5 minute read

Песокот наскоро ќе го снема

“Песокот е основниот материјал од кој се изградени денешните градови. Песокот за градовите е она што е брашното за лебот, што се клетките за нашите тела”, вели новинарот Винс Бајзер во неговата книга “Светот во зрно: Приказната за песокот и начинот на кој ја трансформираше цивилизацијата”. Иако песокот е скриен од нашиот видик, тој е насекаде околу нас. Го користиме не само за правење на стакло, челик и бетон, што е буквално основата на еден модерен град, туку и за боја, компјутерски чипови, па дури и паста за заби. Всушност, песокот го користиме толку многу што покрај водата е еден од најважните ресурси во светот.

Advertisement

Но не секој вид на песок е погоден за понатамошна преработка. Врз основа на големината на зрното, песокот може да се класифицира во 3 категории: крупен, среден и ситен. Додека крупниот песок главно потекнува од бреговите, реките и езерата и има груби рабови кои се обликувани од водата, ситниот е измазнет од ветерот во пустините. За градежништвото првиот вид е многу посоодветен, бидејќи многу полесно се соединува.

Влијанието на ископувањето песок

Отстранувањето на песок од бреговите и водните површини е сепак крајно проблематично.

Песокот е важен сегмент за екосистемите и е дел од биотопот во кој живеат голем дел специјализирани животни форми вклучувајќи: водни растенија, школки, раковидни животни, птици, риби, полжави и многу други. Сите тие се дел од сложениот биотоп кој е мошне сензитивен на надворешни влијанија.

Земањето песок од морските живеалишта директно ги загрозува видовите кои живеат во и на песокот, а тоа придонесува до дисбаланс во синџирот на исхрана. Како на пример морските птици, кои се исхрануваат со црви и школки кои живеат во песокот, можат да го изгубат нивниот најголем извор на храна. Освен тоа, самиот процес на ископување на песок придонесува на загадувањето на површината и подземните води и со себе носи деструктивни последици за морскиот животински свет и за човечката популација која живее на тие простори. Ископувањето на песокот претставува закана за биодиверзитетот.

Покрај тоа, песокот делува како природна бариера против ерозија на бреговите и природните катастрофи како што се цунами и урагани. Без природната песочна бариера, солената морска вода може да навлезе во почвата, а тоа би резултирало со правејќи ја неплодна и нестабилна. Обемните плажи постепено ги ублажуваат брановите и можат да ја намалат нивната енергија до 50% на 4,5 метри. Ова е од витално значење за луѓето кои живеат во близина на брегот, а особено за оние што живеат на островите. Ако се одземе премногу песок, тогаш последиците би биле пропаѓање на речните корита, тонење на островите и исчезнување на крајбрежјата. Овој ризик се повеќе и повеќе расте со покачување на нивото на морето како резултат на климатските промени.

Последиците од ископувањето на песок може да се видат на секаде низ светот. Над 75% од сите плажи ширум светот веќе се намалуваат. Повеќе од 20 индонезиски острови имаат исчезнато и Малдивите, според The National Geographic, ќе ги снема до крајот на овој век. Во Индија, Перу и Мароко, загадувањето на водата, ерозијата и губитокот на биодиверзитетот имаат стигнато до незамисливо ниво.

Бездруго, ископот на песок не е погоден ниту за економијата. Додека одредени локални гранки, како што се риболовот и туризмот сериозно страдаат, најлошиот дел е што државите извознички како Виетнам, Камбоџа или Малезија, воопшто и не профитираат од тоа. Барем не на начин на кој би очекувале.

Навидум, сите овие држави официјално го имаат запрено извозот на песок поради нeговиот недостиг, постојат докази кои укажуваат дека тие имаат голем удел во снабдувањето на Сингапур, кој има потреба од песок со цел вештачки да ја прошири територијата за неговата растечка популација, со стотици тони песок.

Па доколку популацијата на државите извознички не профитира, кој профитира тогаш?

Песочната мафија

Одговорот е: Песочната мафија. Нешто што навидум звучи на шега е всушност една ужасна вистина. Во свет каде градежната индустрија постојано расте и конзумеризмот се зголемува, “гладот” за песок е

ненаситен. Легално, не постои начин да се задоволат овие потреби, па затоа црниот пазар краде милијарди тони песок ширум светот и нивниот бизнис буквално цвета.

Во Индија, Песочната мафија е најголемата организација во земјата. Околу две милијарди тони песок се крадат на годишно ниво и над 75.000 мажи работат илегално како копачи на песок. Платени се премалку за оваа опасна работа. Често, работата им налага да нуркаат во реките, како Васаи Крик, без никаква опрема освен една кофа, затоа голем дел од нив завршуваат фатално бидејќи губат ориентација поради калливите и загадени води, или пак поради премореност од тежината на песокот кој ги влече надолу. Секој оној кој ќе се обиде да ја запре Песочната мафија и нивните ужасни дела, скапо плаќа. Стотици имаат умрено само да го задржат овој илегален занает до денес.

Постои ли можност за подобрување?

Еден начин да се запре овој илегален бизнис и да се зачува песокот е пронаоѓањето на алтернативи. Рециклирањето на стакло и бетон е еден од начините да се постигне тоа. Песокот не е неограничен ресурс; скоро и па ќе го снема, а потребно е до 1000 години да се формира нов. Голем дел од земјите веќе имаат започнато да ги рециклираат стаклените шишиња, но би требало да мислиме малку пошироко. Многу компании истотака имаат почнато да бараат начини со кои ќе го приспособат пустинскиот песок за градежни цели, користејќи поврзувачки соединенија или пак обидувајќи се да “одгледуваат” тули од бактерии и печурки. Постојат многу креативни решенија, на нас останува да ги истражиме подетално.

Како индивидуи можеме да почнеме да ја будиме свеста на луѓето за оваа глобална криза за која не доволно се зборува. Не замижувајте и време е да ја извадите главата од песок!

Анџелина Берндт

Превод: Стефан Николовски

This article is from: