Јазикот на Сара
ЈАЗИКОТ НА САРА
Сликовницата е подготвена од страна на Центарот за човекови права и разрешување конфликти, во рамките на програмата „Воведување на почит кон различностите и мултикултурализмот во раниот детски развој во Македонија” на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, финансиранa од Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада во Скопје.
ЈАЗИКОТ НА САРА Автор на текстот: Рената Дедова Јазична лектура и книжевна адаптација: Билјана Маленко Илустратор: Румена Најчевска
Е
ден ден, во паркот околу зградата каде што живее дружината МЕЛА, а така си ја нарекоа децата според првите букви од сопствените имиња, се случи нешто чудно. Луан, Ана, Ениса и Марко беа договорени да си играат со топка. Но, токму таму, каде што беше најрамно и каде што требаше да им биде патеката за тркалање на топката, веќе седеше едно девојче на послано ќебе на земјата и самото нешто си играше. Луан ја праша уште од далеку дали ќе сака да се помести малку настрана, ама таа не се ни заврти кон него. Луан се изненади, дури малку и се налути, а Марко му рече дека сигурно не го ни слушнала зашто е далеку и нешто заиграна, па дека тој ќе оди од поблиску да ја праша. На половина пат Марко ѝ го постави истото прашање на девојчето, ама тоа пак не се заврте. Ениса виде што се случи, па му дофрли на Марко: „Ај, остави ја, ако мисли да се прави важна, нека продолжи! Дојди, ќе најдеме друго место за играње!“, па сите се преместија на другата страна на паркот.
4
5
П
о неколку дена дружината МЕЛА седеше на клупата пред зградата. Децата се договараа какво изненадување да му направат на едно дете за неговиот роденден утредента на училиште. Тогаш, близу до нив помина истото девојче што пред некој ден не им обрна внимание. Сега беше заедно со мајка ѝ. Во еден момент тие застанаа и почнаа нешто двете да мавтаат со рацете. Децата од дружината МЕЛА многу се изненадија. Што е проблемот? Што прават со рацете? Да не играат пантомима? Тогаш мајка ѝ ја фати за рака и тргнаа кон дружината. Марко, Ениса, Ана и Луан помислија дека има некој проблем. Да не се налутило девојчето што бараа само малку да се потргне настрана?
6
7
К
ога дојдоа, мајката им се обрати на децата: „Здраво, деца! Ова е Сара, а јас сум нејзината мајка. Пред некое време дојдовме од друго место да ја посетиме баба ѝ на Сара, која живее во онаа зграда онаму. Секој ден Сара ве гледа од балконот како си играте разни игри во паркот. И таа би сакала да игра со вас, па дали може да ви се придружи додека сме тука?“ Штом слушна, Ениса направи „фаца“ зашто си помисли кај сега ќе играат со некој кој се прави важен, но среќа – девојчето не ја виде зашто гледаше во мајка ѝ. Ана тогаш рече: „Нема проблем, и сега нека остане ако сака. Еве, јас сум Ана, ова е брат ми Марко, ова се Луан и Ениса!“
8
9
С
ара тогаш се насмевна и направи нешто со рацете. Мајка ѝ им рече на децата дека Сара не слуша и не зборува многу разбирливо, но дека и Сара знае многу игри да игра. Тогаш Луан рече: „Аааа, сега разбирам зошто не се заврте пред некој ден кога сакавме да ја замолиме малку да се помести за да играме една игра“. А Ениса олеснето додаде: „Лелеее, а јас мислев дека се прави важна! А како тогаш да се договараме што да играме?“ Мајката на Сара тогаш им објасни: „Зборувајте исто како што си зборувате, но без брзање. И така за да може да ве гледа во лице. Сара знае да чита од усни!“ Сите деца изненадено викнаа: „Знае да чита од усни?“ Тогаш Сара се насмевна и направи некое движење со рацете, а мајка ѝ рече: „Да, научи да разбира што зборува некој од тоа како ја движи устата и каков му е ликот додека зборува. Затоа е важно да стоите пред неа и да ве гледа додека ѝ зборувате!“ Ениса тогаш се сети уште нешто да праша: „А како ќе знаеме што сака таа да ни каже?“ Мајка ѝ продолжи: „Сара, наместо да зборува со зборови што се изговараат, таа зборува со зборови што се покажуваат со рацете. Претпоставувам дека вие не го знаете тој јазик, така?“ „Не!“, извикаа сите. „Не грижете се! – рече мајката. – Овде ќе поседиме уште три недели и за тоа време сигурно ќе научите некој знак од Сара. А во меѓувреме, ако не разбирате нешто, Сара ќе може да ви го нацрта тоа што сака да ви го каже!“
