ДОБРОДОЈДОВТЕ! Вие сте на почетокот на презентациите од содржините по Македонски јазик и литература за четврта година на средното стручно образование. Тие се правени според новата наставна програма за четиригодишно образование, приготвена од Бирото за развој на образованието на Република Македонија. Во првиот дел е предаден граматичкиот материјал, а во продолжение се изложени содржините од подрачјето светска и македонска литература. Во недостаток на учебници и други помагала за делот од литература, се користени податоци од разни извори, најчесто од интернет и особено се внимаваше да не бидат тоа страници со застарени (неажурирани) податоци, или такви кои поради нечија неодговорност престанале да се отвораат (на пример, страницата на Друштвото на писателите на Македонија).
Опитот стекнат со презентациите (и текстовите) за втора и трета година се користеше да се внесат некои новини во изложувањето на податоците. При обработката на слајдовите е користена програмата за презентации на Softmaker office. За да може да се читаат коментарите кон некои автори (или лекции) препорачуваме да се инсталира adobe reader x или pdf-xchange-viewer. Материјалите можат слободно да се користат и печатат (но не за комерцијални цели). Вашите коментари и забелешки за евентуални пропусти ќе ми бидат драгоцени за нивно отстранување. Мојата адреса: trajan.vapcar@yahoo.com и мојот блог: trajan-vapcar.blogspot.com Трајан Божинов, професор Успех на матурата!
ФРАЗЕОЛОГИЈА Фразеологијата е дел од лексикологијата која ги проучува зборовните состави како одделни лексички единици, наречени фразеологизми или фразеолошки изрази (грч. phrasis = израз; logos = наука, учење). Во реченицата зборовите се поврзуваат меѓу себе во состави или целости. Врската меѓу зборовите во тие состави може да биде слободна, при што зборовите си ги задржуваат основните значења: Мие раце пред секое јадење. Но во реченицата Мие раце од таа работа; врската е неслободна и постојана, а одбележаниот состав има значење: отфрла одговорност од себе за нешто.Тоа значење е ново и сосема различно од основното значење на составот. Составите од овој тип имаат ново значење кое не е збир од значењата на составните зборови. Спореди уште: прст и плева = многу (прст, арх.= ровка земја); од новина на гинеж = многу ретко; скрши глава =отиде некаде.
Фразеологизмите ги имаат следниве одлики: 1. Тие се со скаменети, неизменливи форми: не може да се каже прстот и плевата, или дедови деветини, ами само прст и плева, и бабини деветини. 2. Имаат ново и единствено значење, еднакво на одделни лексички единици (лексеми): му ја покажа вратата =го истера; скрши глава =отиде; мед и млеко = сѐ; стара коска = издржлив; петта колона = предавници. 3. Имаат посебна стилска вредност, се користи преносното (метафорично) значење на зборовите: огин и пламен =многу е скапо; како од мајка роден = сосема гол; од комарецот масло вади =голем скаперник е; мувата камила ја прави = ги преувеличува работите. Фразеологизмите настанале во одреден момент, како резултат на одредено животно искуство, се поврзани за некој настан и сл. Тие се специфични за секој јазик и многу е тешко да се преведуваат буквално на друг јазик. Цитат за овој час: Јазикот коски нема, коски крши. Народна поговорка
ПОДЕЛБА НА ФРАЗЕОЛОГИЗМИТЕ Фразеологизмите можеме да ги поделиме врз повеќе основи: според степенот на слеаноста (неделивоста), според граматичкиот состав, според потеклото, според значењето, според функциите и сл. I. Според степенот на слеаноста фразеологизмите ги делиме на: а. фразеолошки срастувања, б. фразеолошки единства и в. фразеолошки спојки. а. Кај фразеолошките срастувања степенот на слеаноста е најголем и тоа се зборовни групи неделиви по своето значење. Се викаат уште и идиоми. Врската меѓу зборовите е најнеслободна. Значењето што го имаат е сосема различно од значењето на составните зборови: рака на срце = отворено; фрла пушка = пука (арх.). Поради големата сраснатост меѓу зборовите, тие најчесто не ја менуваат ни граматичата структура: на лице место; се фатија за гуша; не може: се фатија за гушата.
б. Фразеолошките единства се изрази кои можат да имаат и основно значење, но и преносно. Кај овие фразеологизми врската меѓу значењата не е сосема прекината. Така во Го обра бостанот и го продаде; и Притиснат е до ѕидот и одвај дише; значењето на составите е основно, директно. Но во примерите: Го обра бостанот дури сега и Притиснат е со докази и мораше да признае, значењето на составите е преносно и сликовито. Тоа се фразеолошки единства кај кои врската меѓу зборовните состави може да биде полабава, па меѓу нив може да се вметнуваат и други зборови. Спореди уште: Има мува (пчела) на капата; лови во матно; ја врти водата на својата (твојата) воденица. Тоа значи дека врската меѓу основното и преносното значење не е целосно прекината. в. Фразеолошките спојки се зборовни состави кај кои само едниот од зборовите има преносно значење, а другиот се јавува со своето основно значење.
Кај овие изрази едниот член се јавува како постојан дел, а другиот е променлив и може да се замени.Спореди: златна (сребрена) свадба = 50. (25.) годишнина од брак; железна (челична) дисциплина; леден (студен, мрачен) поглед. Овие спојки не се целосно лексикализирани и дури некои од нив можат да претрпат и морфолошки промени. г. Некои лингвисти (Ружа Паноска) во посебна група ги одделуваат т.н. фразеолошки изрази кои стојат близу до фразеолошките срастувања и фразеолошките единства. Тоа се неделиви зборовни состави и со постојано значење. Некои од нив се добиени по литературен пат (Ахилова петица, Авгиеви обори, алфа и омега). Во оваа група се поместуваат пословиците, поговорките цитатите и сл: седи како на трње; ги продаде рибите - го напрчи кошот; го зеде на душа; сега му е мајката, коцката е фрлена; во четири очи; со половина уста; Тука спаѓаат пред сѐ оние кои во себе содржат преносно (метафорично) значење.
II. Според граматичкиот состав фразеологизмите делиме во две основни групи: а. фразеологизми во форма на реченица и б. фразеологизми во форма на зборовна група (синтагма). а. Фразеологизмите со структура на реченица можат да бидат во вид на проста реченица, (си легна на брашното; го зеде на око; има вујко владика); како сложена реченица, (кај скокала козата, таму ќе скока и јарето; посакала шута рогови, останала и без уши) или, пак, како дел-реченица од сложената реченица (Сите знаевме дека има зајачко срце; Слушнавме како само со еден збор му ја затвори устата). б. Фразеологизмите во форма на синтагма можат да бидат составени од различни зборовни групи: 1. од придавка и именка (железна завеса; цврста рака; здрав разум); 2. од именка и именка (забот на времето; ветар и магла; од лулка до дупка). Спореди уште во народниот јазик:
како брашно на заем; повторија - потресија (повторниот брак може да предизвика непријатности); вересија - потресија; ортаклак - кипезлак (= срамотилак; ортачката работа може да донесе срамота ако не се работи чесно) 3. од придавка и придавка (носен недоносен; од мил помил стана); 4. од број и именка (два-три дена, пет-шест месеци); 5. од прилог и прилог (криво-лево; згора-згора; криво ти право ти, така си е; колку-толку, доволно ни е). Надвор од именските групи (синтагмите), можат да се разгледуваат фразеологизмите составени од глаголски форми со спротивставен (антонимен) однос (коли-беси; врти-сучи; оди ми дојди ми прави); или пак од глаголски именки (кои пак се на границата меѓу глаголите и именките: земање-давање). Според уште и: на ти, дај ми. Цитат за овој час: Живо живољанче, на жив скут седе, живо месо тегле. (дијалектно, гат. бебе кое цица)
СТИЛИСТИКА Стилистиката е научна дисциплина чиј предмет на проучување е стилот. Самиот поим стил е повеќезначен и се користи во јазикот, во литературата и другите гранки на уметноста, како и во речиси сите сфери на животот (модата, спортот, политиката). Во краен случај стилот е начин на однесување на секој човек како индивидуа (Стилот, тоа е самиот човек - Ж. Бифон). Што се однесува до тој поим во јазикот и литературата, стилот можеме да го определиме како начин на изразување, како начин на пишување и зборување; уште како начин на употреба на јазичните и литературните изразни средства и т.н . Науката која се занимава со проучување на стилот во литературните дела се нарекува литературна стилистика, додека лингвостилистиката ги проучува јазичните средства во литературните дела. Во нивните рамки постојат повеќе подвидови и правци.
Меѓу нив се задржуваме на функционалната стилистика, која се занимава со проучување на функционалните стилови. Под функционален стил се подразбира начин на користење на јазикот во определени услови. Тука мислиме пред сѐ на областа во која се одвива општењето; дали тоа општење се јавува во писмена или говорена форма; дали карактерот на општењето е службен (официјален) или неслужбен и сл. Иако понекогаш е тешко да се разграничи еден стил од друг, затоа што меѓу нив нема остра граница, сепак ги издвојуваме следниве функционални стилови: научен, административен, публицистички, уметничколитературен и разговорен. 1. Научниот стил се користи во науката, во образованието, како и за популаризација на научните достигнувања. Се дели на три потстилови: строгонаучен, научно-популарен и научноучебнички. а. Строго научниот потстил се употребува при пишување на дела со научна содржина кои се наменети за специјалисти од одредени области.
При тој потстил се оперира со поими и факти кои не се секогаш, или малку се, разбирливи за пошироката читателска публика. Исто така многу често при формулацијата на некои докази и термини се цитираат (се пренесуваат) мислењата на други научници. Писмени форми (родови) преку кои се застапува овој потстил се: монографија, дисертација, реферат и сл. б. Научно-популарниот потстил ги има меѓу другите функции, и таа да ги запознава читателите со научните сознанија, на разбирлив начин, со едноставен јазик. Форми (родови) преку кои се пројавува се: книга, статија. Во последно време тој потстил е доминантен во научнопопуларните серии на телевизија и на интернет. в. Научно-учебнички потстил се користи при пишување на учебници, прирачници и сл. Научните сознанија и факти се предаваат за оние на кои им се наменети учебниците, на разбирлив начин (или дури забавен - за најмалите!).
Во врска со областите што се предмет на проучување науките ги делиме на хуманитарни (науката за јазикот, науката за литературата, историјата, филозофијата и сл.); природноматематички (математиката, физиката, хемијата и сл.) и технички науки (електротехниката, машинството, градежништво). Што се однесува до лексиката која се користи во овој стил, таа во основа е општонародна, со висок степен на интернационализми (особено кај техничките науки), како и на зборови од апстрактната лексика. И во поглед на морфологија и синтаксата овој стил има свои особености што го разликува од другите стилови (засилена употреба на именките наспроти глаголите; зачестена употреба на безличните и пасивните реченици и сл.). 2. Административниот стил (канцелариски, официјалноделовен) зафаќа широко подрачје на употреба. Се користи во општењето меѓу државите, во институциите на една држава,
како и во обраќањето на граѓаните до институциите во државата. Овој стил ги апсорбира исто така активностите и комуникацијата на разни организации и политички партии. Особености на овој стил се одмереност, објективност и информативност. Користи востановени форми на изразување преку употреба на однапред изготвени формулари. Потстилови на административниот стил се: дипломатскиот, законодавно-правниот, деловниот , личниот (персоналниот) и општествено-политичкиот потстил . Во зависност од тоа за кој потстил се работи, лексиката може повеќе или помалку да се разликува. Така, за дипломатскиот потстил се вобичаени зборови и изрази како: акредитација, протестна нота, аташе. Дури и се претпочитува оригиналната форма persona non grata (непожелна личност). Фрази и термини од интернационалната лексика се вообичаени и за законодавноправниот потстил: предлог-резолуција, амандман, параграф. Поука за овој час: Зборот дупка не дупнува, ама се паметува. Народна
За деловниот и личниот потстил се својствени термини како молба, приговор, подносител (на барањето). Во поглед на морфологијата кај овој стил, употребата на именките е повообичаена за сметка на глаголите; и уште: за лицата од женски род кои вршат функции да се користи формата за машки род: директор, претседател, судија (но во разговорниот јазик – судијка). Во областа на синтаксата се користат веќе востановени обрасци од типот на Врз основа на член ...од Законот за...; На барање на ... Заради потребата од точни и недвосмислени искази, во еден текст често има повторување на исти формулации. Тоа особено се однесува за законодавноправниот потстил. 3. Публицистички стил . Овој стил ги зафаќа сите сфери на општествениот и политичкиот живот: образованието, науката, политиката, економијата културата и сл. Се јавува во пишувана (почесто) и во говорена форма (поретко).
Се реализира преку следниве медиуми: весниците, радиото, телевизијата и во последните години преку интернетот, кој пак, ги обединува другите медиуми. Од функциите што ги остварува овој стил најважна е информативната. Со неа се има за цел да им се пренесе информацијата на широкиот круг корисници, при што брзината на преносот е исто толку важна колку и самата информација. Многу често преку новостите што се објавуваат се искажуваат и личните ставови на авторите, со кои се сака да се влијае на создавање на јавното мислење. Кај овој стил може да разграничат два потстила: новинарски со кој најмногу се информира (преку вести, соопштенија, интервјуа); се анализира (преку уводници, коментари, полемики, критики; се забавува (преку додатоци за енигматика) и публицистички во потесна смисла, во кој се доминантни монографијата и фељтонот и преку кои се осветлуваат настани и личности од минатото и сл.
Иако во основата на овој стил (и на другите стилови) треба да биде литературниот (стандардниот) јазик, многу често се наидува на јазични пропусти и недоследности. Како олеснителна околност не може да се земе оправдувањето дека поради брзината со која треба да се соопшти веста, се заборава на јазикот, или пак, дека слободата на изразувањето вклучува и слобода на користење на јазичните средства. 4. Уметничколитературниот стил се негува во литературата која е една од гранките на уметноста. За овој стил е значајно тоа што провладува естетската функција, за разлика од другите стилови, каде што е доминантна комуникативната функција. Уметничколитературниот стил се остварува низ трите родови (лирика, епика и драма), кои пак, во себе содржат по повеќе видови. За доловување на естетската функција авторот користи стилски фигури и тропи. Богатството на лексичкиот состав на јазикот најцелосно се одразува токму преку овој стил. Иако во основата на уметничколитературниот стил е стандардниот
(литературниот) јазик, писателот по потреба посегнува по дијалектизми, архаизми и други нестандардни елементи за да наслика поуверливо некој лик или некоја средина. Понекогаш авторот прибегнува и кон создавање на нови зборови (неологизми), ако тие ги спазуваат нормите за зборообразување на јазикот. 5. Разговорниот стил има широка област на користење во секојдневниот живот и главно служи за комуникација. Со мали исклучоци, се користи говорената форма преку раскажување, дијалог, полилог. Во зависност од тоа кој општествен слој го користи, можеме да зборуваме за повеќе потстилови на разговорниот стил: разговорен потстил на ученици и студенти, разговорен потстил на затвореници, разговорен потстил на занаетчии и трговци т.н. Овој стил има повеќе особености како што се: економичност во изразувањето (како си?, каде?, пријатно!) при што се користат гестови и сл. за дополнување на исказот;
непосредност и спонтаност кои се создаваат при самото општење како резултат на меѓусебните реакции на соговорниците; слобода во изразување при што почесто се користат зборови за искажување на емоционални состојби. Во поглед на јазичните особености многу често има отстапување од литературната норма, како на фонетски и морфолошки план, така и во областа на лексиката: елизија на гласовите: глеам, ќ одиме и ќе ојме; користење на интонацијата за искажување на значење спротивно на она што би го очекувале: Многу му знае устата!; употреба на наставки нетипични за нормата: пивара, лебара филмаџија, зачестена употреба на сврзници заради поголема сликовитост и изразност; лексеми како мерак, шиткач, апаш, фразеологизми од типот на за сто мерака. За овој стил и во областа на синтаксата се среќаваат типични конструкции: Слушај сега вака; Абе види тоа! Треба многу, што се вели, пот! Поука за овој час: Зборот дури не го продумаш и преживаш добро, не збори го пред секого. Народна поговорка
ДИЈАЛЕКТОЛОГИЈА Дијалектологијата е дел од науката за јазикот која се занимава со проучување на дијалектите (говорите) на еден јазик. Во рамките на еден општонароден јазик постои литературна (стандардна) норма која е задолжителна (официјална) за образованието, културата, науката и другите области на општествениот живот, и на целата територија на државата. Но исто така постои и јазик кој е ограничен на поголема или помала територија и кој служи за комуникација меѓу луѓето од таа територија. За тој јазик велиме дека е дијалектен или дијалект (од грч. dialektos = говор, зборување; и logos = наука). Во поново време на проучувањето на дијалектите им се посветува особено внимание, бидејќи тие претставуваат системи со изградена внатрешна структура, а не обичен збир на јазични особености. Во тесна врска со дијалектната диференцијација (поделба, разграничување) на јазикот, стои објаснувањето на поимите: дијалект, говор и наречје.
Под поимот дијалект подразбираме поголема јазична целина ограничена на одредена територија, или како територијална варијанта на еден јазик, кој служи како средство за општење на поголема група луѓе. Поимот говор го објаснуваме како помала јазична целина којa е територијално и социјално е ограничена. Говорот служи за изразување на помала група луѓе, понекогаш професионално и социјално поврзани (говор на ѕидарите, = дулгерски говор, арх., говор на трговците, говор на затворениците и сл.). Наречјето е најголема јазична целина која обединува повеќе блиски дијалекти или група дијалекти и говори, кои имаат повеќе заеднички јазични особености. Врз основа на фонетските, морфолошките и синтаксичките разновидности, македонската јазична територија се дели на три наречја: западно наречје, југоисточно наречје и северно наречје (според проф. Божидар Видоески).
Покрај ова, позната е поделбата на македонските говори на две основни групи: на западна и источна група, меѓу кои се преодните говори тиквешко-мариовските и костурско-леринските (според проф. Блаже Конески). Секое од овие наречја покрај општонародната лексика која е заедничка за сите дијалекти и говори, има и зборовен (лексички) фонд карактеристичен само за тоа наречје. Дел од особеностите на македонските говори се јавиле како резултат на внатрешниот развој на македонскиот јазик и се прошириле на поголемиот дел од македонската јазична територија (замената на еровите ъ и ь, со о, односно е; наставката -ме за прво лице множина, појавата на членот, удвојувањето на предметот и сл.). Но има и особености кои настанале под влијание на соседните словенски и несловенски јазици (губењето на падежите, губењето на инфинитивот, постпозицијата на членот). Дел од јазичните црти, пак, се карактеристика само на одделни говори.
ИЗГОВОРОТ НА НЕКОИ ГЛАСОВИ ӑ Се изговара како старословенските ъ, ь: вӑк, пӑно ạ Гласот а кој клони кон изговорот на ӑ: нạ-тạв'ано ọ Гласот о кој клони кон изговорот на у: пọчн'ала ẹ Гласот е кој клони кон изговорот на и: сẹг'а ӑа Гласот ӑ кој клони кон изговорот на а: сӑас, огӑањ а:, о:, и:, е:, у:, Долго а, о, и, е, у во некои говори: в'а:, (лит. оваа) д'а:м (лит. дадам), ут-к'о: (лит. од кога), ти: (лит. тие) гк Звучно г на крајот на зборот: п'ологк, ў , л кое поминува во неслоговно у: ж'оўтице, т'оўку Илустративниот материјал кон одделните говори е позајмен од книгата на Божидар Видоески: Текстови од дијалектите на македонскиот јазик, Скопје 2000. За некои прашања е консултиран и учебникот на авторите Венко Андоновски и Марјан Матковиќ: Македонски јазик и литература за IV година, Култура.
ЗАПАДНО МАКЕДОНСКО НАРЕЧЈЕ Ова наречје го зафаќа западниот дел на македонската јазична територија. Се простира од западните делови на Шар Планина на север, сѐ до јужниот дел на Преспанското Езеро. Јужната граница е нешто малку посеверно од градот Лерин и на исток оди нешто позападно од течението на Црна Река, излегува малку по на исток од Велес. Североисточната граница продолжува кон Скопје и излегува нешто посеверно од Скопје. Со правецот Скопје-Тетово-Шар Планина се затвора северната граница. Западното наречје се дели на две основни групи говори: Централни говори и периферни говори. 1. Централната група говори ја сочинуваат говорите: скопско-велешки, прилепско-битолски, кичевски-поречки. 2. Во периферната група говори влегуваат говорите: горнополошки, дебарски, малорекански дебарски, рекански торбешки, дримколско-голобрдски, струшки, охридски, преспански и вевчанско-радошки.
Говорите од западното наречје имаат повеќе заеднички особености кои ги поврзуваат меѓу себе, а со кои се одделуваат од југоисточното наречје. На фонетскофонолошки план се: третосложниот акцент (него́вата, водениц ́ ата, учите́лите, не ͜ ми ͜ се́ ͜ јаде); нормален изговор на неакцентираните самогласки; губење на интервокалното в (глаа, крастаица, суроица >суројца); замената на ѣ (јат) во е зад ц (цеди, цени, цедило); појава на протетичко (вметнато) ј (јаже, јадица, јаглен); губењето на х и негова замена со в/ф (страв/страф, стравот, бев/беф, мевот). Од морфолошките и синтаксичките особености ги истакнуваме: множинската форма -ови (столови, снопови); постоење на тројниот член (човекот - човеков - човекон); личната заменка за 3.л. (тој, таа, тоа, тие); употреба на дативните форми кај личните и роднинските имиња (му рече Стојану, Петреве/ Петрету); доследна употреба на двојниот предмет (Го видов човекот, ѝ реков на жената); зачестена
употреба на конструкциите од типот има/нема и глаголска придавка (имам носено, имав носено, имал носено); испуштање на помошниот глагол во 3. л. во перфект (тој гледал, тие гледале); употреба на конструкции од помошниот глагол сум и глаголска придавка (е дојден, бил дојден); употреба на кратките заменски форми пред глаголот (го најде, му рече,). Сепак говорите од западното наречје имаат и повеќе особености со кои тие меѓу себе се разликуваат и се одделуваат. Така, различна е замената на старословенското ѫ (он) во периферните говори (рӑка, рока, рӓка); замената на вокално р и л (пӑрсти, сӑрце, вӑлк, слӑнце, сӑлза); користење на фонемите шт и жд , односно шч, жџ (свешта, викаешти, межда), потоа чување на старото ѕ (ноѕе/ноѕе, бубреѕи). Разликувачки особености има и кај некои наставки во глаголските времиња и сл. Поука за овој час: Убаата жена е угодна на очите, а умната на срцето. Народна поговорка
Западно наречје - Централни говори Господ и Нојо (Прилеп) Му-к'ажал Г'оспо на-Н'оја, ќе-б'иди п'отоп. Н'ојо р'екол: Кога-ќ'ебиди п'отопо да-зн'ам. Кога-ќ'е-биди, коа-ќ'е-ј'адиш на-ж'елезна с'инија, т'огаш да-се-с'етиш, да-се-с'етиш оти-ќе-б'иди. Ама-да-син'апрајш к'орап п'оголем, да-з'емиш от-с'екоа л'ишка по-дв'е да-несе-з'агуби с'емето. Б'ило л'ете, жн'ијале. 'Озгора в'рни, 'оздола в'ода 'извирај. И-кл'але с'рпојте в'ака, и-ск'рстиле, и-кл'але л'еб да-ј'адат, и-т'огаш се-с'етиле оти-ќе-б'иди п'отоп, како-шо-р'екол Г'оспо. Сенас'обрале от-с'ите л'ишки по-дв'е, по-дв'е, вл'егле во к'орабо и-нанекој-р'ид н'ајголем шо-б'ил на-св'етот, н'ајвисок, т'аму ќе-го терал Н'ојо. Се-ск'инал п'усти к'орап н'егде, вл'егло в'ода, зм'ијата сооп'ашката го-з'атнала. И-коа -'излегле т'аму в'еќе на-суво, р'екла зм'ијата: от-која крф је-н'ајблага 'од-неа да-п'ијат. Па-чоечкат'а-крф б'ила н'ајблага. Г'арванот з'инал да-к'ажи, дури-р'екол г'а, ласт'ујцата му-го-ск'инала ј'азико со-кл'унот, 'останал г'аврано б'езјазик в'ек и-с'ут. А-пак-ласт'ојцата з'ела ч'ес, с'еа з'атоа во-к'уќа пр'ај с'едела. Дунавка Конеска (Блаже Конески)
Западно наречје - Периферни говори Имало и побудали (Вевчани) Б'иле мајка-'и-ќерка. Ќ'еркава б'ила тр'удна. 'Имале ск'епар нап'олица кл'ајно и-пл'ачеле с'екој-ден, си-м'ислеле: ќа-се-р'одит д'ете, ќа-п'аднит ск'епарот и-ќа-го-'оперит д'етето. Д'ошол з'етоф ин'ашол кaј-пл'ачет. И-'опитвит: "Што-пл'ачете? И-т'ије му-к'ажвет оту-ск'епарот ќа-п'аднит и-ќа-г-'оперит д'етето. Т'ој се-з'ачудил, н'емал што-да-'им-прајт, се-ч'удил д'ал' д-и-б'ијет али-н'е. "С'ефте – р'екол – ќ-'ода да-б'ара поб'удали 'од-ними и-ако-н'ајда не-'и-бија". 'Одел, 'одел, и-н'ашол тр'ојца бр'аќа напр'ајле к'уќа бес-п'енџере, вн'aтре т'емница. Т'ије з'еле к'ошници д-ј-'испaдет темн'ицава. Т'ој им-в'елит: "Што-пр'ајте, бре-др'угари, т'ака?" И-т'ије му-р'екле "Дај-ист'ајме темн'ицава". Т'ога т'ој им-р'екол: "Ј'а-ќа-ви-је-'иста: темн'ицава, што-ќа-ми-д'ајете?"
Т'ије му-р'екле "Колк'у-пари с'акаш, ќа-ти-д'ајме, с'амо да-ј-'истајш темн'ицава". И-т'ака т'ој се-з'апрегнал, д'упи в'амо, д'упи т'аму и н'апрајл п'енџери и-им-д'ошло в'идело. "Ќ-'ода – р'екол – ќа-б'ара 'уште да-в'ида". 'Одел п'отака, н'ашол дв'ајца бр'аќа кaј-в'озет гр'еда; фпр'егнале п'етел и-м'ачорок, аман'икако н'е-может т'ије да-п'омaрднет. Т'ој им-р'екол: "Што-пр'ајте в'ака, бре-др'угари?" – "Је-в'озиме гр'едава" – му-р'екле т'ије. – Д'обро – р'екол – м'ожет 'овје в'ака да-ј-'истaргет?" "'Ату што-да пр'ајме – р'екле т'ије – како-да-ј-одн'есиме?" – "Ј'а ќа-ви-је-'однеса, колк'у-пари ќа-ми-д'ајте?" И-се-спог'одиле. Т'уркај, т'aргај, т'уркај, т'aргај, им-ј-'однесол гр'едата, п'арите им- з'ел и-з'аминал. Севр'атил д'ома и-ж'ените не-'и-гибал. Поука за овој час: Ако ( и да) врнит, (ама) пăтот врвит. Народна пословица (Охрид. Запишал Кузман Шапкарев) Да не се плашиме од пречките што ни се испречуваат при нивното надвивање, и да не се запираме на нив.
ЈУГОИСТОЧНО МАКЕДОНСКО НАРЕЧЈЕ Југоисточното наречје го зафаќа најголемиот дел од македонската јазична територија. Се простира источно и јужно од западното наречје. Од северното наречје за гранична се смета линијата Скопје - Свети Николе - Злетово, со тоа што говорите на Свети Николе и Злетово припаѓаат на северното наречје. На југоисточното наречје му припаѓаат и говорите од Егејска и Пиринска Македонија кои поради историските околности се наоѓаат на териториите на Грција и Бугарија. Поради големата разновидност на јазичните црти ова наречје не е единствено и можеме да го поделиме на две поголеми целини: источно наречје и јужно наречје. 1. Источното наречје се дели на повеќе помали дијалектни групи: штипско-струмички, тиквешко-мариовски и малешевско-пирински говори. 2. Јужното наречје се дели на: солунско-воденски говори (долновардарски), серсколагадински, костурско-корчански говори.
Широката разгранетост на југоисточното наречје овозможило тоа да не биде единствена целина. Во него се изгубиле некои стари јазични црти, а се појавиле нови како резултат на меѓу дијалектните контакти. Сепак, меѓу заедничките црти би ги издвоиле: слободен акцентен систем, во многу говори утврден на парадигмата (леж ́ е, легна,́ неѓ ов, неѓ овата, вудениц ́ ата, учит́ елите, не́ ͜ ми ͜ се ͜ ја́де); послабо изговарање (редукција) на неакцентраните самогласки кое е најсилно застапено во долновардарските говори (уфча́р, биља́, сӑма́р), самогласката ӑ (темниот вокал) има регуларна употреба во сите говори и сите позиции (ӑцка, лит. олцка, кӑце лит. чука, нӑ ͜ мене!) чување на меѓувокалното в, но губење на меѓувокалните ж, д, г и сл. во брзоговорот (леен ‹ леѓен, глеам, ќи си до́ом ‹ дојдам дома, ќе ка́аш ле ‹кажеш, но кажа́ ле ); замената на ѣ со а зад ц (цане, цадник, цаде); чување на х на крајот на зборот (бех, страх, смех,), но губење на почетокот на зборот и во други позиции (не се ране кут шо треба; бехме ›бееме› бēме); протетичко (вметнато) в на почетокот (важе, вадица, ваглен).
Вокалните р и л дале повеќе разновидности (прсто, прӑсте, пӑрст, вӑк, вӑлк, длӑк, дӑлга, тӑрӑн лит. трн). На морфолошко-синтаксички план ова наречје има редица јазични црти со кои се разграничува од западното: наставката -ове во множина кај едносложните зборови (столове, снопове, царове); постоење на само еден член -о, (-от, -ут; чувеќ о, чувеќ ут - долновардарските говори), -та, -то, -те; изедначување на номинативната со дативната и акузативната форма кај именките (Стојан, на Стојан, видех го на Стојан); личната заменка за 3. гласи он, она, оно, они; предлогот в/ф гласи у/уф; во трето лице на перфектот се употребува формата на помошниот глагол (он е гледал, они са гледале); кратките заменски многу често стојат зад глаголот (виде́ ме и мạ виде́); конструкциите од типот има/нема и глаголска придавка не се обични за повеќе од говорите; предлогот со се јавува во повеќе разновидности (сӑс, сас, сус,ус); само две презентски основи (-а и -е група). Цитат за овој час: Инате се куту магаре на мост . Народна поговорка
Југоисточно наречје - Источни говори Лошата снаа (Струмица) 'Едạн чув'ек им'ал н'ого л'оша ж'ена. Ут-к'о: дујд'ела д'ома, м'ајкаму пọчн'ала н'ого дạ-слạб'ее. Д'ен из-д'ен стạнув'ала сѐ п'осл'аба. С'ин-ѝ с'екуј д'ен јạ-питув'ал: "М'амо, к'ак та-гл'еда сн'аата?" М'ајка-му вик'ала: "'Арно мạ-гл'еда, с'инко!" 'Арно-ама с'ино усет'ил 'оти м'ајкạ-му кр'и: н'ешто ọд-н'его. И едн'ӑч куг'а п'а кути-с'екọга јạ-пит'ал: "К'ак тạ-гл'еда сн'аата?", м'ајкạ-му реч'ела: "Ак-с'акạш дạ-зн'ааш к'ак-мạ-гл'еде, 'остạни д'ома скр'ишно, ќе-в'идạш". И с'ино 'едạн д'ен ут-кạ-сạ-јạв'ил нạ-ж'енạ-му 'оти ќ-'оде нạ-рạб'ота м'есто дạ-'оде пọврн'ал-се и сạ-скриј'ал нạ-тạв'ано. Пọмин'ало м'алко вр'еме, нạ-м'ајкạ-му ѝ-се-прӑјạд'ело и пọтер'ала ọт-сн'аата л'еп. А-сн'аата кạж'ала:
"П'укни, тр'есни, дọд'ека не-испр'едạш тр'и врт'ена, н'ема дạ-тид'а:м дạ-ј'адạш". И ќ'а-ги-испред'ела тр'ите врт'ена, п'а пọтер'ала дạј'аде. А сн'аата кạж'ала: "А-сẹг'а м'алку пуигр'ај 'оро и исп'еј еднạп'есна, п'осле ќе-ти-д'а:м дạ ј'адạш". М'ајкạта пọчн'ала дạ-ѝ-сạ-м'оле нạ-сн'аата: "Ам'ан, мури-сн'ао, к'ак дạ-игра'ам кạ-сạм-стạра, н'оизте н'е-ми-д'ржạт г'аре!" А сн'аата кạж'ала: "Аку-с'акạш дạ-ј'адạш, ќе-игр'ааш!" И м'ајкạта пọчн'ала дạигр'аа и дạ-п'ее: "Тạк'а, бре-с'инко, тạк'а, тạк'а, игр'аам с'екуј д'ен!" А сн'аата кạ-чуј'ала ọти-тạк'а п'ее, зẹм'ала сук'алто и пọчн'ала дạ-ạт'епа ọти-тạк'а пẹј'ала. И м'ажо нẹ-муж'ел г'аре дạ-т'рпа и слẹгн'ал и пọчн'ал дạ-ạ-т'епа сӑс-сук'алто нạ-ж'енạ-му сѐ дọд'ека нẹ-тạкс'ала ọти-н'ема дạ-пр'аа г'аре тạк'а. Цитат за овој час: Ако му дадеш поклупката, ќе ти сака и грнето. Народна пословица - Штип
Југоисточно наречје - Јужни говори Тӑрговӑцо и нӑречниците (Дојран) Им'ало 'едно вр'еме н'екуј тӑрг'овạц к'ој шạт'ал уд-гр'ат нạ-гр'ат. Шạт'ајќи дујд'ел нạ-н'еко: прист'анишче, испạдн'ал уф-н'еко: с'ело. Б'ило д'оцкạна и т'о: тӑрг'овạцо вид'ел д'ека свạт'е уф-н'еко: к'ӑшча свит'ило (туг'ај нạм'ало л'амби, сạд'еле нạ-кạнд'ила, нạ-св'ешчички) фл'ạз'ел уф-дв'оро и чукн'ал нạ-вр'а:тта. Т'и: испạдн'але г'аздите иọ- прạим'але нạ-г'осте. Т'а: в'ечạр 'они-пạ ки-прạв'иле пạрж'ешка, им'але р'одạно д'ете, ж'енцко. Прạв'иле шо-прạв'иле т'амка, в'ечạрта, ạд'етто ѝ- нạправ'иле и-си-л'ạгн'але. 'Оти с'елцка к'ӑшча, сирум'ашка, уф-'една удạј'а с'ите спиј'але, и т'о: л'ạгн'ал прạ-н'их. 'Ама н'е-о-фạт'ило с'он, рạч'ел: "Ст'ој дạ-в'идум в'а: в'ечạр шо-кид'ојдạт, нạ-'та: м'ома шо-ки- к'ажạт!" Тạм'ам сạ-чин'ило пул'унуш дујд'еле нạр'ечниците и-пучн'але дạ-кạж'увạт. П'ӑрвạта рạч'ела: "Е, д'е-ј-ж'ива и здр'ава, дạ пур'асне гул'ема, 'убуф кӑсм'ет д-'има." Др'угạта: "К'а ки пур'асне, т'о: шо-ј-д'ојдạн нạ-г'осте м'ӑш дạ-јб'иде". Тр'етта пạ-рạч'ела: "Уф-гул'ем гр'ат д-'оде". Ут-т'ам стạн'але т'и:, си-удд'еле... (Мара Кречова, Запишал Коста Пеев) Цитат за овој час: Го велјат на сфакрвата, за да разбере снаата. (Долновардарско - запишал Стефан Веркович)
СЕВЕРНО МАКЕДОНСКО НАРЕЧЈЕ Северното наречје ги опфаќа говорите кои на север допираат до јужните српски говори. На југ се простираат приближно до линијата Тетово - Скопје - Свети Николе Пробиштип. Се дели на две групи: источна и западна група говори. 1. Источната група ја сочинуваат говорите: кумановски, кратовски, кривопаланечки. 2. Во западната група влегуваат говорите: скопскоцрногорски, вратнички полошки и горански ( во областа Гора на Косово). Ваквата поделба е условена од особеностите на одделните говори. Говорите од источната група со некои јазични црти се приближуваат до говорите од источната група на југоисточното наречје, додека, пак, оние од западната група споделуваат некои црти со западното македонско наречје. Сепак, во ова наречје се среќаваат и повеќе заеднички јазични особености на целата негова територија, со кои тоа се разликува од другите две наречја.
Меѓу поопштите црти на овие говори би ги спомнале: замената на старословенското ѫ (он) со у безмалку во сите позиции (зуби, пут, рука, иду); наставката у (‹ ѫ) дури се наложила во општата форма кај именките од ж. р. (жену, њиву); замената на ъ и ь со ӑ (дӑш, дӑн); вокалното л ги дало замените у/лу/лӑ (вук, јабука, слуза, слӑза); вторичното ъ (ъ2) дало ӑ (ветӑр, мӑгла, лӑга); се чува старото палатално л (недеља, поље); предлогот в/во поминува во у (у градт, улезе, унутра). На морфолошко-синтаксички план од специфичностите ги одбележуваме: наставката -мо за прво лице множина (гледамо, одимо, носимо); настаката -ики кај именките од ср. род (телики, пилики); наставката -е во множина кај именките од ж. р. (жене, њиве); наставката -ше во 3. л. мн. (они гледаше, имаше). Својствени на овие говори се именските наставки: -ача, -оќа, -уша, -оња и сл. (капуљача староќа , чистоќа, деверуша, главоња).
Речениците може да почнуваат со кратките заменски форми (за ж. р. = гу; за м. р. =га; Гу виду женуту; га фана њега). Сепак и во ова наречје може да се набројат повеќе црти со кои говорите меѓу себе се разграничуваат. Така за источните говори е карактеристичен слободниот акцент, (својствен на југоисточното наречје), додека во западните говори е фиксиран на третиот слог; употреба на една членска форма (-ӑт човекӑт), наспрема тројниот член во западните говори. Во западните говори е вобичаено губењето на меѓувокалното в; се испушта помошниот глагол во 3 л. во перфектот (во источните се чува). Во источните говори на северното наречје е нормална употребата на кратките заменски форми зад глаголот (требе ͜ ми, поведе ͜ ме); удвојувањето на предлогот со (сас/сӑс; сӑс њега) како и употреба на повеќе други предлози: уз, из, више, проз (през).
Северно наречје - Источни говори Овчар и змија (Куманово) Јед'ӑн ноќ тро'ица овч'ари п'асле-си 'овце на-пл'анину. И-едн'о вр'еме сак'але-си да-зап'алив тут'ун, треб'ало-ги 'огӑањ, а-нем'але куд'е-њи н'ишто. Кӑт-гл'едав, углед'але т'амо на-р'идТ г'оре ед'ӑн 'огӑањ. И-рекн'аја ед'ӑн: "Ќе-'иду да-зап'алу". От'ишја 'он т'амо, приближ'ил-се, кӑт-гл'еда 'около 'огӑањ тр'и дев'ојке с'едив и-пр'авив-си муаб'ет. Ама-т'ија не-б'иле дев'ојке, б'иле зм'ије, па-се-претвор'иле удев'ојке. И-збор'иле-си м'еѓу њи. Едн'ата вик'ала: "Тр'и г'одине в'оду н'е-сам п'ила, н'е-сам-се нап'ила". Др'угата вик'ала: "И ј'а 'еве тр'и г'одине н'е-сам п'ила в'оду..." А тр'еќата в'ика: "М'оре, в'и п'асте натоп'иле 'уста, ама-ј'а тр'и г'одине в'оду н'е-сам п'ила. Ј'утре, зн'ам, п'оп ќ-'иде у-т'уј њ'иву да-жњ'еје т'амо, па-кӑт-ќе-б'иде пл'адне, по-јед'ење п'осле ќе-ст'ане поп'ова ќ'ерка да-зб'ира п'олози, ј'а ќе-се-скр'ију пот-п'рв п'ологк, кӑт-ќе-д'ојде 'она да-га-д'игне, ј'а ќе-гу-у'апу и-тӑгк ќ-'иду да-се-нап'ију в'оду"...
...Он'ӑј овч'ар слуш'ал па-неќе'ал да-'иде да-п'али циг'аре, врн'аја-се н'аѕат. К'ӑт ј'утрето д'ӑн, 'истина, п'оп от'ишја да-жњ'еје. Жњеј'еле а-он'ӑј овч'ар 'овце си-ги-в'рти 'около арг'ати. 'Они закач'али-га. 'Он беќ'ар 'около дев'ојке се-в'рти. 'Оне га-закач'але, 'он си-св'е тер'ал по-њег'ово. Кӑт-ств'арно седн'але да-р'учав, руч'але, ќ'ерка рипн'ала да-га-в'ати он'ӑј п'ологк куд'е што зм'ија б'ила. "Ст'ој, куд'е ќ-'идеш?" – рекн'ал он'ӑј овч'ар. Пр'ишӑал п'а сӑас-он'ај њег'ову чам'угу тргн'ал-га п'олог, кӑт-т'амо ед'ӑн котељ'ак зм'ија тол'ика. Ов'ија св'и се-исплаш'иле, фат'ило-ги стр'а. Шт'о-ли-је ов'ој. А-'он зем'ал он'ӑј ст'ап па врз-њ'ума и-в'ика: Б'ивај как'о што-си-б'ила с'иноќ 'или с'ӑк ќе-те-см'ачкам, питив'ан ќе-те-напр'аву. Б'ивај как'о што-си-б'ила с'иноќ. А-он'ај зм'ија коп'ешка-се пом'алко, не-м'рда. По-др'уги п'ут, по-тр'еќи. И 'а да-изм'ане да-гу'удри, и 'она бидн'ала дев'ојка, т'ај зм'ијата. Тима Ничова 80 г. (Божидар Видоески) Поука за овој час: Од искра пламен, од пламен пепел. Народна пословица. (Светиниколско - запишал Душко Брдарски)
Северно наречје - Западни говори Дванаесе месеца и бабата (Тетово) 'Имало една-ст'ара, га-н'еќеле д'ома, сн'ӑата га-н'ејќела. Б'ила з'има, сн'ег мн'огу, и сн'ӑата ѝ-р'екла: "Н'а-ти кошн'ицава д'а-'идеш у-пл'анина да-ми-д'онесеш ј'агоде". Б'абата р'екла:"Кӑј-ќ'е-најдем с'ега ј'агоде, 'има мн'огу сн'ек?" "Ќе-н'ајдеш, кӑј-ќе-н'ајдеш, з'еми кошн'ицава и ќе-'идеш". И б'абата т'аќе, га-з'ела кошн'ицата и т'ргнала у-пл'анина. 'Ишла, 'ишла, 'ишла и уд'убила у-пл'анина. И в'идела т'аму н'егдека некој-'оѓин да-г'ори, св'етело нешто ка:-'оѓин, и п'а 'ишла, 'ишла, 'отишла кӑј-'огнот. Т'уе 'имало к'олиба, у-кол'ибата 'имало, б'иле мес'еците, дван'аесе м'есеца у-кол'ибата. И 'она, б'абата р'екла: "Добр'о-вечер!" "Д'обро-ти б'ок, б'аб'о:, шт'омука 'имаш што-с'и-дошла?" "Е бре-с'инко, шт'о-мука, 'имам еднасн'ӑа мн'огу л'оша, ме-'испрати у-пл'анина по-ј'агоде, а кӑј-ќ'е најдем ј'агоде с'еа, 'еве н'е-е-вр'еме да-б'ерем ј'агоде, с'еа 'има сн'ек". И ст'анаў д'ецембар, па-ј'ануар, ѝ-р'екоў:"А мори-б'або, штозб'ори н'ародот, т'оўку сн'ек што-н'ападнаў?"
"А бре-с'инко, мн'огу 'убо:, д'еца се-л'изгаа, со-т'опке се-г'аѓаа, зад'ецата р'адос". Т'аќе б'абата н'ишто л'ошо н'е-рекла. И ст'анаў ј'уни, пр'ед-него м'ај: "'Ела, б'або:, м'ие ќе-ти-д'адемо ј'агоде". З'еле ѝ-д'але ј'агоде н'ејзе, ѝ-нап'оўниле кошн'ичето со-ј'агоде и је-р'екле: "Ај-б'або:, со-зр'авје 'оди-си, од-'устата да-ти-изл'агаа св'е зл'атници, сребр'еници, т'и д'обра д'уша си-'имала, 'ај 'оди с'еа. Д'ошла д'ома ж'ената, кој-в'идела сн'ӑата ј'агоде н'оси п'оўна к'ошница, кој-зб'ори п'аре 'од-'уста ѝ-п'аѓаа, ж'оўтице, ѝ-р'екла: "Ј'а и-м'ајка-ми ќе-га-пр'атим". И з'ела м'ајка-е, га-пр'атила, 'ишла и гин'ашла н'ив, мес'еците. 'Ама кој-п'очнале да-га-пр'ашуа н'ега заз'имата, 'она св'е л'ошо зб'орела, в'икала: "г'рга н'ародот, од-з'имата им-ст'уди", и-'ова, 'она, св'е н'ајлошо. И т'ога мес'еците р'екле: "Е 'ајде – од-'устата св'е зм'ие и см'око:ị да-ти-изл'агаа". Ни-ј'агоде ѝ-д'але, ни-н'ишто. И кој-д'ошла д'ома, см'око:ị, зм'ие, ж'абе ѝ-изл'агаа од-'устата. И т'аќе, к'ој пр'аị л'ошо, ќе-н'ајде н'еарно. (Душица Нушеска)
ОНОМАСТИКА Ономастиката е дел од науката за јазикот (или пак, посебна наука) која се занимава со проучување на сопствените имиња и презимиња, како и со проучување на имињата на местата или другите географските имиња. Стои во тесна врска со етимологијата, дијалектологија, митологијата и сл. Порано се сметала за помошна наука на географијата, етнографијата и на некои други научни дисциплини. Доаѓа од грчкото onoma = име; onomastikon = именослов, речник на имиња. Ономастиката се дели на две основни области: топономастика и антропономастика. Предмет на проучување на топономастиката се топонимите, односно имињата на местата, односно географските имиња. Се дели на хидрономастика (ги проучува хидронимите = имињата поврзани со водите: реки, езера, мориња); орономастика (се занимава со оронимите = имињата на планини, ридови, долини...); ојкономастика (ги проучува ојконимите = имиња на градови, села, населби...)
Антропономастиката се занимава со проучување на антропонимите = имињата на луѓето. Тука спаѓаат личните имиња, презимињата и прекарите. Личните имиња се најстариот слој од антропонимите и се појавиле пред прекарите и презимињата. Според составот може да бидат прости (Петре, Александар, Елена, Марија) и сложени (Божидар, Светомир). Според потеклото може да ги разграничиме на словенски имиња (Весна, Драган, Вера), на христијански (Иван, Марија), на слој од други религии и култури (Давид, Наталија,), на помодни (Елвис, Касандра) и сл. Прекарите се појавиле пред презимињата и со нив се разграничувале луѓето со исти имиња. Со нив се означува(ла) некоја психичка или физичка особина, занимање, или пак, тие се поврзани со местото на живеење и сл. (Зелен Јован, Андон Туфекчијата, Ванчо Лисицата, Триводалијата = од с. Три Води). Со текот на времето некои прекари поминале во презимиња.
Презимињата се појавиле најдоцна во нашиот јазик. Се образуваат најчесто со наставките -ов / -о(в)ски и -ев / -е(в)ски кои се додаваат на машките имиња (Стојанов/ски, Стојаноски, Ристов/ски, Ристески и сл.). Некои презимиња настанале од прекари (Ковачевски, Дујнимаглоски) или според населени места (Новоселски, Дојранлиев). Многу презимиња се создале под различни околности и во различни периоди, така што понекогаш е тешко да се објаснат нивните значења. Покрај двете основни области, топономастиката и антропономастиката, ономастиката се занимава и со други сфери на имињата: космонимика (имиња на соѕвездија, на галаксии), астронимика (имиња на планети и други небесни тела), зоонимика (имиња на животни) ергонимика (имиња на фирми, на продавници и сл.) и т.н. Поука за овој час: Поарно ет да имаш име чесно, ошто многу стребро. Народна поговорка
СВЕТСКА ЛИТЕРАТУРА Реализмот кој како литературен правец беше доминантен во 19. век, на извесен начин продолжуваше да биде актуелен и на мода и во првите децении на следниот век. Некои од најголемите претставници на светската литература дел од своето творештво го создадоа токму на преминот меѓу двете столетија (Л. Н. Толстој, А. П. Чехов, Х. Ибзен, А. Франс, М. Пруст, А. Жид, ). Нешто подоцна реализмот ќе се возобнови во Советскиот Сојуз, а по Втората светска војна и во другите социјалистички земји. Всушност, политичките прилики во 20 век во многу нешто ги диктирале условите во кои се создавала уметноста, а во нејзии рамки, и литературните дела. Тоа е век на две светски војни, на многу регионални војни, на блоковска поделба на светот, извесен период време на т.н. студена војна. Епоха во која беше срушен колонијализмот во Африка, Азија и Латинска Америка... Век на забрзан технолошки развој но и на светска економска криза (во триесеттите години). Сето тоа се рефлектираше и
наоѓаше одраз во литературните дела.. Модернизмот кој како правец беше актуелен во првите децении на минатиот век, ќе биде заменет со егзистенцијализмот, кој во основа беше филозофско учење. Во рамките на модернизмот ќе се разграничат повеќе струења (футуризам, експресионизам, дадаизам и сл.). Се појавува нов тип на театар - театар на апсурдот, чиј производ е антидрамата. Во исто време се јавува и т.н. нов роман, во кој изразните средства и ефектите се во преден план за сметка на содржината, која, на пример, во натурализмот се предавала со фактографска прецизност. Во последните децении на 20. век широко се распространува еден нов поим постмодерна (постмодернизам), својствен на повеќе сфери на човековото живеење (архитектурата, филмот, сликарството, музиката). Бидејќи зафаќа повеќе области од животот, тешко може да му се определи точна дефиниција. Што се однесува до постмодерната во литературата, со неа се релативизира она што е значајно за другите правци: нема оригиналност во уметничкото дело, тие се парафразираат, се
земаат цитати од повеќе дела за да се направи ново, но се внимава тоа да не биде плагијат. Постои мешање на жанровите, во едно дело има и фантастика и реализам, има и вметната критика и романтична љубов. Се зголемува улогата на читателот, се оставаат празни места во делото тој по своја желба да ги пополни или осмисли. Интересно е тоа што македонската литература, на која со децении природното право да се развива, ѝ беше оспорувано, за многу кратко време успеа во меѓународната распределба на културни вредности да понуди свои постмодернисти (Горан Стефановски, Венко Андоновски, Гоце Смилевски, Ермис Лафазановски, Игор Исаковски, Никола Маџиров...). Цитат за овој час: Пред сè, постмодернизмот се стреми кон проширување на границите на книжевноста преку промена на нејзиниот жанровски статус во однос на вообичаениот жанровски систем. Неретко, настанува мешање на жанровите или затскривање на еден жанр зад карактеристиките на друг, или ако сакате, наречете ја жанровска мимикрија или жанровска изместеност, која се коси со старите родово-жанровски конвенции. Јасмина М. -Гушева
АНТОН ПАВЛОВИЧ ЧЕХОВ (1860 - 1904) Антон Павлович Чехов е автор кој на руската и на светската литература ѝ подарува ремек-дела во форма на куси раскази и кој преку лирската драма се вбројува меѓу творците на модерното во овој литературен род. Чехов е роден во Таганрог, Ростовска област, во повеќедетно семејство. Татко му Павел Јегорович, се занимавал со трговија во која и немал некој особен успех. Мајка му Евгенија Јаковлевна, била посветена на воспитување на децата и била личност која ја сакала уметноста, а особено театарот. Своите деца ги учела да имаат одговорност кон работата, сочувство и милосрдност кон послабите и угнетените. По неуспехот во трговијата, татко му со другите членови се преселил во Москва, а Антон останал во Таганрог и издржувајќи се самиот, со подучување на своите соученици, ја завршил гимназијата.
По доаѓањето во Москва, Антон Павлович Чехов и покрај материјалните тешкотии успеал да го заврши медицинскиот факултет. Со солидно образование се стекнале и другите негови браќа и сестра му. Во 1880 година ги пишува своите први раскази под псевдонимот Антоша Чехонте и дури по шест години под вистинското име ќе ја објави својата прва збирка Одбрани раскази за која критиката ќе се изрази најпофално. Следната година ја објавува збирката Невини зборови со која ја потврдил својата раскажувачка дарба. Истата година Чехов дебитирал со драмата Иванов за која и гледачите и критиката биле поделени во мислењата. Но значајно е да се каже дека е ова првенец во драмската област на кој писателот ќе ѝ остане верен до крајот на својот живот. Врз расположбата на авторот влијание имала тешката положба на угнетените селани, како и смртта на еден од неговите браќа.
Честите патувања низ Русија (низ Сибир и на крајниот исток - на островот Сахалин), како и престојот во Одеса и на Јалта, уште повеќе ја подзасилиле депресијата која се вгнездила кај него. Особено е значајна посетата на затворениците на Сахалин, чии потресни слики ќе ги опише во повеќе раскази и есеи. Напоредно со писателската дејност Чехов се пројавил и како голем хуманист и како лекар, и како организатор на добротворни акции за изградба на училишта и библиотеки на кои им подарувал дел од своите творби. Домот во Мелихово, каде што едновреме живеел, било посетуван како од уметници, така и од обични селани.Тука меѓу другите доаѓал П. И Чајковски, еден од најголемите руски композитори на 19. век, автор на повеќе опери и балети. Поради туберкулозата, која сериозно му го нарушила здравјето, по наговор на лекарите се преселил на југот, на Јалта. И покрај болеста не престанал да пишува.
Во 1901 година се оженил со Олга Л. Книпер, артистка која ги играла главните улоги во некои од неговите драми.Таа ќе го придружува писателот на неговото последно патување во германското бањско лекувалиште Баденвајлер. Чехов е автор и на збирките раскази: Во самракот, Тмурни луѓе, повестите Степа и Три години, и стотина други раскази; збирките есеи: По Сибир и Островот Сахалин. Драмскиот опус го составуваат Вујко Вања, Галеб, Три сестри и Вишновата градина. Чехов во своите раскази ја слика руската стварност од крајот на 19. век. Повеќе од расказите се куси по форма во кои на преден план избива хуморот. Хуморот е овде за да ја ублажи противречноста меѓу желбите на ликовите и мрачната стварност која ја живеат. Во тој поглед со раскажувачката постапка Чехов е многу близок до приврзаниците на натурализмот.
Мајсторството да навлезе во скришните места на душата можеме да го видиме преку расказот Шега, во кој главниот лик Надја во миговите на возбуда и страв неколку пати ќе ги слушне зборовите Јас ве сакам, Надењка! За авторот тогаш и по многу години,тоа било само една шега, За Надја, најнежен спомен во животот. Творештвото на Чехов се одликува со разнообразност во темите. Ги слика сите слоеви на руското општество. Неговите симпатии се секогаш на страната на ситните чиновници, на обесправените и на селаните (Селани). На потсмев ги подложува понизноста и камелеонството (Смртта на чиновникот). Поради тоа што не ја идеализира стварноста, туку ја прикажува нечистотијата и примитивизмот на руското општество, на двојниот морал, на негрижата за болните и немоќните, Чехов своевремено доживувал критики.
Во поглед на драмското творештво, Чехов ја негува т.н. лирска драма, во која ликовите живеат меѓу минатото и иднината. Стварноста што ги опкужува е груба и неподнослива (Три сестри), или дека надежта за поубаво иднина ќе трае многу кратко (Вујко Вања). Дијалогот на ликовите прозвучува како монолог. Тие како да зборуваат сами за себе. Чехов со начинот на раскажувачката постапка (да се биде кус во излагањето, со дозата на хумор, со пресврти во дејството и со критиката на руското општество) е актуелен и популарен и по повеќе од едно столетие. Доказ за тоа е екранизацијата на многу од неговите дела. Цитат за овој час: Здравиот човек има илјади желби, болниот само една. Антон Павлович Чехов Чехов и Олга Книпер (1901)
СЕМЈУЕЛ БЕКЕТ (1906 - 1989) Средината на 20. век во литературата ја одбележа, меѓу другото, објавата на Чекајќи го Годо, (анти)драма од Семјуел Бекет, дело кое ќе предизвика спротивставени мислења кај критиката и кое ќе му ја донесе Нобеловата награда за литература (1969). И по повеќе од половина век од нејзиното прво прикажување (1953), драмата како образец на т.н. театар на апсурдот е сѐ уште е актуелна и се игра на сцените ширум светот. Семјуел Бекет е роден во близината на Даблин, каде што се школувал и каде што завршил студии по француски јазик и литература. Од 1938 година со мали прекини живее во Париз, работејќи едно време како личен секретар на Џемс Џојс, познат ирски писател (Одисеј, Даблинци). Повеќе од своите дела (а особено по Војната) ги пишува на француски јазик, а потоа ги преведува на англиски.
За време на Втората светска војна се приклучил на Движењето на отпорот, поради што живее во илегала. До 1950 година е сѐ уште во Париз каде што ги создава своите најзначајни дела. По добивањето на Нобеловата награда живее повлечено, одбивајќи да дава коментари за своите дела. Умира во Париз, на 83. годишна возраст, само неколку месеци по смртта на својата сопруга Сузан. Во одлуката на Нобеловиот комитет пишува: На Семјуел Бекет му се доделува наградата за пионерската работа во драмата и прозата во која трагедијата на современиот човек станува негов триумф. Бекет е автор на триесетина драми, дваесетина прозни дела (главно романи, меѓу кои и трилогијата романи: Молоу, Малоне умира и Неименливото) како и на шест збирки поезија. Автор е и на повеќе есеистички трудови за Данте Алигиери, за Марсел Пруст, за Џемс Џојс и сл. под чие влијание ќе ги создава своите дела.
На почетокот на својата писателска дејност Бекет е преокупиран со човековата егзистенција и оттуѓеноста на модерниот живот. Под силно влијание е на егзистенцијализмот на Ж. П. Сартр, кој му е современик, и во чија основа е песимистичката визија на човекот. Поради идеите изнесени во некои свои дела, Бекет не секогаш наоѓал издавач за нивно објавување (Романот Марфи дури 42 пати бил одбиван за печатење пред да биде објавен). За да ја прикаже бесмислата на човековото опстојување, Бекет наместо вообичаените романескни постапки и драмски заплети, ги преповторува настаните и сцените со мали измени, а луѓето во нив се беспомошни да направат нешто и да се придвижат напред. Тие обично се слепи, неми, глуви и сл. Ги поднесуваат страдањата во очекување дека нешто ќе се случи, дека ќе излезат од кругот на беспомошноста. Дијалогот на ликовите повеќе прилега на монолог, на повторување на исти фрази во кои
отсуствува дури и правилната граматичка структура. За да ја истакне бесмислата на сѐ, Бекет го разбива единството на времето, просторот и дејството (кај драмата). И покрај длабокиот песимизам, делата на Бекет се исполнети со благ хумор и со уште подлабоко сочувство кон малите луѓе, кое дури и нема граници. Во неговото драмско творештво покрај Чекајќи го Годо, овде ги одбележуваме уште и пиесите: Крај на игра, Среќни денови, Чин без зборови, I, II, (дејството на сцената се одвива без зборови), Што, каде (неговата последна драма). Дејството на драмата Чекајќи го Годо се случува во два чина, со содржина која нема некаква логика, или барем каква би очекувале. Или, како што вели еден критичар тоа е драма во која двапати ништо не се случува. Двајцата главни ликови Владимир и Естрагон водат бесмислени дијалози во очекување да се појави Годо. Ним им се приклучуваат уште Поцо и Лаки, како и Момчето, на ист начин во двата чина, за да ја разбијат монотонијата на чекање.
Ниту просторот на драмата не е определен како што би очекувале. Просторот е лишен од секакви елементи. Тоа е селски пат, во близина на едно дрво. Поправо: главните јунаци се расправаат дали е тоа дрво или можеби е грмушка. Тие не се сигурни ниту дали се на вистинското место каде што треба да се појави Годо. Главните јунаци се дезориентирани и во поглед на времето. Ноќта по која се разделуваат Владимир и Естрагон со Поцо и Лаки е само да го најави крајот на првиот чин. На почетокот на вториот чин Естрагон не се сеќава на ништо од вчерашниот ден. Дури не се сеќава на ништо од заедничкото дружење со Владимир. Тие се подготвени на бесконечно чекање на Годо. Ќе дојдат и следниот ден и на истото место. Но следниот пат нема да заборават да понесат со себе јаже. За секој случај! По низа тажни и смешни ситуации, на крајот главните јунаци се согласуваат да појдат некаде, но не се помрднуваат од местото.
Владимир и Естрагон се ликови кои се беспомошни било што да направат, не можат да се разделат, дури не можат ни да се обесат. Тие си требаат еден на друг, ако не за друго, да ги водат навидум бесмислените дијалози. Владимир е, се чини, попаметен од Естрагон, повисок е, и се јавува како негов заштитник. Кај другата (споредна) двојка Поцо и Лаки, се јавува односот на господар и слуга, но во вториот чин Поцо ослепува и се потпира на својот остарен слуга Лаки, на времето надарен за многу работи, но сега веќе немоќен и глувонем. Момчето се појавува во двата чина за да соопшти дека тој и неговиот брат работат кај Годо, дека Годо го тепа неговиот брат и дека Годо нема да дојде денес, но дека сигурно ќе дојде следниот ден. Годо е името околу кое се врти целото дејство на драмата. Тој е таинствениот лик за кого речиси ништо не знаеме, освен дека треба да дојде, дека има бела брада и слично.
