Игра на сенки
Игра на сенки
Сликовницата е подготвена од страна на Центарот за човекови права и разрешување конфликти, во рамките на програмата „Воведување на почит кон различностите и мултикултурализмот во раниот детски развој во Македонија” на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, финансиранa од Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада во Скопје.
Игра на сенки Автор на текстот: Рената Дедова Јазична лектура и книжевна адаптација: Билјана Маленко Илустратор: Румена Најчевска
Б
еше лето, а децата од дружината МЕЛА, како што си се нарекуваа тие според првите букви од своите имиња, беа многу среќни што можеа да играат долго надвор. Денес, од многу играње, седнаа на клупата во паркот за малку да се одморат. Разговараа за различни работи, но одеднаш Ениса погледна кон еден прозорец од соседната зграда и само гласно извика: „Ииииии!“ Тогаш другите деца ја запрашаа: „Што ти стана одеднаш? Виде нешто?“, а таа само рече: „Ништо, изгледа нешто ми се причини!“ Децата продолжија да си разговараат, но малку подоцна Ана извика: „Леле, таму навистина има нешто чудно! Сега и јас видов!“ Тогаш сите погледнаа кон истиот прозорец и решија да се доближат за да видат подобро за што станува збор.
4
5
К
ога дојдоа пред соседната зграда, сите се зачудија: близу до тој прозорец имаше ставено бело платно, а позади него имаше сенка на дете и сенка на Месечина кои прекрасно танцуваа – се движеа лево-десно, горе-долу, се вртеа, се оддалечуваа една од друга, а некогаш многу се доближуваа. Дружината МЕЛА никогаш претходно немаше видено такво нешто, па седна на тревата да види што ќе се случи. На крајот од танцот, сенката-дете ја гушна сенката-Месечина и исчезнаа. На дружината МЕЛА не ѝ беше јасно како е сето тоа направено, но децата само знаеја дека многу им се допадна. Ана рече: „Другари, вакво нешто немам видено во животот! Ова беше многу убаво! Уживав да го гледам!“, а Луан додаде: „Леле, сакав барем уште малку повеќе да потрае!“ Марко предложи да причекаат уште некое време за да видат дали можеби сенките ќе се појават повторно зад платното, па сите се согласија со тоа. Но, чекаа и чекаа, а сенките веќе не се појавија.
6
Тогаш Ениса рече: „Навистина сакам да знам што беше тоа! Толку многу ми се допадна што ноќеска сигурно ќе сонувам како јас сум тоа дете што ја гушнува Месечината!“ Ова го слушна еден дедо кој стоеше на балконот до прозорецот, се насмевна и ѝ рече на дружината МЕЛА: „Селам, деца! Повелете кај нас да ја откриете тајната!“ Децата се израдуваа и брзо му возвратија со: „Селам!“, па набрзина само отидоа дома за да им кажат на родителите каде ќе бидат.
7
К
ога влегоа внатре, децата ја запознаа и бабата, а таа им ги претстави и нивните две внучиња кои ќе престојуваат кај нив на гости подолго време преку летото. Девојчето се викаше Ада – тоа значело „остров“ на турски, а нејзиниот брат се викаше Дениз – што значело „море“ на турски. Дружината МЕЛА беше среќна што се запозна со нови деца. Таа дозна дека новите другари се Турци и дека дома зборуваат турски јазик. Ана тогаш рече: „Одлично! Од вас и ние ќе научиме некој збор на турски!“, а Ениса додаде: „Еве, јас веќе научив три збора: `селам` значи `здраво`,`ада` значи `остров` , `дениз` значи `море`!“ Марко тогаш рече: „Да ви кажеме зошто сме дојдени. Видовме некакви сенки кои танцуваа кај вашиот прозорец... Навистина беше многу убаво и сите уживавме како да гледаме претстава во театар, но не ни е јасно што беше тоа?!“
8
9
Т
огаш Ада и Дениз се насмевнаа и ја однесоа дружината МЕЛА во собата каде што беше тој прозорец. Кога влезе, дружината МЕЛА не виде ништо чудно – прозорец како и секој друг прозорец, а близу до него беше закачено едно бело платно. Но, Дениз им рече: „Причекајте само малку! Вие седнете пред платното, а ние сега ќе ви ја откриеме тајната!“, па вклучи една голема батериска лампа да свети позади платното. Ада пушти музика и зеде две подолги стапчиња кои си ги подели со Дениз: на едното на врвот му беше залепено едно дете направено од хартија, а на другото – Месечина, исто така направена од хартија. Двајцата отидоа позади платното и клекнаа долу. Потоа секој од нив ја крена нагоре својата хартиена фигура и почна да ја движи – исто онака како што децата тоа го имаа видено кога беа надвор. Беше волшебно! Танцот повторно заврши со тоа како детето и Месечината се гушнуваат, па кога Дениз ја изгасна батериската лампа, исчезнаа и сенките, а децата од дружината МЕЛА ги наградија со огромен аплауз.
