NO. 19
СЛОБОДА НА ЖЕНСКОТО ТЕЛО! 20 годишната Петра Колинс е родена во Торонто. Колинс преку своите фотографии ги доловува младите девојки од предградијата, пренесувајќи силна порака – борба за слобода на изразувањето, слобода на нивната сексуалност и борбата за крај на цензурата за женското тело. Таа започнала со фотографирање уште кога била тинејџерка. На петнаесет годишна возраст ги фотографирала своите другарки од нејзиниото средното училиште. Всушност, таа фотографирала девојки кои сакаат да се забавуваат на свој начин. Колинс во своите фотографии го ослободува женското тело од стигмите и табуата со кои е оковоано дури и модерното општество. Таа покрај фотографирањето има дизајнирано и маички со графички принтови од вагини, маструбирање и срамни влакна.
ХОЛАНДСКИТЕ СЕКСУАЛНИ РАБОТНИЦИ БАРААТ БЕНИФИЦИРАН РАБОТЕН ВЕК Сексуланите работници од холандските даночни служби побараа за нив да важат истите правила за добивање пензија кои важат и за фудбалерите, што подрзабира краток работен век, т.е. бенифициран стаж. И фудбалерите и сексуалните работници имаат тешка физичка работа со која не можат да се бават цел живот - изјави правниот застапник на компанијата Фреја која планира да го превземе бизнисот со сексуалната работа во Утрехт, град во централна Холандија. Мажите преферираат млади жени, секогаш доаѓа време кога за сексуалните работници нема работа – објаснува правниот застапник. Тие побараа од холандските даночни служби да им овозможат на луѓето кои се инволвирани во сексуалната работа привилегии кои им се дадени на фудбалерите, а кои подразбираат пократок работен век. Сексуалната работа претставува легална активност во Холандија од 2000 година, под услов таа да не се обавува под присила.
Сексуалната работа во Утрехт се одвива во сплавови (мали бараки) кои се поставени на еден од каналите низ градот, а истовремено градот има изградено и посебни паркинг места кои се дозволени за користење исклучиво само од страна на клиентите кои купуваат услуги од сексуланите работници.
ВО АМСТЕРДАМ СЕ ОТВОРА МУЗЕЈ НА ПРОСТИТУЦИЈАТА Музејот наречен “Red Light Secrets“ е наменет за оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за начинот на кој се врши најстариот занает во светот, без притоа да побараат услуга од проститутка. Едукативниот музеј, е сместен во една поранешна јавна куќа и во него ќе биде сместена историјата за проституцијата во Амстердам. Целата идеја на овој проект е документирање на историјата на проституцијата во Амстердам, почнувајќи од 16-от век, кога градот бил центар на трговија, преку војните на Наполеон кога проститутките за прв пат морале да одат на редовни здравствени контроли за да се спречи
ширењето на сексуални болести меѓу војниците, па сè до денешен ден. Од 2000 година проституцијата станала легална на целата територија на Холандија, а оттогаш власта се обидува да ги искорени макроата и трговијата со луѓе. Според Јоланда ван Деверен, задолжена за социјалните програми наменети за проститутките во градот, за тој дел од Амстердам се грижат полицијата, здравствени работници, даночната служба и социјални работници. Секоја нова девојка која сака да се приклучи кон сексуалната работа, прво треба да даде доказ дека има доволно години, односно да биде постара од 21 година и да има дозвола за работа. Посетителите во музејот, кои за влез ќе издвојат 7.5 евра, ќе имаат можност да ѕирнат во собите на девојките во кои има кревет, мијалник, шкафче со лубриканти, средства за хигиена, презервативи и сексуални играчки. Излогот на улицата на Црвените фенери се изнајмува по цена од 150 евра за половина ден. За услуга од 15 минути наплаќаат 50 евра, а кога ќе се одземат даноците, за давање на сексуални услуги на 6 клиенти заработуваат 150 евра или 250 евра. Околу 75% од девојките доаѓаат од неразвиени и сиромашни земји, најчесто од Романија и Бугарија. Скоро сите жени кои доаѓаат да работат во Амстердам велат дека тоа го прават доброволно за да заработуваат, односно дека се свесни со што се занимаваат и никој не ги принудува. „Оваа работа не е за секого, треба навистина да се биде цврст човек за да може да се издржи работата“, смета Ева од Холандија.
