СНЕГ
1
СНЕГ
2
СНЕГ
МАКЕДОНИЈА 2019
3
СНЕГ
Здружение за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст - Струмица“ Глобално движење „100 Илјади поети за промена“ – Македонија Светска унија на поети Scuola di poesia – School of poetry – Школа за поезија Делегација Македонија
Зборник на поезија: „СНЕГ“ Издавач: Здружение за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст - Струмица“ За издавачот: Митко Гогов Графичко уредување и дизајн: @kihuPotru Лектура: „Се обидовме да отвориме очи за да нме,а грешки...“ Фотографија на корица: Далас Келер (Dallas Keeler) Слики застапени во книгата: Кацушика Хокусаи (Katsushika Hokusai)
4
СНЕГ
СНЕГ ЗБОРНИК ПОЕЗИЈА
5
СНЕГ
НАМЕСТО ВОВЕД
СНЕГОУГОДНИ СТИХОВИ ГИ КРОТАТ ДУШИТЕ ВО ЗИМА
Најпрвин сакам да ве поздравам и да ви кажам добредојдовте во овој наш креативен електронски простор. Доколку го читате ова, веќе се наоаѓате на првите страници од нашата шеста електронска стихозбирка, која во склоп со времето во кое ја создадовме и промовираме, ја нарековме: „СНЕГ“, а излегува како резултат на поетските online активностите во facebook групата Scuola di poesia – School of poetry – Школа за поезија (делегација Македонија), која функционира во рамките на Здружение за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ , дел од Светската унија на поети (WUP). Се што требаше да направат членовите беше да излезат од нивната празнична, фамилијарна атмосфера, да се потсетат на нашето заедничко катче и да споделат дел од своите стихови. Речиси ја заборавам тешкотијата при уредувањето затоа што сум задоволен од секој член поединечно и од фактот што после три години можам да кажам дека функционираме како семејство. Да се разбуди духот на сите членови е навистина предизвик за секој администратор на група која брои повеќе од десетина членови, а одѕивот ете како е позитивен и голем, со оглед на периодот во кој се одвојуваше време за споделување и меѓусебно читање. Доколку сега е период за ваша физичка диета, јас ве уверувам дека авторските дела во овој своевиден алманах задолжително ќе ви го зголемат духовниот апетит со содржината која ја нуди. Од оние наивни, речиси детски гласови и пораки, како и инспиративниот замав кој како снежна бура се обидува да ги покрие со снег поетските целини, во овие
6
СНЕГ
стихови истовремено ќе уживате во природната мешавина на ракописи, кои се посебна и засебна, индивидуална патека оставена под снежните падини, која го оцртува стремежот на секој поет поединечно. Ќе наидеме на различни поетски наративи во кои се говори за животот, обичаите, традицијата, сфаќањата, за внатрешната потреба од белина во очите, за снегот кој се топи во нас како романтична особина, за префинетоста и љубовта кон снегот. За релјефите кои ги гледаме скришум низ прозорците и приказните кои се ткаат во домот. Снегот за некои од авторите е преиспитување, навидум психолошка карика од која почнува сѐ или таму каде завршила една приказна, а почнува нова. Снегот како мотив може пространо и полисуштински, да се толкува на повеќе нивоа, но и да се доживее, да се перцепира, анализира од поинаков агол, неговите вертикали и хоризонтали како тематска нишка ја даваат целата поетска ширина на авторите да едрат низ нивната симболика, слики и метафори. Овде е и малиот избор од автори од светот (како посебен циклус) кои во нивното творештво го имаат снегот како инспирација, периодот, емоциите, интимните трансформации од истиот, а оставиле трага во книжевната периодика и ова е поетка која треба да ја запаметиме и во секоја прилика да си ја повторуваме или едноставно, како во случајов, да се потсетиме. Се надевам дека ќе уживате и дека ќе се навраќате на оваа нашата поетска зирка „СНЕГ“, но секако и на некои од претходните или идни заеднички дела. Пријатно читање!
Митко ГОГОВ Претстедател на Здружение за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст - Струмица“
7
СНЕГ
мала прозна честиткитка
8
СНЕГ
БОЈАТА НА СНЕГОТ Петар Андоновски
Цела ноќ се обидував да се сетам на твојот глас. Но секогаш повторно и повторно ми се појавуваше сликата кога дојде првиот ден во манастирот. Ти седеше на клупата и со потсмев нè гледаше. Ти не беше како нас, ние сите бевме исти, косите ни беа сплетени во плетенки, сите носевме црни фустанчиња со бели крагни што ни ги соши сестра Дионисија, а ти имаше долга руса коса, носеше црвено фустанче. Никоја од нас дотогаш немаше видено фустан во боја, секогаш носевме црни, освен за Велигден и за Голема Богородица, тогаш се облекувавме во бели фустанчиња. Баба ти, која те донесе во манастирот, стоеше со сестра Теоктисти и нешто зборуваше, едно време почна да плаче, сестра Теоктисти ја тешеше, подоцна Олимпија ни рече дека мајка ти побегнала, дека го оставила татко ти, па тој и баба ти решиле да те донесат во манастирот зашто се плашеле дека и ти може да побегнеш. Цела недела не прозборе со никој, до денот кога јас седев на терасата и ја цртав Богородица. Сакав да има бел фустан, бел како снегот на Псилорити, постојано се обидував да ја погодам бојата, а ти дојде до мене, ми ја зеде четката од рака, измеша неколку бои и ми рече, еве, тоа е таа боја, а јас само седев и збунето те гледав, никогаш не дознав како знаеше дека сакам фустанот на Богородица да биде бел како снегот на Псилорити. Извадок од романот „Страв од варвари“
9
СНЕГ
10
СНЕГ
СТИХУВАНИ СНЕГУЛКИ
11
СНЕГ
Снежана Паноска ДА НЕ БЕА
Да не беа овие црни брегови, покриени со бели снегови, и очите саде белина наполнети, а рацете празнина напоени , ќе ти дојдев со понада, со топол симит погача и биено сирење, со топла ракија и вино варено. Та катаден, онака по нашки ќе ја запеевме, онаа нашата , онаа за душата, онаа што боли и не поминува, сал солзи во аглите навираат, кога срцето ќе ме стегне од милина, сал гласот ќе загребе , и ќе затрепери. Та нели ние не плачеме, само душата наша липа безгласно, кога ќе наврнат дебелите снегови, кога не ќе се врват црните брегови. Па јас сакав само онака, без некоја посебна покана, и покрај снегот и виулицата, да ти дојдам на поседок. Да ти донесам саде понада, моите солзи - топла ракија, моите раце - нежни прегратка,
12
СНЕГ
мојата снага – мека постела. Ама, јас и ти сме сега толку далечни, саде ѕвездите ни се заеднички.
13
СНЕГ
Благица Стојчевска ЗИМСКО УТРО
Во зимско утро осамна градот мој, кристална белина, разиграни снегулки во волшебна игра за прошетка молат. Чекорам тивко, а снегот крцка под моите нозе како разговор да води со мене. Снегулките паѓаат ли, паѓаат .... Една од нив бакнеж ми дари, друга во солза се стори. Јас чекорам тивко, а мислата моја заедно со нив ми лета и низ спомените од палавото детство ме шета. Насекаде е белина, студот ме повредува. О, Боже ми треба топлина, ми недостасува неговата љубов.
14
СНЕГ
Ели Маказлиева СКАМЕНЕТ СНЕЖЕН ЦВЕТ
Скаменет снежен цвет како самар, како товар го носам врз плеќите. заврзан со ортома. Ме облекува во студена несигурност или пак преголема сигурност не знам ни самата што е што, а исто е. Говорот што трешти во уши ги стивнува утринските молитви на изгрејсонце пред Василица. Сурва, сурва година... Оваа зима создава ѓердан од скаменети снежни цветови околу вратот. Светот отиде по ѓаволите! Луѓето од ден на ден се сè полоши. Љубовта патува кон невиделината барајќи ја добрината. Скаменет снежен цвет носам врз плеќите и чекам пролетен цветеж со надеж да го ослободи од скаменетоста од суровоста.
15
СНЕГ
Божана Тренческа СНЕГУЛКИ
Снегулките танцуваат како самовили, во круг се вртат на земјата нов покривач и ткаат. Дечињата радосни за божјиот дар, ги чекаат долу, со широки насмевки Белее околината, се пласти снегот над покривот наш. Натежнале голи гранки, а можеби само се поклонуваат, чест им прават на убавиците бели, радосни што и оваа зима заедно ќе се дружат.
16
СНЕГ
Розе Миткоска БЕЛИЛО
Да, понекогаш зборувам со себе, бескраен монолог, безмилосна кавга. Да го сотрам црнилото во мене, белилото го раздавам, не смее да пресуши. Јас, црна дамка на оваа белина, избирам пешки одење, колку и да е долг патот. Белки снежинките ќе покријат сѐ црно во мене. Патем издишав чемери, а ја вдишав невиноста на новиот ден.
17
СНЕГ
18
СНЕГ
Сотир Д. Георгиевски СОНУВАВ СНЕГ
Сонував снег на црните обувки како паѓа таму каде што скршените срцa се среќаваат. Голи дрвја, стојат како скулптури, убави и високи под покривката на шумата. Небата беа сиви облаците свилени, како меки кружни перници млечно бели. И насекаде до каде што очите ми гледаа, тажни дрвја стојат, понекогаш и танцуваат Голите полиња го пречекуваа снегот што паѓаше, на срамот му треба да се покрие (Ох, како го знам тоа). Ветрот доаѓаше со свиреж и ме бакнуваше по лицето си одеше со смеење веднаш по последната прегратка.
19
СНЕГ
Наскоро стоев во светот обелен и го гледав денот како се претвора во ноќ. Месечината се смееше слично на радосно дете помеѓу дрвјата прегрнати со снег кога се тркала весело. И трчав на сребрената светлина со срце лесно и радосно додека снегот пат ми беше Под моите црни обувки...
20
СНЕГ
Марина Икономова – Шокева УТРО
Молк. Како утро по снежна бура. Навидум спокојно. Не знаев дека тишината толку може да тежи. Смирено и празно. Дали тоа болка се раѓа? Се тркала изгубен поглед по бескрајот безличен и снежен. Каде сега? Како? Ништо. Немоста безмилосно молчи. Аморфно, бесконтурно, бело. Насетувам очај. Ништо не навестува пат.
21
СНЕГ
Мариета Дукиќ СНЕГОВИ, ПРАЗЕН КРЕВЕТ
Од мојата до твојата порта, испрекинати стапалки на уморен ден. Навејуваат нови прашинина ветровите им ветер, во зениците. Во снегот се собрала сета тежина на планинскиот врв. И разјадува сѐ што не е бело и сѐ што не е чисто. На небото лебди само една ѕвезда. И веќе ништо не боли, освен осаменоста и празниот кревет.
22
СНЕГ
Милена Ристова –Михајловска НАДЕЖ - ТАБУЛА РАСА
Ги покри сите дупки на асфалтот. Ги завеа планините. Ги заледи водите. Ги исполни детските желби. Ги докрајчи сувите тревки. Ги памукоса голите гранки. Ги избриша ,,литите" бои на пешачките премини. Ги разјаде неквалитетните улици. Се' успеа да досредиш. Него не го избриша. Му мајсториса стаклен ковчег во преткоморите нејзини, налик на оној каде принцот и џуџињата Снежана ја беа ставиле. Му го фиксира името во хемисферите момини ко трајниот доказ на Пепелашкиното чевличе. И само белината твоја ја тешеше дека била ,,надеж - табула раса", под чиј тепих недоброто ќе се збере ко што трњето пред Аурориниот замок се сплете,
23
СНЕГ
та со црвен конец врз неа, нова бајка ќе испише. Посреќна од Снежанината, поведра од Пепелашкината, пореална од Аурорината... Алтернативна, паралелна, помалку сурова, а реална. Таинствена и вечна.
24
СНЕГ
Живка Коцева – Караџовска ЗИМА (АЛАРМ АИР-ИУ-19)
Зима, снег вее паѓаат снегулки на урбано тло сива лика бедна прилика на нечиста сцена годинава исто снегулки рој тешко танцуваат чинам тешко оро вијат жална песна пеат: - Овде чист воздух нема! - Овде суштината на нештата длабоко во сржта на урбаното енормно е загадена. Тажна сум на родното место ми недостасува Урбана белина ми недостасува мојот воздух ми недостасува белина во зимава се да е побелено со восхит да кажам: -Се е бело! Дечки трк по ланските санки. Тажна сум, де! Далеку од овде високо в планина белина и чистота прекрасна зимска идила но што ми вреди кога натежнале снежни наноси . Затрупале патишта за мештани непроодни. Тажна сум вее снег, сивило во срце и душа студенило се е во сивило, околу- наоколу ПМ- честички Аларм Аир-иу - 19
25
СНЕГ
нон-стоп алармира со денови црвено трепери....! Во умот разумот прашања реди: - Каде е мојот воздух? - Каде слободно да дишам, а? - Каде слободно да се движам? - Каде се изгуби мојата бела зима, онаа студена а топла, а срце и душа што грееше?
26
СНЕГ
Жаклина Свеќаровска ЗИМСКА БАЈКА ВО НАШЕ МААЛО
Амбициозен снег цело утро со белина ја брише празнината: штамата добива контури на бајка дури и вдлабнатините по патот што зјаат како скршените огледала на дупнатите соништа за достоен живот се замазнети, невидливи Тивок е кристалот зимски воздух, детската смеа замина да одѕвонува на некои други местаовде веќе ниту ластовичките не прават гнезда. Бела е празнината. Потполна.
27
СНЕГ
Ристо Маџунков СНЕГУЛКИ
Се измести времето и снегулките од северните снежни предели барем за кусо се преселија во родно крајниот југ различно од поранешните години кога загрижено и незадоволно се топеа уште во воздухот сега паѓаат раскошно на земјата полнејќи ги гранките на дрвјата и малските сокаци во градот на очигледна радост на децата кои со подготвени скии и санки седат до прозорците и ги гледаат блескавите снегулки чекајќи го со душа утрото за да истрчат на снегот
28
СНЕГ
29
СНЕГ
Билјана Ѓ. Гаврилова КОН ЛАТЕНТНОСТА НА СНЕЖНИОТ ВИТЕЛ
Свиткана во клопче над нас што се насладува како и Изворот ќе биде ли доволно будна за откуп на Радоста од највисоките гранки што ја надминаа нашата заедничка Куќа за да го додржат отпорот на Радоста неизречените Розовини на песните дури паѓаме кон небото со лед врз очите со бел касај Леб под градите низ Карпи и Зборови од нишалката под гранката од снег - бела со изгризени јажиња од Сонот од нејзинатa месечева клетва
30
СНЕГ
Емељ Туна СНЕЖНИ АНГЕЛИ
Се вртиме во круг, се вртиме забрзано, се вртиме како крупните снегулки што ни се лепат на лицето, се вртиме дур во главата не ни се заврти, дур рамнотежата во умот светот наопаку не ни го сврти, дур насмеани на белилото под нас се испружаме, ангели во облаците легнати гледаме, дур со рацете траги од крилјата ќе им оставаме... Се вртиме во круг или се вртат крупните снегулки што на лицето ни паѓаат?
31
СНЕГ
Милена Ристова-Михајловска ИЗБОР ХАИКУ
Агрегација Вода од бара испарува. Кон небо ита. Облаци. Облак се рони в памучни партали. Веат снегулки. Бело врз почва. Репро - материјал за детски жар. Снешко. Вода леди. Мраз се стори. Пусто поле, замок кристален.
32
СНЕГ
Слаѓана Ставрева СНЕЖЕН ГРАД
Студови како чипка од сребро се рашириле над градот, божем на светната свадбарска табака се. Го посипа зимата снегот над нас издашно, како фурнаџија туѓо брашно кога истура, дури голема славска погача меси, а градот сјаи утрово бел е и чист. Стаклести, ледени украси, чиниш скапи кристали на новогодишни елки, светнале под забестото сонце над мене, над тебе, над градов кој полека се буди. Покриен под мек, бел јорган полн како со бели, гускини пердуви градот се притаил и молчи, задоволен што под него се скриле сите нечистотии, сите рани, црнила и гадотии, кои урбаниот човек секојдневно му ги остава зад себе. Со широка насмевка му заблагодарува на ледениот ветар, што ги затвора луѓето по домовите, а по заледените улици на кратко ги остава само оние што од мака морале да излезат, но и нив со својот леден здив
33
СНЕГ
бргу ги растерува да се тргнат на топло. Студови стегнале безмилосно од сите страни, како ладни железни обрачи, околу дрвено замрзнато буре, ама градот среќен е. Мило му е што макар и за кратко го оставаат на мира ваков да е бел и чист, како за крштевка променет, да ѝ се радува на својата нестварна убост, дури трае.
34
СНЕГ
35
СНЕГ
Ален Нанов СНЕГОТ НАШ
Повторно паѓа, наопаку... оддолу – нагоре како и ние: однапред – наназад. Се преместуваме. - До кога? Заледи зимо! Заледи голи, бели предели... Па, после зимо донеси пролет, одмори и дозволи друг да расцути и се сети на меките, бели снегови.
36
СНЕГ
Сузана Мицева НАДЕЖ
Ако мокриот камен ти мириса на земја речи: „Добро е, се ' уште сум жив.“ Најди го патот свој низ овој длабок снег, риј бразди и не обрнувај внимание што снегот е бела смрт, под која се' спие. Спомни си дека се' така исчезнува вода и прав го чинат светот, тоа сме ние.
37
СНЕГ
Александар Јовановски МОЈОТ СНЕГ
Сѐ е онака како што беше, и ништо не е исто како порано... Снегот наликува на оној од лани, а всушност е неповторлив, нов плач на разлутеното небо. Снегулките се памучни грстови, споулавени како деца среде игра, небото ни ги праќа да не потсети дека и најубавите нешта се топат после допирот на човечката рака. „И лани ова време паѓаше снег” - ѕвони низ лимените тезги, додека се купуваат портокали за Бадник. „Лани имаше снег, ама немаше мраз” - додава чичкото од спротива. Снегот ја има таа моќ и пркост да доаѓа секоја година, ненајавен, и несовршеното сивило на зимата, низ совршена белина, да го претвора во копнеж за топлина. Мојот снег веќе не е изненадување, го научив да навее секоја година, во исто време и на исто место. Така одново го раѓа детето во мене, после смртта од секојдневието на возрасните.
38
СНЕГ
Тања Кармзова Костиглиола ***
На телесна температура ги топиме мразулците обесени на стреите на нашето постоење. Со канџи од непокор го туркаме снегот од сите зими што само навидум заминале. Местото на калта е под ноктите, како единствен доказ дека во плодовите има дел од нашите раце, како единствен маникир што не е убав, ама е вреден. На пролет ќе остане само спомен од тишината на белината, сликата од несмасното движење по неа и изгаснатата жед за сон под сонцето. Сагите од каминот ќе ги покријат првите срамежливи глави на подранетите качунки и нестрпливите кокичиња.
39
СНЕГ
Пере Ристески ХАИКУ ТРИПТИХ
зимски залез твоите зборови снегулки јануарско утро на бела страница збор снег виулица во мојот дом ненајавени гости
40
СНЕГ
41
СНЕГ
Славица Гаџова Свидерска ПАЛМА ПОД СНЕГ
Ми рече, оваа фотографија е прекрасна палма под снег тоа не може да се види често Ти реков, трите охридски палми секоја година се под снег тоа е егзотична зима, хармонија на контрасти, реков Не само покрај брегот, имам една таква палма под снег во градите. Од збирката поезија „Писма“
42
СНЕГ
Перо Сарџоски ***
А надвор една бајка... Се распослала снежнана кралица ко царица и тивко гледа како една снегулка танцува кон дното... шшш... молк! Ене ја, падна! Слава ѝ... (заприметена и запаметена од вечноста)
43
СНЕГ
Вероника Костадинова ХАИКУ ИЗБОР
Нашата љубов Ко стапалки во снегот Завеана е Голи вистини смрзнуваат пред очи. Пушти ги внатре. Смрзнати чувства стегаат во срцата, чекаат пролет.
44
СНЕГ
Мариета Дукиќ ***
Снегот го чувам под пазуви. Никогаш не се стопува. Земнува и преку лето, додека јадеме лубеница и жариме како небесни сонца. Снегот го чувам во шамија и ја врзувам неколку јазли да не го содроби ни најостриот нож, како што ме кине мене секоја сува зима. Снегот кој исчезнува во мојата Земја.
45
СНЕГ
Цветанка Колева СКРОТУВАЊЕ
Благодарам што пристигна на време, Во вистински час, снегу! Ти не ги разбра моите размисли за времето кое стана одлично за депресија, непожелности, мислачки и други болести. Со премалени, омалаксани очекувања станав сенила, морничава, постојано ми доладуваше. Несериозно разбрана ме поврзуваа со анемичноста, ме колкаа со оброци, Здрави, хранливи - земи! Ги убедував – Нема потреба! Им велев – Го чекам снегот! Белина што стополува со чистина, со мразулци за гризење. Сѐ е топло обелено. Знам, не беше до ова да дојдеш. Дојде по дождовните испразнети облаци Земјата разбра, ѝ требаш да продолжи од почеток, понатаму... Навистина се радувам што дојде! Убаво е. Бело. Mирно. Со тебе снегу, зимите се измислени за скротување!
46
СНЕГ
Мерсиха Исмајлоска ХАИКУ ТРИПТИХ
СНЕГ Облаците над Струга, небо како снег. Фигури на домашно турско кафе. Толкувачот чирак, ученик на најдобриот толкувач на фигури од кафе, гледа танц. Тоа, врз снегот сенки од снегулки танцуваат.
47
СНЕГ
Дијана Петкова ИЗБОР ХАИКУ
Се веселеле ангели, ноќва, пердув до пердув цел град. Светка снегот, во далечната планина, секна изворче. Светлосен снег нè врне, во џебовите -влажна шишарка.
48
СНЕГ
49
СНЕГ
Звонко Танески СНЕГ ВО ОГЛЕДАЛОТО
Снимки од Плејбој, во кошула под која шиба ветар чавки ги колваат спружени во калта водопадот им е веќе до гуша а вошки во нив се намножиле и им расте облак во мозокот малтер им влегува во устата и за фосфор ги болат мускулите Зарем останале доцна во ноќта веселници в несоници на крајот занемени и здружени утре уште една ноќ да викнат!? Од стихозбирката „Хорот на гнилите лисја“
50
СНЕГ
Драгана Евтимова ИЗБОР ХАИКУ
ЗИМА Паѓа снегулка на мојата дланка. Ете. Доаѓа зима. Тишина. Зима. Птица стои на прозорец. Желба за друштво. Искушение на секоја снегулка ѝ е сонцето. од книгата со хаику песни: „Растојанието меѓу две точки“
51
СНЕГ
Зориа Петкоска СНЕЖИ СЕВЕРНАТА ХЕМИСФЕРА
Снежи на планинските песјаци На другиот крај на светот. Прстиве немирно лизгаат ѕиркаат Да видам паѓа белина, Тука. Стаклени екрани голтаат далечини, Светот е коктел, го пиеме на екс, Истовремено Ѕвездите блескаат, Се топат во снегот, Угинуваат во течните кристали На нашите екрани, Под нашите прсти. Ко снегулки. Ко секунди.
52
СНЕГ
Митко Апостолов СНЕГ
Бел лебед на белото небо; леб од мраз - како од сказна: ѕвездичка по ѕвездичка на чело.
53
СНЕГ
54
СНЕГ
Магдалена Чапаровска БЕЛИ МЕЧТАЕЊА
Овие совршени структури: подарок нѝ се од небото ...или само бесчујни сеништа што го голтнале патот до нашиот град? Можат ли овие непознати, невини, чудесно посебни лица засекогаш, со себе, како во зимска бајка... да ја оттргнат, понесат, засенат, замрзнат... целата темнина!?? Бесчујно продолжува ноќта – нема одговор, ни глас. Гледам кон белиот рој – листам празнина. Утрото е тука, се будам пред неиспишана страница бела и чиста како снегулка. ***
55
СНЕГ
Нада Волчевска ПАЃАМЕ
Избезумени сте и не знаете каде ве пречекувам и ве охрабрувам две снегулки сто снегулки милион беспомошни мали искри бели чувството за страв ви го земам и паѓаме заедно само паѓаме паѓаме убаво ни е очите ги затвораме
56
СНЕГ
Марина Василевска – Стојановска МАГИЧНА СНЕГУЛКА
Бавно паѓа снегот во тивката ноќ која сјае. Посакувам овој момент бескрајно, вечно да трае. Не можат да ме исплашат нечии празни души. Помеѓу ѕвездите - над ѕвездите. Таму каде човекот сонува - патувам. Првата снегулка се стопи од топлината на мојата дланка. Зимската магија исчезна , тагата, месечева светлина ја покри.
57
СНЕГ
Митко Гогов .СТОП(Л)И ГО СНЕГОТ
стапки сме од младо мече во снежните предели на сопствените врвовите. крик на осамен волк и гора што студи. очите на кокиче сме што допрва треба да го види светот. затоа: во зиме треба да ги чуваме пижамите со заборавени соништа под панталоните. на суво, на безбедно.
58
СНЕГ
59
СНЕГ
СНЕЖНИ СТИХОВИ од светот
60
СНЕГ
Блаже Конески СНЕГ
Завева белиот снег неколку привични пата. Долу пред мојата врата гинат белокрили јата тихо во спокој мек. Белиот небесен снег реди еднолична сказна, дека е душава празна, сама пред осуда мразна – кажува белиот снег. Шепоти: сам си, сам. А јас се спремам назад, нозеве пак да газат патишта што се мразат – до денот, што го знам.
61
СНЕГ
Емил Исак ПАЃА СНЕГ
Тивко паѓа снегот, како што паѓал со векови... Паѓаат снегулки, мали и непостојани души, Бели птици го испресекуваат загасито синото небо, Во шумата самовилата од приказната умира. Ветрот пее како што пеел со векови; Од скапоцениот лед се градат палати... Како задоцнет гостин молчи потокот, Молчи ранетото срце на земјата. Вечерта ги праќа ќерките да ги соберат облаците И врз планините и во долините да фрлат темница; Црните души со црно цвеќе започнаа Да ги сопираат сите насмевки на патот.
