5 minute read

Убавината на годишните времиња

Во разни делови од светот се среќаваат четири годишни времиња: секое од нив се одликува со посебни карактеристики и пејзажи, со бои и со климатските тенденции. Тоа се: пролетта, летото, есента и зимата. Ние во Европа ги среќаваме сите нив во различни периоди од годината, но не сите земји имаат годишни времиња. Зошто тие се среќаваат кај нас?

Advertisement

НАСА има одговор на ова прашање. Краткото објаснување се состои во тоа дека оската на ротацијата на Земјата не стои вертикално. Оската е замислена линија што минува низ центарот на Земјата од „врвот“ до „дното“. Во текот на една година, различни делови од Земјата се повеќе накосени кон Сонцето. Така, кога Северниот Пол на Земјата е понакосен кон Сонцето, на Северната полутопка трае летото. А кога Јужниот Пол е понакосен кон Сонцето, на Северната полутопка владее летото.

Забележувајќи дека другите земји слават различни годишни настани во различно годишно време од нашето, се прашуваме како е тоа возможно. На пример, замислете да го славите Божиќ на плажа? Дали ја погодивте земјата за која што зборувам? Точниот одговор е Австралија. Средишните делови на Земјата не се толку накосени, тоа е причина зошто, на пример, во Австралија е лето, додека во Европа е зима. Државите кои се во близина на екваторот – линијата што минува низ средината на Земјата – имаат умерени годишни времиња. Тука температурата останува непроменета во текот на речиси цела година. Секое годишно време се одликува со различна временска прогноза: дожд, високи температури, снег. Освен тоа, природата си го менува и своето руво. Секое од годишните времиња, разграничено со различни вредносни температури, е во времетраење од три месеци. Најтоплите три месеци му припаѓаат на летото, најстудените на зимата, а просторот помеѓу нив е својствен за пролетта и за есента.

Бидејќи веќе знаеме дека различни држави во различни месеци од годината ги дочекуваат годишните времиња, би сакала да направам кратка споредбена анализа. Пролетта ја најавува крајот на зимата и се смета за најубавото годишно време поради расцутената природа или би можеле да кажеме, поради повторното раѓање на природата. Во Европа, доаѓањето на пролетта е поврзано со месеците март, април и мај, додека пак во Нов Зеланд и во Австралија, пролетта настапува во септември. Промената на годишните времиња се чувствува и во однос на деновите и ноќите. Што значи тоа? За време на пролетта, со секој одминат ден, денот се повеќе расте, а ноќта се намалува. Датумите кои се прогласуваат за почеток на секое годишно време се разликуваат во однос на локалните климатски услови

или биолошки индикатори, како на пример цутењето на одредени растителни видови.

Летото е окарактеризирано како најтоплото годишно време со долги денови и кратки ноќи. Во летото сме сведоци и на најрано изгревање и најдоцно заоѓање на сонцето. Датумот на почетокот на летото зависи од климата, традицијата и културата. Кога на северната хемисфера е лето, на јужната хемисфера е зима и обратно. Јуни, јули и август се летните месеци на северната хемисфера, додека декември, јануари и февруари се летните месеци на јужната хемисфера (во земји како, на пример, Бразилија и Австралија). Летото само по себе ја носи идејата за „одмор“ од секојдневната рутина. Тоа е период од годината кога повеќето луѓе одат на одмор и патуваат на различни места. Позитивната енергија на убавите сончеви денови придонесува и да си ги наполниме батериите.

Есента е едно од умерените годишни времиња и ја има улогата да го обележи преминот од лето во зима. На северната хемисфера есента настапува во септември, а на јужната, пак, во март. Првата промена што ја забележуваме при почетокот на есента е должината на денот: станува се пократок и температурата видливо се намалува. И во природата може да забележиме значителни промени како на пример: цветањето на есенските цветови, промената на бојата на лисјата, паѓањето на кафеавите лисја од дрвјата. Од аспект на поезијата, знаеме дека ова годишно време се поврзува со меланхолијата поради неговите лични квалитети: сивото небо, ладното време, ветрот, дождот и така натаму... На северната хемисфера постојат две силни асоцијации на есента. Првата е крајот на летниот одмор и почетокот на новата учебна година (особено за учениците во основно и средно образование), а втората е „Ноќта на вештерките“ што се одбележува на 31 октомври.

Последното годишно време е најстуденото, но истовремено е и годишното време со најубав пејзаж - особено кога врне снег. На северната хемисфера зимата започнува во декември, а на јужната во јуни (Нов Зеланд, Јужна Африка). Зимата се одликува со снег, смрзнувачки температури, долги ноќи и пократки денови во споредба со другите годишни времиња. Некои региони се одликуваат со обилни врнежи за време на зимата. Во Европа, подготовките за Божиќ и божиќните декорации создаваат магична атмосфера за време на зимските празници.

Секое годишно време си е убаво само по себе и нуди магична атмосфера, како и промена на декорот. Во текот на сите овие годишни времиња имаме прекрасна можност да видиме како природата си го менува старото со ново руво на ист начин како што ние ја менуваме нашата гардероба во лето или во зима. Иако знаеме какво руво ќе облече природата, сепак, времето не ќе биде исто. Последното лето нема да биде исто како и ова ниту пак како и идните лета. Тоа е и убавината на годишните времиња: знаеш какво ќе биде рувото, но не и искуствата што ќе ги доживееш.

Ангела Габор Превод: Кристина Стаменова

Извори: www.spaceplace.nasa.gov/seasons/en/ www.en.wikipedia.org/wiki/Spring www.en.wikipedia.org/wiki/Summer www.en.wikipedia.org/wiki/Summer www.en.wikipedia.org/wiki/Winter

www.voiceskopje.org

This article is from: