Елаборат за валоризација на Киселичка пештера

Page 1


Елаборатот за валоризација на природната реткост - Киселичка Пештера е подготвен во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDS) координиран од Helvetas Swiss intercooperation и Фармахем. Стратешки партнер на Програмата за зачувување на природата во Македонија е Центарот за развој на Источен плански регион (ЦРИПР).

___________________________________________________________ Изработувач на проектот:

Автор: Д-р Марјан Темовски Лабораторија за истражување на животната средина Институт за нуклеарни истражувања, Дебрецен Унгарска академија на науките Стручен соработник: Д-р Ивица Милевски Вонреден професор на Институтот за географија Природно-математички факултет Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје Лектура: Маја Катарова


СОДРЖИНА 1.

ИМЕ НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ ....................................................................... 4

2.

ВИД НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ........................................................................ 4

3.

ПОЛОЖБА НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ ............................................................ 4

4.

ОПИС НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ .................................................................... 8

5.

ОПИС НА ВРЕДНОСТА НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ ................................... 13

6.

ОЦЕНА НА СОСТОЈБАТА - ЗАГРОЗЕНОСТ НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ.................................................................................................................. 15

7.

ПРАВНА ОСНОВА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ .... 15

8.

ПРЕДЛОГ- МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА И УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ...................................................................................... 16

9.

ДОДЕЛУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА УПРАВУВАЊЕ ......................................... 18

ЛИТЕРАТУРА................................................................................................................. 19 ПРИЛОЗИ ........................................................................................................................ 20


1. ИМЕ НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ „КИСЕЛИЧКА ПЕШТЕРА“ Се среќава уште и како Пештера Киселица и Киселичка Дупка. 2. ВИД НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ Киселичка Пештера претставува спелеолошки објект, подземна карстна форма - пештера.

3. ПОЛОЖБА НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ -

Географска положба

Киселичка Пештера се наоѓа во котлината Пијанец, во атарот на с. Киселица, Делчевско. Пештерата се наоѓа на левата долинска страна на безимен поток, кој припаѓа на сливот на Киселичка Река, десна притока на р. Брегалница (Сл.1 и 2).

Сл. 1. Поглед на отсекот и влезот во Киселичка Пештера. Фото: И. Милевски.

Главниот (горниот) влез се наоѓа на надморска височина од 770 m со следните координати, дадени во државниот координатен систем (Гаус-Кригерова проекција): 4


-

Географски координати: 42° 01’ 30.6346” с.г.ш. 22° 44’ 52.7101” и.г.д.

-

Правоаголни координати: x = 4654977.440 y = 7644734.414

Сл. 2. Локација на пештерата (црвена точка) на исечок од топографска карта (1:25000)

-

Геолошки карактеристики

Пештерата се наоѓа во Краиштидната тектонска зона и е формирана во помал блок на тријаски варовници, кој лежи врз еоценски седименти од делчевско-беровскиот палеоген басен. Блокот на тријаски варовници се протега од двете страни на долината и во нив тешко можат да се забележат структурни карактеристики. Палеогените седименти имаат голема распространетост во овој простор, а јужно од пештерата тие се прекриени и со неогени езерски седименти, претставени со горно миоценски (Панчерево формација) и плиоценски седименти (Солње формација). Со оглед на разместеноста на неогените седименти во околината (Сл. 3), голема е веројатноста дека тријаските варовници кај пештерата биле прекриени со седименти од Солње формацијата (плиоцен), кои подоцна биле еродирани. Според македонската геолошката литература (Христов и др., 1976; Ковачевиќ и др., 1981; Ѓузелковски, 1959; Арсовски, 1997) тријаските варовници (често со тријаски конгломерати и песочници во подината), кои тука се среќаваат како повеќе помали блокови, претставуваат остаток од навлака, која ги прекривала палеогените седименти и имала поширока распространетост. 5


Поголеми остатоци од оваа навлака има кон исток, на Влаина Планина. Навлекувањето настанало најверојатно за време на савската и/или пиринејската орогена фаза (олигоцен-миоцен), по што следувало формирањето на неогениот беровско-делчевски басен. Бугарската геолошка литература, покрај како навлаки, издвојува помали блокови на тријаските седименти и како олистолити, внатре во палеогените седименти (пр. Milovanov et al., 2008a, 2008b).

Сл. 3. Локација на Киселичка Пештера (црвена точка) на исечок од основната геолошка карта (1:100000) – лист Ќустендил. Литолошки единици: Sgr – кварцно-графитични шкрилци (палеозоик); γ – гранитоиди (палеозоик); T1 – конгломерати и песочници (тријас); Т2 – варовници (тријас); 1E3 – конгломерати (палеоген); 2E3 – флиш (палеоген); χα – кварцлатити (палеоген); Pl – глини, песоци, чакали, песочници (горен миоцене – плиоцен). Локалната распространетост на варовниците кај пештерата е поголема, но на картата е генерализирано прикажана.

-

Геоморфолошки карактеристики

Пештерата се наоѓа на левата долинска страна од безимен поток кој кон југозапад се влива во Селничка Река, која во долниот тек на топографските карти е именувана и како Очипалска Река и претставува десна притока на р. Брегалница. Овој простор се одликува со флувијален и флувио-денудациски релјеф (Манаковиќ, 1980), претставен со повеќе плитки речни долини. Западно од долината во која се наоѓа пештерата се наоѓа Бабин Дол, а источно долината на Киселичка Река. И трите долини имаат правец на протегање од СИ-ЈЗ до ССИЈЈЗ и кон југозапад се вливаат во Селничка Река. 6


Сл. 4. Сливот на Селничка Река прикажан на исечок од геолошка карта и дигитален модел на висини. Локацијата на Киселичка Пештера е дадена со црвена точка.

Долината на Селничка Река во поголем дел е формирана на контактот на палеогените седименти со палеозојски гранити (Сл. 4), се протега во правец ССЗ-ЈЈИ и нејзиниот развој го контролирал развојот на претходно споменатите долини, вклучително и долината во која е формирана Киселичка Пештера. Нејзината еволуција, пак, е условена од всекувањето на р. Брегалница, која ја претставува долната ерозивна база во овој простор. Покрај спуштањето на ерозивната база, еволуцијата на речните долини е условена и од литолошките карактеристики, при што деловите изградени во неогените седименти имаат пошироки речни долини со благи долински страни, деловите изградени во палеогени седименти имаат нешто потесни речни долини и пострмни долински страни, додека деловите изградени во магматски карпи (палеозојски или палеогени) имаат генерално најтесни речни долини со најстрмни долински страни.

7


4. ОПИС НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ Првична информација за Киселичка Пештера е дадена од Колчаковски (1988), каде што се дадени основни морфометриски податоци со вкупна истражена должина од 46 m и приложена скица на пештерата во план и профил. За потребите на овој елаборат е извршено подетално истражување на пештерата, при што се истражени и картирани пештерски канали во должина од 108 m.

Сл. 5. Поглед на горниот (главниот) влез. Фото: М. Темовски.

-

Морфометрија и морфологија

Киселичка Пештера претставува сложена пештера со гранеста шема на пештерските канали, а наместа и со лажна лавиринтска (анастомозна) шема, како резултат на исполнетоста на пештерските канали со седименти, при што истражените канали се всушност делови каде што пештерските седименти се еродирани (види скица во прилог). Пештерата има два влезни делови, горен и долен, кои се наоѓаат на вертикален отсек, на 10-15 m над речното корито. Горниот влез (види скица во прилог, т.1) има елипсовидна форма, издолжена вдолж пукнатина, со ширина од 4 m и висина од 3,7 m и има северозападна експозиција (Сл. 5). Долниот влезен дел се наоѓа ~12 m југозападно и 4 m пониско од горниот и има западна експозиција. Се одликува со два влеза, помалиот (т. 17b) има димензии од 1 х 0,8 m, додека поголемиот (т. 18) од 2,7 х 1,1 m. И двата влезни делови се моделирани/откриени со ерозија на отсекот. Непосредно под горниот влез се забележуваат поголеми варовнички блокови откинати од отсекот. 8


Сл. 6. Поглед на глинестите седименти на подот и парагенетската морфологија на таванот во источниот дел од пештерата (т. 7), делумно моделирана со кондензивна корозија (активна кондензација се забележува во куполестите форми). Фото: М. Темовски.

Вкупната должина на картираните пештерски канали изнесува 108 m, со вертикална развиеност од 6 m. Во пештерата се издвојуваат и два пештерски канали со потенцијал за понатамошни истражувања, со што должината на истражени канали може да биде и поголема. Каналот во јужниот дел се стеснува како резултат на покриеност на ѕидовите со сливови, иако видливо е негово продолжение, додека во источниот дел се стеснува како резултат на исполнетост со глинести седименти. Речиси насекаде во пештерата, таванот на пештерските канали се одликува со парагенетска морфологија, формирана како резултат на корозија, која во фреатски услови (под вода) била насочена вертикално нагоре, како резултат на таложење седименти на подот. Наместа парагенетските форми се моделирани со кондензивна корозија (Сл. 6). Ова е особено изразено во источниот дел, каде што се забележува активна кондензација во куполи и џебови на таванот. Во средишниот и во јужниот дел морфологија, формирана со гравитациско парагенетската, која ја сече формирајќи (Сл. 7). Во деловите каде што е застапена се целосно еродирани.

од пештерата се среќава вадозна течење на водата. Таа е помлада од помали кањонски канали по дното вадозната морфологија, седиментите

Висината на пештерските канали е претежно помала од 1 m, а во деловите со куполеста морфологија се движи до 1,5 m. Најголема е кај горниот влез и во 9


горниот дел каде што достигнува до 3 m. Тоа се должи на покриеноста на тлото со пештерски седименти, поради што пештерските канали имаат поголема ширина од висина.

Сл. 7. Генетски помладо вадозно всекување на кањонест канал по дното на каналот во јужниот дел од пештерата. Фото: И. Милевски.

Структурна контрола на пештерските канали е тешко да се утврди, особено со оглед на тоа што воопшто е тешко да се забележат структурните карактеристики на варовниците.

-

Седименти

Тлото на пештерските канали, низ цела пештера со исклучок на претходно спомнатите вадозни канали и влезниот дел (горен влез), е прекриено со глинести седименти (Сл. 6 и 8). Тие се темнокафени до темносиви и во каналите со поголема циркулација прекриени со прашини. Пештерски украси има многу малку, и тоа само во вадозните канали, наталожени по измивањето на глинестите седименти, кои очигледно целосно ги исполнувале пештерските канали. Во централниот дел (Сл. 9 и 10) се забележува слив, кој по спуштањето по ѕидот завршува речиси висечки, односно седиментите под него биле еродирани. Повеќе помали украси (сталагмити,

10


сталактити, столбови и сливови) се среќаваат во тесниот дел од јужниот вадозен канал.

Сл. 8. Поглед на долниот дел од пештерата и долниот влез, со тло прекирено со седименти, ниска таваница и парагенетска морфологија. Фото: И. Милевски.

-

Спелеогенеза

Големината на горниот влез не соодветствува со големината на останатите истражени канали. Меѓутоа, со оглед на тоа што само во тој дел се забележува карпест под, големината веројатно се должи на еродирање на пештерските седименти во овој дел, кои сѐ уште се присутни повнатре. Дополнително, како резултат на нарушувањето на стабилноста на отсекот во овој дел, пештерскиот канал во овој дел е откриен (отворен) и со уривање на отсекот, што може да се забележи со сурнатите варовнички блокови, кои се наоѓаат под него кон речното корито. Несомнено, истото придонело и кон побрзо измивање на пештерските седименти во овој дел. Доводот на вода при формирањето на парагентетската фаза, со оглед на финозрнестите пештерски седименти, е алоген и доаѓа од североисток. Овие канали немаат вертикална развиеност вдолж некои структури преку кои би имало и автоген вадозен довод. Единствено, помладата вадозна фаза, евидентирана во средишниот и во јужниот дел е поврзана со довод на вода вдолж вертикални пукнатини и е накалемена на претходната. Ова укажува и на можна површинска покриеност на карбонатните карпи со неогените седименти 11


за време на парагенетската фаза, при што пештерските канали се формирани со понирање вода во речната долина, спротиводно од локацијата на пештерата. Парагенетски формираните пештерски канали се секундарни проширувања на пештерата, како резултат на зголемување на количеството седименти и/или вертикално поместување на позицијата на изворот. И во едниот и во другиот случај се последица на промени што настанале во сливот на реката и се последица на средински промени.

Сл. 9. Протечни пештерски украси – сливови, денес неактивни, во средишниот дел од пештерата. Фото. И. Милевски.

12


Формирањето на пештерските канали пред парагенетската фаза е тешко да се суди, со оглед на тоа што сегашната морфологија ја отсликува само парагенетската и последователната вадозна фаза.

Сл. 10. Долниот дел од сливот прикажан на сл. 9, кој завршувал на контактот со глинестите седименти, а по измивањето на седиментите останал да виси над дното на пештерскиот канал.