62
СНЕГ
Хусеин Хабаш ЦРВЕНИОТ СНЕГ
Снегот снежи бел, со белотија ги прекрива планините. Снегот снежи бел и врз курдистанските планини. И веднаш се обојува црвен. Превод од англиски јазик Горјан Костовски
63
СНЕГ
Ана Ристовиќ СНЕГ ВО ЧЕВЛИТЕ
Не се гради куќа врз збирките есцајг иако некоја лажица повеќе понекогаш е добредојдена. Не се гради куќа врз новите завеси иако инаквите погледи одвреме-навреме треба да се покријат со ново платно. За да биде домот дом, меѓу другото потребни ти се и многу нешта од коишто однапред би се откажал, со огромно задоволство. Слушни што велат Ескимите: за да изградиш пристојно игло со години треба да носиш снег во чевлите. И игла-безопасна, заборавена во кргната од палтото, близу до гркланот. Превод од српски јазик: Никола Маџиров (преземено од блесок)
64
СНЕГ
65
СНЕГ
Лилјана Дирјан ПАЃА СНЕГ (18 јануари 2011)
Леле, паѓа снег. Имам 30 години. Долга црвена коса. Сите заби се мои. Се јавувам кај XY и излегувам на снегот. Се среќаваме среде белината. Се маваме со топки и се смееме. Ко луди се смееме. Седнуваме, онака вцрвенети во „Т′га за југ” во Чаршија, и нарачуваме „Т′га за југ”. И пиеме, пиеме... На прозорецот се трупа снег. Животот е убав . Снегот паѓа и блеска и ноќта нема работно време. Имам 57 год. Се јавувам на еден „светол човек” (од мојата златна резерва на светли луѓе, остана речиси само тој) и му велам: „Паѓа снег, ајде на снег”. И веднаш стасува одговор на СМС: „За жал, на една здодевна конференција сум, може ли да оставиме за понеделник?”... „Снегот нема да нè чека до понеделник“, враќам. Одам на пазарчето. Шетам меѓу препознатливите лица на продавачите. Купувам мала тегличка мед (и ми даваат да го пробам со она бело пластично лажиче за еспресо, мммммм, мириса на пчели и лето, некаде од кај Ростуше) и ... купувам уште едно црно волнено капче со козирка. За 250 ден. Продавачот за да го шитне, вели: „Леле, девојче, колку фино ви стои”. Кретен, како да не знам во кој статус (животен) сум. Ама се гледам во огледалцето со сина пластична позадина, се
66
СНЕГ
гледам, и се препознавам. Да, тоа сум јас, и таа тогашна и оваа сегашна. Паѓа снег. Уште... Паузата ми помина, се враќам на работа. Во ходникот среќавам две колешки и ги нудам со крашовите „ледени коцки“. - Што е поводот, да не ти е роденден? - прашува едната. - Мене, не, ама да кажеме дека му е роденден на снегот, на овој најчистиот, најновиот... Седнувам пред екранот на бирото од светла цреша. Зјапам, и погледот сè повеќе ми се лизга надесно, кон отворениот прозорец, на кој се извишиле гранките на јаворите. Полни со снег, треперат. Една страчка вреска. Застанала на жицата од струја, како да е само една нота од нотна тетратка. Работното време полека истекува... Петок е. Попладне ќе мелам афион и ќе правам штрудла со мак. На утрешен ден пред шест месеци мајка ми замина од овој свет. На оној снег. Мајка ми многу сакаше штрудла со мак. И снег. Среде оваа снежна белина мојата топла црна штрудла, за нејзината светла душа, од најфин мелен мак. Затоа.
67
СНЕГ
Ацо Караманов ПРИКАЗНА На мојот другар Мишко
1. Во полусјај на денот, кога магла ледна ги покрива видиците и врз градот паѓа, чувствувам дека нешто во мене се раѓа, тажно, како трепет на гранки што се веднат под товар од снег, од мраз и од зима. Излегувам тивко… Никој наоколу нема, чекорите мои тонат во млечната пена. Мир. Три врани само на оџакот дремат Витка голи гранки ветрот што се кренал. Чекорам. Ветрот и враните си го кажуваат јадот, ко есенски шуштеж – во срцето тага. Како мермер неподвижен молчи сега градот Сосе радостите што одминале без трага. Чекорам. Во срцето, како во храм сенест, очајот слегува во овој свод темен, а душата што пека по виножитен венец го чувствува мракот не гроб црн и лемен во кој лежи она што сакало полет, што цутело тивко, како цвеќе в пролет. Чекорам. А чекорот мој е само еден трепет во снегот бел што со шуштење на свила поздрави му праќа на мракот што шепне, на бледите далечини, на птици што крилат.
68
СНЕГ
Седнувам на клупа во паркот. Градот молчи во мракот. Над мене тишината крилата ги шири како бела птица што од далеку, без почин, долетала и сега нема свој кат да се смири. Ги креваат како раце безлисните дрвја гранките кон небото што спокојно спие. Гонети од ветрот темни сенки врват и се раздиплуваат како клопче тие. Под моите нозе е жолт лист во снегот, кренат како дланка од замрзната рака, копнежи и чекања го измориле него и умира тој тивко од мраз и од мака. Го земам. Низ шумот негов како да се слуша нешто на јазикот со кој молкот збори. Како гранка гола плаче душа моја, копнежите нејзини зимата ги мори. Душата ми плаче како гранка клета. Успокој се душо, избриши си очи, нека насмевка низ усните ти лета – не сме сами веќе, не сме сами, почуј. Успокој се, душо, – јас и листе мало од една сме мајка, двајца браќа исти. Успокој се, душо, и не плачи жално, надежите уште се светли и чисти. Усните ги веднам кон мртвиот син убав на пролетта и сонцето, да му дадам бакнеж. И мракот и студот од душата се губат и сјајот на сините врвови пак јакне.