Авторот дури не објаснува зошто Годо треба да дојде и како може да им помогне на двајцата скитници. Со преповторување на слични сцени и на слични дијалози, Бекет како да ја нагласува ирационалноста на чекањето, за да се сфати смислата на вистинскиот живот кој никако да дојде и да се случи. Како алтернатива се нуди бесмислена стварност исполнета со вегетирање и надеж дека утре тоа ќе се смени. Семјуел Бекет негувајќи го театарот на апсурдот, го развива во литературна форма егзистенцијализмот кое како учење најцелосно го разработил филозофот и писател Ж. П. Сартр. Од своја страна Бекет изврши силно влијание врз повеќе современи автори. Тука би ги спомнале: Харолд Пинтер, Вацлав Хавел, Ежен Јонеско, Том Стопард и др. Цитат за ово час: Со човечките солзи секогаш е исто. Штом еден ќе почне да плаче, некаде некој друг ќе престане. Слично е и со насмевката. Семјел Бекет Бекет на ирска монета
МИХАИЛ ШОЛОХОВ (1905 - 1984) Михаил Александрович Шолохов е руски писател од советскиот период и добитник на Нобеловата награда за литература (1965), за уметничката сила и целовитоста на епосот за донските козаци во пресвртните за Русија времиња. Во своите дела ја продолжува традицијата на големите имиња на руската литература, да се пишува за настани кои се од судбоносно значење за рускиот народ. Иако живее и создава во време кога на мода е социјалистичкиот реализам, Шолохов се издигнува над догматските норми што ги застапува тој правец, ставајќи ги во преден план човечките судбини. Со мали исклучоци Шолохов го поминува својот животен и работен век таму каде што се родил - меѓу донските козаци и ја дели со нив судбината и гордоста. Козаците се општествен слој кон кој историјата не секогаш била праведна и кои низ премрежјата полека го губеле својот идентитет.
Шолохов се родил во населбата Кружилино, во близина на Вјошенскa, во Ростовската област. Основното образование го стекнал во црковно училиште, а гимназија посетувал во повеќе градови, поради службените преместувања на татко му. Школувањето го прекинал во 1918 година во екот на Граѓанската војна. По војната едно време живеел во Москва, обидувајќи се да го продолжи образованието и поради немање средства работел тешки физички занаети (носач, ѕидар). Истовремено учествувал во литературната група Млада гвардија, но брзо ја напуштил и се вратил во родниот крај за да земе учество во неговата обнова. Меѓу другото работел на описменување на возрасните. Своите први литературни обиди ги објавува во 1923 година. Со збирките новели: Донски раскази и Азурна степа ја навестува својата раскажувачка дарба како и предметот на неговото интересирање - животот на козаците во пресвртните години на почетокот на минатото столетие.
Романот-епопеја Тивкиот Дон (1928-1940) му донела целосна афирмација. Во исто време Шолохов објавувал делови од другото поголемо дело Разорана Целина (1932) кое целосно ќе го издаде многу подоцна (1959). За време на Втората светска војна Михаил Шолохов бил воен дописник од фронот за повеќе весници, во кои објавувал и кратки раскази и есеи за хероизмот и страдањата на рускиот човек во Татковинската војна. Тогаш настанала новелата Наука за омразата (1942). Војната ќе биде предмет на недовршениот роман Тие се бореа за татковината и на новелата Судбината на човекот (1956). До крајот на својот живот Шолохов ќе биде општествено ангажиран, учествувајќи со свои прилози за литературата и уметноста во разни списанија. Во исто време ќе биде удостоен со сите поголеми државни награди и со многу меѓународни признанија. Последните години, тешко болен ги поминал таму каде што се родил во Вјошенска.
Романот Тивкиот Дон е најзначајното дело, во кое се раскажува за трагиката на козаците, како општествена група, во времето од 1912 -1922 година преку личните заблуди на одделни нивни водачи. Заради објективниот пристап кон настаните, Шолохов бил критикуван од приврзаниците на т.н. соц-реализам, но затоа романот со симпатии бил пречекан и преведуван на Запад Во новелата Судбината на човекот се раскажува за моралната големина на обичниот руски човек предадена преку трагедијата што ја доживеал Андреј Соколов. Тој откако останал сам, на крајот смогнал сили да му се врати на животот и да му се радува, откога едно осамено и напуштено момченце во него ќе го препознае својот татко! Во делото се говори за страдањата на кои бил изложен главниот јунак, кој како воен заробеник, речиси целата војна ја поминува во германските логори и покрај повеќето обиди да побегне од нив.
Откако најпосле побегнал и им се приклучил на единиците на Црвената Армија, дознал дека сите членови на неговото семејство: сопругата Ирина, двете ќерки и синот настрадале во војната. Останат сам, со омраза во душата, но и со длабока тага, патувајќи низ непрегледните предели на земјата, Андреј Соколов ќе го сретне детето Вања кое ја има истата судбина - во војната останало само без своите родители. Двајцата ќе станат приврзани еден на друг, меѓу нив ќе се развие љубов. Главниот јунак ја прифаќа измамата за да ублажи сопствената болка, да ја замени осаменоста со љубов и грижа за напуштеното дете. Новелата носи силна антивоена порака, за апсурдноста на сите стравотии што ги носи војната, а особено за физичкото уништување. Но уште посилно во делото доаѓаат до израз љубовта, добрината и сочувството како хумани особини кои треба да ги негува човекот. Михаил Шолохов на умешен начин го слави величието на обичниот човек.
...Татенце, каде ти е тебе кожното палто? Во животот никогаш не сум имал кожно палто! Морав да излажам. Во Воронеж остана, му реков. Ама ти тато, зошто толку долго ме бараше? Му одговорив - Јас тебе синче и во Германија те барав, и во Полска, и сета Белорусија ја изодив и ја пропатував, а ти во Урјупинск си било. Ама тато, Урјупинск близу до Германија е? А до Полска, тоа далеку ли е од нашата куќа? И така брборевме со него дури не заспавме. ...А, мислиш ли братче дека само онака ме праша за кожното палто? Не, сето тоа не е туку-така. Татко му, оној вистинскиот, некојпат носел такво палто, па ете му останало во умот. Зошто, детскиот ум ти е како летната молња, ќе молсне, за миг сѐ ќе осветли и ќе згасне. Така и умот му работи, само ќе молсне!.. Извадок од Судбината на човекот (преземено од сакамкниги.мк.)
Цитат за овој час: Мојата мајка уште во детството ме учеше на љубов кон украинскиот народ, украинската уметност и кон украинските песни, едни од најмилозвучните во светот. Михаил Шолохов
АЛБЕР КАМИ (1913 -1960) Албер Ками е едно од најголемите имиња на француската литература од средината на 20. век и добитник на Нобеловата награда за литература (1957). Во своите дела настојуваше да даде одговор на проблемите со кои се соочуваше човештвото пред, за време на, и непосредно по Втората светска војна. Тоа е време кога моралната криза на човекот ја загрозуваше неговата егзистенција, кога се бараше решение за надминување на таквата состојба. Иако не можеше во целост да ги афирмира своите филозофски и литературни погледи (поради прераната смрт во сообраќајна несреќа), Албер Ками уште додека беше жив се сметаше за класик во француската литература. Тој е актуелен и во денешно време, затоа што проблемите со човековата егзистенција не се надминати. Оттуѓеноста на човекот, баналноста на секојдневието што ги потиснуваат човековите стремежи за посреќен живот сѐ уште се присутни.
Ками е роден во сиромашно семејство во Мондови, во северниот дел на Алжир. На само една година останал без татко (кој загинал како војник во Првата светска војна). Мајка му со тешка физичка работа го издржувала семејството. Во тешки животни услови Ками ги завршил гимназијата и студиите по филозофија на универзитетот во Алжир (1936). Сиромаштијата ќе биде причина Ками да се разболи од туберкулоза од која ќе се лекува многу години подоцна и поради која се откажал од спортот, кој заедно со театарот и литературата му биле омилени активности. За театарската група Екипа, која ја раководел, ги пишува своите први пиеси (некои од нив преработки од други автори). Откако ги завршил студиите се занимавал со новинарство најпрвин во Алжир, а потоа и во Франција, каде што се преселил да живее. На почетокот на Втората светска војна се пријавил како доброволец, но поради нарушеното здравје бил одбиен. По краткиот престој во Алжир, се вратил во Франција и се приклучил на Движењето на отпорот против фашизмот.
Во тој период го напишал својот прв роман Странецот (1942) и есејот Митот за Сизиф како објаснување на содржината на романот. Тогаш, а и подоцна, низ бројни есеи и предавања Ками ќе ги изложува своите политички и филозофски идеи. Неговите политички погледи се движеле од комунизам и пацифизам, па сѐ до анархизам! Но тој силно ќе му се спротивстави на тоталитаризмот воспоставен во источноевропските земји по Втората светска војна. Од тие причини ќе дојде до прекинување на пријателството меѓу него и Ж. П. Сартр, за кого комунизмот претставувал совршенство на човечко општество, без разлика како ќе се спроведува. Идејата на Ками за мир и справедливост и отпор против насилството во времето на блоковска поделба на светот, некои негови пријатели на поинаков начин ја прифатиле и кај него создале разочараност и депресија Тој јавно протестирал против режимот во Шпанија (1952) и во други земји.
Во поглед на филозофските идеи, Ками бил против тоа да се поврзува за некаква идеологија. Тој дури се противел егзистенцијализмот да се поврзува за неговото име. За него луѓето биле помили од која било идеја. Сепак, не може да се одбегнат неговите размисли околу теоријата на апсурдот според која стремежот на луѓето кон јаснотија и смисла не може да се исполни во целост. Во своите дела го прифаќа позитивното од егзистенцијализмот и надреализмот, а го отфрла песимизмот за кој се залагале Жан Пол Сартр и Андре Бретон. Литературното творештво на Ками е обемно и разновидно. Покрај Странецот го сочинуваат и романите: Чума (1947), Падот (1956), Среќна смрт и Првиот човек (издадени постхумно од неговите ќерки); повеќе есеи (Опачина и лице, Пир...); драмите Калигула, Недоразбирање, Опсадна состојба, Праведници... и повеќе преводи и адаптации на дела од В. Фокнер, Ф. М. Достоевски...
А. Ками е автор и на повеќе книги со чисто филозофски идеи. Романот Странецот е најпопуларното Камиево дело. По обем е мало, содржи 11 поглавја поделени во два дела. Во првите шест поглавја се раскажува за настаните кои му претходат на убиството што го извршил главниот лик Мерсо. Во вториот дел се прикажува престојот во затворот и текот на судењето. Однесувањето на Мерсо на веста за смртта на мајка му која се наоѓала во дом за старци, отсуството на желба да се отвори ковчегот со посмртните останки на мајка му, неговата рамнодушност на денот на погребот, одењето на плажа со девојката Марија попладнето и т.н., се настани од првиот дел, кои при распитот на сведоците, ќе се преповторат во текот на судењето, и врз кои обвинителот ќе ги засновува своите докази при одмерувањето на казната за извршеното убиство над Арапот. За сето време во затворот Мерсо е рамнодушен и незаинересиран за исходот од процесот. Се чувствува како туѓинец меѓу туѓинци.
Откако ја дознава казната Мерсо почнува да се бунтува зашто судот е неправеден, а преку него и општеството кое донесува закони преку кои обвинителот врз лични убедувања може да предлага казни, а судот да ги прифаќа. Во основа, Странецот е критика на правосудството, затоа што казната е неправедна - убиството не е извршено со предумисла. Вината на Мерсо се состои во тоа што не сака да ги прифати општествените и моралните норми на средината. Тоа што Мерсо е рамнодушен кон сѐ, не значи дека ја заслужува смртната пресуда. Неколку месеци подоцна Ками го објавува есејот Митот на Сизиф како дополнување на романот Странецот, во кој во неколку поглавја го дообјаснува апсурдот во кој запаѓа современиот човек и можниот излез од таа состојба. Вредноста на романот го надополнува и совршениот стил преку кој со класична одмереност се прикажани настаните во првиот дел и текот на судењето кое следува во вториот дел. Цитат за овој час: Ако ништо не би имало смисла, би биле во право. Но, постои нешто што сè уште има смисла. Албер Ками
СОВРЕМЕНА МАКЕДОНСКА ЛИТЕРАТУРА Во средината на педесеттите години на минатото столетие во македонската литература полека се напушта концептот според кој творештвото треба да биде во функција на општествените интереси и почнуваат да се пронаоѓаат нови тематски подрачја, освен оние за војната и повоената изградба. Новите сфаќања, меѓу другото, се јавуваат како резултат на промените во политичкиот и општествениот систем на тогашната држава Југославија, во чии рамки нашата татковина беше составен дел. Меѓу литературните жанрови во кои слободата на изразот и слободата во изборот на темите најпрвин се почувствувала била лирската поезија. Таа полека ја напуштала социјалната тематика за да се префрли во сферата на интимните човекови простори. На тој чин му претходеле полемики објавувани на страниците на литературните списанија (особено на страниците на Современост и Разгледи).
Во литературната критика тогаш, а и многу години подоцна, често се користеле синтагмите прва, втора, трета... генерација македонски поети (или прозаисти). Можеби пологично би било да се проследуваат фазите (периодите) на одделните жанрови во нашата литература. Зашто има поети од првата генерација (Ацо Шопов, Блаже Конески, Славко Јаневски) чие творештво минува низ повеќе фази. Па така, за првата (повоена) фаза е карактеристично свртеноста на авторите кон темите и мотивите од војната (Славко Јаневски, Венко Марковски, Ацо Шопов, Блаже Конески, Лазо Каровски) Во втората фаза (во педесеттите) на веќе посочените (Ацо Шопов, Блаже Конески) им се придружуваат Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Гого Ивановски, Томе Арсовски. Предмет на нивниот интерес е поетовата интима со навлегување во сферата на рефлексивното. Дури и родољубивата лирика прозвучува помодерно (Анте Поповски). Следува еден период (во шеесеттите години) кој критичарите
го нарекуваат модерната во македонската литература, кога нашата лирика силно ги раскрилува своите потенцијали и освојува свое место под сонцето на (тогашната) југословенска литература. Во таа поголема група би ги спомнале Петре М. Андреевски, Петар Т. Бошковски, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Влада Урошевиќ, Јован Котески. Во почетокот на седумдесеттите години на 20. век се јавува една нова фаза (ако сакате и генерација!) во која симболите се доминантни во поетиката (на Чедо Јакимовски, Михаил Ренџов, Тодор Чаловски, Атанас Вангелов, Гордана Михаилова-Бошнаковска, Светлана Христова-Јоциќ, Иван Чаповски, Катица Ќулафкова, Вера Чејковска...). Современите тенденции во нашата поезија ги застапуваат повеќе автори, секој со свои индивидуални пристапи кон творечкиот порив и чии творби се преведени на други јазици Бранко Цветковски, Лидија Димковска, Никола Маџиров.
Иако на појавата на првиот роман на македонски јазик се чекаше повеќе години (ако не ги сметаме романите во стихови на Венко Марковски!), за релативно кусо време македонската литература беше збогатена со повеќе дела од овој вид. Нивни автори беа Славко Јаневски, Стале Попов, Јордан Леов, Ѓорги Абаџиев, а периодот (фазата) некои историчари на литературата го (ја) насловуваат како почетоци на современиот македонски роман. Веќе кон крајот на педесеттите години на 20. век имаме трагање на помодерен израз, иако тематски писателите сѐ уште биле свртени кон војната и кон обновата на земјата и колективизацијата (Владо Малески, Димитар Солев). Тоа ќе продолжи со уште некои автори (Сотир Гулески, Симон Дракул, Методија Фотев, Коле Чашуле). За третата фаза која настапува во средината на шеесеттите години можеме да кажеме дека се карактеризира со модернизирање на творечкиот приод и со мноштво теми.
Некои тој период го нарекуваат ран развој на психолошкиот реализам (Венко Андоновски), кој целосно ќе се разгрне и созрее за десетина години. Тогаш ќе се создадат некои од најубавите романи во нашата литература, а нивни автори се Ѓорги Абаџиев (Пустина), Славко Јаневски (И бол и бес, Две Марии), Димитар Солев (Кратката пролет на Моно Самоников), Владо Малески (Разбој). Не помало внимание заслужуваат и прозните остварувања од тоа време на Мето Јовановски, Јован Бошковски, Цветко Мартиновски, Влада Урошевиќ... Следната фаза во развојот на нашиот роман некои ја нарекуваат модернизам (Венко Андоновски) или пак спој на традиционалното и модерното (Наташа Аврамовска) и во неа имаме силен наплив на романескни и воопшто на прозни остварувања, чии автори се Славко Јаневски, Живко Чинго, Божин Павловски, Владимир Костов, Петре М. Андреевски, Методија Фотев, Коле Чашуле, Ташко Георгиевски, Петар Ширилов, Васе Манчев, Јадранка Владова.
Најпосле, следува фазата наречена постмодернизам во која откако сѐ е напишано и сите теми се исцрпени, писателите се навраќаат на веќе познати личности и дела, за да ни ги прераскажат на свој начин: Данило Коцевски (Одисеј), Слободан Мицковиќ (Смртта на Александар), Славко Јаневски (Миракули на грозомората, Чудотворци...), Митко Маџунков (Кула на ридот), Крсте Чачански, Димитрија Дурацовски, Венко Андоновски (Папокот на светот), Александар Прокопиев, Гоце Смилевски (Разговор со Спиноза, Сестрата на Зигмунд Фројд), Оливера Ќорвезировска, Ермис Лафазановски... Што се однесува до развојот на македонската драма, тој се надоврзува на она што е создадено меѓу двете светски војни. Иако драмската уметност била застапена уште за време на Војната преку едночинки и на начин како што дозволувале условите, првите драмски дела се појавиле по неколку години а нивни автори се Васил Иљоски, Коле Чашуле, Венко Марковски, Томе Арсовски и нешто подоцна Симон Дракул. Во шеесеттите години на 20. век се јавува нова генерација
драмски писатели (Бранко Ставрев, Богомил Ѓузел, Бранко Пендовски) која ги проширува тематските хоризонти со внесување на митолошкото и фолклорното во драмите. Тоа особено ќе биде воочливо неколку години подоцна кога ќе се појават драмските текстови на Митко Маџунков, Живко Чинго и Петре М. Андреевски, и особено на Горан Стефановски. Тогаш ќе бидат прикажани и драмски дела со различни жанрови (комедии од Васил Иљоски, Коле Чашуле, Миле Поповски, Томе Арсовски; трагедии од Коле Чашуле, Горан Стефановски; стихувани драми од Георги Сталев, Миле Неделковски, Благоја Ристевски - Платнар). Во поново време во таканаречениот постмодерен период, се јавува политички ангажираниот театар (според Наташа Аврамовска) во кој значајно место им припаѓа на Коле Чашуле, Јордан Плевнеш и Дејан Дуковски. Покрај нив има уште неколку афирмирани драмски автори (Жанина Мирчевска, Венко Андоновски, Горан Стефановски, Сашко Насев) кои на еден или на друг начин (преку
компилација на веќе познати дела или нивна преработка), успешно го потврдуваат високото реноме што нашата драмска литература го има стекнато од порано. Цитат за овој час: Драмата на самиот театар во нашата земја влегува во својата зрела фаза. Во неа не се остварува само локалната, туку и, слободно може да се рече, европската репутација на македонскиот театарски миг, која не само што слободно може да се споредува со најзначајните токови на модерниот сценски израз, туку придонесува за оживотворување на една далекусежна мисија на македонското присуство во светот... „Ѕвездениот миг” на македонскиот театар започна точно во времето кога самостојно, без посредници, влезе во отворените уметнички битки... Со преведување на македонските драмски автори на туѓи јазици, со издавање на нивното творештво на повеќе европски меридијани, и со изведувањето на нивните дела на сцените на сите континенти, всушност, беше продлабочена афирмацијата и продолжен започнатиот подем. Во оваа смисла, не помалку значајно е присуството на македонските режисери на многу сцени надвор од Републиката... Ристе Стефановски: Од македонската порака за светскиот ден на театарот, 2005
МАТЕЈА МАТЕВСКИ (1929) Матеја Матевски е исклучителна појава во современата македонска литература. Припаѓа на втората генерација повоени македонски поети, кои се појавија кон средината на 20. век. Но тој не помалку е значаен како есеист, како литературен и театарски критичар, и како преведувач. Не случајно 50. јубилејна награда на Струшките вечери на поезијата - Златниот венец, годинава (2011) ќе ја понесе токму Матеја Матевски. Роден е во Истанбул (Цариград) во печалбарско семејство. Основното образование го завршил во Гостивар, гимназија во Тетово и Скопје. Студиите ги почнал во Белград, ги завршил во Скопје (на Филолошкиот факултет). Извесно време престојувал во Париз, изучувајќи го францускиот театар и драма. Работел како новинар, уредник и најпосле бил генерален директор на Македонската радиотелевизија. Десетина години бил претседател на Републичката комисија
за културни врски со странство, а неколку години и член на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија. Во прилог на неговата биографија се и следниве факти: бил професор во средно училиште, уредник во книгоиздателството Кочо Рацин, уредник на списанијата Млада литература и Разгледи, професор на Факултетот за драмски уметности. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (бил и негов претседател) и на Македонскиот ПЕН центар (бил и негов претседател, сега е почесен претседател). За член на МАНУ е избран 1979 (како дописен, и од 1983 како редовен), нејзин претседател (2001- 2003). Матеја Матевски е иницијатор за основање на повеќе културни манифестации во земјава и потоа нивни претседател (Струшките вечери на поезијата, Рацинови средби, Охридско лето и сл.). По негова иницијатива се основани друштва на пријателство на Македонија со Франција, со Норвешка, со Турција.
