4 minute read
Визуелно попречените лица и пандемијата “Само сакам да престане, да направам да исчезне”
Пандемијата не беше лесна. Прегратките станаа ладни боксчиња, излегувањето со пријателите се претвори во долги часови на телефон, допирот стана забранет и завладеја страв и дезинфекција. Блискоста исчезна, но некои луѓе ја почувствуваа повеќе од другите. „Беше ужасно, бев преплашен”, сподели Филип Величковски, ученик во 7-мо одделение во „Димитар Влахов“, единственото училиште во Македонија за лица со попречен вид.
Филип Величковски и Дамир Исени Доревски имаат прематурна ретинопатија, болест која потенцијално може да доведе до слепило предизвикана, во нивниот случај, од премногу кислород во инкубаторот, бидејќи биле родени предвреме. Овие две 12-годишни дечиња споделија со „Воисес“ каква беше пандемијата за нив. Андријана Прокопенко, наставничка по англиски јазик во „Димитар Влахов“, Скопје, со истата болест, ни ја раскажа и нејзината приказна.
Advertisement
„Прилично бев исплашен”, сподели Филип. Иако е само 7-мо одделение, овој ученик покажа големо разбирање за сериозноста на пандемијата. „Се плашев да не се заразам и јас, не беше се како што треба”.
Промените во секојдневниот живот започнаа со онлајн часовите и носењето маска. Филип досега често ги миеше рацете, но со пандемијата сега тоа е уште позачестено во ретките случаеви кога беше надвор. „Најлошото беше што не можев да зборувам со никого во лице, можевме само да разговараме на телефон. Онлајн часовите воопшто не беа од корист”. Ученикот признава колку било тешко „да се остане на едно место и само да се слуша”. Истата борба ја водеше и Дамир Исени Доревски. „Најтешкиот дел од сето тоа беше неодењето на училиште” сподели тој. Кога наставниците им кажале да бидат пред компјутерот во 8 часот, воопшто не бил среќен. „На почетокот не беше толку тешко, но потоа навистина стана”.
И на Филип и на Дамир им олеснало кога слушнале дека онлајн часовите завршиле и дека и покрај новите мерки, тие можат да одат на училиште- „маската се уште беше проблем”. Беше тешко што класовите беа поделени на групи и не одевме повеќе во паркови, само на училиште, сподели Дамир. „Само сакам да престане, да направам да исчезне”.
Адријана Прокопенко (42), видела колку им било тешко на учениците и колку се променил нејзиниот живот. „Сите бевме збунети и не можевме да поверуваме дека ќе трае толку долго”, вели таа. Кога беше објавена веста за онлајн предавања, се јавија многу проблеми. „Требаше некои работи да ги решиме самите, со секое дете, со секој родител”. Техничките проблеми беа насекаде: дел од софтверот за онлајн часовите не беше достапен за читачите на екранот, некои ученици не можеа да си дозволат интернет, материјалите за настава беа премногу големи за да се носат дома. „Понекогаш ќе требаше да правам индивидуални часови, да ги барам по телефон и да пробуваме различни платформи, понекогаш само ќе паднеше интернетот или ќе снемаше струја”, вели наставничката по англиски која работи во тоа училиште веќе 14 години.
„Дури и пред пандемијата работите беа мошне тешки за слепите лица како резултат на недостатокот на пристапоност кај нас”, сподели Прокопенко. Дури и ако знаете како да го користите белиот стап, многу е опасно – „возат ко луди”. Исто така, луѓето воопшто не ни сакаат да им помогнат на визуелно попречените лица при купувањето намирници, самите веб-страници не се пристапни со читачи на екран и многу место не ни прифаќаат нарачки преку повик. Прокопенко се чувствува „полошо сега” за тоа колку е зависна од нејзините родители. Таа толку била внимателна да не се зарази и да не зарази некој друг што ги нема видено своите пријатели од минатиот Март. И покрај тоа што во меѓувреме го прележа вирусот, Прокопенко сега е повеќе исплашена од пандемијата. Исто така, сподели дека Здружението на слепи и лица со оштетен вид – Скопје ја имаат контактирано владата за да бидат земени во предвид како приоритет при процесот на вакцинација , но за жал никогаш не добиле одговор.
Во врска со поддршка од владата, Прокопенко вели „Државно училиште, но само кога тие сакаат”. „Сите брајови табли [помагало кое се користи за рачно пишување на брајовото писмо] во мојот клас се скршени, па за таа цел морам да користам многу бавен старомоден метод за подготвување на часовите. Се соочуваме со многу проблеми кога станува збор за учебници и материјали”, вели таа. И како плус на тоа, владата вели дека не можат да увезуваат материјали од странство затоа што тие се државно училиште, но е „многу тешко да се најдат работите и тука”.
Една брајова табла чини околу 1200 долари, вели наставничката. Во идеален свет, секој ученик би требало да има сопствена брајова табла на училиште и уште една за дома. Со фактот дека училиштето има околу 50 ученици, јасно е дека има голема потреба од финансиска поддршка само за материјалите. „Луѓето не разбираат дека образованието за слепите лица е многу скапо”, потенцира Прокопенко. „Тие мислат дека печатењето на страница на брајово писмо е исто толку лесно колку и печатењето на страница од компјутер”.
Пандемијата многу ги отежна работите, но за слепите и визуелно попречените лица во Македонија, работите веќе беа тешки. Без основната пристапност и без соодветна поддршка за образование; потребата од маски, контактирање само преку телефон или пак потребата да се потпираат на други луѓе движејќи се наоколу, пазарувањето намирници беше само уште една препрека за нив.