69
СНЕГ
Бакнежот мој шуми врз листот што е свенат… О, свилени шепотења, како радост врели, во кои копнежите како птици пеат, ми капнаа в срце, безгласни и бели, ме бакнаа в лице со сончева смеа. И како се слејуваме одеднаш јас сетив, листето и јас, две капки на вечност бескрајна, – два акорда на радости и на маки клети – во псалм на љубовта и топла и сјајна. 2. И некој ми шепна: „Чуј, треба да сакаш!“ Кој го рече тоа? Гранки што се сплеле? Бесрајот на небото – таа мртва млака? Листето? Или денот мртов се огласи со лелек? Да! Треба сè да сакаш! Сè што живее, љуби, што страда и пее, сè што чува надеж и што сонце чека, сè што солзи в радост и во болка лее, сè што паѓа и се крева, што вика и пека. Да! Треба да се сака! Сè: сите далечини што во синилото надежите ги кријат, чадот од оџакот, врвовите сини и сончевите искри што во сјајот вријат; и лизгавиот трепет на птичјото јато, липотите на срцето, крикот на градите нежни, и пурпурот блескав на утринското злато, и снегулките што врнат врз полињата снежни. Да, треба да сакаш! Сè, сè што носи живот, и доверба имај кон сè што расте, лази, прета,
70
СНЕГ
пеј со потокот, сонувај со полето диво, шуми со класјето, со облакот летај. Речи им ја болката и топлата радост на синилото што низ небото тече, на трепетот на утрото пролетно и младо и на светулките од мајската вечер. О, шумолење на гранки, о, бел сјај на снегот! Чујте ми ја радоста но и јадот колнат: снегулки сме на вечноста, во пад брз и бегол, песната со болка и радост ни е полна. О, снегулко сјајна, сестро моја бела, топлина ти давам со рацете врели. О, небо, бакни ни ги стушените чела, разбуди ни во градите рој копнежи смели, крени ги во лет, бестрашен и блескав, над нашите глави, кон синиот бескрај! 3. Браќа мои, луѓе, песна за вас пеам, песна за снегулки, за сјај што се точи, за лисја што шумат, за води што се леат, за зора да самне во вашите очи, да се смеша блесок со вашата смеа. Песнава чујте ја, браќа мои, и со срце полно со радости плипот, со широчина на вашите распеани гради, поздрав испратете низ песна и липот до сè што со болка и радост се пои. Пуштете го срцето смело нека летне в дални далечини, со птиците, леко,
71
СНЕГ
и вашата душа, како мало дете, ќе ја пие радоста како чисто млеко. Со срца, очи, гради замаеност полни, ведри како спокој над житото младо, ќе пеете со жар под небата волни, среќни како сонце и луди од радост. Ведри како пладне во пролетна тивкост, ќе имате души престорени во химни, распеани, топли, како ластовички цивкот, со чудесен бел сјај како видиците зимни. В живот, в живот бурен – ко реки што течат, ко крената рака, ко пролетен крик гласен, ко мечти за небо кога солзи течат, а после, а после… ко свеќа да згаснеш.
72
СНЕГ
Томас Венцлова ЗИМСКИ ДИЈАЛОГ
Влези во овој пејзаж. Уште е темно. До врвот полн со гласови, иако невидлив континентот се бори со морето. Отаде дините се виткаат празни патишта. Случаен минувач или можеби ангел некој, во снегот, втиснал бегло подзабришана дира, а темната површина и отсјајот на морскиот брег потсетуваат на матниот Антарктик. Се пени незамрзнатата бездна. Се тркалаат зрнцата песок. Пристаништето се покажува, и повторно губи, и го шири грубото пространство на зимата. Нема ни писма ни телеграми, само фотографии. Радиото е безгласно. Восочната свеќа врело капнува и чиниш така го запечатува лошиот час. Колку само влажен воздух, колку само бучава. Времето пред мугри е како семоќен рендген! Ќе се втренчиш и сѐ станува проѕирно: и човековото тело и камбанариите и ѕидовите. На белината искокнуваат единствено маглените силуети на дрвјата. Низ деблата, преку кората, дури и со затворени очи може да се видат и најтесните, последни годови. „Оваа навика ги изморува очите, и сал миг после тоа може да се згреши патот.“ „Но, пророштвото не зборува за нас.“ Покриена со иње оската се склонува,
73
СНЕГ
како што може да се види, таму, на работ на видикот, кај што темнеат лаѓите и ледениот глас, а на недопреното небо над морето пламтат Јупитер и Марс. До Атлантикот се шири празнина. Ширум отворена сала – голи полиња. Пластот од јануари февруари ќе го покрие, висорамнината се стуткала пред мокриот ветер. Една соспа пропаѓа во ров, се топи и темнее. Наѕираат ритчиња отаде лагуните. „И што има таму?“ „Повторно устија од реки, заливи со пристаништа.“ Под мрежата од облаци на тешката пеза тесните плоштади светкаат како риби. „Се сеќаваш што рекоа ѕвездите?“ „Овој век без знаци минува, доволна ни е статистиката.“ „Гравитацијата на смртта, човекот, билјето, и сека ствар ги влече, па сепак си ’рти зрното, си ’рти житото и според тоа мислам дека не дошол крај на светот.“ „И каде е сведокот? Не можам да разберам, што ги одделува вистината и привидот: можеби сме ние двајцата последните на овој свет.“ „Но мене ми се чини, дека си само ти.“ „А третиот соговорник? Велиш, никој не ги слуша нашите зборови?“ „Еве, небото е тука, и снегот по полињата, а гласот, тој понекогаш го надживува срцето.“ Со попладнето потемнуваат дрвјата. Кога сосема ќе се изјасни, свеста го задржува она што од ништо се создало сал миг пред тоа – неважните нешта наместо зборови: скршено парче мраз, скелет од гранки,
74
СНЕГ
излупен ѕид од уличен агол… Потоа – тишина на оваа страна на морето, на онаа страна на морето
75
СНЕГ
76
СНЕГ
БЕЛЕШКА ЗА УМЕТНИКОТ
Кацушика Хокусаи е брилијантен уметник, укијо-е сликар и изработувач на печатена уметност, најпознат по серијата печатена на дрвени блокови „Триесет и шест погледи на планината Фуџи“, која ги содржи принтовите „Големиот бран“ и „Фуџи во ведро време“. Овие принтови се познати и во Јапонија и во странство и оставија трајна вредност во светскиот уметнички свет и во историјата на уметноста, воопшто. Хокусаи почнал да слика на шестгодишна возраст, а на 18 години веќе бил прифатен во училиштето Кацувава Шуншо, во кое специјализирал печатење и сликање на дрвени блокови. По смртта на Шуншо, Хокусај бил протеран од училиштето од ривал, понижувачко искуство кое подоцна му помогнало во неговиот креативен и уметнички развој. Почнал да слика пејзажи и слики од секојдневниот живот. Откако ги напуштил сите сите други школи за сликање и ги усовршил најразличните тхники, почнал и самиот да учи и други ученици, во педесетите
години
на
неговиот
живот.
