2 minute read
Дарот на уметноста
Само едно елегантно и нежно движење на четката успева да ги пренесе сите чувства на платно. Сета омраза и љубов, среќа и тага, секоја мисла. Игра на бои и на форми. Чувства претворени во уметност. Ниту еден збор не е потребен за да се разбере пораката на ова ремек дело. Секој тоне и се задлабочува токму на оној начин на кој ја гледа и ја разбира сликата која е изложена пред него. Не секогаш е потребно анализирање, убавината на уметноста е во тоа што овозможува да создадеш свој свет и нови чувства.
Advertisement
Скриените кодови и знаци и целата мистерија на Леонардо да Винчи во позадината на прекрасната Мона Лиза, „Ѕвезденото небо“ на Винсент ван Гог, преплавено со сета убавина на ноќта, дали задлабочениот поглед и подотворените усни на „Девојката со бисерна обетка“ се уште една илузија на Јохансен Вермер. Со векови се трудиме да ја откриеме тајната на Леонардо да Винчи во „Тајната вечера“, ни малку свесни за се она што се крие во неа, за минатото чија приказна не ја знаеме целосно, каде секоја капка боја и трага од четка е приказна сама по себе. Нехуманоста и бруталноста на војната во „Герника“, дело кое според критичарите е едно од највредните на Пабло Пикасо, блискоста и преливот на чувства во Бакнежот на Густав Климт и „Раѓањето на Венера“ каде Сандро Ботичели воедно го претставува митот и боженственоста на оваа митолошка фигура. Релативноста на времето и просторот, исчезнувањето и измамата на сонот во „Долготрајноста на спомените“ од Салвадор Дали. Осаменоста и чудната заводливост на ремек делото на Едвард Хопер – „Ноќни птици“. Егзотичниот начин и различното претставување на „Дама со Ермин“ на Да Винчи. Специфичноста на автопортретот на Ван Гог, чудото на Исус во „Бура на Галилејското море“ насликана од Рембрант ван Рејн, како и „Дворски дами“ на Диего Веласкес чија композиција го подигнува прашањето за илузија и реалност.
Безброј приказни и интриги се сокриени зад секоја идеја на овие уметници. Секое движење или илузија го претставува различниот поглед на овие ликови во тој период. Погледот на личностите во цртежите, како и секој специфичен елемент дава различна порака или заклучок на откритие до кое дошол уметникот. Дарот на уметноста е во можноста да ги пробиеме сите шифри, загатки и тајни на секој период без никаква потреба од објаснување. Паралелниот свет кој го создаваме гледајќи во некое од овие дела зборува за времето, местото и особеноста на магичниот момент кога уметникот решил да ги пренесе своите мисли на платно, создавајќи безвременска убавина.
Ана-Марија Пејчиновска