ИНФО СЕГА Збирка 2

Page 1


Почитуван читателу, "Во оваа ера на нови технологии, книгите остануваат драгоцени инструменти, лесни за носење, здрави и практични за споделување на знаења, меѓусебно разбирање и отворање на светот на сите. Книгите се столбови на знаењето и се од суштинско значење за унапредување на слободата на изразување и образованието за сите. " Ирина Бокова, генерален директор на УНЕСКО Порака за меѓународниот ден на мајчиниот јазик 2013

Јазиците се најмоќните инструменти за зачувување и развивање на нашето материјално и нематеријално наследство. Сите потези да се промовира ширењето на мајчиниот јазик ќе послужи не само да ја охрабри лингвистичката разновидност и повеќејазичното образование, но, исто така, да се развие целосно свеста за јазичните и културните традиции низ светот и да ги инспирира за солидарност врз основа на разбирање, толеранција и дијалог. Јазиците се потребни за борба против неписменоста, за квалитетно образование, за квалитетен живот на поединецот, за зачувување на знаењата и традициите од нашите предци. Мајчиниот јазик е потврда за сопствениот идентитет, за припадноста кон едно парче земја, за долгот што го имаме кон нашите прадедовци. ,,Македонскиот јазик треба да биде строен и изразит, да биде вистински белег на македонската нација, зашто преку литературниот јазик се закрепнува најздраво свеста за припадност кон нацијата. Македонскиот литературен јазик треба да биде навистина македонски.“ Блаже Конески ,,Да сочуат некој својот народен јазик и да го бранит како светина значит да останит верен на дуот на своите предедовци и да уважаат, се', шчо имат они напраено за своето потомство. Да се откажит чоек од својот народен јазик, значит, да се откажит он и од народниот дух..“....................... ,,Милоста кон народниот јазик јет наш долг и наше прао. Ние сме должни да милуаме нашиот јазик,зашто тој јет наш, исто така, како што ни јет наша татковината ни.“ ,,За македонцките работи“ - Крсте Петков Мисирков

Тимот на ИНФО СЕГА


Содржина: Фиока на тајните................................................................4 Око за око - заб за заб....................................................12 Есенска авантура.............................................................15 Дали да те наречам љубов?............................................17 Почеток на тажниот крај.................................................19 Да се биде или не............................................................21 Исповед на една тинејџерка...........................................22 Недовршеното писмо за мојот живот............................23 Суровата реланост...........................................................25 Тенка линија ....................................................................27 Она што недостасува.......................................................29 Сонот на вистината........................................................31


Месечината блеска во полн сјај на црното небо. Уличните светилки треперат на свежото ноќно ветре. Тажната врба во дворот на Анастасија бавно ги вее своите гранки, танцувајќи на вечерната мелодија. Седната на бирото осветлено од месечевиот отсјај, покрај големиот прозорец без завеси, мајката на Анастасија на парче хартија испишува неколку зборови. Раката и се движи како да е од олово. Диши бaвно, а секое нејзино издишување наликува на лелек. Истите зборови ги запишува повторно и повторно и по секое наредно запишување прави долга пауза. Длабоко зема воздуха, а потоа брзо го испушта. Како да се обидува да го регулира дишењето, но не може да се справи со него. Го остава пенкалото на масата и со лакти потпрени на бирото ги затвора очи. Го слуша отчукувањето на часовникот, единствениот звук кој ја нарушува монотонијата, кој ја прекршува глувата тишина. Таа чувствува голема тежина која сака да ја отргнe од своите рамена, но не знае како. Чува тајна која не е подготвена да ја соопшти на никого, особено не на својата ќерка. А на кој друг би можела да му довери една таква тајна, ако не на нејзиното семејство. Кој друг би ја сослушал и разбрал нејзината мака ако не човекот кој ја познава од своето раѓање. Размислува што би можела да и кажи на ќерка си, а сините очи пополека и се исполнуваат со солзи и прераснуваат во два бистри извори на врели бразди што потекуваат по нежните мајчини образи. Сликите од минатото кои како импулси прострујуваат низ нејзината глава во неа будат помешани чувства. Насмевка се јавува на нејзините бледи усни присеќавајќи се на убавите мигови поминати со ќерка си, но и болни рани на слабото срце кое се обидува да го следи тактот на часовникот. Толку идеи како северниот ветер се провеваат и заминуваат во неповрат. Ниту една не останува за да дојде до нејзино остварување или барем обид за нејзино исполнување. Погледнува во неколкуте испишани редови на листот хартија и веднаш започнува да се чувствува подобро.


Ликот повторно ја враќа својата боја и таа конечно успева да воспостави контрола на дишењето. Доаѓа до заклучок дека единсвениот начин на кој може да си помогне е да продолжи да се бодри како што тоа го правела и претходно, но овојпат со силна верба во она што го прави. Надежта одново се вдомува во уморното мајчино срце и таа го подигнува пенкалото и продолжува да ги испишува зборовите. Но повторувајќи го уште неколку пати уморот веќе ја стигнува, па не сакајќи да заспие на работната маса ги прибира пенкалото и листот харија во фиоката, а фиоката ја заклучува. Човек би помислил бог знае колкаво богатсво лежи во таа фиока, која постојано ја чува заклучена освен тогаш кога таа е покрај неа. Откако подготвена си легна на меката памучна перница, мајката на Анастасија се откажа од битката со заморот и му се предаде на сонот.Уште пред зората за зазори слушна тивки чекори по подот кој хармонично крцкаше, па се пробуди. Зачекори до просторијата од каде што доаѓаше шумот, а патот ја одведе до нејзината работна соба. За момент како крвта да запре да циркулира во крвните садови, можеби Анастасија го пронашла клучот од фиоката и нејзината тајна е загрозена. Го забрза одот и со неколку потези беше во собата. А пред неа стоеше Анастасија која нешто пребаруваше по работната маса. 

Ахх, мамо ти ли си? – продолжи да ги превртува листовите.

Што правиш толку доцна во ноќта? Зарем утре не си на училиште? Ајде оди спи, не ќе можеш да станеш на утро! – и возврати со брзо без да го дочека одговорот на првото поставено прашање, очекувајќи нејзината ќерка да ја послуша.

Но мамо, веќе е утро! Само што се разбудив и веднаш се досетив дека домашната која ја пишував ја оставив тука некаде на работната маса.

Зарем е 6 часот? – зачудено ја праша и погледот веднаш го насочи кон ѕидниот часовник. – часот е шест и триесет, доколку не побрзаш нема да стигнеш на време за на училиште.

Знам знам мамо, но никако не можам да го пронајдам. Дали ќе можеш да ја побараш тетратката, бидејќи јас морам да се подготвувам?

Ајде, ајде оди побрзо!


Започна да ги средува измешаните листови хартија кои и беа потребни за на работа, а истовремено ја бараше и тетратката. Но немаше ни трага од неа. Се обиде да се сети дали вечерта додека седеше во собата ја здогледа тетратката, но барајќи ни својата меморија не наиде на никакви предмети оставени од ќерка си. Тогаш започна да се сомнева. Почна да мисли дека целата ситуација со тетратката беше само изговор. Но кога ја забележа фиоката не допрена се смири. Започна да размислува оптимистички. 

И да ја пребарувала собата за да пронајде некакви информации, мојата тајна е сеуште на сигурно. Нема за што да се грижам.

