Македонска Ризница 32

Page 1

Ìàðò 2015 ãîäèíà | Áðoj 32 ISSN 1857-9314 1


Македонска Ризница ГЛАВЕН И ОДГОВОРЕН УРЕДНИК: Благојче Андонов ДИЗАЈН: Сашо Гачев РЕДАКЦИЈА: Гоце Панговски СОРАБОТНИЦИ: Никола Анѓелкоски Јордан Коцевски Горан Јанкуловски Бисера Срцева Маринела Серафимова Ѓорѓи Ефремов Ана Бунтеска Тони Попов ИЗДАВАЧ:

За богатството на Македонците сè зборувало во сите краишта на светот. Од Ватикан, Портата, Мека и Медина, дворецот на парфимираниот крал сонце, па се до сибирските тајги. И никој не успеал да го пронајде. Превртеле, запалиле сè, злато не пронашле. Тоа е така бидејки народот знаел дека богатството не вреди ако не се преточи во трајна вредност. Богатството е алхемиски дематеријализирано, но сепак присутно. Тоа се наоѓа во битот на нашиот народ, во мудроста на обичниот селанец, во песната, во обичаите, верувањата, стоицизмот во секојдневните предмети, вештата рака, во куќата. Почитуван читателу, во овој број на Македонска Ризница ќе проследиш мал дел од тоа. Последниот дел од фељтонот за Наце Димов, одломка од драма од Марко Цепенков, Тот на македонското богатство, афоризми од Стиховен Калибар, интервју и останати постојани рубрики. Андреј Анастасов - Еди

Александар Стеванов

МАКЕДОНСКА РИЗНИЦА 2


ВО ОВОЈ БРОЈ ЌЕ ЧИТАТЕ: ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ ЗА ШТИПСКИОТ ОДРЕД „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ - ИНТЕРВЈУ Александар Стеванов ................................................................................................................................. 04

ЗА ЕДЕН ПЛАГИЈАТ ВО МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА Гоце Панговски .......................................................................................................................

10

КАРИКАТУРА: ДИМИТАР ПОП ЃОРЃИЕВ БЕРОВСКИ Никола Анѓелкоски .................................................................................................................. 15

ТОНИ ПОПОВ -ИНТЕРВЈУ Јордан Коцевски ......................................................................................................................................... 16

ОДЛОМКА ОД ДРАМАТА „ЦРНЕ ВОЈВОДА“ ОД МАРКО ЦЕПЕНКОВ Гоце Панговски ................................................................................................................. 30 ФЕЉТОН: „МАКЕДОНИЈА ВО МИНАТОТО, ВО СЕГАШНОСТАИ ВО ИДНИНАТА“ ОД НАЦЕ Д. ДИМОВ Редакција .............................................................................................................................. 32

ТРЕТ ДЕЛ: ПОЛИТИЧКИ ПРЕГЛЕД НА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ .................... 33

АФОРИЗМИ: СТИХОВЕН КАЛИБАР Благојче Андонов ....................................................................................................................

3

38


Документарен филм за штипскиот одред „Гоце Делчев“ - интервју

Во периодот на Втората светска војна, во екот на бројните обиди за организирање на отпор против окупационата власт во Македонија, кога низ целата земја прикриено се создаваат партизански одреди, група млади, надежни интелектуалци од Штип, се оддаваат на подвиг кој ќе го платат со својот живот. Тие организираат исфрлање на партизански одред во Штип. Токму овој настан од историјата на Штип нѐ инспирираше, нас студентите по историја на УГД, Бисера Срцева, Маринела Серафимова и Ѓорѓи Ефремов, за истиот да го овековечиме преку екранизација, односно како студенти по историја, истиот да го документираме на ваков начин.

4


1. Која е мотивацијата за студенти на историја и археологија да се решат за реализација на документарен филм?

3. Колку време ви беше потребно за реализацијата од идеја до финален продукт?

Бисера: Документарниот филм не е нашиот прв проект како студенти. До сега стекнавме искуство за организација на научни трибини, од кои две кои го обработуваа периодот на антиката и средниот век. Решивме да обработиме и еден настан од поновата историја, овој пат како документарен филм. Морам да признаам дека идејата на почетокот делуваше амбициозна и смела, но со вистинските луѓе и со многу работа успеавме да ја спроведеме. 2. Кој сѐ учествуваше во реализацијата на филмот? Маринела: Во реализацијата учевствуваме ние тројца Бисера Срцева, Маринела Серафимова и Ѓорѓи Ефремов, како иницијатори за овој проект. Исто така ние го осмисливме сценариото и костимографијата, а се погриживме и за монтажата. Други учесници кои што беа инволвирани беа студентите на Факултетот за образовни науки, студенти на историја и археологија, кои беа вклучени во импровизацијата на историскиот настан. Ликот на Ванчо Прќе го толкуваше нашиот колега Марио Паризов, ликот на Тошо Арсов го доби Ангел Димов итн.

Маринела: За подготовките и целата реализација на филмот ни беа потребни три до четири месеци. Почнавме во ноември 2014, а го финализиравме до крајот на февруари 2015 година.

5


4. Имајќи предвид дека сите сте студенти на историја и археологија, имавте ли некаква припрема за филм, колку научивте од самата реализација на филмот и дали ви помогнаа некои кои имаат формално филмско образование?

синхронизација. Немавме помош од луѓе кои професионално се занимаваат со кинематографија. 5. Филмот е скапа работа, добивте ли можеби помош од некои институции или успешни приватни фирми?

Ѓорѓи: Нашето филмско образование е доста слабо, токму поради фактот што сме студенти на историја и археологија. Бевме самоуки за целиот процес на снимање, монтажа, аудио

Маринела: Токму така, филмот е скапа работа. За овој аматерски, документарен филм добивме една симболична финансиска помош, но најмногу ни 6


пружи помош Институтот за историја и археологија при Факултетот за образовни науки на УГД, како и универзитетското радио УГДФМ и Центарот за култура „Ацо Шопов“ Штип. 6. А колку ви помогнаа вашите професори на факултетот? Бисера: Без помошта од нашите професори филмот немаше да го види светлото на денот. Како ментор на целиот проект беше проф. д – р Тодор Чепреганов. Тој е професор кој го работи овој период и не’ насочуваше при обработката на настанот, а исто така се согласи и да учествува со тоа што кажа неколку зборови пред камера за историската позадина на настанот. Околу логистиката и снимањето на терен доста ни помогна и раководителот на Институтот за историја и археологија на Факултетот за образовни науки при УГД, односно доц. д – р Трајче Нацев.

индиректна порака и потврда за тоа дека доаѓањето на бугарските власти во Штип и штипско не е доживеано како „ослободително“. 8. Која е историската улога и значењето на одредот „Гоце Делчев“? Бисера: Направени се неколку обиди за исфрлање на партизански одред во Штип и штипско, а одредот „Гоце Делчев“ е всушност третиот обид за исфрлање, во мај 1943 година. Овој обид е значаен поради партизанското јадро околу кое гравитирал одредот и прогресивните идеи на неговите најважни членови како Ванчо Прќе, Тошо Арсов, Славчо Стојменски и др. кои го обединиле подмладокот на комунистичката партија во овој регион „под капата“ на една идеја за отпор кон бугарската, окупаторска власт во тој период. За жал историјата сведочи за

7. Зошто се решивте за реализација на документарен филм токму за овој историски период од 1940 до 1945 година? Ѓорѓи: Настаните од овој период се сѐ уште во фаза на истражување, посебно оние настани кои гравитираат кон периферијата и кои не се блиски со дејноста на партизанските движења создадени од КПМ. Имено, ова е и 7


неуспехот на одредот, кој бил пробиен кај местото Лески пред Виница, а дел од партизаните ликвидирани. Но и покрај тоа, исфрлањето на одредот извршил влијание врз народот за зголемување на моралот и обврската да се ослободи својот народ од окупаторските пранги.

на филмот се одржа на 5 март, 2015 година. Можам да кажам дека сме и повеќе од задоволни од присуството и заинтересираноста за филмот, можеби дури и позитивно изненадени ако се земе предвид дека голем дел од луѓето и не ја доживуваат историјата толку лично. Имаше посетеност од млади луѓе, студенти, но исто така имаше професори, претставници од институции, роднини и пријатели секако, како и многу други љубители на историјата. Нашиот професор Чепреганов одржа и краток говор околу позадината на документарниот филм и историскиот

9. Неодамна се одржа и премиера на филмот во Штип, колку сте задоволни од одзивот и реакциите на публиката и, секако, колку сте вие самите задоволни од реализацијата на филмот? Маринела:

Токму

така,

премиерата 8


Во моментот, со нашите професори развиваме идеја за нова екранизација на историски настан, но овојпат имаме замислено тоа да го направиме со еден поинаков пристап. За сега би откриле само толку. Александар Стеванов

настан, со што се придонесе за важноста на целиот настан и проект. 10. Планирате ли можеби учество на фестивали или дистрибуција на филмот по други градови и кои се вашите идни планови? Ѓорѓи: Се ангажиравме и околу дистрибуцијата на филмот веднаш по премиерата, сѐ со цел да го направиме документарниот филм достапен за пошироката јавност. Филмот ќе биде пуштен на две регионални телевизии и еден национален канал. Исто така, филмот го прикачивме и на YouTube, бидејќи знаеме дека поголем дел од јавноста поминува повеќе време на Интернет, отколку пред телевизор. Идеи за други проекти постојат секогаш, кога ќе се започне еднаш со реализација, новите идеи си доаѓаат сами по себе. 9


ЗА ЕДЕН ПЛАГИЈАТ ВО МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА 10


Во согласност со принципите за своето постоење нашето месечно списание „Македонска Ризница“ уште од самиот свој почеток покрај за историјата, етнологијата, фолклорот како и за другите уметности, одвојува место и простор за на нашите читатели да им ги претстави делата и на етаблираните, но посебно на младите, неоткриени и за пошироката публика непознати македонски поети.

списание. Стапив во контакт со Ана и се договоривме да оствариме соработка. Таа со задоволство ја прифати поканата и во јуни 2014 г., во рамките на број 23 од „Македонска Ризница“, на страниците 42-52 објавивме интервју и мал дел од поезијата на Ана Бунтеска. Целта беше задоволството од читањето на нејзините песни што го доживуваат луѓето како мене, и другите нејзини пријатели на Facebook, да се сподели со нашите читатели, но и пошироката јавност, зашто Ана за жал сеуште нема во печат објавено своја збирка на поезија.

Овој пат, за жал, на нашиве страници наместо убави и силни поетски зборови ќе ви претставиме еден плагијат т.е. нечиј обид за крадење на туѓо поетско дело и претставување како свое.

На 10 март, 2014 г. како и многу пати пред, а секако и многу пати по таа дата, Ана на својот Facebook профил објавува една своја песна. Песната се вика „Гола пред тебе стојам“, и за оние што подолго време ја читаат нејзината поезија таа е напишана во нејзин препознатлив стил, или како што самата ми изјави во интервјуто „Она што го пишувам е чуден микс од поезија и проза. Тоа е постилање на сè она што во мене расте како мисла, чувство, потреба…“

Не паметам кога и како со Ана Бунтеска станавме виртуелни пријатели на Facebook, а не е ни важно. Меѓу стотиците, ако не и иљадници објави, видеа, фотографии, слики, коментари, итн. со кои везден сме бомбардирани на оваа социјална мрежа, човек сè поретко може да најде нешто значајно и вредно. Песните што Ана како вруток ги објавува на својот Facebook профил се исклучок. Јас можеби не сум квалификуван литературен критичар, но откако многу пати се фатив сам себе како не можам а да не ги дочитам до крај нејзините напати долги песни со толку силни зборови и чувства во нив, па дури и да се навратам на нив во мислите долго откако сум ги прочитал, решив моето задоволство од нивното читање да го споделам со читателите на нашето 11


Гола пред тебе стојам

Пред неколку дена т.е. година дена подоцна, Ана на својот Facebook профил објави слика на печатена страница од книга а на неа песна со наслов „Стојам пред тебе гола“, што иако е малку изменета сепак е очигледен плагијат на песната на Ана.

Можеш ли да ме видиш?! се соблекувам пред тебе, на стравот копчињата му ги откопчувам и го вадам од себе...полека и целосно... гола пред тебе стојам. Можеш ли да ме почувствуваш?! ми паѓаат сите штитови врз душата натежнати, и не, со нив не сум повеќе безбедна, туку само срцето во мраз ми беше оковано... гола пред тебе стојам.

Ана во својата објава јасно кажува дека се работи за плагијат на нејзината песна, кој што нормално тешко го поднесува, но сепак иако посочува дека знае кој стои зад тоа, името не го кажува. Тоа го направија дел од огромниот број на луѓето што преку своите коментари под објавата ѝ изразија поддршка. Автор на плагијатот е Слаѓана Брезовска, којашто песната ја објавила во нејзината книга „Своина“ во издание на Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола.

Можеш ли да ме намирисаш? чај од јаболко и цимет, сол од исушени солзи, мирисам зелено како оросена трева сред лето и на колачиња со портокал и урми... гола пред тебе стојам. Можеш ли да ме допреш?! воздушесто и нежно како да сонам и во сонот здивот да ти го сетам, наместо со врисок, со насмев да се будам... гола пред тебе стојам.

Стојам пред тебе гола Погледни ме, пред очите твои соголувам. Во трепет снага откопчувам, стојам пред тебе гола.

Можеш ли да ме вкусиш?! на непцето љубовта да ми ја сетиш, а потоа соџвакај ме и полека проголтај ме, засити се со мене... гола пред тебе стојам.

Почувствувај ме, од душа терет истоварам, од срце мраз растопувам, стојам пред тебе гола.

Можеш ли... дали можеш, да ме видиш и почувствуваш, намирисаш, допреш и вкусиш, да ме облечеш во твојата прегратка додека вака... гола пред тебе стојам.

Помирисај ме, вкус од ананас има мојата кожа, стојам пред тебе гола. Допри ме, лебдам во нежноста и сонам, 12


зариј ги нежно во мене забите, стојам пред тебе гола. Вкуси ме, на непцава изгори се, изџвакај ме и засити се со мене, стојам пред тебе гола. Можеш, да ме погледнеш, почувствуваш, помирисаш, допреш и вкусиш, Може да се облечеме во прегратка додека …. стојам пред тебе гола. На 20 октомври, 2014 г. во весникот „Дневник“ е објавена рецензија на оваа поетска книга на Слаѓана Брезовска од страна на д-р Тони Науновски, во која тој има само пофални зборови за авторката. Рецензентот Науновски сигурно без да знае дека се работи за плагијат на песна на Ана Бунтеска, напишал и мошне пофални зборови токму за песната „Стојам пред тебе гола“: „…како во трилер, психодрама, полетноста и желбата за живот, енергијата на нејзиното јас, едноставно ја принудуваат да ги изговори/напише толку силните љубовни песни (посебно импресивна е песната „Стојам пред тебе гола“).“

се извини за стореното, Брезовска во преписка со Бунтеска признава дека песната што ја објавила во збирката е нејзино „доживување“ на песната на Ана. Проблемот е што тоа никаде не е наведено во збирката.

Ова е и изворот преку кој пријателите на Ана во коментарите на нејзината објава на Facebook дознаваат дека автор на плагијатот е Слаѓана Брезовска. Откако ја означуваат и јавно повикуваат да

Ваквото грубо кршење на авторските 13


права од страна на Слаѓана Брезовска, не ја засега само Ана Бунтеска, иако во случајот таа е директно оштетена. Во уметничкиот свет е одамна познато дека „имитацијата е највиската форма на ласкање“, и со својата постапка Брезовска всушност само ги потврдила поетските квалитети на Бунтеска, но сепак нејзината постапка е недозволива. Таа им должи објаснување на рецензентот Науновски, на издавачите на нејзината книга, затоа што ваквата нејзина постапка покрај јавниот срам може, а многумина сметаат и дека мора да има и правна т.е. судска разрешница, како и на сите читатели. „Македонска Ризница“ ќе продолжи да биде место каде македонските поети ќе имаат простор да ги споделат своите оригинални дела. Искрено се надеваме дека Ана Бунтеска што поскоро во печат ќе објави своја збирка на поезија, за чија што промоција ќе може да смета и на нашето списание. Веруваме дека плагијаторството повеќе нема да вирее меѓу македонските поети и сите други уметници воопшто. Страниците на нашето списание се отворени и за Слаѓана Брезовска и нејзините оригинални поетски дела, а евентуално и за објавување на јавно извинување за направениот плагијат. Гоце Панговски 14


