести границите на традиционалната вокална изведба, како и концертот на „ѓаволскиот“ виолинист Роби Лакатош. На „Охридско лето“ настапи и креаторот на т.н. ново танго, Ришар Галијано, кој ја адаптира хармониката кон слободата на џез-стилот, покажувајќи врвна виртуозност преку која го истакнува богатството на звукот.

МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА

Македонската филхармонија – првиот добитник на наградата „Виртуози“ во категоријата „Музички организатор“ за 2012 година, и во 2013 година понуди креативна и добро обмислена програма со разнолики програмски циклуси (Лауреати, Виртуози, Кирилица, Симфониски концерти за деца, Филмска вечер) со внимателно селектирани солисти и диригенти. На концертната сцена заедно со нашиот најреномиран оркестар ги проследивме музичките креации на Валериј Соколов, Акико Суванаи, Јулијана Авдеева, Лазло Фењо, Ахмед Харфуш...како и нашите Софија Никоска, Александар Коловски, Здравко Ангелов, Игор Бакревски... Дека оркестарот блеска и во изведба на репертоар којшто е надвор од класичните граници докажаа концертите All for Love, „Види музика, слушни слика, добиј книга“, како и концертот “Balkan Fever” во рамки на Скопскиот џез фестивал. Филхармонијата на почетокот на годината гостуваше во Оман и изведе неколку концерти низ државата.

МАКЕДОНСКА ОПЕРА И БАЛЕТ Македонската опера и балет измината 2013 година се посвети кон одбележување на јубилеите на Верди и Вагнер, но и продукција на нови содржини. За прв пат на сцената на МОБ ги проследивме ведриот „Аптекар’’ на Хајдн кој ги промовираше младите оперски таленти, Вердиевиот „Атила’’ реализиран како копродукција со Народно позориште од Белград,извонредната домашна поставка на „Хофмановите приказни’’ на Жак Офенбах и Гуновиот „Фауст’’. Покрај редовната програма со низа балетски и оперски претстави, „Мајските оперски вечери’’, детските претстави, за прв пат во МОБ се одржа и меѓународна конференција „Верди – Вагнер“. Низата обнови и премиери го вклучуваат и поставувањето на националните балет „Александар III Македонски’’ од Љубомир Бранѓолица и современиот балет „14 Часа’’ на Кирил Џајковски, како и премиерата на мјузиклот „Пенелопе Х’’ од Никола Коџобашија во копродукција со британската компанија „Рајатс“ . Своите активности МОБ ги презентираше и во Џакарта во „Аула симфонија’’ и „Цу чи’’ и Народното позориште во Белград со учество во Гала балетски концерт по повод 50 години постоење на УБУС.


ДУО КИРОВСКИ Две децении исполнети со музика. Со постојано заедничко музицирање кое критичарите ќе го оценат како едно и единствено. Бидејќи, двајцата уметници кои го чинат „Дуото Кировски“ - Љубиша Кировски на виолина и виола и Маја Шутевска-Кировска на пијано, чија уметничка кариера годинава полни 20 години, дишат во еден здив. Звуците на виолината, виолата и пијаното се слеваат во една непрекината музичка мисла која плени во нејзиниот израз. Ова македонско Дуо може да се пофали со зад себе бројни настапи во земјава и во странство, со изданија (ЦД-а) кои несомнено ја исполнуваат празнината во т.н. трајни звучни вредности, со силна посветеност на македонското современо музичко творештво. Дел од композиторите своите дела ги пишуваат токму за овој состав, а „Кировски“ умеат тоа двојно да го возвратат, со прекрасни изведби кои се паметат, со многу аплаузи.

СКОПСКИ ДУВАЧКИ КВИНТЕТ „Скопскиот дувачки квинтет“ кој постои речиси четири децении, е еден од носителите на македонската музичка култура во областа на изведувачката уметност. Неговата специфика, како што кажува и самото име, составот од дувачки инструменти, го прави различен од останатите постоечки ансамбли од ваков вид во земјава. Во 2002 година тој е реоформен од страна на истакнатиот обоист Васил Атанасов, а со голем ентузијазам и врвен уметнички професионализам во него како постојани членови придонесуваат музичари од Камерниот оркестар „Скопски солисти“, Македонската филхармонија и Македонската опера - Марија Јакимовска, флејта, Ристо Ѓоревски, кларинет, Марјан Милошевски, фагот и Александар Гошев, хорна. Со мошне интересен и раритетен репертоар, со секогаш интересна, разновидна програма, оркестарот постојано ја воодушевува публиката со нескротливата енергија и очигледната желба за музицирање на неговите членови.

