ПОДВИЖЕН ХОРИЗОНТ - Даниеле дел Џудиче

Page 1

Даниеле дел Џудиче

ПОДВИЖЕН ХОРИЗОНТ

Превод од италијански јазик

Калина Јанева


Би сакал веднаш да ја извикнеш својата приказна, би сакал да речеш „Напати мислиш дека си ги направил сите минати и идни грешки“, или „Секој во себе носи соба“1, или „Кога би сфатил зошто зав­р­ши вака“, нестабилен врз нишка, вретено, но ако навистина секој во себе има соба, твојата е во безредие, врз комодата се трупаат стари фотографии, а ти би помис­ лил „Неможно е сѐ да се запомни“, би се повикал на разонодата зашто само таа ѝ бега на болката, а впрочем, во една кутија во кујнскиот креденец има јајце од пингвин, дупнато и испразнето од белката и жолчката, донесено од најдлабокиот југ, најдлабокиот и најкоренит од сите југови, еден леден Јужен Пол. Или можеби само што не ти чукнал часот, некој вели „Знаеш, само што не ми чукнал часот, чувствувам, знам, веќе им чукнал часот на сите што ги познавав“, а секој што го видел топчето како запира во длапката не ни очекувал дека крупието ќе го објави на цел глас, стана и се упати кон вратата, со бројот испишан на плеќите, како спортист на крајот од трката, еден од оние кои не само што не пристигнуваат први туку ја завршуваат пред целта. Ете, би сакал да исфрлиш кнедла од болка, или од радост, која не се преточува во подредени зборови, туку сите заедно, избувнати како што експлодира ѕвезда, па настапува вчудовиден и леден молк, а каде е потоа мирот, каде ти е мирот, каде е управувањето, каде е сталожената меланхонија на загадочниот капетан, благо расеан, благо мол­чалив, оној 1

Франц Кафка, Сини бележници (1917–1919). [Освен ако не е по­ инаку наведено, сите забелешки се на преведувачката.]

5


што ги држи конците в раце, човек со конците што сакаше да ги оттргне од себе? Конците ги има триста и шеесет, но дваесет и че­ ти­ри се поважни од другите, дванаесет кон десно и дванаесет кон лево, и оттука би можел да започнам, но да се започне значи да се реши што е пред и што е потоа, да се даде ред, да се издвои од текот, да се пре­ кине истовременоста, да се изле­зе од сеприсутнос­та, да се направи небаре постои една реченица во еден миг, една слика во еден миг, една мисла или еден спомен или една приказна во еден миг, една, па една, па една, а не сѐ наеднаш. Принудени да останат во безредиево, да се придр­жуваат за него, но не е секогаш лесно и не е се­ко­гаш можно, не ми успева секогаш. Во овој миг, ток­му во овој миг, би можел да сум човекот што ги кон­­тролира часовниците во ноќната смена, стар госпо­дин затворен во опсерваторијата во Гринич, каде што ги минал повеќето ноќи од животот, во ноќ како многу други, не чувар на светилникот туку чувар на времето, зашто овде внатре нема светилка што кружи, кружат само механизмите на часовниците, дваесет и четири часовници по ред, секој се порева за по еден час, час за да изгрее кон истокот каде што изгрева сонцето, час за да зајде кон за­пад каде што заоѓа сонцето. Секој часовник по една временска зона, а секоја зона по една нишка, а долж зоните при­ казните се капат удолу, капат сѐ до тебе што во меѓувреме веќе си слегол таму за да ги гледаш оздола. По својата природа, Историјата е само запис во поинаква форма.

6


Базата Амундсен-Скот, 90° 00’ јужна географска ширина и 139° 16’ западна географска должина, прва седмица на јужното лето 2007 година. Во див зелено-синкав ореол, светлината од која ов­де се состои вечерта, брзо минуваат групички аделиски пингвини. Одат во спротивна насока од морето. Патуваат кон југ во очајничка итаница, со кренати перки, муцките подадени нанапред, стапалките наваму и натаму, во рамнотежа со опашката како триножници. Сосредоточеното и загрижено држење, за мене стравотно смешно, како да вели: „I’m late, I’m late, for a very important date“2, како во книгата за Алиса, или поедноставно: „Не можеме сега да застанеме, имаме премногу работа“. Ги следев со погледот сѐ дури не се претворија во треперливи точкички на белото прос­ транство, а потоа без очигледна причина направија широк свијок и без промена зазбивано се вратија назад. Првите што стигнаа овде се пуштија на стомак и се лизгаа како тобогани додека не запреа. Ги затвори­ ја небесносините очи, заспаа. Дел од созданието се и суш­тествава на кои им е природна вчудовиденоста, вер­бата во ред на нештата што никогаш нема да се сме­ни, сосем логичко расудување зашто е наполно ап­ с­трактно и ненаситна љубопитност: значи, изложени на најлошите тешкотии. Баш добро направил добриот Господ што ги сместил тука на Антарктикот, зашто во нашите краишта веќе ќе ја преземеа власта во име на силите на Добрината и Радоста, или ќе ги сотреа. Но 2

„Доцнам, доцнам, на мошне важна средба“.

7


уште од претходно знаев дека пингвините се животни преполни со грижи. Пристигнав со една мисија поморски биолози во која членува Џереми Милер, Велшанец од Кардиф што се занимава со папуанските пингвини, највисоките меѓу пингвините со низок раст. Папуанските пингвини го мерат секој чекор пред да скокнат од еден камен на друг. Внимателно го испитуваат следниот камен: дали е мазен или рапав, влажен или сув, со или без мов, па откако подробно ќе го оценат слетиштето, се сосредоточуваат во последен израз сличен на „Што ќе стане со мене?“, ги шират перките и прескокнуваат, на неколку сантиметри, па стигнуваат благо разнишани, вчудовидени што сè уште се на нозе. Пред многу години, на моето прво патешествие на Антарктикот, дојдов со една друга мисија што работеше со аделиските пингвини кои, во споредба со овие, се вистински акробати: се вивнуваа од морето како исфрлени со праќа, сосем исправени, и слетуваа на сантата некол­ ку метри погоре. Секогаш не слетуваа, напати се за­ би­ваа во белиот ѕид и исправени паѓаа во водата, па одново ќе изникнеа без да ја изгубат присебноста, се трескаа и паѓаа и пак скокаа, сѐ додека не успееја. Пингвините се насекаде, нема потреба да ги бара­ ме, со Џереми ги среќаваме кога се префрламе од ед­ на во друга база, додека пешачиме, секој задлабочен во своите грижи, во метеоролошките услови, во вис­ тинскиот пат што треба да го фатиме. Едно утро во далечината ни се појави натискана колонија и поне­ која одвоена птица. Најдовме две возрасни и едно ма­ лечко на морскиот брег. Заемно се испитувавме и кул­ турно се поздравуваме сѐ дури двете возрасни птици не се нурнаа во вода и исчезнаа. Од сите изрази за кои се кадарни пингвините, јадот е најнеодолив, зашто е јад за кој нема лек. Малечкото, пиленцето што остана само, записка додека одеше покрај брегот и се обѕрнуваше на сите страни. Пингвините подобро гледаат 8


во вода, каде им се спушта втора провидна клепка, своевидна природна контактна леќа што ги штити од соленилото и им ја исправа далековидоста. Одлично можев да му ги видам родителите, исправени на бре­ гот стотина метри понапред, и се обидував да му ги покажам, но тој се препнуваше по камењата без веќе да ми обрнува внимание, со зазбиваниот израз на „I’m late, I’m late“, сѐ дури не се убеди дека родителите си заминале по море и го оставиле таму: дури тогаш се сврте кон водата и, преполно очај и одбивност, се фрли. Веќе знаев за што се работи. Семејната сцена што се одигра пред мене беше суштински момент во развојот, кога младиот пингвин е принуден са­миот во морето да си фати крил3 и планктон со кои се храни, а до одреден момент ги добивал како поврате­на каша од клунот на родителите. Забележав дека ги антропоморфизирам пингвините, нешто што си ветив де­ка нема да го правам, па поразговарав со Џереми; по­добро е човек да се придржува до многубројните об­јаснувања за однесувањето на различните видови пингвини што експедициите на биолозите го испитуваа и класифицираа. Проблемот со приказните, кај пинг­вините, е што се раскажани од само едно гледиш­ те, човековото. На нивната неисцрпна мечта и љубопитноста им го наметнуваме она што ни припаѓа нам и им ја видоизменуваме смислата. Можеби и пингвините се наведени да ги пингвино­ морфизираат луѓето, а ова секако се случи некоја не­ дела подоцна, кога при едно патешествие пеш, до­ дека придружував меѓународна мисија од десетми­на биолози, сретнавме карван царски пингвини, најго­ле­ миот вид. Тие – колона пингвини, ние – колона лу­ѓе. Две заедници, обете во поход, пингвините од внат­ реш­носта кон крајбрежјето за да дојдат до храна, а ние од крајбрежјето кон внатрешноста за да стигнеме 3

Мали океански раковидни животинки.

9


до најстудените подрачја каде што живеат царските пингвини. И тие и ние ја живеевме истата самотија во океан од мраз и снег, и истите грижи. Штом стигнавме на пристојно растојание, предводникот на царските пингвини, обемна и важна единка од нивниот вид, го издолжи вратот кон нас во длабок наклон и со клунот наспроти градите одржа долг клокотлив говор. Откако го заврши говорот, од положбата на страхопочит го впери погледот во очите на Жак, предводникот на мисијата, за да провери дали го разбрал. Ни Жак, најстручниот етолог, ниту некој од нас можеше да го разбере говорот. Тогаш пингвинот пак го повтори долгиот говор со наведната глава, без да го изгуби трпението. Трпението го изгубија другите пингвини зад него, почнуваа да се сомневаат дека водачот оплескал нешто. Истапи друг и го поттурна настрана сво­јот претходник. Со истиот наклон и истиот поглед уго­ре одржа нов говор што за нас беше еднакво нераз­ бирлив. Но највозбудливи на пингвините им беа кучињата. Ако ги откриеја во некоја антарктичка база, одеа само кај нив, без воопшто да наминат кај луѓето. Многу им се клањаа и им држеа долги говори, кучињата ги следеа со лаење и се спуштаа на предните шепи; потоа некое ќе успееше да се одврзе од синџирот и настану­ ваше кланица. Пингвините ги гледаа своите мртви другари наполно вчудовидени и со израз што велеше „Не ми е важно што ќе биде со мене“ се обидуваа и понатаму да разговараат со кучињата, да не беа луѓето што ќе се вмешаа за да ги спасат. Впрочем, птици­ ве си имаат свое посебно поимање на присуството и на отсуството, како што имав можност да согледам еден ден со еден случаен опит. Додека еден од нив се враќаше од водата кон своето место во колонијата, му се најдов на патот; прво вчудовидено ме погледна, а потоа се обиде да помине низ мене небаре не пос­ тојам. Одеше нанапред, ми се трескаше во нозете, се 10


иставаше наназад. Набргу почна да ме удира со пер­ ки­­те. Ме фаќаше смеа, но ударите беа пребрзи и ме пов­редуваа. Бидејќи не се поместував, сосем се сврте од колонијата, а јас, пак, направив чекор и го дочекав на спротивната страна. Кога пристигна и пак ме здог­леда таму, имаше израз на целосна неверба. Ра­ су­дувањето му беше беспрекорно: сврте цел круг, па требаше да ме снема, не требаше сѐ уште да сум таму. Целиот круг значи промена на нештата, инаку зошто би се вртеле? Бидејќи долго ги набљудував, се уверив дека тајната на пингвините е што истовремено се и беспрекорни и несмасни. Животниве надарени со елеганци­ ја и самоподбив, доблести што им ги припишуваме на најразвиените видови, во суштина, се стравотно недовршени. Не успеале да станат риби, ако се земе предвид дека водата не е нивниот конечен елемент; иако се птици, веќе не летаат, а како двоноги се бавни и загрижени. Останале заглавени во ваквата недореченост во древни времиња и оттогаш веќе не се промениле. Но на мразот, на ветрот што завива, со пингвините човек на крајот може да го изгуби разумот. Претежно зиме, во бескрајната ноќ, ноќ ноќе и ноќ дење, целосен мрак, оној постојан мрак што го поматува умот, го крши сонот, бесполезно е да се гледа во часовникот, секако постојано е времето на истиот мрак. И во една од тие ноќи што не се ноќи во колонијата од ’Ртот Крозиер на шеесет степени под нулата, во целосен поларен мрак, пет-шестмина појдовме да го видиме квачењето на јајцата на царските пингвини. Интересно, ги квачат мажјаците, не женките. За да ги земеме јајцата, требаше да ги кренеме животните отстрана, а тие се обидуваа да ги задржат со лизгање по мразот со споени нозе. Имаше невреме и речиси ништо не се гледаше. Џереми помести еден пингвин, ја подаде раката и насети нешто овално и студено. 11


Навистина беше јајце, ама од мраз. Совршено обликувано. Пингвинот го загубил јајцето, му било срам, па си направил лажно. Џереми и пингвинот се гледаа, човекот вџасен, животното понижено, којзнае дали зашто го фатиле во трогателната лага или зашто знаеше дека и ова ќе му биде одземено. Тогаш, во тој ноќ-ден, Џереми со јајцето од мраз в рака заплака, записка, потрча и, колку повеќе трча­ ше, толку повеќе се слекуваше, ја отфрли капата, ја от­фрли термо-јакната, ги слече дури и кошулата од ва­рена волна и сѐ друго, плачеше и се препнуваше од „застругите“, дини од мраз што ги формира ветрот. Потрчавме по него, го најдовме наземи речиси гол. Му ја кренав главата, го завив во мојата јакна, му викнав на ветрот: „Ненормален еден, сакаш да умреш?“ а на ветрот Џереми ми одговори: „Па и да умрам овде, ни Господ нема да забележи“. Се обидов да го смирам, а некој во меѓувреме го вклучи радиото и повика помош. Набргу пристигна хеликоптерот, а положбата си ја означивме со светлечки ракети. Во наредните денови Џереми прилично брзо се со­зеде, да си бидеме искрени, и зашто запозна една ита­лијанска физичарка-истражувачка, Тереза Монта­ рули, ангажирана во групата што ја проучува неут­ ринската астрономија и проектот „Немо“. Тереза се дви­жи меѓу Универзитетот во Бари и тој во Медисон, Висконсин, и ни раскажуваше за новите хоризонти на набљудување, градат огромни инфраструктури за да откријат други гласници на вселената, неутрината, неутрални и неуловливи честички зашто врз нив влијае само „слабата сила“, една од основните сили на материјата; и честичкиве, неутринава, немаат полнеж и имаат маса нула или речиси нула, наспроти фотоните што со материјата заемодејствуваат електромагнетно. Неутрината ниту материјата ги впива ниту магнетните полиња ги одбиваат, па затоа пренесуваат информации за изворите што ги создале. Освен неут­ 12


