Училиштен натпревар
УчилишТен натпревар
Сликовницата е подготвена од страна на Центарот за човекови права и разрешување конфликти, во рамките на програмата „Воведување на почит кон различностите и мултикултурализмот во раниот детски развој во Македонија” на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, финансиранa од Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада во Скопје.
УЧИЛИШtЕН НАТПРЕВАР Автор на текстот: Рената Дедова Јазична лектура и книжевна адаптација: Билјана Маленко Илустратор: Румена Најчевска
Д
енеска, во училиштето каде учат членовите на дружината МЕЛА, како што си го викаа децата своето друштво според првите букви од нивните имиња, беше залепен голем постер. На него со големи букви пишуваше УЧИЛИШТЕН НАТПРЕВАР, а подолу стоеше дека тој ќе биде за 10 дена. Секој што сака може да се пријави на тој натпревар за една од понудените активности, како што се: трчање, цртање, пеење, гаѓање во мета, пишување песна, скок во далечина, шутирање кошеви... На големиот одмор Ана го виде постерот и многу се израдува. Реши да се пријави за пишување песна. По часовите, одејќи дома заедно со другите членови на дружината МЕЛА, таа им се пофали дека се пријавила за натпреварот и дека веќе има идеја за што да пишува. Сепак, мора да размисли уште малку. Марко рече дека и тој се пријавил, но за шутирање кошеви. Луан рече дека ќе размисли до утре што да избере – скок во далечина или трчање. Можеби ќе одбере скок во далечина зашто, вежбајќи балет, веќе научил и да скока далеку. Само Ениса молчеше. Кога другите ја прашаа дали и таа ќе се пријави за нешто, таа само кратко рече: „Не знам...“
4
5
У
тредента во училиштето вриеше од ученици околу постерот. Имаше и куп наставници кои правеа список на пријавените учесници. Ениса големиот одмор го помина стоејќи настрана во ходникот и гледајќи ја гужвата. Сѐ повеќе мислеше дека е најдобро за ништо да не се пријави.
6
Кога на крајот од часовите децата од дружината МЕЛА се враќаа дома, повторно зборуваа за натпреварот. Впрочем, сите во училиштето само за тоа и зборуваа веќе два дена. Само Ениса повторно молчеше. Ана тоа го забележа, па ја праша: „Ти, дали се пријави за нешто?“, но Ениса само погледна во земја и одмавна одречно со главата. Ана тогаш рече: „Па, зошто не се пријавиш за пеење? Знам дека убаво пееш!“ Тогаш Ениса рече: „Никогаш досега не сум пеела на училиште. Само моите дома и вие од дружината што ме имате слушнато како пејам. Не верувам дека сум доволно добра за натпревар. Го видов списокот на тие што досега се пријавиле – има многу ученици што сите ги знаат зашто веќе пееле на приредбите, а и сите се поголеми од мене. И, навистина сите добро пејат!“ Ана многу се растажи од ова што го слушна, па застана на сред тротоар и рече: „Зошто зборуваш така? Само сакам да ти кажам дека мене кожата ми се ежи и како да ми играат пеперутки во стомакот секој пат кога ти нешто ќе запееш. Мислам дека е ова добра шанса да ја видат таа твоја дарба и другите во училиштето. А, дали си подобра или не од другите што се пријавиле – тоа не треба воопшто да те загрижува, ниту пак ако си најмала меѓу нив. Твое е да одбереш што ќе пееш и да испееш најдобро што можеш, а тие што ќе бидат во комисија нека мислат кому колку поени ќе му дадат. Утре те чекам на голем одмор во холот и ќе дојдам со тебе за да се пријавиш!“ Ениса благо се насмевна, но сети како малку да се вознемири од разговорот со Ана, па само рече: „Ќе видиме до утре!“
7
У
тредента на големиот одмор Ана ја чекаше Ениса во холот, ама ја немаше неа. Ана помисли дека нема ни да дојде, но токму кога сакаше да се упати кон нејзината училница за да ја повика, Ениса се појави зад аголот и сета беше многу вознемирена. Ана ја гушна силно и само ѝ рече: „Кога ќе пееш на натпреварот, гледај во мене и замисли дека само јас те слушам. Ништо друго не е важно. Јасно?“ Ениса како да немаше ни трошка глас во моментот, па само гледаше во Ана и ништо не рече. Ана ја фати за рака и отидоа кај наставникот кој го водеше списокот за пеење. Ениса едвам си го кажа името. Тоа беше толку тивко што наставникот два пати ја препрашуваше како точно се вика. До Ениса стоеја други две поголеми деца – тие уште првиот ден се пријавиле, па сакаа да видат кои се другите натпреварувачи. Кога ја слушнаа Ениса како тивко зборува, прснаа во смеа, а едното гласно рече: „Оваа нема глас да збори, а уште сака и да пее! Види и колку е мала!“, па се завртија да си одат. Ана ги погледна остро децата, а наставникот беше зафатен со списокот и ова не го слушна. Но, Ениса го слушна многу добро и уште повеќе се вознемири. Тогаш наставникот ја погледна во очи и ѝ рече: „Ениса, не сум те забележал досега да пееш на некоја приредба. Многу ми е драго што за натпреварот се пријавуваат и нови деца како тебе!“ Ениса само се насмевна и се заврте побргу да си оди.
9
Д
еновите до натпреварот брзо минуваа. Четворицата од дружината МЕЛА секој ден вежбаа, секој за тоа за што се пријавил. Ениса одбра со која песна ќе настапи и добро ја пееше дома, но само си мислеше дали ќе има глас кога ќе треба да излезе пред публика. Дојде и денот на натпреварот. Училиштето беше свечено украсено, а во него имаше многу ученици, наставници, родители... Прво беше натпреварот во скок во далечина – Луан освои некое средно место, но не беше разочаран. Нему, сепак, најдобро му оди балетот, ама за тоа сега немаше натпревар. Во шутирање кошеви Марко беше втор, а во пишување песна Ана беше петта. Ниту тие не беа разочарани што не победија зашто секако добро се забавуваа тој ден и им беше многу интересно.
10
11
К
ако за крај на денот, беше оставен натпреварот во пеење. Ениса требаше да настапи осма по ред. Ана, Луан и Марко седеа во публиката и само броеја уште колку песни, па ќе дојде редот на Ениса. И, конечно, на бината се појави Ениса. Изгледаше како да не спиела цела недела и како да ќе падне на земја секој миг. Ана седеше меѓу Марко и Луан, па ги фати двајцата за раце за да ѝ држат среќа на Ениса. Ениса подголтна и со погледот ја најде Ана каде седи. И, како што се договорија, гледаше во неа, па во еден момент отвори уста и почна да пее. На почетокот беше малку несигурно и потивко, но како одеше песната Ениса стануваше сѐ посигурна, а гласот стигнуваше и до последниот ред во публиката која беше воодушевена и се чудеше од каде ли излегува толку прекрасен глас од толку мало дете.
12
13
Н
а крајот, аплаузот беше многу силен – најголем од сите пред неа и по неа што пееја. Ениса победи! Само што ѝ ја дадоа пофалницата, на сцената веднаш дојдоа другите членови од дружината МЕЛА за да ја гушнат силно и да ѝ честитаат за победата. Ана ѝ рече: „Знаеш што, ти пееш навистина многу убаво и јас немам шанси покрај тебе! Ама, и јас секој ден си пејам кога се бањам, па те молам деновиве да извежбаме една песна за заедно да ја испееме пред Луан и Марко!“ Ениса се насмеа и рече: „Нема проблем, ти избери која песна да ја подготвиме! Ќе смислиме и како да играме додека ја пееме!“, па двете силно се гушнаа.
14
15
Издавач: УНИЦЕФ За издавачот: Нора Шабани Уредник: Виолета Петроска-Бешка Автор на текстот: Рената Дедова Јазична лектура и книжевна адаптација: Билјана Маленко Илустратор: Румена Најчевска Дизајн: КОМА CIP - Каталогизација во публикација Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје 821.163.3-93-32(084.11) ДЕДОВА, Рената Училиштен натпревар / [автор на текстот Рената Дедова ; илустратор Румена Најчевска]. - Скопје : Канцеларија на УНИЦЕФ, 2015. - 20 стр. : илустр. ; 27x22 см. - (Дружината МЕЛА) ISBN 978-9989-116-77-3 (едиција) ISBN 978-9989-116-88-9 1. Најчевска, Румена [илустратор] COBISS.MK-ID 98849546
Сите права за издавање на оваа сликовница ги задржува @ УНИЦЕФ 2015
Сите сликовници за дружината МЕЛА Дружината МЕЛА
ОЧИЛАТА НА ЕНИСА
МАРКО ВО КОЛИЧКА
Јазикот на Сара
Дедото што беше слеп
Училиштен натпревар
Различни семејства
Различни јазици
И за девојчиња, и за момчиња
ПЕПЕЛАШКО
андреј и мачето
Свадба
Случките на Ениса
Петар Пан
Бајрам
Ѓурѓовден
Велигден
Игра на сенки
Меурчиња од сапуница