5 minute read
Тоа што сме сите различни еден од друг нè прави да сме сите еднакви
Ние, младите во Радовиш, среќни сме, што живееме во еден мал и мирен град, кој исто така ни нуди и можности да го исполниме нашето слободно време со активности кои ни помагаат да научиме многу нешта и во исто време да им помогнеме на сите кои имаат потреба од помош. Една од тие можности е да се биде дел од Општинската организација на Црвениот крст (ООЦК Радовиш). Пред точно 70 години, во Мај 1952, беше формирана оваа општинска организација. Нека ни е честит јубилејот! Во оваа прилика сакам да ви раскажам што значи да се биде волонтер и да ви раскажам за некои активности во кои јас бев дел оваа година.
Advertisement
За Радовиш
Радовиш е мало место кое се наоѓа на околу 100 км југоисточно од Скопје. Според последниот попис од 2022 во Радовиш живеат нешто помалку од 29 000 луѓе. Традиционало јадење е познатиот „Радовишки самун“, кое се прави од тесто и од повеќе видови на месо (свинско, пилешко, телешко итн). Под името пастрмаjлија овој специјалитет има своја копија во други градови од нашата земја и е секогаш причина за дискусија, од каде потекнува оригиналот. Во есенските денови Радовиш е исто така познат по манифестацијата „Самун ем татлија“ (татлија е десерт, кој се прави од младо сирење). Кога не сме дел од оваа манисфестација, организираме други активности со Клубот на млади, кој функционира како дел од ООЦК Радовиш.
Што значи ЦКА-ПХВ?
-ЦКА ПХВ е скратеница од Црвен Крст во акција, промоција на хумани вредности и повеќе од 20 години претставува национална алатка за регрутирање и задржување на нови волонтери на возраст од 13 до 17 години во Црвениот Крст.
Која е целта на програмата ЦКА-ПХВ? Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот Крст, за културата како систем од вредности и како да изработуваат мали проекти за помош во заедницата. Тие ја менуваат својата дневна рутина, поминуваат време во истражување, активности, промоции, разговори со целните групи, тимска работа со цел изработка на мали проекти и помош на лицата на кои им е потребна помош и се дел од претходно утврдената целна група..
Какви се придонесите од ЦКА-ПХВ?
- Во текот на една година се изработуваат околу 130 мали проекти - Се вложуваат повеќе од 25 000 волонтерски часови во заедницата - Се помага на околу 2500 лица - Се собираат повеќе од 25 000 евра од заедницата кои се враќаат во заедницата
Какви проекти се изработуваат?
- Темата на проектите секоја година е различна, па така темата во 2022 година е ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА РАЗЛИЧНОСТИ. - Во рамките на оваа тема, проектите може да се прават во две области: АКЦИЈА ВО ЗАЕДНИЦАТА и ИНТЕРКУЛТУРНА АКЦИЈА. - АКЦИЈА ВО ЗАЕДНИЦАТА опфаќа хуманитарни проекти за помош на лица во ризик, поддршка и помош на Дневни центри и институции како и еколошки проекти. - областа ИНТЕРКУЛТУРНА АКЦИЈА ги опфаќа сите проекти за едукација промоција на соживот, мир, толеранција и меѓусебно разбирање помеѓу различни етнички групи и меѓу групи различни по било која друга основа.
Во склоп на областа интеркултурна акција, еден од ЦКА-ПХВ тимовите на ден 03.05.2022 поканија волонтери од Франција, Полска, Финска и Португалија, кои се дел од проектите на Волонтерски Центар Скопје да го претстават сопствениот јазик и нешто од културата од каде што доаѓаат. Волонтерите од Клубот на Млади, заедно со тимот на ПХВ, претставници од турска националност како и корисниците на Дневниот центар Порака преку проектот Волонтерска порака 2022 го посетија манастирот во Ораовица- Св. Ѓорѓи. Имавме игри за запознавање и дружење, а исто така, меѓународните волонтери имаа можност да вкусат локална храна. Понатаму во салата на Црвениот Крст тимот од ПХВ за интеркултурен проект, подготви неколку активности со цел подобро запознавање на различните видови култури како што беше: претставување на традиционална храна и музика, учење на некои познати зборови, како и препознавање на кој јазик е напишан текстот во зависност од користената азбука. На крај сите заедно испишаа хамер со реченици на различни јазици поврзани со еднаквоста на луѓето од различни култури.
Волонтерите од Скопје ја посетија и црквата Св. Троица во Радовиш со помош на ориентерот на Црвен Крст. Црквата е осветена во 2003, што ја прави да биде една од малкуте релативно нови цркви и важи за една од најубавите и најбогатите православни храмови на Балканот. Многу туристи ја посетуват во текот на годината.
Различни сме…сите ние!
Како волонтер и дел од Клуб на млади имав можност да видам како е да се биде дел од тим, во кој сите зборуваат на друг јазик. Во Радовиш младите зборуваат претежно на македонски или турски јазик. Иако сите израснавме во ист град и одевме во исто училиште, денес сфатив дека сите имаме различни познавања за другите култури. Со моите 14 години имам уште многу што да научам за различните култури ширум светот. Меѓутоа, мислам дека ова беше добар почеток за мене. И како што напишавме на хамерот, богат е човекот кој има многу пријатели. Со помош на нашите стари и нови пријатели сфативме дека сите ние сме различни на еден или друг начин. И тоа нè прави да бидеме еднакви.
Елена Ташкова Марија Прастова