3 minute read
Интервју со режисерката Сара Јазаџиска
Сара Јазаџиска (23) е млад филмски режисер, кој неодамна го сними дебитантскиот документарец насловен „Ридот на историјата“, посветен на Охрид и на неговите убавини. Самата вели дека градот, во кој живее од пролетва е непресушна инспирација, но предупредува дека непланираното градење е голем проблем не само за Охрид, туку и за целата држава, поради што се соочуваме со кич, загаден воздух, метеж и губење на автентичноста. Филмот, кој е дел од проектот: „European Youth at the frontlines of active citizenship: A Roadmap towards a collective South-North-East-West Momentum” организиран од Волонтерски центар Скопје, а поддржан од Европската комисија преку програмите „Ерасмус+“ и „Европските млади заедно“, беше повод да поразговараме со Јазаџиска.
Advertisement
Сара, пред неколку дена го промовираше документарниот филм за Охрид, во кој ги опишуваш убавините на градот и ги објаснуваш причините поради кои е под заштита на УНЕСКО. Од каде ја доби инспирацијата или едноставно, Охрид е секогаш доволна приказна за себе?
- Охрид е секогаш извор на инспирација, верувам за сите филмаџии во Македонија. Но, конкретно овој проект беше посебен, со тоа што ми е прв откако пролетва се преселив да живеам во Охрид. Кога за проектот ми беше понуден избор од неколку теми, веднаш ми отскокна онаа за културното наследство и ми се укажа совршена шанса мојот нов град да го прикажам во мојот омилен медиум.
Беше ли тешко да се снимат вистинските кадри и да се одбере наративот што ја следи 15-минутната приказна?
- Во Охрид никогаш не е тешко да се снимат преубави кадри. Предизвик за мене беше да направам ваков тип на филм, бидејќи документарците никогаш не ми биле омилени. Се предизвикав себеси да создадам нешто некарактеристично на мојот стил, при што внимавав да ѝ дадам некаков тек на приказната, да не е нелогичен преодот од една локација на друга и пред сѐ да не биде здодевно - со доволно текст и детали за да е информативно, но да не се чувствува како предолго и пренатрупано.
Една од пораките во филмот, можеби и клучната е дека Охрид и Охридското езеро имаат многу поголемо значење од било кој поединец или компанија. Веројатно алудираш на опасноста УНЕСКО да му ја одземе титулата на Охрид поради урбанистичката и градежната инвазија што го окупира градот и се заканува да му го смени ликот?
- Сметам дека непланираното градење е голем проблем во цела Македонија. Скопје за неколку години се претвори во град-кич и резултатот е сѐ позагаден воздух, метежи и губење на духот и идентитетот на градот. Доколку ваквата опомена од светска организација биде сфатена сериозно, Охрид би можел да се тргне од истиот тој пат и да се шири и развива на организиран и правилен начин, а притоа да се заштити неговата автентичност.
Филмот завршува со прашањето: „Доколку претстои битка за негово зачудување - дали ќе ни се придружиш?» Има ли енергија во општеството да се спротистави и да победи или, пак, станавме толку инертни што ни алармот од УНЕСКО не може да не разбуди?
- Сакам секогаш да мислам оптимистички. Колку и да сме станати апатични, секогаш постојат барем неколку луѓе на кои се уште им е грижа, а многу често тоа е доволно се создаде домино ефект и таквите луѓе да послужат како катализатор за позитивни промени во нашето општество. Таквите луѓе се целна група на овој проект, преку нив може да се рашири таа енергија и се постигне нешто добро за сите.
Студираше и дипломираше режија, а како што велиш самата „уште од мала си била внесена во светот на филмот”. Тоа, претпоставувам, значи дека себеси се гледаш во тој свет и во иднина. Можеш ли да ни кажеш подетално за твоите планови на професионално поле?
- Работењето на филмови не ми е само струка, туку и огромно задоволство. Професијата филмски работник на овие простори знае да биде многу предизвикувачка, но ја користам секоја прилика да работам и да се докажам. Со секој нов проект сретнувам позитивни луѓе и стекнувам нови искуства и познавања. Со тоа планирам да напредувам нагоре по скалилата, кон позицијата на главен режисер на македонски блокбастер долгометражен филм.
Горан Адамовски