Матеја Матевски својата писателска дејност ја започнал со објавување на творби во литературната периодика (1952). Во неговата творечка актива доминантна е поезијата, иако има објавено и повеќе книги со есеи и критика. Ова се збирките поезија: Дождови (1956), Рамноденица (1963), Перуника (1976), Круг (1976), Липа (1980), Раѓање на трагедијата (1985), Оддалечување (1990), Црна кула (1992), Завевање (1996), Мртвица (1999), Внатрешен предел (2000), Отаде заборавот (2003), Копнеж по целина (2005), Предели покриени со вода (2006), Ветрот и градот (2007). Книги со есеи и кртитики: Од традицијата кон иднината (1987), Драма и театар (1987), Светлината на зборот (1998), Искушенијата на идентитетот (2003). Поезијата на Матеја Матевски е приопштена на многу светски јазици. Застапен е речиси во сите избори и антологии на македонската поезија, но исто така и во многу антологии на југословенската, европската и светската литература.
Восхитувачка е преведувачката актива на Матеја Матевски. Неа ја сочинуваат педесетина книги поезија, прозни и драмски дела од десетина светски и странски јазици (шпански, руски, француски, италијански, како и српски, словенечки, албански), што ги превел сам или заедно со неговата сопруга Загорка. Особено се значајни препевите и преводите од шпанската литература (од Ф.Г.Лорка, П. Неруда, Рафаел Алберти, Х. Х. Падрон...). Удостоен е со повеќе домашни и меѓународни награди. Од домашните би ги спомнале: Награда на Друштвото на писателите на Македонија (1956), Браќа Миладиновци (1963 и 1980), 11 Октомври (1963), Кочо Рацин (1980), Книга на годината (1992), Книжевно жезло (1997), Македонско слово за книжевен опус (2000), Велја кутија на Македонски духовни конаци. Како преведувач е лауреат на наградите: Григор Прличев, Кирил Пејчиновиќ и Златно перо.
Подолг е списокот со награди и признанија, како и со други почести што Матеја Матевски ги добил надвор од земјава. Некои од нив: Специјална награда за литература на Премио медитеранео (Палермо, Италија, 1983), награда Блез Сандрар (Ивердон, Швајцарија, 1986), Фернандо Риело за мистична поезија, за збирката Црна кула (Мадрид, Шпанија, 1990), Жупанчичева листина (Словенија), Горанов венец (Луковдол, Хрватска, 1987), Балканска награда за поетски опус Ергуван (Чаталџа, Турција, 1966), Атлантида на Меѓународниот поетски фестивал (Лас Палмас, Шпанија, 1998), наградата Триесте поезиа (Трст, Италија, 2001), награда на Меѓународната академија во Куртеа де Арџес (Романија, 2003), награда Златен клуч (Смедерево, Србија, 2003), награда на Поетската академија (Калкута, Индија, 2004) награда на Академиа Медитеранеа (Неапол, Италија) и најновата: Наградата за животно дело Јан Смрек на фестивалот во Словачка (2010). Матеја Матевски е член на Европската академија за наука и уметност (Салцбург, Австрија), член на Европското друштво за
култура (Венеција), дописен член на Северноамериканската академија на шпански јазик (Њујорк), почесен член на Друштвото за наука и уметност (Битола). И уште: носител е на повеќе одликувања, меѓу кои и на Легија на честа (Франција). Во нашата литература Матеја Матевски се јавува во време кога започнува еден процес на осовременување и збогатување на поезијата (и прозата) со нови тематски и изразни можности. Тоа е време на конфронтација на авторите на реалисти и модернисти, која се водела на страниците на литературните списанија. Уште со својата прва збирка Дождови, Матевски го прифаќа новиот поглед и поетски концепт, напуштајќи ја пренагласената поетичност и свртувајќи се кон сопствениот внатрешен свет, кон интимните доживувања. Неговата поезија позитивно ја оценуваа и противниците на модернизмот, зашто таа, всушност, беше спој на традиционалното и модерното. И пред сѐ, тоа беше во основа оргинална поезија во која се разоткриваше испреплетена емотивна и мисловна содржина. Во втората стихозбирка Рамноденица Матевски го продолжува
нагорниот пат кон поетското созревање. Своето неспокојство се обидува да го смири свртувајќи се кон природата, за да побара одговор на прашањата: која е смислата на човековото постоење, треба ли да се има верба и надеж: Те барам долго езеро но каде си ми ти во окото на бранот во грлото на каменот притаена роса врз дланката на планините глас одамна изговорен во пепелта на водите. (Езеро) Во збирката Перуника, Матевски оди понатаму во рафинирање на изразот: преку економичност на зборовите прави успешен спој на народниот и модерниот поетски јазик: Ја градев јас долго под вишната карпа под вишната карпа под ширното небо тебе ти ја градев за тебе ја правев каменот го збирав од мојата солза денови го збирав векови го редев од мојата солза од твојата смеа. (Мајстори) Во средиштето на поетовиот интерес е секогаш човекот,
неговиот внатрешен свет и неговиот однос кон природата. Понекогаш прави обид со звучна сензитивност да го разоткрие и надополни поетовиот простор.
Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони. Звуците се бранови на ветерот низ тревите подгонети.... ...Некаде ѕвони. Премногу дамна и сега. Сè боли, небо. По тревата на звуците познати легни ме. (Ѕвона) Во тој простор многу често се пренагласува чувството на загрозеност на човекот. Сѐ помалку има убавина, сѐ повеќе се губи човечноста, сѐ повеќе надвладува мракот: Темни помории идат од длабините на човекот црни семиња од кои црната кула се раѓа... (Црната кула) Цитат за овој час: Среќен сум што заедно со толку големи учители, современици и пријатели што сиве години со своите стихови ја почестуваа и ги честеше Струга, го сонував и остварував, и можам да речам со радост дека го иссонував тој убав сон. Матеја Матевски, венценосец, Струга, 2011
ГАНЕ ТОДОРОВСКИ (1929 - 2010) Гане Тодоровски е, по многу нешта, исклучителна личност во македонската литературна и културна историја. По она што го остави зад себе, неговиот придонес далеку ги надминува рамките на родната земја, заземајќи доминантни позиции на балканските простори, ако не и пошироко. Гане Тодоровски е роден во Скопје. Дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што долги години работел како професор. Бил на чело на повеќе асоцијации, меѓу другото, претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата, и на двапати претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Со настапувањето на политичкиот плурализам во Македонија, со поетот Анте Поповски ја основаа првата политичка организација - Движењето за семакедонска акција-МААК, и беше прв нејзин претседател. Подоцна ќе замине како амбасадор на земјава во Руската федерација (1997).
Својот работен век го започнал како новинар во повеќе редакции, за подоцна целосно да се посвети на литературната и научната дејност, создавајќи импозантен опус на оригинални творби (12 стихозбирки) и преведени дела (во три тома), како и на голем број литературни записи, есеи, критики и сл. (во пет тома од Избраните дела). Истовремено, Гане Тодоровски активно учествувал во уредувањето повеќе литературни списанија (Современост, Разгледи, Културен живот и др.). Не е без значење ангажманот на Гане (така го викаа сите!) во составувањето на повеќе антологии (на словенечката, хрватската, австриската поезија, на албанските поети од некогашната Југославија...) сам или во коавторство со други. За својата неуморна работа академик Гане Тодоровски беше удостоен со повеќе литературни и државни награди и признанија (Браќа Миладиновци, Климент Охридски, 11 Октомври, 23 Октомври...) и награди за преведувачка дејност (Григор Прличев, Кирил Пејчиновиќ, Златно перо).
Гане Тодоровски го почнува литературниот потход со збирката песни Во утрините (1951), која, иако не донесува нешто ново (тематски е посветена на обновата и изградбата на татковината), сепак го најавува авторот како поет со лирска сензибилност. Веќе со следните збирки: Тревожни звуци (1953) Спокоен чекор (1956) и Божилак (1960), Гане разоткрива нови тематски простори блиски до секојдневниот живот. Создава специфичен јазик со многу неологизми, трага по нови форми за да ја прикаже социјалната судбина на човекот и да ги одгатне неговите морални дилеми. Во следните петнаесетина години, за кои критичарите велат дека е втората фаза во творештвото, Гане ги објавува збирките Апотеза на делникот (1964), Горчливи капки непремолк (1970), Снеубавен ден (1974), и Скопјани (1981). Ја опишува урбаната средина, со иронија зборува за пустошењата на селата (Фуснота без повод), се навраќа на личности и настани од нашето минато (Крсте Мисирков по 1903-та година, 4 мај 1903).
Речиси шестдецениското присуство во нашата литература Гане го заокружува со уште неколку збирки поезија: Неволици, неверици, несоници (1987), Недостижна (1995), Осамен патник (поезија на англиски, 1996) Горди акорди (2009) која е компилација од сите негови збирки, но содржи и повеќе песни кои се настанати 2006-2009 год. и кои за првпат се објавени. Збирката содржи 80 песни. Со неа се одбележа 80-годишниот животен јубилеј. Последната негова објава е книгата Токму така (2010). Гане Тодоровски е исто толку значаен и како литературен историчар, есеист и критичар. Автор е на десетина книги литературни записи (од Претходниците на Мисирков 1968, до Книга наша сиреч славјанска - 1989). Тие осветлуваат значајни поглавја и личности од нашата културна историја. Без неговиот придонес што го сочинуваат над 230 одделни публикации (до овој момент!) сигурно е дека нашата историја и нашата литература би биле многу посиромашни.
Гане Тодоровски остави зад себе повеќе песни кои се неодминливи во секоја антологија на современата македонска поезија. Една од тие творби е песната Седум навраќања на мотивот трепетлика, застапена во збирката Спокоен чекор. Постојаното треперење на трепетликата (јасиката, лат. populus tremula) ќе го инспирира поетот да пее за неспокојот и немирот на кои е осудена, осамена среде плодното поле. Низ седумте строфи е предадена нејзината судбина сама да вишнее, да им заблазнува за рожбите на птиците, кои гнезда во неа свиле, а самата таа е неротка. Им се заблазува на птиците гнезда што свиле во неа, на сонот, рожбите, починката им заблазува. Несонка. Неротка. Зелена неспокојничка. Особено се впечатливи зборовите со кои поетот ја именува трепетликата: лична сретполка, несонка, немирлика,
плашливка, неродна полска висотија...Не помалку се интересни метафорите и епитетите: Ставата и е зеленило пеперуги пленети вечно во вишна вертикала или: Таа е лична средполка, сред поле сон прегладнета. Гане Тодоровски зад себе остави и песни со родољубив набој (Нерези, Нашинска) во кои трагичните настани од минатото се предадени за да не се отргнат од заборавот. Токму манастирот (Нерези), нем сведок на такви настани е симбол на победата над премрежјата и заборавот. Безмалку и да нема област од животот во која не навлегол немирниот поетски дух на Гане. Неговата поезија води постојан дијалог со секојдневните работи и најчесто е со непомирлив однос кон сите деградирања и неправди на кои е изложен обичниот човек.
Некои од песните напишани во доцните шеесетти години со својата содржина се актуелни и денес (Фуснота без повод, Делнично будење на градот). Во некои има мешање на љубовта и омразата, на меланхоличното и гневното, многу често испомешано со ироничното. Има песни во кои на специфичен начин ја опишува убавината на жената, притоа користејќи ги изразните можности и лексичкото богатство на нашиот јазик (Песни за жената). А што е уште поважно создава и пресоздава нови зборовни форми и значења кои се веќе одомаќени во нашиот јазик. Негова е крилатицата Колку сме толку сме токму сме! Цитат за овој час: Слушате ли политичари? Слушате ли, обични луѓе? Слушате ли, наставници што ќе го предавате и натаму Ганета по гимназиумите и реформираните средни школи? Погледнете на небото: едно соѕвездие нема. На него уште долго ќе го гледаме отсуството на ѕвездите што го сочинуваа. Во тоа е утехата, ако утеха не е само обичен збор, како и животот. 26. 05. 2010 Венко Андоновски
АНТЕ ПОПОВСКИ (1931 - 2003) Анте Поповски е, без сомнение, поет кој во нашата литература ги напиша стиховите со најубава родољубива содржина. Истотака, тој е автор кој со есејот отвори ширум порти за влез во неразораната целина на нашата духовна и историска самооценка (Гане Тодоровски). Неговото присуство и реч на значајни културни настани беа неодминливи. Речиси и да немаше претставување на повредна книга или публикација, а на која како промотор да не беше Анте, или за која тој да немаше напишано свој осврт, рецензија или слично. Анте Поповски е роден во Лазарополе. Образованието го продолжил во Битола. Завршил медицина во Скопје, но како лекар работел сосема кусо време, за да ѝ се посвети целосно на литературата. Како плод на неговата посветеност на пишаниот збор, се десетината збирки песни, поголем број есеистички и публицистички прилози објавени во неколку книги, како и препеви на песни од повеќе јазици.
Анте Поповски исто така е преведуван на повеќе светски јазици. Ја составил Антологијата на јидиш поезијата (Светата земја на зборот), како и на Орфеј и Исус библиски мотиви во современата македонска поезија. Добитник е на повеќе литературни награди и признанија (Браќа Миладиновци (1964, 1995), 11 Октомври, Кочо Рацин, Гоцева повелба, Ацо Шопов), како и на меѓународна награда за најдобра песна Premio Europa. Покрај литературната дејност академик Анте Поповски вршел и повеќе општествени и раководни функции (директор на НИП Нова Македонија, на Вардар филм, член на Извршниот совет (Владата) на СРМ, на два пати претседател на Друштвото на писателите на Македонија, на Советот на Струшките вечери на поезијата, претседател на Движењето за семакедонска акција - МААК...). Првата поетска објава на Анте Поповски е збирката песни Одблесоци (1953).
По застој од неколку години (по период на преиспитување и созревање), ги објавува следниве збирки: Вардар (1958), Самуил (1963), Непокор (1963), Камена (1972), Тајнопис (1975), Љубопис (1980), Родопис (1981), Сина птица (1984), Ненасловена (1988), Провиденија (1995), Света песна (2001, тестаментална поема во 22 пеења и над 9000 стихови). Постхумно се издадена збирките Две тишини (2004), Коска Паленица и Пророчки труби. Не може да се одмине придонесот на Анте како есеист, публицист, дури и како мислител. Автор е на повеќе есеи, литературни огледи и критики објавени одделно или како посебни книги: Глас од дамнина (1986), Оковано време (1991), Меѓу животот и знаците (1991), Окото, светлините (1996), постхумно Развеано евангелие (дополнето издание на Глас од дамнина, со нови прилози, 2009). Според Гане Тодоровски во рамките на МАНУ останува да се подготви репрезентативен избор од есеите на Анте Поповски.
Љубовта на поетот кон својот народ и земја е бескрајна и неразделна. На едно место ќе каже Се прегрнавме и нема разделување. Таа љубов извира од непокорот која како етичка вредност ја негувал нашиот народ, без оглед на сите трагедии што ги поднесувал. Во поемата Вардар ќе рече: Дојдете вие плеќести црни мажи деца и неба и времиња -по коритото на оваа река да потече и вашата судбина на местото на овој мост извишен над вашето небидие да си прочитате: векувајте со мене! Поезијата на Анте Поповски е модерна, родољубието е со универзални пораки до човештвото. Историските настани и ликови од нашето минато се само симболи за да се истакне непокорот на човекот кон неправдите.
Времиња никојпат не ве напуштил, никојпат не ќе пресуши нашиов вруток-Непокор. Поетскиот јазик на Анте Поповски е оригинален, преку употреба на згуснати, понекогаш елептични зборови: Воѓе, бели воѓе кај црна црните кого барате? Мошне илустративна за поетовото толкување на смислата на животот се и песните од збирката Сина птица. Во нив преку употреба на сугестивни јазични средства ги објаснува современите пулсирања на животот и светот. Знаците истетовирани врз карпите, стопени со времето, втиснати во сеќавањето на народот – сега се свети знаци низ кои струи и крвта и тајната на македонскиот збор:
изгорени гласови, неоли, крвави засеци на ножот осенчени со крик на големи погибии... Целата татковина – свето и непрочитано писмо. Во една од неговите последни песни (од Две тишини) ќе прочитаме: Ене го долу, меѓу два брега во тишината меѓу два збора, топло семе на својот јазик, потпрен на својата сенка чека ништо и – никого. Поетското наследство на Анте Поповски и неговиот однос кон јазикот, уште долго ќе зрачат со љубовта кон родната земја и ќе бидат предмет на нашето преиспитување за неговата големина. Цитат за овој час: Ние мислевме дека ни врви времето, но тоа ни врвел животот. Анте Поповски
ДИМИТАР СОЛЕВ (1930 - 2003) Димитар Солев е писател кој речиси целосно беше посветен на прозното творештво. Автор е на десетина збирки раскази, на шест романи и на една книга со критичкоесеистички прилози. Тој исто така е автор на повеќе драмски радио и телевизиски текстови, се занимавал со преведување, пишувал и сценарија за филм. Припаѓа на т.н. втора генерација македонски прозаисти кои се залагале за нови и современи теми, и за модерни форми на изразување. Значајно за Димитар Солев е односот што го негувал кон помладите писатели како уредник на списанието Разгледи, давајќи им поголема можност за афирмација. Димитар Солев е роден во Скопје каде што завршил Филозофски факултет. Меѓу другото бил повеќе години уредник на списанието Млада литература, потоа директор на Македонската телевизија, директор на Народната и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски.
Бил член на Друштвото на писателите на Македонија (од 1956) и извесен период негов претседател, бил член на Македонскиот ПЕН центар и на Независните писатели на Македонија. Удостоен е со повеќе признанија и литературни награди (11 Октомври, 1964 и 1968; 13 Ноември за романот Зора зад аголот, 1984; Рациново признание, 1980; Книга на годината за 1990, за расказите од Одумирање на државата). Димитар Солев зад себе остави завиден број на литературни дела. На тоа би ги придодале бројните преводи од други јазици. Дел од неговото творештво, пак, е приопштено на други јазици. Ова се насловите на неговите романи: Под усвитеност (1957), Кратката пролет на Моно Самоников (1964), Дрен (1980), Зора зад аголот (1984), Дублер (1988), Мртва трка (1998). Своите први раскази Димитар Солев ги објавува списнието Иднина (Уличен фрагмент, Прост случај, Отсега сѐ така, 1950). По неколку години излегува и првата збирка раскази. Ова се насловите на неговите книги со раскази:
Окопнети снегови, (1956), По реката и спроти неа (1960), Ограда (1963), Зима на слободата (1968), Слово за Игора (1969), Полжави (1975), Црно огледало (1985), Одумирање на државата (1990), Промена на системот (1993), Ќелав штурец (2001), Раскази (постхумно, 2006), Синовски татковци (постхумно, 2006). Драмски (радио и тв) текстови: Пушка в езеро (1996), Бамја или Хибискус есцулентус (1967), Патот на сенката (1968), Девственици (1969), Мртва стража (1969). Покрај тоа е автор на сценарија за повеќе документарни и за играните филмови Денови на искушение (косценарист, според Црнила на Коле Чашуле) и Истрел (според романот Под усвитеност). Негово е делото со критичко - есеистички прилози Кво вадис скриптор (1970). Како и повеќе автори во годините по ослободувањето, и Димитар Солев во првите збирки раскази како и во романот Под усвитеност ја опишува војната и окупацијата. Разликата во
однос на некои други прозаисти е тоа што кај Солев проекцијата на војната се дава преку раскажување на млади луѓе чие детство неповратно им е одземено. Подоцна тој ќе се сврти кон други теми, најчесто од секојдневниот живот и со право некои проследувачи на неговото дело го нарекуваат писател на секојдневието (Л. Г. - Јаковлева). Знаел од малите животни нешта на човекот да направи интересни приказни, внимавајќи пред сѐ на композицијата на делото. За рабирање на раскажувачкиот свет на авторот мошне се интересни расказите содржани во збирката Зима на слободата (Слово за Игора, Првата зима на слободата, Руска плажа, Јаглика во паркот), во кои се раскажува за група млади луѓе на кои детство неосетно ќе помине и ќе биде заменето со слободата која ќе донесе нови општествени односи. Новото време ќе донесе бурни социјални промени, ќе биде тоа време на работни акции и митинзи, време во кое ќе се родат нови лубовни идили или пак ќе се случат разделби.