ТРИО АКАДЕМИКО Тројцата музички уметници кои остваруваат богата изведувачка соло кариера и дејствуваат како успешни педагози на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип: Златка Митева - флејта, Бранко Павловски - кларинет и Наташа Трбоевиќ - пијано, од минатата година решија да ги здружат своите креативни сили и да делуваат заедно во сферата на камерната музика под името „Трио Академико“. Иако нов, овој состав веќе ги освои срцата на публиката и наиде на позитивни критики, затоа што донесе свежина во камерната музичка сфера во Македонија. Покрај делата од светската литература, ансамблот веднаш се фокусираше и на македонската звучна продукција. Станува збор за музичари со висока професионалност и силен уметнички израз, а кои сега, својата индивидуалност ја проектираат и во взаемно музицирање, нешто што навистина недостига на нашата сцена


БРАНКА КОСТИЌ-МАРКОВИЌ Бранка Костиќ Марковиќ е уникатна појава во македонскиот медиумски простор. Особено стручниот и професионален пристап, но во истовреме и крајно телевизичен и прагматичен, ја прави подеднакво популарна и почитувана и во професионалните музички кругови, но и кај пошироката културна јавност. 2013-та година е особено успешна за неа со остварени над 20 авторски емисии во кои покрај останатите прилози посветени на македонските фестивали, институции, публикации, меѓународни и домашни концертни случувања се вбројуваат над 60 интервјуа со истакнати македонски и странски уметници. За нејзин посебен придонес минатата година се смета документарниот филм – своевидна видео-монографија за Илија Николовски – Луј по повод одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање, чија премиера се случи на 22. март 2013 година, пред преполното фоаје на Македонската опера и балет.

КРСТО СКУБЕВ

Своите обемни и долгогодишни искуства од делувањето во областа на културата, најнапред како долгогодишен член на АКУД „Мирче Ацев“, хорот на МРТВ, хорот на Операта на МНТ, а потоа и со толкувањето на неколку актерски улоги во Драмата на МНТ, како и солистички делници во Операта, и како раководител на Секторот за маркетинг, пропаганда, документација и издавачка дејност во МНТ и во Македонската опера и балет и во моментов член на маркетинг-тимот на Македонската опера и балет, Крсто Скубев ги сублимираше во делото „Од Моцарт до мобилните телефони“, кое во текот на 2013 година го претстави пред нашата јавност. Книгата го препознава и културолошки го означува духот на времето во кое што живееме, со огромното, пресудно влијание на мас-медиумите во обликувањето на музичкиот производ и рефлексијата што тоа влијание го има во односот кон публиката.

МИЛИЦА ШКАРИЌ Афирмираната македонска пијанистка Милица Шкариќ негувајќи ја концертната и педагошката дејност, во текот на нејзиното работење, во последната деценија со посебен интерес од научен аспект приоѓа кон обработување и истражување на теми од методиката на наставата по пијано и историјата на пијанизмот. Оваа дејност резултира и со имплементирање на позитивните сознанија како составен дел од наставната програма по пијано за основните музички училишта во Р. Македонија, објавувањето на повеќе трудови и учебник за возрасни почетници по пијано. Нејзиното најново издание во 2013 година е книгата „Интерпретациски проблеми на избрани дела за клавишни инструменти од Ј. С. Бах“, која претставува прва и единствена специјализирана литература од ваков вид во Р. Македонија.


АЛЕКСАНДАР КОЛОВСКИ „Македонија го има најдобриот хармоникаш во светот!“. Вака некако гласеа насловите на текстовите објавувани во македонските медиуми особено минатата година, информирајќи ја јавноста за големите успеси на Александар Коловски. Тој ги освојува престижните концертни сцени во Европа и светот, и секаде каде што настапува, публиката и критиката едногласно се воодушевува на неговата виртуозна техника, импресивниот начин на свирење, музикалниот пристап и особено, неговиот „нервен“ темперамент. Коловски е класичен хармоникаш, но неговиот силен интерес и кон вариете музиката, во која се содржани тангото, француската музика, џезот, го издвојува од останатите хармоникаши не само во Македонија, туку и во регионот и Европа. Во 2013 година, Коловски го доби признанието „Личност на годината“ од весникот Нова Македонија, за високи достигнување во областа на културата.