ТРАДИЦИЈАТА НА ГЕЈШИТЕ:
ДРЕВНА УМЕТНОСТ ИСПРЕПЛЕТЕНА СО НИЗА ЗАДОВОЛСТВА
Гејшите во јапонската традиција се споменуваат од почетокот на 7-от век, но во текот на 18-тиот век оваа професија доживува нова експанзија. И денес гејшите постојат, но во многу сегменти се прилагодени на денешното време.
Се знае дека уште на почетокот на 7-от век во Јапонија постоеле жени кои биле домаќинки на бизнис и забавните собири, кои им ставале саке на гостите и за соодветен надоместок го нуделе своето друштво во најинтимни околности. Било каде на друго место на светот, ваквото нешто со сигурност би се нарекло проституција, но институцијата на гејшите има толку длабоки корени во јапонската традиција што нивната култура не дозволува банализација на оваа професија. Девојките кои ги служеле гостите на собирите на високите класи се нарекувале „сабуроко“ или служителки, а давањето на сексуални услуги на клиентите на почетокот било повеќе исклучок отколку правило. Во 18-тиот век, работните задачи на гејшите биле поврзани со задоволување на сите потреби на клиентите и традицијата станала нешто што во модерните термини би можело да биде наречено како елитна проституција. Гејшите како и останатите занаетчии биле организирани во помали заедници кои имале своја клиентела, посебни услуги за кои биле специјализирани и нормално, посебни понуди за најдобрите клиенти.
Додека едни ја минимизираат оваа професија, други ја изедначуваат со древната уметност на Јапонија. Кој и да е во право, гејшите постојат со векови и својата заедница и работа ја прилагодуваат на модерните услови трудејќи се да ја сочуваат својата традиција. Јавноста во целиот свет дознала за оваа древна јапонска пракса со појавувањето на првите фотографии на гејшите, во пеесеттите години на минатиот век. На фотографиите кои тогаш се појавиле прикажана е улогата на гејшите во модерно друштво, но откриено е и многу за нивниот мистичен начин на живот.
Гејшите биле прикажани како учат правилно да ги служат гостите, како да се насмевнуваат, како да ги усовршуваат своите музички вештини или како да им обезбедат на клиентите интимни услуги, како на пример масажа. Воглавно, секогаш се облечени во традиционална облека и со шминка карактеристична само за нив, но во дваесеттиот век во нивното работење се вовеле промени, па така се појавиле и експлицитни фотографии. Во 16-тиот век се појавиле првите интимни соби за задоволство во кои гејшите живееле и работеле, односно давале сексуални услуги. Проституцијата надвор од овие соби и куќи била забранета и строго казнувана.
Помеѓу гејшите постоеле и класни разлики, па така помалку атрактивните девојки се користеле само за служење, додека попривлечните девојки биле обучувани и користени за танц и музика. Тие живееле во раскош кој го обезбедувале нивните клиенти и посебни пријатели. Припадничките на највисоката класа на гејшите се нарекувале оиран и биле комбинација од девојки кои давале сексуални услуги и актерки бидејќи во кревет оделе само со одбрани и најмоќни клиенти, а имале и свои настапи кои воглавно се состоеле од еротски танци кои овие професионалки ги изведувале беспрекорно.
Сепак ситуацијата за време на Втората светска војна почнала да се менува, бидејќи во општиот хаос и оние девојки кои работеле на улица почнале себеси да се нарекуваат гејши. Репутацијата која гејшите ја уживале почнала да се руши. Сепак, во прашање е Јапонија, па така традицијата успеала некако да опстане. И во денешно време во Јапонија постојат гејши. Нивната заедницата е значително помала и поскромна. Жените кои ја работат оваа професија не се веќе раскошни и талентирани убавици, но сепак ја почитуваат традицијата и можат да се видат на улиците како се шетаат со необична фризура и во традиционална облека.
ЧЕТИРИТЕ НАЈПОЗНАТИ ЖЕНИ НИЗ ИСТОРИЈАТА КОИ ДАВАЛЕ СЕКСУАЛНИ УСЛУГИ
Овие четири познати жени во одреден дел од својот живот давале сексуални услуги за уживање на мажите во замена за пари. Нивните животни приказни имале различни почетоци и различни краеви, доаѓале од различни делови на светот, но сите тие го заслужиле своето место во историјата.
ЛА ЧИЧОЛИНА • Од порно актерка до позната политичарка Ана Илона Стакер, попозната како Ла Чичолина, ја започнала својата порно кариера во 1970-те. Во 1987 година била избрана како член на италијанскиот парламент. Останала на функција како член на Радикалната партија до 1991 година, а во меѓувреме продолжила да снима порно филмови и се понудила да има секс со Садам Хусеин и Осама бин Ладен за замена на заложници и мир на Блискиот исток. Ниту Хусеин, нити бин Ладен ја прифатиле понудата.
ЛАУРА БЕЛ • Од сексуален работник до проповедник Лаура Бел (1829-1894) се прославила поради нејзината убавина, духовитост и интелигенција кога започнала да работи и да нуди сексуални услуги на високата класа во Даблин уште во нејзините тинејџерски години. Таа се преселила во Лондон, каде што ги минувала деновите возејќи се околу Хајд Парк во златна кочија влечена од два бели коњи додека ги забавувала војводите и богатите благородници. Во 1853 година, Лаура стапила во брак со капетан Фредерик Тистелтвајт, а за време на нивниот брак таа минала низ драматична промена на верата, трансформирајќи се од „Кралицата на Лондонските блудници” во евангелистички проповедник. Таа се посветла на сиромашните и одржувала евангелски чајанки во нејзиниот дом за високата класа. Многумина се собирале само да ја слушаат како зборува за нејзиниот живот и за работата.
МАТА ХАРИ
• Егзотична танчарка и егзекутирана куртизана На свои осумнаесет години, убавата и невообичаено високата Маргарета Зеле (1876-1917) се омажила со маж дваесет и две години постар од неа, кого го запознала преку реклама „осамени срца” во весник . Бракот брзо се влошил поради неверства, злоупотреба и алкохолизам од страна на нејзиниот сопруг. Маргарета решила да се разведе од својот сопруг, но, при битката за развод таа останала без својата ќерка, без пари и со извалкано име. Започнала да се занимава со проституција за да може да собере доволно пари за пат до Париз, каде што ја започнала својата кариера како егзотична танчарка. Маргарета за многу кратко време станала вистинска сензација. Танцувала речиси сосема гола, на себеси носела само еден мал позлатен градник. Со нејзината убавина, заедно со нејзините елаборирано фабрикувани приказни за нејзиното минато ги привлекувала сите мажи кои се собирале од целиот Париз за да ја видат. Таа брзо се прославила во Шпанија, Монте Карло и Германија. Нејзината кариера почнала да исчезнува со доаѓањето на помлади и поталентирани девојки кои го работеле истото, па подоцна станала куртизана од висока класа. Таа била една од најплатените во Европа во тоа време со која уживале многу богати војводи, господари и маркизи. За жал, Маргарета била осудена за шпионажа, а потоа била затворена и егзекутирана со стрелање на 14 октомври 1917.
БАРБАРА ПАЈТОН • Од сирена на телевизиските екрани до девојка која нудела сексуални услуги на улица Убава, со сини очи и руса коса, Барбара Пејтон (1927-1967) ја започнала својата кариера како модел, појавувајќи се на страниците на многу познати модни списанија. Таа започнала со актерство во Холивуд во 1949 година и набргу станала позната ѕвезда во филмот “Kiss Tomorrow Goodbye”, а за своето време заработувала по 10.000 долари неделно. Барбара продолжила да се појавува на големиот кино екран до 1963 година, но во тоа време нејзиниот углед бил уништен поради нејзините многубројни љубовни врски со оженети мажи, несовесно забавување и прекумерно пиење. Таа исто така се обидела да се самоубие со предозирање со апчиња за спиење. Барбара имала тешка, четиригодишна врска со актерот Том Нил, кој бил познат како насилник и претепал еден од љубовниците на Пајтон речиси до смрт. Во последните години од нејзиниот живот, Пајтон била редовно апсена за проституција, јавно пијанство, ситни кражби и дрога. Пајтон се преселила назад во куќата на нејзините родители во 1967 година, а подоцна истата година починала од срцев удар во бањата.