рината што ги произведуваат Сонцето и еден грст од една супернова, никогаш не се забележани неутрина од космосот. Меѓутоа, неутрината си имаат свои телескопи, „неутрински телескопи“, така се нарекуваат инструментите што служат за да ги откријат. Не умеев да се воздржам: „Ама работа: неутринска и пингвинска!“ Тереза е мила и наредната вечер, на вечера во рес­ торанот на базата, на најниската точка на планета­та и сред најсеопфатниот мраз, се обиде сѐ да ни преведе не со други зборови туку со концепти, но не беше лесно. Трпеливо ни објасни дека, кога изворите ги забрзуваат не само електроните туку и протоните, соз­давањето неутрина заедно со фотоните е загаран­ тирано; и дека неутрината може да се создадат и бла­годарение на целосно уништување на темната материја што силата на гравитацијата ја акумулира во центарот на Сонцето или на Земјата, или во центарот на галаксијата. Тереза укажуваше на неутрината со убавите раце, небаре беа присутни, Џереми слушаше, а и јас слушав, планетарните димензии ме потсетија на Роберт Шекли и границите меѓу жанрот и вообичаената литература. Темнава материја, продолжи Тереза, би била составена од нови честички, „масивни честички со слабо заемодејство“ или ВИМП4, кои ги претпоставуваат моделите разработени за да се прошири теоријата што денес ја користиме за да ја опишеме материјата. И би го подразбирала обединувањето на сите сили: ги спомена „суперсиметријата“ и вон­ димензионалните теории, кои земаат предвид други димензии, покрај трите просторни и временската. Напати егзактната наука и фантазијата може да одат рака подрака, но физичарот не смее да се откаже од ригорозноста на својата област. Тереза подзап­ре, а потоа продолжи: „За откривањето на неутрината е 4

WIMP – Weakly interacting massive particles.

13


потребно огромни простори да се опремат со соодветни инструменти и така да ѝ се спротивстави на ма­ ла­та веројатност од заемодејство со материјата што е типична за честичките ВИМП. Затоа е неможно да се остварат неутринските телескопи во тунели под планините. На истражувањето на ретките појави му треба заштита од огромни слоеви. Илјадници метри под морето или под поларните мразови. Во претстојните години европската научна заедница би требало да изгради детектор во сразмер од еден кубен километар и веднаш ќе биде поставена мошне висока кула-прототип токму во Италија, на ’Ртот Пасеро, поради добрите особености на водата и на морето. Имаме големи очекувања од набљудувачите на неутрината во Средоземјето, зашто за разлика од оние на Јужниот Пол, ќе имаат можност да го набљудуваат центарот на нашата галаксија. Тука на Антарктикот почнаа да го градат неутринскиот детектор Ајскјуб5 со заривање сензори во мразот, во вертикални окна, со конусовидна дупчалка што прска топла вода. Соб­ раните податоци ќе помогнат во разбирањето на космичките зраци, во најдлабокиот мраз се работи за галаксиите и за суперновите. Како да гледаш ѕвезди во бунар“. Се наоѓаме во базата Мекмурдо, наречена така по американскиот6 поручник што ја картографирал об­­ласта во 1841 година, но јас претпочитам да ја викам со другото име, база Амундсен-Скот7, по двајцата ис­­т­ражувачи што први стигнале овде во трката кон геог­рафскиот Јужен Пол, со предност за Амундсен и бол­на трагедија за Скот и неговата експедиција. Секако, не би знаел буквално да ги повторам зборовите на Тереза, а напати и нема начин да се преведе речникот 5 6

7

IceCube, во превод „коцка мраз“. Арчибалд Мекмурдо бил офицер на Британската кралска мор­нарица, не бил Американец. Станува збор за две различни поларни станици.