10
11
Д
ецата не ни осетија колку брзо помина времето, но веќе станаа гладни. Тогаш бабата и дедото на Ада и Дениз ги поканија сите заедно да јадат. Додека чекаа јадењето да се стави на маса, од кујната доаѓаше многу убав мирис што на дружината МЕЛА ѝ беше многу познат, но никој од неа не можеше да погоди од кое јадење е. Кога дедото го донесе јадењето на маса, Марко и Ана извикаа: „Леле, па тоа бил мирисот од сармиве! Уффф, двајцата многу сакаме сарми!“, Ениса извика: „Ооо, па мене ми е тоа омилено јадење!“, а Луан рече: „Мислам дека никој на овој свет не сака толку сарми како мене! Можам секој ден само тоа да јадам!“ Тогаш дедото им објасни дека сармите се турско јадење, но ги прават и Македонците, и Албанците и Ромите и сите други што живеат во Македонија. Сармите беа многу вкусни, па сите земаа по повеќе.
12
13
П
о јадењето, децата повторно отидоа во собата кај прозорецот. Марко тогаш рече: „Имам идеја! Како би било и ние да се вклучиме во овој танц на сенки? Може да направиме вистинска претстава и потоа да ја одиграме пред нашите родители и соседи!“ Луан додаде: „Може и билети да им продаваме за претставата, па од парите што ќе ги собереме да купиме материјал за да направиме куќички за птици!“ На сите деца многу им се допадна идејата, па тогаш Ада и Дениз извадија боички, лепило, хартија и стапчиња, па сите почнаа да прават различни хартиени фигури и да ги лепат на стапчињата. Во еден момент, се отвори вратата и влезе бабата на Ада и Дениз за да им донесе нешто слатко за јадење. И, повторно следеше изненадување: имаше сутлијаш и боза што бабата рече дека биле исто така турски, но ги пијат и јадат не само Турците, туку и Ромите, и Албанците и Македонците и сите други што живеат во Македонија. Ана рече дека таа самата добро знае како се прави сутлијаш: се вари ориз со млеко, се става малку шеќер, може и цимет и – прсти да излижеш колку е вкусно! А бозата сите ја купуваа од блиската слаткарница.
14
Дојде време кога децата од дружината МЕЛА мораа да си одат дома. Се гушнаа силно со Ада и Дениз и се договорија утре повторно да вежбаат за претставата зашто сакаа што поскоро да ја направат. На одење, Ениса рече: „Знам дека `здраво` на турски се вика `селам`, а како сега да кажам `пријатно`?“, а бабата ѝ рече: „Многу интересно се кажува – треба да речеш: `Ѓуле ѓуле!“ Тогаш сите деца од дружината МЕЛА гласно извикаа: „Ѓуле ѓуле!“ и потрчаа по скалите кон своите домови.
15
Издавач: УНИЦЕФ За издавачот: Нора Шабани Уредник: Виолета Петроска-Бешка Автор на текстот: Рената Дедова Јазична лектура и книжевна адаптација: Билјана Маленко Илустратор: Румена Најчевска Дизајн: КОМА CIP - Каталогизација во публикација Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје 821.163.3-93-32(084.11) ДЕДОВА, Рената Игра на сенки / [автор на текстот Рената Дедова ; илустратор Румена Најчевска]. - Скопје : Канцеларија на УНИЦЕФ, 2015. - 20 стр. : илустр. ; 27x22 см. - (Дружината МЕЛА) ISBN 978-9989-116-77-3 (едиција) ISBN 978-608-4787-12-9 1. Најчевска, Румена [илустратор] COBISS.MK-ID 98861322
Сите права за издавање на оваа сликовница ги задржува @ УНИЦЕФ 2015
Сите сликовници за дружината МЕЛА Дружината МЕЛА
ОЧИЛАТА НА ЕНИСА
МАРКО ВО КОЛИЧКА
Јазикот на Сара
Дедото што беше слеп
Училиштен натпревар
Различни семејства
Различни јазици
И за девојчиња, и за момчиња
ПЕПЕЛАШКО
андреј и мачето
Свадба
Случките на Ениса
Петар Пан
Бајрам
Ѓурѓовден
Велигден
Игра на сенки
Меурчиња од сапуница