-

Биоспелеологија

Во пештерата не се вршени подетални биолошки истражувања, меѓутоа забележани се лилјаци, меѓу кои, според Брајаноска и Христовски (2015), е регистриран голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum), кој претставува Емералд вид, на Анекс 2 и 4 од ЕУ Директивата за живеалишта, додаток 2 од Бернската и додаток 2 од Бонската конвенција.

5. ОПИС НА ВРЕДНОСТА НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ Иако релативно мала, Киселичка Пештера е сепак значајна од повеќе аспекти. Претставува ретка регистрирана појава на пештера во источниот дел од Македонија, поточно во Краиштидната тектонска зона, каде досега се регистрирани само две пештери (Киселичка Пештера и Коњска Дупка). Дополнително е значајна и по нејзината појава во мал тектонски блок од 13


тријаски варовници, чија разместеност е многу мала во источниот дел на Македонија. Пристапноста до пештерата е релативно солидна, со оглед дека до оддалеченост од ~700 m се стигнува по асфалтен пат, по што следи земјен пат, а само последните 100 m се по козја патека. Единствено горниот влез е тешко пристапен и се наоѓа на карпест отсек на висина од 5 m од патеката. Пештерата е значајна и по нејзините морфолошки карактеристики. Пештерските канали, речиси целосно се формирани како резултат на парагенеза (развивање на каналите вертикално нагоре поради заполнување на долниот дел од каналот со седименти) во фреатски услови (каналот целосно исполнет со вода). Единствено во два дела се среќава помлада фаза на формирање пештерски канали, кои се формирале со гравитациско истекување вода по измивањето на седиментите (вадозни услови). Дополнително, во пештерата се регистрирани делови, чија морфологија е моделирана со кондензивна корозија, која сѐ уште е активна и овозможува подетални проучувања на овој спелеогентски процес во услови на епигена спелеогенеза. Со оглед на значењето на пештерите за проучувањето на геолошката и геоморфолошката еволуција на просторот, изразено преку нивниот капацитет да архивираат палеосредински информации, појавата на пештера во овој простор овозможува, со понатамошни подетални истражувања, да се добијат подетални информации за еволуцијата на просторот и палеосрединските промени во Пијанечката котлина. Од овој аспект, особено се значајни пештерските украси (иако тука не се застапени во голем број) и кластичните пештерски седименти. Дополнително, во пештерата се регистрирани единки на голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum), кој претставува Емералд вид, на Анекс 2 и 4 од ЕУ Директивата за живеалишта, додаток 2 од Бернската и додаток 2 од Бонската конвенција. Киселичка Пештера е една од најисточните вакви појави во Македонија и со подетални биоспелеолошки истражувања нуди можности за значајни резултати од аспект на биодиверзитетот на подземната фауна во Македонија. Пештерата не ги нуди типичните туристичките атрактивности карактеристични за спелеолошки објекти, како големи и пристапни пештерски канали, богати со разновидни пештерски украси, но се одликува со одредена специфичност, која може да биде искористена со алтернативните форми на пештерскиот туризам. Врз основа на претходно наведените карактеристики за Киселичка Пештера, таа се предлага да се заштити како природна реткост.

14


6. ОЦЕНКА НА СОСТОЈБАТА – ЗАГРОЗЕНОСТ НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ Во Киселичка Пештера не се забележани поголеми нарушувања. Во пештерските седименти, во горниот дел се забележани плитки ископувања, веројатно од трагачи по злато. Наместа се забележуваат натписи по ѕидовите. Во речното корито, под пештерата се забележани мали зафати на вода (Сл. 11).

Сл. 11. Зафати на вода од потокот и мал извор кој се наоѓа под пештерата.

7. ПРАВНА ОСНОВА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ Заштитата на пештерите (како спелеолошки објекти) е опфатена со Законот за заштита на природата (ЗЗП), подетално дефинирана со членовите 122-126 и предвидува заштита на спелеолошките објекти како заштитени подрачја (Службен весник на Република Македонија бр. 67/04, 14/06, 84/07, 35/10, 47/11, 148/11, 59/12, 13/13, 163/13, 41/14, 146/15, 39/16 и 63/16). Во извештајот за состојбата со заштитените подрачја во сливот на реката Брегалница (Брајаноска и Христовски, 2015), како дел од проектот „Анализа на недостатоци во еколошки податоци и изработка на карта на еколошка сензитивност на подрачјето на сливот на река Брегалница“, пештерата Киселичка Пештера е предложена за заштита како природна реткост. Заштитената категорија природна реткост е дефинирана во ЗЗП (Службен весник на Република Македонија бр. 67/04, 14/06, 84/07, 35/10, 47/11, 148/11, 59/12, 13/13, 163/13, 41/14, 146/15, 39/16 и 63/16), и е воведена со измените и дополнувањата на ЗЗП (Службен весник на Република Македонија бр. 35/10) 15