На возраст од 88 години, на неговата смртна постела, се кажува дека извикал дека му требаат само уште пет години живот, за да стане вистински сликар.
77
СНЕГ
СОДРЖИНА: Наместо вовед Снегоугодни стихови ги кротат душите во зима ...................................................................................... 6
Мала прозна честитка: Петар Андоновски – Бојата на снегот .......................................................................................................... 9
СТИХУВАНИ СНЕГУЛКИ
Снежана Паноска ................................................................................................................................................12 Благица Стојчевска ............................................................................................................................................ 14 Ели Маказлиева .................................................................................................................................................. 15 Божана Тренческа ............................................................................................................................................. 16 Розе Миткоска ..................................................................................................................................................... 17 Сотир Д. Георгиевски ....................................................................................................................................... 19 Марина Икономова – Шокева ....................................................................................................................... 21 Мариета Дукиќ ................................................................................................................................................... 22 Милена Ристова – Михајловска .................................................................................................................... 23 Живка Коцева – Караџовска .......................................................................................................................... 25 Жаклина Свеќаровска ...................................................................................................................................... 27 Ристо Маџунков ................................................................................................................................................. 28 Билјана Ѓ. Гаврилова ........................................................................................................................................ 30 Емељ Туна ............................................................................................................................................................. 31 Милена Ристова – Михајловска .................................................................................................................... 32 Слаѓана Ставрева .............................................................................................................................................. 33
78
СНЕГ
Ален Нанов ......................................................................................................................................................... . 36 Сузана Мицева ................................................................................................................................................... 37 Александар Јовановски ................................................................................................................................... 38 Тања Кармзова Костиглиола ......................................................................................................................... 39 Пере Ристески .................................................................................................................................................... 40 Славица Гаџова Свидерска ............................................................................................................................ 42 Перо Сарџоски .................................................................................................................................................. 43 Вероника Костадинова .................................................................................................................................... 44 Мариета Дукиќ ................................................................................................................................................... 45 Цветанка Колева ................................................................................................................................................ 46 Мерсиха Исмајлоска ......................................................................................................................................... 47 Дијана Петкова ................................................................................................................................................... 48 Звонко Танески .................................................................................................................................................. 50 Драгана Евтимова .............................................................................................................................................. 51 Зориа Петкоска .................................................................................................................................................. 52 Митко Апостолов ............................................................................................................................................... 53 Магдалена Чапаровска ................................................................................................................................... 55 Нада Волчевска ................................................................................................................................................. 56 Марина Василевска – Стојановска .............................................................................................................. 57 Митко Гогов ......................................................................................................................................................... 58
СНЕЖНИ СТИХОВИ од светот
Блаже Конески .................................................................................................................................................... 61 Емил Исак ............................................................................................................................. ................................ 62 Хусеин Хабаш ..................................................................................................................................................... 63
79
СНЕГ
Ана Ристовиќ ....................................................................................................................................................... 64 Лилјана Дирјан ................................................................................................................................................... 66 Ацо Караманов .................................................................................................................................................. 68 Томас Венцлова ................................................................................................................................................. 73
Белешка за уметникот ...................................................................................................................................... 77 Содржина ............................................................................................................................................................. 78
80
СНЕГ
Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ меѓу основните цели и задачи ги има поставено: развојот на културни политики на локално и национално ниво, афирмирањето на независната културна сцена и алтернативните практики во културата, промовирањето и негувањето на современите и традиционалните културни вредности, поттикнување на мултидисциплинарноста во творештвото и усовршување на дигиталните вештини и реактуализирање на традиционалните вредности од современа перспектива. Овој предизвик позади кој стои здружението „Контекст – Струмица“, т.е. публикувањето на ова шесто издание на електронска книга (зборник) го сметаме за исклучително важна активност затоа што не враќа назад во рутината и континуитетот на нашата група, но исто така е наменета и за сите оние што се занимаваат со книжевност, а посебно со поезијата како специфичен жанр во литературата, кој суптилно навлегува во интимата на секој љубител на пишаниот збор, а воедно служи и за мапирање на нови автори кои имаат интерес да се претстават пред македонската и поширока публика и да пренесат една универзална порака, непосредно по празниците, дека снегот навистина може да биде инспирација, а со тоа и да го обележиме почетокот на новата година, добрата волја и желбата за заедничко творење, размена и сплотување во мисијата на нашата школа. Иако можеби некој ќе си помисли дека поезијата сè помалку се чита, а списанијата сè помалку ја застапуваат оваа книжевна форма, поезијата сè уште постои. Можеби нејзиниот животен простор станува видливо сè потесен и потесен, но тоа
81
СНЕГ
е само доволен показател дека за прави стихови се потребни и вистински читатели. Можеби навидум со овој чекор само ја променуваме формата како поезијата да стигне поблиску до читателот, но ние всушност правиме нов резерват во кој ќе го заштититиме овој редок и слободен вид на изразување, достапен за сите оние љубители на поезијата, а со тоа помагаме и во успешното зачувување и пренесување на едно вакво дигитално наследство на идните генерации.
Ви благодариме што бевте со нас! - следете ги нашите следни активности –
82
СНЕГ
83