Погледна низ прозорецот и го забележа изгревот на сонцето. Изгледаше прекрасно, плава, црвена и портокалова боја се помешува на небесниот свод, но беа толку бледи што оставаше впечаток дека таму во далечината има густа магла. Таа слика ја потсети на денот кој следува, па започна да се чувствува загрижено.

Мамо, дали ја пронајде тетратката? – се појава на прагот и со брз говор ја запраша мајка си.

Не, па зарем ти не се сеќаваш каде ја остави? – загрижено и одговори, но сакајќи да и помогне.

Мислам дека ја оставив тука, бидејќи тука ја работев додека ти го подготвуваше ручекот, но не можам да се сетам дали потоа ја преместив или... Па да! Сега се досетив, тетратката ја оставив на масата во трпезарија. Мамо јас морам да одам, бидејќи ако не побрзам нема да стигнам на време. Убаво помини си на работа! - се слушнаа последните зборови од далечината кога Анастасија излегуваше низ врата.

Колку е заборавена! – се насмевна помислувајќи на својата ќерка.


Стоеше така неколку минути и кога погледна во часовникот веќе дошло седум часот. Знаеше колку е тешко да бидеш самохрана мајка. Целиот свој живот работеше за на своето дете да му обезбеди иднина каква што заслужува. Се подготви и таа и замина на работа. Низ мислите и се рашетуваа лошите случки од минатото и кога ќе помислеше на ќерка си веднаш ја гледаше нејзината единствена иднина доколку таа не се бори за нејзина подобра иднина. Летните утра понекогаш знаат да го всадат студот во сржта на коските. Сонцето сеуште не беше високо на небото за да може да ја стопли. Ладните бранови почнаа да лазат по нејзината кожа и таа започна да трепери. За миг почна да чувствува притисок и горчина во срцето. Устата и беше сува, а лицето и пребледе и изгледаше како живмртовец. Веќе не го чуватвуваше ни целото тело. Се обиде да се придржи за дрвото кое се најде до неа, но не можеше да стои на нозе и падна. Силен тресок на земјата се слушна од падот на мајчиното тело. А таа не почувствува ништо друго освен силен притисок направен на нејзиното срце. Како некој да го фати во раката и го притисна толку силно што тоа пукна. Пукна, исчезна, го нема веќе. Анастасиаја за цело тоа време беше во училиште и ја следеше наставата предвидена за тој ден. Седејќи на првата клупа во кабинетот по историја доби повик од директорот. Се исплаши, причината за тој повик и беше непозната. Не можеше да предвиди за што, но имаше лошо претчуство. Претчуство со кое се рабуди и неколку часа ја измачуваше. Се обиде да не им дозволи на црните мисли да ја исплашат и растревожат. Но не можеше да превземе контрола над своите чувства. Малечкото детско срце почна да трепери како осамено ливче на силниот ветер. Влезе во канцеларијата на директорот и првото нешто што го забележа беше загриженото лице на директорот. 

Добро утро! – учтиво се поздрави.

Дојди, седни! Сакам да ти кажам нешто многу важно. – Анастасија почна да пребледува.- дали си добро?

Да, се е во ред! – вештачки се насмевна, иако длабоко го слушаше плачот на срцето.

Сигурно си запозната со ситуацијата во која била твојата мајка...

Каква ситуација? – збунето, со солзи во очите го постави прашањето сакајќи да ја разбере вистината која била скриена од неа.

Зарем ти ништо не знаеш? – директорот беше шокиран од нејзиниот одговор.

Што треба да знам за мојата мајка, а таа не ми кажала? - плачот пополека достигна и до очи и гласот започна да испушта високи тонови.


Охх, дете! - стариот директор беше во многу тешка ситуација. Може да се каже безизлезна. На четиринаесет годишно девојче требаше да ја соопши најтешката вест која постои. – Твојата мајка... таа е ... тешко болна! – настапи морничавата тишина.

Анастасија не слушаше ништо друго, освен екот на тие два кобни збора. Се повторуваат, повторно и повторно. Одѕвонуваа како звукот на камбаната. Дали јас сонувам? Ова мора да е грешка?! Мојата мајка не е болна, јас утрото бев покрај неа, таа ништо не ми кажа! Не е вистина, таа би ми кажала. Ми вети, ми вети дека што и да има се ќе споделува со мене. Ми ја стисна рака и ми вети дека само мене може да ми каже се. Ме погледна и ми рече дека јас сум единствениот на кој би можела таа да се довери! Но ова не може да е точно. Размислуваше и копаше низ својата меморија. Се присети на сите разговори со мајка си, но ниту во еден од нив не беше спомната таква вест. По долгата пауза, со река која излива од нејзините очи проговори: 

Каде е мајка ми?

Во болницата, денес на патот...

Уште реченицата не беше довршена, кога Анастасија истрча низ врата и се упати кон болницата која беше на неколку чекори од нејзиното училиште.

Дишењето и беше забрзано, се чувствуваше како да учествува на трка за живот и смрт. Оној кој ќе победи преживува, а останатите ќе исчезнат од ликот на Земјата. Во болницата не можејќи да собере здив, низ плач запраша: 

Каде е мајка ми?

Смирете се! – се слушна гласот на сестрата на која и се обрати. – сега ќе прашам каде е вашата мајка. Како е нејзиното име?

Лиле, Лилјана!

Во ред, но ти мораш да се смириш.

Сестрата се јави на телефонот и по неколку чекори до Анастасија се приближи висок човек со бел мантил и картон во рака. 

Ти си ли Анастасија! – се обиде да изглуми природна насмевка, но се гледаше дека е лош глумец.

Каде е мајка ми? Ве молам кажете ми!

Не плаши се – и ја стисна рака. – сега ќе те однесам кај мајка ти, зошто толку паничиш? Се ќе биде добро.


Ја повлече за раката и движејќи се низ неколку долги ходници, стигнаа до една соба на чија врата пишуваше „Забранет влез

за

невработени

лица“.

Тоа

ја

преплаши Анастасија, но здогледувајќи ја мајка

си

во

неа

се

разбуди

некој

привремен спокој кој моментално ја смири. Мамо! – извика и се обиде да влези во собата, но докторот не и дозволи. 

Не смееш да одиш внатре! Моментално твојта мајка е на операција и кога дојде ме замоли да ти го дадам овој клуч. Ми рече дека со него ќе ја отклучиш фиоката. Анастасија се досети, фиоката која мајка и никогаш не ја оставаше отклучена, таа ја нарекуваше фиока на тајните. Го зеде клучот во рацете, ја погледна мјака си и го запраша докторот: 

Колку ќе трае операцијата?

Точно не знам да ти кажам, но подобро би било наместо да чекаш тука во ходникот да одиш дома. Кога ќе заврши ние ќе те известиме.

Иако не сакаше да ја испушти мајка си од видот нетрпението да дознае што има во фиоката на тајните ја принуди да се одлучи да си оди дома. Загрижена и замислена чекорејќи кон дома одлета со мислите кај мајка си.


Што би правела јас без неа? Зарем мојата судбина е да бидам сираче? Што ли јас направив за да ме снајде една ваква пеколна судбина? Но.. јас знам „МОЈАТА МАЈКА Е БОРЕЦ“. Знам дека таа нема да ме напушти мене. Нема да ме остави сама да се борам со препреките во животот. Таа беше мој херој и понатаму ќе продолжи да биде. Ме научи што значи животот, ме научи да се борам, да бидам храбра и да не се откажувам. Од мене направи добар писател, а уште подобар конкурент. Ме изгради во човек и победник. Поради неа јас сум сега она што сум.

