Шарената куќа

Page 1



Децата имаат способност да ги согледуваат работите различно од возрасните. И тоа без никакви помагала: двогледи, микроскопи, телевизори или oчила за предвидување на иднината. Навистина верувам во тоа дека сосема малечко дете, девојче или момче, гледа многу повеќе и многу подалеку од возрасен човек, иако понекогаш ни се чини дека детето не ги гледа сосема јасно цртите на нечие лице и не гледа кој какви патики или каков фустан носи. Сепак децата имаат моќ да гледаат поинаку. Децата всушност гледаат нешта што се длабоко во нас. И на тој начин можат заедно да ги направат нештата во светот, или барем во местото каде што живеат, поинакви и подобри. Оваа е токму една таква случка.


Тоа беше еден необичен град. Да, секако ќе се согласите дека не постојат обични градови бидејќи ниту еден град на светот, или каде било, не наликува на друг град и дека градовите се обични или необични поради луѓето што живеат во нив. Но, овој град беше поинаков. Град без боја. Во градот куќите најчесто беа некако „сиви”. Стаклата на прозорците од училиштето - замаглени. Лисјата на дрвјата имаа иста боја како тротоарот. А кога врнеше дожд, капките не се забележуваа. Луѓето и децата колку и да ги менуваа облеките, повторно изгледа исто - безбојно. Кога купуваа овошје, праската и јаболкото изгледаа идентично, скоро без никаква разлика, сладоледот немаше боја - а имаше вкус на јагода? Замислете си како би изгледал светот без боја. Сè наоколу беше како да живееш во црно-бел телевизор. Нема боја, само црни, бели и сиви варијации. И тоа не беше едниствениот проблем, туку проблем беше тоа што и возрасните беа такви сиви, некомуникативни, здодевни и постојано подготвени за расправање, можеби поради времето што владееше во градот - сиво, тмурно, облачно. Ете, таков беше градот - безбоен здодевен и тажен. Но што можеше градот да направи: тој беше толку безбоен што беше на пат да исчезне и да го снема. А луѓето воопшто не се трудеа да го спречат тоа. За еден град кој е безбоен, идејата за која било друга боја, освен црна и бела, беше непозната, мит, фикција, иако многу одамна постоеше легенда дека градот блескал од бои. Но, за тоа беше забрането да се зборува.




За некои кои имаа сеќавања за неговиот поранешен изглед во боја, беше чудно да не се обидат да направат некаква промена. Значи, не дека боите не се спомнуваа воопшто, туку едноставно, за да се олеснат некако секојдневните обврски и потреби, оние што имаа некаков спомен за боја, имаа направено речник кој се викаше „Речникот за значењето на боите на жителите од Безбојниот град”. Во тој речник, се опишуваше како изгледаат боите и во кој случај се користат, на пример: црвена се користи за лутина, луто; зелената боја означува мрзливост - како некој да се тегне; сина-тага; портокаловата е несигурност итн. Па, кога одиш на пазарче купувањето изгледа вака: Ајлин, мајка 40 г.: .„Ве молам дали може да добијам еден несигурен портокал?”(со значење: портокалов и зрел). Или во ресторан: Млад брачен пар: „Извинете, овие шпагети ми се малку зелени.” (што значи дека не се доварени, се тегнат). А, за да купиш сос од црвени домати, на продавачката на каса треба да ѝ направиш лута гримаса: Писателка: „Извинете, колку чини овој сос (следува изнервирана гримаса) од лупени домати во конзерва?“ (ова покажува дека сосот треба да е исклучиво од црвени домати). И така жителите од тој Безбоен град едноставно си го продолжуваа својот безбоен, едноличен и здодевен живот, успешно игнорирајќи го нивниот сив свет. Велеа, судбина. И никој не се обидуваше да ја порекне.



Но, како и во секоја книга, и на секое место на планетава, постои еден или една којшто ќе порекне нешто, или ќе посака нешто ново, некаква промена. Таквите луѓе се нарекуваат херои. Нашиот херој беше дете, односно хероина - беше девојче. И вообичаено како сите херои што имаат непријатели, така „непријателот” на оваа наша хероина беа скоро сите возрасни. Прво, Таа беше едно најобично девојче со дарба да фантазира. Сите ја задеваа кога таа самостојно, во слободно време, измислуваше зборови за во „Речникот за значењето на боите на жителите од Безбојниот град” составени од посложени бои. На пример: „магента, се добива со мешање на црвена и сина боја и означува длабоки мисли; потоа: aзурно сина означува светол длабок радосен ден и потсетува на синозелена боја на океанот, додека пастелно розовата боја која се добива од зелена, црвена и сина боја, означува космос” - нешто ново и непознато, токму такво за коешто Девојчето копнееше. И второ, кога таа посакуваше да ѝ се раскажуваат приказните од минатото - како овој град еднаш одамна полн со бои станал безбоен, секогаш наидуваше на негодување, повторно од страна на возрасните: Баба Кула 86 г.: „ Тоа не е тоа твоја работа.” Нејзината неразделна сосетка Мирка 76 г.: „И не да ти се мешам, ама и без овие твои новоизмислени бои, одлично се снаоѓаме”. Или, Многу зафатен возрасен вујко Леко: „Зарем немаш попаметна работа, немате ли домашни задачи денес? “ И: Ангел, другарот на нејзината сестра, два пати магистрирал архитектура: „ Е, добро, како боите ќе го променат твојот сè уште малечок живот?” Но, Таа потајно знаеше дека ќе ѝ го променат.



Затоа реши самата да истражува. Прво ќе почне или од таванот или од визбата на својата куќа. И како секоја вистинска авантуристка, спремна за нови откритија, во мигот одлучи да се симне во визбата и тоа од две причини: 1. (Прва причина) За да добие во време и да не задоцни на училиште - зашто како што имаше прочитано во една книга од некојси Ајнштајн: „Времето минува побавно во визбата отколку на таванот “, a тоа е така бидејќи кога часовникот се наоѓа во визбата тој е поблизу до центарот на земјата, а со тоа и до земјиното гравитациско поле. Аналогно на ова, стрелките на часовникот, поради гравитацијата која привлекува надолу, потешко се движат и времето минува побавно; и 2. (Втора причина) Во визбата секогаш можеш да најдеш еден куп предмети и нешта што се спомени од едно време. А, ако сакаш да дознаеш за некого или за нешто што се случило во минатото, најдобро е да прочепкаш по спомените.



Девојчето во рацете веќе држеше еден албум со стари фотографии. На првата страна пишуваше: „Спомените никогаш не исчезнуваат. Спомените ни ги откриваат нашето минато и нашата иднина”. „Тоа е токму она што го барав - прошепоти Девојчето, - овде сигурно ќе најдам спомени како порано изгледал нашиот град во боја”- си мислеше додека го разлистуваше албумот. На безбојните фотографии едвај се забележуваа безбојни пејзажи, бидејќи врвовите на планините се мешаа со некој облак или авион, или пак водата на морето со небото, па едвај можеше да се забележи дали тој „некој “ на фотографијата нурка или се обидува да лета; потоа некои семејни фотографии од роденден каде сите гости се сликани пред роденденската торта со „лути” гримаси, зашто лутото, според „Речникот за значењето на боите на жителите од Безбојниот град” ја означува црвената боја - следствено шлагот на тортата по претпоставка би бил црвен и...


Од корицата на албумот испадна стара, многу стара фотографија, на која се гледаше куќа на рид... Куќа во бледи бои! „Чекај малку, - возбудено на глас си рече Девојчето, - од каде да знам дека на оваа фотографија е сликана куќа во бои, кога јас воопшто никогаш досега не сум видела бои?” Таа се обиде прво да се смири од возбудата, зашто големата возбуда обично ја тера на спиење, па подразмисли: „Да, јас никогаш порано немам видено бои, но сигурна сум дека вака изгледаат боите зашто ништо не може да предизвика толку силни чувства кај некого, освен бојата. Така ми велеше тетка ми кога бев уште помала од сега. А во моментот се чувствувaм електрично жолта” – се радуваше Таа. На задната страна од


фотографијата се наоѓаше мапа што водеше до куќата на ридот. Без двоумење, Девојчето, со фотографијата во рацете, истрча по скалите.


И како што сите знаеме, овде следува делот кога Девојчето одеше според мапата, одеше, одеше, одеше, одеше, одеше, одеше, многу одеше, одеше, одеше, побавно одеше, одеше, одеше, одеше, одеше, побрзо одеше и одеше, одеше, сè додека не стигна до еден гол рид, на кој стоеше куќа во боја!!! Не, не, не можеше да си поверува дека тоа е всушност куќата од фотографијата, што сега веќе изгледаше остарено; текот на мислите ѝ беше измешан, па чудесен, и веднаш го осети тоа чувство во стомакот кое што го создават боите: со лаванда виолетова беше полно нејзиното меше. „Шарената куќа! Шарената куќа!” - викаше таа. И наеднаш инстиктивно ја прегрна, прво вратата на куќата, па прозорците, па симсот, па ѕидот, токму онака како што секој би го прегрнал оној или онаа што еднаш порано некако ги изгубил и повторно ги нашол. Да, тоа беше куќата за која луѓето, понекогаш, во градот зборуваа дека никој не се осмелува да ја посети.



