Зошто ние Македонците сме одделна нација (познато и како Зошто ние Македонците сме посебна нација) е авторски текст, статија на македонскиот публицист и културен деец Васил Ивановски потпишан под псевдонимот „Бистришки“[1]. Статијата е издадена во декември 1934 година од страна на Македонскиот народен сојуз во Америка од Детроит на неговиот четврт конгрес, помеѓу многуте изложувања, реферати и резолуции, откако статијата почнала да излегува во весникот „Македонско знаме“ на почетокот на истата година, кога весникот бил забранет од софиската фашистичко-монархистичка диктатура. Оваа статија претставува една од најголемите и најтемелните докази и изложувања (прокламации) на македонската национална посебност и идентитет напишана од Македонец на почетокот на XX век. Во оваа статија Васил Ивановски (Бистришки) преку 6 точки темелно ја објаснува и изложува посебноста на македонскиот народ, од балканските завојувачи, неговиот јазик, култура и историја.