како дополнителна категорија на заштитено подрачје, на претходно дефинираните шест категории: категорија I – строг природен резерват (Ia) и подрачје на дивина (Iб); категорија II – национален парк, категорија III – споменик на природата, категорија IV – парк на природата, категорија V – заштитен предел, категорија VI – повеќенаменско подрачје. Согласно ЗЗП (член 90-а, став 1), делови од природата се прогласуваат како природни реткости поради нивните научни, естетски, здравствени и други значења, културна, воспитно-образовна и туристичко-рекреативна функција. Како природни реткости можат да бидат прогласени одредени ретки, загрозени и ендемични, растителни и животински видови, нивни делови и заедници, релјефни форми, геолошки профили, палеонтолошки и спелеолошки објекти (ЗЗП, член 90-а, став 2). Релјефни форми, геолошки профили, палеонтолошки и спелеолошки објекти можат да бидат прогласени за природна реткост доколку нивната површина е помала од 100 хектари (ЗЗП, член 90-а, став 4).

8. ПРЕДЛОГ-МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА И УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРИРОДНАТА РЕТКОСТ Согласно правилникот за мерките и активностите за заштита на спелеолошките објекти (Службен весник на Република Македонија бр.71/16), а со цел заштита на подземните ерозивни и акумулативни форми, пештерската фауна, археолошките и палеонтолошките наоди, геолошко-минералошките и хидрогеолошките појави во спелеолошките објекти и нивната непосредна околина, се предвидуваат мерки (член 3, став 1) кои забрануваат: - влегување правни и физички лица во спелеолошки објекти без претходно добиена дозвола од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата; - преземање активности кои негативно влијаат врз основните флористичкофаунистички карактеристики во спелеолошките објекти или на нивната површина; - кршење, уништување или отстранување на пештерски украси (сталактити, сталагмити и др.), како и изнесување пештерски украси, фосили, предмети од материјална култура и други предмети; - менување на еколошките услови во спелеолошките објекти и во нивната непосредна околина; - собирање пештерска флора и фауна; - вознемирување, протерување и ловење пештерска фауна на која спелеолошките објекти и нивната непосредна околина претставуваат нивни живеалишта;

16


- предизвикување бучава, вибрации, пожари и експлозии во спелеолошките објекти и нивната непосредна околина; - внесување алохтони животински и растителни видови во спелеолошките објекти; - депонирање отпадни, радиоактивни и биолошки неразградливи материи во спелеолошките објекти и нивната непосредна околина; - загадување на површинските води што понираат во спелеолошките објекти и подземните води во спелеолошките објекти; - изградба на градби и инфраструктурни објекти пред влезот, во непосредната околина и над површината на спелеолошките објекти; - истражување и експлоатација на минерални суровини во потесното подрачје на спелеолошките објекти и - туристичка посета на спелеолошките објекти кои не се уредени за таа намена, освен со придружба на спелео-водич. Согласно правилникот, ваквите мерки не се применуваат во случај на интервенции од аспект на спасување, природни катастрофи или спроведување предистражувачки и истражувачки дејствија од страна на правни лица регистрирани за спелеолошки истражувања (член 3, став 2).

17


Сл. 12. Предложената заштитна зона (бледоцрвено) и површинската распространетост на пештерските канали (црвено) прикажани на исечок од топографска карта (1:25000).

Со оглед на карактеристиките на пештерата, а со цел постигнување на предвидената заштита, се предлага: -

-

-

поставување информативна табла пред влезот, на која ќе бидат истакнати законските заштитни мерки и основните карактеристики на пештерата, дефинирање заштитна зона околу пештерата, која ќе се протега од двете страни на долината, целосно вклучувајќи ја локалната површинска распространетост на варовниците. Заштитната зона се предлага да се граничи со доловите источно и западно од долината во која се наоѓа пештерата, сѐ до изохипсата од 800 m кон север и земјениот пат кон југ (Сл.12). Вака дефинираната заштитна зона зафаќа површина од 41 ha. Физичка заштита на влезовите со поставување решеткаста врата, дизајнирана во консултација со стручни лица (биолози, спелеолози), со цел прилагодување на потребите на пештерската фауна (лилјаци). едуцирање на локалното население за потребата од заштита и зачувување на пештерата. 18


-

дополнителни истражувања на пештерата од соодветни стручни лица (спелеолози, карстолози, геоморфолози, геолози, биолози, археолози).

Од аспект на валоризација на природната реткост, пештерата нуди можност за понатамошни спелеолошки и подетални научни истражувања, но и нејзино делумно туристичко искористување. За последното, се предлага уредување пристапна патека од земјениот пат до пештерата и поставување информативна табла на влезот, со основни информации за пештерата и законските мерки поврзани со пештерата. Со оглед на карактеристиките на пештерата, не се препорачува класично туристичко уредување, туку единствено адреналинска туристичка посета на пештерата со спелеолог (спелеолошки водич), каде што посетителот е опремен со стандардна спелеолошка опрема (шлем, комбинезон, гумени чизми, ракавици, челно светло).

9. ДОДЕЛУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА УПРАВУВАЊЕ Со оглед на локацијата на пештерата во атарот на с. Киселица, дел од Општина Делчево, како и фактот дека нема активна спелеолошка организација во овој дел од Македонија, се предлага правото на управување со природната реткост „Киселичка Пештера“ да се додели на Општина Делчево. Со цел правилно и одржливо управување со природната реткост, при какви било активности поврзани со пештерата, се предлага понатамошно консултативно вклучување стручни лица (спелеолози, карстолози, геоморфолози, биолози).

19


ЛИТЕРАТУРА

1. Арсовски М. (1997): Тектоника на Македонија. Рударско-геолошки факултет, Штип, 360 стр. 2. Брајаноска Р., Христовски С. (eds). (2015): Извештај за состојбата со заштитените подрачја во сливот на реката Брегалница. Завршен извештај по проектот „Анализа на недостатоци во еколошки податоци и изработка на карта на еколошка сензитивност за подрачјето на сливот на река Брегалница“, Книга 4, Скопје, 118 стр. 3. Ѓузелковски, Д. (1959): Геолошка градба на теренот Делчево-Пехчево (Планина Влаина). Трудови на Геолошки Завод, Скопје, 7, стр. 75–95. 4. Ковачевиќ М., Петковски П., Темкова В. (1981): Толкувач за листот Делчево, Основна геолошка карта на СФРЈ, 1:100 000. Сојузен геолошки завод, Белград, стр. 1 – 55. 5. Колчаковски Д. (1988): Појава на подземни карстни форми во Источна Македонија. Спелеобих, 1-2, стр. 59-67. 6. Манаковиќ Д. (1980): Геоморфологија на Малеш и Пијанец. Природно и социогеографски карактеристики на Малеш и Пијанец. МАНУ, Скопје, 4769. 7. Milovanov P., Klimov I., Zhelev V., Sinnyovski D., Valev V., Petrov I., Ilieva E. (2008a): Geological map of the Republic of Bulgaria 1:50 000, sheet K-34-70-G (Vaksevo). Ministry of Environment and Water, Bulgarian National Geological Survey. 8. Milovanov P., Klimov I., Zhelev V., Sinnyovski D., Valev V., Petrov I., Ilieva E. (2008b): Geological map of the Republic of Bulgaria 1:50 000, sheet K-34-70-V (Rakovo). Ministry of Environment and Water, Bulgarian National Geological Survey. 9. Христов С., Карајовановиќ М., Јанчевски В., Иванова В. (1976): Толкувач за листот Кратово-Ќустендил, Основна геолошка карта на СФРЈ, 1:100 000. Сојузен геолошки завод, Белград, стр. 1–68.

20


ПРИЛОЗИ ЛОКАЦИЈА

Легенда: Евидентирана природна реткост „Киселичка Пештера“ Надморска височина: 770 m. Координати на влезот во пештерата според Гаус-Кригеровата проекција и Гринички почетен меридијан: Географски: 42° 01' 30.6346" с.г.ш., 22° 44' 52.7101" и.г.д. Правоаголни: x = 4654977.440, y = 7644734.414 Површина на локалитетот: 41 ha. Размер :

Р = 1 : 25 000

Секција:

Драмче, бр. на лист 684-3-4

ПЛАН И ПРОФИЛ НА КИСЕЛИЧКА ПЕШТЕРА

21




Turn static files into dynamic content formats.

Create a flipbook
Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.