Долго време во науката се правеа обиди да се идентификува локацијата на античкиот град Лихнид (Lychnidos). Навидум, проблемот се наметнуваше поради немањето епиграфски докази, и покрај тоа што само на еден споменик, многу оштетен, се читаше дел од натпис ΛΥΧΝΙ[ΔΟΣ], кој, нажалост, сега е изгубен, a на два римски милјокази растојанието беше означено со бројот на милјите и името на градот со грчки букви, кои, пак, не беа најдени in situ на егнацискиот пат. Меѓутоа, големите археолошки зафати, почнувајќи од шеесеттите години, сè повеќе ја потврдуваа тезата дека е Охрид стариот Лихнид, што е прифатено од научната јавност. Особено откривањето на театарот од доцнохеленистичката епоха беше силен показател дека тука, во стариот дел на градот, Варош, се развивал овој многу познат град на Охридското Езеро и како попатна станица на Via Egnatia. Во исто време, покрај моќта на градот, што ни ја покажува пространиот антички театар, а подоцна и со неговата пренамена за изведување и на амфитеатрални и