Детските игралишта во Скопје никогаш не се само детски игралишта. Речиси секое од нив има двоен живот - дневен и ноќен. Дење, таму децата се забавуваат, често под надзор на родителите, кои се грижат тие да останат безбедни во строго пропишаната зона за игра. Понекогаш ги расфрлаат наоколу ситните камчиња од подлогата надвор од игралиштето, како да сакаат да го прошират полето за игра.
Навечер, пак, ретко кое игралиште е напуштено и празно. Обично доаѓа до смена на генерациите: тинејџерите, понекогаш и возрасните, ги запоседнуваат реквизитите во кои сѐ уште ги собира или клупите околу нив, пијат евтин алкохол, пеат, врескаат, жестоко дебатираат, се бакнуваат и секогаш си заминуваат со израз на лицето што дава до знаење дека се среќни оти прекршиле некаква забрана.
Без разлика дали се изградени традиционално и едноставно, или со поголема креативност и имагинативност, игралиштата, за жал, имаат чудесна моќ да ги привлекуваат вандалите. Се надеваме дека во иднина овие катчиња важни за социјалниот живот на децата, но и на младите и возрасните, ќе бидат сакани и чувани од сите скопјани.
2
„Каде да се чекаме? Ајде кај ‘Чичко Стоилко’“. Оваа реплика може да се чуе и денес од многу скопјани, иако славната сендвичарница не постои речиси седум години. Местото веќе е дел од урбаната митологија и длабоко е врежано во колективната меморија на жителите на Скопје. Во овој град, кој е шампион на дисконтинуитетот, вистински подвиг е да се направи она што му успеа на „Чичко Стоилко“ - опстои четири децении на истата локација, сѐ додека не замина во историјата поради проектот „Скопје 2014“ и барокизирањето на фасадата на зградата на ЕВН. Иронично, непопуларниот потфат врз фасадата заглави некаде на половина пат и таа и денес е недовршена.
Приказната за легендарната сендвичарница започнува кога Стоилко Митовски се преселува од Крива Паланка во Скопје и продава лимонада и оранжада, а идејата за правење тостови и хамбургери ја добил откако ги пробал овие деликатеси на брзата храна во Грција.
Првично сендвичарницата функционира во славниот црвен киоск „модел К67“. Подоцна, во видоизменета форма, продолжува да биде место за брзо заситување на гладните скопјани, но и место за социјализација. Освен на убавите спомени, скопјани се сеќаваат и на ужасното убиство на Стоилко во 1997 година, кое остана неразјаснето. По трагичниот настан, работата ја продолжуваат неговата сопруга и внуците.
Ретко кој се сеќава дека еден краток период, откако принудно ја напушти првичната локација, „Чичко Стоилко“ се пресели во сутеренот на ГТЦ, пред конечно да замине во легендите.
Набрзо по поставувањето на тарабите околу зградата на ЕВН, на нив осамна графит: Чичко Стоилко 4ever. Графитот можеби најдобро го опишува односот на скопјани кон една од најпознатите референтни точки на Скопје.
3
Мимоза Несторова-Томиќ (1929 година) е една од најистакнатите претставници на современата македонска архитектура. Дипломирала на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград, во 1953 година. По дипломирањето се вработила во Институтот за народна архитектура на Техничкиот факултет во Скопје. Во наредната 1954 година била избрана за асистентка на предметот Проектирање станбени згради на Архитектонскиот отсек при истиот факултет. Во 1965 година преминала во Заводот за урбанизам и архитектура на Скопје како самостојна проектантка. Тука, како директорка на Заводот од 1986 година, ја завршила својата активна кариера во 1989 година. Во богатата и наградувана кариера, за Несторова-Томиќ се издвојува дека како дел од тимот на Градскиот завод за урбанизам и архитектура работела на Деталниот урбанистички план за скопската стара чаршија, за реконструкција на „Сули-ан“, на ревитализација на старата чаршија и „Чифте-амам“, авторка е на проектот за стоковната куќа „Беко“, на Музејот на Македонија (со Кирил Муратовски), работела реконструкција на ентериерот на Универзалната сала и била една од урбанистите што работеле на разработка на проектот од јапонскиот архитект Кензо Танге, за обновувањето на Скопје по земјотресот.
4
Светот на скопските рибари постои некако настрана и изолирано од преостанатиот живот на градот. Дневните рутини, динамиката на движење, градскиот метеж и хаос не ги засегаат, додека вооружени со трски во рацете и огромно количество трпение неподвижно седат покрај или во Вардар. Понекое детиште ќе дофрли „среќно“ или ќе се провикне „рибариии будалиии“, но, спротивно од очекувањата, изостанува каква било реакција. Ништо не може да го наруши мирот на скопските рибари покрај Вардар.
Понекогаш, додека минувачите се чудат зошто некој воопшто би ловел риби во Вардар среде Скопје, рибарите со страст ги раскажуваат своите херојски подвизи од други реки и езера. Се разбира, ретко кој верува во нив, особено кога ќе се спомне количеството на уловот, сметајќи ги за членови на една особена литературна секција чии приказни се предвидливи.
НЕ ВЕРУВАЈТЕ МУ, МЕ КУПИ ОД РИБАРНИЦА!
ЗНИ ПРИКА ЖЕЛБИ Ј А В ТРИ ИСЛУ НЕ ИЗМ ИСПОЛНАМ И И ЌЕ Т
Неофицијално, рибарите покрај Вардар се учесници во најдолгата и најмасовна групна медитација. Но овој рекорд не е забележан во Гинисовата книга. Додека поминуваме покрај кејот на Вардар, чудејќи се на рибарскиот мир и одвоеност од сѐ што ги опкружува, еден рибар замавнува со трската, а со јадицата откинува парче скопско небо, што може да биде и сосема добар улов за еден ден.
5
6
7
8
9
Ако зборуваме за Скопје и неговите добри духови, не можеме да го изоставиме Зоран Ристевски ака Зоки Бејбе, славниот диџеј, радио и телевизиски водител, кој остави (и сѐ уште остава!) силен печат врз урбаната култура и живот во градот. Како клупски диџеј, Зоки Бејбе има огромно портфолио на резидент-вечери и сетови. Секогаш се наоѓа во жариштето на градското живеење.
Зоки Бејбе е секогаш ведар и со позитивни вибрации кон околината. Препознатлив е по своето уникатно превозно средство - лонгбордот, кој го вози во спротивна насока од автомобилите и со кој се пробива низ густиот хаотичен сообраќај на скопските улици.
10
Препознатлив е и по својот карактеристичен моден стил и вкусно комбинираните парчиња облека. Смета дека модерни се оние луѓе што први го внесуваат трендот, ненамерно и непретенциозно.
Уште од мали нозе негува страст кон музиката, слуша сѐ и сешто, но во своите сетови главно се ориентира кон техно и хаус-музиката.
11
Привилегијата да ги слушаат неговите сетови главно ја имаат скопјани, но Зоки Бејбе бил резидент-диџеј и на многу места надвор од Македонија, како во Тирана, на Хвар, во Љубљана, Амстердам...
Додека тој ги донесува во Скопје новите музички трендови и текови, своите диџејски вештини ги „извезува“ низ Европа.
Долги години Бејбе работи и како радио и телевизиски уредник и водител. Почнувајќи од Канал 4 во 1991 г., Канал 103, Клуб ФМ, преку култната емисија „Поплава“, која се емитуваше на А1 телевизија... Во моментов тој ја уредува и води емисијата „Прва убава работа во денот“, која оди во живо секоја среда од Радио Бар.
12
„Јас сум хаус-диџеј, иако сум еклектик, и во мојот сет има различни жанрови на електроника. Среќен сум што 25 години без престан работам и живеам од мојата најголема љубов - музиката“, изјави во една пригода Бејбе.
„Денес предизвиците се поголеми, ако порано скопјани беа гладни за нова музика, денес имаме друга мисија - градските деца да ги задржиме да останат градски.“
ХАУС И ТЕХНО МУЗИКАТА Е ПОГЛЕД ВО ИДНИНАТА!
13
Скопје е град полн со заробени кошаркарски игралишта и кошеви, под чии обрачи се паркирани автомобили. Скопје е град со најчесто празни сали на кошаркарските натпревари. Но градот памети и поубави времиња поврзани со овој спорт. А кога зборуваме за тие времиња, не можеме да не го спомнеме Лазар Лечиќ, легендарниот кошаркарски тренер, познат по својата кошаркарска страст и многубројните ѓурултии на теренот. Роден е во 1939 година, во Скопје, каде што завршува основно и средно образование, а висока стручна школа завршува во Белград. Најголема трага како тренер остава во КК Работнички, но бил тренер и на МЗТ Скопје, Николферт (Гостивар), Борац (Чачак), Олимпија (Љубљана), Војводина (Нови Сад) и Арис (Солун). За кошаркарскиот гениј, но и скандал-мајстор Лазар Лечиќ, познат по прекарот Грк, и денес се раскажуваат голем број анегдоти, кои од сегашна перспектива изгледаат надреално. Овде ќе наведеме некои од нив. Кога на еден натпревар некој од клучните играчи во тимот има четири лични грешки, Лечиќ наредува да му се избричат мустаќите на полувреме и да му се даде дрес со друг број. Така, добива „нов“ играч! На друг натпревар, во салата внесува шарпланинец, кој треба да ги плаши гостинските кошаркари, но кучето ненавикнато на зовриената атмосфера на трибините, почнува да лае и да ‘ржи на сите по ред, по што мора да биде изнесено од салата. Кога во грчкото кошаркарско првенство ја води својата екипа против онаа на Душан Ивковиќ, како провокација во салата внесува неколку кафези со гулаби, познавајќи ја страста на Дуда за овие птици. Меѓутоа, гулабите направиле бербат во салата, па почетокот на натпреварот морал да биде одложен. Повеќепати внесувал и шести играч на теренот, а во еден од таквите случаи шестиот играч играл пресинг на судијата! За него е снимен документарниот филм „Шестиот играч“ (1976), во режија на Кочо Недков. Од 2001 година е член на Клубот на великаните на МОК. Но најважното признание за Лазар Лечиќ е она неофицијалното - секаде каде што работел, меѓу љубителите на кошарката има статус на легенда.
Ако ја погледнеме скопската книжевна мапа, Оливера Николова, несомнено, е едно од најлесно воочливите и најзабележителни имиња на неа. Иако нејзиното творечко значење многукратно ги надминува границите на Скопје, токму скопјани имаат привилегија да се пофалат со една ваква сограѓанка. Родена е во 1936 година, во Скопје. Учела во Струга и во Велес, а завршила Филозофски факултет во Скопје. Работела како драматург на радио и телевизија. Пишува за деца и за возрасни. За многумина, Оливера Николова пред сè е позната како авторка на култната книга за деца „Зоки Поки“. Разбирливо, затоа што станува збор за извонредна книга, но и неправедно, затоа што Оливера Николова има импресивен опус не само на книги за деца туку и на дела за возрасни. „Зоки Поки“, „Земја во која не се стигнува“, „Пријателите Бон и Бона“, „Мојот звук“, „Девојките на Марко“, „Љубоболки“... се само дел од нејзините попознати дела за деца, а богат е и нејзиниот опус на дела за возрасни: „Ден за летување“, „Лева комора“, „Сребреното јаболко“, „Тесна врата“, „Домашни задачи“, „Тромбот“, „Адамовото ребро“, „Вежби за Ибни Пајко“, „Куклите на Росица“, „Песот со тажен поглед“... Оливера Николова има добиено голем број награди и признанија, како за книгите за деца, така и за оние за возрасни. Кога ќе се спомне нејзиниот роден град Скопје, Николова вели дека размислува за него, а тоа значи дека градот ѝ е веќе туѓ. „Во град што е наш, во место што го сакаме, улица или дом, нештата ги прифаќаме со топлина и љубов, спонтано, без коментари и размислување. Скопје претрпе промени што го обезличија, што го оддалечија од неговите жители.“ Како најважни симболични места за Скопје, издвојува неколку: „Реката Вардар, бреговите, течението. Локации што сега ги тероризираме со умоболните проекти. И калето, сепак. Една поучна локација со невидливи стапки од минатите столетија, од денешните амбиции и од суетите што никогаш не ќе разберат колку се минливи.“
14
Во ова и вакво Скопје, ни останува да се надеваме дека лекцијата некогаш ќе биде научена.
Пивопијците се меѓу најзаслужните за развојот на демократијата на оваа микролокација. Без нивниот труд, не би биле испразнети и ослободени гајбите на кои присутните сега седат и некогаш мирно, а другпат бурно разговараат и меѓу себе се расправаат.
Пред продавничката се проектирани неколку утопии, повеќе револуции, два–три геноциди и една колонизација на друга планета. Предложени се стотици кадровски решенија во политиката, спортот, куќните совети...
Еден пијан човек со пророчка страст ја предвидува далечната иднина. За блиската нема никакви коментари, но она што го знае е дека ќе се напие уште некое пиво пред да замине дома, тоа е сигурно.
Непостојан е овој парламентарен состав. Одлуките што ќе ги донесе, поради недостигот од мнозинство гласови и генералното отсуство на правила и закони, никогаш не се спроведуваат. Но во некој паралелен универзум, ова е врвниот законодавен дом.
15
Ако го спомнеме како Улкер Шакир, веројатно нема да се сетите за кого станува збор. Ако се обидеме да ви кажеме дека тоа е вокалистот од групата „Афтер дис“, исто така не сме сигурни дали ќе се сетите за кого ви зборуваме. Но ако ви речеме дека тоа е Уки од „Уки и Шпиц“, веднаш ви станува јасно - тоа е оној висок, шармантен и харизматичен рокер, кој заедно со Шпиц (помалку познат како Зоран Ангеловски) со децении беше заштитен знак на скопските улици, а особено на главниот градски плоштад. Ако сакаме да бидеме најкратки во раскажувањето на историјатот на овој скопски феномен, Уки е оној што се запознава со Шпиц во скопската чаршија и чува стража да не наидат милиционери додека Шпиц свири на Камени мост. Другото е историја. Непосредноста, живата гестикулација и специфичниот танц при пеењето го прават Уки препознатлив и омилен кај случајната публика, која непланирано се задржуваше кога ќе ги затекнеше на плоштадот заедно со Шпиц. За жал, по смртта на Зоран Ангеловски-Шпиц во 2015 година, Скопје останува посиромашно за еден специфичен вид рок-инаетчии, кои го разубавуваа и му даваа шарм. Но Улкер Шакир-Уки со својот препознатлив изглед и стил и денес ги привлекува погледите на скопјани и изнудува насмевки на нивните лица, иако не настапува, туку е обичен минувач. Сите што барем еднаш го слушале како дел од „Афтер дис“ во живо, чуваат скапоцен и убав спомен. Автор на концептот и цртежите: Ѓорѓе Јовановиќ Автори на текстовите: Иван Шопов и Ѓорѓе Јовановиќ Дизајн: Ѓорѓе Јовановиќ Техничка подготовка: Ѓорѓе Јовановиќ Издавач: „Репро ПРИНТ“ дооел Скопје, ул. 16 Македонска бригада бр. 18 Печати: Печатница „Серафимовски“ - Скопје, ул. Лисец б.б., 1000 Скопје Тираж: 7.000 примероци Година на издавање: декември 2021
Стрипот „Скопје за почетници, добро упатени и понављачи“ е финансиски поддржан од Град Скопје.