КВАРТЕТ “АУЛОС“ Овој камерен ансамбл, карактеристичен по својот инструментален состав, има задача да ја промовира флејтата и тоа повеќе од шест години наназад го прави исклучително умешно. Успехот на четирите флејтистки кои на некој начин, испишуваат женско музичко писмо, Марија Јакимовска, Ангелина Катмерова, Александра Тевдоска и Билјана Камчева, го потврдуваат и досегашните награди - прва награда на Државниот натпревар во Скопје во 2008-та и прва награда на Интернационалниот натпревар во Ваљево, Србија во 2009-та година. Младите музичарки, кои се студентки и магистрантки на Факултетот за музичка уметност во Скопје, внесуваат свежина на македонската музичка сцена со изборот на ретките дела, а формата на нивниот состав е предизвик и за македонските автори своите творби да ги посветуваат токму на „Аулос“.

МЕШАН ХОР “ДРАГАН ШУПЛЕВСКИ“ ПРИ ФМУ - СКОПЈЕ Благодарница од Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за успешна реализација и високи уметнички достигнувања на концертот по повод 24. Мај и дипломата за освоена Прва награда на Меѓународниот хорски натпревар „Црноморски звуци“ во Балчик, Бугарија се две минатогодишни признанија што овој исклучителен ансамбл ги освои. Но, тоа е само дел од досегашни успеси, многубројните награди и признанија кои хорот „Драган Шуплевски“, раководен од маестро Сашо Татарчевски, ги ниже од самото свое формирање. Носејќи го името на македонскиот истакнат хорски деец Драган Шуплевски, како да е предодреден да ги следи стапките на квалитетот, и со тоа да остварува значителен придонес во севкупниот музички живот во Македонија. Она што е уште позначајно, е што овој хорски колектив е неуморен во промоцијата и афирмацијата на македонската музичка култура надвор од границиве.


БАЛЕТ “АЛЕКСАНДАР III МАКЕДОНСКИ“ Балетот „Александар Трети Македонски“ од македонскиот композитор Љубомир Бранѓолица изминатата година премиерно беше изведен на сцената на МОБ на затворањето на 36. издание на фестивалот „Денови на македонската музика“, а потоа гостуваше на фестивалот „Скопско лето“, како и на сцената во Битола. Романтичниот карактер, кој доминира во музиката на Бранѓолица ја диктира целокупната атмосфера и во овој балет. Во него, како во музичката содржина, така и во кореографијата провејуваат лиризмот и романтиката. Бранѓолица, композитор со најобемен опус во сферата на балетската уметност кај нас, создава музика со емотивност и елегичност. Во балетот нема извикана и изнудена драматичност и спектакуларност, што пак му дава човечка, приземна и романтичарска димензија на ликот на големиот војсководец. Тоа всушност претставува и најголемиот адут на ова уметничко дело чијашто изведба е еден од настаните кои ја одбележаа 2013 година.

КОНЦЕРТ НА ДМИТРИ ХВОРОСТОВСКИ СО ОРКЕСТАРОТ И ХОРОТ НА МОБ Настапот на врвниот руски баритон Дмитри Хворостовски на отворањето на 53. издание на фестивалот „Охридско лето“ заедно со ансамблот на Македонската опера и балет под палката на Константин Орбелиан едногласно и од критиката, но и од публиката беше оценет како блескав и неповторлив, настан кој сигурно ќе влезе во историјата на фестивалот како еден од најрепрезентативните. Харизматичниот уметник со препознатлива бела коса и младешки изглед ја фасцинираше бројната публика во Античкиот театар. Големиот руски баритон се покажа не само како исклучителен оперски пејач туку и како мајстор во изведбата на руски романси. Оперскиот пејач за кого и најстрогите светски музички критичари не ги штедат епитетите, и го нарекуваат „господар на оперското пеење“ и „уметникот со кадифен глас“ придружуван од нашиот национален оркестар направи фантастичен концерт во Охрид кој уште долго ќе се памети.

