Археолошкиот локалитет Исар - средновековната населба и утврдениот средновековен град Штип се наоѓа на западниот дел од денешниот град Штип, на доминантно возвишение помеѓу реките Брегалница и Отиња со правец на простирање север-југ во должина од околу 350 метри. Средновековен Штип никнала врз урнатините на античкиот Астибо и византискиот Стипион. За време на Самуиловото царство (976-1014) интензивно се утврдуваат градовите и тврдините кога најверојатно и штипската тврдина е обновена. Подоцна штипската тврдина како и многу други утврдени градови при нејзиното освојување од страна на Византијците повторно страдала и била руинирана. Градот својот најголем економски и духовен подем го доживува во 14 век под власта на Српската феудална држава.