Насе, иако имаше точно онолку години во кои си сосема спремен за растење, сепак немаше време да се занимава со оваа филозофија на растењето. Тој ова утро се подготвуваше за многу важен настан: училиштен „маратон” во трчање, кој ќе трае цела седмица во различни тркачки дисциплини. Веќе неколку месеци напорно вежбаше: - спринтови од 100 и 200 метри, - трчање на средни далечини од 800 до 1.500 метри, - трчање на големи далечини од 3.000 метри (што дури немаше многу време за учење, така што доби и неколку единици што напорно ги поправи), - јадеше здраво без да крие чоколади во перницата и - купи неколку пара патики за трчање во случај да заврне пороен дожд, па дури и снег, иако надвор, по топлото лето, се спремаше тивка сува есен. Толку му беше важен овој тркачки натпревар. Е денес, му остана уште убаво да се наспие и свеж да тргне. Но, плановите не испаѓаат секогаш онака како што ќе ги замислиме. Тоа утро Насе (инаку името му беше нагалено од Анастас ама толку долго име не му прилега на мало детенце туку на некој огромен маж херој - каков што беше дедо му по кој беше крстен; па така неговите одлучија да му го скратат во Насе) се разбуди подоцна од планираното време за спиење.
Веднаш стана од креветот, некако се сплетка и падна на подот: „Ова не е добар знак” - си помисли во себе, но откако го виде часовникот побрза да го подготви училишниот ранец, па дресот за натпреварот и да ги стави новите тркачки патики. „Чудно, можно ли е овие да не ми се точни, па вчера ги купив!?”- си мислеше Насе додека се обидуваше да ги протне огромните стапала во првиот пар патики, па во вториот, па во третиот... Да, да огромни стапала! Преку ноќ на Насе му израснаа само стапалата и тоа веќе не беа стапала, тоа беа два огромни чамци што шлапаа низ собата. Додека Насе се опоравуваше од шокот, мајка му му исцеди сок од цитрон, го галеше и му зборуваше со смирен тон, како што мајките тоа го умеат: да не се грижи, дека тоа едноставно е наследно во нивната фамилија, дека овие големи стапала не се недостаток и дека не личат на пераи, туку напротив тие се семејно богатство и имаат квалитети и предности што треба правилно да се искористат. Насе отсекогаш ѝ веруваше на мајка си и немаше избор освен да се смири, па собра храброст и ѝ вети дека нема да се грижи, туку ќе отиде на натпреварот во трчање. И нема ништо да го врати назад!
Да, на нозете, со помош на мајка му, стави повеќе пара патики и така насмеан тргна кон училишниот стадион. На патот го пречекаа три деца: 1. Највисокото (многу израснато дете) 2. Средното (така-така израснато дете) 3. Најмалото (воопшто неизраснато дете) Децата веднаш почнаа да го задеваат, како некој претходно да им кажал дека токму тука ќе помине дете со големи стапала. „Здраво, јас сум Насе!”- рече со тивок глас. „Еј, Гнасе, - рече Највисокото - каде си тргнал вака?” Насе спокојно се заврте и со насмевка им одговори: „Денес е мојот прв натпревар во трчање. Зарем вие не доаѓате?” „Добро, Насе Гнасе, само ако сакаш ти да нѐ префрлиш до таму!” – рече Најмалото дете од групата и тројцата почнаа да се смеат. Највисокото продолжи: „Овие патики што ги носиш се поголеми и од тебе!“ „Како чамци за пловење се, а не како патики што ги носат децата!” – додаде Средното дете. „Ако сакаш да нѐ префрлиш, ние ќе седнеме на твоите патики и оп, сите ќе стигнеме! ”– мудруваше Највисокото дете.
Додека трите деца се смееја на цел глас, Насе ја наведна главата, но ја задржа насмевката и продолжи по патот. Беше решен првиот ден на натпреварот да пристигне со насмевка. Стигна и застана пред училишниот стадион. Како вистински атлетичар, зеде длабоко воздух за да се релаксира, размисли во која дисциплина ќе трча, си вети дека нема да прави прекршоци или да турне некое друго дете намерно додека трчаат. Мислите му ги прекина едно девојче од женскиот тркачки тим од соседното одделение , кое пискаше: „Еј, девојчиња, девојчиња видете го Насе, колкави стапала има! Има да ја претрка целата земја, ха, ха!“ Насе се сврте и виде неколку девојчиња кои гласно се смееја. Се смееја на неговите стапала. Му се смееја нему. А, потоа им се придружија и другите деца од трибините, од игралиштето и... Малиот свет на Насе се распадна како износена патика во полн спринт – тој се сврте и избега!
Трчеше долго и трапаво со новите стапала по улиците. И дека му беа толку големи -за час го претрча целиот град. Кога се измори, застана. Виде дека стигна до едно малечко езерце. Езерцето беше мирно. Насе седна пред езерцето и почна да плаче. Прво плачеше заради големите плускавици како плескавици на стапалата (колку поголеми стапала, толку поголеми плускавици). Потоа, плачеше доволно долго за да помине времето и да си оди дома, а мајка му да не дознае дека не бил на натпреварот, дека се откажал и дека го прекршил ветувањето. Изморен, се врати дома, јадеше, ја напиша домашната задача и легна без да гледа цртан филм или да прочита книга, со изговор дека е многу уморен. Вечерта многу не спиеше, сонуваше чамци, Бигфут чудовиште и пераи за нуркање што лижат лижалче.
Утрото повторно се подготви за натпреварот во трчање, стави огромни патики што мајка му специјално му ги порача од Хималаите, се напи свежо исцеден цитрон и ѝ мавна на мајка му која се смешкаше: „И денес да победиш!”. Насе тргна со надеж дека денес го очекува поинаков ден, ама ништо од тоа: повторно го исмеваа бандата „Трите деца”, па девојчето од женскиот тркачки тим, дури едно јато птици спокојно му се одмораше на левата патика; тој повторно со трчање избега со висок старт, на три се најде кај езерото, седна и пак плачеше. И вечерта пак си легна порано. Ова на Насе му се случуваше пет дена по ред. Петтиот ден, истоштен од трчање и бегање од злобните задевања, со нозе потечени од плускавици, седна на неговото скришно место крај езерото. Овој пат не плачеше.
„Не сакам никој да ми се смее за моите стапала. Сакам да имам другар кој никогаш нема да се смее на моите стапала! А, ако не постојат такви добри другари, сам ќе си ги измислам!” Почека 5 минути. „Има ли некој вистински другар или другарка во близина?” Немаше никој. Насе од својот ранец извади празен лист хартија и училиштен прибор. „Сега, ќе го нацртам својот другар! Тој секогаш ќе сака да се дружи со мене, ќе ме брани и нема да ми ги повредува чувствата. И ќе изгледа супер и ќе има супер мали стапала и ќе ги поседува сите супер моќи на другарството. Толку убаво ќе го нацртам што тој ќе се појави од листот хартија и засекогаш ќе биде со мене!” На листот хартија Насе нацрта едно мало човече, со голема насмевка и со мали стапалца: „Појави се, појави се, те молам!” - го стегаше листот хартија и ги држеше очите силно затворени. Насе полека почна да го отвора едното, па другото око. Се убеди. Тоа беше најтажната глетка што ја видел околу себе. Тој сè уште беше сам. Немаше никакво другарче околу него. Солзите на Насе, големи колку неговите стапала, се тркалаа и се слеваа во езерото. Од толку многу солзи, езерото се разбранува и стана многу немирно. Насе се уплаши, почна да ги брише солзите со раката и со страв, полека, се повлекуваше назад. Ама повторно се сопна со големите патики. Одеднаш почнаа високи и силни бранови на сите страни!
Насе немаше каде, ги затвори очите и се подготви за најсилниот удар од вода кој досега го доживеал. Стоеше со очите затворени и чекаше и чекаше... кога одеднаш слушна пријателски глас: „Насе, дај си рака, другар си, нема што. Конечно да се запознаеме! Насе со неверување прво го отвори едното око и виде едно малечко суштество кое стои покрај него, па го отвори другото око и... Да! Навистина, пред него сè уште стоеше малечкото човече. „Од каде ми го знаете името, се извинувам?“ – праша Насе во бунило. „Ама ајде, што си се уплашил толку? Па, тоа сум јас Спасе! Зарем не ме познаваш?“ - радосно вртејќи се околу него, праша човечето или што и да беше тоа. „Ти ме измисли мене. Јас сум твоето измислено другарче. Ти Насе, јас Спасе. Отсега никогаш нема да бидеш сам и секој што ќе ти рече нешто за твоите стапала ќе си има работа само со мене и со моите мали стапалца!” - гордо извика малото измислено пријателче и не губеше време за дружење. Во следниот момент, Насе и Спасе трчаа околу езерото преправајќи се дека се космонаути во вселената кои го спасуваат светот. Кога им здодеа, пливаа исто како патките и рибите, потоа читаа стрипови, па правеа музика од езерските трски, јадеа шпагети од езерски алги, напишаа едно љубовно писмо до симпатијата на Спасе и веќе се стемни.
„Да си одиме дома, веќе е ноќ!“ - извика Спасе. „Каде живееш ти?” – праша Насе. „Па, со оглед на тоа што ти припаѓам само тебе, јас живеам секаде каде што живееш ти! Јас сум твојот најдобар другар!” – се смееше Спасе. Кога Насе и Спасе стигнаа дома, мајката беше многу лута и загрижена бидејќи задоцнил, а можеби сакаше и да го искара заради тоа што таа претчувствуваше дека Насе нешто крие од неа сите овие денови кога си доаѓа дома тажен. Но, денес тој изгледаше среќно и таа само го опомена за најважната работа на светот: „Те молам, секогаш кажувај ми ја вистината, дури и да доцниш, зашто... зашто нема веќе да се натпреваруваш во трчање!” Насе климна со главата, но повеќе го возбудуваше фактот дека неговата мајка не можеше да го види измисленото другарче Спасе што постојано ги јадеше сите колачи на масата. „Можеш да ме видиш само ти!“ – со полна уста шепотеше Спасе. Насе му намигна на Спасе, но си вети дека утре, што и да се случи, мора да отиде на натпреварот зашто повеќе не смее да ја лаже својата мајка.
Дојде и утрото. Појадокот што не го јадеше Насе, го изеде неговиот замислен другар, а мајка му воопшто не забележа, можеби зашто беше среќна што нејзиниот син првпат појадувал во овие денови пред да оди на училиште и да се натпреварува во трчање. На истото место на патот, како и секој ден, стоеја бандата „Трите деца” и лижеа лижалчиња како да немаат дотогаш видено. Насе помина пред нив, без никаков збор, додека пак тие не останаа рамнодушни и повторно, како секој ден, почнаа да го малтретираат. „Секој ден сè поголеми стапала!” – се смееше Најголемото дете. „А никако да истрча ни 100 метри!” – Најмалото, подбуцнуваше. „Чекај само кога мајка му на Насе Гнасе ќе дознае дека тој не оди ниту на часови ниту на натпревар во трчање!” – се вмеша Средното дете. „А и девојчињата му се смеат!” – не престануваше Најмалото дете. „Подобро да си седи дома, никому не му е потребен таков другар со толкави големи стапала!” – како навиено додаваше Средното дете.
Ова го слушна и Спасе, замисленото другарче, кој навистина многу се навреди и разлути поради ваквото однесување на овие три момчиња. Тој почна да го брани Насе, да им вика на тројцата, да им прави „уши” со прстите зад главата, да им ги врзува врвките од патиките, да им чита лекции по бонтон, но попусто, никој од нив освен Насе не можеше да го види, ниту да го слушне, а камоли да се уплаши или засрами од Спасе. Насе ова го гледаше и му стана смешно, па му шепна на Спасе: „Да си одиме!” „Кому му се смееш, Насе, бе Гнасе?” - се дереше Средното дете. „Никому, извинете!“ - рече Насе. „Спасе, тргнувај, те молам.” „Еј, видете, па тој си зборува самиот со себе!” – рече Најмалото дете. „Мора да е чуден!“ – додаде Средното. „Чудовиштеее!” - се дереа тројцата.
Спасе и Насе или обратно Насе и Спасе, тажни, продолжија по патот. „И денес не можам да одам на натпревар, никому не му е потребен тркач со огромни стапала!” - разочарано зборуваше Насе, упатувајќи се кон езерото. Денес Насе и Спасе не играа никакви игри. Само седеа и зјапаа во далечината. Водата беше мирна. Сонцето силно светеше. Сѐ беше како што треба, освен насмевките на нивните лица. Нив ги немаше. „И сè тоа поради моите големи стапала! Ги мразам моите стапала и големите чевли и патики што треба да ги носам. Толку е тешко да се движиш со нив, а најтешко од сè е да најдеш другари кога имаш такви чевли!” – пелтечеше Насе. „Еве јас сум ти другар!” – рече Спасе, знаејќи дека неговиот Насе не е среќен само со него. Е, за неколку минути од сега ќе се случи вистинска драма, зашто малку подалеку од нив, близу езерото, во едни густи трски се појавија трите деца, кои ги следеа, односно го следеа Насе.
„Да го исплашиме и нека падне во водата. Да видиме како ќе плива со неговите огромни стапала!” – рече Највисокото дете. „Да го турнеме!” – испланира Средното дете. „Сакам да го видам како плаче!” – со измутиран глас од злоба извика Најмалото дете. „Напааад!“ - викна бандата, и тројцата, засилени, се упатија кон Насе. Како што истрчаа, Средното дете се сопна од езерските трски, се стркала и падна во езерото. Почна да се дави. „Помош, помош, јас не знам да пливам!” – викаше Средното дете. „Како да слушнав нешто.” – му рече Спасе на својот другар со големи стапала. Насе стана и погледна наоколу. Ги виде двете деца како стојат на брегот и викаат додека Средното е во вода и се дави!
„Мораме да му помогнеме! Ајде!“ - рече замисленото другарче и го фати за рака својот вистински другар со големи стапала. „Ох, леле, мама ќе нè убие – рече Највисокото. Ајде, скокај!” „ Тебе ќе те убие стапу еден, ти требаше да нè чуваш, јас не знам да пливам, – рече најмалото дете. Скокни ти!” „Јас се плашам од вода, знаеш и самиот” - одговори Највисокото. Додека Средното дете се давеше и бараше помош, останатите две деца се расправаа и се навредуваа. И одеднаш, го видоа Насе. „Што бараш ти тука стапалиште едно?“ – му рече Највисокото дете на Насе. Насе се сврти кон својот замислен другар, го погледна право в очи и го праша: „Што да правам сега?” „Леле, пак си зборува сам!” – рече Најголемото дете. „Да те нема, чудовиште!” – рече Најмалото дете. „Она што мислиш дека е твоја пречка, а не твоја предност, и она поради што никогаш нема да бидеш среќен, е всушност она што ќе те направи среќен!“ - рече Спасе. „Но, јас ништо не те разбирам...” - прошепоти Насе. „Знам, понекогаш многу филозофирам.” Замисленото другарче застана на увото на Насе и му шепна. „Тоа и ќе го сторам!“ – извика Насе и ги собу своите огромни чевли. Чевлите беа толку големи колку чамци. Насе влезе во водата, а својот чевел го искористи како чамец за спасување на потонатиот немирко. Го стави во чевелот и како со брод отплови до брегот.
На тројцата браќа прво не им беше јасно што гледаат, а потоа возбудени му се заблагодарија на Насе и му се извинија за сите неволји што ги предизвикаа во неговиот мал живот. „Насе, другариште си, нема збор!” - велеше Средното, додека го прегрнуваше огромниот чевел на Насе. „Се викам Анастас!“ - рече Насе, додека се ракуваше со Тројцата. „ Ааа, како во онаа приказната за храбриот дедо...” - промрморе некој. „Имаш име на херој!”- се насмеа Најголемото дете. Јас сум Серафим, ме викаат Стап оти еднаш преку ноќ израснав, мнооогу висок, овој малиов се вика Огнен, оваа недорасната смотаница што не знае да плива е Петар. Ти имаш голема заслуга. Отсега, ако некој те задева...” Насе знаеше дека тоа не е само негова заслуга, туку дека заслугата му припаѓа и на Спасе - неговото замислено другарче кое многупати понатаму ќе го „спасува” во неговиот детски живот.
И уште милион пати ќе го потсетува никогаш да не заборави дека: „Она што самиот си го гледаш како недостаток, како мана, може да биде твоја голема предност.” Насе од тој ден никогаш повеќе не избега од училиште и не пропушти ниеден натпревар во трчање. Не само дека негови нови другари беа Стап, Малиот и Смотаница, па никој не смееше да го задева, туку затоа што Насе стекна доверба во себе. Научи да се сака онаков каков што е. Така го засакаа сите околу него. Е, сега мајка му беше навистина горда на него.
Една година подоцна на училишниот стадион, на патеката за трки, Насе трчаше најбрзо од сите тркачи, ги помина сите пречки, дури ги прескокна и трибините, го претрка најбрзиот воз, ама ете, не победи. Но тоа воопшто не му беше важно. Зашто во различни времиња од животот, различни работи стануваат важни. Така еден ден Анастас порасна и стапалата му се смалија, или само него така му се чинеше, Спасе исто така порасна и му порасна стапалата... Анастас стана космонаут или лекар или стана лекар во вселената, тоа воопшто не важно... И, двајцата другари, како сите возрасни, без многу солзи, освен оние скришните во срцето, се разделија - секој по својот среќен пат.