Во поглед на раскажувачката постапка Димитар Солев во своите критичко - есеистички прилози се залагал за напуштање на соц-реалистичкиот пристап и за внесување на урбаната проблематика на еден помодерен начин. Тоа го правел од свој субјективен агол, поради што некои критичари му ставале забелешки, како што имало и други кои ги прифаќале неговите погледи. Раскажувачкиот свет на Солев е исполнет со блага иронија кон општествените аномалии и со многу топлина кон обичните луѓе. Цитат за овој час: Димитар Солев, е една од најмаркантните личности и автори од втората повоена книжевна генерација, не само со својата проза и есеистика, туку и со својата критичка и полемична дејност, низ која се изразуваа ставовите и погледите на неговата генерација. Со право е наречен еден од обновувачите на македонската прозна реч, која се стремеше кон нов исказ и нови тематски подрачја како и кон истражување на прозните жанрови. Остави прозни и критичарски дела што и денес веруваме ги возбудуваат читателите и кои може да служат како маркери за проучување на македонската повоена книжевност. Благој Иванов
ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ (1934 - 2006) Петре М. Андреевски е еден од најистакнатите и најпопуларните македонски раскажувачи и поети. Автор е на неколку романи, на повеќе збирки раскази и поезија, на песни за деца како и на две драми. Она што на прв поглед се забележува во неговите дела е јазичната оригиналност изградена врз основите на раскошното народно творештво. Петре М. Андреевски е роден во с. Слоештица, Демир Хисар, каде што завршил основно образование. Гимназија завршил во Битола, а Филозофски факултет во Скопје. Во текот на студиите ги објавува првите литературни обиди во весниците Млад Борец и Нова Македонија, како и во списанијата Разгледи и Млада литература. Потоа работи како новинар и уредник во Радио Телевизија Скопје. Бил член на редакциите на повеќе списанија (Разгледи, Стремеж), член на Друштвото на писателите на Македонија (и негов претседател во 1983 година) и на Македонскиот ПЕН центар.
Пред пошироката читателска публика Петре М. Андреевски дебитирал со збирките песни Јазли (1960) и И на небо и на земја (1962). Појавата на следната негова збирка поезија Дениција (1968) била означена како културен настан и на нејзиниот автор му била доделена наградата Браќа Миладиновци како и националната награда 11 Октомври. Три години подоцна ќе го повтори успехот со збирката песни Дални наковални (наградата Браќа Миладиновци). Не помалку се значајни и неговите збирки Пофалби и поплаки (1975), Вечна куќа (1987) и Лакримариј (1999). Петре М. Андреевски е автор на неколку збирки раскази, некои од нив тематски поврзани со светот од неговиот роден крај. За збирките раскази Неверни години и Сите лица на смртта го добива Рациновото признание (1974 и 1994). Седмиот ден е неговата прва збирка (1964), а Боеми е последна и постхумно е издадена.
Дел од своите творечки можности Петре М. Андреевски ги има реализирано на полето на театарската уметност (драмите Богунемили - 1971 и Време за пеење - 1975). Во фондот на македонската литература за деца влегуваат и неговите збирки поезија: Шарам барам и Касни порасни. Својата многустрана литературна дарба, на изнесување на настани и портретирање на личности со јазик кој навлегува во меморијата на македонскиот човек, Петре М. Андреевски целосно ја надополнува со своите романи. Уште со првиот роман Пиреј (1980) доби неподелено мислење од критиката и читателите, дека делото е едно од најзначајните во македонската литература. Наградата Стале Попов која се доделува за најдобар роман беше потврда за уметничките вредности на Пиреј. По романот Скакулци (1983), Петре М. Андреевски, во 1989 год. повторно е лауреат на наградата Стале Попов за романот Небеска Тимјанова (1988). Веќе следниот негов роман Последните селани (1997) влегува во најтесниот избор за наградата Балканика (1998).
Петре М. Андреевски е автор уште на и романите Тунел (2003) и на Бежанци (издаден постхумно). Доказ за величието на творештвото што зад себе го остави академик Петре М. Андреевски, нека послужи и податокот дека многу негови песни и прозни дела се преведени на дваесетина странски јазици; дека е застапуван во многу наши и светски антологии. За неговите исклучително големи дострели во литературата - поезијата, прозата и драмата, постхумно е одликуван со Орден заслуги за Македонија од страна на Претседателот на Републиката (2007). Кога правиме осврт врз поезијата на Петре М. Андреевски секогаш на прво место ги ставаме песните од стихозбирката Дениција. Тоа е љубовна поема од 23 песни. Целата збирка е една љубовна приказна во која се преплетува еротското и националното, која восхитува со чудесните описи на љубовта, во која реалното е помешано со нереалното. Дениција е возвишено славење на љубовта кое пленува.
Поетите пишуваа дека нејзината убавина постои во сиот народен фолклор во секој пламен, на секое знаме. Кога ја љубев Дениција, како да учествував во создавањето на првата Македонска Држава. Романот Пиреј не само што е најпопуларно дело на Петре М. Андреевски, туку е еден од најзначајните романи во македонската литература. По својата тематика тој е историски роман. Опишува настани од Првата светска војна сврзани со судбината на семејството на Велика и Јон Мегленоски. Но во Пиреј се зборува и за општата судбина на нашиот народ во една војна, во која се бори брат против брат и во која само се страда и умира. Идејната порака на авторот ја препознаваме преку зборовите на селскиот мудрец Лазор Нечоски: Пирејот е... како племето наше, и не го ништи ни една војска, ни една болест.
Дејството на романот се случува во повеќе места во сите делови на Македонија, иако најчесто преку раскажувањето на главните ликови тоа се лоцира во демирхисарските села. Во раскажувачката постапка авторот применува модерен начин на изнесување на дејството: низ 28. поглавја преку најизменично и паралелно раскажување на Велика и Јон, онака како тие ги доживеале настаните, односно страдањата и искушенијата. Нивните исповеди, пак, од почетокот на романот, на Роден Мегленоски (синот на Велика и Јон), му ги прераскажува Дуко Вендија. Ќе ти кажам, рече Дуко Вендија, ама ќе ти кажам како што ми кажуваше мајка ти, Велика, и како што ми кажуваше татко ти, Јон, и како ми се кажуваше мене. Романот започнува во годините на Втората светска војна. Роден доаѓа на погребот на својата мајка, по дваесетина години откако заминал од дома. По погребот бара од Дуко Вендија да му раскажува за татко му, оти не го памети, кого мајка, му додека бил мал, не сакала да го спомнува.
Приказната на Дуко Вендија е, всушност, ретроспекција на преживелиците на Велика и Јон. Јон и Велика низ своето раскажување зборуваат за првите средби, за заедничкиот живот, за раѓањето на петте деца, за почетокот на Војната, во која Јон е мобилизиран во српската војска и како целиот товар за семејството паѓа врз Велика. Таа и покрај сите страдања не успева да ги сочува децата, a тие (Ангеле, Капинка, Роса, Здравко и Ѕвездан) едно по друго ѝ умираат, првото од куршум, во детска игра, другите од болести и глад. Јон по враќањето од војната, кога ја дознава трагичната судбина, сосема се променува во однесувањето. Негово основно занимање станува пијанството, станува за потсмев и сожалување на селаните. Велика како маченица ги поднесува страдањата од војната и понижувањата од мажа си, за да не се предаде, и на свет да ја донесе својата шеста рожба - синот Роден,.кој се раѓа во моментот кога неговиот татко Јон умира.
Во романот се предадени и многу други личности и се прераскажани настани за нив: братот на Јон, Мирче, неговата жена Уља, Маса Ќулмоска, војникот Витомир, војводата... Она што посебно восхитува во романот е јазичниот израз. Авторот го користи својот роден говор, демирхисарскиот, со мноштво народни мудрости, изговорени од Лазор Ночески и другите. Тој е едноставен, стилски обоен според ликовите. Во говорот на мажите среќаваме груби зборови, понекогаш со стилизирани пцости, кои ги прифаќаме како нешто сосема обично. Во прикажувањето на Велика, пак, ја откриваме нејзината искрена, чиста душа. Нејзините зборови се милозвучни кога ги опишува првите средби со Јон. Тие се длабоко трогателни кога се разделува од своите рожби. Стилот на П. М. Андреевски по многу нешта е оригинален, како што е неговата појава во нашата литература. Цитат за овој час: Јас претпочитам повеќе да орам на сопствената нива, отколку на туѓите. Петре М. Андреевски
ТАШКО ГЕОРГИЕВСКИ (1935) Ташко Георгиевски е еден од најистакнатите современи македонски писатели. Автор е на десетина романи и повеќе збирки раскази, на неколку филмски сценарија, на радио и тв драми. Речиси целото негово творештво е посветено на трагиката од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, кое како дете и самиот го преживеал, и воопшто, на обезличувањето и тортурата врз нашиот човек за време на Граѓанската војна во Грција и потоа. Ташко Георгиевски е роден во с. Кронцелево, Воденско. Студирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел во редакциите на Млад борец и Современост; бил уредник во Македонската телевизија, како и издавачките куќи Мисла и Македонска книга. Член на МАНУ е од 1983 година. Ташко Георгиевски во литературата дебитира со збирката раскази Ние зад насипот (1956). Дарко Дамески во филмот Црно семе
Од првата збирка, па сѐ до последното дело, романот Црна билка, се провлекува трагизмот на македонскиот човек од Егејот кој морал да ги напушти родните огништа и да талка по сите светски меридијани и крстопати. Ташко Георгиевски предводи една поголема група наши писатели кои постојано се навраќаат на теророт што бил извршен над Македонците во Грција и чии судбини на откорнатици раселени по светот се тема на нивните дела. Овде спомнуваме само некои од нив: Петар Ширилов, Иван Чаповски, Паскал Гилевски, Ката Мисиркова-Руменова, Ташко Ширилов, Ристо Јачев, Кица Барџиева Колбе... Ташко Георгиевски е автор на романите: Луѓе и волци (1960), Ѕидови (1962), Црно семе (1966), Змиски ветар (1969), Црвениот коњ (1975), Време на молчење (1978), Рамна земја (1981), Кајмакчалан (1992), Исчезнување (1998), Црна билка (2006). Автор е и на збирките раскази: Суви ветрови (1964), Куќа под калето (1978), како и на
Плочата на животот (дневник, автобиографски записи, 1987). Негови се и радио и телевизиските драми: Пепелта на моето огниште, Оган, Ковчег со срцето на татко и Недела. Ташко Георгиевски се јавува како сценарист или косценарист на повеќе филмови (Црно семе, Црвениот коњ, Жолтиот трендафил, Мементо, Преку езерото). Неговите романи се преведени на десетина јазици. За придонесот во афирмацијата на македонската литература добил повеќе општествени признанија (наградите 11 Октомври, 23 Октомври...) и литературни награди (Стале Попов, Рациново признание...). Романот Црно семе е првиот од низата романи од циклусот за црното семе (Змиски ветар, Време на молчење, Изчезнување, Рамна земја и Црна билка) кои се поврзани со слични настани и личности со сродни судбини, почнувајќи од Граѓанската војна во Грција, преку егзодусот, преселени во Македонија и низ други краишта по светот.
Во Црно семе се прикажани настани во кои монархистичката власт во Грција во пресметката со комунисти и Македонци, една поголема група носи на еден пуст остров, за да го скрши кај нив отпорот и националното чувство. Со садистички и перверзни методи кралските офицери и војници се обидуваат да извлечат признание и потпис за лојалност кон кралот. Бруталните постапки се редат една по друга, но ниту една не може да го скрши човеково достоинство кај Адонис Совичанис (Доне Совичанов), Христос (Христо) и некои други, навидум прости, а бескрајно храбри Македонци.За нив чинот на предавството повеќе боли од секое измачување на кое се подложуваат. Идејната порака на авторот ја откриваме преку однесувањето на овие два лика: човековото достоинство е посилно од најужасните облици на измачување. Тоа извира од длабокото уверување на нашиот човек да се спротивстави на секои зло насочено кон моралноста и човечноста.
Всушност, низ целиот роман провејуваат две состојби: измачување и тортура кои се граничат со анималност и непоколеблива желба да се истрае, да не се потклекне, да не се расипе душата. На обидите за човечката деградација, авторот на романот го спротивставува човековото достоинство кое е стамено и нескршливо од ниедна форма на насилство. Затоа постапката на Марко, еден од другарите на Доне и Христос, да потклекне и потпише, го сметаат за предавство и срозување на човековата душа. Во романот покрај споменатите ликови: Доне, Христо, Марко; ги среќаваме уште и студентот Парис, Гркот Нико; потоа капетанот Скалумбакис и поручникот Маки. Доне и Христо не се само ликови врз кои последниве двајца (Скалумбакис и Маки) го применуваат својот садизам, тие се симбол на човечката гордост кога е во прашање вистината. Доне во миговите по ужасните маки, во сонот ја гледа, или на јаве ја сонува својата жена Ангелина која останала кај мајка ѝ.
Но тој копнее за слобода и правдина. Помислата на Ангелина му дава уште посилна надеж да истрае и да побегне од логорот. На извесен начин Доне ги овоплотува заедничките особини на многу откорнатици од тој дел на Македонија. Таа среќа ја нема Христо кој, по ужасното измачување, откако ќе полуде, ќе биде обесен. Последните зборови што ги изговара се: Мојата земја... каде е мојата земја. Романот Црно семе на Ташко Георгиевски содржи и некои универзални хуманистички пораки: борбата против злото и сите форми на понижување и обезличување на човекот; истакнување на храброста и херојството и неговата вистинска големина. Поради тие вредности, романот зазема место во ризницата на највредните дела во нашата литература, а е приопштен и на многу светски јазици. Цитат за овој час: Овде, колку и да ми е криво што сум еден од протераните, сепак, сполај им на прогонителите - ме прогонија во слободна Македонија, во мајчиниот јазик. Ташко Георгиевски.
ЖИВКО ЧИНГО (1935-1987) Живко Чинго ѝ припаѓа на помладата генерација македонски писатели, кој зад себе остави повеќе романи, збирка раскази, драмски дела, филмски сценарија и сл. Живееше релативно малку за да може докрај да ги развие своите творечки можности. Но и со она што го напиша, тој си обезбеди едно од челните места во нашата литература. Роден е во с. Велгошти, Охридско. Образованието го започнува во родното место, го продолжува во Охрид (гимназија), го завршува во Скопје (Филозофски факултет). Најпрвин работи како професор во гимназијата во Охрид, а по доаѓањето во Скопје, како новинар во повеќе редакции, потоа во Републичкиот комитет (министерство) за култура. Бил директор на Македонскиот народен театар; член на Друштвото на писателите на Македонија (1963). Добитник е на повеќе награди и признанија (11 Октомври, Рациново признание, наградата 1 Мај, награда на Стеријното позорје,
некогаш престижната награда на југословенските простори, Младост, за млад автор). Живко Чинго првите литературни обиди ги прави на страниците на литературните списанија уште во 1956 година. Веќе со првата збирка раскази Пасквелија (1961) ја најави својата неповторлива дарба на оригинален раскажувач, а со секое следно дело ги потврдуваше високите оценки од критичарите, и што е поважно, стануваше омилен писател на читателите. Успехот од првата збирка го повтори и со Нова Пасквелија (1965). Во истата година ги објави расказите Семејството Огулиновци, а во следната година романот за деца Сребрени снегови. Следуваат: Пожар (раскази, 1970) Големата вода (роман, 1971), Жед (сценарио за филм, 1971), Поле (сценарио, 1971), Образов (драма, 1973), Ѕидот, водата (драматизација на Големата вода, 1976), Вљубениот дух (раскази, 1976),Кенгурски скок (драма, 1979), Макавејските празници (драма, 1982),
Накусо (раскази, 1984), Пчеларник (сценарио, 1988), Гроб за душата (раскази, 1989), Бабаџан (роман, 1989), Бунило (раскази, 1989) Ал (роман, 1989). Не е претерано ако се каже дека, без малку и да нема дело од Живко Чинго, кое не е драматизирано и прикажано како театарска претстава (Ѕидот, водата, Сурати, Макавејски празници, Пасквелија, Писание, Лазарево писмо, најчесто во режија на Бранко Ставрев и Љубиша Георгиевски). Тука би ги и спомнале тв-филмот Заминување од Пасквелија и особено филмот Големата Вода. Тоа оди во прилог на констатацијата дека текстовите на Живко Чинго содржат во себе драмски судири и се особено податливи за драматуршка обработка и сценска изведба. Уште со расказите од Пасквелија и Нова Пасквелија, Живко Чинго ги определи временската и просторната рамка од кои ќе го започне своето творештво. Тоа е периодот на Втората светска војна и непосредно по неа, и пределот на селото
Пасквел, сместено некаде покрај езерото. Подоцна Чинго ќе го прошири хоризонтот на интересирањето, со теми за напуштањето на селата, нивното пустошење и за миграцијата во Австралија. Она што на прв поглед се забележува во прозата на Живко Чинго е едноставноста во раскажувањето, која се доближува до поетичност, како и драматиката во прикажувањето на настаните предизвикани од судирите што ги носи со себе револуцијата. Таа драматична тематика најчесто се огледува преку судирот на стариот патријархален свет во кој доминира суеверието, верувањето во духови, и доаѓањето на новото време потпомогнато од револуцијата, кое радикално се пресметува со старото и примитивното. Тоа, се разбира, предизвикува страдања, потреси и трауми кај многу личности. Но Чинго раскажува и за бирократските изопачености кои ги деградираат револуционерните идеали и нејзината хуманистичка смисла.
Големата вода е најдобар пример за она што се случувало во тоа преломно време, прераскажано преку еден од главните ликови, Лем. Романот е, всушност, хроника од низа настани кои се случуваат во еден дом за сирачиња, (Светлина му е името) лоциран некаде до езерото, до Големата вода, но опколен со висок ѕид. Ѕидот, Големата вода, ридот (Сентерлевиот) се зборови што се провлекуваат низ сите раскази (случки) на оваа дело. Тие имаат и симболично значење. Ѕидот ја ограничува слободата на невините детски души со кои манипулираат воспитувачите (Оливера Срезовска, Аритон Јаковлески, Трифун Трифуноски). Големата вода е таа слобода за која мечтаат Лем и Исак, Кејтеновиот син. Ридот е местото од каде може да доживее во полната ширина и убавина Големата вода. На стегите што ги носи затворот (ѕидот) и преку постапките на возрасните, авторот ги спротивставува праведноста, добрината и детската невиност.
Тоа е главната порака што ни ја определува авторот. Романот е прераскажана историја од времето на сталинизмот, во кое човекот е само објект со кој се манипулираше, со користење пароли дека е на патот на посветла иднина. Живко Чинго како раскажувач и романсиер обилно го користеше богатството на народниот јазик. Се служеше со оние едноставни јазични форми исполнети со лиричност и поетичност. Затоа неговите дела се омилени лектири кои се препрочитуваат и прераскажуваат. Цитат за овој час: Чинго се даде себеси без остаток и без поштеда: беше комета. Поминувајќи, на почетокот од шеесеттите години крај тогашните важни македонски литературни појави (нека ни се живи и здрави довека), тој согоре осветлувајќи ни еден нов свет: неговата Пасквелија, земја измислена, а стварна, земја крај Големата охридска вода, земја подеднакво важна колку и измисленото, а стварно Макондо на Маркес или Кукулино на Јаневски, утопија која постои, која ја препознаваме како наша, земја над која бдее и ја осветлува кометата Чинго. Венко Андоновски
КОЛЕ ЧАШУЛЕ (1921 - 2009) Коле Чашуле е еден од најистакнатите писатели во современата македонска литература. Со над 9500 објавени и печатени страници од текстови (со раскази, драми, романи, есеистика...), секако е еден од најплодните наши автори. Тој е еден од иницијаторите за формирање на Друштвото на писателите на Македонија и еден од неговите претседатели. Подоцна станува член на Македонскиот ПЕН центар, како и на Независните писатели на Македонија. Коле Чашуле во родниот град Прилеп го започнал своето образование, а гимназија завршил во Битола. Во Белград започнал да студира медицина, но со почетокот на Втората светска војна се вратил во родниот крај. По краткиот престој во Софија за да продолжи со студиите, се вратил во Прилеп. Тој бил еден од учесниците во партизанската група која го започнала востанието во Македонија. Во 1942 г. учествувал во атентатот врз бугарски полициски функционер.
По апсењето и судењето, смртната казна му била заменета со доживотен затвор во Идризово. Во 1944 година заедно со поголема група осуденици успеал да побегне од затворот и да им се приклучи на партизанските единици. По војната Коле Чашуле зазема повеќе одговорни и раководни функции: уредник на списанијата Нов ден и Современост, главен и одговорен уредник на Разгледи, директор на Радио Скопје и на драмата при Македонскиот народен театар. Подоцна заминува во дипломатска служба (како генерален конзул на СФРЈ во Канада и потоа како амбасадор во Боливија, Перу и Бразил). Едно време бил и министер за култура на НР Македонија (1956). Како резултат на творечкиот ангажман на полето на литературата, Чашуле е удостоен со многубројни награди и признанија (Марин Држиќ, 11 Октомври, Стале Попов, Мисла, Рациново признание, 4 Јули, АВНОЈ; награди од театарски фестивали и други манифестации: Стеријно позорје...
