Да, колку и да ви звучи чудно, и жените употребуваат дроги. А и во минатото употребувале дроги. Барем онолку наназад колку што можеме да се навратиме со денешниве истражувања. Само што морале повеќе да се кријат поради доминантните вредности кои биле, а и сè уште се потолерантни за мажите. И додека употребата на дроги со децении е горлива тема, дискусијата за жените кои употребуваат дроги почна срамежливо да се воведува во јавноста пред дваесетина години. Но, дури во последниве неколку години повеќе луѓе се охрабрија отворено и гласно да проговорат за потребите на жените кои употребуваат дроги. Зошто? Затоа што родовите аспекти се и биолошки и културолошки определени. Затоа што жените кои употребуваат дроги се среќаваат со поразлични предизвици отколку мажите кои употребуваат дроги.