4 minute read
Љубов во задниот џеб
Базирано на вистинска приказна
Се сретнаа надвор тоа студено и промрзнато утро, за да завршат некои службени работи. Долготрајна топла гушка... Нејзината коса преку неговото лице... Нејзиниот мирис на Дива Роза... Да, повеќе од службено...
Advertisement
Чекореа заедно еден крај друг, во совршено синхронизиран чекор... лебдеа, како да не ја допираа подлогата. Таа ја покажуваше својата прекрасна насмевка, повторно и повторно, како што Сонцето сјаеше на студеното зимско небо. „Барем топло ми е на срцето“ - помисли тој со насмевка.
Се движеа низ градот... Некои места, некои улици... чекајќи во ред, еден до друг. Во толпата од луѓе само нивните погледи се сретнуваа, милион пати, во вистинскиот момент... и повторно пак. Еден од оние денови... Остануваш без зборови, но моментите на тишина како да го содржат целиот Универзум. А насмевката на нејзиното лице никогаш не исчезна.
„О, колку би сакал да бидеш мојот таинствен Универзум! Да ги откривам твоите тајни секој божји ден!“ - искрена мисла во позадината на неговиот разигран ум. Посакувајќи да овој ден никогаш не заврши. И тие изгледаа среќно, дури и случајните минувачи на улицата ги загледуваа, привлечени од тој убав проток на енергија. Таа беше како прекрасна пеперутка со нејзиниот внатрешен шарм и љубопитни очи исполнети со сонце. И тој имаше храброст да и го каже тоа... „Можам да чекорам илјадници километри со тебе! И никогаш да не се уморам или чувствувам здодевно!“ - тој изнуди уште една скапоцена насмевка на нејзиното прекрасно лице. „Па ајде да го направиме тоа некој ден! Можеби напролет ќе биде најдобро?“ - се сложи таа. Тој само се насмевна, тој веќе ја чувствуваше пролетта длабоко во неговото срце, тука и сега...
Заедно отидоа на кафе и разговор и споделија животни приказни какви луѓето обично споделуваат само со најблиските. И тие се чувствуваа блиски, загледувајќи се во длабочината на очите, еден со друг. „Колку далеко ова може да оди?“ - се прашуваше тој. „Ќе ги повредам ли нејзините чувства ако отидам предалеку или ако не го направам тоа?“. Но тој остави магијата да се развива и понатаму зошто не се сеќаваше кога последен пат имал ваков ден. А таа беше онаа која направи да се чувствува посебно денес... Неговите очи знаеја само за неа.
Ја испрати дома... Долготрајна топла гушка... Нејзината коса преку неговото лице... Сеуште присутен нејзиниот мирис на Дива Роза...
Нешто подоцна таа вечер, веднаш после полноќ, кога обично магијата започнува, таа му испрати порака: „Ти си мој сладок..! Убаво да спиеш!“ „Ти благодарам најмногу за неверојатниот ден!“ - одговори тој. „За сите твои насмевки... гушки... прекрасни зборови“. „Звучи како Љубов што одамна ја имам подзаборавено“ - таа врати повратно со смајли и срциња. „Потсети ме што беше тоа?“ „Па Љубов е она убаво малецко нешто што го оставив во задниот џеб на твоите фармерици денес“ - тој испрати текст во моментот. „Тогаш кога не гледаше“ „Навистина остави нешто? Не можам да го најдам“ - се забавуваше таа. „Имаш златно срце!“ „Не... Јас немам срце! Ти го дадов на тебе. Уште првиот ден кога се сретнавме...“ - тој беше доволно храбар да и напише така. „Можам да ти го вратам...“ - таа сакаше да биде учтива. „Те молам задржи го! Ти го чуваш повеќе од добро“ - призна тој. „Ти си мојот сладок..!“ „А ти си мојата најубава Пеперутка!“
Да... Тој добро знаеше дека Љубовта е нешто кое сите го посакуваме... Во секое време... И ако имате среќа, доаѓа неочекувано, тогаш кога ќе го спуштите гардот. Милион насмевки без причина... помислувате дека можете да полетате и едноставно ви се допаѓа идејата дека тоа се случило на тој начин, без план, без одложувања и без размислување за утре... Како дожд што освежува и се истура одеднаш врз твојата глава... Ги затвораш очите и дозволуваш да се слее.
ПРОДОЛЖУВА...
Горан Галабов