МакеДокс во училница 2 / MakeDox in clasroom 2

Page 1


Додека го подготвувавме првиот прирачник МакеДокс во училница во 2012 година, амбицијата беше да допреме до некои наставници по предметите социологија и граѓанско образование и сметавме дека би било успех доколку имаме и 20-30 наставници кои би биле заинтересирани за примена на пристапот што го нудиме. Начинот како се одвиваа нештата понатаму навистина го сметаме за сериозен комплимент за целата наша работа. На обуките што следуваа, се пријавија и успешно ги поминаа над 120 наставници од средните училишта од Република Македонија. Повратната информација од нив е исклучително позитивна. Прирачникот се користи и по неколку години од неговото издавање, наставниците ги проценуваат филмовите и понудените активности како многу корисни и едукативни, многу добро прифатени од учениците. Исто така, често добиваме барање од други колеги, кои предаваат други предмети, за изработка на сличен прирачник за нивните предмети. Сето тоа го сметаме за сериозен поттик за понатамошна работа. Во меѓувреме, многу нешта се сменија. Креативната документаристика во светот, но на општа радост, и кај нас станува сѐ попопуларна. Па така, во овој прирачник имаме и три нови, домашни филма!

Овој прирачник нема намера да го замени претходниот, туку е своевидна надградба на претходниот. Не го заменува, туку се очекува да понуди побогат избор за третирање на соодветни образовни теми/цели. Според досегашните искуства, многу ретко се користени активностите што беа понудени за 90 минути, за таканаречените блок-часови, па одлучивме да не го оптоваруваме овој прирачник со такви активности. А видовме дека наставниците што се заинтересирани да го користат прирачникот се доволно мотивирани и секако, вешти сами да осмислат автентични активности – покомотни сме да им ја дадеме таа слобода од почеток. Првиот прирачник е поструктуриран, со цел да им ја олесни работата на наставниците. Овој пат, врз основа на досегашното искуство, активностите имаат послободна структура, затоа што видовме дека наставниците речиси секогаш имаа потреба делумно ригидната и воопштена поставеност на нештата во претходниот прирачник да ја изменат и приспособат на конкретниот контекст. Овој пат, повторно нудиме структура, но нагласуваме дека таа е само ориентација, можна насока, основа врз која може но и не мора да се структурира часот. Се уверивме во тоа што го претпоставувавме во претходниот прирачник, дека иако филмот го третираме како алатка за постигнување на образовни цели, тој сам по себе е моќен медиум и (често) без разлика на начинот на кој ќе се работи со него, најчесто доволно добро ја третира темата и има „ефекти“ и по завршувањето на часот. Затоа, овој пат поголем акцент е ставен на самите филмови. Така, во овој прирачник се вклучени „похрабри“, поконтроверзни филмови, според очекувањето дека ќе го користат веќе испраксирани наставници, на кои им е потребна „поамбициозна“ содржина. Секако, тоа не важи за сите филмови и е различно во различни одделенија/контексти. Секако, повторно суштината на пристапот е иста – да понудиме алатка за достигнување на образовни цели која е поинаква, можеби покреативна, пристап што полесно ги објаснува, отсликува нештата, полесно допира до поголем број ученици. Клучен акцент е да се понудат активности што ќе претстават алтернативен поглед на нештата, кои ќе провоцираат дискусии, искажување различни мислења, да поттикнат развој на вештина за критичко промислување на нештата. Но исто така, да се сочувствува, да се мечтае...


НА ТОЧАК! Филмот и понудените активности можe да бидат корисни во предметите социологија, граѓанско образование и граѓанска култура, за покривање на соодветни цели, како на пример: општествени групи, општествена интеракција, општествени промени, еколошка криза, граѓански права и одговорности, политиката и човековите права, заштита на човековата средина, идеологијата во современите општества, колективно дејствување и социјални движења, нови социјални движења, како и во проектните активности: Мир, толеранција и заштита кај загрозувања и ризици, темелни вредности и може да покрие бројни цели од проектните активности: Урбано живеење и Култура на здравото живеење.

1

ФИЛМ:

НА ТОЧАК, Македонија, 2015, 16 мин.

Режија: Горјан Атанасов

ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ФИЛМОТ: Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер. Дипломирал филмска и телевизиска монтажа на Факултетот за драмски уметности во Скопје. До моментов на издавање на прирачников (2017 год.), работел на повеќе кратки играни и документарни филмови, како и неколку музички спотови, а во иднина вели дека планира да се посвети на документаристиката. За својата работа го вели следново: имањето пасија во животот е многу важна работа за секој човек, но кога таа пасија преминува во поттикнување на општествени и културолошки процеси, тогаш таа пасија станува важна и за другите во општеството. Филмот „На точак“ раскажува токму една таква приказна. Неколку ликови што делат иста страст за велосипедизам започнуваат едно движење наречено „Критична маса“ кое успешно веќе неколку години ги носи промените што му се потребни на општеството.


ИНФОРМАЦИИ ШТО МОЖАТ ДА ВИ БИДАТ ОД ПОЛЗА: Филмот е приказ на група урбани луѓе од најразлични профили, кои ги поврзува единствено страста за возење велосипед. Тие посветено ни ја пренесуваат убавата страна на возењето точак, сите предности и погодности, но и бројните предизвици со кои тие се соочуваат, обидувајќи се да се пробијат во сообраќајната џунгла на нашиот главен град. Филмот е едноставен и близок до нашата публика, што може да има повеќе предности. Учениците полесно ќе се идентификуваат со дадениот контекст, ќе може да ги согледаат нештата од друга перспектива и можеби некои од нив ќе бидат поттикнати и самите да снимат филм за нешто што е значајно за нивното опкружување.

Генерално, возењето велосипед се смета за активност од која има неспоредливо многустрана корист. Бара релативно мал напор, споредено со други „спортски“ активности. Може да се практикува за паралелно да се завршуваат други обврски. Бесплатно е по првата инвестиција за набавка на велосипед. Може да ја практикува поголем број од популацијата. Не загадува, а позитивните аспекти врз здравјето се како ретко која друга активност. Како пример ќе го дадеме следново: истражување направено на велосипедисти од Данска покажало дека мажите што возат брзо и со јак интензитет живеат 5,3 години подолго, додека, пак, мажите што возат со нормална брзина живеат речиси 3 години подолго од оние што возат бавно. За женските велосипедисти истражувањата покажале дека оние што возат бргу живеат речиси 4 години подолго од оние што возат бавно, а оние што возат нормално 2,2 години повеќе од нив. Ова истражување го спровел професорот Питер Шнор од Европскиот совет за кардиологија, кој го споредувал здравјето на велосипедистите со нивните резултати од возењето. Велосипедизмот се покажал како спорт што ја намалува смртната стапка во целина, изразито намалувајќи ги коронарните срцеви заболувања. Според најновите препораки, најмалку 30 минути физичка активност секој ден го намалува ризикот од срцеви проблеми. Дел од другите предности на возење велосипед може да се видат во работните материјали. Но, велосипедизмот во овој филм може да е само парадигма или платформа за бројни општествени феномени, за тоа како е организирано современото општество, за темелни човекови вредности, за формални и неформални групи. Можност и компетенција за акција. Активизам, самоорганизирање и слично. Може да е одлична активност доколку сакате да ги поттикнете вашите ученици на некаков активизам.


Можеби можат внимателно да се искористат ресурсите на страниците https://archiveguide.witness.org/ http://www.epolitics.com/2015/12/22/new-digital-organizing-tools-foractivists-worldwide/ http://www.patagonia.com/product/tools-for-grassroots-activistspaperback-book/BK740.html Во филмот е прикажано движењето „Критична маса“. Тие за себе го велат следново: Што е критична маса? Критична маса е возење точак! Се создава кога група велосипедисти ќе се соберат на едно место и заедно се возат по улиците од својот град. Критична маса нема раководство. Тоа е возење каде што никој не е главен. Секој е одговорен за себе и за масата.

Почетоци на „Критична маса“ Првото возење „Критична маса“ (КМ) било во септември 1992 година во Сан Франциско и во него учествувале 48 велосипедисти. Возењата добивале сѐ поголема масовност од приближно 75% во однос на секој претходен месец. Така на почетокот од 1993 имало 500 велосипедисти и настанот станал добропознат меѓу велосипедистите во градот, иако градските власти сѐ уште го немале регистрирано постоењето на возењата. Неколку месеци подоцна, луѓе од други градови започнале да организираат критични маси. Истата година, полицијата од Сан Франциско и градоначалникот ги забележале возењата и изнаоѓале начини како да се справат со нив. Во јуни 1997, новиот градоначалник испратил јавна критика до учесниците, што го мотивирало големото возење во јули 1997, кое прераснало и во полициски немири.

Приказната зад името Името „Критична маса“ е земено од документарниот филм за велосипедизмот на Тед Вајт (Ted White) „Return of the Scorcher” (1992) - „Враќањето на велосипедот“ (scorcher е сленг име за велосипед од 19 век). Во филмот, Џорџ Блис (George Bliss) опишува типична сцена во Кина, каде што велосипедисти не можат да поминат крстосници бидејќи има премногу автомобили, а нема семафори. Полека, полека, сѐ повеќе велосипедисти се собираат чекајќи да ја преминат крстосницата и кога ќе има доволен број од нив, „критична маса“, како што ја нарекува Блис, благодарејќи на својата бројност, тие можат да си го пробијат патот.


20-ина години подоцна Денес „Критична маса“ се организира во над 300 градови во светот. Нема лидери, нема формална организација, само критична маса велосипедисти. Најмасовната КМ се одржала во Будимпешта, Унгарија во 2008 година, кога учествувале 80.000 велосипедисти. Вообичаено „Критична маса“ се одржува еднаш месечно, и тоа најчесто последниот петок во месецот. Која е филозофијата? Како изгледа возењето? Колкумина учествуваат? „Критична маса“ е различна од град до град од аспект на масовност, (не)почитување на сообраќајните правила, интеракција со возачите и интервенциите на полицијата. Така, ако сакате да дознаете повеќе за „Критична маса“, треба да го проверите и локалното значење.

„Критична маса“ во Скопје ја организира здружението „На точак“: „На точак“ е неформална група скопски велосипедисти, оформена првично преку социјалните мрежи. Целта на „На точак“ и на организирањето „Критична маса“ во Скопје е популаризација на велосипедот како урбано превозно средство. „Критична маса“ во Скопје се одржува секоја последна среда во месецот. Часот е променлив во зависност од делот на годината. Вообичаеното почетно време е 17:30, освен во лето кога е 19:00. Сите се добредојдени, сѐ додека го почитуваат упатството за учесници.

Како да започнам критична маса во мојот град? За тоа постои посебна страница со упатство. (упатството го има на линкот од каде што е и преземен текстот за критична маса: http://natochak.blogspot.mk)

Вреди да се спомене дека до овој момент (јануари 2017), поради дејствувањето на „Критична маса“ и на слични иницијативи, во делови од Скопје, во голема мера, значително е подобрена велосипедската инфраструктура.


АКТИВНОСТ: МАЛИ ПРИКАЗНИ ЦЕЛИ: • ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО ПОЗИТИВНИТЕ СТРАНИ НА ФИЗИЧКИТЕ АКТИВНОСТИ И ОСОБЕНО НА ВЕЛОСИПЕДИЗМОТ, КАКО СОВРЕМЕН УРБАН ФЕНОМЕН • ДА ИЗГРАДАТ АКТИВЕН СТАВ КОН ПРЕДИЗВИЦИТЕ ВО НИВНОТО ОПКРУЖУВАЊЕ МАТЕРИЈАЛИ: • РАБОТЕН ЛИСТ: „ВОЗЕЊЕТО ТОЧАК...“

• РАБОТЕН МАТЕРИЈАЛ: „ВИСТИНА ИЛИ ПРЕДИЗВИК“ ВОВЕДНА АКТИВНОСТ (10-15’): Учениците се делат на четири групи. Секоја од групите треба да избере 5 до 7 тврдења за велосипедизмот за кои сметаат дека се најважни за нив. Доколку сметаат дека некое тврдење е неточно, исто така, да го издвојат на страна. Потоа секоја група реферира за изборот што го направила. На секоја група им се дава по еден примерок од работниот материјал: „ВИСТИНА ИЛИ ПРЕДИЗВИК“, да го разгледаат и да споредат доколку имале тврдења што им изгледале неточни. ПРОЕКЦИЈА НА ФИЛМОТ: НА ТОЧАК (16’)


РАЗГОВОР ЗА ФИЛМОТ (10-15’) • Што мислите за филмот?

• Вози ли некој од вас активно велосипед?

• Се сретнувате ли со некои слични предизвици?

• Видовте ли нешто во филмот што вам лично ви е важно? • За што се зборува во филмот?

• Кои проблеми на современото живеење се прикажани во овој филм? • Кои вредности се промовираат во филмот?

• Каков животен стил подразбира возењето велосипед? Кои се придобивките од возење велосипед на лично и на ниво на заедницата?

• Што мислите за движењето „Критична маса“?

• Зошто така се нарекуваат? Што сакаат да постигнат?

• Колкаво е значењето на тоа што тие го прават? Зошто?

• Има ли некакви проблеми во вашето опкружување за кои сметате дека е можно да се направи слична акција? Кои? Зошто? Како?

Горенаведените прашања се само можни насоки за дискусија. Во секој случај, се очекува наставникот да ги приспособи за дадениот контекст, цели и барања од конкретниот час.


1. ЌЕ СТИГНЕШ ПОБРГУ

16. ГО ИЗБЕГНУВАШ ЗАГАДУВАЊЕТО

2. ЌЕ СПИЕШ ПОДЛАБОКО И ПОКВАЛИТЕТНО

17. ВОЗЕЊЕ ВЕЛОСИПЕД ЗНАЧИ ПОВЕЌЕ ГРИЦКИ И БЛАГО БЕЗ ГРИЖА НА СОВЕСТ

3. ЌЕ ИЗГЛЕДАШ ПОДОБРО

18. ОВОЗМОЖУВА КРЕАТИВНИ УВИДИ

4. ЈА ПОТТИКНУВА РАБОТАТА НА ЦРЕВАТА

19. ПОДОБРИ ЈА КОНДИЦИЈАТА БЕЗ МНОГУ НАПОР

5. ТЕ ПРАВИ ПОПАМЕТЕН

20. ТОПИ ПОВЕЌЕ МАСТИ

6. ГО ПОДОБРУВА ОПШТИОТ ИМУНИТЕТ

21. ДАВА НЕВЕРОЈАТНО ЧУВСТВО НА СЛОБОДА

7. ЖИВЕЕШ ПОДОЛГО

22. ЌЕ СЕ ЧУВСТВУВАШ СРЕЌЕН/СРЕЌНА

8. Ѝ ПОМАГАШ НА ПЛАНЕТАТА

23. ОСЛОБОДУВА ОД СТРЕС

9. ГО ПОДОБРУВА СЕКСУАЛНИОТ ЖИВОТ

24. УМОРНИ СТЕ? КАЧЕТЕ СЕ НА ТОЧАК!

10. ГО ШТИТИ СРЦЕТО

25. ПОМИНУВАШ КВАЛИТЕТНО ВРЕМЕ СО...

11. ШЕФОТ ЌЕ ВЕ ОБОЖАВА!

26. СОГОРУВА КАЛОРИИ И ГИ ТОНИРА НОЗЕТЕ

12. ШТИТИ ОД РАК

27. ГО КОНТРОЛИРА АПЕТИТОТ

13. НАМАЛИ КИЛАЖА СО ВОЗЕЊЕ ТОЧАК

28. ГИ ЧУВА ЗГЛОБОВИТЕ

14. ЌЕ ИМАШ ПОВЕЌЕ ПАРИ

29. ПРЕДИЗВИКУВА ЗАВИСНОСТ

15. ЈА ПОДОБРУВА РАБОТАТА НА ДИШНИТЕ ПАТИШТА

ДОПОЛНИ

РАБОТЕН ЛИСТ: „ВОЗЕЊЕТО ТОЧАК...“ ИЗБЕРЕТЕ ПРИОРИТЕТИ, ОД МОЖНИТЕ „ПОСЛЕДИЦИ“ ОД ВОЗЕЊЕТО ВЕЛОСИПЕД.


РАБОТЕН МАТЕРИЈАЛ: „ВИСТИНА ИЛИ ПРЕДИЗВИК“ 1. Ќе стигнеш побргу Можеби и не е забележливо за помали места, но најчесто ова е точно, особено доколку се земе предвид времето за барање на место за паркирање, застои на крстосници, плаќање паркинг. Според едно британско истражување, во поголемите градови се троши двојно помалку време за истата дестинација со велосипед отколку со автомобил. Дури и во градови со помал број население и помалку гужва, генерално е побргу да се стигне со велосипед отколку со автомобил. Секако, ова важи и за поголемите населени места во Македонија.

2. Ќе спиеш подлабоко и поквалитетно Возењето велосипед наутро веднаш ќе те расони, но и ќе ти помогне да заспиеш полесно и да имаш поквалитетен сон во текот на ноќта. Во едно истражување направено од Школата за медицина при Универзитетот Станфорд (Stanford University School of Medicine) им било наложено на луѓе што имале проблеми со спиењето да возат велосипед 20-30 минути во текот на денот. Резултатите покажале дека времето што им било потребно за да заспијат се намалило на половина, а спиењето се продолжило за еден час. Возењето велосипед ве снабдува со енергија во текот на денот и воедно гарантира дека ќе спиете како бебе во текот на ноќта. Квалитетниот сон е еден од клучните фактори за одморено тело и ум, свеж изглед и ослободување од вишокот килограми. 3. Ќе изгледаш подобро Возењето велосипед едноставно ќе направи да се чувствувате и да изгледате помладо, не само во духот, туку и во буквална смисла – ги регенерира кожата и целото тело. Кожата се затегнува, не се прават брчки. 4. Ја поттикнува работата на цревата Докажано е дека возењето велосипед ја подобрува работата на системот за варење, ги подобрува столицата и работата на цревата. Го намалува чувството на надуеност и помага во заштитата од рак на цревата.

5. Те прави попаметен Сакаш да ти цвета сивата маса во мозокот? Качи се на велосипед. Истражување на Универзитетот од Илиноис покажало дека 5% подобрување на циркулацијата од возење велосипед резултира со 15%


подобрување на тестовите за интелигенција. Тоа е затоа што возењето велосипед помага да се формираат нови клетки во хипокампусот – дел од мозокот одговорен за помнење, кој се намалува по 30-тата година од животот. Утринската „замагленост“ на умот веднаш по будењето може лесно да се избистри со неколкуминутно возење велосипед. Вртењето на педалите значително ја подобрува циркулацијата на крвта, од нозете па сè до мозокот, со што влијае врз работата на мозокот и концентрацијата. Додека возиш, можеш и да си ги средиш мислите и мирен/на да стигнеш на дестинацијата.

6. Го подобрува општиот имунитет Како и други умерени физички активности, и возењето велосипед ги прави клетките поактивни, што ги прави поподготвени да се борат со инфекции. Затоа што многу често немаме време/волја за други активности на кои треба да им се посвети дополнително време, со велосипедот можеш да вежбаш истовремено додека одиш на училиште, работа или на кино... 7. Живееш подолго Истражувања на еднојајчени близнаци покажале дека дури и еквивалент на три 45-минутни возења велосипед неделно те прави девет години „биолошки помлад“, без разлика на други фактори како телесна маса и/ или пушење. Циркулацијата и имунитетот значајно се подобруваат и телото има многу поефикасен имунитет и полесно регенерира нови клетки.

8. Ѝ помагаш на планетата Дваесет велосипеди можат да се паркираат на место што го зазема еден автомобил. Споредено со правење еден автомобил, само околу 5% од материјалот, времето и енергијата се потребни да се направи еден велосипед, а велосипедите потоа имаат 0% загадување. Заменувајте го вашиот автомобил со велосипед секогаш кога имате можност. Бидете пример за вашата заедница со користење на ова алтернативно превозно средство. Ќе ѝ направите услуга на животната средина со тоа што ќе придонесете за намалување на загадувањето на воздухот. Покрај тоа, ќе заштедите време и пари при транспортот од една локација до друга, вешто избегнувајќи го метежот во сообраќајот. 9. Го подобрува сексуалниот живот Доведувањето на телото во топ форма со помош на велосипед не


само што ви овозможува да се чувствувате добро и што ја зголемува самодовербата, туку и го балансира нивото на машките и женските хормони во организмот. Иако најголем дел од истражувањата укажуваат дека физичката активност е во директна врска со ендорфините, сепак несомнено влијае и врз хормоните, како тестостеронот. Жените што се во добра физичка форма ја одложуваат менопаузата. „Тоа што е добро за вашето срце е добро и за вашиот сексуален живот.“ 10. Го штити срцето Докажано е дека возењето велосипед го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Оваа забавна физичка активност ќе се погрижи да го намалите ризикот од појава на различни заболувања, како компликации со срцето, дијабетес тип 2 или рак. Го стабилизира крвниот притисок и значително ги намалува шансите за доживување на срцев удар. Возењето велосипед претставува комплетна „вежба“ за вашето срце, крвните садови и белите дробови. 11. Шефот ќе ве обожава! Истражување направено врз 200 луѓе покажало дека вработените што доаѓале со велосипед на работа или што возеле за време на паузите, покажале значајно повисока мотивација и постигнувања на работното место, ги завршувале обврските навреме и имале подобар резултат во справувањето со стрес. Исто така, имале многу подобри односи со другите вработени. И тоа не важи само за шефот, туку и за друштвото и соучениците. Без да забележите, ќе станете поомилени во друштво, само поради вашата насмевка која природно доаѓа од возењето велосипед.

12. Штити од рак Има многу докази дека секоја физичка активност помага како заштита од рак, но има истражувања што покажале дека возењето велосипед е особено добро за да се одржат клетките во добра состојба. Едно истражување врз жени покажало дека оние што возеле велосипед почесто, го намалиле ризикот од рак на дојка за 34%. 13. Намали килажа со возење на велосипед Возењето велосипед е еден од најефикасните начини за согорување на калории. Исто така е значајно полесно од, на пример, џогирањето, кое знае да е особено тешко колку што повеќе килограми има човек. Човек


со голема телесна тежина особено ги оптоварува колената, зглобовите и ‘рбетот. На точак, најголем дел од товарот го презема седиштето, па вашиот скелет не се оптоварува.

14. Ќе имаш повеќе пари Покрај очигледните предности дека не плаќаш за превоз, тука се и „скриените“ штедења. Трошиш помалку пари за лекарства, затоа што се разболуваш помалку. Велосипедот е неспоредливо поевтин за одржување отколку автомобилот, го намалува апетитот и трошиш помалку пари за грицки и воопшто за храна, а намалувањето на телесната тежина е директно поврзано со штедење на разни начини. Бројките велат дека со зголемување на една единица во телесна маса, се зголемуваат животните трошоци за 8%. 15. Ја подобрува работата на дишните патишта Не е тешко да се претпостави дека додека возите велосипед, белите дробови се повеќе зафатени! Возрасните во просек користат 10 пати повеќе кислород отколку што користат додека седат и гледаат телевизија. Но, редовното возење велосипед, со тек на време, им овозможува подобра работа на срцето и на дишните патишта воопшто, за да го донесат кислородот каде што треба, што од друга страна значи дека секое следно возење станува полесно.

16. Го избегнуваш загадувањето Честа предрасуда е дека велосипедистите во големите градови дишат најзагаден воздух од сите учесници во сообраќајот. Кралскиот колеџ од Лондон направил истражување во кое се гледа дека луѓето што се возеле во такси вдишувале околу 100 000 ПМ честички на кубен сантиметар на белите дробови, оние што се возеле во автобус, нешто под таа вредност, а луѓето во сопствени возила околу 40 000. Велосипедистите, пак, биле изложени на околу 8000 ПМ честички на кубен сантиметар. Затоа што не возат директно на улица, не возат зад линијата на издувни гасови и често имаат скратени патишта по кои нема толку сообраќај.

17. Возење велосипед значи повеќе грицки и благо без грижа на совест Зголемено внесување сол е ретко совет од лекар, но доколку возите неколку дена со поголем интензитет, тоа е токму она што треба да се направи. Ова ви дава совршен изговор да се почестите со некој чипс и друга солена храна, која можеби нормално би ја избегнувале. Натриумот


во нив помага да се заштити вашето тело од хипонатремија, состојба предизвикана од пиење премногу вода без доволно натриум, што може да доведе до дезориентација, болест и полошо. Сепак, доколку ви се јаде солено, подобро изберете кикиритки или нешто поздраво од чипс.

18. Овозможува креативни увиди Писатели, музичари, глумци, сликари и други креативци често користат физички вежби за да надминат ментални блокади и/или да донесат одлуки. А возењето велосипед и во овој случај е особено корисно, затоа што се вози на отворено, често во природа или барем парк, мислите на момент одлетуваат и/или умот се смирува и често нештата може да се видат од поинаква перспектива. 19. Подобри ја кондицијата без многу напор Ем не е тешко, ем не плаќаш за вежбање, ем не е во затворен простор, ем можеш кога сакаш, со кого сакаш. А придобивките се како најдобрите и најскапи програми за вежбање. 20. Топи повеќе масти Познато е дека возењето велосипед е еден од најефикасните начини да се топат насобраните масти во телото. Но, она што помалку се знае е дека тој процес не се случува само за време на возењето, туку може да продолжи дури и неколку часа по возењето. Дури и 30-минутно возење може да предизвика процес на трошење калории со часови потоа.

21. Дава неверојатно чувство на слобода Слободното брзо движење (во споредба со пешачењето), леснотијата во движењето, поткрепено со лачење на хормоните кои ни даваат позитивно расположение, даваат едно неверојатно чувство на мир и слобода, како ниедна друга чисто физичка активност.

22. Ќе се чувствуваш среќен/среќна Само 30 минути возење велосипед дневно се потребни за зголемување на нивото на енергија, без дополнителни стимуланси, како зголемени количини кафе. Честа заблуда е дека физичката активност ќе ве премори или исцрпи. Всушност, ве стимулира и ви дава многу повеќе енергија за другите секојдневни активности. Како и секоја друга физичка активност, така и возењето велосипед ве исполнува со чувство на задоволство. Ослободува ендорфини или


хормони на среќа - серотонин и допамин, што придонесува за општото расположение и чувство на задоволство и среќа. Единствениот легален и бесплатен начин да си „хај“ !

23. Ослободува од стрес Секојдневните грижи и проблеми може да ве исцрпат и да го зголемат нивото на стрес. Вашиот ум и тело го чувствуваат тоа. Направете си услуга, изнесете го велосипедот и започнете да возите, бидејќи дејствува терапевтски. Со самото излегување во природа и на чист воздух, ќе почувствувате инстантно олеснување и подобрување на вашата состојба. Колку што повеќе уживате во текот на физичката активност, толку побргу ќе се ослободите од стресот. Вртењето на педалите ќе ви се чини како медитација. Целосно сконцентрирајте се на правилно и енергично вртење и блокирајте ги сите негативни мисли. Велосипедот навистина е магична гума за бришење на стресот и нервозата. 24. Уморни сте? Качете се на точак! Звучи нелогично, но ако се чувствувате премногу уморни за да се повозите, најдоброто нешто што можете да го направите е – да се повозите. Бројни истражувања направени од 1945 наваму покажуваат дека најдобра терапија за умор, дали е физички, на мускули или психички, е токму физичката активност. Велосипедот е особено од помош, затоа што тоа е комплетно ангажирање на телото и умот со многу мал физички напор. 25. Поминуваш квалитетно време со... Претставува одлична социјална и семејна активност. Една од најдобрите работи кај возењето велосипед е фактот што може да го практикувате сами, но и во друштво. Велосипедизмот е одлична друштвена активност која ќе ви овозможи квалитетна и забавна дружба со пријателите или со членовите на семејството. Особено што сите ќе бидете расположени по кусо време. Забавата е неизбежна. И најдобро од сè – бесплатно е. Не мора да вложите многу пари за да го исполните вашето слободно време со дружба и многу забава. Ова е спорт во кој буквално може да ужива целото семејство.

26. Согорува калории и ги тонира нозете Возењето велосипед е одличен начин да потрошите многу калории без да вложите екстремен физички напор. Вашата тежина, отпорот на кој е наместен велосипедот, брзината со која ги вртите педалите, како и должината на патеката што сте ја одбрале за возење, влијаат врз бројот


на согорените калории во текот на возењето. Пример: Едночасовното лежерно возење велосипед кај личност со 55 килограми согорува 220 калории. Истовремено се тонираат нозете и колковите, а со правилно седење на велосипедот се активираат и стомачните мускули. Возењето го зајакнува и вашиот грб, а со повремено потстанување од седиштето и вртење на педалите ќе успеете полесно да го обликувате задникот. 27. Го контролира апетитот Истражување на Универзитетот од Суреј (University of Surrey) покажало дека возењето велосипед може да помогне во контролирањето на апетитот. Со оваа физичка активност ќе ја скротите желбата за повеќе храна. Имено, лицата што учествувале во истражувањето имале ист заеднички појадок, а потоа се поделиле во две групи. Додека едните останале да одмораат, другите возеле велосипед. Се утврдило дека со само 60 минути возење се активираат хормони што го намалуваат чувството за глад, што придонесува за консумирање на значително помалку храна и калории.

28. Ги чува зглобовите Возењето велосипед е кардиоваскуларна активност која овозможува помало триење и оптоварување на зглобовите, за разлика од физичките активности како аеробик или трчање. Шансите за повреда се минимални, со оглед на фактот што и обично пешачење повеќе ги активира колената. Доколку имате проблем со колената, не сомневајте се дека возењето велосипед е вистинско решение за вас. Како и секоја друга физичка активност, така и редовното возење велосипед ќе ви овозможи блескава и затегната кожа, како и привлечна линија на телото. Фактот што вистински ќе уживате додека го возите вашиот велосипед ќе предизвика искрена насмевка на вашето лице.

29. Предизвикува зависност Да, возењето велосипед, по одредено време, најчесто предизвикува зависност. Откако ќе се навикнете на сите предности и на доброто чувство и го најдете уживањето во возењето на велосипед, според многу велосипедисти, станувате трајно зависен/зависна. И тоа не е противзаконски ниту штетно за вас. Евтин и легален начин да сте цело време „хај“!


XY 101000 X Филмот и понудените активности може да бидат корисни во предметите социологија, граѓанско образование и граѓанска култура, за покривање на соодветни цели, како на пример: општествени групи, општествена интеракција, општествени промени, идеологијата во современите општества, глобализација, глобализација на медиуми, димензии, фактори и последици од глобализацијата, глобализација и масовна култура, историски развој на општествата, развој на личноста, како и во проектните активности: Граѓанска култура, Урбано живеење и Култура на здравото живеење.

2

ФИЛМ:

ДИГИТАЛНИ МИГРАНТИ, ШВАЈЦАРИЈА, 2015, 22

мин. Режија: Денис Стофер и Норберт Котман (Dennis Stauffer and Norbert Kottmann)

ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ФИЛМОТ:

Во 1984 година персоналниот (личен, за домашна употреба) компјутер стигнува до домовите на луѓето и ја презема цела генерација. Само тие што ќе станат вешти во користењето на новата технологија имаат иднина. Компјутерот го дели општеството на „digital natives” ДИГИТАЛНИ ДОМОРОДЦИ/ДИГИТАЛНА ГЕНЕРАЦИЈА/РОДЕНИ ГОВОРИТЕЛИ (термин што тешко може прецизно да се преведе на македонски, а кованицата доаѓа од „native speakers” кој се користи за луѓето на кои конкретниот јазик им е мајчин, прв, значи оние кои се родени во дигиталната ера, оние на кои им се нормални постоењето и користењето на дигиталните уреди и кои не ни можат да го замислат постоењето на светот или каков бил животот организиран без мобилни телефони, компјутери и слично) и на „digital immigrants”, дигитални имигранти, оние што се родени пред дигиталното време и што треба да учат за да ги усвојат знаењата и вештините


кои се потребни за да можат да ја користат технологијата. Тие растеле читајќи весници, играле на улица или аналогни игри со вистински, опипливи предмети, карти, гледале вести и временска прогноза на телевизија. Во 2016 година, група постари граѓани се обидува да се приспособи на брзината на компјутеризацијата, со цел да го најде своето место во дигиталната ера. Нивниот проблем е и наш: колку долго можеме да држиме темпо со овој брз развој? ИНФОРМАЦИИ ШТО МОЖАТ ДА ВИ БИДАТ ОД ПОЛЗА:

Дигитален имигрант е лице што е родено пред широката употреба на дигиталната технологија. Терминот дигитален имигрант може исто така да се примени за лица што се родени по проширувањето на дигиталната технологија, но кои не биле изложени на неа во рана возраст. За разлика од нив, лицата од дигиталната генерација (изворно дигитални, доколку мора да сковаме назив за нив) се изложени и во интеракција со дигиталната технологија од нивна најрана возраст. Воопштено се верува дека дигиталните имигранти се побавни во прифаќањето на нови технологии од изворно дигиталните лица. Често користен пример е дека дигиталниот имигрант може да претпочита да испечати некој текст за да го прегледа или уреди, наместо тоа да го направи на екран. Поделбата на луѓето на дигитални имигранти и изворно дигитални е арбитрарна и контроверзна. Некои дигитални имигранти ги надминуваат изворно дигиталните во технички знаења и вештини, но постои верување дека раната изложеност на технологија фундаментално го менува начинот на кој луѓето учат (усвојуваат информации, знаења и вештини). Самата класификација не е едноставна ни за примена затоа

што употребата на дигиталната технологија не се ширела едновремено во цел свет. Генерално во Северна Америка, како година на пресврт се зема 1980 година. Луѓето родени пред тоа се сметаат за дигитални имигранти, а луѓето родени по 1980 се сметаат за изворно дигитални. Многу автори сметаат дека клучната разлика помеѓу овие две категории луѓе не е во вештините во користењето на технологиите. Многу повеќе е во генерацискиот јаз кој е очигледен кога се гледа колку тешко комуницираат типични претставници на тие две категории. Клучната разлика или проблем е во нивните толку различни светогледи. Прифатено мислење (или предрасуда) е дека луѓето од дигиталната генерација го гледаат светот хоризонтално, егалитарно структуриран.


Наместо да го делат и доживуваат светот врз хиерархиска основа, тие гледаат на сите како да се на исто ниво. Широко ги прифаќаат придобивките од споделувањето (предмети, идеи...) меѓу себе и така ги бришат границите од секаков вид. Понесени се од вредности. Поради ова, тие немаат доверба во традиционалните културни и социјални институции како што се брак, религија, влада. Почесто избираат да се слободни (креативци), фриленсери, отколку да се вработени со одредени ограничувања и придобивки. Предноста на пристапот на изворно дигиталните луѓе се гледа во нивната изворна, суштински сфатена демократија и еднаквост, кои доаѓаат од нивното отфрлање на централизирани системи на владеење кои се засноваат врз контрола. Како недостатоци се наведува дека е малку веројатно дека тие ќе изградат нешто што бара голем капитал, огромна комплексност или грандиозни димензии, проекти од големо значење – одење на месечината, лек за рак, големи проекти што имаат потреба од вертикална организација од лица насочени кон целта, фокусирани луѓе. Наведеново е можеби сепак само перцепција, затоа што оваа генерација сѐ уште не успеала да се покаже и докаже, а ние како цивилизација немаме искуство со ваков тип организираност на општеството. Од друга страна, дали е поважно да се преземат и организираат грандиозни проекти, како патување до Месечината или е поважно да се свртиме кон вредностите на сето она што сме и што правиме. Веројатно, сето ова и доаѓа како еден циклус по огромните сечења шуми, непоимливи загадувања од експлоатација на фосилни горива и бројни други примери. Можеби е поважно, пред да се одлучиме да правиме некаква фабрика, на пример, да се прашаме колку сето тоа има смисла на долг рок, дали е подобро да живееме, условно речено, „посиромашно“, а поздраво или без оглед на последиците, да заработуваме, повторно условно речено, повеќе пари. За разлика од нив, дигиталните имигранти го гледаат светот кој е меритократски управуван (администриран од поединци што се избираат врз основа на своите квалитети, квалификации, заслуги). Воопштено тоа е - генерација која е поагресивна, понатпреварувачка и повеќе ориентирана кон резултат. Тие често се перципирани од своите помлади соработници како оние што им го спречуваат напредокот. Предноста на овој начин на функционирање е во продуктивноста: тие се насочени кон целите наспроти вредностите, кон кои се насочени луѓето од дигиталната генерација. Им се забележува дека, колку и да се ефикасни, често знаат да ги превидат долгорочните последици од своите постапки.


Работохоличарите често се пример за ваков поглед на светот. Исто така, бруталното искористување на природните ресурси и негрижата за загадувањето и уништувањето на природата, поради минимално зголемен профит, се исто така последица на таквиот светоглед. Парадоксално е дека генерацијата што сега ја нарекуваме дигитални имигранти е таа што, во најголема мера. ги измисли и ги разви комплексните технологии и системи што дигиталната генерација сега ги користи флуентно - интернетот, микрочиповите и сеприсутните облаци (клауд-сервери). Тоа ни дава можеби за право да сметаме дека едните и другите мора да соработуваат и да учат едни од други. Што може дигиталната генерација да ги научи дигиталните имигранти? - да соработуваат без ограничувања/граници - да внимаваат повеќе на процесот и вредностите - да градат хоризонтално структурирани решенија - да планираат и да ги земаат предвид долгорочните последици

Што можат дигиталните имигранти да ги научат луѓето од дигиталната генерација? - да ги достигнуваат целите поефикасно - да користат фокусирани ресурси за да можат да остваруваат големи проекти - да ги ревитализираат и да им дадат нова смисла на постојните институции Дигиталните емигранти можеби и ги измислиле технологиите што ги користат дигиталните генерации, но тие недоволно прецизно предвиделе како би биле користени. На пример, текстуалните пораки (СМС) биле развиени во 1980-тите години како лесен начин за сервисните инженери бргу да комуницираат при хаварии, периоди/места кога нема струја и за брзо снаоѓање со заменски делови. Во тоа време би било незамисливо младите да комуницираат (она што сега се нарекува „chat“) користејќи го СМС-сервисот, наместо да зборуваат на телефон. Комбинација на двата светогледа што произведе, за среќа или несреќа, потполно нова форма на комуникација и индустрија од мултимилијарди долари. Доколку најдеме начин да отвориме широки можности тие две генерации подобро да комуницираат, можеме да достигнеме нешта што не би биле достижни на друг начин. Иронијата е дека, на крај, ќе затвориме еден цел круг: децата на изворно дигиталните ќе се однесуваат како дигитални имигранти. Едноставно, така најчесто функционираат нештата. Го гледаме светот поинаку од претходната генерација. Генерациите се по


дефиниција „опозициски“ настроени, според природата на нештата. Зародишот на тие идни ставови можеби може да се најде во сѐ почестите примери на негативните страни од користењето на технологијата. Од разни „новокомпонирани“ дијагнози, како АДХД на пример, до примери на луѓе што почнуваат да се здружуваат во зелени и често независни од дигиталната технологија - комуни. И тоа е веројатно природно. Она што сега е можеби важно е дека не мора јазовите да бидат непремостливи.

И да сме начисто. Многу дигитални имигранти ги сакаат технологијата и новите изуми и „гаџети“ и не сите од нив се технолошки „попречени“, исто како што и не сите луѓе од дигиталните генерации се дигитални гении, ниту секој од нив сака да биде тоа. .................. Од друга страна, преголемата зависност од дигиталните уреди во денешно време резултира со губење на многу вештини кои биле одлика на луѓето со илјадници години. Можеби добар пример што најлесно ќе го опише тоа е ориентацијата во простор. Наместо да се потпрат на сопствени ресурси, информирање, размислување и да се обидат, па макар и да згрешат, луѓето најчесто се потпираат на уреди/програми за навигација, па и за наједноставни релации, дури и во сопственото место на живеење. Денешново време носи и ризик да се заборават и многу други значајни (барем до денешно време - значајни) знаења и вештини.

Сѐ помалку луѓе од новите генерации знаат да направат основни механички поправки, голем дел од нив не само што не ни помислуваат некогаш да се стекнат со знаења и вештини сами да одгледуваат храна, туку голем дел од нив не ни разликуваат најобични овошја и зеленчуци и/или животни. Голем дел од нив не се запознаени со живиот свет, немаат речиси никаков однос спрема животните (освен можеби некои миленичиња) и не би знаеле како да се постават спрема домашни или диви животни. Исто така, одржување храна, препознавање билки кои можат да се јадат, или одржување основна хигиена без помошни уреди или преживување во природа се вештини со кои сѐ помалку луѓе можат да се пофалат. Можеби сите такви вештини и нема да бидат потребни во иднина, иако голем дел од тоа да се биде дел од човештвото подразбира и уживање/ учење и исполнетост од таквите ситуации. Во крајна линија, сѐ уште можат да се замислат дури и животно загрозувачки ситуации во кои „спасоносните решенија“ кои ги нуди дигиталната технологија не се достапни, а горенаведените вештини не се стекнати или доволно усовршени.


Напишаново погоре не носи вредносно просудување на денешницата туку повеќе е во контекст на тоа дека можеби дел од младите не би ни биле толку „зависни“ од дигиталните технологии/уреди доколку би имале можност да се запознаат со нивните алтернативи, кои во голема мера поради глобалната кампања за дигитализација, едноставно нема од каде да ги видат и/или стекнат, научат, уживаат.


АКТИВНОСТ: XY 101000 X ЦЕЛИ: • ДА СТЕКНАТ УВИД ВО ОГРОМНАТА ОПШТЕСТВЕНА ПРОМЕНА КОЈА НАСТАНА СО ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА • ДА СЕ НАПРАВИ ПОДЛОГА ЗА ГРАДЕЊЕ НА КРИТИЧКИ СТАВ КОН КОРИСТЕЊЕТО НА ДИГИТАЛНАТА ТЕХНОЛОГИЈА ВОВЕДНА АКТИВНОСТ (5-7’): Наставникот им ги претставува следните ситуации на учениците, една по една и бара од нив да најдат соодветно решение. Се работи со целото одделение, групно:

Поради некоја причина, ни ти ни девојка/дечко ти, немате ниту пристап до мобилни телефони, ниту пристап до интернет, многу е важно да се сретнете во центарот на градот, за најмногу еден счас, што ќе направите? Откако ќе се исцрпат неколку решенија, може да им се каже дека луѓето и пред 20 и пред 800 години имале исто потреба и желба да се сретнат, но немале технолошки можности за комуникација како денес, па сепак имале други начини како да се справат со предизвиците. Доколку некој погоре спомене дека ќе позајми телефон, прашајте колку броеви знае напамет? И слично. На планина сте со друштво. Се стемнува, заладува. Снемува мрежа, се обидувате да се симнете до најблиското место, но некако изгледа дека не сте на вистинскиот пат. Што ќе направите? (Можете да ги прашате дали некој знае да изгради основно засолниште и како, дали знае да запали оган во природа, на што треба да внимава, знае ли дали на конкретната планина има опасни животни и како да се заштитат и слично). ПРОЕКЦИЈА НА ФИЛМОТ: ДИГИТАЛНИ МИГРАНТИ (22’)


РАЗГОВОР ЗА ФИЛМОТ (10-15’) • Како го доживеавте филмот?

• За што се зборува во овој филм?

• Зошто филмот се вика Дигитални имигранти?

• Познавате ли некој што се соочува со слични предизвици?

• Зошто вие полесно се снаоѓате со мобилниот телефон од вашите баби и дедовци?

• Можете ли да замислите како е да го поминеш поголемиот дел од

животот без мобилен телефон и на стари години да си принуден да го користиш?

• Има ли некои нешта во кои тие подобро се снаоѓаат од вас? Кои?

• Што мислите, како би се снашле оние луѓе од филмот во ситуациите од воведната активност?

• Кои се предностите на дигиталната технологија? • Кои се нејзините недостатоци?

Горенаведените прашања се само можни насоки за дискусија. Во секој случај, се очекува наставникот да ги приспособи за дадениот контекст, цели и барања од конкретниот час.


НЕ Е СЀ ТАКА ЦРНО! Филмот и понудените активности можат да бидат корисни за предметите: социологија, граѓанско образование и граѓанска култура, за покривање на соодветни цели, како на пример: општествени групи, општествена интеракција, демократија и демократски вредности, граѓански права и одговорности, човекови права, идеологијата во современите општества, колективно дејствување и социјални движења, хумано дејствување, стратификација во современите општества, сиромаштија, општествено исклучување, дискриминација, како и во проектните активности: Мир, толеранција и заштита и Урбано живеење.

3

ФИЛМ:

ЦРН ФИЛМ (Crni Film), Југославија, 1971, 15 мин.

Режија: Желимир Жилник

ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ФИЛМОТ:

ЦРН ФИЛМ е југословенски, краток документарен филм, снимен во 1971 година во режија на Желимир Жилник. Како и некои негови претходни остварувања, поради политичката и општествената ангажираност и критиката кон актуелната состојба, се смета за остварување од таканаречениот „црн бран“ во југословенската кинематографија. Филмот се занимава со проблемите на бездомниците кои се препуштени сами на себе. Дејството се случува на 29 јануари 1971 година во Нови Сад. Жилник наоѓа шест бездомници кои ги кани на неколку дена во својот стан од 48 квадрати, во кој живее со жената и ќерката. Шесте јунаци зборуваат за своите проблеми, а авторот се обидува кај надлежните органи да најде сместување за нив.


ИНФОРМАЦИИ ШТО МОЖАТ ДА ВИ БИДАТ ОД ПОЛЗА: „Црн бран“ се нарекува појавата на своевремената југословенска културна и политичка сцена во периодот на шеесеттите и раните седумдесетти години на ХХ век (меѓу 1958 и 1973). Се врзува за остварувањата на одредени режисери, сценаристи и книжевници од тоа време, кои од страна на властите биле окарактеризирани како критичари на социјалистичкиот поредок. Претставниците на власта нивните дела ги нарекле „црн бран“. Во него главно спаѓаат остварувањата на новиот југословенски филм (1961 – 1972) кои биле прогласени за неподобни од страна на властите. Станува збор за дела кои најчесто се критика на постојното социјалистичко општество и идеологија, односно на актуелните власти и нивниот приказ во јавноста. Како движење, црниот бран претставуваше спротивност на претставниците на официјалниот социјалистички културен естетизам кои стварноста ја отсликувале низ приказите за општ напредок и благосостојба на југословенското социјалистичко општество. Спротивно на идеолошкиот приказ на стварноста, црниот бран се занимава со теми од секојдневниот живот на обичниот мал човек. Една од главните карактеристики на црниот бран е реализмот, односно прикажувањето на животот таков каков што е, наспроти претерано разубавената, пропагандна и идеолошка слика. Најзначајни претставници на црниот бран во филмот се режисерите: Александар Петровиќ, Живоин Павловиќ, Крсто Папиќ, Бато Ченгиќ, Ѓорѓе Кадиевиќ, Душан Макавеев, Миќа Поповиќ, Желимир Жилник, Љубиша Козамора, Воислав Кокан Ракоњац и други. Значајни претставници на црниот бран во југословенската литература се: Драгослав Михаиловиќ, Слободан Антониќ, Богдан Тираниќ, Антоније Исаковиќ. Црниот бран во тогашна Југославија е автентичен израз, но секако е дел од еден поширок феномен, кој е можеби инициран од американскиот „филм ноар“, па така, во Европа во тоа време се истакнуваат францускиот „нов бран“, англискиот и германскиот „млад филм“, романскиот „нов филм“... Покрај ангажираните социјални и политички пораки во делата од црниот бран, можеби една од најважните пораки што тие ја испраќаа беше дека не се потребни никакви искуства, предзнаења и што е најважно – комплицирани буџети и услови, туку тоа што имаш да го кажеш, едноставно – кажи го директно и без задршка.


Социјална правда Социјална или општествена правда е концепт на организирање на општеството според кој правдата во едно општество може да се одржува низ сите негови аспекти, а не само низ еднаквост на поединецот пред законот. Праведното општество, или праведната заедница, според тој концепт, би требало да биде такво во кое сите поединци, без исклучок, би уживале фер третман, како и одреден минимум на општествени благодати. Критичарите често го обвинуваат концептот дека и самата дефиниција на поимите е доста аморфна и апстрактна и дека во неа можат да се внесат понекогаш и потполно противречни вредносни системи. Една алтернативна дефиниција, која пак ја заобиколува суштината на горната, е дека на секој поединец треба рамноправно да му се доделат не само предностите на тоа општество туку и неговите недостатоци и товар. Иако концептот на праведно општество е една од номиналните цели на речиси секоја идеологија, тој обично се врзува за политички партии и левичарски движења. Во левичарскиот концепт за општествена правда се подразбира општество што негува економска рамноправност и спроведува прогресивно оданочување, прераспределба на средствата и имотот помеѓу негови членови со различна имотна состојба. Десноориентираните концепти за социјална правда ја дефинираат низ дејствувањето на слободниот пазар (конкуренција, најчесто наклонета кон моќните), како и низ приватни филантропски акции и доброволна работа. Во светот што настана по падот на берлинскиот ѕид и пропаста на социјалистичките општества низ целиот свет, аргументите против ваквите концепти звучат многу уверливо. Од друга страна, постојат строго капиталистички општества, каде што нивото на социјална еднаквост или значајни аспекти од социјалната правда се подигнати на високо ниво и со години граѓаните ги уживаат. Нордиските земји може да се добар пример за одредени аспекти на одредување општествен минимум. Критичарите на концептот уште и му забележуваат дека има сериозен проблем во дефинирањето на критериумите, односно нивен недостаток за тоа што е праведно, а што не. Дел од критичарите концептот го сметаат за практично неизводлив во современиот свет, а дел од нив сметаат дека тој е изговор за мерки со кои се востановуваат нови неправди. Дел од современите теоретичари потсетуваат дека државните апарати „забораваат“ дека најчесто и според уставот и „колективниот договор“,


државата, заедницата е формирана заради добросостојбата на сите нејзини граѓани, кои се откажуваат од дел од својот интегритет и слободи за да добијат одредени подобности и заштита, живеејќи во заедница. Исто така, оние што не успеале да се стекнат со образование, богатство, моќ или минимални ресурси за достоинствен живот, не значи по правило дека се неспособни за тоа, туку дека токму создадените услови во кои се наоѓаат современите општества произведуваат и такви „судбини“ и затоа самите заедници се одговорни на тие луѓе да им обезбедат, односно да им гарантираат одреден минимум, кој се стекнува со самото раѓање. Луѓето што не учествуваат директно во донесувањето одлуки, понесени од инерцијата на прифатените односи, како да подзабораваат дека се еднакви со оние што имаат моќ. Според универзалната декларација за човекови права, СИТЕ ЛУЃЕ СЕ РАЃААТ СЛОБОДНИ И ЕДНАКВИ ПО ДОСТОИНСТВО И ПРАВА! И тоа е идеал за чие практикување, секоја современа заедница треба да се стреми. Додека не го оствариме и не најдеме нов... Во Уставот на Република Македонија, во основните одредби, во првиот член, Република Македонија е дефинирана како социјална држава: УСТАВ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ Член 1Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив. Една попозната организација која заговара социјална правда кај нас е Солидарност, можете да ја посетите нивната страница: www.solidarnost.mk


АКТИВНОСТ: ЦРНО ИЛИ БЕЛО ЦЕЛИ: • ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО ПОИМИТЕ СИРОМАШТИЈА, БЕЗДОМНИШТВО, СОЦИЈАЛНА ПРАВДА

• ДА ГО ПРОМИСЛАТ СОВРЕМЕНИОТ КОНЦЕПТ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ЗАЕДНИЦИТЕ

• ДА ИЗГРАДАТ АКТИВЕН СТАВ КОН СОЦИО-ЕКОНОМСКИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ ВО НИВНОТО ОПКРУЖУВАЊЕ МАТЕРИЈАЛИ: • РАБОТЕН ЛИСТ: НЕОЧЕКУВАНИ ГОСТИ • РАБОТЕН ЛИСТ: БЕЗДОМНИЦИ

ВОВЕДНА АКТИВНОСТ (10-12’): Учениците се делат на четири групи. Две групи добиваат по еден примерок од работниот лист „Бездомници“, а другите две од работниот лист „Неочекувани гости“, кои треба да ги пополнат. Потоа го претставуваат сработеното пред другите. ПРОЕКЦИЈА НА ФИЛМОТ: ЦРН ФИЛМ (15’)


РАЗГОВОР ЗА ФИЛМОТ (15-20’) • Што мислите за филмот?

• Има ли некој меѓу вас кој е подготвен/подготвена да го направи истото како авторот на филмот?

• Кои се првите загрижувачки мисли што ви паѓаат напамет доколку навистина направите такво нешто? (Наставникот се очекува да ги поттикне оние реално очекувани одговори, дека ќе им украдат нешто по дома, дека се валкани, смрдат, дека се опасни и слично.)

• Филмот е снимен во 1971 година. Што мислите, има ли бездомници во денешно време во нашата земја? (Секако дека има, се претпоставува дека нивниот број е многу поголем отколку во 1971 година.) • Дали сите луѓе заслужуваат да имаат дом? Зошто да? Зошто не?

• Кој треба да се грижи за сиромашните и луѓето без покрив над главата? (Одговорите се насочуваат кон личната одговорност и кон одговорност на заедницата, а не само кон институциите.) • Според уставот, Република Македонија е дефинирана како социјална држава (ако е потребно, наставникот објаснува). Дали тоа подразбира дека треба да се грижи за „помалку среќните“ граѓани?

• Дали може да зборуваме за здрава, напредна заедница, доколку имаме вакви случаи во нашата околина? Зошто? • Што може секој од нас да направи по тоа прашање?

Горенаведените прашања се само можни насоки за дискусија. Во секој случај, се очекува наставникот да ги приспособи за дадениот контекст, цели и барања од конкретниот час.


РАБОТЕН ЛИСТ: „НЕОЧЕКУВАНИ ГОСТИ...“ Замисли дека си доаѓаш дома по училиште, гладен/на и уморен/на и одвај чекаш да јадеш и да се одмориш малку. Само што изми раце и си постави да јадеш, влегува татко ти и со него уште пет, непознати, валкани луѓе кои и не мирисаат баш најпријатно. Татко ти ти кажува дека тоа се луѓе што живеат на улица и тој ги прибрал, затоа што прогнозата е дека оваа јануарска ноќ температурата ќе падне под минус 20 степени. Ти кажува дека најверојатно ќе останат кај вас дома барем неколку дена. • Што прво ти поминува низ глава? (Напишете за сите членови од групата.)

• Кои би ти биле првите чувства?

Што ќе направиш?

• Ќе одиш да ја средиш собата, за да може да прими уште некој да спие со тебе. • Ќе продолжиш со ручекот и ќе ги поканиш сите да ти се приклучат. • Ќе продолжиш со ручекот, игнорирајќи ја целата ситуација.

• Ќе се јавиш на мајка/сестра/брат/роднина, полиција или брза помош, затоа што татко ти очигледно полудел. • Без збор ќе си ги собереш највредните работи и веднаш одиш да преспиеш кај некој/а пријател/ка. • Ќе се обидеш да сториш сѐ за да се почувствуваат пријатно тие луѓе.

• Ќе им кажеш добредојде, но и ќе им кажеш до каде е границата, што можат а што не можат да прават. • Друго


РАБОТЕН ЛИСТ: „БЕЗДОМНИЦИ“ Се враќаш од училиште, последни денови од декември се, надвор е минус 15 степени. Низ паркчето низ кое секој ден поминуваш, ги гледаш речиси секогаш истите лица. Неколку постари луѓе, во зима редовно облечени во неверојатно дебел слој испарталени алишта, со кеси во рацете. Знаеш дека немаат покрив над глава. Денес некако ти доаѓа особено криво дека ти имаш каде да се скриеш на топло, да играш игри, да гледаш телевизија, немаш воопшто грижа што ќе јадеш, што ќе облечеш. Сфаќаш дека твојот дом од 120 квадратни метри е повеќе од доволен за четиричлено семејство. Доаѓа Нова година, немате планови. Импулсивно носиш одлука да ги поканиш на топла супа и можност да останат кај вас за празниците и го правиш тоа. Се појавуваш дома на врата, сите се дома, мајка ти, татко ти, сестра ти, секако, не се подготвени да им се појават тројца непознати, и тоа со покана да престојуваат кај вас дома, како ќе се обидеш? Најдобро што можеш да ги убедиш е дека треба да останат. Обидете се со барем три различни стратегии:

1)

2)

3)


ШТО ОСТАНУВА ПО НАС? Филмот и понудените активности може да бидат корисни во предметите социологија, граѓанско образование, за покривање на соодветни цели како на пример: демократија наспроти диктатура и анархија, владеење на правото и правната држава, улогата на медиумите во демократските општества, идеологии во современите општества, граѓански права и одговорности, политиката и човековите права, идеологијата во современите општества, колективно дејствување и социјални движења, како и во проектните активности: Мир, толеранција и заштита и Граѓанска култура.

НАПОМЕНА: ОВОЈ ФИЛМ СЕ ЗАНИМАВА СО КОНТРОВЕРЗНИ ТЕМИ, НА МНОГУ КОНТРОВЕРЗЕН НАЧИН. ПРЕПОРАКА: Ви препорачуваме филмот да го изгледате повеќе од

еднаш, пред да го прикажете на час. Сметаме дека не е соодветен за прикажување како прв филм во одделенија кои претходно немале часови со користење на креативни документарни филмови. Како што напомнавме, филмот се занимава со личности од историјата, кои главно се познати како едни од најголемите тирани и злосторници на ХХ век и за нив се врзани бројни негативни конотации. Филмот ги прикажува нив на еден речиси бизарен начин, следејќи едно толкување (за тоа пишуваме подолу) кое бара понапредно „читање“ на филмот. Доколку го искористите во вистински контекст, може да испровоцира длабоки размисли, сериозно промислување и развивање на критичкото мислење, но секако, веројатно полесно со ученици од повисоките години, отколку со помладите и секако со одделенија што имаат повисоки аспирации и постигнувања, односно со помотивирани ученици. Сметаме дека е попригоден за понапредна група и според темите и начинот на кој е направен, и според јазикот што се користи во филмот. Иако веројатно тоа не е потребно, сакаме да се оградиме од можното толкување дека во каков и да е случај, овој филм и активностите со него имаат намера да се користат за да се оправдаат постапките, ликот, делото, или уште поекстремно, да се величаат личностите со кои се занимава филмот, напротив, сметаме дека начинот на кој филмов го третира злото е занимлив, контроверзен, авангарден и може да е алатка што може да придонесе за критичко размислување, токму поради начинот/пристапот што се нуди, за тоа како да се третираат злото и злосторството.

4

ФИЛМ:

ЧОВЕЧКИ ОСТАТОЦИ, 1998, САД, 30 мин.

Режија: Џеј Росенблат (Jay Rosenblatt)


ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ФИЛМОТ: ЧОВЕЧКИ ОСТАТОЦИ е впечатлив, ексцентричен документарен филм кој ја илустрира баналноста на злото, така што пред нашите очи гради интимни портрети на пет најозлогласени диктатори од ХХ век. Филмот ни ги открива деталите од интимните животи на Адолф Хитлер, Бенито Мусолини, Јосиф В. Сталин, Франциско Франко и Мао Це Тунг. Ги дознаваме приватните и тривијални, здодевни детали од нивните секојдневни животи – нивните омилени јадења, филмови, навики и сексуални преференции. Речиси и да нема никаква назнака за нивните јавни животи и нивното место во историјата. Но цивилизациското препознавање на злосторствата за кои се одговорни овие луѓе лебди над целиот филм. ЧОВЕЧКИ ОСТАТОЦИ го третира злото на потполно нов, невиден начин, од сосема поинаков агол. Зачинето со иронија и повремен (црн) хумор. Овој темно поетичен филм целосно заснован врз факти, креативно ги комбинира директните цитати и биографските истражувања. Иако се базира врз историски личности, овој филм е сосема современ во неговите импликации и во крајна линија го кани гледачот да се соочи со природата на злото.


ИНФОРМАЦИИ ШТО МОЖАТ ДА ВИ БИДАТ ОД ПОЛЗА: Едно од нештата по кои е карактеристичен ХХ век е дека се создале услови, како никогаш порано, во исто време, ширум Земјината топка, да се изградат култови на „големи водачи“, односно да се наметнат тирани, кои ќе сторат невидени злосторства, во голем дел кон „сопствениот народ“. Во последно време, особено во Европа, во пораст се радикални националистички и во некои земји, неонацистички ставови/друштва/ здруженија, особено меѓу младите луѓе. Овие генерации, кои се родени доволно долго по завршувањето на Втората светска војна, можеби и не можат да направат доволно реална претстава за злото и страдањата што се случувале за време, но и по завршувањето на Втората светска војна. Многу мислители сметаат дека трендот на пораст и зголемена популарност на таквите движења треба да се смета за загрижувачки и потенцијално загрозувачки.

Џеј Розенблат, „психологот што станал филмаџија“, се чини, во овој филм, снимен врз факти што ни ги претставува нараторот, а во чија заднина одат реални, архивски снимки, го следи пристапот на Хана Арент (Hannah Arendt; 1906 -1975), германска политичка теоретичарка и философ од еврејско потекло, светски позната и сѐ уште влијателна во обликувањето на современата критичка мисла. Една од главните теми на нејзината преокупација било злото профилирано низ системите на управување. Таа ги вовела поимите „баналност на злото“ и „радикалност на злото“, кои во понатамошната теорија ѝ послужиле како водилки во истражувањето на модерниот тоталитаризам. За да отсликаме подобро аспект од нејзиниот пристап, подолу е превод од едно нејзино интервју, од 1974 година, направено од

францускиот писател Роже Ерера (Roger Errera). Големите политички криминалци мора да бидат разоткриени и особено изложени на потсмев. Тие не се големи политички злосторници, туку луѓе што направиле големи политички злосторства, што е нешто сосема друго. Пропаста на неговиот проект не докажува дека Хитлер бил идиот. Сега, тоа дека Хитлер бил идиот секако било предрасуда на целата негова опозиција, пред да ја освои власта и поради тоа, подоцна голем број книги/трудови се обидуваа да го оправдаат и да го направат голем човек. Така, Брехт вели: Фактот дека не успеал не покажува дека Хитлер бил идиот, а ни досегот на неговиот потфат не го направил голем човек. Ниту едното, ниту другото: целата оваа категорија на


големина нема своја примена. „Ако владејачките класи“, продолжува тој, „му дозволат на малиот лошко да стане голем злосторник, тој со тоа не бидува предодреден за привилегирана позиција во нашето сфаќање за историјата. Односно, фактот дека тој станува голем злосторник и дека тоа што го прави има огромни последици, не придонесува за неговиот углед... Може да се рече дека трагедијата многу понесериозно се носи со човечкото страдање отколку комедијата“. Ова секако е шокантна изјава, а во исто време, во целост вистинита. Ако сакате да го сочувате интегритетот во вакви околности, тоа можете да го направите само ако се сетите како порано сте гледале на нештата и да кажете: „Нема врска што направил и ако убил десет милиони луѓе, тој сѐ уште е само кловн“. Така, ги гледаме „големите водачи“ во светло на обични кловнови. Изнесеното, како и поголемиот дел од содржините на оваа тема се многу контроверзни и бараат подлабоко размислување и промислување.

Јосиф Висарионович Џугашвили Сталин 1878 – 1953 — лидер на Советскиот Сојуз од средината на 1920-тите години, сè до неговата смрт во 1953. Името Сталин е политичко име кое тој си го избрал на 34 години и кое во превод значи челичен човек. Сталин бил избран за прв генерален секретар на Централниот комитет на Болшевичката партија во 1922 година. Успешно ја консолидирал својата власт по смртта на Владимир Илич Ленин во 1924, преку проширување на овластувањата на својата партиска функција, истовремено елиминирајќи каква било опозиција кон него во партијата. Ја држел оваа партиска функција сè до 1952 кога ја укинал, а владеењето го продолжил преку функцијата премиер на Советскиот Сојуз, која ја држел од 1941 година, па сè до неговата смрт. Го предводел СССР во победничката војна против германските трупи на Хитлер. Неговите политики се поврзуваат со затворање на милиони луѓе во советските казнено-поправни работнички логори познати како гулази, како и со депортирање на милиони луѓе во далечните области на Советскиот Сојуз. Креирал нагли пресвртници во советското општествено уредување кои резултирале со прекинато производство на храна и придонеле за советскиот глад во периодот 1932-1933, познат како Гладомор во Украина, кој резултирал со смрт на 6 до 8 милиони луѓе. Подоцна, во периодот од 1936 до 1939 година, Сталин започнал кампања против наводни непријатели на неговиот режим, уште попозната како Големата чистка, во која стотици илјадници луѓе биле погубени. Познати личности од Комунистичката партија на Советскиот Сојуз како старите


болшевици, Лав Троцки и поголем дел од главните команданти на Црвената армија биле погубени, затворени или прогонети откако биле обвинети и осудени за учество во заговор за отфрлање на владата на Сталин во однапред наместени судења. За време на своето владеење, Сталин создал сопствен култ на личноста. Уште кога дошол на власт, ја забранил религијата и наредил уништување на цркви, манастири и храмови. Меѓу првите жртви на неговиот режим биле руските православни свештеници од кои илјадници биле убивани, и илјадници биле одведени во гулазите. На советскиот народ му се понудил себеси како Бог и Семоќен. Неговиот портрет го имало во речиси сите домови во Советскиот Сојуз, а неговите музеи биле негови храмови. Се претставувал себеси пред советската јавност како најдобар пријател на Ленин и втор лидер на Октомвриската револуција преку филмови кои го претставувале него како светец и херој, а селскиот живот во Советскиот Сојуз како рај на Земјата. Градот Царицин бил преименуван во Сталинград, како и многу други места низ Советскиот Сојуз, но според неговиот култ, ништо не било создадено во Советскиот Сојуз без да биде планирано од него, големиот лидер и татко. Неговите статуи и споменици ги имало во речиси секое село во Советскиот Сојуз. Неговите говори биле снимани на грамофонски плочи, кои биле дистрибуирани во милионски тиражи. Себеси се претставувал како најдобар пријател на поетите, уметниците, научниците, децата, војниците и други. Според неговиот култ на личноста, сите благодати што ги уживал советскиот народ им ги должел на Комунистичката партија и на Сталин. Во Советскиот Сојуз се доделувале награди што го носеле неговото име. Наредил куќата во Гори, Грузија, каде што се родил и живеел, да биде надградена, со цел да заличи на храм. Во 1944 година, советската химна била сменета. Во новата химна се спомнувал и Сталин. Поради комплексните околности и недостатокот на материјали за истражување, во неговиот период на владеење, од „неприродна смрт“, односно како директна или индиректна последица на неговото владеење (често -директна наредба) според различни извори, се проценува дека 20 до 60 милиони луѓе го изгубиле животот. Адолф Хитлер (Adolf Hitler, 1889 – 1945) — водач на нацистите и канцелар на Германија од 1933 до 1945 година. Адолф Хитлер е роден во Браунау на Ин, Австро-Унгарија (денес Австрија), како син на цариник. Работел како цртач на разгледници и молер. За време на Првата светска војна се борел во Франција, бил изложен на бојни отрови и потоа бил одликуван за храброст. По поразот на германско-австриските сили, тој


станал еден од бројните бесцелни, невработени и депримирани луѓе, кои се сновеле низ Германија и размислувале што ќе се случи со нивната некогаш голема нација. За оваа тема Хитлер почнал да размислува не како за неуспех во воена смисла, туку како за „нож во грб“ од германските политичари, корумпирани од комунистите и Евреите. Решил да формира партија, која ја нарекол Националсоцијалистичка германска работничка партија (накусо Нацистичка партија) и испланирал одмазда за поразот и реставрација на германската гордост. Својот потенцијал го искористил за нечовечни цели - директно бил одговорен за смртта на 60 милиони луѓе, стотици милиони ранети и безброј разурнати градови и така на светот му нанел поголемо зло од која било личност во историјата.

Бенито Амилкаре Андреја Мусолини (Benito Amilcare Andrea Mussolin; 1883 - 1945) — италијански државник од Фашистичката партија, кој управувал како водач (дуче) и диктaтор на Италија од 1922 до 1943 г. Користејќи ги својата харизма, целосната контрола врз медиумите и застрашувањето на политичките ривали, тој го распуштил постојниот демократски систем и формирал фашистичка држава. Со влегувањето во Втората светска војна на страната на нацистичка Германија, тој се поставил себеси за мета на сојузниците, што конечно претставувало и причина за неговиот пад. Од моментот кога доаѓа на власт, ја преуредува државата во која демократијата, социјализмот и капитализмот веќе немаат место. Воспоставува еднопартиска диктатура и себеси се нарекува Capo del Governo (шеф на владата) и шеф на партијата (Дуче, Duce - водач, Хитлер исто така се нарекувал Фирер, Führer - водач). Цитат од Мусолини (кој отсликува дел од неговите ставови): Римскиот меч се претворил во симбол зашто, во суштина, тој е меч на праведноста. Рим сурово се борел за да победи, но по победата се инспирирал од правдата, ги покорувал народите за да ги направи граѓани, соединувајќи ги во силата и милоста. Во тоа се состои и моето сфаќање за насилството. Ако понекогаш насилството е неопходно, тоа секогаш треба да биде придружено со чувство на благородност и великодушност. Неверојатно вешто и за тоа време, на невиден начин, ја користел апсолутната контрола врз печатот, постепено ја градел легендата за Дуче како човек кој е секогаш во право и кој е способен да ги реши сите политички и економски проблеми. Благодарение на тоа, Италија наскоро станала полициска држава. Во различни временски интервали, тој лично го преземал водењето на министерството за внатрешни, за надворешни работи, министерството за колонии, градски управи, војска и оружени сили, јавни работи. Понекогаш истовремено бил на чело и на повеќе


министерства, а воедно бил и претседател на владата, како и водач на Фашистичката партија и вооружената фашистичка милиција. Така ја одржувал моќта. Поголемиот дел од времето го поминувал ширејќи пропаганда, во и вон Италија, во што многу му помогнало претходното новинарско искуство. Весниците, радијата, образовниот систем и кинематографијата биле внимателно надгледувани, за да можат да ја направат илузијата дека фашизмот е доктрината на ХХ век. Сите наставници во училиштата и на факултетите морале да се заколнат дека ќе го бранат фашистичкиот режим. Уредниците на весниците лично ги именувал, а никој што немал писмено одобрение од Фашистичката партија не можел да се занимава со новинарство. Се смета за еден од современите тирани кои меѓу првите ги согледал потенцијалите на пропагандата и новите медиуми (првенствено радиото) и неверојатно вешто ги користел. Мао Це Тунг (1893 -1976) бил водач на Политбирото на Комунистичката партија на Кина (КПК) од 1943 и водач на Централниот комитет на КПК од 1945 до неговата смрт. Под негово водство, КПК станала владејачка партија на Кина, како резултат на победата во Кинеската граѓанска војна. На 1 октомври 1949, Мао го објави формирањето на Народна Република Кина на плоштадот Тјенанмен. Беше на чело на Народна Република Кина до својата смрт во 1976 г. Како дете на богати селани, за време на школувањето се вклучил во радикалната политика и во 1921 година се зачленил во Комунистичката партија на Кина. Во 1927 година, во планините на југоисточна Кина го почнал востанието и ја создал кинеската советска република и развил сопствена марксистичко-ленинистичка доктрина која после ќе биде наречена маоизам. Неговото инсистирање на селаните, како база на револуционерно движење и герилска стратегија на борба, го довело до конфликт со догматите кои инсистирале дека работничката класа треба да биде потпора на борбата во градовите. Мао изгубил во тој конфликт, па кинеските комунисти, отфрлајќи ја неговата стратегија, биле поразени во конфликтот со националистичката војска на Чанг Каи Шек и присилени на долг марш во Јенан. Таму Мао повторно се наметнува како водач и од таму ги раководи борбите против Чанг Каи Шек и јапонските освојувачи кои ја нападнале Кина во 1937 година. По поразот на Јапонија, кинеските комунисти и националисти ја продолжуваат меѓусебната борба, сѐ до крајот на 1949 година, кога комунистите ја добиваат војната, се формира НР Кина, а Мао се наметнува како неприкосновен лидер. Покрај некои мерки што успеваат да ја повратат економијата на младата држава, Мао


ќе биде запаметен по тоа што ја прави Кина една од најизолираните земји во светот, како и по многуте бизарни мерки, во обид да се спроведат разни реформи. Неговиот план од 1966 година, за таканаречената Културна револуција, довел до општ економски и општествен хаос, кој одвај бил завршен неколку години подоцна. Култот кон неговата личност, кој почнал уште додека бил жив, во НР Кина продолжува и по неговата смрт. Во Кина го сметаат за национален херој, додека во остатокот од светот, особено во антикомунистичките земји, го сметаат за еден од најголемите злосторници на ХХ век. Од друга страна, многумина неговата револуционерна стратегија ја сметаат за еден од најблескавите примери на воена теорија. Според истражувањата на еден кинески новинар, Јанг Јишенг, кој ги истражувал тајните архиви, Маовиот проект „Големиот чекор напред“ од 1959 до 1961 година довел до масовна глад од која умреле 36 милиони луѓе, меѓу кои и неговиот татко. Во 1966 Мао започнува уште еден голем проект, наречен Културна револуција, со кој би се уништиле „четирите старини“: старите обичаи, старата култура, старите навики и старите идеи. Само во Пекинг, во тој период се уништени илјадници непроценливо стари храмови, реликвии и споменици – сите примери на кинеската историја. Во својата книга Мао: непознатата приказна, Јунг Чанг и Јон Халидеј наведуваат дека Мао е „одговорен за смртта на над 70 милиони луѓе, во мирнодопскиот период на Кина, повеќе од кој и да е диктатор во ХХ век“. И го критикуваат дека замислил „општество на мртви мозоци, лишено од цивилизација, депривирано со затапеноста на човечките чувства, населено со стадо без сензибилност, кое автоматски би ги извршувало неговите наредби“. Франциско Франко Баамонде (Francisco Franco Bahamonde; 1892 – 1975) — шпански диктатор и водач на националистичкиот воен бунт во Шпанската граѓанска војна, авторитарен водач на Шпанија, од октомври 1936 година па сè до неговата смрт во ноември 1975 година. Тој дошол на власт преку екстремната десничарска Шпанска фаланга, меѓутоа тоа било од пропагандни причини, тој не припаѓал на ниту една политичка партија пред да ја заземе власта во државата. Како водач на Шпанија, Франко ги користел титулите каудилјо и генералисимус, но исто така бил формално именуван како неговата екселенција и шеф на државата. Во одреден момент на превирања, Франко со своите приврзаници направил бунт против актуелната влада на Народниот фронт. Тоа понатаму се развило во Шпанската граѓанска војна, во која тој излегува како победник,


со помош на фашистичка Италија и нацистичка Германија. Шпанската граѓанска војна започнала во јули 1936 година и официјално завршила со победа на Франко во април 1939 година, оставајќи зад себе 190 000 до 500 000 жртви. Во Втората светска војна, Шпанија под Франко се декларира како неутрална земја, иако има соработка со силите на оската. Граѓанската војна ја опустошила шпанската економија. Инфраструктурата била сериозно уништена, голем дел од квалификуваните работници загинале или ја напуштиле Шпанија, а развојот на бизнисот бил сериозно попречен. Една деценија по победата на Франко во Граѓанската војна, економијата се развивала бавно. Во почетокот Франковиот режим спроведувал политика на автаркија, отсекувајќи ја шпанската економија од меѓународната трговија. Оваа политика имала катастрофални последици, економијата стагнирала, а црниот пазар процутел. Таквата состојба придонела Франковиот режим да започне една нова економска политика, условена од можен банкрот, како и од притисокот на Соединетите Американски Држави, Меѓународниот монетарен фонд и технократите од Опус деи за послободна пазарна економија. Многумина од старата гарда што биле задолжени за економијата биле заменети од страна на технократите и покрај првичното противење на Франко. Првата деценија од владеењето на Франко била исполнета со континуирано угнетување и убиства на неодреден број политички противници. Проценката е контроверзна, но бројот на убиени лица најверојатно е помеѓу 15 000 и 50 000 луѓе. Франко промовирал унитарен национален идентитет и била сузбивана секаква културна различност во Шпанија. Коридата и фламенкото биле промовирани за шпански национални традиции, додека оние традиции што не биле сметани за шпански биле потиснати. Користењето на други јазици, освен шпанскиот односно кастилијанскиот, било забрането (особено каталонскиот, галицискиот и баскискиот јазик). Јазичната политика на Франковиот режим налагала сите документи и договори да бидат објавени на шпански јазик, а сите други документи што би биле објавени на друг јазик немале правна основа. Користењето на другите јазици било забрането и во училиштата, јавните плакати и постери. И покрај забраните, народот продолжил да говори на другите јазици. Римокатоличката црква била прифатена како црква на шпанската држава и привилегиите што ги изгубила за време на републиката ѝ биле вратени. Државните службеници морале да биде католици, а за некои официјални работни места се барала потврда за добро однесување од страна на свештениците.


Граѓански бракови што биле склучени за време на Шпанската Република биле прогласени за ништовни и неважечки ако не биле потврдени од страна на Католичката црква. Разводот, контрацептивните средства и абортусот биле забранети. Во 1954 година бил донесен закон со кој хомосексуалноста, педофилијата и проституцијата биле прогласени за криминал, меѓутоа овој закон не бил секогаш применуван. По војната, Франко успеал да ја задржи и зацврсти својата власт во Шпанија преку спроведување на строги мерки: систематско потиснување на дисидентските и опозициските ставови преку цензура и принуда, затворање на идеолошките противници во логори низ цела Шпанија, спроведувањето принудна работа во затворите и употребата на смртна казна и тешките затворски казни како методи за заплашување на неговите идеолошки непријатели. За време на Студената војна, САД воспоставиле дипломатски и трговски сојуз со Шпанија, поради силната антикомунистичка политика на Франко. По неговата смрт, Шпанија започнала транзиција кон демократија. Денес, симболите од Франковиот режим како што се националниот грб или знамето со царски орел се забранети со закон во Шпанија.


АКТИВНОСТ: ШТО ОСТАНУВА ПО НАС? ЦЕЛИ: • ДА СЕ ПРЕИСПИТААТ ПРИНЦИПИТЕ НА ДЕМОКРАТИЈАТА И ЗОШТО СЕ ВАЖНИ ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ И ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО • ДА СЕ ПРОМИСЛАТ ТЕМЕЛНИТЕ ЦИВИЛИЗАЦИСКИ ВРЕДНОСТИ

• ДА СЕ ИЗГРАДИ АКТИВЕН СТАВ КОН ПРЕДИЗВИЦИТЕ ВО НИВНОТО ОПКРУЖУВАЊЕ

ВОВЕДНА АКТИВНОСТ (5’): Со учениците може да направите дискусија, нафрлање на идеи и ставови во врска со лекции по историја, за Втората светска војна или за поим за диктатура, злосторство или слични теми, поврзани со филмот и целите што треба да ги покрие часот. ПРОЕКЦИЈА НА ФИЛМОТ: ЧОВЕЧКИ ОСТАТОЦИ (30’)


РАЗГОВОР ЗА ФИЛМОТ (10-15’) • Како го доживеавте филмот?

• Кои се основните чувства што преовладуваа додека го гледавте филмот?

• За што се зборува во овој филм?

• Како ви се допадна начинот на кој е направен? Како е направен овој филм?

• Како вие го „прочитавте“ филмов?

• За кои од споменатите личности во филмов сте слушнале досега? • По што се познати тие?

• Како се претставени тие во филмот?

• Можете ли да замислите како би изгледал вашиот живот доколку би живееле во нивната земја во нивно време? Како?

• Што мислите, зошто филмов на ваков начин ги прикажува овие лица? (Може да се повикате на толкувањето на Хана Арент.)

• Како ви изгледа сето тоа?

• На што сѐ може да нѐ научи овој филм?

• Кои демократски принципи во функционирањето на државите во времето на владеење на овие луѓе биле прекршени?

• Зошто се важни тие?

• Сметате ли дека во денешно време, современите земји во светот се имуни на вакви појави?

Горенаведените прашања се само можни насоки за дискусија. Во секој случај, се очекува наставникот да ги приспособи за дадениот контекст, цели и барања од конкретниот час. За овој филм, препорачуваме особена внимателност во следење на текот на дискусијата и добра подготвеност на наставникот, со горенаведените информации и/или и други.


НЕШТО ЗА ЖИВОТОТ Филмот и понудените активности можат да бидат корисни во предметите социологија, психологија, граѓанско образование и граѓанска култура, за покривање на соодветни цели, како на пример: конфликти, интерперсонални, интраперсонални, социјални, општествена интеракција, фази на личен развој, адолесценција, морал, морални норми, општествена интеракција, личноста и општеството, социјализација, јас меѓу другите, социјална заштита и социјална политика, комуникација, комуникациски вештини, демократија и демократски вредности, граѓански права и одговорности, човекови права, општествено исклучување, како и во проектните активности: Мир, толеранција и заштита и Урбано живеење, Култура на здравото живеење.

5

ФИЛМ:

НЕШТО ЗА ЖИВОТОТ, Хрватска, 2016, 30мин. Режија, сценарио и камера: Небојша Слиепчевиќ

ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ФИЛМОТ: Во последната куќа во мало славонско село (во Хрватска) живеат осум малолетни девојки. Со помош на воспитувачките се обидуваат да ги сменат сопствените животи. Растат заедно, го водат домаќинството и управуваат со малото стопанство. Во слободно време професионалниот тапанар Бранко Трајков ги учи да свират на тапани. Но, новата девојка, четиринаесетгодишната Ивана, не сака да свири. Тоа ја отвора приказната за Ивана и нејзината борба со себе и околината, во барањето на нејзиниот пат низ адолесценцијата.