Куќата ја отвори вратата. На средина од собата изникнало мало дрвце во боја. И до каде што се простираше неговата „сенка”- сè беше во боја. Девојчето за првпат во својот мал живот гледаше во боја, мислеше во боја, сите предмети, што до сега ги видела, ако се стават под дрвото, добиваат боја - имаат друга смисла. Пурпурна смисла. Жад зелена смисла. Чоколадно кафена смисла. Прашливо сива смисла, металик, бледо златна смисла, а најмногу англиска црвена, ултрамарин, титаниум бела и окер смисла! Набрзо, Девојчето од голема возбуда, заспа. Тука, веднаш до дрвцето. Патиките, од сенката на дрвцето добија магента боја. Сонуваше сон. Сон во боја:



Околу Шарената куќа се протега прекрасна шума со дрвја во најразлични бои. Шарени. Возрасните од градот, кој веќе имал доволно свои бои, се восхитувале на боите од дрвјата и посакале и нивните куќи да изгледаат така шарено, во уште посилни бои, како Шарената куќа. И наместо заедно да се соберат, да се договорат да исечат само неколку дрвца и да засадат еден шарен парк во градот заеднички за сите, тие... Еден по еден, скришно навечер, оделе во шумата и ги сечеле дрвјата. Куќичките во градот постепено станувале уште пошарени, а од оџаците излегувал чад во боја. Возрасните, заслепени


од лакомост, не забележале дека всушност ја исекле целата шума. Останале само корени и едно кревко ситно дрвце. Шарената куќа станала без боја, бледа, криејќи го во себе последното дрвце во боја, а ридот останал без шума. Дури и градот посивел од тага. Залудно возрасните се обвинувале еден со друг кој е виновен за ова, залудно се расправале и се мрштеле и дури престанале да си одат на гости, без да преземат ништо. На крајот, од лутина посивеле. Сите куќи, сите дрвја, сите нешта во градот, преку ноќ, ја изгубиле својата боја. Таа се разбуди.


„Имам идеја, имам идеја“ - викаше Девојчето. „Ако ова дрвце од средината на собата се пресади и од него изникнат нови дрвја, сè ќе добие боја и куќите и улиците и сладоледот и велосипедот на другарка ми и опашката на мојата мачка Мишка и очите на сите мајки и целиот свет!” Девојчето трчаше, трчаше, трчаше, трчаше, кон Безбојниот град да им раскаже на децата, на другарките и на другарите, зашто за вакви сериозни нешта не се зборува веднаш со возрасните, бидејќи:


1. (под еден) Тие секогаш многу работат или едноставно немаат време да те ислушаат и никако не сакаат заеднички, во тим, да направат нешто, и 2. (под два) Возрасните од тој град веќе се имаа помирено да ги живеат своите животи без боја.



Па, Девојчето трчаше, трчаше, трчаше, трчаше, што дури и не си ги забележа патиките во магента боја. Трчаше, трчаше, трчаше, трчаше и на крај стигна во Безбојниот град и од врата до врата, им раскажа на сите деца за случката во шумата и како сите заедно можат да ја вратат бојата на нивниот град. Потоа отиде и на училиште и по часовите им го соопшти планот на останатите деца. Децата ја гледаа со недоверба, се подбуцнуваа, ѝ се потсмеваа, сè додека едно мало момче, на околу двегодишна возраст, не ѝ ги виде патиките и вресна: „Ва, вау, ваа, патики во магента боја?”. (Да, да, малечките деца што едвај зборуваат имаат многу развиен инстинкт за боја). Во тој момент сите деца, прво се вчудовидија, а потоа се растрчаа по планот составен од неколку точки:


Точка бр. 1: Децата грижливо да го засадат шареното дрвце во дворот на Шарената куќа и постојано да го полеваат. Точка бр. 2: Дури и Куќата да ја крие својата сенка, да не му пречи на стеблото да расте. Точка бр. 3: Наскоро од стеблото да израсне убаво дрво во боја. За кратко време, од семето на тоа дрво, Девојчето, заедно со сите деца, навистина засадуваат расадник шарени дрвја.


Точка бр. 4: (оваа точка не беше предвидена во планот) Возрасните повторно дошле на ридот што светел од боја, шокирани од глетката. Но овој пат, никој не смеел да пресече ниту едно единствено дрво. Сите, според непредвидената точка во планот, засадувале и одгледувале дрвја во боја на ридот. Точка бр. 5 и најважна: Девојчето на сите возрасни им дало да земат, односно да пресадат дрво во боја во своите дворови, под услов да ги одгледуваат, полеваат и нивните дрвја и дрвјата на ридот. Луѓето се согласиле.



Огромна шума се разви на ридот во разни бои околу Шарената куќата. Куќата доби уште поинтензивна боја. И целиот град. И сè во него. И тревата и морето и фотографиите од албумите добиле боја - сега јасно можеше да се види дали некој нурка или плива, колку видови цвеќиња навистина постојат по боја, каков вкус има бонбоната од круша, колку шарени вратоврски и колку шарени хулахопки постојат и колку начини има истите да се искомбинираат за на работа или за на гости, колку всушност често треба да се мијат забите за да бидат бели; сликарите сликаа на сите страни, па дури и заврнал дожд во боја, а срцата на сите луѓе од сега веќе Шарениот град, се обоиле во кралска црвена боја.


„Ете, вака боите ми го променуваат мојот сè уште малечок живот” - шепна Девојчето, облечно во фустан од сите бои што ги имаше измислено до сега, и од оние бои што допрва треба да ги измисли.




Turn static files into dynamic content formats.

Create a flipbook
Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.