Меѓу бројните непроценливи културно-историски вредности откриени под длабоките, со векови напластени, слоеви во античкиот град Стоби е Епископската базилика, најзначајниот и најстариот споменик на раното христијанство во Република Македонија. По речиси цел век истражување, таа не престанува да го предизвикува интересот на сите кои од каков било аспект ги проучуваат остатоците од културното минато на Македонија. Еден од нив е, секако, ѕидното фрескосликарство што ги украсувало внатрешните ѕидови на овој ранохристијански храм и коешто, заради својата сочуваност, но и заради своите иконографски и колорни специфики, претставува извонредно редок и исклучителен пример на сочувано ликовно културно наследство од IV век во поширокиот медитерански регион.