Дедото што беше слеп
дедото што беше слеп
Сликовницата е подготвена од страна на Центарот за човекови права и разрешување конфликти, во рамките на програмата „Воведување на почит кон различностите и мултикултурализмот во раниот детски развој во Македонија” на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, финансиранa од Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада во Скопје.
ДЕДОТО ШТО БЕШЕ СЛЕП Автор на текстот: Рената Дедова Јазична лектура и книжевна адаптација: Билјана Маленко Илустратор: Румена Најчевска
Е
ниса, Марко и Ана забележаа дека дента Луан не дојде на училиште. По завршување на часовите, беше ред на мајката на Ана и Марко да ја однесе дома дружината МЕЛА, како што четирите деца си го нарекуваа своето друштво според првите букви од своите имиња. И мајката се изненади што денеска, наместо четири, зеде само три деца. Родителите на Луан изгледа заборавиле да ѝ јават дека тој ќе отсуствува, па никој не знаеше што се случува со него. На пат кон дома, дружината си разговараше што би можело да биде со Луан, па помислија дека сигурно се разболел. Се договорија попладнето да го посетат за да видат како е.
4
5
Н
о, само што почнаа да се качуваат по скалите во нивната зграда, кога пројдоа пред вратата на Луан, наеднаш се слушна лаење на куче зад вратата од неговиот дом. Многу се изненадија. Не знаеја дека Луан почнал да чува куче! Силно се израдуваа и помислија дека конечно ќе им се оствари желбата да имаат барем едно домашно милениче со кое ќе си играат сите. Тогаш побрзаа дома за да се подготват за посетата кај Луан.
6
7
К
ога стигнаа дома, децата се слушнаа по телефон со Луан за да му кажат дека би сакале да го посетат. Луан им рече да не се грижат зашто не е болен, туку дека денеска има специјален гостин дома. Токму затоа не бил на училиште, но дека би бил пресреќен ако дојдат попладне сите кај него за да ги запознае и нив со гостинот. Децата веќе знаеја дека Луан сигурно сака да ги запознае со своето куче, ама не им кажува, а тие, нели, веќе го слушнаа како лае! Затоа тројцата од дружината се договорија од дома да земат неколку топчиња, како подарок за кучето, за да си игра со нив додека е Луан на училиште. Конечно дојде и времето за посета. Трите деца се најдоа пред вратата на Луан и беа многу возбудени, одвај чекаа да се отвори вратата. Штом заѕвонија на ѕвончето, повторно го слушнаа истиот лаеж. Ги поздравуваше кучето позади вратата! Кога Луан им ја отвори вратата, трите деца силно го гушнаа зашто денеска навистина многу им недостасуваше во училиштето, а потоа погледот им отиде долу...
8
...Видоа едно прекрасно кафено куче што веднаш почна да им се мотка околу нозете и да мавта со опашката кога ги здогледа топчињата во нивните раце! И, кога децата му рекоа на Луан дека се многу радосни зашто конечно некој од нив има куче дома, тој ги изненади кога рече дека кучето не било негово! Како ли може да не е негово, а еве го кај него дома, се запрашаа децата. Тогаш Луан ги потсети дека уште по телефон им рекол дека денеска има специјален гостин дома, ама дека тоа не е кучето, туку некој друг со кого тој многу сака конечно да ги запознае. Децата многу се зачудија. Кој ли може да биде тоа? Луан се насмевна и им покажа да одат кон дневната соба.
9
К
ога влегоа во собата, таму седеше еден човек што првпат го гледаат. Луан се стрча кон него, силно го гушна, па се заврте кон децата и им рече дека тоа е неговиот дедо. Децата дојдоа да се поздрават со него и му ги кажаа своите имиња. Тогаш Луан го потсети дедото што му раскажувал по телефон, за тоа со кое дете што најмногу сака да прави. Откога се запознаа, децата замолчија. Им дојде чудно што дедото цело време носеше темни очила, па тие не знаеја каде точно гледа. Дедото сети дека децата нешто се збунети. Така, почна да им објаснува дека тој, кога бил на нивна возраст, играл фудбал пред куќата, но во еден момент лошо паднал и си ги повредил очите. Оттогаш не може да гледа. Луан виде дека неговата дружина уште повеќе стана збунета. Како ли може некој да не гледа, се прашуваа тие. Тогаш Луан им рече слободно да го прашаат дедо му за сѐ што не им е јасно зашто тој умее многу убаво да објаснува.
10
11
Д
ецата го прашаа кој му го купува она што му треба од продавница, а тој рече дека сам си купува. Но, сигурно се прашуваат како ли оди до продавницата кога треба да излезе од домот и да премине неколку улици. Тогаш тој им објасни дека живее во зграда на петти кат, па прво со лифт се спушта до приземјето. Но, како ли знае кое копче да го стисне кога не ги гледа бројките, се прашуваа децата. Тогаш тој им објасни дека долго време живее на истото место и, само што ќе ги допре, веќе многу добро го знае распоредот на копчињата. Потоа, кога ќе излезе надвор, бидејќи патот до продавницата го оди секој ден, исто така го знае многу добро напамет, па си се движи лесно, само со помош на својот бел стап. Со него проверува каде е тротоарот и да не има некоја пречка на патот. Заради белиот стап и другите луѓе знаат дека не може да гледа, па внимаваат на него или понекогаш му помагаат, кога му е потребно. Кога ќе дојде до крстосница, тогаш на земјата има едни испупчени топчиња кои тој со стапот ги допира. Така знае дека треба да застане тука и добро да слушне да не доаѓа некој автомобил. Дедото им кажа и една многу интересна работа: на некои поголеми крстосници имало и семафори за слепи лица! Децата никогаш немаа видено таков семафор, па го запрашаа како работи. Тој им објасни дека на него свети зелено светло за пешаците да ја минат улицата. Но, тогаш семафорот истовремено пушта и еден звук, па тој знае дека може да ја премине улицата. Кога свети црвено светло за пешаци, тогаш пушта поинаков звук, па тој знае дека треба да застане. На децата многу работи им станаа појасни, но сѐ уште не им беше јасно што прави кучето кај Луан дома. Тогаш дедото им објасни дека кога надвор има снег и кога е потешко да се движи со стапот, или кога оди некаде подалеку каде е потешко да стигне, тогаш се движи со кучето. Кучето е специјално тренирано да знае да го однесе до паркот и таму да најде празна клупа за да седне, да го однесе до амбуланта, да го однесе до некој пријател што ќе му го каже тој по име... Кучето умее и да го пренесе преку улица онаму каде ги нема оние звучни семафори или каде нема воопшто семафори. Тоа знае дека треба да чека да се вклучи зелено светло или да погледне лево-десно и да чека додека нема ниту еден автомобил, па да почне да ја преминува улицата. Децата многу се изненадија. Колку ли е паметно ова куче кога толку работи разбира?! Дедото го погали своето куче и рече дека тоа му е многу добар другар – ем се дружат заедно дома ем му помага за движење надвор од домот. Но, тој исто така рече дека многу му помага и тоа што има многу добар слух. Според тоа, од каде доаѓа некој звук или каков е тој, многу работи може да прави или да разбере. Така, на пример, по тоа каков е гласот на луѓето, може да разбере дали се среќни или се тажни, и без да ги види нивните лица. Децата повторно се изненадија. Како ли му успева тоа? Тогаш дедото ги праша децата како ќе си го кажат своето име кога се тажни, а потоа, кога се среќни. Децата видоа дека гласот им е различен во едната и во другата ситуација.
12
13
И
така, дружината и дедото на Луан си разговараа и разговараа долго време. На децата им беше многу интересно да слушнат како изгледа животот на еден човек кој не може да гледа. Пред да заминат дома, дедото повторно ги изненади. Им предложи да им прочита една приказна. Да им прочита приказна?! Невозможно е тоа, помислија децата. Тогаш дедото му рече на кучето да му ја донесе чантата. Кучето брзо се стрча и ја донесе, држејќи ја со својата уста. Дедото ја извади сликовницата од чантата. Во меѓувреме, четирите деца седнаа околу него и чекаа да видат што ќе се случи. Дедо ја отвори книгата, а на неа, наместо букви што децата ги препознаваат, имаше букви напишани за слепи лица. Тие беа со испупчени топчиња, па дедото многу вешто ги допираше со своите прсти и така знаеше што пишува. Тој им прочита една многу убава приказна токму за едно дете кое не гледало, а кое имало многу деца со кои се дружело и правело многу работи заедно со нив. И така, заврши и читањето приказна на дедото на Луан, а веќе беше време децата да се вратат дома за вечера. Се гушнаа силно со дедото и со Луан и рекоа дека едвам чекаат тој повторно да дојде на гости зашто сакаат пак да поминат време заедно со него.
14
15
Издавач: УНИЦЕФ За издавачот: Нора Шабани Уредник: Виолета Петроска-Бешка Автор на текстот: Рената Дедова Јазична лектура и книжевна адаптација: Билјана Маленко Илустратор: Румена Најчевска Дизајн: КОМА CIP - Каталогизација во публикација Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”, Скопје 821.163.3-93-32(084.11) ДЕДОВА, Рената Дедото што беше слеп / [автор на текстот Рената Дедова ; илустратор Румена Најчевска]. - Скопје : Канцеларија на УНИЦЕФ, 2015. - 20 стр. : илустр. ; 27x22 см. - (Дружината МЕЛА) ISBN 978-9989-116-77-3 (едиција) ISBN 978-9989-116-86-5 1. Најчевска, Румена [илустратор] COBISS.MK-ID 98849290
Сите права за издавање на оваа сликовница ги задржува @ УНИЦЕФ 2015
Сите сликовници за дружината МЕЛА Дружината МЕЛА
ОЧИЛАТА НА ЕНИСА
МАРКО ВО КОЛИЧКА
Јазикот на Сара
Дедото што беше слеп
Училиштен натпревар
Различни семејства
Различни јазици
И за девојчиња, и за момчиња
ПЕПЕЛАШКО
андреј и мачето
Свадба
Случките на Ениса
Петар Пан
Бајрам
Ѓурѓовден
Велигден
Игра на сенки
Меурчиња од сапуница