КОНЦЕРТ НА КШИШТОФ ПЕНДЕРЕЦКИ СО МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА Настапот на најголемиот жив композитор на денешнината, полјакот Кшиштоф Пендерецки на фестивалот „Охридско лето“ заедно со оркестарот на Македонската филхармонија беше уште еден врвен настан кој ќе се впише на листата на најзначајни концерти во историјата на најстариот фестивал во земјава. Пендерецки е еден од најценетите живи композитори денес, автор на многу дела за кои доби престижни награди и признанија, а неговата музика е меѓу најизведуваните од современата литература на 20 и 21 век. Изведбата на македонската филхармонија под палката на славниот маестро беше вистинско уживање за поклониците на револуционерната музичка мисла на полската икона. Присуството на композиторот Пендерецки на фестивалот „Охридско лето“ е значаен музички настан кој безрезервно може да се квалификува како најзначаен концерт од класичната музика во последниве неколку децении.


СЛАВИЦА ПЕТРОВСКА-ГАЛИЌ 25 годишното битисување на уметничката сцена минатата година го прослави македонската Виолета Валери – првенката на македонската опера, певицата Славица Петровска - Галиќ. Долгогодишно искуство на македонската оперска сцена Славица Петровска - Галиќ ја чини раритетен уметник кој оперските ролји ги создава со леснотија, агилност во колоратурите како ретко кој сопран на нашата сцена, перфектна интонативна прецизност и силна експресивност на вокален и актерски план.

ВЕСНА ЃИНОВСКА-ИЛКОВА Мајсторот на драмата и патосот на оперската сцена и концертните подиуми во Македонија е првенката на Македонската опера, сопранот Весна Ѓиновска- Илкова. Минатата година премиерно ја изведе улогата на Одабела во Вердиевиот суров „Атила’’, а македонската публика ја запозна и со творештвото на Верди, Вагнер, Пучини, Аврамовски. Својата хуманост ја покажа со низа настапи во хуманитарни цели, а промоцијата на нашата култура и уметност заедно со матичната куќа ја реализираше во „Аула симфоника’’ во Џакарта.

САША НИКОЛОВСКИ ЃУМАР Препознатлив по својата музикалност, експресивност и енергичност маестро Саша Николовски-Ѓумар ги раздвижува македонските ансамбли преку кои создава импресивни музичи интерпретации, без разлика на музичкиот жанр кој го изведуваат. Неговиот креативен дух се согледува преку креациите кои минатата година ги имаше со Македонската филхармонија, оркестарот „Јохан Штраус’’, „Скопје лејдис оркестра“, Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија и оркестарот на Факултетот за Музичка уметност во Скопје. Саша Николовски- Ѓумар минатата година го прослави 20 годишниот јубилеј од својата уметничка дејност.


ДАМИР ИМЕРИ Музичката дејност на Дамир Имери, која бележи значаен број на реализирани настапи, аранжмани, обработки, снимки и соработка со домашни и странски уметници, во текот на минатата година беше збогатена и со создавањето на Концерт за пијано и оркестар. Ова дело доживеа долготрајни овации во салата „Рудолфинум“ во Прага, каде што Прашката филхармонија и пијанистот Симон Трпчески на својата програма ја изведоа светската премиера на Концертот за пијано и оркестар. Соработката со овој пијанист во изминатите две години резултираше и со мошне успешни изведби на делото „Фантазија на две фолклорни теми“ за пијано и оркестар во изведба на Симон Трпчески со повеќе странски реномирани диригенти и оркестри.

ДАРИЈА АНДОВСКА Со остварените активности во текот на минатата година истакнатата меѓународно афирмирна македонска композиторка Дарија Андовска го потврдува својот интензивен креативен од. Во рамки на повеке фестивали и проекти нејзини композиции беа изведени од странски ансамбли на концертните подиуми во Велика Британија, Австрија, повеќе градови во Швајцарија, Србија, Босна и Херцеговина и во рамките на повеќе домашни манифестации, а премиерно беа изведени композициите “kHARMsONIum” во Хановер, Германија, “Book of the Devil Valley Master” во Луцерн, Швајцарија и композицијата “APORIA APEIRON” во Вроцлав, Полска и Форли, Италија, која во текот на целата година е емитувана на дванаесет европски радио – станици. Андовска се претстави и како автор на музиката за театарските претстави: „Духот на слободата“, „Грдиот“, „Носталгиумот на еден перфориран копиљ“, како и циклусот документарни емисии „Скопје продолжува“. Од страна на MusMA (Music Masters on Air) програмата таа е избрана за еден од шесте водечки млади композитори во Европа.

ЉУБОМИР БРАНЃОЛИЦА Еден од доајените на македонската музичка продуктива, композиторот Љубомир Бранѓолица во 2013 година го создаде балетот „Александар Трети Македонски“, со што неговото повеќедецениско обемно творештво бележи импозантна бројка на авторство на осумнаесет балети, како еден од најплодните композитори од овој жанр. Балетската претстава „Александар Трети Македонски“ со која се затворија 36. Денови на Македонска музика, премиерно беше изведена на сцената на Македонската опера и балет, во чија реализација учевствуваа Роналд Савковиќ, Хрватска - кореографија, Ансамблот и Оркестарот на МОБ со кој диригираше Борјан Цанев, балетските уметици Василиј Чичијашвили, Александра Мијалкова, Ивана Коцевска, Бобан Ковачевски и Трајче Стојковски, Александар Ношпал - костими и Зоран Костовски – сценографија. Минатата година „Скопскиот фестивал“ на Љубомир Бранѓолица му ја додели и Наградата за животно дело.


ГОРДАНА ЈОСИФОВА-НЕДЕЛКОВСКА „Интуитивна, елоквентна и прецизна во својот израз“ – епитетите кои за Гордана Јосифова – Неделковска ги изрече големиот Енио Мориконе, зборуваат за музичар кој со години ниже успеси на меѓународната концертна сцена. Македонската „префинета поетеса на обоа“ со своето музицирање ги допира срцата на публиката и критиката низ Европа. Јосифова-Неделковска, чиешто име е синоним за совршеност на музицирањето, ужива голем углед во музичките кругови низ континентот, а во 2013 година ги проследивме нејзините настапи во Шпанија, Чешка, Италија, Франција, Црна Гора и Србија. На овие сцени Јосифова-Неделковска музицираше во „партнерство“ со реномирани уметници и ансамбли како пијанистите Анета Доловалова, Владислав Броневетски, Константино Катена, Елена Атанасовка, квартетот Савинио, чембалистот Игнаси Џорда, харфистката Флораледа Саки, флејтиската Хиун Јунг како и Симфонискиот оркестар на Рим под диригентско водство на Емилијано Патара.

НИКОЛА ПАСКАЛОВ Пијанистот Никола Паскалов со својата „брилијантна музичка експресија, проткајана со нежна интензивност“ направи името на неговата земја Македонија минатата година да одѕвонува низ европските и американските медиуми. 2013 година за него значеше низа извонредни рецитали низ Европа, како и аудио изданието за Хрватската „Кантус“ со премиерата на Концертот за пијано и оркестар од Николаус Гласл, под диригентската палка на Павел Дешпаљ и Симфонискиот оркестар на Хрватската телевизија. За изведбата и афирмацијата на делото на неговиот дедо, композиторот Гласл, хрватската критика ќе напише: „...публиката имаше на што да се воодушевува...“ Паскалов е и „главниот виновник“ што ова заборавено ремек дело на хрватската музичка литература од 20. век е реализирано како трајна снимка со која се исполнува долгот кон занемарениот хрватски композитор. Својата богата изведувачка дејност во 2013 година Паскалов ја „круниса“ со рециталот во престижната Карнеги Хол во Њујорк.

ВАСКО ДУКОВСКИ „Волшебникот“ на кларинет и дипломец на престижниот „Џулијард“, Васко Дуковски, веќе една деценија го живее својот музички сон на другата страна на Атлантикот. За него критичарите велат дека со „неоспорната музикалност и техничка подготвеност пред која и највиртуозните пасажи изгледаат како детска играчка“ ја остава публиката без здив. Виртуоз со афинитети кон современата класична и импровизираната музика, Дуковски имаше мошне креативна и плодна година, особено на тлото на Соединетите Држави: настапуваше и концертираше самостојно и со ансамблите за современа музика Argento, ECCE и Either/Or, групите Downtown Avengers, Grneta Ensemble, учествуваше на снимање на неколку албуми со реномирани ансамбли и музичари, а како диригент зема учество во проектот „Светски оркестар за мир“. Во неговото импресивно портфолио се впиша и формирањето на world music групата „Тавче гравче“ која на њујоршката сцена донесе свежина со пристапот кон обработка на традиционалните балкански мелодии и примамливите оригинални композиции.


МАРИЈА ЃОШЕВСКА За пијанистката Марија Ѓошевска музичката критика ќе напише дека поседува „мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност“, константа и континуираност во развојот на музичката мисла. Во својата интерпретација како што вели на публиката им ги пренесува импресиите кои што самата ги доживува од секојдневните патешевствија низ кои ја носи животот. Нејзината изведба ја поседува енергијата на доживеаниот момент и желбата преку музицирањето да се сподели со другите. Марија Ѓошевска минатата година пред публиката изведе програма која за неа е симбол на надеж и верба во животот, покрај сите препреки кои што тој со себе ги носи.