Димитар Поп Ѓорѓиев Беровски Македонски револуционер 1840 -1907 (портрет карикатура, молив во боја на хартија) Никола Анѓелкоски

15


ТОНИ ПОПОВ ИНТЕРВЈУ 16


Тони Попов е самоук сликар. Роден е во Скопје, 1975 година. Од 2011 година живее во Охрид со сопругата и двете деца. Покрај сликарството, пишува поезија, сака чоколади, снукер и шах и има клаустрофобија.

Тоа што ме поттикна да направам интервју со Тони Попов е неговиот подвиг кој траеше 100 дена. Пред повеќе од три месеци прочитав на неговиот блог, http://tonipopovart.com, за предизвикот кој си го постави пред себе: 100 дена, 100 слики, 100 текста, и си помислив „нема шанси“. Кога му кажав на еден пријател уметник тој на смеење рече „ова е малку налудничава идеја“, а јас се сложив со него. Но еве нè, 100те дена поминаа, а Тони ни покажа дека сè е возможно. Затоа во продолжение ќе се запознаеме малку повеќе со него и со предизвикот да се слика непрекинато 100 дена.

1. Како започна да се изразуваш преку сликање? Во јануари 2011 година се преселивме од Скопје во Охрид. Се најдов во сосема нова средина, нови пријатели, нови навики и ми требаше нешто каде што би го потрошил стресот. Еден пријател ми подари бои и четки, купив платно и ја направив првата слика и знаев дека тоа ќе го правам понатаму. Чувството не можам да го опишам, како да отворив врата во еден сосема друг свет. Не дека немав никакво искуство претходно: црткав илустрации, типографија и сл. Еден период се позанимавав и со Јапонско сликарство со туш (Sumi-e) но сликањето со бои на платно беше сосема друга димензија.

Инаку, првата слика што ја направив беше катастрофа. Арно ама, мене ми беше до толку совршена, што отидов во една галерија во Охрид и ја понудив за продажба. Фала му на Господ што сопственикот на галеријата беше фин и пристоен и ми кажа „Не знам колку ќе има интерес за оваа слика“, наместо да ми каже „Фрли ја во канта и земи работи нешто друго, зашто за ова не те бива“, а јас тогаш си дојдов дома со убедување дека човекот едноставно не се разбира во уметност. Денес сме пријатели и соработуваме, но тоа беше интересен момент. 2. Што сè требаше да жртвуваш за да почнеш и да се усовршиш во сликањето? Јас сум самоук сликар. Предноста на тоа е што не робувам на одредена форма. Недостатокот е во тоа што најчесто морам


да учам од своите грешки. Кога имам можност, учам од туторијали, но тоа не е лесно. Потребно е да вложам повеќе труд од некој што тоа го учел во школо. Исто така, учам од сликите на сликарите кои ги сакам, најчесто така што ги зјапам со саати. Гледам кои бои се користени, ја гледам композицијата, ги гледам потезите на четката и сл. Она што најмногу го трошам и најмногу ми треба е време. Некогаш секојдневните обврски не ми оставаат време за сликање. Не знам дали можам да зборувам дека жртвувам нешто за сликањето, затоа што уживам во она што го правам. Повеќе жртвува семејството, сопругата и децата, затоа што јас понекогаш знам да сум отсутен дури и кога сум меѓу нив. Од нив имам безрезервна поддршка и јас сум им за тоа бескрајно благодарен. За усовршувањето - мислам дека никогаш нема да дојдам до степен кога ќе кажам „Сега е совршено“. Мислам дека секогаш ќе пробувам да бидам подобар или барем поинаков. Секогаш ќе имам желба да кажам уште нешто. Мене најтежок момент ми е кога завршувам некоја слика. Секогаш се прашувам каде е крајот. Секогаш сакам да замачкам уште една четка плус и најчесто, имам чувство дека сликата ми е недовршена. За мене сликањето значи постојана потрага. Во моментот кога нема да биде,

ќе престанам да сликам. 3. Која техника на сликање ја претпочиташ? Сликам со акрилни бои, најмногу затоа што не морам да користам други хемикалии за разредување, побргу се сушат од маслените бои и може да се нанесат на секаква површина. 4. Која беше причината да се препуштиш на сто дневно патување со сликање? Не сум постојан. Честопати знам да почнам нешто и да престанам или да почнам неколку работи истовремено и да не знам ни дали ќе ги завршам воопшто. Ова беше предизвик да се посветам на нешто, да се фокусирам и да го правам дури и кога имам и други обврски. 5. Забележав дека при сликањето употребуваше разни материјали за сликање. Од што зависеше изборот и дали доживувањето при сликањето со и на различни материјали е различно? Најчесто сликам на платно, иако имам слики и на медијапан. Предноста на платното е во тоа што сликата е полесна. Од друга страна, медијапанот има помазна површина, на него подобро се слика и, ако се подготви добро, поедноставен е за одржување и поотпорен на влага. Сепак, за овој проект одбрав да користам неконвенционални материјали од сосема


друга причина. Идејата беше да употребам нешта кои изгледаат бескорисно и да им дадам друга намена, да направам нешто од ништо. Во овој проект „100 дена мини уметност“, имам слики на лесонит, медијапан, картон, визит карта, па дури и на при-пејд картичка за телефон. Повеќето од тие работи не би биле од корист никому и веројатно би завршиле во канта. Јас само се обидов да им дадам вредност. 6. На пола пат од реализирањето на твојот проект, спомнуваш една од работите за кои јас сум многу љубопитен и би сакал да ни кажеш повеќе. Како беше да се соочиш со предизвикот да се има инспирација за нешто ново и креативно секој ден? Имаше ли проблематични денови? Искрено, уште од самиот почеток се покајав дека не одбрав 30 дена мини арт или барем 50. Тешко е да се има инспирација секој ден, но не е секогаш тоа проблемот. Некогаш едноставно немав време за сликање. Во декември, цела недела не бев дома и морав да користам само материјали кои ми беа при рака. Од друга страна, во тоа е убавината, кога не оди сѐ како подмачкано, кога мораш да импровизираш. Тоа ја прави уметноста жива. Тоа ме привлекува. 7. Забележав бројни слики со фасцинатни детали изработени на многу мала површина ( 7,5 х 7,5 cm; 7,5 x 10 cm и

слично). Колку е лесно или тешко да се доловат деталите на толку мал простор? Недостатокот на простор е тоа што бара да бидам многу прецизен, но предноста е во тоа што е прегледно за работа, не морам да губам време за цртање, сликам директно со боја и полесно е да се направи композиција. Сакам детали. Дури и во големите слики кои ги работам, има детали, затоа што сакам да ги нагласам сите оние мали работи покрај кои поминуваме или ги користиме секојднево, но никогаш не им посветуваме внимание. Во овие мали слики, иако најчесто се насликани предмети, се обидувам да им дадам човечки особини. Без разлика дали е тоа штипка или парче торта или пенкало, предметот има одредена вредност. 8. Тоа што многу ми се допадна е што секој ден и секоја слика доаѓа со своевидна приказна, песна или досетка. Каква е поврзаноста помеѓу текстот и сликата, што е инспирирано од што? Би рекол дека тие одат заедно. Општо, секој кој слика, има некоја идеја зад сликата, некаква приказна. Најчесто таа не е напишана, авторот остава гледачот сам да си ја раскаже и тоа си има своја убавина. Јас таа привилегија на гледачите им ја одзедов. Од друга страна, дадов дел од мојата интима. Со секоја слика објавував и некој текст, приказна или поезија во


зависност од тоа што ми го одбележало денот. На некој начин, тоа беше како да сум отворил врата за гледачот да може да ѕирне малку повнатре во она што сум го насликал. Кога си ги гледам сега сликите, точно знам низ што сум поминувал или што сум размислувал тогаш кога сум ја направил сликата. 9. Има ли некоја слика која ти е омилена, или има посебна приказна која би сакал да ни ја кажеш а не е напишана на твојот блог? Мили ми се сите слики кои ги имам направено. Во секоја сум оставил дел од себе. Сигурно дека не ги доживувам на ист начин како што ги доживуваат другите. Јас си ги гледам грешките, знам на кој дел сум се мачел подолго и учам како да не го повторам истото во следната слика. Знам дека ако било која слика ја направам повторно, би ја направил (технички гледано) подобра, но во тоа нема никакво задоволство. Исто така, не сакам да имам мои слики по ѕидовите дома. Жена ми дури и ме кара заради тоа понекогаш, но тоа би било како да си слушам музика која јас сум ја направил или да си читам книга која сум ја напишал. Секоја слика е некоја приказна која сум ја ставил на платно и сакам некој друг да ја види, да ја прочита. Мене лично, најдрага слика ми е „Минливост“. Неа ја насликав во период кога размислував за минливоста на

живототи за дихотомијата на човекот: способноста за Добро и способноста за Зло во исто време. Нашата кршливост и ранливост и вечноста која ја носиме во нас во исто време. Како што пишува во еден Псалм: „Дните на човекот се како трева, како полски цвет, така прецутува тој; ќе дувне ли над него ветер и веќе го нема...“ Во таа слика сум најотворен, најранлив и веројатно тоа е правецот во кој ќе одам понатаму. 10. По веќе завршените сто дена и стоте слики, морам да прашам што ќе се случува со нив сега? Ова е најтешкото прашање од сите . Уште од самиот почеток, идејата беше да се најде спонзор кој ќе помогне целиот проект да се заокружи со книга, а целата заработувачка да оди за хуманитарни цели. Иако досега нема ништо конкретно, се надевам дека во најскоро време ќе се најде спонзор. И секако, изложба, на која ќе бидете уредно поканети. Ти се заблагодарувам што прифати да го направиме ова интервју. Се надевам дека кај нашите читатели ја разбудив љубопитноста и ќе го посетат твојот блог (http://tonipopovart.com) за да те запознаат подобро преку твојата уметност. Јордан Коцевски











Одломка од драмата „Црне Војвода“ Единствената драма напишана од Марко Цепенков, објавена во весникот „Автономна Македонија“ во 1903 г.

МАРА: - Госпо од браство да не ве одели синко и Госпо да ви поможи, да го сотрите тој ѕвер, за да ви благиово целио народ. Бидете јунаци, тепајте Турци крволочници и не страшете се.

- Ај што ми плачиш ѓиди Старо Планино? - Как да не плачам, ѓиди Пирин Планино. Секое лето ѓиди буљук кумити, Оваа година ѓиди девет буљуци, Девет буљуци, ѓиди сè Маќедонци, Напре му оди ѓиди Иљо Војвода и пр...

СПИРО ВОЈВОДА: - Браос стара мајко, ете и моја мајка на твој ум ет. Уште коа го утепа Ќучук Сулиман попа Цека, ми завика, за да одам по него и да го отепам, ете сека к’смет и со Бога напред, ќе го истребиме тој трн и друзи многу.

Ете и од мене една песна, сега редо му е на Спира да речи една грацка. Повели Спиро написе, оти жаба на суо не к’рка. (Смеа). СПИРО ВОЈВОДА: - Да зер и јас сакате да ви речам песна! Е ај, коа така, да ви речам, ама помагајте сите и после Тода ќе ни речи. (Тода се смее). (Пее):

РИСТЕ КОЏАБАШИЈАТА: - Камче бре, ја тури му по едно вино на Мара и на Тода, да се напијат и да се поразвеселат, (на сите му тури вино Камче). Ај сега де кому му е редо, нека речи една песна. Ај брате Ѓеорѓи речи и ти една песна.

Од врф Пирин планина Жалостен глас се слуша, Македонија плачи (2)

ЃОРЃИЈА ЛАЖО: - Пеќи, Ристе, да речам, ама да ми помагате. Ај Тоде и ти помагај ми, развесели се, не стој смуртена жити мене. (Пее):

Плачи, жала, сирота, За својте мили чеда, Истепани од Турци (2)

Ми заплакала ѓиди Стара Планина, Шо ја дочула ѓиди Пирин Планина.

Македонија вика, Јунаците да стана, 30


Со ножеи и пушки (2)

ЃОРЃИЈА ЛАЖО: - Ете затоа мајко, Мара и ние се обружаме, да истепаме лошите Турци и слободија да биди, за сите браќа рисјани.

Да бранат своите браќа, Од Турци што се мача Од пет стотин’ години (2)

МАРА: - Да сте ми живи, синковци и Богороица да ве укрили и да ви поможи, да истребите тие крволочници и тие крстени ѓаоли, што не предаваат...

Ете ви и од мене една песна. Кој знаи да ли ве бендиса? МАРА: - Чуф те синковци, заошто плачи Македонија? Плачит за зулумите што и праат Турците и ве викаат вас јунаците, да истепате лошите Турци и да не браните нас сиромаси. 31


Фељтон: „МАКЕДОНИЈА ВО МИНАТОТО, ВО СЕГАШНОСТА И ВО ИДНИНАТА“ од НАЦЕ Д. ДИМОВ Редакцијата на „Македонска Ризница“ има особена чист и задоволство на страниците на нашето списание, во форма на фељтон, на Вас, нашите читатели, ексклузивно да Ви го претстави рефератот „Македонија во минатото, во сегашноста и во иднината“ од Наце Д. Димов. Овој мошне значаен реферат од историјата на македонскиот народ е создаден, прочитан и објавен во форма на книшка на руски јазик во далечната 1913 г. во Санкт Петербург, Русија. Во Македонија, во 2013 г., токму на 100-годишнината од неговото објавување, под редакција на Д-р Александар Литовски и Благојче Андонов, во издание на „Заедницата на организациите на етничките Македонци протерани од Грција“ и со помошта на преведувачката Наталија Прасолова, рефератот на Наце Д. Димов за прв пат беше целосно приведен од руски на македонски јазик и под истиот наслов објавен во посебна книга. Во овој број на страниците на „Македонска Ризница“, во рамките на овој фељтон ќе имате можност да го прочитате третиот и последен дел од рефератот на Наце Д. Димов. 32


- ТРЕТ ДЕЛ ПОЛИТИЧКИ ПРЕГЛЕД НА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ Разгледуваjќи го македонското прашање од политичкото гледиште, jас нема да ги чепкам старите времиња, а ќе ги земам само оние моменти кога словенството толку се раширило и ги населило не само Македониjа, Бугариjа и Србиjа туку и цела Елада дури до Jадранското Море. По оваа поплава на Словените на Балканскиот Полуостров, не замаjќи ги предвид разните владеења и политички авантури, македонскиот народ секогаш претставувал една целина, самостоjна, независна држава, иако понекогаш и влегувал под протекторатот на римските и византиските власти. Но секогаш Македонските Словени си останувале достоjни храбри чувари на словенските идеи, на православната црква, на писменоста и културата.

под турското ропство, тие беа од сите страни економски блокирани и немаа државна организациjа за издршка на училишта и учебни институции. Осудени отпрвин под римското владеење ,а потоа под византиското потисништво и наjпосле под турското ропство, страшното име Македонец си наоѓаше засолниште од поколение во поколение само во македонските срца. Што се однесува до македонскиот jазик, Турците него отпрвин го викаа грчки и ги поддржуваа грчките училишта и цркви, а кога при преродбата на Словенската егзархиjа беше призната бугарската народност, а потоа српската народност, Турците, мислеjќи си дека разделувањето на македонскиот народ во училиштен и црковен однос ќе им даде можност да jа задржат своjата власт во Европа, не штедеа средства и правеа сé што служеше како материjал за одземање на jазикот и културата на македонскиот народ. Ете зошто Македонците беа присилени да се потчинат и да ги даваат своите деца во грчките, српските и бугарските училишта. Поради тоа во Македониjа настана таква положба што еден и ист македонски народ го нарекуваат Грк, Србин и Бугарин

Во овоj момент гледаме дека Србите, благодареjќи на географската положба и политичките комбинации со поддршка на братската Русиjа, си имаат кралство. Бугарите си имаат царство, извоjувано со руска крв, а Македонците, благодареjќи на конкурентите, си остануваа под турското ропство. Освен тоа, Македонците настрадаа уште и затоа што, наоѓаjќи се 33


Бугарин. Од друга страна пак Вие гледате и ќе видите како истиот тоj македонски народ, коjшто толку искрено и жално при средбата со словенскиот патешественик сака нешто да му каже, но од стравот вкоренет од турскиот jатаган, а сега од грчкото и српското узурпаторство, Ве гледа тажно со влажни очи и покажуваjќи го нежно словенското добродушно гостопримство, тоj си мисли со тоа да ѝ помогне на своjата несреќа. Но и тука за бедниот Македонец нема спокоj. Вие си одите, а тоj останува во истиот тоj пекол. Турските дипломати си мислеа дека за спасот на Турската империjа е неопходно да се поддржува распарчувањето помеѓу Македонците, всушност тие со тоа подготвуваа почва и го расчистуваа патот на Германците за окупациjа на Македониjа; Австриjа си мислеше дека како што пред 35 години jа окупира Босна и Херцеговина, така ќе стори и со Македониjа, и во овоj момент Австриjа сé така се стреми да ги постигне своите цели, како и во 1877 година, но не многу подоцна и на други начини. Балканскиот соjуз ќе постапи благородно ако не се полакоми за сметка на Македониjа и ако jа остави Македониjа како одделна, цела и независна словенска единица и тогаш овоj соjуз ќе остане во историjата како прв петчлен балкански соjуз. Во спротивен случаj ќе се повторат истите настани што го натераа словенството и Грците да подпаднат под турското ропство.

Последна фотографија на веќе болниот Наце Димов во 1916 г.

само затоа што еден го признава грчкиот патриjарх и се моли на Бога во грчките цркви, а друг оди во словенска црква. Во едни и исти градови и села поповите што добиваат плата од Бугарската егзархиjа се нарекуваат Бугари, оние пак што добиваат плата од Српската митрополиjа се нарекуваат Срби, а словенското македонско население што оди во едно или друго училиште или црква се нарекува себеси Грк, Србин или 34


Ако си мислат словенските дипломати дека Австриjа е помирена со тоа што Србиjа треба да се зголеми за сметка на Македониjа, тие грешат, бидеjќи Австриjа внимава и го очекува важниот момент, зашто знае оти претстои втора воjна околу поделбата на Македониjа и тогаш Австриjа ќе го искористи случаjот и по околен пат ќе jа окупира Македониjа. Тогаш дури ќе им доjде краjот на српските стремежи во оваа земjа каде што нема Срби, а исто така Бугарите и Грците ќе се покаjат, но ќе биде доцна, зашто неприjателството помеѓу Грците и Бугарите не се смири и не угасна, туку само се заострува. Jас не можам да премолчам, да не го покажам единственото средство што би можело да го реши македонското прашање и со самото тоа сите оние што сакаат да jа поделат и да jа завладеат Македониjа да ги спаси од нивниот гибелен стремеж и неправилното разбирање на значењето на Македониjа за европскиот мир. Интересите на цела Европа еднакво им зборуваат на сите дека Македониjа треба да биде слободна, со независна управа, зашто инаку македонското прашање ќе предизвика сеопшта европска воjна, каква што воjна презира целиот цивилизиран свет.

Ростислав Д. Чуповски пред гробот на татка си Д.Д Чуповски на гробиштата во дворот на Лаврата на Александар Невски во Ленинград (1970)

прашање jас ќе си дозволам да прашам: учествува ли Македониjа во Балканскиот соjуз и има ли право за самостоjност? Jас одговорам – да, Македониjа учествува во Балканскиот соjуз, многуброjните

Можеби некоj ќе рече зошто со моите мислења jас толку им се заканувам на сите што сакаат да jа поделат Македониjа. За да одговорам на ова 35


чети им дадоа можност на соjузниците за неколку дена да jа завладеат Македониjа. Македонците во состав на голема дружина удриjа во заднината на Турците и со тоа им дадоа можност на Србите да го заземат Куманово. Освен тоа, учествува една армиjа само од Македонци, чиj броj изнесува од 40 до 70.000, коjашто има свои македонски офицери и генерали. Сега оваа армиjа се наоѓа каj Галиполи, каде што го издржува притисокот на азиjатската сила. Битката на македонската армиjа каj Крџали и пленувањето на Jавер-паша со 12-илjадна армиjа е неоспорен факт што историjата нема да го пречкрта. Коj всушност го создаде овоj Балкански соjуз? Балканскиот соjуз никна благодареjќи на тоа што Македонците го издржаа римското владеење, византискиот притисок и турското ропство. Освен тоа, Македонците секогаш беа соjузници учесници, како при ослободувањето на Грците, Србите и Бугарите, така и во последниве 17 години и мало и големо со оружjе в рака тие се бореа за слободата и храбро го зачуваа овоj словенски краj – Македониjа, во коjа сега преовладува словенското племе, коешто и послужи како факт за создавањето на Балканскиот соjуз и за оваа воjна што сега продолжува. Европа никаква воjна немаше да допушти ако таму живееjа Албанци или Турци.