Размислувајќи за својата иднина стигна дома. Веднаш се упати во мајчината работна соба и ја отклучи фиоката. Во нејзините очи веднаш паднаа ливчињата кои мајка и ги напиша минатата ноќ. Ливчињата на кои беше испишана само една реченица „Ќе бидам силна и ќе издржам само поради моето дете“. Солзите како капки дожд ги навлажнија нежните јаболчници и почнаа да се лизгаат до малите детски раце. Занеме, не можеше повеќе за ништо да размислува. Како да се блокира и едниствената функција која ја извршуваше беше тешкото нерамномерно дишење. Ги растури и останатите ливчиња низ фиоката, го прочита насловот на секое, а тоа беа само белешки за нејзината здравствена состојба. На крајот под толкуте документи и белешки лежеше писмо. Писмо на кое со убави големи печатни букви беше испишани името АНАСТАСИЈА. Но во моментот кога се реши да го отвори, телефонот заѕвони и писмото остана непрочитано. Неговата содржина и понатаму беше непозната за Анастасија. Трепетно се движеше и со голема тежина го изведуваше секое движење, па и подигањето на телефонската слушалка. 

Добар ден!

Добар ден, се јавуваме од болницата, вие ли сте Анастасија?

Да, повелете!

Ве известуваме дека ...


Што ли се случува? Кажете ми дека ова не е вистина! Не е можно, не може да е вистина. Таа е се што имам. Што ќе правам сега? Што ќе биде со мене? Која сум јас? Не, не морам да се разбудам од овој кошмар, морам да излезам од оваа трагедија. Не, не, мамо!!! Запрепастена, со последните сили го отвори писмото, кое и единственото нешто што и преостана од мајка и и откако стигна до крајот ги прочита зборовите со кои таа се збогува и и објаснува на ќерка си што е потребно за таа да продолжи понатаму: „..... Сакам и во иднина да продолжиш да твориш, бидејќи тоа најдобро знаеш да го правиш. Да продолжиш да се бориш и натпреварувачкиот дух да те води низ секоја победа и пораз. Да веруваш во себе си и знај ти си моето совршенство. Јас бев среќна личност, бидејќи имав некој со кој би можела да споделам се. Бев среќна бидејќи да си среќен не значи да поседуваш се, туку да го искористуваш максимумот од се што ти доаѓа на патот. “Тоа беа мајчините последни зборови, кои таа не успеа да и ги изговори на ќерка си лице во лице. Но знаеше дека ќе биде сфатена. Знаеше дека пораката ќе биде пренесена и вешто искористена. По толку години поминати Анастасија станува она што мајка и го очекуваше од неа, личност на која можеш да се ослониш, личност на која можеш да и веруваш. Личност која го живее животот во полн здив, без ниту една секунда застој. Таа продолжи да пишува, а нејзиното дело „Што значи да си мајка борец?“ го достигна врвот на светските ранг листи. Теодора Јагуриноска Гимназија Мирче Ацев III година


Ако ми згрешиш - ќе ти згрешам? Одмаздата е признавање на пораз. Со тоа што некому му коваш одмазна, често луѓето ќе речат: - Ќе му вратам и морам да го имам последниот збор! А, се што правиш знаеш дека е мавтање на лузните пред лицето на тој што ги нанел. Во името на правдата, секој на одмаздата возвраќа со одмазда, но зарем тогаш не создаваме еден бескраен круг на одмазда? Самата фраза „Минал неказнето“, боли кога се работи за некој кој толку многу ве повредил, но дали е потребно да влезете во кругот, или можеби потребно е да ги оставите раните да залечат, а изворот на болката да се избрише од својот живот. Што се случи со другарството? Бевме најдобри другари, но сега ги одкопавме воените секири. За миг се почуствував подобро, барем за кратко. Се почуствував моќен затоа што му вратив на тој што не ми згрешил, а сепак ми простил. Ми прости и ме остави да сфатам дека одмаздата е еден вид на самоуништување. Предавство!? Беше тоа нешто кое ни најмалку во животот не посакуваше да му се случи, а уште помалку од мене. Деновите минуваа, животот поминува, а лицемерието во луѓето никако да избледи! Тоа ти е како спомен запишан на еден лист хартија кој жолтее и се покрива од прашина, но сепак не се заборава. Тој ден како светот да се сруши врз неговата глава. Како сите луѓе да му го свртија грбот и остана сам, а знаеше дека е во право. Беше еден од најдобрите ученици во училиштето. Па и не беше чудно што и сите му завидуваа. Имаше многу убава девојка, Ивана. А, јас? Е, јас се обидував на било кој начин да го достигнам него. Ќе се запрашате зошто јас пишувам за ова? Да! Пишувам бидејќи се самоуништив и единствено што ми преостанува е да ги повторувам овие зборови „Се каам“... Се уште не беше разденето кога се слушна тресок. Тој се вознемири. Рипна од креветот набрзина, ги облече патиките и со бавни чекори излезе од собата. Дојде во училиштето. Од никогаш не го сакав. Моите очи секогаш гледаа презир кон него, му љубоморев на неговиот успех, па решив на било кој начин да го повредам. Слаба точка му беше Ивана. Освен тоа што ги скарав и лицемерно ги лажев, ја добив мојата „победа“. Знаев после училишните часови да го исмевам пред сите. Знаев и да го удрам неговиот невин лик.


Многупати се шеташе низ неговото маало. Еден мој близок пријател седеше до неговата куќа. Беше со Ивана. Јас и другарчето постојано ѕиркавме од балконот, па ја зедов кофата полна со вода и ја истурив врз неговата глава. А тој?! Се запрашувате што направи тој?! Па, тој не покажа никаква реакција и продолжи со разговорот. Ивана им кажа на неговите родители но Бојан инсистираше дека никој не истурил вода врз него. Ивана рече: -

Погледни се! Целиот си жива вода!

А, на тоа тој ги погледна и им возврати. Тој не истури вода врз мене, туку врз човекот кој мислеше дека сум јас! Тие зборови длабоко продреа во моето срце. Луѓето веруваат дека правичноста не постои! Па, така ние ги признаваме гревовите и тие ни се простени. Си реков „Ако признаам, ќе можам да бидам избавен од вечните последици на гревот. Сфатив дека ако избијам нечиј заб, со зборови ќе ми ги избијат сите заби. Јас ги имав горделивите очи, желни за одмазда, гневот, лажливиот јазик, раце кои пролеваат невина крв, срце кое размислува грешни мисли, нозе што итаат кон злото, лажен сведок кој шири лаги и човек кој прави раздори меѓу браќа.“ Што заслужил тој за да биде жртва на моите задоволства? Неговата добра душа или себичноста што ме тераше да бидам во центарот на вниманието? Лагата?! Како ѓаволот да беше влезен во мојата душа. Го судев пред другите, а знаев дека „Секој празен збор што ќе го изговорат луѓето ќе одговараат на судниот ден, затоа што со тие зборови ќе бидеш оправдан и со тие зборови ќе бидеш осуден.“


Се запрашав „Ќе бидеме ли среќни ако се соочиме со нашите зборови на судот?! Лошото критикување? Озборување?“ Да! Се соочив! Го направив тоа! Лице во лице! Се засрамив кога се осврнав наназад кон сите искажани зборови и направени дела. Нема враќање назад. Знаеме, Господ ги мрази овие работи: неправда, алчност и зли озборувања. А оние што прават така... Заслужуваат смрт. Да! Ја почуствував смртта, но не во онаа права смисла на зборот, туку: повредувајќи ги другите се повредив себе си. Ги изгубив сите околу мене, останав сам... Како змија на патот, како отровница крај патека, која го каснува коњот за нога... Јавачот паѓа... Тоа бев јас...

Бојан Мирчески СОУ Гимназија Мирче Ацев Прилеп III година


Есенски дождлив ден. Небото е побелено, ситни кристалчиња полека и неусетно паѓаат. Паѓајќи тие и ги милуваат гранките на дрвјата, жолто златните ливчиња и се наоколу. Иако времето беше есенско, тмурно и врнежливо тоа за мене и мојот сакан не беше пречка да се возиме на мотор. Прекрасно доживување за еден дождлив и мрачен есенски ден. Ветрот силно дуваше право во нас, а дождовните капки кои паѓаа ги влажнеа нашите лица и воденеа се како да си имаа поставено цел се да исчистат. Се возиме полека, а златно-жолтите ливчиња премногу тивко шушкаат под тркалата на моторот, затоа што малите дождовни кристалчиња им го украдоа нивниот силен звук. Се возиме така по водената калдрма и освен тоа што ми недостасува силниот звук на есенските лисја ми фали премногу и гласот, чрчорењето на птиците. Се е премногу тивко и есенски мртво само звукот на моторот се зголемува се повеќе и повеќе, тоа ми укажува дека мојот сакан ја зголемува брзината на моторот, а чувството кое ме обземаше беше прекрасно. Понесена од возбудата не ни сетив дека се најдов на водената земја, а тој саканиот мој едноставно го крена моторот и без да ме погледне, без збор си замина. Ме остави во тага и болка. Бев целата потресена и незнаев што да направам, па сама и беспомошно лежев на водниот пат. Случајно кон мене наиде еден постар човек и побарав помош од него. Тој беше толку добар и чувствителен што ме крена од патот и ме седна на една клупа која за мене беше со посебно значење, бидејќи на неа за прв пат го видов мојот сакан, момчето за кое силно трепереше целата моја душа.


Косата ми беше водена, алиштата исто така, а бев целата валкана, но и поцрвенета од крвта што лееше од моето тело. Но сето тоа не беше ни малку важно затоа што во тој миг јас чувствував само очај и силна болка во душата предизвикана од постапката на оној кој најмногу го сакав. Човекот беше избезумен и збунет и повика помош. Набргу пристигнаа медицински лица и јас бев однесена во болница каде ми кажаа дека имам повреди и неколку скршеници. Во болница лежев подолго, а него го немаше да ме посети ниту пак да ме побара, да крене слушалка и да праша како сум. Седам сама на креветот, постојано го изговарам твоето име и самата си поставувам прашања: ,,Зошто не можам да те заборавам? Зошто постојано мислам на тебе и како успеа ти да ја заробиш мојата душа? Зошто неможам да си ги објаснам тие силни емоции со кои неуморно сакам да се изборам и да ги исфрлам од моето срце ?„„ Ехото на моето битие несака да ме разочара. Срцево мое чука за тебе, а јас во себе носам бура од чувства: револт, нервоза, тага ,осаменост, но и многу љубов. Јас конечно осознавам дека првата љубов ги отворила ширум портите на мојата душа. Иако ме повреди и ме остави така јас засекогаш ќе ги носам спомените врзани за таа невина, чиста невозвратена љубов. Дури сега сфаќам дека првата љубов е како капка роса. Росата наутро ќе блесне, а веднаш потоа ја снемува. Неусетно тивко заминува како што замина ти. Но сепак, росата идното утро повторно доаѓа, а првата љубов останува само во спомените. Еј надеж, дај ми малку сила! Да им се спротиставам на овие тешки мигови, да се насмевнам и да го избркам се што ми носи тага. Велат животот е игра во која мораш да победиш, но ако тоа навистина е така јас ја изгубив битката со тебе, а тоа што и покрај се, јас сеуште те сакам, иако не го заслужуваш тоа.... Болното минато покри го со розова хартија и насмевни и се на иднината која доправа доаѓа и носи многу нови искуства и многу љубов се надевам....

Марија Недеска СОУ,,Ристе Ристески –Ричко‘‘ –Прилеп I година


Детство.....ех тоа е времето во кое мечтаам да се вратам, по кое копнеам и чувствувам немир и неспокој. Време во кое играта и смеата беа секојдневие, а јас пак бев толку задоволна...се беше розово, преполно со сништа и желби барем за миг да се ѕирне во светот на возрасните. Тој изгледаше толку привлечно и возбудливо, просто нереално, а во мојата глава зацарува мислата, да Toj е авантура за која вреди да се ризикува. Прерано влегов во тие води, немирни и брановити води кои ми го разбрануваа и мојот живот, потпомогнати од ветрот наречен ЉУБОВ. Да, како цел свет да беше придвижен од таа сила, која на почетокот беше само розов блесок кој ми помогна да преминам од детските сни, во светот каде што соновите се само нереални сништа. Воедно, тој розов блесок набргу се претвори во мрак кој ме зграпчи силно и ме повлече со себе се до дното на очајот и ме фрли во длабока бездна. Можеби доцна сфатив дека местото и времето во кои се најдов беа само лош прототип на она каде што сакав да бидам. Кога се соочив со безброј банални работи, со непријатни чувства за кој беше виновен само тој, посакав да ги склопам очите и овој кошмар да заврши. Кој е крадецот на тој розов свет? Кој ми ги зеде сите надежи и очекувања? Се прашувам дали ги украде Tи, дали ги зеде со себе....Ти, да, Tи кршачот на се што вредеше, кршачот на моето срце, кое сега е разделено на милион парченца кои невозможно е да се состават. Доцна во ноќта размислувам, дали сега истото го правиш и со некое друго наивно девојче, кое како и јас ќе падне на твојот шарм и симнувањето ѕвезди. Умешно и вешто со два-три слатки збора и цел живот каење, очај, чувство на болка и ништо повеќе. Тоа е се што ми остана од тебе. Најпосле ти ме натера да го пробам горчливиот опиум на љубовта, а дали нивистина реално те сакав? Незнам, можеби и не, сепак љубовта за мене е само проста именка, на која досега не и го открив нејзиното големо сложено значење. Толку голем збор за едно мало и кревко срце. А ако, како љубов се дефинира чувството кое го имав кон тебе, тогаш повеќе би сакала никогаш да не го почувствував, зошто тоа чувство мене ми донесе само неизмерна болка. Во животот само посакувам никогаш да не те сретнев, затоа што ти ме запозна со суровата реалност и ми го зеде невиниот, чист, розов свет.


Сега кога повеќе немам ништо и кога останав сама, се прашувам, дали вредеше? Дали вредеше Tи за сите пролеани солзи, за сите непроспиени ноќи, за кажаните слатки зборови, ветувања...... Можеби и тука треба да се бара вината, затоа што нашата љубов ја засновавме со ветувања, празни, шупливи, нереални, водени и заслепени од сопствениот егоизам газевме се пред себе, немислејќи на другите, тогаш и не знаев дека нашата среќа е туѓа несреќа. Изградивме свет во кој постоевме само Ти и Јас, но тој наш свет беше толку лажен, што само една искра на реалност упеа да го сруши, еден збор беше доволен и се се сруши. Си помислив се лажевме себе си, ги лажевме другите. Вистината ја снема, а со неа заедно замина и денот, светлината, настапи ноќ, глува и тивка....исполнета со глува и убиствена тишина. Присебноста ја заменивме со пијанство. Бевме пијани од љубов, лаги или пак едноставно само од виното кое го пиевме често? Па, не е ни важно. Важно е дека ниту еден од нас не беше доволно трезен да стави крај пред ова да отиде предалеку. А нашата приказна... хм.... можеби и никогаш не тебаше да биде раскажана? Зошто сево ова, сите тие силни чувства се премногу за една млада девојка, а се само мал дел од еден голем сон за кој искрено сонуваше и го нарече ЉУБОВ, а тој сон никогаш не и се оствари. Ти ми ги затвори дрско вратите на детството, засекогаш и ми го отвори светот на возрасните. А јас сеуште мислам и се прашувам дали те сакам, дали те сакав и дали можам да те наречам ЉУБОВ? Надица Спиркоска СОУ ,,Ристе Ристески –Ричко,, -Прилеп I година


Сама, сосема сама изгубена во времето и просторот. Назад, премногу назад со чекорот на животот, во бессознание, насекаде во секој поглед, во секој потег. Без ништо на светот, ни другар, ни пријател, ни рамо за плачење, а во себе ни љубов, ни тага, ни среќа, ни болка, па ни чувство дека дишам. Како камен фрлен покрај патот на кого не му е гајле дали е ден или ноќ, дали е бура или сончев ден. Во очите веќе немам солзи, во мене повеќе немам душа, низ вениве не тече крв, а срцето полека се гуши и се потешко пумпа од сета блокада. Живеам од што морам, а полека и тоа оди од мене, се движам безживотно, полека и без војла. Живеам како паразит од кој повеќе има штета одколку корист. Паѓам во длабока депресија, се обидувам да сокријам, а очите кажуваат повеќе од доволно, пропаднати, измачени, полни со бес, разочараност, тага, осаменост. Сами со себе оставени во свет на изгубени души,а никој да ти подаде рака за помош. Да, тоа сум јас...јас која бев поцврста и од карпа, а сега кревка како пердувче кое чека во секој момент ветрот да го дувне и да го однесе во непознат правец. Дали тоа сум јас, сеуште неможам да се препознаам, не можам да ја прифатам црната реалност што ми ја нанесе животот. Зошто токму мене? Зошто Господе!? Каде погрешив? Ех..да можев бар некогаш да добијам одговори на овие бескорисни прашања што ме измачуваат секојдневно. Сето ова поради една единствена причина која тлее во моето тело не сакајќи добиена. Поради тоа и јас станав една од многуте жртви на чумата од дваесет и првиот век. Да и моите клетки се предадоа на ХИВ позитивот. На таа црна болест од која нема спас. Но таков е животот, понекогаш сладок понекогаш горчлив, понекогаш бел, понекогаш црн, каков и да е мора да се живее, па макар и да немаме уште многу останато од него. Се започна во еден миг кога мојата перцепција си ја изврши својата работа за која и служи.


Тоа беше еден дождлив ден каде го запознав момчето кое неизмерно го сакав и му верував, а тој за возврат ми остави белег во мојот организам од кој нема лек. Изгледајки толку невино никогаш не помислив дека тој би можел да ми наштети и да ми го загрози животот. На почетокот се беше како од бајките, толку млади а толку вљубени. Само небото беше граница за нашата радост која произлегуваше од убавите моменти кои сами си ги создававме. Тоа траеше неколку месеци, речиси година, но било само бледа слика на реалноста. Момчето кое мислев дека е заљубен во мене е тој иститот кој додека бил со мене во меѓувреме си имал свои интимни задоволства со уште многу девојки за една ноќ. Поради нив

сега

и

двајцата

сме

жртви

на

чумата

од

дваесет

и

првиот

век.

Знаејќи дека ја има оваа болест, тој свесно ми ја предаде и ми ја всади во моето кревко тело, кое не беше во можност да се избори со микоорганизмите од оваа болест, па така моите клетки ја изгубија битката и беа надвладеани од силниот и непобедлив ХИВ вирус. Но сепак јас сум виновна, јас која при здрав разум и две очи не можев да ги препознаам луѓето кои сакаа да ми наштетат и успеаа во тоа. Јас која бев доволно едуцирана за сите болести и заболувања кои се околу нас, не бев способна да се заштитам и одбранам од нив. И не можам да разберам, а барам каде е избледениот излез од оваа грда ситуација. Битката која ја водат моите клетки со надеж да го победат непријателот е залудна. Во моето тело видот е матен, се губам, сегде сивила од кои се создава паника, паѓам во длабока дупка, немам свест, црно е пред очиве. Во далечините здогледувам светлина, се приближува кон мене и е се појака, ме води накај неа. И се препуштам целосно. Во мене повеќе нема ни грам сила за да и се спротиставам, ме облива убаво чувство, лебдам, мижам од блескавата светлина, бијат камбаните и се гледам себеси како одам во некој туѓ поразличен свет. Заедно со мојот белег во моето тело сега чекорам кон новиот почеток на тажниот крај.

Реловска Наталија СОУ.Ѓорче Петров-Прилеп III година


Зошто е тешко да се разбудам наутро? Зошто за некои сонот е поубав од јавето? Како е да си сам, а сите да се околу тебе? Нов ден, нови прашања и само по некој одговор. Сфатив дека не се сите луѓе исти. Но некој навистина е различен. Чувствува дека не припаѓа во средината. Можно ли е да се родил во погрешно време? Или пак таков човек е потребен сега? Живеејќи во овој свет, сфатив дека луѓето се менуваат. На оние на кои си им помогнал, денес се однесуваат како ништо да не било. Понекогаш ќе слушнеш и навреда од нивна страна. И тогаш во твојата глава изникнуваат еден куп прашања. Што им е? Да не сум направил нешто погрешно? Ова се прашања на кои и тие самите не можат да одговорат. Многу брзо се сеќаваат дека постоиш кога им требаш. А откако ќе им помогнеш, забораваат на тебе. Веќе не си им потребен. Важно е само дека тие успеале во она што го наумиле. Молчиш и ги премолчуваш сите нивни потсмевања и навреди. Им простуваш лесно со мала надеж дека нема повторно да те искористат и фрлат како стара крпа. Се надеваш дека ќе бидат тука за тебе, но не за да ти помогнат, туку само да те ислушаат и да добиеш една топла насмевка од нив. Но најлошо е кога ќе те одбијат оние најблиските. Оние кои си ги сметал за брат или сестра, а сепак не се. Тогаш животот те учи дека никој не може да го замени местото на брат или сестра. Но ти сепак си се обидел бидејќи не знаеш како е да имаш брат или сестра зашто си се родил сам. Иако си ти прв што се сеќаваш на нив, тие едноставно ќе ти речат дека не се сетиле на тебе. И тогаш сфаќаш дека ама баш никој не мисли на тебе. Тогаш се чувствуваш многу лошо, но знаеш дека сепак ќе им простиш. Тогаш се лутиш сам на себе и одлучуваш да свртиш нова страница. Треба да станеш како нив. Да научиш да им возвраќаш со иста мера. Ако те навредат, да ги навредиш. Ако ти се развикаат и ти да им вратиш. И тогаш повторно се појавува таа доза од прашања. Дали тогаш се би било подобро? Или би се чувствувал уште полошо? Дали би бил посреќен или само би се залажувал себе си? И така се наоѓаш на една раскрсница. Дали да се промениш или да останеш ист? Дали да се разбудиш или да продолжиш да спиеш? Дали да размислуваш или да оставиш животот да тече спонтано? Дали да оставиш се на случајноста или сепак ништо не е случајно? Да точно е дека зад облаците небото секогаш е сино, но пред да стигнеш до небото, прво ќе се сретнеш со облаците! Дијана Цветкоска СОУ Ѓорче Петров III година


Беше лето. Но, ова лето беше поразлично од другите. Како и секоја летна ноќ така и оваа заминав со моите другарки во центарот на нашиот град со цел да се забавуваме. Се упативме кон еден од познатите клубови во градот. Бевме облечени по најнова мода, носевме кратки тесни фустанчиња во комбинација со високи потпетици. Цела вечер игравме во ритамот на музиката која ечеше низ целиот клуб. Во комбинација со гласната музика одеа и жестоките пијалоци. До полноќ веќе имав испиено три-четири пијалоци и чувствував вртоглавици, но сепак продолжив да се забавувам како и останатите во моето друштво. Часот веќе беше еден па дојде време да тргнам накај дома. Со тешка мака јас се качив во такси. После долго возење автомобилот одненадеж застана. Одненадеш почувствував допири по моето тело, се обидов да го оттурнам таксистот, но не успеав бидејќи тој беше крупен, силен маж на околу триесетина години. Тој почна да ме удира па јас останав без сознание. Кога се разбудив бев во болница, а до мене беа мама, тато и моите другарки. Мама силно плачеше. Некоја жена во раните часови ме видела како лежам полугола на улицата и ме донесла во болницата. Тој грозен човек ја искористил мојата состојба и ми ја одзел невиноста, а имав само седумнаесет години. Пред да ја напуштам болницата дознав дека имам сида. Бев скршена, веќе ништо не беше како порано. Со денови не станував од кревет, запаѓав во депресии и неколкупати се обидов да си го одземам животот. Мама и тато беа очајни, ми беа најголемата подршка, а и моите другарки беа секој ден до мене и ме тешеа. Но, сево ова е веќе минато, се уште имам сида и со болка се сеќавам на овие моменти, но сепак се обидувам да го живеам животот како порано. Луѓето ме прифатија иако јас знам дека сум поразлична од нив. А најдоброто од се е тоа што таксистот ја одслужува својата казна и ако со тоа нема ништо да се смени кај мене. Ја уништи мојата најголема желба, а тоа беше да основам свое семејство. А на сите млади им порачувам да внимаваат на себе и на своето однесување! Сара Мојсоска СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп III година


Беше сабота..Како и секоја сабота па така и оваа јас заедно со моите пријатели седев во паркот крај реката. Секогаш истото виното, цигарите и останато уште некој некој грам од хероинот беа оставени на тревата, а пак ние, сите лежевме на влажната трева без да чувствуваме ни најмал студ од влагата во тревата, ни мала болка од камчињата под нас, па ни некаков допир од ветрот кој силно дуваше врз нас и ги вееше нашите алишта и коси. Сите ние мечтаевме за некој поинаков свет во кој владее мирот, односно нема проблеми, кавги со домашните, полиција и сл. Одеднаш се случи нешто.. Наоколу се крена голема врева. Сите почнаа да трчаат низ паркот и силно да викаат: Бегајте! Бегајте! полиција.. Сите што беа со мене без никаква тешкотија станаа и заминаа, а јас, јас останав сама, без никој. Не можев да станам, чувствував како моето слабо тело е без помошно, како да беше залепено на мократа трева. Со многу труд некако успеав да станам но случајно на тревата го забележав хероинот. Не јас не можам да го оставам, јас него го заработив многу тешко со помош на моето тело. Го зедов и потрчав. Не сум сигурна ни дали успеав да направам пет чекори и наеднаш се струполив врз тревата. Цела се препотив, се чувствував омалаксано и последно нешто што видов беа ѕвездите кои безгрижно го осветлуваа небото... Пополека ми се отворија очите и кога конечно се разбудив се преплашив, се наоѓав во соба која што беше целосно бела. Во неа имаше еден кревет на кој што лежев јас и до него некаков си апарат од кој што излегуваа жици кои беа поставени на мојата глава. Пробав да станам за да избегам, но се ми беше попусто немав сила ни малку да се помрднам, да ја кренам раката или пак ногата и најпосле сфатив дека не можам да станам. Се отвори вратата и влезе низ неа еден млад човек кој што беше облечен во бел мантил.Тогаш сфатив дека се наоѓам во болница. -Што сакате од мене? Пуштетеме да си одам! Докторот ме гледаше со жал во очите. –Девојче, ти си премногу млада за сето ова. Не знам од каде да почнам и како да ви кажам. Прво да ве известам дека сте бремена што уште повеќе ме загрижува во вашата ситуација. Не знам дали знаете но вие исто така боледувате од една многу тешка болест за која сеуште во светот нема пронајдено лек. Вие боледувате од сида. Тоа уште повеќе ме загрижува затоа што вашето бебе може да се роди со оштетувања на телото, бидејќи и тестирањата што ги направивме се позитивни, вашето бебе иако не е сеуште родено боледува од сида. Исто така на тестирањата излеговте дека сте и нарко зависник. Вашиот па и на вашиот плод шансите за подолг живот се многу мали. Вие морате да останете во нашата болница за редовно да ја примате потребната терапија.


Докторот без да ме праша за мое мислење излезе од собата. Можеби знаеше дека не сум во состојба да изговорам ни еден збор, а не пак да размислам дали ќе останам во болницата за да се лекувам. Останав сама. За првпат во мојот живот почнав да размислувам на посериозен начин, не затоа што бев болна туку затоа што останав без никој. Ми беше многу тешко. Солзите од моите очи сами се тркалаа по моето слабо, бледо лице. Не можев да ги сопрам иако толку многу се трудев. Што се случи со мене? Зошто баш јас излегов на овој погрешен пат? Јас не бев тоа што сум сега.. бев едно обично девојче како и сите други. Најголемата грешка што ја направив беше тоа што сакав се да пробам во мојот живот СЕПАК ТОЈ Е ЕДЕН тоа беше моето мото не знаејќи и не размислувајќи на последиците. Останав во болницата со месеци, за жал никој не дојде да ме посети, ни мајка ми, ни татко ми, ни моето семејство, ни моите роднини, другарки, другари никој сите ме оставија сама да се борам со болеста. Јас бев свесна дека така и ќе биде. Не, не обвинував никого сепак јас самата бев крива за се. Кога требаше да ги слушам родителите јас мислев дека тие грешат иако знаев дека тие се секогаш во право и дека тие се единствените луѓе во светот кое ми го мислат само најдоброто. Поминаа 9 месеци.. за жал моето бебе почина при раѓањето, па после тоа јас немав никаков повод за живот. Никој повеќе не ме сакаше. Иако бев жива сите ме гледаа како мртва. По еден месец од смртта на моето бебе и моите симптоми се влошија. Па така едно утро се разбудив, зедов лист и молив и почнав да го пишувам ова писмо. Сакав да и го пратам на мојата мајка за да и кажам дека за се ми е многу жал и дека повеќе нема да ја повредам никогаш. Но за жал при крајот на писмото напишав Те сакам Ма.. и почуствував тежина врз моето тело, не можев да дишам.. знаев дека тоа е крајот на мојот живот не се противев на смртта ... само сакав да го допишам писмото за мојата мајка.. Заркоска Гордана СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп III година