СТРАШО ТЕМКОВ Долги години флејтата на Страшо Темков го даваше препознатливиот звук во Македонската Филхармонија. Солистичките настапи го издвојуваат како раритетен уметник со оформен и препознатлив тон, боја, јасна фраза обликувана и преку агогичките и динамичките специфики на делата. Неговата интерпретација вешто и лесно го отсликува спектарот на карактери и стилови на композициите. Страшо Темков зад себе остава низа концерти во земјата и странство како и голем број аудио записи како сведоштво на нашата музичка историја. Еден е од ретките уметници кој концертниот простор го дели и го отстапува на своите ученици, давајќи им простор за афирмација на младите креативци.

БОРЈАН ЦАНЕВ Човекот кој години наназад е „виновник’’ за развојот на уметничките капацитети на нашиот национален филхармониски оркестар, честиот гостин позади диригентскиот пулт на Софиската филхармонија е маестро Борјан Цанев. Минатата година под неговата диригентска палка настапија младите уметници Софија Никоска, Дино Имери, Васко Дукоски, но и легендарниот пијанист Иво Погорелиќ. Заедно со Македонската филхармонија, Цанев им ја приближи класичната музика на дечињата, а на оние повозрасните премиерно им го долови звукот на „Александар 3-ти Македонски’’ со Оркестарот на Македонската опера и балет. Музичката критика ке напише дека „со извонредниот македонски диригент Борјан Цанев, Црногорскиот симфониски оркестар се надминал себеси.“


ПРОГРАМСКИ ОДБОР Доц м-р Сони Петровски, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија Маја Чанаќевиќ, Директор на Македонската филхармонија Дејан Прошев, Директор на Македонската опера и балет Проф. м-р Зоран Пехчевски, Продекан на Факултетот за музичка уметност - Скопје Проф. м-р Тодор Светиев, Сојуз на музички уметници на Македонија - СМУМ

ЖИРИ КОМИСИЈА Марко Коловски, музиколог м-р Марија Вршкова, пијанист проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска, музиколог проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја, музиколог проф. Милка Ефтимова, оперски пејач проф. м-р Блерим Груби, виолист проф. Фимчо Муратовски, диригент проф. м-р Јана Андреевска, композитор Ана Кондратенко, концерт мајстор Костадин Богданоски, концерт мајстор на МОБ Јован Бицевски, директор на МБУЦ м-р Елени Новаковска, музиколог


ВО ИЗБОРОТ НА ВИРТУОЗИТЕ УЧЕСТВУВАА :

МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА МАКЕДОНСКА ОПЕРА И БАЛЕТ ОХРИДСКО ЛЕТО ФАКУЛТЕТ ЗА МУЗИЧКА УМЕТНОСТ-СКОПЈЕ ФАКУЛТЕТ ЗА МУЗИЧКА УМЕТНОСТ-ШТИП КАТЕДРА ЗА МУЗИКА ПРИ ФАКУЛТЕТОТ ЗА УМЕТНОСТИ-ТЕТОВО СОЈУЗ НА КОМПОЗИТОРИ НА МАКЕДОНИЈА (СОКОМ) СОЈУЗ НА МУЗИЧКИ УМЕТНИЦИ НА МАКЕДОНИЈА (СМУМ) ДИРЕКЦИЈА ЗА КУЛТУРА И УМЕТНОСТ-СКОПЈЕ МУЗИЧКА МЛАДИНА НА МАКЕДОНИЈА


ОРГАНИЗАТОРИ : Сојуз на композитори на Македонија - СОКОМ ул. Максим Горки 18, 1000, Скопје www.virtuosi.mk socom.mk

Македонска филхармонија ул. Македонија бб, 1000, Скопје www.filharmonija.mk

Македонска опера и балет Кеј Димитар Влахов бб, 1000, Скопје www.mob.com.mk

Поддржано од :


Пријатели

к за

ура и умет улт но

ст

је

Д ир е

кц

п ко -с

иј

а

to r

e at

pje ko -s

Dire c

of

cultu

re an D

ar

ts

Медиумски спонзори


7. март Македонски народен театар Скопје, 2014

дизајн Виолета Коцев


Turn static files into dynamic content formats.

Create a flipbook
Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.