
1 minute read
Зборови излеани на плажа
Сино лелеаво море Сино лелеаво море, дали длабоко во тебе моите солзи ги криеш? Или досега испарени се од жешково малтешко сонце? Сино лелеаво море, зарем од тага сјаеш? Зар толку си бесно, што единствено олеснување ти е на брегот да се фрлаш? Сино лелеаво море, сакам да сум твоја сирена. Очите со тебе едно да ми се. Сино лелеаво море, сакам да сум само твоја креација. Да мирисам на тебе и да сум солена, а блескава. Кажи ми море, како и покрај сето ѓубре во тебе, толку чисто се лелееш, милно? Ти, што прва насмевка кај децата си, што мир носиш повеќе од секој силен дожд, зарем не си некогаш уморно од сиов овој џагор и бука? И зарем сево ова зиме не ти недостасува? Лелеаво море, зарем не му се лутиш на сонцето што везден те пецка? Лелеаво море, кажи ми како да разговарам со месечината. Сино лелеаво море, јас ќе бидам онаа која зиме ќе те посетува.
дафина веселиновска
Advertisement