СМРТТА НА ГЕЈМЕРОТ После долга онлајн сесија, еден гејмер доживува инфаркт и умира. Неговата душа заминува на пресуда. Пристигнува пред портите на Рајот. Ги отвора. Насекаде гледа небесна магла. Зачекорува и пристигнува до нешто што наликува на биро. Зад и пред бирото има по еден стол. На столот зад бирото, седи стар човек со бела долга коса и бела долга брада. Носи бела долга наметка. На бирото има голема жолта книга, која е отворена некаде на средина. До бирото има голем црн казан кој зоврива. Пред бирото, од другиот стол станува млад човек, заминува позади бирото и заминува во недоглед. Се слуша длабок глас од човекот кој седи зад бирото како го повикува гејмерот. „Дојди, доближисе и седни. Не плаши се“. Тој, се доближува до бирото и седнува на столот од кој што претходно стана другиот, млад човек. Гејмерот, збунет, прашува, што се случува, каде е, кој старецот. Старецот, завртува неколку страници од книгата и го завртува погледот кон гејмерот. Длабоко воздивнува и почнува да одговара. „Јас сум Свети Петар. Ти се наоѓаш пред вратите на Рајот. Сега, ќе видеме дали ќе одиш во Рајот или во Пеколот“. Гејмерот не е свесен што се случува. Мисли дека е скриена камера. Но решава да ја игра играта. Свети Петар завртува уште некој лист и погледнува кон гејмерот. „Имаш ти и добри и лоши дела правено во твојот живот. Ти си еден од ретките на кои им давам можност да одберат каде ќе ја поминат својата вечност“. „Позади мене, се наоѓа Рајот: место исполнето со спокој. До мене, во казанот, се наоѓа Пеколот: место исполнето со очај и страдања. Одбери, чедо, каде сакаш да ја поминеш вечноста“. Гејмерот гледа во Рајот, гледа старци, облечени во бело, нешто разговараат. Мирно, да, но досадно, исполнето со монтонија. Гледа во казанот и да, навистина има страдања и очај, но и акција. Постојано некој брка некого. Ништо не мирува. Здогледува како некое суштество пребодува со копје некој човек. Се стресува. Погледнува кон Свети Петар и му одговара дека сака да оди во Пеколот. „Дали си сигурен? Нема назад од таму!“ – „Па... поинтересно е. Да“. Свети Петар со длабок глас уште еднаш го прашува: „Дали е тоа вашиот конечен одговор?“ „ДА!“ – одговорил гејмерот и во истиот момент се наоѓа во пеколот, исполнет со страдања. После два дена, Свети Петар ја испраќа последната душа за денот. Спремен да си оди, се отвараат портите. Зачуден, бидејќи според листата, нема повеќе души за тој ден. „Кој ли умрел ненадејно а јас да не знам?“ – помислил. Здогледува машка силуета во црн, долг мантил како тешко зачекорува. Не може да му го види ликот од небесната магла која го опкружува. Како се доближува, така се здогледува лик, кој делува познат. Лицето цело било со рани. На устата имало траги од свежа крв. И покрај раните, го познал. Тоа бил Господарот на Пеколот, смртно претепан. Гледајќи го во таква состојба, го облеала смеа. Тешко се воздржувал да не почни да се смее, гледајќи го оној, кој ги казнува сите души, на кого му нема раме, претепан. Но, професионалноста не му дозволувала да се смее на глас.
Со дебел, застрашувачки глас, Господарот на Пеколот извикува: „Перо ти работиш ли тука или така седиш по цел ден?“ Со тивок глас, едвај воздржувајќи се да не пукне од смеа, Свет Петар го прашува: „Да не те задева некој?“ Господарот седнува на столот пред бирото и го прашува: „Ти проверуваш ли што праќаш кај мене во Пеколот, или не ти се работи, па ајде без да провериш се по ред праќај кај мене, а?“ Свети Петар збунет, знае дека секое едно парче што го пратил, му било проверено, некое дури и два пати доколку му било нешто сомнително. Дури сега не му било јасно за што станува збор. Прашал што се случувало, зошто е ваков? Господарот почнува: Абе пред два дена, си седам така јас во фотелјата, удобно, и гледам нова пратка од земјата пристигнала... Гејмер си ми пратил. О, ќе има работа. Де да пратам одбор за пречек, си велам. И му пратив, така, еден голем минотаур. Од постарите знаеш, имам уште по некој останато дома. Ај си викам, малку да го збуцам, да види овој каде се наоѓа. И додека се завртам, кога што ќе видам?! Овој, гејмерот, му мава две-три сопки, земал некој камен нашол по пат, абе ми го отема минотаурот! И остај тоа, му ги откорна роговите, да не можам да го оживеам. Што гледам? Не ми се верува. Ма дали е ова можно? Му ги пратив двајцата мои најдобри војници. Да го вразумат малку. Занесен од гневот, не видов дека овој, гејмерот, додека моиве војници пристигнуваат, тој им поставил стапица. Ископал длабока дупка со роговите и се скрил во неа. Моиве војници, не ја здогледаа стапицата и паднаа во дупката. Тој, како паѓаат, така по еден рог им заби во челото и нив ми ги уништи. Им го зема оружјето и продолжи напред. Еден по еден сите мои демони и ѓаволи му ги пратив и сите ми ги отепа. Како доаѓа на кај мене, ме фати голем страв. Го гледам, опремен е со оружјата на цела моја досега непобедена војска. Што ли ќе ми прави? Се затворив во мојата соба, се саклучив и се надевам дека нема да ме пронајди. Едно време, слушам чекори. Некој се доближива. Од под врата, гледам чизми како ја поминуваат мојата соба. Си велам, добро е, ме одмина. Но не, се подврати. Изгледа ме слушна. Ја разби вратата и влезе. Ме нападна. Се борев со цела сила, но како што можеш да видеш, ме совлада. „Аман, поштеди ме. Ќе добиеш се што сакаш“ – му велам. Тој ме без страв и со ладен поглед свртен кон мене, ме држи со едната рака, а со другата спремен да ме удри, ми вели: „Ќе те пуштам но доколку ми кажеш само едно нешто“. -
„Се ќе ти кажам. Само прашај ме“
„Абе два дена вртам и никако не можам да се снајдам. Кажи ми, каде е патот до следната стаза? Како да стигнам до следното ниво?“