ИНФОРМАЦИИ ШТО МОЖАТ ДА ВИ БИДАТ ОД ПОЛЗА: Многу хартија е потрошено за да се објасни периодот што се нарекува адолесценција. Колку пати и да сме прочитале дека е тоа бурен, непредвидлив и интензивен, повторно тоа не нѐ прави подготвени за шокот што може да нè соочи преку една кратка дискусија со лице кое поминува низ оваа животна фаза. Интересно е дека адолесценцијата често се дефинира со она што не е: адолесцентот не е веќе дете, а не е ни возрасно лице, детската незрелост е минато, а предизвиците и можностите на возрасен сè уште не се остварени. Телото, умот и духот поминуваат низ бројни турбуленции и се збунувачки, како за адолесцентот така и за околината.

Физички промени: - се менува хормоналниот статус на организмот, се лачат полови хормони кои дополнително ги забрзуваат метаболичките процеси - се појавуваат секундарни полови карактеристики - се развива скелетот, нагло се зголемуваат тежината и висината. Покрај доволно збунувачките елементи на горенаведеното, поради самите физички промени, кои се неочекувано брзи, се јавува и промена на сликата за себе. За градењето на идентитетот е потребен континуитет, а во оваа животна фаза, тоа е она што најмногу изостанува, што е дополнителен фактор за адолесцентите да се често импулсивни, да имаат чести и нагли промени на расположенијата, да се збунети, често да лутаат со мислите и слично. Секако, овие промени се подлога и/или последица за промени во емоционалниот и когнитивниот развој.

Когнитивните процеси доживуваат „квантен скок“, лицето е веќе способно за највисоките форми на мислење, станува свесно за социјалниот контекст, односно се јавуваат никулците на темелно поимање на социјалните односи, таканаречената – социјална когниција. Многу важен аспект е и процесот на одвојување од родителите. Осамостојувањето. Тоа е проследено и со негативен однос кон авторитети, дури и кон оние лични авторитети од минатото. Целиот период на адолесценција е фаза на откривање на своите можности, редефинирање на вредностите, самодоживувањето, идеалите, очекувањата, тестирање на сопствените и можностите и потенцијалите


на околината. Преиспитување на сѐ и сешто. Возрасните често преокупирани со своите предизвици често знаат да заборават колку е комплексен периодот на адолесценција и им прават дополнителен притисок на адолесцентите, на обострана штета.

Колку што е овој период од животот бурен, интересен и забавен, од перспектива на возрасните, толку личноста во формирање е кршлива, подложна на влијанија и може да донесе одлуки или да пројавува многу самодеструктивни однесувања, кои можат и да имаат трајни и сериозни последици. Тешко е да се влијае врз нив од позиција на возрасен и со рационален пристап, затоа што, како што наведовме погоре, еден од клучните процеси е процесот на осамостојување, кој се одликува со неприфаќање на авторитети, како и тоа дека најголемите промени се случуваат на емоционално и не секогаш свесно ниво. Можеби најдоброто што може да им се понуди на адолесцентите е безрезервна поддршка во пронаоѓањето на сопствениот пат, многу повеќе разбирање и топлина отколку објаснување и ограничувања. Филмов може да биде искористен за покривање на разни цели, но една, можеби најочигледна е „да се симне мал дел од товарот на адолесценцијата од адолесцентите“, односно дел од нив да се идентификуваат со ликовите, или главната хероина во филмот, да видат дека нивните конфликти, стравови, недоумици, несигурности, промени на расположенијата, не се единствени, туку се честа и очекувана појава во нивната фаза од развојот.


АКТИВНОСТ ЦЕЛИ: • ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО ДЕЛ ОД АСПЕКТИТЕ НА АДОЛЕСЦЕНЦИЈАТА • ДА ГО ПРОМИСЛАТ СОПСТВЕНИОТ РАЗВОЈ

• ДА ГО ОСВЕСТАТ ПРОЦЕСОТ НА СЕБЕПРИФАЌАЊЕ

• ДА ИЗГРАДАТ АКТИВЕН СТАВ КОН ЛИЧНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ ПРЕД СЕБЕ И ВО НИВНОТО ОПКРУЖУВАЊЕ ПРОЕКЦИЈА НА ФИЛМОТ: НЕШТО ЗА ЖИВОТОТ (30’)


РАЗГОВОР ЗА ФИЛМОТ (10-15’) • Што мислите за филмот?

• Во каква заедница живеат девојките? Зошто? • Како ви изгледа таквиот живот?

• А начинот на кој е предвидено да се направи „корекцијата“ во нивното однесување? Зошто?

• Што е со Ивана?

• Со кои предизвици се соочува таа?

• Што мислите за нејзините однесувања? Колку се тие очекувани на нејзина возраст?

• Што е со вас, како вие се справувате со слични предизвици, кои се очекувани на ваша возраст? *

• Сака ли некој да сподели дел од нештата што ја/го прават да се чувствува несигурен/на во последно време?

• Како се справувате вие со сопствените стравови и несигурности? Кои се предизвиците тие да се прифатат?

• Сака ли некој нешто да праша или да сподели со сите?

• Кои се ризиците со кои сте соочени на оваа возраст? **

*(наставникот ги охрабрува да споделуваат, може да се повика на некој пример од скорашно однесување во училница и секако, без да осудува, туку со општ тон дека тоа било сосема разбирливо и очекувано однесување и да даде забавна нота на целиот контекст. Додава дека тоа е дел од процесот на растење и дека во еден момент тој процес ќе заврши, се обидува да им пренесе дека можат да се измачуваат или едноставно да го уживаат тој период од животот. Да им пренесе дека тој процес може да биде бескрајно забавен, доколку се прифати како таков, турбулентен, збунувачки и импулсивен, гледајќи ги промените од поширока перспектива. Ги охрабрува дека доколку добијат порив за плачење или се преплавени од радост или се наеднаш полни со енергија, тоа може да е едноставно последица на новите хормонални коктели, кои се очекува нивното тело да ги произведува, ги охрабрува, едноставно, да го прифатат тоа, да не се срамат да плачат или да се радуваат, па макар и без причина.) ** важно е да се спомнат екстремните автодеструктивни девијации/ризици кои се можни за оваа возраст, од нив се бара предлог што може да се направи за да се избегнат/ надминат. Горенаведените прашања се само можни насоки за дискусија. Во секој случај се

очекува наставникот да ги приспособи за дадениот контекст, цели и барања од конкретниот час.


АНИМИРАН ЖИВОТ Филмот и понудените активности може да бидат корисни во предметите социологија, граѓанско образование и граѓанска култура, за покривање на соодветни цели, како на пример: општествена интеракција, зависности, социјална заштита, девијации, семејство, насилство, социјализација, личен развој. Може да се користи и за некои теми од проектните активности: Урбано живеење и Култура на здравото живеење.

6

ФИЛМ:

КАКВО И ДА Е ВРЕМЕТО, Швајцарија, 2015, 11мин. Режија, сценарио и камера: Ремо Шерер (Remo Scherrer)

ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ФИЛМОТ:

Во овој сензитивен анимиран филм, главната хероина, Воли, се навраќа на своето детство со мајката-алкохоличарка. Во својство на раскажувачка, таа ни ја кажува својата приказна како осумгодишно дете, дека се направила колку што можела помала и поневидлива и дека нејзините потреби биле згазени од зависноста на нејзината мајка. Улогите на мајка и ќерка се превртеле, децата готвеле и ја заштитувале мајката. Живееле во постојан страв, а таа често влегувала во собата на мајка ѝ, за да провери дали е сѐ уште жива. Потресно е што, иако таа цела година не изустила ни збор на училиште, никој не го забележал тоа и немала никаква помош од страна. Била страшно засрамена од тоа што се случувало во нејзиниот дом. Мајка


им редовно ги бркала надвор, па така тие морале да се снаоѓаат, „какво и да е времето“. Не можејќи да сфати зошто мајка ѝ едноставно не престане да пие, таа изгубила секаква надеж. Ја слушаме приказната за нејзиното преживување, за последиците од алкохолизмот, од прва рака. Хаотичен ролеркостер помеѓу безнадежност, претерани барања и очајни молби. Секојдневна борба за преживување. ИНФОРМАЦИИ ШТО МОЖАТ ДА ВИ БИДАТ ОД ПОЛЗА:

До денешно време, алкохолизмот доминантно се третира или како порок, или како зависност. Едната е морална, а другата е медицинска етикета. Самиот проблем и магичен круг на алкохолизмот се комплексна појава, чии корени не се предмет на овој прирачник. Филмот и информациите подолу може да се искористат за давање на поддршка на пријател/ка или ученик/ученичка кои се во некоја слична ситуација. Според податоци од 2016 година, во ЕУ има околу 9 милиони деца и млади луѓе кои растат со најмалку еден родител-зависник од алкохол. Најголем број од овие деца се запоставени и страдаат од чувство на срам и самообвинување поради состојбата во која се (ставени од) нивните родители. Тие страдаат од чести или постојани конфликти во нивниот дом, а поголемиот број од нив се и сведоци и во исто време трпат насилство (http://www.activeeurope.org/). Некои истражувања ја претставуваат Европа како водечки регион во светот според количините на консумиран алкохол. Алкохолот е причински фактор поради кој 16% од децата се злоупотребени и запоставени. Студиите покажуваат дека децата на алкохоличари-зависници се многу повеќе изложени на ризици врз нивното здравје и на други негативни влијанија врз нивните интелектуални потенцијали и нивното ментално здравје. Истражувањата, исто така, покажуваат дека една третина од децата на алкохоличари и сами ќе станат зависници од алкохол. Децата и младите луѓе што растат со родител зависник од алкохол често живеат во емоционална и материјална сиромаштија. Поради континуираната напнатост, страв, конфликтни ситуации, исчекување и анксиозност, тие често развиваат автодеструктивни однесувања. Ефектите и/или последиците може да се посочат од најрана возраст. Една помалку позната појава е апстиненцијалниот синдром на новороденчињата, кој се јавува кај деца родени од мајки алкохоличарки. Се јавува по неколку часа или денови по раѓањето. Апстиненцијалните пречки се последица на прекинот на внесување алкохол кој детето го


добивало преку мајчината крв. Во вакви случаи, бебињата најчесто се третираат со средства за смирување, додека не се надмине периодот на криза.

Често повторувана фраза е дека децата во семејство на алкохоличар растат без љубов. Веројатно тоа и не е далеку од вистината. Зависностите често ги прават луѓето себични, односно најголемата количина од својата енергија/време/ресурси ги трошат на тој план, на зависноста. Често однесувањето на алкохоличарот знае да биде крајно непредвидливо. Децата никогаш не знаат во каква состојба ќе се појави во домот, дали ќе биде трезен или пијан, весел или бесен, дали ќе им вика или ќе легне да спие. Во најголема мера поради непредвидливоста на самото однесување и поради заканата од претходните агресивни епизоди, децата живеат во страв. Би сакале да нагласиме дека термините мајка и татко, и онаму каде што не се напишани заедно, се однесуваат на двајцата родители подеднакво, за да не го преоптоваруваме текстот. Секаде се мисли на татко/мајка, партнер/ка...

Поради импулсивното и непредвидливо однесување на алкохоличарот, недостасуваат елементарни стандарди во воспитувањето на децата. Родителот во пијана состојба великодушно им простува на децата големи грешки, а за многу безначајни грешки во трезна состојба ќе ги казни, и обратно. Тој/таа често го казнува детето за однесување за кое пред половина час било наградено. Од состојба на опуштеност и добро расположение, често, без видлива причина, се преминува во состојба на лутина и бес. Затоа децата на алкохоличарите често се лишени од норми за проценување на сопственото и туѓото однесување. Недостатокот на цврсти норми и вредности кај таквите деца создава тешкотии во процесот на социјализација. Алкохоличарот често има манипулаторско однесување. Така, кога ќе се отрезни, станува многу шармантен, нежен и великодушен родител, но таков е често и во пијана состојба. Инспирирајќи ја природната потреба за родителска љубов, лесно ги свртува децата против партнерот, кого тие почнуваат да го обвинуваат за алкохолизмот на другиот партнер, бидејќи „ако мајката/таткото би имал(а) повеќе трпение/разбирање/поддршка за така благородниот татко/добродушна мајка, тој/таа веројатно не би пиел(а)“. Доколку станува збор за таткото, женските деца поради таквото однесување можат да имаат тешкотии во прифаќањето на


својата позиција, а машките деца можат да се идентификуваат со таткото и подоцна со помалку отпор да го прифатат татковиот пример. Децата што нема да го отфрлат татковиот авторитет, туку ќе се идентификуваат со него, го земаат за пример и од најрано детство почнуваат често да консумираат алкохол и да стануваат алкохоличари. Многу мајки, преоптоварени со преземените обврски на алкохоличарот во семејството се напнати, загрижени, обесхрабрени, раздразливи или депресивни и им даваат на децата многу малку љубов, или им ја даваат на неадекватен начин. Затоа нивните емоционални врски со децата се често површни, амбивалентни и непостојани. Децата обично имаат поголем афинитет кон таткото алкохоличар отколку кон мајката, поради тоа што таткото, кога ќе се отрезни, за разлика од мајката, сака поблиски емоционални врски со децата. За децата на алкохоличарите ништо не е толку болно колку секојдневното определување: час за едниот, час за другиот родител. Со тек на време, децата, како и родителите, стануваат сѐ понемоќни да се спротивстават на семејните конфликти и што било радикално да променат. Длабоката несигурност на сите членови го дава објаснувањето

зошто семејствата на алкохоличарите многу потешко се распаѓаат отколку што се верува. Децата се најзаинтересирани за зачувување на семејното единство и многу рано почнуваат да ги делат семејните улоги, најчесто на мајката, кои треба да ги извршуваат татковците алкохоличари. На децата им се наметнуваат обврски за кои се потребни одговорност и задолженија кои воопшто не би ги добиле ако растат во нормално семејство. Постарите деца, најчесто машките, ја заштитуваат мајката, ја надгледуваат финансиско-економската ситуација, го одгледуваат помалиот брат или сестра, при што кај детето се развива амбивалентен однос изразен во дилемата да се биде татко, но не како сопствениот татко. Често овие деца „прерано созреваат“ и за нив постои термин: возрасно дете. Алкохолизмот на родителот е причина за психолошки пречки кај децата и тоа од благи невротични состојби до тешки психички состојби. Најизразени нарушувања во претшколската возраст кај децата се: ноќен страв, енуреза, гризење на ноктите, проблеми со исхраната, цицање на прстите, пелтечење, одење во сон, напади на неконтролиран бес, а многу се распространети и фобични невротски реакции. Секојдневната изложеност на противречни емоционални и воспитни влијанија на родителот доведува до преосетливост. Многу деца на


алкохоличари се повлекуваат во себе, нагласено мечтаат, губат контакт со реалноста, обидувајќи се да ја „оправдаат“ својата состојба, стануваат „пречувствителни“ и поради тоа тешко се снаоѓаат во животот. Несреќното и тешко детство придонесува за нивната психичка неурамнотеженост, несамостојност и недоверба во другите луѓе. Здравиот психосоцијален развој на децата на алкохоличари често е доведен во прашање. Тие често имаат отпор кон училиштето, кој може да се толкува и како пројавување на воопштеното отфрлање авторитети, но често е последица и на неразвиените работни навики. Овие деца имаат слаб успех во училиште, бидејќи често се исплашени, несигурни во себе и немаат основни услови за работа. Неможноста за концентрација, внимание, загубеното интересирање за училиштето се чести причини за проблемите во училиште. Оттука произлегува неуспешното школување, бунтовното однесување, спротивставување на наставниците, „негативно херојство“ или повлекување во себе, потиштеност и чувство дека секому пречат. Недостаток на чувство на припадност. Кога се во училиште, оптоварени се со случувањата дома, а кога ќе дојдат дома, поради семејните обврски имаат многу малку време за себе и немаат со кого да играат, бидејќи врсниците ги избегнуваат или исмеваат поради ситуацијата во нивното семејство. Доколку нивните другари не знаат, децата на алкохоличарите се трудат да ја прикријат семејната ситуација, а тоа повторно ги осудува на извесна изолација. Од страв да не бидат отфрлени, не сакаат да се спријателат со другите деца, ниту покажуваат желба да се вклучат во забавни активности со врсниците. Се случува да избегаат од дома за да ја избегнат мачната и напната атмосфера, каде што се загрозени, каде што немаат топлина, материјална и психичка сигурност. Бараат средина во која би биле комотни. Бараат авторитети, бидејќи нивните родители тоа веќе не се. Често тоа не завршува на очекуваниот начин и она што е особено иронично, таквите деца многу често и сами завршуваат како алкохоличари. Дел од последиците во понатамошниот живот и интеракција со околината, на таквите деца, може да бидат и следниве, релативно долгорочни поведенија: • избегнување на блиски/интимни врски или емоционална блискост • претерани/несоодветни изливи на емоционална зависност

• тешкотии или неможност да се споделуваат „тешки/ранливи“ мисли и/или чувства • ограничена емоционална реакција кон другите


• ограничено или недостаток на сочувство

• емоционална дистанца и чувство на бесмисла • прекритичка настроеност

• претерана ригидност и перфекционизам

• нетолерантност или несигурност кон промените во околината • хронична анксиозност и несигурност • претерано чувство на вина

• контролирачко однесување

• импулсивност и непредвидливост

• вештачки, изглумен шарм и потреба да се допадне • бесчувствителност

• искористувачки однос кон другите

• се изолираат и се плашат од луѓе, особено од авторитарни фигури

• стануваат зависни од одобрувања и го губат идентитетот во процесот на барање потврда

• преплашени се од гневни луѓе и од секаков вид личносно насочени критики • стануваат или алкохоличари или наоѓаат партнери алкохоличари или компулсивни личности, како „воркохоличари“ или „контролфрикови“.

Всушност, на таквите деца им треба поддршка, разбирање, потребни им се континуитет и овозможување соодветна потпора во животот, извор на чувство на сигурност и емоционална топлина. Од таму би црпеле ресурси за да престанат со чувството на самообвинување, несигурност и автодеструкција. Рационални пораки и обиди за директни корекции во однесувањето можат само да придонесат за влошување на нивната состојба. Примерите погоре во најголем дел може да се поврзат и со други зависности на родителите.


АКТИВНОСТ: ЖИВОТОТ Е ТАНЦ ЦЕЛИ: • ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО ДЕЛ ОД ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД АЛКОХОЛИЗМОТ • ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО НЕКОИ ПОСЛЕДИЦИ ОД ЗАВИСНОСТИТЕ

• ДА ИЗГРАДАТ АКТИВЕН СТАВ КОН ПРЕДИЗВИЦИТЕ ВО СВОЕТО ОПКРУЖУВАЊЕ МАТЕРИЈАЛИ: • РАБОТЕН ЛИСТ: „ЗАМИСЛЕТЕ...“

ВОВЕДНА АКТИВНОСТ (25’): Учениците формираат мали групи од по три-четворица. Секоја група добива по еден примерок од работниот лист „ЗАМИСЛЕТЕ...“ кој треба да го пополни. Се поттикнуваат учениците, кои, очекувано, на почетокот ќе ја гледаат смешната страна на нештата, да се внесат навистина во ситуацијата и да се обидат да ги согледаат сите можни последици. Откако ќе завршат, групите ја претставуваат својата работа. ПРОЕКЦИЈА НА ФИЛМОТ: КАКВО И ДА Е ВРЕМЕТО (11’)


РАЗГОВОР ЗА ФИЛМОТ (10-15’) • Како го доживеавте филмот?

• Кои се основните чувства што преовладуваат? • За што се зборува во овој филм?

• Како ви се допадна начинот на кој е „снимен“? • Како вие го „прочитавте“ филмов?

• На што сѐ може да нѐ научи овој филм?

• Кои сѐ последици понатаму во животот можете да ги претпоставите што би ги имало дете што живее во такви услови?

• Како би се чувствувале вие доколку не прозборите една година, а тоа никој да не го забележи?

• Но, како да му се пристапи на такво лице? Како да им се понуди поддршка на пријател/ка, без да ѝ/му се повредат чувствата?

Горенаведените прашања се само можни насоки за дискусија. Во секој случај, се очекува наставникот да ги приспособи за дадениот контекст, цели и барања од конкретниот час.

Совет: доколку дискусијата се насочи само кон детектирање (или „попување“) на тоа зошто не треба да се консумира алкохол, многу веројатно е дека наставникот „ќе ги изгуби учениците“ во процесот, односно ќе биде доживеан како да наметнува веќе слушнати фрази. Многу покорисно е сами да се произнесат за сопствените дилеми и проблеми, до ниво до кое се подготвени.


РАБОТЕН ЛИСТ: „ЗАМИСЛЕТЕ...“

Замислете дека сите луѓе во нашата земја, од почетокот на времето, денес и засекогаш, се раѓаат со две раце, две нозе, две очи, пар уши, нос и уста. Откако ќе наполнат 28 години, почнуваат да консумираат огромни количини ферментиран сок од грозје (да, вино, алкохол), секојдневно, до крајот на животот. Тоа така било, е и ќе биде така. Како ќе биде организирано општеството?

Како ќе изгледа еден обичен ден?

Ќе има ли конфликти?

Како е да се биде дете во таков свет?

Со кои предизвици ќе бидат соочени децата?

Што ќе им недостасува?

Што друго би додале?


ВАРИЧЕЛА Филмот и понудените активности може да помогнат учениците да формираат ставови кон одговорноста и самодисциплината, да бидат корисни во предметите социологија, граѓанско образование и граѓанска култура, за покривање на соодветни цели, како на пример: идеологијата во современите општества, димензии и фактори на глобализацијата, последиците од глобализацијата врз нашите животи, физичкото битие во интеракција, генерално во темата од социологија: современото општество, личноста и идентитетот, личноста и општеството, култура, јас сопственик, производител, потрошувач, развој на личноста, како и во проектните активности: Мир, толеранција и заштита, Урбана култура и Култура на здравото живеење.

7

ФИЛМ:

ВАРИЧЕЛА, Русија, Норвешка, Данска, Шведска, 2015, 26 мин.

Режија: Виктор Косаковскиј (Виктор Александрович Косаковский)

ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ФИЛМОТ:

Седумгодишната Полина и нејзината тринаесетгодишна сестра Настја живеат за балетот. Двете учат балет на престижната балетска академија „Борис Елфман“ во ладниот Санкт Петербург. Тие во своите класи се избрани меѓу 5500 други деца. Додека ги чекаат оценките, за да видат дали биле доволно добри да продолжат понатаму, со Настја која симпатично ја води својата помала сестра низ процесот на совладување на вештините и Надја која поставува интелигентни и слатко-наивни прашања, се одвива дејството на филмот. И двете нема што не би направиле за да станат одлични балерини, вежбаат по шест часа дневно, шест дена во неделата, во целост се посветени на тренингот во балетското училиште. Користејќи прекрасно стилизирани кадри и многу малку дијалог, филмот зборува за страста и успехот, за соочувањето со сопствените ограничувања и за танцувањето „со отворена душа“. Најпосле,


зборува и за нежниот однос меѓу две сестри кои имаат заеднички сон. ВАРИЧЕЛА е филм од серијал од шест документарци кои се однесуваат на талентирани деца кои се посветени на својата страст на многу сериозно ниво. Сите филмови од серијалот поставуваат разни егзистенцијални прашања, на многу нивоа. ИНФОРМАЦИИ ШТО МОЖАТ ДА ВИ БИДАТ ОД ПОЛЗА:

Руската Федерација има речиси 150 милиони жители. Со помалку од 40 балетски куќи во целата земја, сите што сакаат да се занимаваат со балет ги става под огромен притисок, затоа што конкуренцијата е огромна. Секако, и самата аспирација да се биде врвен во некое поле бара комплетна посветеност на личноста кон она што се сака. Од една страна, крајно прецизно организирано време и обврски. Често, таквиот живот, отстрана, изгледа повеќе како измачување отколку како нешто кон кое треба да се стреми човек, но на крајот, едната девојка јасно кажува. Танцува за да биде среќна. Во денешно време, вредностите, особено во западната хемисфера, некако се многу изместени или потполно инклинираат кон материјално или консумерски ориентираните мерила. Многу често луѓето се идентификуваат со новиот „гаџет“, кој го посакуваат или тукушто го добиле. Дали е тоа автомобил, телефон, патики, некој друг уред и слично, некако очекувајќи дека тоа ќе им донесе „поголема количина среќа“ во секојдневниот живот, иако сите сме биле многупати сведоци на искуството дека таквите радости се со кус рок на траење. Следува фаза на разочарување и потоа фаза на сонување за поседување на нешто друго, ново, скапо и тешко достижно. Во голема мера, тоа се должи на огромната енергија и пари што се вложуваат во рекламни кампањи за разни производи, кои, повеќе од нивната корисност и функционалност, како поттекст нудат повеќе радост/среќа/исполнетост во животот. Во одредена мера, сите скапи предмети што некој може да ги поседува, поради поставеноста на целиот контекст, може на краток рок да го „подобрат“ социјалниот статус на лицето и така да ја подигнат самодовербата до одредено ниво. Но она што барем досегашното искуство како вид, насобраното цивилизациско искуство, барем од мнозинството култури на светов, ни вели дека повеќе нѐ прават среќни квалитетните меѓучовечки односи, краткотрајните моменти, „малите радости“, многу повеќе процесот отколку крајниот резултат. Квалитетот на животот е неспоредливо подобар доколку се прави нешто со уживање, нешто што навистина нѐ исполнува отколку нешто што носи престиж или е просто


добро платено, но не нѐ исполнува, не нѐ интересира. Нашиот систем има потреба од дневни дози љубопитност, полетност, предизвик што не е ниту преголем, за да не можеме да го совладаме, ниту премал за да не ни помогне да ја зајакнеме самодовербата. Наоѓањето професија/ занимање што ги има таквите одлики за многу луѓе не е воопшто лесно. За многумина, поради целиот општествен контекст и поради немањето поттик ниту од дома ниту од училиште или од неформалните групи, далеку полесно е да се прифатат зацртаните патишта/професии. Често, за да се најде она што навистина нѐ исполнува, потребен е активен пристап кон животот, цел живот или барем подолго време, потребни се храброст и оставање можност да не се успее. Денешниот брутален капитализам е многу толерантен на „грешки“ од таков тип. Но исто така, општиот квалитет на живот сѐ почесто е под знак прашање во современите општества. Многумина се свртуваат кон поизолиран, помирен живот во кој самите си ги одредуваат темпото и саатниците, за сметка на помала заработувачка. Уверени дека „на крајот од денот“ мерилото за човекот не е што поседува, туку како се однесува и како се „носи со себе“. Во критиките на современите образовни системи, сѐ почесто се спомнуваат вакви нешта, дека некако се заборава да им се пренесе на децата радоста на создавањето, важноста на длабоките лични потреби, интересирања, соништа, креативност, како и дека училиштата ширум светот се повеќе насочени кон тоа да произведуваат послушни работници отколку да ги оспособат да бидат здрави, личности што имаат добра основа да водат квалитетен и исполнет живот. Од друга страна, сѐ уште постојат наставници, кои, покрај зацртаното во плановите и програмите, со однесувањето и со ставот што го имаат кон учениците, им ги пренесуваат ваквите вештини и ставови. Тоа се оние наставници што, доколку сме ги имале, се паметат цел живот.


АКТИВНОСТ: ЖИВОТОТ Е ТАНЦ ЦЕЛИ: • ДА ГИ ПРОМИСЛАТ СОПСТВЕНИТЕ СТРЕМЕЖИ, ЖЕЛБИ, ЖИВОТНИ ПЛАНОВИ • ДА ЈА ВИДАТ ПОТРЕБАТА ОД САМОДИСЦИПЛИНА И ПОСВЕТЕНОСТ ОД ДРУГ АГОЛ • ДА ИЗГРАДАТ АКТИВЕН СТАВ КОН ПРЕДИЗВИЦИТЕ ВО ЖИВОТОТ • ДА ГО ПРОМИСЛАТ КОНЦЕПТОТ „КВАЛИТЕТ НА ЖИВОТОТ“ МАТЕРИЈАЛИ: • РАБОТЕН МАТЕРИЈАЛ: „СРЕЌА“ ВОВЕДНА АКТИВНОСТ (5-7’): Наставникот ги чита исказите од РАБОТНИОТ МАТЕРИЈАЛ: „СРЕЌА“ и бара од учениците да објаснат што е она што сака да се каже со конкретниот исказ. ПРОЕКЦИЈА НА ФИЛМОТ: ВАРИЧЕЛА (26’)


РАЗГОВОР ЗА ФИЛМОТ (10-15’) • Како го доживеавте филмот?

• Кои се основните чувства што преовладуваат?

• Забележавте ли нешто специфично/необично во овој филм? • За што се зборува во овој филм?

• Како ви се допадна начинот на кој е снимен? • Како вие го „прочитавте“ филмов?

• На што сѐ може да нѐ научи овој филм? • Зошто Настја танцува? • Што вас ве исполнува?

• Кој е подготвен да работи нешта што воопшто не ѝ/му се допаѓаат доколку е добро платен/а?

• Колку материјалните работи (и/или парите) се вредност?

• Во колкава мера нов гаџет (телефон и сл.) помага да се чувствувате добро?

• Колку време трае тоа? А потоа?

• Кои пет нешта за вас се клучни за добар квалитет на животот?

Горенаведените прашања се само можни насоки за дискусија. Во секој случај се очекува наставникот да ги приспособи за дадениот контекст, цели и барања од конкретниот час.

ЗАВРШНА АКТИВНОСТ (5’) Доколку ви преостане време и/или процените, може да ги зајакнете целите со активност што е во сличен дух на дискусијата што сте ја воделе погоре. Предлог: Учениците формираат парови. Треба на партнерот/ партнерката со пантомима да им се објасни што е она за кое би дале сѐ во животот, за да го постигнат. Или што навистина, навистина ги исполнува, ги прави среќни.


РАБОТЕН МАТЕРИЈАЛ: „СРЕЌА“

Има само еден начин да се остане среќен, да престанеме да се грижиме за нештата кои се вон силата на нашата волја. Епиктет Имаме тенденција да забораваме дека среќата не доаѓа како резултат од добивање на нешто што го немаме, туку повеќе од препознавање и ценење на тоа што го имаме. Фредерик Кенинг Среќните луѓе планираат акции, не планираат резултати. Dennis Waitley Не потценувај ја вредноста на неправење ништо, или обичното препуштање, слушајќи ги сите нешта што можеш да ги чуеш, без да се заморуваш. Вини Пу Среќа е кога тоа што го мислиш, кажуваш и правиш е во хармонија. Махатма Ганди Успехот не е клуч за среќа. Среќата е клуч за успех. Ако го сакаш тоа што го правиш ќе бидеш успешен/на. Херман Каин Посоодветно за човек е да се смее на животот отколку да го оплакува. Сенека Таа планета има, или подобро речено, имаше ваков проблем: најголем дел од луѓето што живееја таму беа несреќни во поголем дел од времето. Се предлагаа многу решенија, од кои голем дел беа поврзани со движењето на мали зелени листови од хартија, што беше многу чудно, затоа што, гледано во целина, малите зелени листови од хартија воопшто не беа несреќни. Даглас Адамс Ако сакаш среќа од еден час – дремни. Ако сакаш среќа за еден ден – оди по риба. Ако сакаш среќа за една година – наследи богатство. Ако сакаш среќа за цел живот – помогни некому. Кинеска поговорка


ДОАЃАМЕ ВО МИР Филмот и понудените активности може да бидат корисни во предметите социологија, граѓанско образование и граѓанска култура, за покривање на соодветни цели, како на пример: општествени групи, општествена интеракција, идеологијата во современите општества, општеството и индивидуалната свест: интернализација на другите и формирање на индивидуализацијата, индивидуализирано општество, индивидуализам и колективизам, развој на личноста, личноста и општеството, култура, општествени отстапувања, како и во проектните активности: Мир, толеранција и заштита кај загрозувања и ризици, темелни вредности и може да покрие бројни цели од проектните активности: Урбано живеење и Култура на здравото живеење.

8

ФИЛМ:

(ВОН)ЗЕМЈАНИНОТ ЛИ, Македонија, 2014, 21 мин. Режија: Сашко Мицевски

ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ФИЛМОТ: За филмот, Сашко вели: „’(Вон)земјанинот Ли’ е кратка документарна монографија која следи еден краток период од животот на штипската легенда Мики Ли. Мики Ли Трајчевски е жител на Штип, попознат кај народот како најексцентричен бездомник во регионот кој живее мирен, пасторален живот, шетајќи низ природните убавини под Исарот. Штипјани го знаат и како Вонземјанинот Ли поради неговата способност за комуникација со битија од други планети и галаксии. Овој изромантизиран филм ги документира навиките на овој необичен човек, ослободен од незначајноста на материјалните нешта. Неговите изјави звучат нереално


и несфатливо, но тој не е единствениот што ја потврдува појавата на НЛО во штипскиот регион. Сепак, изјавите на Мики отвораат дискусија за односот помеѓу сонот - реалноста, рационалното - нерационалното, земјата - небото, религијата - науката. (Вон)земјанинот Мики беше предмет на дискусија и исмејување од штипјани сѐ дури живеев и растев во Штип. Постоеше еден урбан мит дека кога некој ќе му се обрати со ’Брус Ли е мртов’, тој ќе почне да ја брка личноста што го вели тоа и… никој не го знае крајот на приказната. За мене самиот град имаше некој откачен шарм што го сфатив откако се иселив од него и отидов да студирам во Скопје. Тогаш сфатив, всушност, од каде сум и со какви интересни луѓе сум делел секојдневје, па решив да го ставам овој град во еден изромантизиран откачен филм преку очите на оваа урбана легенда. Комуникацијата со Мики беше многу инспиративна и целиот процес на документирање на неговите активности ме смени како личност (и филмаџија), но и ми отвори многу прашања за неговиот лик и дело и за постоењето на вонземјани и други вселенски битија. Со остатокот од филмската екипа имавме безброј дискусии за тоа колку и што треба да ѝ понудиме на публиката од овој лик, за да се обидеме да го објасниме, но да не го демистифицираме. Филмот за мене претставуваше портрет на идеологијата на Мики кој треба да ја побуди публиката да продискутира и да размисли за значењето на верата и неверата, небото и земјата, рационалното и ирационалното“. ИНФОРМАЦИИ ШТО МОЖАТ ДА ВИ БИДАТ ОД ПОЛЗА:

На едно површинско ниво, ова е „откачен“ филм, но може да биде подлога за сериозни дискусии кои опфаќаат многу теми, особено актуелни за младите од оваа возраст. Може да ги развива љубопитноста и фантазијата, може да поттикне потреба за дополнителни истражувања, критичко размислување, градење или истражување на филозофски, вредносни и системи на верувања и уверувања. И секако, дури и научни дела.

Неодамна (2016 година) во еден американски музеј е откриен есеј од 1939 година, напишан од Винстон Черчил, кој покажува дека британскиот премиер бил отворен кон можноста за постоење на живот на други планети, и тоа речиси под истите услови што и денес се сметаат за неопходни. Насловот на текстот е „Дали сме сами во Универзумот?“ а во него тој ги има дадено истите аргументи како и модерната астробиологија, дека луѓето


не може да се единствени, имајќи ја предвид обемноста на Универзумот и дека живот е „сето она што има способност да се размножува и да има поколенија“. Повеќе од 50 години пред откривањето на егзопланетите, тој ја разгледува веројатноста дека околу други ѕвезди би можело, исто така, да постојат планети, заклучувајќи дека голем дел од овие далечни светови „се со соодветна големина, за да задржат вода на својата површина и да имаат одреден вид атмосфера“. Горенаведеното е особено занимливо затоа што Винстон Черчил е најчесто перципиран како „ладен рационалист“ и малкумина можат да поверуваат дека тој може да биде автор на еден таков текст, односно да се интересира за „гранични“ подрачја на науката. Доколку некој од учениците покаже интерес за преиспитување на граничните подрачја на науката, може да му ги препорачате емисиите на Крешимир Мишак, кои во последнава деценија се прикажуваат на хрватската телевизија. Серијалот има наслов Na rubu znanosti и се занимава со контроверзни, непроверени теми кои може да бидат поттик за развој на критичкото мислење. Секако, треба да им се нагласи дека во серијалот се зборува за теми и се изнесуваат ставови за кои не постои цврста научна верификација, туку може да бидат основа за поттикнување на љубопитноста, која е во основата на сите научни истражувања. Еден од најголемите поборници за научните истражувања на вселената

во ХХ век, како и човек што имал голема дарба да ги инспирира и неупатените „да се свртат кон ѕвездите“, Карл Саган, (Carl Edward Sagan 1934 –1996) во серијалот Космос ни објаснува, според едноставен принцип на веројатност, дека само во нашата галаксија, бројот не технолошки напредни цивилизации треба да брои милиони. Секако, филмот и активностите поврзани со него не се со намера да

наметнуваат убедувања и/или уверувања, особено не дали постојат вонземјани или не, туку сметаме дека се добра основа за преиспитување на разни стојалишта, уверувања и ставови. Филмот може да се „чита“ и само како забавна приказна, може да се искористи за да се продискутира за основните човекови вредности, да се разговара за животни стилови, да се отворат прашања за личните (у) верувања и ставови. За квалитетот на животот воопшто. Филмот може да се користи за да се преиспита сопствениот став за различноста и толеранцијата кон различните убедувања и животни стилови. Најчесто луѓето го сметаат за „луд“ главниот лик од овој филм, или во најмала рака за „откачен“ и не го сфаќаат сериозно, иако неговиот


начин на расудување и изразување, најчесто од формален аспект, е сосема коректен. Може да се зборува и за концептот на мултикултура, кој кај нас е безмалку вулгарно редуциран на верски и етнички аспект, занемарувајќи ги многуте други слоеви на мултикултурализмот, прифаќање на оние со различни уверувања, животни стилови, на сѐ што е различно од „доминантното“ во конкретниот контекст. Филмот секако може да се искористи за преиспитување на сопствените граници на прифаќање на различните мислења.


АКТИВНОСТ: И ТИ СИ ВОНЗЕМЈАНИН ВО ВСЕЛЕНАТА! ЦЕЛИ: • ДА СЕ ПРЕИСПИТААТ СОПСТВЕНИТЕ ГРАНИЦИ НА ТОЛЕРАНЦИЈА НА РАЗЛИЧНОСТА • ДА СЕ ПРЕИСПИТААТ СОПСТВЕНИТЕ РАЦИОНАЛНИ РАСУДУВАЊА

• ДА РАЗМИСЛАТ ЗА СОПСТВЕНИТЕ „ИЗВОРИ“ НА ЛИЧНИ УВЕРУВАЊА МАТЕРИЈАЛИ: • РАБОТЕН ЛИСТ: НЕОЧЕКУВАНИ ГОСТИ • РАБОТЕН ЛИСТ: БЕЗДОМНИЦИ

ВОВЕДНА АКТИВНОСТ (10-15’): Сите стојат во круг, наставникот/наставничката им го чита следниов текст: Имате пред вас еден огромен куп, за кој знаете дека има 2.8 милиони камчиња. • Ако сите камчиња што ги гледате пред вас се бели и има само едно црно, што мислите, дали е за очекување во внатрешноста на купот да има уште црни? ОНИЕ ШТО МИСЛАТ ДЕКА Е СОСЕМА ОЧЕКУВАНО ДА ИМА И ДРУГИ ЦРНИ КАМЧИЊА, НЕКА ОДАТ НА ЛЕВАТА СТРАНА ОД КРУГОТ, ОНИЕ ШТО МИСЛАТ ДЕКА НЕ Е ВЕРОЈАТНО ДА ИМА И ДРУГИ ЦРНИ КАМЧИЊА, НЕКА ОДАТ НА ДЕСНАТА СТРАНА ОД КРУГОТ. • Доколку сите камчиња што ги гледате пред вас се бели, што мислите, постои ли веројатност некои од камчињата во купот да не се бели? Зошто? • Во текот на денешниот ден, иако сте премногу зафатени, ви приоѓаат, независно еден од друг, двајца пријатели. И со двајцата се дружите долго и двајцата се многу разумни и рационални личности. И двајцата сакаат да ви се доверат за нешто важно. ЕДНИОТ ВЕ УВЕРУВА ДЕКА ПРЕД НЕКОЛКУ ДЕНА, СИГУРЕН Е ВО ТОА, ВИДЕЛ ДУХ И МОРА НЕКОМУ ДА КАЖЕ. ДРУГИОТ ВЕЛИ ДЕКА ВЧЕРА ИМАЛ СРЕДБА СО ВИСТИНСКИ ВОНЗЕМЈАНИ.


Пред да си легнете, конечно имате време за себе и размислувате за денот, се сеќавате и на необичните приказни. Доколку мора да се одлучите да му поверувате на еден од пријателите, на кого ви е полесно да му поверувате? ОНИЕ НА КОИ ИМ Е ПОЛЕСНО ДА ПОВЕРУВААТ ДЕКА ПРИЈАТЕЛОТ ВИДЕЛ ДУХ, НЕКА ОДАТ НА ЛЕВАТА СТРАНА ОД КРУГОТ, ОНИЕ НА КОИ ИМ Е ПОВЕРОЈАТНО ДЕКА НЕКОЈ СРЕТНАЛ ВОНЗЕМЈАНИ, НЕКА ОДАТ НА ДЕСНАТА СТРАНА ОД КРУГОТ. Наставникот потоа ги прашува и едните и другите зошто им е полесно/потешко да поверуваат во едното или во другото.

Наставникот ги замолува учениците да се поделат во парови и во паровите да ги разменат своите видувања дали мислат дека Земјата е единствената планета во вселената на која има живот. Потоа дел од учениците ги споделуваат своите ставови пред другите. ПРОЕКЦИЈА НА ФИЛМОТ: (ВОН)ЗЕМЈАНИНОТ ЛИ (21’)


РАЗГОВОР ЗА ФИЛМОТ (10-15’) • Што мислите за филмот?

• Се сеќава ли некој што вели на почетокот на филмот Мики Ли, што е тоа што го бара целиот свој живот?

• Што мислите за овој човек? Каков е неговиот животен стил? Го осудувате/одобрувате/вреднувате?

• Покрај тоа дека на почетокот Мики Ли изгледа чудно, што мислите за неговите ставови, начинот на размислување?

• Можете ли да замислите дали би ги доживеале истите зборови многу поинаку доколку се искажани од човек во скап костум? Која би била разликата?

• Што е „мерилото“ за човечка вредност според Мики Ли? • Како е прифатен во средината во која живее?

• Мислите ли дека каде и да е на светов би бил значајно различно третиран?

• Што мислите за квалитетот на животот што го води Мики Ли? Среќен ли е? Исполнет ли е?

• Што сѐ сте вие подготвени да жртвувате за да го правите она што ве исполнува?

• Постојат ли некои дилеми, прашања или размислувања што ви ги загатна филмот? Кои?

• Сте се запрашале ли некогаш дали сме сами во вселената? Што мислите за тоа?

• Од каде потекнуваат тие уверувања? Стекнати се? Научени? Наметнати? Од кого (медиуми, училиште, средина, семејство)?

Горенаведените прашања се само можни насоки за дискусија. Во секој случај, наставникот се очекува да ги приспособи за дадениот контекст, цели и барања од конкретниот час. Можеби за овој конкретен филм, најдобро е дискусијата да се остави да тече спонтано, а наставникот само да внимава на минималното меѓусебно сослушување и понекогаш само да ја насочува дискусијата, доколку темата ги понесе учениците да ги преиспитуваат сопствените гледишта, колку и да се оддалечат од носечката тема на филмот.


Во овој дел го додаваме филмот СТУДАНТС. Свесни дека филмот трае подолго од еден школски час, го нудиме во прирачников од неколку причини.

Прво, СТУДАНТС се занимава со исклучително важна тема, како за младите луѓе, така и за целата земја, а темата е актуелна и во поширокиот регион, па веруваме дека ќе биде актуелна во догледно време.

Втора важна причина зошто го вклучивме во ова издание е дека филмот е од наша, македонска авторка, што има неколку позитивни страни. Од една страна, тоа е наша скромна поддршка за домашната документаристика, од друга страна, сметаме дека учениците многу полесно би се идентификувале со приказните од филмовите и исто така, не помалку важно, можеби е своевидно признание за новата документарна сцена кај нас, која „МакеДокс“ сесрдно ја поддржува. Трета причина се позитивните примери на реализација на долгометражните филмови вклучени во претходното издание од страна на наставниците кои наоѓаа начини нив да ги прикажат на блок-часови, интегрални часови или како дополнителни активности.

СТУДАНТС

Филмот и понудените активности можат да бидат корисни во предметите: социологија, граѓанско образование и граѓанска култура, како и во проектните активности: Урбано живеење и Култура на здравото живеење.

9

ФИЛМ:

СТУДАНТС, Македонија, 2016, 50 мин. Режија: Тамара Котевска


ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ФИЛМОТ: За филмот Тамара вели: „Темата ме интересираше подолго време, затоа што не само што имаше влијание врз мојот живот, туку и врз многумина околу мене. Мојот главен мотив да се пријавам и да одам на програмата ‘work&travel’ беше да го снимам овој документарен филм, со цел да покажам што навистина се случува таму. Понатаму, откако го проживеав искуството, ми падна на памет дека филмот е многу блиску до многу документарци за животни кои сум ги гледала и дека одредена група од кој и да е вид се однесува на сличен начин во слични услови. Така дојдов до идејата да ги споредам двата вида, студентите и мравките и на некој начин да нѐ покажам нас, студентите - како интелектуална сила на секое општество, како се ставаме себеси во положба на група безимени инсекти, обидувајќи се да преживееме во околина што ни е туѓа“. Што се случува кога природниот хабитат на одреден вид мравки е загрозен? Очекувано, тие тргнуваат во потрага по нов, подобар. Постои еден таков вид во југоисточните делови на Европа, познат како студенти, а филмот е „експеримент“ кој настојува да покаже што се случува кога овие „мравки“ го напуштаат домот за да најдат подобар, некаде во САД. Ги следиме приказните на три амбициозни студентки од Македонија, кои учат како да преживеат во новиот хабитат, сосема различен од претходниот. Навистина ли е новиот дом подобар? ИНФОРМАЦИИ ШТО МОЖАТ ДА ВИ БИДАТ ОД ПОЛЗА:

Една од поголемите теми во последниве децении е иселувањето на голем број луѓе од земјава, особено млади, најчесто високообразовани. Одливот на мозоци е тренд за кој не се зборува многу. Според една анкета, 85% од младите во Македонија сакаат или би сакале да ја напуштат земјата доколку би им се дала можност. Според податоците на Светската банка, од 1950 до 2010, од Република Македонија во странство се иселиле околу 447 000 лица. Според неофицијални податоци, кои се присутни во медиумите, во последните 25 години од Македонија се иселиле 79 000 лица. Голем број млади луѓе не гледаат перспектива во ограничениот и ниско платен пазар на труд во средина во која тешко се добива работно место, без разлика на квалификациите, личните квалитети и мотивираноста.


Преовладува мислењето дека е потребна политичка припадност за да се добие работно место во државна институција, каде што, пак, најчесто не е мотив можноста за напредување или високите примања, туку претпоставена стабилност, долгорочност и редовност во приходите. Поради сето ова, голем број, особено млади луѓе, единствената можност ја гледаат во шансата да заминат во странство на ограничено време или да се иселат. Голем дел од оние што мечтаат да се иселат веројатно и не претпоставуваат на какви сѐ услови можат да наидат.

Наместо да се зборува за бесперспективност, може да се покрене дискусија за тоа кои се предностите, а кои недостатоците да се живее во големиот град/мало место/во Македонија/во некоја друга земја. Потоа тоа може да биде поттик за мало истражување или барем активност на час, кои алтернативни занимања можат да се замислат во вашата средина. Често луѓето очекуваат некој друг да ги вработи, а ретко се осмелуваат да ги испитаат ресурсите и да започнат со нешто што ги исполнува, а притоа од тоа да може и да се заработи, поради притисок на средината, инерција во сфаќањата, традиционални, застарени очекувања и слично. Така, многу е полесно да се направи траумата на преселување, отколку да се започне со некакви рачни изработки или одгледување на одредени култури, кои не се традиционално познати кај нас, ама затоа се исплатливи. Младите луѓе често се обесхрабрени од целокупниот социјален контекст, а веројатно е подобро да се обидат дури и да не успеат, на млада возраст, отколку тоа да се обидат да го направат понатаму во животот. Наставникот може да ги охрабри или да иницира мало истражување, да им го даде како проектна активност, индивидуална или групна, да ги истражат заборавените занимања од своето место, или да истражат со кои ресурси располага нивниот крај, а потоа да истражат на интернет, што сѐ креативно може да се прави од тие ресурси. Исто така, може да се покрене дискусија за „вредноста на парите“, односно дали се тие крајната и најпосакувана вредност, што може да биде поттик за дискусија за вредности и вредносни системи воопшто.


Turn static files into dynamic content formats.

Create a flipbook
Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.