3 minute read

Бакнеж за крај - Јелена

Некој мудар човек некогаш одамна рекол „се што е убаво кратко трае“. Па така му дојде и крајот на моето волонтирање во Алаурин де ла Торе, Шпанија. Гледајќи ги фотографиите и размислувајќи за сето она што се случуваше за време на изминатите осум месеци на лицето имам насмевка од среќа, а во очите солзи од тага.

Без оглед на тоа колку сте го пропатувале светот или воопшто и да не сте мрднале од родниот град и првпат да се впуштите во едно вакво искуство. Чувството е исто кај сите. Среќа и радост затоа што твојот капацитет и потенцијал излегле до максимум на виделина, можности безброј за развој и напредок, но не само на професионален план, туку и како личност. Учиш и пронаоѓаш начин како да го прифатиш она што е нетипично и несвојствено за твојата кулура, но не само за да се вклопиш туку и затоа што се што се случува околу тебе едноставно, природно како вода те влече. Колку волонтирањето е подолго, колку си повеќе опкружен со локално население, толку потешко ќе ти биде да се вратиш на она твоето, она на што не научило нашето место на раѓање и живеење. Тука доаѓаат солзите на очи и тагата за неможноста повторно да ги рашириш крилјата и безгрижно да ги покажеш своите потенцијали и можности. Враќањето во реалноста, прифаќањето на истата е тоа што ти ги полни очите со солзи додека срцето забрзано ти чука и во градите ти се преплетуваат чувството на среќа и тага.

Advertisement

И додека си таму некаде сам, надвор од комфорната зона, додека сите твои роднини и пријатели мислат дека идеш да шеташ. Ти всушност се запознаваш себеси и стануваш многу посилна личност, бидејќи мораш да најдеш начин како да комуницираш со деца, со луѓе кои имаат ментална попреченост и не зборуваат англиски, а ти не го владееш јазикот на локалното население. И ли пак со мигранти кои не го познаваат ниту јазикот на локалното население, а не па да знаат англиски.

Во такви моменти се изненадуваш од себеси и начинот на кој успеваш да се снајдеш, а во исто време присутно е и задоволството, особено кога работата е успешно завршена. Зошто длабоко во себе знаеш дека како тие луѓе што ќе остават печат во твојот живот така и ти ќе оставиш печат во нивниот, ќе те памтат. Бидејќи човечки е да се сеќаваме на луѓето кои ни помогнале и кои ни направиле да се чувстуваме убаво, макар за момент.

Кога утре било кој ќе ми го постави прашањето „дали да одам на ЕВС“? Мојот одговор без размислување, јасно и гласно ќе биде „да“. Секој еден млад човек кој сака да патува, да запознава други култури и да учи во и за животот на поинаков начин Еразмус+ е за него/неа. Секој оној кој е подготвен да излезе од зоната на комфорот без оглед дали има 18 или 30 години, треба да има едно вакво искуство. И скуство кое ќе го смести во категоријата позитивно или негативно, но ќе биде автентично, единствено и ќе стои под неговото/ нејзиното име.

Јас моето ќе го ставам во категорија позитивно, без оглед на ситуацијата со пандемијата на Ковид-19 која пред време го заврши мојот проект. Бидејќи таа ми помогна да научам и сфатам колку треба да си психички силна личност за да се издржат два ипол месеци затворен сам во стан во друга држава во едни вакви вонредни услови. Ситуација во која додека локалното население живее под паролата „mañana“ (утре), а ти си го прифатил тоа, во следниот момент има ситуација која те потсетува дека треба да го цениш моментот и она што го имаш тука и сега.

Сето ова и многу други случувања се дел од моето искуство. Ако сакаш твоја верзија одбери проект, потоа одбери држава, пасошот во рака и рашири ги крилата, а јас од Шпанија на сите ви испраќам еден бакнеж за крај.

Јелена Панчевска

Design: Ewelina Chańska

This article is from: