5 minute read

Премиер-лигата на дланка: „Чеканите“ против „ѓаволите“ пред моите очи

Премиер-лигата на дланка: „Чеканите“ против „ѓаволите“ пред моите очи

Англиската Премиер-лига е, веројатно, најсилното првенство во светот на фудбалот, можеби не секогаш најконкурентно, но без исклучок најинтеерсно за гледање и секогаш полно со изненадувања. Секоја година клубовите од Премиер-лигата трошат најмногу средства на засилувања во споредба со сите други лиги во светот и се повеќе играчи сакаат да играат во оваа лига. Гледаноста, најдобрите играчи на светот, најмодерните стадиони и тренинг-центри се оние кои ја прават Премиер-лигата исклучителна во однос на сите други.

Advertisement

следните редови нема да го прочитате искуството на Горан Попов или Артим Шаќири како играчи во лигатата, туку искуство на гледање на премиерлигашки меч во 2023 година.

Имав можност на 7 мај 2023 година да присуствувам на натпреварот Вест Хем Јунајтед – Манчестер Јунајтед, кој се играше на стадионот „Лондон“, односно Олимпискиот стадион изграден за летните Олимписки игри во Лондон во 2012 година. Откако Вест Хем имаше емотивно збогување од нивниот поранешен стадион „Болејн Граунд“ или попознат како „Аптон Парк“Олимпискиот стадион, во согласност со градот Лондон, им беше доделен на „чеканите“ (прекарот на фудбалскиот клуб Вест Хем Јунајтед или на англиски „Irons“) од источен Лондон. Стадионот можеби се уште ја нема онаа историја на „Аптон Парк“, како европскиот пехар на Боби Мур и дружината или победите во ФА-Купот, но е без разлика на тоа, импресивно модерно издание кое воодушевува на прв поглед. Она што е дополнително импресивно е звучната акустика кој ја има овој стадион, па кога се пее надалеку познатата „I am forever blowing bubbles“ – целиот стадион, но и целото Олимписко село одекнува со тимот и навивачите.

Почнувајќи од оваа песна, некои можеби ја познаваат и од филмот „Green Street Hooligans“ („Хулиганите од зелената улица“) од која ви се креваат влакната на телото кога цел стадион во еден глас ја пее. Мора да се напомене и одличната организација на натпреварот, односно нема повеќе она што можеме да го замислиме или тоа што можеби се појавува во медиумите кога англиските навивачи одат на гостувањата. Во овој случај се е организирано, има

обележана патека која ве води од метро-станицата до стадионот со редари, но со минимално присуство на полицијата каде навивачите, пред се, тивко одат кон стадионот. Влегувате на трибината и ве пресретнува возбуда и екот за победа, како и насекаде разлетани водени меурчиња кои пукаат како што допираат до небото. Веќе од почетокот на натпреварот се чувствува наелектризирана атмосфера, желба за победа и навивање кои се пренесува на играчите на теренот и ги турка да дадат дури и она што е над нивните можности. Иако, можеби, натпревар малку бавен во споредба со критериумите на Премиерлигата, сепак, натпревар со динамика и интересен за гледање. Моментот кога се случува промената, Вест Хем Јунајтед постигнува гол, шут од далечина кој е доста бавен и по земја, но еден од најдобрите голмани на светот на голот на Манчестер Јунајтед прави помалку несфатлива грешка и топката завршува во мрежата. Ерупција! Цел стадион на нозе, ја чувствувате енергијата како поминува низ вас, а вие сте само на трибините, како ли е за играчите...?

Полувремето е време за освежување, седиштата остануваат празни, а се полни подтрибинскиот простор каде што навивачите уживаат по некој студен пијалок и грицки или хотдог. Интересен е коментарот на еден од нив кој вели: „Не ни дозволуваат да одиме со пијалоците кај седиштата затоа што не ни веруваат“.

Второ полувреме кое е подинамично, кое е покреативно, со повеќе шанси и интересни моменти, но без промена на резултатот. Трибините се оние каде што се случуваат промените, од млади парови, другари до дедовци и баби со своите внуци навиваат за Вест Хем Јунајтед да ги издржи последните налети на еден од најпознатите светски клубови, Манчестер Јунајтед. Одекнува „Come on you Irons!“, тропање со нозе од кое имате чувствто дека земјата се поместува, викање за вадење на сите нервозни моменти од минатата седмица, пеење за својот клуб и водење кон победа која и се случи. Отпоздравување на играчите кон публиката кои знаат колку допринесе во оваа победа, но и знаат колку од нив си одат среќни, токму поради таа победа.

На стадионот „Лондон“ кога игра Вест Хем Јунајтед не е препорачливо да се носи дрес од тимот на противникот што го потврдуваат и редарите кога им укажуваат на некои од навивачите кои дошле од други држави и им кажуваат да ги закопчаат своите јакни до крајот со цел да се не види бојата на дресот кој го носат. Крајот на натпреварот не значи и крај на уживањето, навивачите остануваат околу стадионот каде што има разни киосци за освежување и храна, каде се дружат, но и купуваат продукти од официјалната продавница на клубот.

Не е исто како гледање и доживување фудбал во Македонија или на Балканот, но гледањето на меч од Премиер-лигата е едно посебно искуство. Макар и да не сте голем фан на фудбалот или, пак, на Премиер-лигата, топло препорачувам да отидете барем на еден натпревар доколку сте во можност и тоа не само затоа што тоа е најдобрата лига во светот, туку и затоа што историјата и навивањето длабоко влијаат на целото искуство. Треба да се има на ум и дека токму во Англија, Обединетото Кралство е местото каде што е почетокот на најважната „споредна“ работа во светот.

Андреј Наумовски

This article is from: