...Дел од тоа светско културно наследство, секако, го имаат зачувано и античко-македонските поети кои се издвоени за оваа Антологија, посебно поради фактот што тие македонски автори на своето творештво се потпишале, се идентификувале дека се носители на правото да ги препознаваме и толкуваме такви какви што се: македонски, негрчки поети со етнонимот „Македонецот“ (пр: Филип Македонецот, Адеј Македонецот) или референцата со името на својата татковина (Антифан од Македонија, Парменион од Македонија). Други поети го потенцирале градот, топонимот од каде што потекнувале: Македониј од Тесалоника, Антипатер од Тесалоника, Исидор од Егеј, Зоил од Амфипол и други. Во македонскиот превод се вклучени и песни напишани од други македонски поети или од автори припадници на други народи во кои се опеани делови од Македонија (градови, области, планини).