Многу луѓе се жалат дека им поминал целиот век барајќи ја смислата на животот - ако воопшто постои и не е никаде на друго место, туку во самото барање. Ова е мисла проговорена од страна на писателот Јован Дучиќ, кој доволно кажува дека барањето на смислата е всушност реализирањето на зборот живот како именка. Но што од значењето на таа именка, од нејзината суштина? Знае ли некој да ја објасни, да ја реализира и да ја почуствува нејзината вистинска вредност? Но како да се почуствува убавината на животот кога во ова време на лажни идеали искреноста, љубовта и љубезноста се третираат како инвалиди? Искреноста веќе за„рѓала, пуштила корени во минатото но не и плодови во сегашноста. Сигурно неа луѓето ја имат заборавено во некоја папка во персоналните компјутери. Да побараш искреност во овој свет е исто како да пливаш во песок. Мрдаш со рацете, со нозете, со сета своја снага и сила, но не си се помрднал ни еден милиметар. Ништо не си постигнал, се уште си на почеток, закопан во кафеавите зрнца лаги. Како настануваат тие кафеави лаги, да не ги нарекувам црни затоа што тие се тешки гревови кои настанале како резултат на неискористената искреност, така се појавуваат и овие кафеавиве, кои луѓето ги занемаруваат а тие најмногу нанесуваат болка во душата, во вид на печење и тештење. Искреноста веќе е на работа на смртта. Но што е со љубовта? Каде можеме неа да ја набавиме? Во некој супер маркет или во бутик, или можеби во банка да ја подигнеме како чек од неколку илјади денари? Не, таа се наоѓа во длабочината на срцето и душата, се пробудува само со малку нежност и љубезност. А сега нежност и љубезност каде да најдеме? Добро треба да се размисли околу ова прашање...Тешка е потрагата по овие непроценливи богатства. Некогаш нив ги среќававме насекаде. Кај децата на улиците, кај своите другарчиња, возрасните на работа, во домот. На секаде, дури и ми се чини дека понекогаш и во воздухот лебдеа љубовта и љубезноста како мушички, и... така немаше никогаш недостатоци од нив.


А сега мушичките влегле во жиците, па преку жиците во компјутерите, преку компјутерите во интернет мрежите, а од таму на фејсбук профилите. Па преку лајкови, коментари и многу други нереални комуникации ние денеска примаме и даваме љубов, се разбира имагинарна љубов. Страшно, но вистинито.... Лајкот им значи живот, коментарот на нивната профил слика кислород, а раговорите на чат хранлива материја која ги храни сите клетки во организмот за да ги одржи во живот и да не атрофираат. Но љубовта повторно и тука ја нема, нормално на лажните фејсбук профили сигурно ја нема постирано никој за слободно да си ја симниш и да си ја ставишна позадина на својот компјутерски екран, па така да почниш да ја чувствуваш во себе. До каде не доведе оваа напредна технологија. Сакајќи да ни помогне, многу ни одмогна. Ги уништува луѓето, ги заслепува, принудувајќи ги да веруваат во некои пороци од кои не можат да го сватат значењето на именката живот. Се повеќе и повеќе изостанува користењето на добрината, на добрите дела направени со многу љубов а не од корист и завист, како што многу од луѓето го прават тоа. Зошто мораше токму ние, младиве да зачекориме први во водите на овој лажен свет и да ги почувствуваме неговите „манири“ на сопствената кожа??? Мојата лутина, мојот бес кон немилосрдниот живот е се поголема, затоа што љубовта веќе со право може да се нарече дека е инвалид, којшто ја загубила засега едната нога, благодарејќи на сите оние кои ја злоупотребуваат нејзината добрина и убавина.

Реловска Наталија СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп III година


Се беше прекрасно, нормално, неверојатно. Беше весело девојче со премногу илузии, сонови, желби, полно со фантазирачки дух. Знаеше да биде пријател со секого. Ги сакаше пријателите, но бараше таа љубов да и биде возвратена. Токму тоа,другарството,ја доведе до најголемата пресвртница во нејзиниот живот. Една тивка ноќ,во нејзиниот живот стапна ново момче, нов пријател, кој го запозна благодарејќи на нејзините другари. Дружењето траеше, нејзината радост не можеше да се спореди ни со радоста на птицата која е пуштена на слобода. Колку ли само беше палавка? Деновите минуваа. Очите на момчето, новиот другар во нејзиниот живот веќе не гледаа во реалниот свет. Неговите очи беа воздигнати во небесните широчини, понесени од новата љубов, љубовта која и беше подарена нејзе. Чувствата му се зголемуваа од секунда во секунда. Од истата магија прифати и девојката, тоа невино суштество, чии очи за првпат застанаа на една станица, чие срце за првпат ја почувствува моќта и вкусот на искрената љубов. Нема ништо поубаво од тоа да сакаш и да бидеш сакан. Во тоа се уверија и двајцата, но сеуште беа многу млади за да им се препуштат на задоволствата, за понатаму му ги отвараат идните врати. Нивните усни се уште стоеја невини едни пред други, а тие,дарувајќи си само прегратки, кои им беа потребни. Двајцата заљубени и прегрнати во уште една мирна ноќ, се колнеа на вечно паметење, се колнеа на вечна љубов, дека како херои ќе ги препливат сите поплави, маки, страдања, препреки, дека нивната љубов ќе служи како оружје кон непријателите, како сила која вечно ќе постои во нив, како храна за нивното постоење. Сакаа да замине уште малку време,за да ја запечатат љубовта, нивните усни да се допрат и да најдат заеднички јазик, јазикот на ЉУБОВТА. И двајцата живееја еден за друг, и двајцата живееја од опојната љубов која ги маѓепсуваше и ги носеше во бесконечните простори, лебдејќи врз крилата на љубовта. Живееја во тој свет со мечти, свет без граници, свет без минато и иднина, свет створен само за нив двајца и љубота која се наоѓаше помеѓу нивните срца. Осамна.ново утро, нов ден, нови очекувања, ден наменет за уште една средба за нив двајца. Конечно, по не знам којпат, чукна часот да се сретнат повторно оние два заљубени погледи. Два? Заљубени? - Овие зборови веќе не постоеја, можеа да изгорат, да се распрснат. Веќе не постоеше ништо што можеше да се рече дека е заедничко, ни љубовта, ни нивниот свет, ни нивните срца. Се се раскина. Се остана само една длабока темна трага во минатото, остана една прашина, еден темен облак. Повеќе не постоеше оној цврст синџир помеѓу нив двајца, повеќе не се дел од опијанетите жртви на љубовта, повеќе не се заедно. Неговите очи се оддалечуваа, неговото срце забораваше на заколнатите зборови... забораваше на љубовта, која дотогаш ги исполнуваше и двајцата. Замина неосетно.


Таа беше дел од уште една негова загубена љубов. Тој,замина без збор, замина... се оддалечи од нејзиното постоење, ја остави заробена во мрак, со раскинето срце, со уништени сонови и илузии. Каде е онаа палавко девојче? Каде се нивните топли зборови кои пред секоја ноќ се редеа како алки на синџирот? Каде е нивната моќ, сила? Остави големи траги во нејзиниот живот. Ја остави да коленичи пред минатото, ја остави да липа пред неговите зборови, да плаче по неговата љубов. Ја остави да го бара во секој збор, да копнее по неговите усни, за кои заедно мечтаеја да се предадат едни на други, ја остави со надеж дека еден ден минатото би зазело позиција како нејзина иднина и дека повторно ќе се спојат тие, двајцата, како заљубени души. Минувајки крај него се потсетуваше на секој негов збор, произлезен од нежните усни, а тој со кренат поглед кон иднината, сигурно чекореше по нов свет, со уште една жртва во неговата (не)утешна прегратка... Има денови кои се забораваат, денови во кои не сме успеале да зацртаме нешто, со што би го паметиле тој ден, но има и денови кои остануваат во наше вечно сеќавање, денови кои оставаат трага меѓу листовите на нашата животна книга, денови кои одбележуваат и потсетуваат на наше уште еднодневно постоење. Тој необичен ден, тој ден по што ќе го паметам, што е уште еден ден меѓу кориците на мојата животна историја, е денот кога го запознав она необично девојче, онаа кое секогаш знаеше да предизвика смеа на моето лице,со своите „глупости“, да ме развесели. Необично е да засакаш некого кога не си го здогледал неговиот поглед, немаш допрено вистински до дното на нејговата душа. Но таа сепак, успеа да ја придобие мојата љубов, моето внимание, мојата помош. Посветено на мојата најдобра пријателка која ми покажа дека се може во животот да ни се случи. Дека не е се така розово како што изгледа, и дека можат да ни се случат само две „трагедии“ во животот : “Едната од нив е да не го добиеме тоа што го сакаме , а другата е да го добиеме тоа.” За Кристина. Михаела Кузманоска СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп III година


Се преливаат бои во очниот спектар на еден очаен љубовник, слатко чувство измешано со немир, крв по рацете на еден горделив човек, ноќта заспива под нејзиниот вел.. Гори уште една душа! Отапува острицата на неговата омраза, а тој чија облека постепено побледува, чека таа да се разбуди сонувајќи, притоа го врамува нејзиниот поглед во пригушена рамка, скриена во амбисот на заборавот. Неговото срце е идолот на нејзината невиност, крадците на ноќта ги крадат последните залихи на немата младост, под жилавиот даб поминуваат жешките воздишки, глувите сенки го затвораат кругот на болките, кобни ветрови ја отстрануваат прашината од нејзините очи, густи пајажини красат наметка.. И по час или два, гневен осаменик плаче над нејзиното тело, пее на некој неразбирлив јазик, миленикот твој, срцето шупливо заробено во мразови е како дете без дом, згуснати снегулки се вклештиле над нејзиниот очај, последниот збор во тесен чевел се скрил, и сред сиот тој неред од допири, останува мекоста на женското лице. реалноста презема мерки.


Тој трпеливо чека да завршат овие лаги, стои како биста пред длабоката бездна од емоции, расфрлани денови како трошки на подот, бела ткаенина на неговото тело, краеви заврзани со јазолот на гордоста, и додека да се засади нежноста покрај острата насмевка, Непријатен допир на расцутена љубов. Тишина.Трпение. Погледите им се ладни, а љубовта се загрева од нивното студенило. Се будат двајцата љубовници по долгиот сон, а на порцеланот од скршената чаша одекнува женскиот стон, еликсирот на неговата младост-нектар и амброзија. Она што недостасува е убаво завиткан расплет, пепел од прегорена страст, немири под хипотека, дамка од безбојно мастило, површни ликови.. Зар сеуште не научи, љубовнику? Јас сум трговец со зборови! Емилија Карафилоска ОСУ “Св.Климент Охридски” , Охрид II година


Во сонот на темнината Без сонце Без ѕвезди Без радост Во сонот на вистината Облак и дожд Попусто да е Ова не е само сон Ова е горка вистина Дека тебе те нема Човек беше А сега Човек нема Глас имаше А сега, глас нема.... Го барам во ноќта глува Од каде што неслушам глас, Молк и тишина И капат солзи Прокиснати до гуша Продолжуваме во живот Во кој тебе ќе те нема...... Елена Христоска - Крушево


Почитувани ИНФО СЕГА читатели По повод одбележувањето на 21ви февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Младинскиот Информативен и Советодавен центар ИНФО СЕГА ги повика младите да земат учество на ИНФО СЕГА конкурсот „Ајде да твориме на мајчин јазик“ и да го креираат нивниот есеј, расказ, драма, поема и слично со кој ќе учествуваат на истиот. Право на учество на овој конкурс имаа сите млади на возраст од 15 до 25 години да творат и да ги испратат своите дела до ИНФО СЕГА. Овој конкурс беше во знакот на книгите кои се столбови на знаењето и се од суштинско значење за унапредување на слободата на изразување и поттикнување на потенцијалот на младите да творат. На 21ви февруари, 2013 „Меѓународниот ден на мајчиниот јазик“, Младинскиот Информативен и Советодавен Центар ИНФО СЕГА, во фоајето на Градската Библиотека Борка Талески, Прилеп го прослави овој ден, преку настанот „Ајде да твориме на мајчин јазик!“. Настанот беше посетен од ученици од средните училишта, професори по македонски јазик, студенти и волонтери на Младинскиот Информативен и Советодавен центар ИНФО СЕГА. На конкурсот учествуваа 12 литературни творби, кои беа оценети од тричлена комисија (професор по македонски јазик и двајца претставници од ИНФО СЕГА) според критериумот литертурно дело кое испраќа најдобра порака до младите.


Најдобрите и наградени дела кои учествуваа на ИНФО СЕГА објавениот конкурс за литературни творби „ Ајде да твориме на мајчин јазик“ се: Наталија Реловска (ученик во СОУ Ѓорче Петров) – „Суровата реалност“; Теодора Јагуриноска (ученик во СОУ Гимназија Мирче Ацев) – „Фиока на тајните“; Марија Недеска (ученик во СОУ Ристе Ристески Ричко) – „Есенска авантура“; Елена Христоска „Сонот на вистината “ - Крушево. Од сите испратени творби кои учествуваа на овој конкурс беше направена оваа оnline збирка со литературни творби и истата беше поставена на веб страната на ИНФО СЕГА www.infosega.org.mk . Голема благодарност до училиштата кои несебично соработуваа со нас и учествуваа на овој конкурс, истотака голема благодарност до професорите по македонски јазик од сите средни општински училишта од Прилеп . Се надеваме дека оваа збирка ќе го привлече вашето внимание и дека ќе можите да процените колку е голем потенцијалот на нашите млади да творат. Со почит, Тимот на ИНФО СЕГА



Turn static files into dynamic content formats.

Create a flipbook
Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.