10
11
Д
ружината многу се израдува. Им се виде нешто многу различно од кое било познанство што го имале досега. Ениса дури ѝ мавна со раката на Сара за да ја повика да седне до неа на клупата. Наскоро сите заедно почнаа да ја цртаат честитката за детето на училиште. Во еден момент, кога другите деца зборуваа за тоа колку посакува да има велосипед детето што ќе слави роденден, Сара зеде парче хартија и почна да ја витка во една, па во друга насока, па пак наваму, па пак натаму... Децата се чудеа што ли сега ќе направи?! И, во еден момент, нејзините прсти успеаја од хартијата да направат велосипед, што мислиш дека веднаш можеш да се качиш на него и да го возиш. Дружината МЕЛА многу се изненади, па сите посакаа Сара да ги научи и тие да го направат истото. Зедоа сите по една хартија, па таа, чекор по чекор, им покажуваше како да направат. На крајот, секој имаше по еден велосипед. Велосипедите ги залепија на честитката за да му се оствари желбата на детето што ќе слави роденден. Тогаш Сара направи движење со рацете, па покажа кон изработката. Децата веднаш разбраа – на нејзин јазик им кажа како се вика велосипед. Веднаш сите го повторија движењето, а Сара се насмеа.
12
13
Д
енот со Сара им донесе многу нови доживувања на децата од дружината МЕЛА, а таков беше и наредниот, и наредниот... Секој ден Сара ги учеше по некој знак со рацете од нејзиниот јазик додека си играа нешто во паркот. Тогаш децата си рекоа дека тоа може да им биде и таен јазик додека се во училиште, зашто така никој нема да ги разбере што зборуваат. По некое време, Сара требаше да си замине дома во својот роден град. Децата од дружината МЕЛА тој ден беа многу тажни. Ја чувствуваа како да е петтиот член на нивната дружина, а веќе требаше да си замине. Сите петтмина се гушнаа силно. Се договорија до следниот пат, додека да дојде повторно во посета на баба ѝ, да си праќаат писма со цртежи и фотографии. Така, посебен ден беше кога дружината ќе се собереше да ѝ напише писмо или, уште повеќе, кога ќе видеше дека во поштенското сандаче има нешто за нив од Сара. Особено се радуваа зашто во секое од нив имаше по некоја нова хартиена фигура што ја направила таа само за нив.
14
15
Издавач: УНИЦЕФ За издавачот: Нора Шабани Уредник: Виолета Петроска-Бешка Автор на текстот: Рената Дедова Јазична лектура и книжевна адаптација: Билјана Маленко Илустратор: Румена Најчевска Дизајн: КОМА CIP - Каталогизација во публикација Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”, Скопје 821.163.3-93-32(084.11) ДЕДОВА, Рената Јазикот на Сара / [автор на текстот Рената Дедова ; илустратор Румена Најчевска]. - Скопје : Канцеларија на УНИЦЕФ, 2015. - 20 стр. : илустр. ; 27x22 см. - (Дружината МЕЛА) ISBN 978-9989-116-77-3 (едиција) ISBN 978-9989-116-84-1 1. Најчевска, Румена [илустратор] COBISS.MK-ID 98848266
Сите права за издавање на оваа сликовница ги задржува @ УНИЦЕФ 2015
Сите сликовници за дружината МЕЛА Дружината МЕЛА
ОЧИЛАТА НА ЕНИСА
МАРКО ВО КОЛИЧКА
Јазикот на Сара
Дедото што беше слеп
Училиштен натпревар
Различни семејства
Различни јазици
И за девојчиња, и за момчиња
ПЕПЕЛАШКО
андреј и мачето
Свадба
Случките на Ениса
Петар Пан
Бајрам
Ѓурѓовден
Велигден
Игра на сенки
Меурчиња од сапуница