Војдан Чернодрински; Веља кутија од Македонски духовни конаци). Тој беше избран за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите. Сепак, во долгата и опширна биографија на Коле Чашуле неодминливо е да не се спомне дека во раната младост (1946) бил член на Судскиот совет во процесот против Методија Андонов - Ченто, првиот Претседател на Македонија. Првите литературни обиди ги направил со објавување на песни и записи во партизанските весници (1944), а следната година во списанието Нов ден го отпечатил првиот расказ Денот. Три години подоцна со објавување на првите драми и збирките раскази започнува една литературната дејност која ќе биде интензивна и долготрајна, жанровски разновидна и богата. Ова се насловите на делата на Коле Чашуле со забелешка дека нешто можно е и да е испуштено и дека во неговата заоставштина сигурно ќе се најдат и други интересни материјали кои ќе бидат објавувани:
Драми: Една вечер (1948), Последните гаврани (1950), Задруга (1950), Вејка на ветрот (1957), Бразда (1958), Црнила (1960), Игра или социјалистичка Ева (1961), Градскиот саат (1965), Вител (1966), Партитура за еден Мирон (1967), Земјаци (1967), Тројца и вистината (1967), Како што милувате: Оставка на еден карипски министер за внатрешни работи или, Достага на самиот врв од највисоката власт (1975), Суд (1978), Житолуб (1981), Дивертисман за еден Стрез (1967-1990), Роднокрајци (1987), Тибурсио и Синфороса, (1988), Вејка, два (1989), Сон прв (1991), Сон втор и по него друг (1992), Модус мориенди (1992), Лакримула (1993), Маркучот во четири гласа (1995). Романи: Простум (1970), Премреже 1-2 (1977), Вомјази (1981), Имела (1982), Горчила (1983), Канадски фрагменти (1985), Конзулски писма (1987), Така е, ако ви се чини (1994), Лимб (2002), Тој што нема име (2004), Патот од себе си (2007).
Збирки раскази: Првите дни (1950), Раскази (1953), Проза 1945-1967 (1968), Само сказни (2000), Чунким велења, (2009). Книги со есеи: Записи за нацијата и литературата (1985), Нови записи (1989), Македонски дилеми (1992), Резиме за мојата генерација (1998), Болно племе (2000), А, бре, Македонче (политички записи, 2003). Монографија: Народен херој Страшо Пинџур (1950); Антимемоари ( постхумно, 2009). Коле Чашуле е исто така автор кој е преведуван на многу јазици, а неговите драми се изведувани на сцените на театри од просторите на некогашна Југославија и пошироко. Во поглед на темите во драмскиот опус (впрочем, како и во романите), Коле Чашуле е разнообразен. Првите негови драми го имаат белегот на изградбата и колективизацијата на земјата (Задруга), за подоцна да се сврти на еден помодерен начин кон традицијата на печалбарството (Вејка на ветрот), одбегнувајќи ги фолклорните елементи за сметка на
психолошкото нијансирање на ликовите. Подоцна Чашуле ќе се зафати со настани од историското минато (Црнила), за потоа да проговори и за современи збиднувања во кои се преплетуваат политички и етички дилеми (Партитура за еден Мирон, Како што милувате: Оставката на...). Сепак, темата што обединува добар дел од творештвото на Чашуле се црнилата во нашата историја, кои се составен дел на македонското ослободително движење во првите децении на 20. век. Тоа е време на меѓусебни пресметки во името на Организацијата, на нарачани убиства насекаде по европските метрополи. Во истоимената драма Црнила, Чашуле како тема го обработува убиството на Ѓорче Петров кое се случило во Софија (1921). Дејството на драмата се одигрува во четири чина во станот на семејството Христови. Во првиот чин авторот нѐ запознава со подготовките за атентатот и со повеќе од личностите, а особено со Луков најбезмилосниот
терорист, од кого сите други стравуваат. Во вториот чин продолжува мрачната атмосфера во исчекување на младичот Орце, кој треба да биде главниот извршител. Во третиот чин се зголемува напнатоста пред чинот на егзекуцијата, особено откако Луков, Иван и Фезлиев дознаваат дека Ѓорче Петров на Младичот му е идеал и дека Младичот би сакал да се види со него! Се разбира, тој не знае која е жртвата на неговиот атентат. Другите се вџашени, но се деструктивни до тој степен, што слепо одат на реализација на задачата што им ја поставил Иванов, кој стои над нив. Во четвртиот чин атентатот е извршен. Откако се вратил во станот Младичот дознал кого убил. Бега во градскиот парк и си пресудува себеси со бесење. Тоа врвната точка на драмското дејство. Расплетот следува со репликата на Фезлиев белки не умрел Македонецот во мене, пукајќи во Луков и веројатно во Иванов. Така драмата завршува. Но црнилата со меѓусебни пресметки и убиства ќе продолжат уште најмалку десетина години.
Во драма се среќаваме со повеќе ликови: Луков, Фезлиев, Иван. На извесен начин сите се поразени и изместени од тежиштето на животот. Луков е типичен злосторник, Фезлиев е хроничен алкохоличар, Иван е блудник кој го користи отсуството на Христов, за да биде покрај неговата жена Неда. Младичот наивно верува во целите на Организацијата, и ќе го плати тоа со самоубиство на крајот. Би можеле да кажеме дека Младичот е олицетворение на многу млади Македонци, од тоа време кои биле задоени со револуционерен дух. Драмата Црнила е успешен драматуршки приказ на кризата низ кое минувало македонското национално движење. Цитат за овој час: Сегашните и новите творци треба да се занимаваат со сѐ што е творечки предизвик. Наша мугра, наш ден и несоница, треба да ни е творештвото. И простумот. И инаетот, окопитен спроти црнилава што нѐ опкружуваат...Сепак, да се пишува на македонски, значи да се војува. Да се биде писател и творец во нашиов идентитетен контекст, тоа неминовно значи да се биде и остане востаник. Можеби и затоа не го признавам заморот. Коле Чашуле
ТОМЕ АРСОВСКИ (1928 - 2007) Во современата македонска драмска литература на Томе Арсовски му припаѓа едно од челните места. До неговото име стојат десетина сценски дела, уште повеќе радио драми, потоа романи за деца и возрасни, збирки раскази и поезија и сл. Не е без значење и неговиот придонес како уредник на програми на радиото и телевизијата, кај што ги поттикнуваше и насочуваше младите автори кон творечка креативност. Роден е во Косовска Митровица, основно училиште завршил во Пеќ на Косово. Поголемиот дел од младите години ги поминал во родниот град на неговите родители - Кавадарци, каде што завршил гимназија. Студирал и завршил славистика на Филозофскиот факултет во Скопје. Извесно време работел како хорист во Операта при МНТ, потоа како новинар во Нова Македонија. Најдолго време бил уредник на Драмската редакција на Радио Скопје.
Како и многу други наши автори, и Томе Арсовски дебитира со збирка песни (Грст смеа, 1958), само неколку месеци потоа е прикажана и објавена неговата прва драма Александра. Таа, како и повеќе негови драми, ќе бидат поставени на многу сцени ширум тогашна Југославија. Со оваа драма, заедно со Вејка на ветрот на Коле Чашуле, започнува една нова (современа) фаза во развојот на македонската драмска литература. Успехот со Александра ќе го поттикне авторот да се сврти кон овој литературен род, иако тој е многу плоден и како романсиер, како поет, како сценарист и сл. Не треба да се изуми ниту неговиот придонес како преведувач, приопштувајќи на македонски јазик дела од руската, словенечката, српската, персиската литература и сл. (заедно со неговата сопруга Тамара). Исклучително плодната актива што зад себе ја остави Томе Арсовски, нужно бара понатамошно разграничување.
Неа ја сочинуваат повеќе од 15 театарски пиеси, 20-ина радиодрами, 10-ина детски радиодрами, исто толку телевизиски драми, повеќе ТВ-серии, романи, сценарија и сл. Ова се некои од драмите наменети за сценска изведба: Александра (1958), Градина на малите богови (1959), Парадоксот на Диоген (1961), Матурска вечер (1963), Обрачи (1965), Бумеранг (1969), Чекор до есента (1969), Убавината чекори сама (1974), Скок преку кожа (1976), Благиот допир на љубовта (1984). Ова се само дел од радио и тв драмите: Празник на птиците (1959), Грст среќа (на македонски јазик: Мали луѓе, тв драма, 1962, повеќекратно наградувана и прикажувана и на сцена), Последен ден на војната (1963), Стотиот чекор (1964), Великиот Ферудин (1966), Грдиот нарцис (тв драма, 1968), Коктел за четворица (1970), Исповед на таксистот (тв драма, 1979), Балада за Вера Јоциќ (1981), Досие бр.Т-198 (1985).
Автор е на повеќе тв серии: Залез над езерската земја (1973), Климент Охридски (1986), Сонце на дланка (1986), Во светот на бајките (1995). Ова се романите на Томе Арсовски: Патување во Таџетакомо (роман за деца, 1980), Зена, ќерка на ѕвездите (роман за деца, 1988), Арис или прва љубов (роман за деца, 1989), Климент Охридски (историски роман, 1989), Кристална планета (роман за деца, 1990), Куќа на четири ветра (роман, 1991), Подводен град (роман за деца и млади, 1993), Телефонот е во прекин (роман за млади, 1993), Супер девојче (роман за млади, 1994), Нешто убаво ми се случува (роман, 1996), Пролет зад мојот прозорец (роман за деца и млади, 2001, награда Ванчо Николески), Семе на срамот (роман, постхумно, 2008) Томе Арсовски е автор на збирките раскази: Парадоксални раскази (1972), Петиот ветар (1992), Жената со птичја глава (2000), како и на две поеми: Непребол (1961) и Пурпурно поле (1996).
Многу од делата на Томе Арсовски се преведени на други јазици, а уште повеќе негови радио и тв драми се прикажувани за гледачите во други земји. Покрај многуте награди и признанија што ги добил кај нас (наградите 11 Октомври, 13 Ноември - за животно дело, Златно перо, Кочо Рацин, Климент Охридски), Томе Арсовски е лауреат на разни фестивали и конкурси (на Стеријното позорје, на конкурс на РТВ Белград, на Деновите на југословенското радио и сл.). Драмата Парадоксот на Диоген е една од театарските претстави кои биле играни на разни сцени на поширокиот југословенски простор и пошироко (Скопје, Сплит, Приштина, Прилеп, Братислава - Словачка), дело кое го поистоветуваме со самиот автор, иако Томе Арсовски и квантитативно е раскошен и тематски е мошне разнообразен. Таа му донесе целосна афирмација, но истовремено поттикна и други драмски писатели да се свртат кон ангажираната реалистичка драма во која на повидок се изнесуваат одредени
етички проблеми кои се појавиле во тоа време. Самиот автор во едно предавање ќе рече дека гледачот од него (театарот) мора да излезе вознемирен од поставените прашања, загрижен над животните вистини. Тоа е судска драма во два дела во која се прави обид да се разрешат некои морални дилеми кои се испречуваат пред човекот како единка, наспроти општеството. На едно место за неа ќе се рече дека е драма за свеста и одговорноста на работникот и неговиот колектив, на поединецот и заедницата. Идејната порака што можеме да ја извлечеме е, дека преку совеста и одговорноста на ликовите, треба да се раздвижи совеста и одговорноста на гледачите (читателите). Или како што забележува авторот, општествената порака во Парадоксот на Диоген е судење на човечката совест. Предмет на делото (тема) е судскиот процес против младиот инженер Драшко Каровски, обвинет за уривањето на еден хотел, при што загинале и двајца работници. Со префлање на
вината врз главниот инженер, од одговорност, според авторот, не се изземаат ниту универзитетскиот професор Алексеј Кондарко (кој поради презафатеност не му обрнува поголемо внимание), ниту директорот на Заводот, Владимир Крстин - Борски (кој нема разбирање за семејните проблеми на Драшко), дури ни родителите на Драшко, не можат да се помират со фактот дека нивниот син се оженил со Даница, девојка со сомнително минато. Драшко Каровски е млад човек со амбиции да ги исполни своите замисли, но со тек на времето станува суетен и бескруполозен. Доаѓа во судир со своите најблиски. Откако ќе се сруши објектот, убежиште наоѓа кај инженер Борика Корда, неговата љубов од студенските денови, која трпеливо ги поднесува неговите каприци и која по карактер е многу постабилна од него. Интересно е што нивните односи авторот ќе продолжи да ги следи и во драмата Чекор до есента, чие дејство се одигрува неколку години подоцна, по
враќањето на Драшко Каровски од затвор. Тој станува уште понетолерантен, сега и љубоморен, откако меѓу нив ќе се најде Рошко Подгорски, лик кој се среќава и во драмата Обрачи. Така, на извесен начин, тие три драми поврзувајќи исти ликови, составуваат трилогија. Со исклучок на историските драми и романи, Томе Арсовски во своите дела е целосно посветен на состојбите на едно време и на општествениот систем во кои човекот како единка често пати ги поднесуваше непријатните последици. Цитат за овој час: Во годините кога во земјава немало ниту работилници за креативно пишување, ниту прирачници и учебници што би насочувале кон тајните или барем кон триковите на драмскиот занает, ниту можности за некое поинтензивно комуницирање со светските трендови, работливиот и трпеливиот Томе Арсовски на многумина драмски писатели што допрва требало тоа да станат, успешно и од сѐ срце им ги надоместувал сите тие опции, продолжувајќи секојдневно да го турка тешкиот камен на пишувањето драми сѐ погоре, сѐ потаму, сѐ понапред. Јелена Лужина
ГОРАН СТЕФАНОВСКИ (1952) Горан Стефановски, без сомнение, е еден од најзначајните драмски писатели во поновата македонска литература, автор на неколку култни драми, почесен амбасадор на нашата култура во Англија. И повеќе од тоа: вистински репрезент на нашата литература во Европа и пошироко. Неговите драми подеднакво се играни кај нас, но и во Германија, Шведска, Англија, Франција... Член на Европскиот совет за меѓународни односи и пратеник на Европскиот културен парламент. При доделувањето на наградата Виленица, за него е речено дека е најдоброто во современата македонска драма и е еден од најмоќните драмски гласови во Европа. Роден е во Битола, во семејство посветено на драмската уметност. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје (англиски јазик и литература) како најдобар студент на генерацијата. Студирал драматургија на Филолошкиот факултет во Белград, каде што и магистрирал за
творештвото на С. Бекет. Извесно време работел во драмската редакција на Телевизија Скопје; како асистент на Филолошкиот факултет, а потоа и како професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност. Моментно живее и работи во Кентербери, Англија. Предава драматургија на Универзитетот во Кент и на Институтот за драма во Стокхолм, Шведска. Пишува уште и на англиски јазик. Горан Стефановски е член на Друштвото на писателите на Македонија (1979) и на Македонскиот ПЕН центар (1986). Член е на Македонската академија на науките и уметностите (2003!). Носител е на повеќе признанија и литературни награди (Стале Попов, 11 Октомври, Стеријни награди - за најдобар текст на два пати и Златна награда за животно дело (2009); шест пати награден за најдобар текст на Војдан Чернодрински, ). Литературното творештво на Горан Стефановски е исклучително обемно и разновидно. Покрај драмски текстови, пишува сценарија за тв драми и филмови, но исто така и есеи (Кавга со Кафка), цртички, па дури и вдахновени
практикуми за пишување драми (Мала книга на стапици, преведена на десетина светски јазици, засега!). Ова се неговите дела за сценска изведба: Јане Задрогаз (1974), Диво месо (1979), Лет во место (1981), Хај-фај (1983), Дупло дно (1984), Тетовирани души (1985), Црна дупка (1987), Лонг плеј (1988), Кула вавилонска (1989), Чернодрински се враќа дома (1991), Сараево (изведба на промоцијата на Антверпен како европска културна престолнина, 1993), Баханалии, (според Еврипид, 1996), Казабалкан (1998), Еуралиен, (сценарио за театарски проект во изведба на 50 актери и 13 режисери, порачано од Интеркулт, Стокхолм и изведено во рамките на Европската културна престолнина - Стокхолм, 1998), На пат за Багдад, (според новела на Ѓунели Ѓун, изведен од денс-театарот Greencandle, Saddler`s Wells, Лондон, 1999), Хотел Европа (концепт, сценарио и драматургија за театарски проект во режија на девет режисери од Источна Европа, копродукција на Интеркулт, Стокхолм и на повеќе фестивали, 2000),
Everyman, (изведен во Ателје 212, Белград, 2003), Демонот од Дебар Маало (2006), Жив човек, Духот на слободата (според Чернодрински, 2003), Остави го тоа, Зошто Балканот не е секси (2008) Eurepica, (2009, Белорусија), како и на едночинките:Гоце (1991), Старецот со камен околу вратот (кореодрама, Лондон, 1994), Сега му е мајката (1995), EX-YU (1996), Само човек (1998). И уште либрета: Травијата (рок-опера,1989), Зодијак (рокбалет, 1990) I Love Chernodrinski (мултимедијален перформанс, 1991, Битола). Горан Стефановски е автор на сценарија за тв драмите: Клинч, (1974, авторов првенец), Томе од бензинската пумпа, (1978), Тумба, тумба, дивина (1980), Оазата на Мира (1994) и сериите: Наши години (1979),Бушава азбука (1985) Аирлија транзиција (1996), на драматуршкиот формат за ТВсеријата за деца Наше маало (1999-2001),како и на сценарија за филмовите Хај-фај и Приказни од Дивиот исток, и на други пократки филмови. Повеќе за Горан Стефановски.
Диво месо е драма со која Горан Стефановски го продолжи својот нагорен од кон целосно созревање и афирмација како драмски автор. Дејството се одигрува спроти Втората светска војна и во Скопје (Дебар Маало). Во 17 сцени се раскажува за распаѓањето на едно македонско семејство, на Димитрија и Марија Андреевиќ, чии синови Симон, Стево и Андреја, секој на свој начин доживуваат пораз. Димитрија, порано ѕидар, сега инвалид и врзан за количка, никој не му обрнува внимание. Ниту судбината на најстариот син Симон не е подобра - хроничен алкохоличар, страда и од желба неговата сопруга Вера да му роди син. Најмалиот брат Андреја, продавач во бакалница, учесник во штрајкови против власта, постојано е под присмотра на полицијата. Единствено пред средниот син Стефан е некаква светла перспектива. Работејќи како референт за продажба на автомобили, отпрвин го бие занес дека ќе постигне успех во кариерата. Снисходливо се однесува пред Херман Клаус, кога
кога овој доаѓа на нивната домашна слава. Заслепен од ветувањата што му се нудат за напредување во кариерата, не може правилно да го протолкува пријателството од Клаус. Но за неговата мајка Марија, натрапникот Клаус е диво месо, кое по некое време целосно ќе ѝ го уништи семејството. Куќата ќе им ја срушат за проширување на преставништвото на Германецот, Андреја ќе биде затворен поради штрајкот во кој учествувал. Симон умира во јавна куќа. Не ќе помине подобро ниту Директорот на претставништвото Херцог, преку чија ќерка Сара, отпрвин Стево мислеше дека ќе ја гради својата кариера. Тој ќе биде сменет затоа што бил Евреин. Откако ќе ги осознае своите заблуди, на Стево како излезно решение му останува да посегне по скриениот пиштол на братот Андреја и да се пресмета со Херман Клаус. Диво месо не е само драма за несреќните судбини на едно семејство. Таа отвора простор да се размислува уште и за
војната која надоаѓа и која донесува само несреќи, за односот на некои таму кон менталитетот на Словените и Балканците, за нашиот национален идентитет. Некои од тие теми ќе бидат предмет на други негови драми и есеи. Творештвото (а посебно драмското) на Горан Стефановски е по многу нешта модерно. Тој користи и други форми на изразување (рок опера, балет, музика - често во соработка со неговиот брат Влатко Стефановски). Прави успешен спој на традиционалното и фолклорното (Јане Задрогаз, Тумба тумба дивина, повеќе навраќања кон Чернодрински). И над сѐ: во неговите дела се пресликани многу современи настани од нашето опкружување и поширокиот балкански простор, многу често болни и трагични. Тоа го прави да биде како автор интересен и актуелен пошироко во европски рамки, иако за таа Европа ние веќе стануваме неинтересни.
Цитат за овој час: Горд сум на нашите ритуали на живеење: фамилија, прочка, слава, амкање јајца, отворена емоционалност, телесност, тактилност, зурли и тапани, сарма, бурек, пинџур, возбуда за мали нешта. Горд сум на светата строгост и сведеност на нашите икони и фрески... Нас ни треба востание на визија, волја и ум, на упорен труд, медиумска лукавост и преговарачка вештина. Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет. Победата на Илинденците беше во нивниот пораз. Денес, нашата победа, мора да биде во нашата - победа! Сега, бидувајќи ориентален приврзок и темно огледало на Европа, на кое таа ги проектира своите стравови, како да се мислиме себеси? Како одново да се европеизираме кога Европа се пази да не се балканизира? Но, демократијата е постојано и стрпливо пазарење со оние што не мислат исто како тебе. Демократијата е преговарање, приспособување, компромис. А, тоа е туѓо на чаршискиот, инаетчиски, тврдоглав, фиксиран поглед на светот. Оној поглед што мери ѓутуре, оперира како затворен вилает и презира секаква другост, кој поскоро ќе ги прифати историјата и политиката како судбина и елементарна непогода, отколку како работна обврска и граѓанска должност. Горан Стефановски : од пристапната беседа во МАНУ
БЛАЖЕ КОНЕСКИ (1921 - 1993) Блаже Конески е исклучителна појава во развојот на македонската културна историја. Придонесот што го даде за современиот македонски јазик е мерлив само со оној на Крсте П. Мисирков. Не се без значење неговите заслуги како професор на Филолошкиот факултет во Скопје, кој денес го носи неговото име. Некои од неговите научни трудови, ниту се надминати, ниту се застарени. Најголем афирматор на македонскиот јазик и македонската научна мисла во светот. Многубројните почести од академии на науки и познати светски универзитети сведочат за тоа. Блаже Конески зад себе остави огромно литературно и научно творештво кое е тешко да се набележи, без страв да не се изуми нешто, што нужно треба да се истакне. Неговата биографија е исто така сложена, исполнета со многубројни активности, предавања, со борба за место под сонцето на македонскиот јазик во светското семејство на јазиците.
Роден е во с. Небрегово, Прилепско. Основно училиште и нижа гимназија учи во Прилеп, гимназија во Крагуевац. Студиите по славистика ги почнува во Белград, а ги завршува во Софија (1944), како еден од најдобрите студенти. По враќањето во татковината активно се вклучува во нормирањето (кодификацијата) на македонскиот литературен јазик. Истовремено почнува да ги објавува првите свои литературни дела (поемата Мостот, 1945). Тогаш исто така почнува активно да се занимава со прведувачка дејност. Блаже Конески е еден од основачите на Филозофскиот (од кој подоцна ќе произлезе Филолошкиот) факултет, а во негови рамки и на студиите по Македонски јазик и литература. Публикациите што се издавале на Факултетот ќе добијат и меѓународна верификација со објавување на написи од странски лингвисти и други научници. Тој е еден од иницијаторите за основање на Друштвото на писателите на Македонија и негов прв претседател (1947),
бил ректор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, еден е од основачите на Македонската академија на науките и уметностите и нејзин прв претседател во два мандата (1967 1975). Бил почесен професор на многу странски универзитети (Загреб, Белград, Чикаго, Лоѓ,) дописен или почесен член на многу академии на науки. За својата неуморна работа добил повеќе признанија и литературни награди (11 Октомври, Браќа Миладиновци (1974), Ацо Шопов, Хердеровата (1971) и Његошевата награда (1975), наградата АВНОЈ (1966), Златен венец на Струшките вечери на поезијата (1981), Награда на Сојузот на писателите на СССР (1968), Рациново признание и др.). Обемен е списокот на научни и стручни трудови на проф. Блаже Конески од областа на македонистиката. Ова се некои од нив: Граматика на македонскиот литературен јазик, (I. дел 1952, II. дел 1954), За македонскиот литературен јазик (1952), Историја на македонскиот јазик (1968),
Речник на македонскиот јазик ( како редактор, во три тома, 1961 - 1966), Историска фонологија на македонскиот јазик (на англиски, 1983; на македонски 2001), Јазикот на македонската народна поезија (1971), Македонскиот 19. век (1986), Македонски правопис со правописен речник (заедно со Крум Тошев, 1950)... Не помал е списокот на автори и нивни дела кои Блаже Конески ги приуштил на македонски јазик (Горски венец на П. П. Његош, Лирско интермецо на Х. Хајне; В. Мајаковски, Ј. Неруда, В. Шекспир, А. Блок, А. Мицкиевич...). Иако Блаже Конески е пред сѐ поет, не може, а да не се спомнат неговите збирки раскази: Лозје (1955), Дневник по многу години (1988), како и некои од збирките есеи и огледи: Беседи и огледи (1972), За литературата и културата (1981), Ликови и теми (1987), Македонски места и теми (1991), Светот на песната и легендата (1993). Блаже Конески зазема едно од почесните места во нашата современа поезија. Припаѓа на т.н. прва повоена генерација
македонски поети, иако тој беше творечки активен до крајот на својот живот. Ова се насловите на неговите збирки песни: Земјата и љубовта (1948), Песни (1953), Везилка (1955), Песни (1963), Стерна (1966), Ракување (поема, 1969), Стари и нови песни (1979), Места и мигови (1981), Чешмите (1984), Послание (1987), Средби во рајот (1988), Црква (1988), Златоврв (1989), Сеизмограф (1989), Небесна река (песни и препеви, 1991), Црн Овен (1993). Блаже Конески остави зад себе повеќе песни со антологиски вредности меѓу кои би ги спомнале Тешкото, Везилка, Болен Дојчин, Стерна, и др. Тоа се главно песни настанати во почетниот период на поетовото созревање, кога општата клима на живеење бараше свртување кон минатото и доминација на родољубивиот занес. Подоцна Конески ќе напише творби со порафиниран стил и со поголем творечки опит, преку мотиви од секојдневието, со размисли за животот, со спомени и носталгичност (Убавина, Гугучки, Опит, Спомен, Живот и смрт), со присеќавање на детството (поемата Црква).
Сепак, лирската поема Тешкото е импресивна творба во која поетот преку симболиката на истоименото народно оро пее за трагедијата низ која минувал нашиот народ, за да на крајот со возбуда ја воспее слободата. ...О тешкото! Синџир ти беше на робја, дур не стана народ во листена гора, сè дури со јадот од векови собран не поведе бујно, бунтовничко оро! се залула танец низ крвје и огон, и повик се зачу и грмеж во чад те разнесе сегде бунтовната нога по родниот кат... ...Од вековно ропство, мој народе, идеш но носиш ти в срце дар златен и пој. Пченицата твоја триж плодна ќе биде, И животот твој! Поемата содржи десет строфи со по осум стихови и со многу
правилна метрика: сите стихови имаат по четири амфибраха, освен последните стихови од секоја строфа (еден амфибрах и еден јамб): Пчени́цата тво́ја триж пло́дна ќе би́де, И жи́вотот тво́ј! Тешкото е апотеоза на нескршливиот дух на нашиот народ низ вековите. Блаже Конески многу често се навраќа на врутоците на народните песни и легенди. Такви му се песните Болен Дојчин и Стерна. Во првата, со епска широчина пее за неправдата што треба да ја исправи болниот јунак и да го уништи злото чиј симбол е Црната Арапина. Болен Дојчин силата ја црпи од љубовта кон сестрата Ангелина. ...дојди, сестро златно, збери ги моите мувлосани коски, не грози се, состави ме, повиј ме со триста лакти платно,
речи ми тих реч, исправи ме, научи ме пак да одам, мајко, дај ми в рака меч – да убијам Црна Арапина. Да умрам. Во Стерна Блаже Конески пее за стихијата што се надвиснува над човекот, кој со последните сили успева да ја скроти. Но само да земе здив и наслушнува. Злото преставено како стерна, клокоти. Наслушувам: таа расте. Таа го чека само својот час – да биде глуво и спокојно и темно кога ќе рикне, ќе се оттиши, ќе гргне, да поклопи, да подави, да повлече, да се успокои во ширината.
Во подоцнежниот период Блаже Конески создава и песни низ кои провејува интимна исповед со истенчен лиризам. Една браздичка од небеската река тече и низ мојата душа, нејзината свежест сè уште ја чувствувам, нејзиниот шум сè послабо се слуша... Во основа неговата поезија е многузначна и исполнета со длабок хуманизам. Понекогаш едноставна за читање, но која секогаш воодушевува и тера на размислување. Цитат за овој час: Блаже Конески е најграндиозната фигура во втората половина на 20 век во Македонија, Тој е високо ценет не само во областите во кои твореше туку и во научните и уметничките кругови во целиот свет. Нарекуван е македонскиот Вук Караџиќ, патријарх на македонската ренесанса, енциклопедија на Македонија, споменик што оди по улиците итн. За своето дело има добиено највисоки признанија и тоа: како научник е избран за член на сите академии на науките и уметностите на некогашна Југославија, како и на некои академии во светот. Исто така, избран е за почесен доктор на повеќе светски универзитети. Трајко Стаматоски
АЦО ШОПОВ (1923 - 1982) Ацо Шопов е еден од основоположниците на повоената македонска лирика и еден од најзаслужните за нејзиниот брз растеж и афирмација надвор од национални рамки. За него е речено дека е гласовит двигател на македонската култура и поет овенчан со вечноста. Ацо Шопов е роден во Штип каде што ги завршил основното образование и гимназијата. Учествувал во НОБ уште од почетокот на војната. Тогаш ги напишал некои од своите најпознати песни. Студиите по чиста филозофија ги завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Бил уредник на повеќе списанија (Нов ден, Иднина,Современост, Хоризонт, Остен) и вршел други одговорни функции (директор на Македонска книга, претседател на Комисијата за културни врски со странство на СРМ.). Бил амбасадор на Југославија во Сенегал. Член на Друштвото на писателите на Македонија бил од неговото формирање (1947), член на Македонскиот ПЕН центар, академик од првиот состав на МАНУ (1967).
Добитик е на повеќе литературни награди и други признанија (Кочо Рацин, 11 Октомври, Кирил Пејчиновиќ, Браќа Миладиновци, наградата АВНОЈ). За заслугите на Ацо Шопов за нашата литература сведочи и наградата за најдобра збирка поезија што секоја година ја доделува Друштвото на писателите на Македонија која го носи токму неговото име (лауреат за 2010. Благој Самоников, Неизносена ведрина). Придонесот на Ацо Шопов за нашата литература е несомнено значаен. Припаѓа на првата повоена генерација поети, иако првите свои песни ги напишал уште пред војната како гимназијалец (Ановите), а првата збирка Песни (1944) е објавена додека траела војната. Во неа се некои од неговите најпознати песни (Љубов, Партизанска пролет, Очи). Ова се насловите на другите збирки поезија: Пруга на младоста (заедно со Славко Јаневски, 1946), На Грамос (1950), Со наши раце (1950), Стихови за маката и радоста (1952), Слеј се со тишината (1955), Ветрот носи убаво време (1957), Небиднина (1963), Раѓање на зборот (1966),
Јус-универзум (1968), Гледач во пепелта (1970), Песна за црната жена (1976), Дрво на ридот (1980). Литературното наследство на Ацо Шопов, делумно или целосно е (пре)издавано по разни поводи и под различен наслов. Тоа го сочинуваат не само посочените збирки, но и многуте преводи и препеви на дела од други автори и литератури (Отон Жупанчич, Иван А. Крилов - Басни, Пјер Корнеј - Сид, Вилијам Шекспир - Хамлет, М. Крлежа, Ростан Сирано де Бержерак, Изет Сарајлиќ...). Не може, а да не се истакне дека тој е преведуван на многу светски јазици, дека е застапуван речиси во секоја антологија на македонската поезија и во многу избори од литературите на некогашните југословенски народи, како и во колекцијата на УНЕСКО. Творечкото созревање на Ацо Шопов според критичарите (Георги Старделов) минува низ четири развојни фази. Во првата фаза (која е заокружена со првите четири збирки) Шопов како и многу други поети е свртен кон Револуцијата и
нејзините придобивки, како и кон обновата и изградбата на Татковината (песните се главно со борбен и родољубив набој). Веќе во втората фаза поезијата на Ацо Шопов добива модерна експресивност со свртување кон својот интимен свет (преку збирките Песни за маката и радоста, Слеј се со тишината и Ветрот носи убаво време). Во тој поглед Ацо Шопов е меѓу првите поети кои творечката енергија ја ослободија од стегите поезијата да биде ангажирана и во функција на општеството. Третата фаза се најавува со збирката Небиднина, продолжува со Раѓање на зборот и завршува со Гледач во пепелта. Во меѓувреме ја објавува збирката со сатирични стихови Јусуниверзум, критички настроена кон одредени општествени аномалии од тоа време. Четвртата фаза во творештвото на Ацо Шопов ја заокружуваат стихозбирките Песна за црната жена и Дрво на ридот. Во нив донесува нови т.н. африкански мотиви, во кои симболите се основно средство со кои поетот оперира, наоѓајќи блиски судбини меѓу луѓето од татковината и од Африка (Сенегал).
Песната Очи е една од најпопуларните творби на Ацо Шопов и една од најубавите во нашата литература создадени во виорот на војната. Таа пленува со возвишената трагичност која се открива во секој стих и станува сѐ поуверлива и потрогателна, а гневот кон непријателот сѐ посилен и посилен. ...Ко тогај, ко тогај, о другарко, помниш в смрзнатата вечер на пролетта рана, кај нашата младост и првата радост ја косеше луто куршумната слана, а ти чело збрчка, ко тигрица рипна и летна во ноќта крвава и црна, со своите очи што ригаа пламен ги растопи чашкум челичните зрна... Ацо Шопов за многу кусо време успеа да надмине и сруши некои поетски навики востановени кај нас и да приграби нови помодерни средства и теми за изразување. Но тоа не одело така лесно и без последици по авторот.
Веќе во збирката Слеј се со тишината го најавува тоа: Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече. Во збирките од подоцнежниот период Ацо Шопов мисловно е подлабок, со модерен сензибилитет и обид да се дојде до јатката на зборот (Раѓање на зборот). Во Гледач на пепелта ги среќаваме и овие стихови: Се искачив на врвот од болот Човек сум. А што е човек? Пред мене празнина, зад мене празнина. Празнина што сама се пали. Тоа го потврдува и во циклусот песни Црно сонце, каде што симболиката е мошне сложена и тешка за одгатнување: Од какво измислено царство, од каква раскошна гробница навечер што те прибира а наутро што те гони,
доаѓаш црно сонце, и црни истураш дождови како последна закана на светот што му ѕвони. Ацо Шопов не е само поет. Преку овој циклус и многу други песни го откриваме и како мислител, со ненаметлива рефлексивност. Во средиштето на неговите размисли секогаш е откривањето на вистината за човекот и неговото оттуѓување. На тој начин тој прави обид да го спои лирското со мисловното. Цитат за овој час: Беа напишани на македонски јазик! Знаеш, јас во тоа време имав можност да го читам Кочо Рацин и безразлично што во моите тогашни песни имаше силно влијание штипскиот дијалект, мислам дека песните во „Анови“, главно, беа напишани на централниот македонски дијалект. Не треба некои посебни анализи, воопшто, да се заклучи дека за јазикот во моите песни од тоа време мои учители беа народната песна и Кочо Рацин. Од разговорот на Ацо Шопов со Јован Павловски
РАДОВАН ПАВЛОВСКИ (1937) Радован Павловски е едно од најблескавите имиња во современата македонска литература. На еден или на друг начин припаѓа и на хрватската и на српска литература. И повеќе од тоа. Неговото творештво, посебно поетското, се мери со вредносни критериуми еднакви на светските. Радован Павловски е роден во Ниш, детството го поминува во Железна Река, Гостиварско, каде што завршил основно училиште. Гимназија учел во Гостивар. Студирал право и литература на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Подолг период живеел во Хрватска (1961 - 1981) и малку време во Србија (1982 - 1985). Потоа трајно се населува во Скопје. Член е Друштвото на писателите на Македонија (1961) и на писателските асоцијации на Хрватска и Србија; на Македонскиот ПЕН центар и на Македонската академија на науките и уметностите (2006) . Бил член и на Сојузот на писателите на некогашна Југославија.
Радован Павловски својот поход кон литературните врвови триумфално го најави со Поетскиот манифест Епското на гласање (заедно со Богомил Ѓузел, 1960) и со збирката Суша, свадба и селидби (1961). Оттогаш секоја нова негова збирка се дочекува како мал празник за нашата поезија. Ова се насловите на другите стихозбирки на Радован Пвловски: Корабија (1964), Високо пладне (1966), Боемија на Природата (1969), Низ проѕирката на мечот (1971), Сонце за кое змијата не знае (1972), Пир (1973), Зрна (1975), Молњи (1978), Стражи (1980), Чума (1984), Клучеви (1986), Марена (1986), Избрани дела во три тома (1986), Темелник (1988), Зрна, Молњи и Клучеви (трилогија), Вселенски деца (поезија за деца, 1993), Бог на утрото (1991), Јавач на звукот (1995), Синот на Сонцето (1999), Штит (2001), На едно око (2002), Господар на перото (2006), Свртничар на светлината (избор песни, 2006), Океан во капка (2008), Воспеви (2009), Воспеви (трилогија од последните збирки, 2010).
Покрај поезија Радован Павловски е автор на повеќе книги есеи, патописи и сл.: Отклучување на патиштата (патопис, 1986), Манифест на Поетската република Железна Река (1990), Што може поезијата (есеи, 1993), Демократска џунгла (политички есеи, 1994), Порака на поетот до сите поети на светот (Струшки вечери на поезијата, 1995). Неговите песни се преведени на над 50 странски јазици во одделни книги или како избор во разни антологии на македонската, југословенската или светската поезија. Тој е добитник на многу награди и признанија (Браќа Миладиновци, 11 Октомври, Кочо Рацин, Повелба на печалбарите, Гоцева повелба, Ацо Шопов; на странските награди: Младост, Златна струна, 24. Дисова пролет, Ристо Ратковиќ, стихозбирката Зрна е прогласена за најдобра книга од Југословенската радио телевизија (ЈРТ, 1975), ракописот Пир е награден за неговите високи уметнички вредности (Хрватска, 1972).
Кон неговата биографија би го додале и следново: Американскиот биографски институт го прогласи за Личност на годината за 1997 година како еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати биографски дела. Радован Павловски е добитник на светското признание за животно дело за 1998 година (ABI – САД). Во тринаесеттата едиција – интернационалното издание Кој е кој меѓу интелектуалците од Интернационалниот биографски центар со седиште во Кембриџ – Англија, во 1999 година е објавена детална биографија и библиографија на животниот и творечкиот опус на Радован Павловски. Тој е добитник и на наградата за врвни достигнувања во 20 век од Меѓународниот биографски центар од Кембриџ која е неповторлива во наредните стотина години, потоа е застапен во биографиите на 2.000 исклучителни луѓе на 20 век. Неговата творечка биографија е меѓународно призната и е печатена во 26-тото издание на Речникот на меѓународни биографии.
Веќе со првата своја збирка, Суша, свадба и селидби, Радован Павловски го разгрна својот раскошен талент, користејќи ја моќта на зборот за да ги искаже своите емотивни доживувања. Престижната награда Младост (1961) беше потврда дека на пошироките југословенски простори се јави автор кој како волшебник си игра со магијата на метафорите и симболите. Неговата поезија не се прераскажува, дури и кога е епски разбранета. Таа се чита и доживува: Наведнат до скршнување добитокот силно рика за секој изгубен рог Небото не слуша Нанижани во круг птиците имаат тврдо летање во воздухот Ние имаме отворени дланки за молитва (Суша) Во една од неговите песни (Младичот што спие на пладне) се враќа назад во детството, во родниот крај, да ја обнови сопствената енергија на извориштата на сонот:
Разбуди се о младичу и раскажи ни ги соновите па на убав коњ ќе одјавиме до Железна Река да нѐ освежи ветрот од водениците Мошне блиску до симболите на народниот јазик и неговиот гениј се песните од збирката Чума. Со столетија те оплакуваме и никако да те исплачеме Чумо чумосана На бубаче крилца си му откинала На вир вода око заматила... Во неговата поезија во многу песни се опева молњата, како симбол на светлина, како симбол на вечност. Во Потеклото на молњите ќе каже: И од земјата и од човекот И од небото и од птиците И од ветровите и од животните И од билјето меѓу ветровие
Избиваат молњи И од камењата И во смртта и во празниците Има многу светлина на молњите. Литературните критичари за него се искажале дека е свртничар на светлината, дека е принц на метафорите. Неговата поезија постојано се надградува со нови симболи, се проширува со нови сфери на човековото сознание, опева митови и митски провиденија што не се само национални и регионални, но и космополитски и универзални. Цитат за овој час: Врз грамотата на македонските поетски текови, стиховите на Павловски ставаат јасен и секогаш препознатлив печат. Тој е поет, широко познат во нашата јавност по високите дострели во својата поезија, а истовремено е творец кој се потврдил со своите вредности низ светот. Влада Урошевиќ. 14. 05. 2011, Струмица
Трајан Божинов, професор