14


на физиката, не постојат секогаш глаголи за да се прераскаже. А да си бидам искрен, додека зборуваше, ми одлетаа мислите зашто си спомнував на моето прво патешествие на Антарктикот. Мина извесно време, но одлично се сеќавам; тогаш не дојдов преку Нов Зеланд, што ќе беше поедноставно, туку преку Чиле, од Сантјаго. Се качив на огромниот џамбоџет накај девет навечер и околу полноќ потонав во сон, а ноќта и сонот ми беа испрекинати и мачни, поради положбата и восхитот. Кога се разбудив, во авионот сѐ уште беше мрачно и тивко, се обидов да се измијам како знам и умеам, првпат забележав дека стапалата ми се отечени. Потоа пак вклучени светилки и новороденчиња што тивко се жалат. Чудно е како новороденчињата добро ги поднесуваат долгите авионски летови: освен еден очајнички плач претходната вечер, во текот на ноќта цело време спокојно спиеја. Низ прозорчињата се појави мошне блага сина нишка, која одвај се изделуваше од црнилото на облаците, па взори слетавме во Рио де Жанеиро. Во широкото кружење при приодот ги препознав заливот и градот и ридот Шеќерна Глава. Потоа речиси едночасовна пауза без излегување од аеродромот. Отаде долгиот стаклен ѕид се гледаа пистите, ридовите и градот во издолжена и тесна слика, обоени во спротивставените и јасни бои на зората и раното утро. Шест часот беше, по тамошно време. Уште не го бев вратил часовникот, не ми беше нај­ јасно што да правам со четирите часа разлика; полож­ бата на сонцето му го наметнуваше својот ритам на денот, а часовникот му наметнуваше друг. Ми се чинеше дека, ако го вратам назад, ќе ги поништам тие четири часа; секако ги бев изживеал, но со едноставниот гест на вртење на стрелките ќе исчезнеа, ќе ми се избришеа четири часа од животот, небаре никогаш не сум ги ни доживеал. И кои часови ќе се избришат: оние од поаѓањето од Франкфурт кога капетанот преку 15


разгласот го соопшти курсот на летот и ги даде метеоролошката прогноза и температурата за одредиштето во Рио, или дури и времето во Рио? Како да сакаше да каже: часовникот може уште сега да го вратите, и онака ќе спиете, и онака ќе мине цела ноќ, а кога ќе се разбудите, времето веќе не ќе биде исто. Можев да ги поништам најнепријатните моменти од ноќта, што знам, кога детето некој ред пред мене хистерично плачеше. Или тие од сонот, кои најлесно се отстрануваат од текот на животот. Можев да ги отстранам на куп, пакет од четири непрекинати часа со сите маки што ги содржат или да изберам четири посебни. Професионален пилот сигурно искусува многу вакви бришења на времето, но и многу му се додава, кога лета кон исток, му се додава време што никогаш не го доживеал: на крајот ќе биде постар? Ќе биде помлад? Криво ми беше, на заминување од Рио, што не седев покрај прозорецот и што немав филм во фотоапа­ ратот. Авионот прелета покрај заливот и плажата, ко­ја стјуардот ја посочи како туристички водич: „Ене ја Копакабана!“ Кога ги здогледав плажата и висококатниците, првпат почувствував дека сум на пат, дека сум во земја каде што е лето и луѓето се на одмор. Капетанот благо го накоси авионот надесно и налево за да им овозможи на патниците од обете страни да ја видат и во тој миг, со помисла дека пропуштам нешто важно, станав, појдов зад пердето, во одделот пред главните излези, сакав да погледнам низ илуминаторот, убеден дека ќе биде слободен. Но зафатен беше, се беа стуткале наземи четири русокоси стјуардеси во униформи, залепени за прозорчето. Чудно, мислев дека се навикнати. Таму навистина посакав да имам филм во фотоапаратот. Првпат ми беше над Андите, ги надлетавме доцна претпладнето и низ илуминаторот од авионот ги видов со мала снежна покривка, огреани од сонцето, су­ви и кафено-црвенкави. Долго го чекав багажот, а 16


потоа на излезот табличка со моето име држеше еден господин што изгледаше како да е Јужноамериканец и изразито Чилеанец: маслинест тен, темни очила, по­белени мустачиња, бела кошула и вратоврска на нис­ка и малку мешлеста става. Со него беше еден џеновјанин што веќе четириесет и две години живееше во Сантјаго, сењор Лагостена, кој, пак, беше со возачот на еден американски автомобил, од оние старите, добро одржувани и што претежно се најмуваат, за да се извлече од нив што поголема полза. Ги оставивме аеродромот, сонцето, пејзажот, бојата на пампата8, автопатот без јасни рабови небаре ветрот ги попречува со наноси од стрништето.

8

Или пампаси, тревна степа во југоисточниот дел од Јужна Аме­­рика.

17


Белешка за авторот

Италијанскиот прозаист Даниеле дел Џудиче е роден во 1949 година, во Рим, но живее и работи како универзитетски професор во Венеција. На италијанската книжевна сцена се појавува во 1983 год., со романот Вимблдонскиот стадион, за кој се закитува со наградата „Вјареџо“ за дебитантски роман. По две години го објавува Западен атлас, а во 1997 год. култната збирка раскази Манија. За својот претпоследен роман, Подвижен хоризонт, во 2009 год. ја добива Европската награда за литература, во нејзиното прво издание. Во 2001 год. францускиот режисер Матје Амалрик снима филм според дебитантскиот роман на Дел Џудиче. Добитник е на многу книжевни награди, како „Бергамо“ (1986), „Багута“ (1995) и „Фелтринели“ (2002), покрај гореспоменатите. Неговите дела се преведени на пове­ ќе светски јазици. Даниеле дел Џудиче има објавено и драм­ски текстови, како и голем број есеи за Итало Звево, То­мас Бернхард, Роберт Луис Стивенсон и Примо Леви, за кого го напишал и предговорот во изданието на неговите собрани дела.

153


Белешка за преведувачот

Калина Јанева (1981) дипломира англиски јазик и кни­ жевност, со италијански јазик и книжевност како втор главен предмет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Моментално работи на својата магистерска теза од областа на англиската книжевност на матичниот факултет. По тригодишна работа во наставата, на поттик од проф. Драги Михајловски, од 2006 година посериозно му се посветува на преводот. Има остварено над 25 книжевни преводи, претежно од англиски на македонски, но и обратно, како и десетици стручни преводи, главно од хуманистичките области. Последниве години активно преведува книжевни дела и од италијански јазик. Во 2012 година станува активен член на Здружението на преведувачи на РМ, а од следната година е дел и од Организацискиот одбор на Наградата за најдобар млад преведувач Вавилон, заеднички потфат на ЗПРМ и Делегацијата на ЕУ во Македонија.

155


И З Д А В АЧ К И Ц Е Н ТА Р Т Р И ул. Његошева 29A, 1000 Скопје, Македонија тел./факс +389 2 3245 622 e-mail: tri@kniga.com.mk www.kniga.mk

Технички уредник

Славко Јовановски

Лектура

Виолета Танчева-Златева

Маркетинг

Љубомир Саздов

Продажба

Милан Јовановски

Печат

Стеда графика

Тираж

1000 примероци

Ова издание е објавено со финансиска помош на Министерството за култура на Република Македонија

CIP - Каталогизација во публикација Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје 821.131.1-31 ДЕЛ Џудиче, Даниеле Подвижен хоризонт / Даниеле дел Џудиче ; превод од италијански јазик Калина Јанева. - Скопје : Три, 2015. 155 стр. ; 20 см Превод на делото: Orizzonte mobile / Daniele Del Giudice. – Белешка за авторот: стр. 153 ISBN 978-608-230-358-1 I. Del Giudice, Daniele види Дел Џудиче, Даниеле COBISS.MK-ID 98978058


Turn static files into dynamic content formats.

Create a flipbook
Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.