Почитувани пратеници во Собранието на Република Македонија,
Пред вас наскоро ќе се најдат предлог-закони за измени и дополнувања на законите во областа на високото образование, како и нови предлог-закони чија содржина енергично ја отфрлија или, во најмала рака, суштински ја оспорија оние што тие закони најмногу ги засегаат – студентите и универзитетските учители. Ви се обраќаме за да ве повикаме да ја запрете понатамошната постапка и за да нè сослушате пр ед да донесете одлука што може скапо да нè чини и нас, и вас и целокупното наше општество. Имено, пред вас наскоро ќе се најдат предлог-закони што се оспорија на стручни расправи и со прогласи во јавноста и против кои на улиците гласно и видливо се изјасни десетилјадна поворка од студенти и учители, откако предлагачот ги пренебрегна нивните повици за суштински разговор, кој мора да се води врз основа на издржани анализи и наоди, поткрепени со докази. Тоа се предлогзакони за чиј концепт и за чии текстови предлагачот во кратки рокови побара мислење од единиците на универзитетите и кои мнозинството од нив недвосмислено ги отфрлија како противуставни, нехумани, штетни, скудно и противречно составени, како полни со недоследности и со нелогичности, како неспроводливи и, најважно од сè, како средства за конечно уривање на универзитетската автономија. Меѓу другото, студентите и академската заедница побараа да се напуштат тамошните решенија и да се одложи донесувањето на овие закони, а постапката да се врати на почеток за да се стави на здрави нозе и заеднички со студентите и со академската заедница да се согледаат корените и причините за проблемите во високото образование, и тоа со анализа во која ќе се вклучат сите фактори за да може да се дојде до најделотворните решенија за нашиот високообразовен систем со сосема нов закон. Но, предлагачот и Владата не ги сочекаа ниту овие мислења и, пред воопшто да измине рокот што самите им го дадоа на универзитетите, ги усвоија предлозите и ги проследија во собраниска процедура. Против овој чин јавно, со име и презиме, се изјаснија и над стотина универзитетски учители, а, еве, денес нивниот број многукратно се зголеми. Кон овие повици, со лични јавни дописи и со писма потпишани групно, се придружија осумдесетина од највидните светски мислители и филозофи, кои предаваат на најугледните светски универзитети. Затоа, со оглед на гласноста и на многубројноста на овие недвосмислени пораки, ве повикуваме да го примените основното начело на демократијата – да го сослушате гласот на засегнатите страни. Оттука, ве повикуваме да не ги донесувате овие предлог-закони со кои, да наведеме само неколку начелни забелешки, се воведува концепт на државен испит каков што не познава ниту една цивилизирана држава во светот и кој задира во автономијата на универзитетите; со кои се задира во определувањето на студиските и на предметните програми, кои секаде во светот, по правило, слободно ги изготвуваат самите установи и наставниците; со кои министерот во која и да е влада, сегашна и идна, кој е политички именувано лице, ќе дава согласност за рецензентските комисии за избор во звање на наставниот кадар во разни научни области, целосно уништувајќи ја автономијата; со кои се наметнува користењето одредена преведена или каква било литература, иако на сите светски универзитети цивилизираната држава