сп ецијал на бол ница Тел: +389 2 3091- 484 www.cardiosurgery.com.mk
Доплер ултразвук на каротидни артерии и периферни крвни садови Безболен дијагностички скрининг метод со чија помош се врши визуелно проследување, како и испитување на протокот на крвните садови кои се лесно достапни за преглед. Врз база на добиените податоци се прави процена за степенот на оштетување на артериските крвни садови. Така, доплер ултразвукот, како дијагностички метод, овозможува откривање на асимптоматска каротидна болест, степенот и локализацијата на оштетувањето кај симптоматската каротидна болест, како и евалуација на артериските крвни садови на долните екстремитети. Каротидните артерии се крвни садови преку кои се овозможува исхрана на мозокот. Често, тие претставуваат место каде што се создаваат атеросклеротични плаки коишто може да доведат до стеснување на самиот сад со последователно намалување на мозочното крвоснабдување, а, исто така, може да станат и извор на микротромби коишто, пак, од своја страна, доведуваат до зачепување на крвните садови на мозокот. Заболувањето на каротидните садови може да биде без симптоми, состојба означена како асимптоматска каротидна болест (стеноза на каротидната артерија >50%) или придружена со низа симптоми, позната како симптоматска каротидна болест. Симптомите коишто најчесто се јавуваат се: истострано слепило, слабост или одземеност на екстремитетите или лицето на спротивната страна, нарушување на говорот и други фокални невролошки симптоми. Проценето е дека стенозата на каротидните артерии е причина за 25-40% од сите мозочни инфаркти, како и за појава на транзиторни исхемич-
ни атаки (ТИА) со инциденца од 68 на 100.000 население. Зачестеноста на умерената асимптоматска каротидна болест, дефинирана како стеноза>50% изнесува: кај мажите 12,5%, а кај жените 6.9% од популацијата помлада од 70 години, додека тешката стеноза дефинирана како стеснување >70% изнесува 1,7%. Кај популацијата постара од 80 години преваленцијата за тешка стеноза (>70%) изнесува 3,1% кај мажите, а 0,9% кај жените. Откако ќе се дијагностицира каротидната болест, лекарот ординира лекување соодветно на степенот на оштетување на крвниот сад: - медикаментозно, со лекови; - хируршко (каротидна ендартеректомија) и - интервентно (стентирање). Врз база на многубројни испитувања дојдено е до заклучок дека најдобар третман за симптоматска каротидна болест преставува каротидната ендартеректомија (CEA). Двегодишниот ризик од мозочен удар кај лица со изведена CEA е 15%, додека кај лицата кои биле третирани само медикаментозно овој процент изнесувал 32%. Стентирањето, пак, на каротидните артерии, се препорачува само во одредени дефинирани состојби кога: - каротидна лезија не е погодна за хируршко лекување; - стеноза индуцирана со зрачење; - рестеноза после ендартеректомија и - клинички значајна кардиолошка, пулмонална или друга болест која многу го зголемува ризикот за анестезија или хируршки зафат.