дека Македонците имаат стопроцентно право на самостоjност и да не бидат подложени на распарчување помеѓу Грците, Србите и Бугарите. Не обsираjќи се на тоа српската, грчката и бугарската влада, заради проширување на своите граници на македонската териториjа, не штедат средства и ги истребуваат Македонците што не сакаат да се нарекуваат Грци, Срби и Бугари и оние што не знаат да зборуваат српски и грчки. Ако Србите си го одбрале патот за достигнувањето на националните интереси, тие треба да се стремат кон север и да помагаат дека шест милиони Срби ги чекаат во Австриjа. Ако Србите запаметат дека ги очекуваат уште многу борби во иднината заради постигнувањето на српските национални идеи, тие се должни да се освестат и да застанат на своето место во своите граници, зашто ни Куманово, ни Тетово нема да се помират со тоа да останат под Србите. Македонскиот народ нема да се помири ни со оние што се стремат да му го одземат jазикот, обичаите и природниот стремеж да биде слободен стопан во своjата куќа. Ете ако Србите, Грците и Бугарите се откажат од тоj стремеж, само тогаш Македониjа ќе живее дружно со Грците и ќе остане вечен соjузник со Србите и Бугарите и само тогаш (Македонците) ќе тргнат братски рамо до рамо да се борат за обединувањето на српскиот

Од сево што го искажав смеам да речам 36


народ што се наоѓа под Австриjа. Сево ова за Германците е неприjатно, но ние ни за миг не треба да заборавиме дека интересите на Словените и интересите на Германците се спротивставени, па затоа ние сме должни да ги паметиме нашите словенски завети. Само со такви далекувидни словенски утврдувања ќе бидат заштитени словенските интереси и поради тоа ние исто така не треба да заборавиме дека при делбата на Македониjа дел од Словените преминуваат каj Грците, што од словенско гледиште ќе биде направен престап во XX век над македонското тело.

да застанат на пиедесталот на правдата и навреме да им изjават на соjузниците:

Ние не треба да го забораваме и тоа дека само моралниот долг и чувствата кон македонскиот народ го натераа француското и англиското општествено мнение да застане на страната на правдата и да ги поддржи барањата на Балканскиот соjуз, бидеjќи девизата на Балканскиот соjуз беше ослободувањето на православните од турското ропство. И еве кога гласот на македонскиот народ ќе доjде до француското и англиското општествено мнение, кога тоа ќе дознае дека Македонците не сакаат да бидат разделени, ами сакаат да бидат слободни и независни, само тогаш ним ќе им биде обрнато внимание на Македонците и симпатиите кон соjузот ќе оладат.

Рефератот, прочитан во Санктпетербуршкото словенско благотворно друштво на 8 февруари 1913 година.

1) Соjузниците да ги запрат своите распалени страсти над македонскиот народ. 2) Македониjа мора да остане цела и неделива словенска единица. 3) Македониjа мора да учествува во Балканскиот соjуз како независна балканска држава. Н.Д. Димов

- Крај -

За да не се допушти тоа, со моjот македонски глас jас ги повикувам Русите 37


АФОРИЗМИ СТИХОВЕН КАЛИБАР

Горан Јанкуловски, познат како Стиховен Калибар. Македонски хип хоп артист и афористичар кој својот став за состојбите во општеството на свој начин го искажува преку своите текстови во песните и во објавените книги. Автор е на книгите:„Збирка мудрости и афоризми “, „ Двоглед“ , „Проклетници“, „Стихија“ и „Бог да ги бие кучињата касапски”.

38


• Откриена е причината за падот на наталитетот. Ебани сме во мозок. • Во детството парите ги чував во мала касичка прасе. Денес ми се кај големите свињи. • Секоја генерација има своја борба. Мојата генерација ја води борбата за гол живот. • Од премногу билдање демократија новинарството ни остана килаво. • Гравот поскапе. И прдењето стана луксуз. • И во капитализмот важи правилото “еден за сите сите за еден”. Еден одлучува за сите, а сите работат за еден. • Кога цел свет јадеше со раце, ние јадевме со прибор. Денес сме три чекори понапред, се изедовме со очи.

39


Овде можете да ги прочитате сите претх

МАКЕДОНСКА РИЗНИЦА ЕЛЕКТРОНСКО СПИСАНИЕ

Република Македонија

Јули 2014 | Број 24 ISSN 1857-9314

Ìàðò 2015 ãîäèíà | Áðoj 32 ISSN 1857-9314

Секоја од насловните страници претставува линк до содржи 40


ходни изданија на Македонска Ризница

електронско списание

Македонска ризница електронско списание

Република Македонија Република Македонија

Февруари 2014 | Број 19 ISSN 1857-9314

Декември 2013 | Број 17 ISSN 1857-9314

МАКЕДОНСКА РИЗНИЦА

електронско списание

Република Македонија

Ноември 2014 | Број 28 ISSN 1857-9314

ината на соодветниот изминат број на Македонска Ризница 41


Македонска ризница:

Мoжете: да споделите – да умножувате, дистрибуирате, јавно да го прикажувате или јавно дигитално да го прикажувате делото. Под следните услови: Наведи извор — Морате да го наведете изворот на ист начин како што тоа го направил авторот или давателот на лиценцата (но не на начин кој би сугерирал дека тие ве поддржуваат вас или вашето дело). Некомерцијално — Не смеете да го користите ова дело за комерцијални цели. Без адаптирани дела. — Не смеете да го промените, трансформирате или да го адаптирате ова дело. Е-ПОШТА: makedonska.riznica@yahoo.com

42


Медиумски покровители:

43


Turn static files into dynamic content formats.

Create a flipbook
Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.